Прво соборно послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните

1. Благодарност на Бога што на Коринт му е дадена евангелска благодат. Потребно е чување од расправии и разделување. Зборот крст е лудост, но сепак е сила Божја.

1. Од Павла, повиканиот апостол на Исуса Христа по волјата Божја, и од братот Состен –
2. до црквата Божја во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите светии, заедно со сите оние, кои го призовуваат името на нашиот Господ Исус Христос на секое место, на нивно и на наше.
3. Да имате благодат и мир од нашиот Бог Отец и од Господа Исуса Христа!
4. Секогаш Му благодарам на Бога за вас поради даруваната ви во Христа Исуса Божја благодат,
5. зашто преку Него се обогативте со сè, во секое слово и во секое знаење,
6. откако се утврди во вас Христовото сведоштво,
7. така што да не се лишавате од никаков дар, вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос,
8. Кој ќе ве утврди и до самиот крај, за да бидете +беспрекорни во денот на нашиот Господ
Исус Христос.
9. Верен е Бог, преку Кого сте повикани за општење со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.
10. Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла.
11. Оти од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека помеѓу вас имало карање.
12. А ова ви го велам, затоа што еден од вас вели: „Јас сум Павлов”, друг: „А јас сум Аполосов”, трет: „Јас сум +на кифа”, а друг: „Јас, пак, Христов”.
13. Па зар Христос да се раздели? Дали Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово се крстивте?
14. Му благодарам на Бога, што од вас никого не сум крстил, освен Криспа и +Гаја,
15. та никој не рече, дека сум крстил во свое име.
16. Го крстив исто така и домот на Стефанин, а дали сум крстил и некој друг, не знам.
17. Зашто Христос не ме прати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не ја изгуби силата крстот Христов.
18. Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.
19. Зашто е напишано: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.”
20. Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?
21. Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Неговата премудрост; Бог благоволи со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруваат.
22. Оти и Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост,
23. ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазан, а за Елините +безумство;
24. за повиканите, пак, како Јудејците, така и Елините, Христа како Божја сила и +Божја премудрост.
25. Зашто она, што е безумно за Бога, помудро е од луѓето, и она, што е за Бога немошно,
посилно е од луѓето.
26. Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина
силни, не мнозина благородни;
27. но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните;
28. Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто,
29. та ниедно тело да не се пофали пред Бога.
30. Од Него сте и вие во Исуса Христа, Кој за нас стана премудрост од Бога, и правда, и +осветување, и откуп.
31. па да биде, како што е напишано: „Кој се фали, во Господа нека се фали”.

2. Апостолите Го знаат само Исуса Христа, Распнатиот.

1. И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост,
2. бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам нешто друго освен за Исуса Христа, и тоа – Распнатиот.
3. И јас меѓу вас бев во немоќ, и страв, и во голем трепет.
4. И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата,
5. та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја.
6. Мудрост, пак проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет,
7. туку ја проповедаме Божјата премудрост, тајна сокриена, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава,
8. која никој од господарите на овој свет не ја познал; зашто, ако ја беа познале, тогаш немаше да Го распнат Господа на славата.
9. Но, како што е напишано: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат.”
10. А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува сè, па дури и
длабините Божји.
11. Бидејќи, кој човек знае, што има во човекот, освен човечкиот дух, кој живее во него? Па така, и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух.
12. Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога, за да го знаеме она, што ни е дарувано од Бога;
13. па тоа и го проповедаме не со зборови, научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно на духовни луѓе.
14. Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита.
15. Духовниот, пак, човек испитува сè, а него никој не го испитува.
16. Зашто, кој го познал умот Господов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов.

3. Укор поради неслогата и поради учителите кои се само слуги Божји. Темел на спасението е Исус Христос.

1. Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на младенци во Христа.
2. Со млеко ве напоив, а не со јадење, оти уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете.
3. бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом помеѓу вас има завист,кавга и неслога,не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?
4. Оти, кога еден зборува: „Јас сум Павлов”, а друг: „Јас сум Аполосов”, не сте ли телесни?
5. Кој е, пак, Павле, а кој Аполос? Не се ли тие слуги, преку кои вие поверувавте, и тоа според она, колку кому Господ му дал?
6. Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте.
7. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сè е Бог, Кој прави да израсте.
8. Кој сади и кој полива се еднакви; но секој ќе ја добие својата награда според својот труд.
9. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда.
10. Според дадената ми од Бога благодат, јас, како мудар првоградител, поставив темел, а
друг ѕида; само секој нека пази како ѕида.
11. Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос.
12. Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама,
13. делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита, какво е делото на секого.
14. И, ако делото, на оној што ѕидал, се задржи, тој ќе прими награда.
15. А чие дело изгори, тој ќе биде оштетен, а сам ќе се спаси, но така – како преку оган.
16. Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?
17. Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.
18. Никој нека не се лаже; ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар.
19. Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: „Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство.”
20. И пак: „Господ знае дека помислите на мудрите се суетни.”
21. И така, никој нека не се фали со луѓе, бидејќи сè е ваше:
22. било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сè е ваше;
23. вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји.

4. Апостолската служба и понизување

1. И така, секој човек нека нè смета нас за служители Христови и управници на тајните Божји,
2. а од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен.
3. За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе; јас и самиот не судам за себеси,
4. зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не се оправдувам: судија ми е Господ.
5. Затоа, пак, не судете ништо пред време, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога.
6. Ова го направив, браќа, кон себеси и кон Аполос заради вас, за да се научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се гордеете еден пред друг поради некого.
7. Оти, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?
8. Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!
9. Мислам, дека нас апосотолите, Бог нè постави најпоследни, како осудени на смрт; бидејќи +станавме призор на светот – на ангелите и на луѓето.
10. Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни.
11. До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, +се мачиме и се потураме по светов,
12. но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нè укоруваат, ние благословуваме, а кога нè гонат – трпиме;
13. кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе.
14. Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве поучам како мои омилени чеда.
15. Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци
немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието.
16. Затоа, ве молам, подражавајте ме мене, како што јас – Христа.
17. Браќа, затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа; тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа, како што насекаде и во секоја црква учам.
18. Некои се возгордееја, како да не ќе дојдам при вас;
19. но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и ќе ги познаам не зборовите, туку силата на оние, што се возгордеале,
20. зашто царството Божјо не е во зборови, туку во силата.
21. Што сакате? Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и кроток дух?

5. Осуда поради разврат. Не треба мешање со развратниците и тие да не се трпат во заедница.

1. Од секаде се слуша дека кај вас има блудство, и тоа какво блудство, за какво не се зборува дури ни при незнабошците, односно дека некој држи таткова жена.
2. А вие уште се гордеете, место да плачете. Нека се исфрли од вашата средина оној, што го направил тоа дело.
3. Јас, пак, иако со телото не сум при вас, а само со духот, веќе го осудив, како да сум меѓу вас, оној, што го направил тоа.
4. Во името на нашиот Господ Исус Христос, кога ќе се соберете вие и мојот дух, со силата на нашиот Господ Исус Христос,
5. да го предадете на сатаната, за мачење на неговото тело, та духот негов да биде спасен во денот на нашиот Господ Исус Христос.
6. Фалбата ваша не е добра. Не знаете ли дека малку квас го потквасува целото тесто?
7. Затоа, очистете го стариот квас, та да бидете ново тесто, како што сте бесквасни; оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас.
8. Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина.
9. Ви пишав во писмото свое – да не се мешате со луѓе што блудствуваат,
10. но не и општо со блудници од овој свет, или со користољубци, или со грабачи, или со идолопоклоници, оти, инаку, би требало да излезете од овој свет.
11. Но сега ви пишувам да не се дружите со оној, кој наречувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач; со таков дури и да не јадете.
12. Зашто, моја работа ли е да ги судам надворешните? Не ли ги судите вие внатрешните?
13. Надворешните, пак, ќе ги суди Бог, а вие исфрлете го лошиот помеѓу вас.

6. За расправиите пред суд. За неправедниците и за развратот.

1. Смее ли некој од вас, кога има тужба против друг, да се суди пред неправедни, а не пред светиите?
2. Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи?
3. Не знаете ли дека ангели ќе судиме? А колку повеќе за работите од овој свет?
4. А кога имате тужби за работи од овој свет, за судии земете ги од црквата оние, кои се унизени!
5. За ваш срам велам: зар меѓу вас нема ниеден мудар, кој може да пресуди меѓу браќата свои?
6. Туку брат со братот се суди, и тоа пред неверници!
7. Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда?Зошто порадо не ја претрпите штетата?
8. Но вие сами ги навредувате и оштетувате, и тоа браќата свои.
9. Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците,
10. ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо.
11. А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог.
12. Сè ми е позволено, но не е сè полезно; сè ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене.
13. Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе го уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господа, и Господ – за телото.
14. А Бог и Господа Го воскресна, и нас ќе нè воскресне со силата Своја.
15. Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови? Ќе ги земам ли членовите Христови и да ги направам членови на блудница? Тоа никако!
16. Или, пак, не знаете, дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа? Зашто е речено: „Обата ќе бидат едно тело”.
17. А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него.
18. Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело.
19. Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси?
20. Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.

7. За бракот и за оние што не се во брак.

1. А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена.
2. Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж.
3. Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената – спрема мажот.
4. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената.
5. Не одделувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување.
6. Ова, пак, ви го велам како совет, а не како заповед.
7. Оти сакам, сите луѓе да се како јас; но секој си има свој дар од Бога – еден ваков, друг инаков.
8. А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде, ако останат како јас.
9. Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да се возбудуваат.
10. А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, –
11. ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја.
12. А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава;
13. и ако некоја жена има маж, кој не поверувал, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава.
14. Зашто маж што не поверувал се осветува преку жената која верува, и жена што не поверувала се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети.
15. Ако некој, што не верувал, сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нè повикал Бог.
16. Оти, од каде знаеш, жено, не ќе ли го спасиш ти мажот? Или од каде знаеш, о мажу, нема ли да ја спасиш ти жената?
17. Само секој нека постапува така, како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви.
18. Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува.
19. Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а пазењето на Божјите заповеди е сè.
20. Секој да си остане во звањето, во кое е повикан.
21. Роб ли си призван, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството.
22. Оти повиканиот во Господа роб, станува Господов слободен; исто така и повиканиот слободен станува +роб Христов.
23. Вие сте скапо платени: не станувајте робови на луѓе.
24. Секој, во какво призвание е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога.
25. А, што се однесува до девојките, за нив немам заповед од Господа, но советувам; како што сум помилуван од Господа, +да Му бидам верен.
26. Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да биде таков.
27. Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена.
28. Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девојка, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволи, а јас, пак, ве штедам.
29. Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат;
30. и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат- како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат,
31. и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто се менува обликот на овој свет.
32. Јас, пак, сакам виде да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа;
33. а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената.
34. Постои разлика меѓу жена и девојка; неомажената се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господа, за да стане света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој.
35. Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам замка, туку за убава и пристојна служба на Господа без пречки.
36. Ако некој мисли дека е срамно девојката негова да му остане така во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат.
37. А кој е тврд во срцето свое, и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја пази својата девојка, тој добро прави.
38. Но и оној, кој ја омажува својата девојка, добро прави; а оној, што не ја мажи, подобро прави.
39. Жената е сврзана преку Законот, додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господа.
40. Само, поблажена е, ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји.

8. За жртвата на идоли и за употребата на христијанската слобода без соблазан за блиските.

1. Што се однесува, пак, до месото клано за идоли, мислам дека сите имаме разум. Умот возгордува, а љубовта изградува.
2. Ако некој мисли дека нешто знае, тој уште ништо не узнал, како што треба да знае.
3. Ако, пак, некој Го сака Бога, Бог него го знае.
4. А по однос јадењето на идолски жртви, знаеме дека идолот не е ништо на светов и дека друг Бог нема, освен Единиот.
5. Зашто, иако само по име има богови, било на небото, било на земјата, како што има многу богови и многу господиновци,
6. сепак ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сè, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè и ние сме преку него.
7. Но, во секого нема знаење: некои спред досегашното знаење за идолите јадат жртви идолски како такви, а совеста нивна, бидејќи немоќна, им се осквернува.
8. Храната не нè приближува кон Бога, оти ниту што добиваме, ако јадеме, ниту нешто губиме, ако не јадеме.
9. Но пазете се, пак, таа ваша слобода да не стане некако соблазан за слабите.
10. Зашто ако некој те види тебе, што знаеш, како седиш на трпеза во идолопоклонички храм, нема ли неговата совест, бидејќи слаба, да се одлучи, та и тој да јаде идолски жртви?
11. И при твоето знаење ќе загине немоќниот браат, за кого умрел Христос.
12. И така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, вие грешите против Христа.
13. Затоа, штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат.

9. Како апостолот во својата служба ја употребува христијанската слобода. Потребна е борба за нераспадлив венец.

1. Не сум ли јас апостол? Не сум ли слободен? Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа?
2. Ако на други не сум апостол, но на вас сум, бидејќи печатот на моето апостолство сте вие во Господа.
3. Тоа е мојата заштита против оние што ме осудуваат.
4. Зар немаме право да јадеме и да пиеме?
5. Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?
6. Или само јас и Варнава немаме право ова да го правиме?
7. Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде од неговото млеко?
8. Зар го зборувам ова само по човечки? Не го вели ли истото и Законот?
9. Бидејќи во Мојсеевиот закон е напишано: „Не врзувај ја устата на вол, што врши”. Зар Бог се грижи за воловите?
10. Или го вели тоа, главно, за нас? – Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора,
треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува;
11. ако сме го посеале при вас духовното семе, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното?
12. Ако други имаат дел во она, со што располагате вие, тогаш колку повеќе ние? Но, ние не го користевме тоа право, туку сè трпиме, за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие.
13. Не знаете ли дека оние, што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот?
14. Така и Господ заповедал, проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.
15. Но јас не се ползував ни со едно од тие права; и не го пишав ова, за да се приложи сето тоа кон мене. Оти за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе.
16. Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам.
17. Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда; а ако без своја војла – тогаш е тоа само извршување на поверена ми служба.
18. А каква ми е наградата? Таа е дека проповедајќи го Евангелието, го проповедам за Христа дарум, не ползувајќи го своето право од благовествувањето.
19. Зашто, иако слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам:
20. на Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и нив;
21. за оние што се без закон, станв како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христа, за да ги придобијам и оние што се без закон.
22. За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сè, та по каков и да било начин да +спасам некого.
23. А ова го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него.
24. Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете.
25. Секој што се бори, од сè се воздржува: оние – за да добијат распадлив венец, а ние – +траен.
26. Јас, пак, сè така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветар;
27. туку го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден.

10. За телото и идолопоклонството. Заедницата со Христа во леб и вино. Обѕири на совеста.

1. Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа +преку морето;
2. и сите во Мојсеја се крстија во облакот и во морето;
3. и сите јадеа иста духовна храна;
4. и сите пиеја исто духовно пиење; оти пиеја од духовниот камен, што идеше по нив; а каменот беше Христос.
5. Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, бидејќи загинаа во пустињата.
6. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи на злото, како што тие беа похотливи.
7. Не станувајте ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е напишано: „Народот седна да јаде и да пие, па стана да игра”.
8. Ниту, пак, да блудствуваме, како некои од нив што блудствуваа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади.
9. Ни, пак, да го искушуваме Христа, како што некои од нив Го искушуваа, и загинаа од змии.
10. Не роптајте, како што некои од нив роптаа, па загинаа од Истребителот.
11. Сето тоа стануваше, та да служат како пример, а беше напишано за поука на нас, до кои стигна крајот на вековите.
12. Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне.
13. Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите.
14. Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите.
15. Ви зборувам како на мудри: расудете сами за ова што ви го кажувам.
16. Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општување со крвта Христова? +Лебот што го кршиме, не е ли општување со телото Христово?
17. Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб.
18. Гледајте го Израилот по тело: оние, што јадат од жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот?
19. Па што да речеме? Тоа ли дека идолот е нешто, или дека идолските жртви се нешто?
20. Не! Но она што го принесуваат незнабошците како жртва, го принесуваат на бесови, а не на Бога; јас, па, не сакам да бидете во заедница со бесовите.
21. Не можете да пиете од Господова чаша и од бесовска чаша; не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза.
22. Или, пак, ќе побудиме ревнување во Господа? Та посилни ли сме од Него?
23. Сè ми е позволено, но не е сè полезно; сè ми е позволено, но не е сè за поука.
24. Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот.
25. Се, што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста;
26. зашто „Господова е земјата и она што ја исполнува”.
27. Ако ве покани некој од неверните и вие посакате да отидете, јадете сè, што ќе ви изнесат, без никакво испитување, поради совеста.
28. Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној, што ви го рекол тоа, и поради совеста; зашто Господова е земјата и она, што ја исполнува.
29. Но не зборувам за совеста твоја, туку на друг; оти, бива ли мојата слобода да биде судена од туѓа совест?
30. Ако, пак, во јадењето учествувам со благодарност, зошто да бидам хулен поради тоа, за кое благодарам?
31. И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја.
32. Не станувајте соблазан ни за Јудејците, ни за Елините, ниту за црквата Божја,
33. како што и јас им угодувам на сите во сè и не ја барам својата полза, туку користа на многуте, за да се спасат тие.

11. Како треба да се молиме и да ја јадеме вечерата Господова.

1. Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!
2. Ве пофалувам, браќа, дека сè мое помните и ги држите заповедите така, како што сум ви ги предал.
3. Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на
Христа, пак, глава е +Бог.
4. Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава;
5. и секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто сеедно е – како да е истрижена.
6. Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е срамно жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива.
7. И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто и образ и слава Божја, а жената е слава на мажот.
8. Оти не е мажот од жената, туку жената од мажот;
9. и мажот не е создаден за жената, туку жената за мажот;
10. Затоа жената треба да има на главата своја знак од власта на мажот над неа – поради ангелите.
11. Но сепак, ниту мажот без жената, ниту жената без мажот ги бива во Господа.
12. Оти, како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената; а сè е од Бога.
13. Размислете сами во себе: прилично ли е жена да Му се моли на Бога гологлава?
14. Нели и самата природа ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса?
15. Но, ако жената си ја остави косата, тоа е чест за неа, бидејќи косата ѝ е дадена место покривало.
16. Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту црквите Божји.
17. А заповедајќи ви го ова, не ве фалам дека не за подобро, туку за полошо се собирате.
18. Прво, пак, слушам дека, кога се собирате в црква, се појавуваат расцепи помеѓу вас, во што донекаде верувам.
19. А потребно е меѓу вас да има и раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас.
20. Но, собирајќи се така заедно, не значи дека јадете вечера Господова;
21. зашто секој брза да ја изеде својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива.
22. Немате ли куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!
23. А јас го примив од Господа она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб,
24. и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова за спомен Мој!”
25. По вечера, исто така, зеде и чаша, па рече:”Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!”
26. Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде.
27. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа.
28. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.
29. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го
разликува телото Господово.
30. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат.
31. Оти, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени.
32. Но судејќи нè, Господ нè накажа, за да не бидеме осудени заедно со светот.
33. Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, чекајте се еден со друг.
34. Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам.

12. За духовните дарови и за нивната употреба.

1. А за духовните дарови, не сакам, браќа, да не знаете.
2. Знаете дека, кога бевте незнабошци, се влечевте при немите идоли, како да ве водеа.
3. Затоа ви кажувам дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не фрла анатема на Исуса, и никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух.
4. Постојат разни дарови, но Духот е еден и ист;
5. има разни служби, но Господ е еден и ист;
6. и разни сили постојат, но Бог е еден и ист, Кој врши сè во сè.
7. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза;
8. оти, на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг – збор на знаење, преку истиот Дух;
9. на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дар за лекување, преку истиот Дух;
10. на еден – да чини чуда, на друг – да пророкува, на еден – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на трет – да толкува јазици.
11. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака.
12. И како што е телото едно, а има многу органи, и сите органи од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос.
13. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени.
14. Оти и телото не се состои од еден орган, туку од многу.
15. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум од телото, зар само заради тоа таа не е од телото?
16. И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум од телото, зар поради тоа увото не е од телото?
17. Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисањето?
18. Но Бог ги наредил органите, секој од нив во телото така, како Му било угодно.
19. Ако сите тие би биле само еден орган, тогаш каде е телото?
20. А сега се, пак, многу органи, но сепак едно тело.
21. И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна”, ниту, пак, главата на нозете: „Не сте ми потребни”.
22. Напротив, оние органи од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни;
23. и на оние членови на телото, за кои сметаме дека се понеугледни, им оддаваме повеќе чест;
24. и нашите понеугледни органи имаат поголема чест: угледните, пак, органи немаат потреба од чест. Но Бог го направи и телото така, што на најнезначајните органи им дал најголема чест,
25. за да нема расправии во телото, а органите подеднакво да се грижат едни за други.
26. А кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи; и кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи.
27. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови.
28. И едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици.
29. Та сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци?
30. Сите ли имаат дарби да лекуваат? Сите ли зборуваат на разни јазици? Сите ли се толкувачи?
31. Покажувајте ревност за поголеми дарби; а јас ќе ви покажам уште подобар пат.

13. За љубовта.

1. Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам
бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.
2. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, +што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум.
3. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи.
4. Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее,
5. не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло,
6. на неправда не се радува, а на вистина се радува.
7. сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува.
8. Љубовта никогаш не престанува, а другото, ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици – ќе замолкнат; ако се знаења – ќе исчезнат.
9. Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме;
10. а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.
11. Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското.
12. Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш – лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат.
13. А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.

14. За дарот на оние што зборуваат на туѓи јазици и кои пророкуваат и за редот при служењето на Бога.

1. Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а особено да пророкувате.
2. Оти оној, кој зборува на јазик непознат, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а со Духот кажува тајни;
3. кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за поука, утеха и утврдување.
4. Кој зборува на непознат јазик, тој се поучува сам; а кој пророкува, тој ја поучува Црквата.
5. Но јас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, а уште повеќе да пророкувате: оти, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – освен ако и ги толкува, та Црквата да добие поука.
6. А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене, кога не ви се објаснува било со откровение, било со познавање, било со пророкување, било со поука?
7. И бездушните предмети, како свирката или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што се свири или гуди?
8. Оти, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка?
9. Така и вие, ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветар.
10. Во светот има кој знае колку разни зборови, и ниеден од нив не е без значење.
11. Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој за мене туѓинец.
12. Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги добиете во изобилност, за поука на Црквата.
13. Затоа, оној што зборува на стран јазик, нека се моли за дар да може да го толкува.
14. Оти, ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој останува бесплоден.
15. Па што да се прави? Ке Му се молам со дух, ќе се молам и до ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум.
16. Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече <амин” на твојата благодарност простиот човек, кога не разбира што велиш? 17. Ти благодариш добро, но другиот не се поучува. 18. Му благодарам на Мојот Бог, оти од сите вас зборувам повеќе јазици; 19. но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик. 20. Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете младенци, а по умот зрели. 21. Во Законот е напишано: „На туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да ме послуша, вели Господ.” 22. Затоа јазиците се знак не за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророштвата, пак, не за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат. 23. Ако, пак,целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе? 24. Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или неверник, него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат, 25. така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, откако падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: „Навистина, со вас е Бог”. 26. Па што, браќа? Кога ќе се собирате, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – +сè да се врши за поука. 27. Ако некои зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу тројца, и тоа по ред, а еден да толкува. 28. Ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себеси и на Бога. 29. Пророците, пак, да зборуваат по двајца и тројца, а другите да расудуваат. 30. Но, ако некому што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи. 31. И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да се поучувате и сите да се утешувате. 32. И пророчките духови им се покоруваат на пророците; 33. оти Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Така е по сите цркви меѓу светиите. 34. Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, +туку да се покоруваат, како што вели и Законот. 35. Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува. 36. Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна? 37. Ако некој мисли дека е пророк или исполнет со дух, нека разбере дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди. 38. А кој не разбира, нека не разбира. 39. И така, браќа, грижете се да пророкувате, но не забранувајте да се зборува и на разни јазици. 40. Сè да се врши како прилега и уредно.

15. За воскресението на мртвите.

1. Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав а Кое вие го примивте и во Кое стоите.
2. Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.
3. Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата;
4. дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5. и дека му се јави на Кифа и потоа на +единаесетте;
6. после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7. потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли,
8. а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9. зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.
10. Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене.
11. И така, било јас, или тие, така проповедаме, и вие така поверувавте.
12. И кога за Христа се проповеда дека воскреснал од мртвите, како тогаш некои помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?
13. А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал;
14. ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера.
15. При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат, ние излегуваме како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал;
16. оти,ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал;
17. ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови;
18. тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале.
19. И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе.
20. Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените.
21. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек.
22. И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат;
23. но, секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.
24. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила.
25. Бидејќи Он треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.”
26. А најпоследниот враг за уништувње е смртта,
27. зашто „сите ги покори под нозете Негови”; а што се вели „дека сè Му е Нему покорено”, очевидно е, освен Оној, Кој што Му потчини сè.
28. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Овој, Кој Му потчини сè, за да биде Бог сè во сè.
29. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите, ако воопшто мртвите не воскреснуваат? Кога мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите?
30. Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?
31. Секој ден умирам, браќа, жими пофалбата ваша, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ.
32. Кога во Ефес, човечки да речам, се борев со ѕверови, тоа што полза имам, штом мртвите не воскреснуваат? „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!”
33. Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!”
34. Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога – за ваш +срам го велам ова.
35. Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?
36. Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре.
37. А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое;
38. но Бог му дава тело, какво што сака, и на секое семе негово сопствено тело.
39. Не е секое тело исто со друго тело: друго е телото на човек, друго е телото на животно, друго на риба, друго на птица.
40. Има тела небесни и тела земни, но друг е болскотот на небесните и друг на земните;
41. еден е болскотот на сонцето; друг е болскотот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува.
42. Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;
43. се сее во бесчест – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила;
44. се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Има тело душевно, има и тело духовно.
45. Па така е и напишано: „Првиот човек Адам стана жива душа”, а последниот Адам – животворен дух.
46. Но не иде прво духовното, туку душевното, а потоа духовното.
47. Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото.
48. Каков е земниот, такви се и земните; и каков е Небесниот, такви се и небесните;
49. и како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот.
50. А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста.
51. Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме,
52. одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме;
53. зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во
бесмртно.
54. А кога распадливото се облече во нераспадливост, и смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: „Победата ја проголта смртта”.
55. Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?
56. Осилката на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот.
57. Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.
58. И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден.

16. Собирање милостиња за сиромашните христијани во Ерусалим. Препораката за Тимотеј. Опомени. Поздрави и крај.

1. А што се однесува до собирањето милостиња за светиите, правете и вие онака, како што уредив по црквите во Галатија:
2. во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам.
3. А кога ќе дојдам, оние што ќе ги предложите, нив со писма ќе ги испратам, за да ја однесат вашата милостиња во Ерусалим.
4. Ако, пак, се најде за сходно да отидам и јас, тогаш ќе појдат со мене.
5. Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија.
6. А можеби при вас и ќе се задржам, па дури и да презимувам, та вие да ме придружувате насекаде, каде што ќе одам.
7. Оти не сакам сега веќе да ве видам само патем; а се надевам, ако позволи Господ, меѓу вас да поминам некое време.
8. А во Ефес ќе останам до Педесетница,
9. зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата, а противниците се многу.
10. Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте помеѓу вас да биде во безопасност; зашто +тој го врши делото Господово како и јас.
11. Никој да не го унизи, туку испратете го со мир, та да дојде при мене, оти го очекувам со браќата.
12. А што се однесува Аполос, многу го молев да дојде при вас со браќата; но, навистина, не сакаше сега да дојде, а ќе дојде, кога ќе му биде згодно.
13. Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки;
14. кај вас сè да станува со љубов.
15. Ве молам уште, браќа: знаете дека домот на Стефанин е почеток во Ахаја и дека се определи да им служи на светиите.
16. Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди!
17. Се радувам дека дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство,
18. зашто го успокоија духот мој и ваш. Почитувајте ги таквите!
19. Ве поздравуваат азиските цркви; многу ве поздравуваат Акила и Прискила со својата домашна црква.
20. Ве поздравуваат сите браќа. Поздравете се еден со друг со свет целив!
21. Ве поздравувам јас, Павле, своерачно.
22. А оној што не Го љуби Господа Исуса Христа, нека биде проклет, маран-ата.
23. Благодатта на Господа Исуса Христа нека биде со вас,
24. и љубовта моја со сите вас во Христа Исуса. Амин!