Свето Евангелие според Марко

1. Јован го објавува доаѓањето на Исуса Христа. Крштавањето на Исуса и Неговото искушување. Исус го проповеда Евангелието, ги повикува учениците и исцелува болни.

1. Почеток од Евангелието на Исуса Христа, Син Божји,
2. како што е напишано кај пророците: „Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел,
кој што ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.”
3. Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.
4. Се јави Јован, крштавајќи во пустината, и проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите.
5. И излегуваа при него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштаваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови.
6. А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед.
7. И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.
8. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети.”
9. А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.
10. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува на Него.
11. И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.”
12. Веднаш потоа Духот Го изведе во пустина.
13. И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја.
14. А потоа, кога Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо,
15. и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието.”
16. И, одејќи покрај Галилејското Море, го виде Симона и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.
17. Исус им рече: „Врвете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!”
18. И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
19. Па, штом одмина малку, го виде Јакова Зеведеев и брата му Јована, исто така во кораб, како ги крпат мрежите свои;
20. веднаш ги повика и нив. И тие, оставајќи го татка си Зеведеја во коработ со наемниците, тргнаа по Него.
21. И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата влезе Он во синагогата и поучуваше.
22. И се чудеа на Неговата наука, оти Он ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците.
23. Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи:
24. О, што имаш Ти со нас, Исусе Назарејче! Си дошол ли да нè погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!
25. Но Исус му забрани, велејќи: „Молкни и излези од него!”
26. Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со висок глас и излезе од него.
27. И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Што е ова?! И какво е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат?”
28. И одеднаш се разнесе глас за него по целиот крај Галилејски.
29. Па, како излегоа од синагогата, дојдоа со Јакова и Јована во куќата на Симона и Андреја.
30. А баба му на Симона лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа.
31. И кога пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана; и почна да ги послужува.
32. А приквечер, кога заоѓаше сонцето, носеа при Него секакви болни и бесни.
33. И целиот град се беше собрал пред портата.
34. И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу бесови и не им позволуваше на бесовите да кажуваат, дека знаат оти е Он Христос.
35. А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.
36. А Симон, и оние што беа со Него, поитаа по Него;
37. па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат.”
38. А Он им рече: „Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам,
зашто затоа сум излегол.”
39. И проповедаше во нивните синагоги по цела Галилеја и изгонуваше бесови.
40. И дојде при Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.”
41. А Исус, кога се смилува, протегна рака, се допре до него и му рече: „Сакам! Очисти се!”
42. И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист;
43. па, како го отпушти, му заповеда
44. и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.”
45. А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамотени места. И приоѓаа кај Него отсекаде.

2. Фатениот. Исус го повикува Матеја. За постот. Кинење класје во сабота.

1. По неколку дена, Он пак влезе во Капернаум; и се чу дека е во една куќа.
2. Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Он им зборуваше.
3. И дојдоа при Него со еден фатен, кого го носеа четворица;
4. па, како не можеа да се приближат до Него од народот, откако го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Он, ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот.
5. А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите твои!”
6. Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои:
7. Што хули Овој на Бога? Кој друг може да опростува гревови, освен единиот Бог?
8. Исус веднаш, штом узна со Својот дух, дека тие така мислат во себе, им рече: „Зошто го
помислувате тоа во срцата свои?
9. Што е полесно да му кажам на фатениот: ти се простуваат гревовите ли да речам: дигни се, земи ја постелката своја и оди?
10. Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите” – му рече на фатениот –
11. Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!
12. И тој стана веднаш, па, штом ја зеде својата постелка, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Никогаш вакво чудо не сме виделе!”
13. И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше при Него, и Он ги поучуваше.
14. И кога одеше, го виде Левија Алфеев, кој седеше на митницата, и му рече: „Врви по Мене!” Тој стана и тргна по Него.
15. А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу митници и грешници; зашто тие беа мнозина и врвеа по Него.
16. Книжниците и фарисеите, штом Го видоа да јаде со митници и грешници, им рекоа на
учениците Негови: „Зошто со митници и грешници јаде и пие?”
17. Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, а болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците – на покајание.”
18. Учениците на Јована и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: „Зошто учениците Јованови и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?”
19. Исус им рече: „Зар можат сватовите да постат, кога младоженецот е со нив! За сето време, дури е со нив младоженецот, тие не можат да постат;
20. но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат.
21. Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем.
22. Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.”
23. И Му се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и почнаа учениците Негови, врвејќи, да кинат класје.
24. А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?”
25. Но Он им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне сам тој и оние, што беа со него?
26. Како влезе во домот Божји, при првосвештеникот Авијатар, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него?”
27. Потоа продолжи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата.
28. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.”

3. Исус исцелува во сабота сува рака, изгонува нечисти духови. Избор на дванаесетте. Ги казнува фарисеите што хулат на Духот Свети. Укажува кои се Неговите вистински роднини.

1. И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака.
2. И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.
3. А Он му рече на човекот со исушената рака: „Застани насреде!”
4. Ним, пак, им кажа: „Во сабота позволено ли е да прави човек добро, или зло; да спаси една душа, или да ја погуби?”
5. Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!” Тој ја протегна, и таа му стана здрава, како и другата.
6. Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Него, како да Го погубат.
7. Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето, и по Него одеше многу народ од Галилеја, и од Јудеја,
8. од Ерусалим, и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него.
9. И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Му додева;
10. зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа на Него за да се доближат до Него.
11. И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!”
12. Но он строго им забрануваше да разгласуваат за Него.
13. Потоа се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои Сам ги одбра, и тие дојдоа при Него.
14. Избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат;
15. и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови:
16. првиот Симон, кого го нарече Петар;
17. па Јаков Зеведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громот;
18. потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит
19. и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.
20. И дојдоа во една куќа; и пак се собра народ – така што и тие не можеа ни леб да јадат.
21. И кога чуја Неговите домашни, отидоа да Го приберат, оти се говореше дека не бил
на Себеси.
22. А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски.
23. И кога ги повика, им говореше во параболи: „Како може сатаната да изгонува сатана?
24. Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи;
25. и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане;
26. ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи; му дошол крајот и нему.
27. Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината.
28. Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие;
29. но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.”
30. Тоа го рече, оти велеа: „Нечист дух е во Него.”
31. И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат.
32. А околу Него седеше народ. И Му рекоа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.”
33. А Он им одговори, велејќи: „Која е мојата мајка, или кое се браќата Мои?”
34. Па, како ги погледна оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа.
35. Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.”

4. Парабола за царството Божјо. Стивнување на бурата.

1. И пак почна да поучува покај морето; и се собра околу Него многу народ; Он влезе тогаш во кораб во морето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето.
2. И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше:
3. Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее;
4. и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа.
5. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти
земјата не беше длабока;
6. а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија.
7. Некои паднаа во трње; и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод.
8. А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа; кое триесет, кое шеесет, кое сто.”
9. И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!”
10. А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за
параболата.
11. И им кажа: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние, надворешните, сè ќе им се кажува во параболи,
12. за да гледаат со очи, и да не видат; да слушаат со уши, и да не разбираат; оти се бојат да не се покајат некогаш, та да им се простат гревовите.”
13. И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите приказни?
14. Сејачот го сее словото.
15. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни.
16. Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,
17. но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.
18. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,
19. но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно.
20. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.”
21. И Им рече: „Зар се внесува светило за да се тури под поклоп или под одар? Не затоа ли, да се стави на свеќник?
22. Оти нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту, пак, нешто сокриено, а да не излезе на видело.
23. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!”
24. И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде вам што слушате.
25. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.”
26. Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,
27. па спие и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае.
28. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот.
29. А кога узрее плодот, одеднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.”
30. Пак продолжи: „Со што да го споредиме царството Божјо, или со каква парабола да го прикажеме?
31. Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни;
32. а кога се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.”
33. И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат.
34. И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сè им објаснуваше.
35. Тој ден вечерта им рече: „Да минеме на спротивната страна!”
36. И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби,
37. И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ – така што тој веќе пропаѓаше.
38. Он, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е жал што загинуваме?”
39. А кога стана, му забрани на ветрот и му рече на морето: „Молкни, престани!” И ветрот стивна и настана голема тишина.
40. Па им рече: „Што сте така плашливи? Како немате толку вера?”
41. И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?”

5. Исусовото чудо над човек со нечист дух. Чудо со жената што боледувала од крвотечение и чудо со Јаировата ќерка.

1. Премина отаде море, во страната Гадаринска.
2. И кога излезе Он од коработ, веднаш Го сретна еден човек од гробиштата со нечист дух.
3. Тој живееше во гробовите, и дури со вериги никој не можеше да го врзе;
4. оти многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше веригите и ги раскинуваше оковите, и никој не можеше да го скроти;
5. и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења.
6. Штом Го виде Исуса оддалеку, притрча и Му се поклони.
7. Па, како извика со висок глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!”
8. Зашто му беше рекол: „Дух нечисти, излези од човекот!”
9. И го праша: „Како те викаат?” А тој одговори и рече: „Легион ми е името, оти сме многу.”
10. И Го молеа многу да не ги пади од тој крај.
11. А таму, по ридот пасеше голем број свињи.
12. И сите бесови Го молеа и велеа: „Прати нè во свињине, да влеземе во нив.”
13. И Исус веднаш им позволи. Па, како излегоа, нечистите духови – влегоа во свињите; и се гргнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето.
14. А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало.
15. И дојдоа при Исуса, и го видоа бесниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легион, и се уплашија.
16. А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со бесниот и со свињите.
17. И почнаа да Го молат да си отиде од нивните краишта.
18. А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесен, Го помоли да биде со Него.
19. Исус не му позволи, но му рече: „Оди дома при своите, па раскажи им што ти направи Господ и како те помилува.”
20. Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
21. А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, при Него со собра многу народ. И беше покрај морето.
22. И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23. и Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!”
24. И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25. Една жена, што страдаше од крвотечение дванаесет години,
26. и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сè што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо,
27. штом чу за Исуса, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова;
28. оти се велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам!”
29. И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од
болеста.
30. А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот па рече: „Кој се допре до облеката Моја?”
31. Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?”
32. Но Он гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа.
33. Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.
34. А Он ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста
своја!”
35. Додека Он уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот?”
36. Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече: „Не бој се, а само верувај!”
37. И никому не му позволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Јована, братот на Јакова.
38. Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде смут, плачење и силно врискање.
39. И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие.”
40. А тие Му се потсмеваа. Он, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето.
41. И, кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!” – што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!”
42. И девојката одеднаш стана, и почна да оди, бидејќи имаше дванаесет години. И сите се
зачудија многу.
43. А Он строго им заповеда, никој да не разбере за тоа, и рече: „Дајте ѝ да јаде!”

6. Исус презрен во Својот роден крај. Испраќање на дванаесетте. На Јована Крстител му се отсекува главата. Нахрането пет илјади луѓе. Исус на морето. Исцелување на болни.

1. Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови.
2. И кога дојде саботата, Он почна да поучува, во синагогата, и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чудеса стануваат преку Неговите раце?
3. Не е ли Он дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?” И се соблазнија заради Него.
4. А Исус им рече: „Пророкот никаде не останува без почест, освен во својата земја, меѓу роднините, и во својот дом.”
5. И не можеше таму да изврши никакво чудо; само многу малку болни излекува, полагајќи ги рацете врз нив.
6. И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше.
7. И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.
8. Па им заповеда да не земаат ништо за по пат, освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот.
9. но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.
10. И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, дури не си отидете оттаму.
11. А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и Гомор во судниот ден, отколку на тој град.”
12. Тие појдоа и проповедаа покајание;
13. и изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со елеј, и лекуваа.
14. И цар Ирод разбра за Исуса, оти името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чудеса преку него.”
15. Едни велеа: „Илија е!”, а други: „Пророк е, или како еден од пророците.”
16. А Ирод, штом чу, рече: „Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите.”
17. Зашто сам Ирод прати да го фатат Јована, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брата му Филипа, оти се ожени со неа.
18. Бидејќи Јован му велеше да Ирода: „Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат!”
19. А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше.
20. Оти Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е тој човек праведен и свет, и го пазеше; многу работи вршеше од послушност кон него, и со пријатност го слушаше.
21. И настана погоден ден, кога Ирод, по повод на својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини галилејски;
22. и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирода. Тогаш ѝ рече царот на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!”
23. И ѝ се заколна: ”Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.”
24. А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?” Таа ѝ одговори: „Главата на Јована Крстител!”
25. И одеднаш, кога влезе при царот со брзина, се помоли, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на табла главата на Јована Крстител!”
26. Царот се загрижи, но заради клетвата и гостите свои нејќеше да откаже.
27. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова.
28. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на табла, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.
29. Учениците, пак, негови, кога разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа.
30. И се собраа апостолите при Исуса, па Го известија за сè, и што направиле, и на што поучувале.
31. А Он им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.” Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.
32. И отидоа со кораб сами во осамено место.
33. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; ги испреварија и се собраа при Него.
34. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и +почна да ги поучува многу.
35. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е;
36. распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, оти нема што да јадат.”
37. Он им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие Му рекоа: „Освен да отидеме и да купиме за двесте динарии леб, па да им дадеме да јадат?”
38. Потоа Он ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!” И кога видоа, рекоа: „Пет лебови и две риби.”
39. Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева.
40. И поседнаа на редици по сто и по педесет.
41. Он ги зеде петте лебови и двете риби, па, како погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите.
42. И јадеа сите и се наситија.
43. И кренаа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви.
44. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.
45. И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Он не го распушти народот.
46. И како се оддели од нив, отиде во гората за да се помоли.
47. Приквечер коработ беше среде морето, а Он на суво.
48. И ги виде како се мачат при пловењето, оти ветрот им беше спротивен; а околу четвртата стража ноќта се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив.
49. А тие, штом Го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, па извикаа;
50. оти сите Го видоа и се уплашија. Он веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!”
51. И влезе при нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе;
52. зашто не се вразумија со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето.
53. И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму.
54. А штом излегоа од коработ, веднаш го познаа.
55. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушнаа дека се наоѓа Он.
56. И каде и да влегуваше: во села, во градови или населби – на раскрсниците полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите, што се допираа до Него, се спасуваа.

7. За човечките закони. Исус ја исцелува ќерката на жената Хананејка, а и глуви и неми.

1. Се собраа при Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим.
2. И кога видоа дека некои од
Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно со неизмиени раце, ги укорија.
3. Зашто фарисеите и сите
Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите;
4. и кога ќе се вратат
од пазар, не јадат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат; миење чаши, чинии, котли и
столови.
5. Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: „Зошто учениците Твои не постапуваат според
преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб?”
6. А Он им одговори и рече: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: »Овој народ со уста Ме почитува, а со срцето свое стои далеку од Мене;
7. но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби.«
8. Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко: миење чинии и чаши, и вршите многу други слични работи.”
9. И им рече: „И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание.
10. Оти Мојсеј рече: »Почитувај ги татка си и мајка си«, и,+Кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни,«
11. А вие велите: »Ако некој каже на татка си или на мајка си: корван, односно, ветено
е на Бога она, со кое би се ползувал ти од мене.«
12. И на таков не оставате веќе ништо да направи за својот татко или за својата мајка,
13. престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предавале вие; и многу такви слични работи вршите.”
14. И кога го повика сиот народ, им рече: „Слушајте Ме сите и разберете:
15. ништо што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; освен она што излегува од него, тоа го осквернува човекот.
16. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!”
17. И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата.
18. А Он им рече: „Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ништо, што влегува во човекот од надвор, не може да го оскверни?
19. Оти не во срцето му влегува тоа, а во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.”
20. И уште им рече: „Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот.
21. Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства,
22. кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство.
23. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот.”
24. И кога се крена оттаму, отиде во пределите Тирски и Сидонски; и кога влезе во една куќа, сакаше никој да не Го узнае. Но не можеше да се сокрие.
25. Зашто чу за Него една жена, чија ќерка имаше нечист дух, па, како дојде, падна пред нозете Негови.
26. А таа жена беше друговерка, по потекло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера бесот од ќерка ѝ.
27. Но Исус ѝ рече: „Остави најнапред да се насити челадта; зашто не е добро да се земе лебот од челадта и да им се фрли на кучињата.”
28. И таа одговори и Му рече: „Да, Господи! Но и кучињата јадат под трпезата, од трошките на челадта.”
29. И ѝ рече: „За тој збор оди си! Бесот излезе од ќерка ти!”
30. И кога се врати дома, ја најде ќерка си како лежи на постела, а бесот беше излегол.
31. И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десеттоградието.
32. И доведоа при Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи над него рака.
33. Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши; а кога плукна, го допре неговиот јазик;
34. па, штом погледна на небото, воздивна и му рече: „Ефата!” – што значи: „Отвори се!”
35. И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто.
36. И им заповеда никому да не кажуваат. Но, во колку Он им забрануваше, во толку повеќе тие разгласуваа.
37. И прекумерно се чудеа и велеа: „Сè добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат.”

8. Нахранети четири илјади луѓе. Барање знак. Потребно е чување од фарисеите и од Ирода. Исцелување на слепиот. Петровата исповед. Првото пророкување за страдањата.

1. Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече:
2. Ми е жал за народот, оти три дена веќе стојат при Мене и нема што да јадат.
3. Ако ги распуштам гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои дошле од далеку.”
4. Учениците му одговорија: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?”
5. И ги праша: „Колку лебови имате?” А тие одговорија: „Седум”
6. Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги ставија пред народот.
7. Имаа и малку риби; како ги благослови, заповеда да ги разделат и нив.
8. И јадеа, и се наситија; и кренаа седум кошници останати парчиња.
9. А оние, што јадеа, беа околу четири илјади. И ги распушти.
10. И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите Далманутски.
11. И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му побараа чудо од небото.
12. А Он воздивна длабоко и рече: „Зошто овој бара чудо? Вистина ви велам: нема да се даде чудо на овој род.”
13. И кога ги остави, пак влезе во коработ и премина на другата страна.
14. А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ немаа со себе повеќе, освен еден леб.
15. А Он им заповеда и рече: „Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!”
16. И си размислуваа помеѓу себе, велејќи: „Тоа е што немаме леб.”
17. А Исус, кога ги разбра, им рече: „Што мислите дека немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце?
18. Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли?
19. Кога ги раскршив петте лебови, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња кренавте?” Му рекоа: „Дванаесет.”
20. А седумте – за четири илјади, колку кошници со останати парчиња собравте? Тие одговорија: Седум.
21. И им рече: „Па како тогаш не разбирате?”
22. Потоа дојде во Витсаида; и доведоа при Него слеп и Го молеа да се допре до него.
23. И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто.
24. Тој, кога погледна, рече: „Ги гледам луѓето да врват како дрвја.”
25. Потоа пак ги положи рацете над очите негови и му рече да погледа. И му се поврати
видот и ги гледаше сите јасно.
26. И го испрати во домот негов и му рече: „Не се одбивај в село, ниту раскажувај некому!”
27. И излезе Исус со учениците Свои по селата на Ќесарија Филипова. По патот ги праша учениците Свои и им рече: „За кого Ме мислат луѓето?”
28. Тие одговорија: „За Јована Крстител, некои за Илија, а други, пак, за еден од пророците.”
29. Он, пак им рече: „А вие, за кого ме мислите?” Петар Му одговори и рече: „Ти си Христос!”
30. И им забрани да говорат за Него кому и да било.
31. Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне.
32. И говореше за тоа откриено. Но Петар, како Го повлече настрана, почна да Го одвраќа.
33. А Он, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петра да говори и рече: „Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.”
34. И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.
35. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси.
36. Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?
37. Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
38. Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.”

9. Христовото преображение. Исцелување на човек со нечист дух. Второто пророкување за страдањата. Борба за првенство. Понизените ќе се возвишат. Потребно е чување од соблазни.

1. И им рече: „Вистина, ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо, дојдено во сила.”
2. А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована и ги одведе сами во висока гора, насамо, и се преобрази пред нив.
3. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели.
4. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса.
5. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исуса: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија.”
6. Зашто не знаеше што да каже, оти беа многу уплашени.
7. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!”
8. И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен само Исуса.
9. А кога слегуваа од гората, им заповеда Он – никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.
10. И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „да воскресне од мртвите?”
11. И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат – дека најнапред треба да дојде Илија?”
12. А Он, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сè, а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен.
13. Но ви велам: дека и Илија дојде, како што е напишано за него, и му направија што сакаа.”
14. И кога дојде при учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив.
15. И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа.
16. Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?”
17. Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов при Тебе сина ми, во кого има нем дух;
18. и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.”
19. А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!”
20. И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет.
21. Го праша Исус татка му: „Колку време има откако станува тоа со него?” Тој одговори: „Од детинство;
22. и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби; но, ако можеш, смили се над нас и помогни ни!”
23. А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!”
24. И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!”
25. А Исус, штом виде дека се собра многу народ, му забрани на нечистиот дух и му рече „Дух нем и глув, Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!”
26. И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво – така што мнозина велеа дека умрело.
27. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана.
28. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?”
29. Им одговори: „Тој род си ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.”
30. И кога излегоа оттаму, минеа преку Галилеја; и Он не сакаше некој да разбере.
31. Оти ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.
32. Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат.
33. И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?”
34. Тие молчеа, зашто патем се препираа помеѓу себе, кој е поголем.
35. Па, како седна, ги повика дванаесетте и им рече: „Која сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите – слуга!”
36. И кога зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:
37. Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил.
38. Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува бесови, а не врви по нас; и му забранивме, оти не оди по нас.”
39. А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене.
40. Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.
41. И кој ве напои со чаша вода во Мое име, дека сте Христови, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.
42. А кој соблазни едно од овие мали, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море.
43. И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган,
44. каде што нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува.
45. И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во геената, во неизгасливиот оган,
46. каде што нивниот црв не гине ни огнот се изгаснува.
47. И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во геената огнена,
48. каде што нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува.
49. Зашто секој со оган ќе се посоли, и секоја жртва со сол ќе се осоли.
50. Солта е добра; но, ако солта биде несолена, со што ќе се осоли? Затоа +имајте сол во себе, и мир имајте помеѓу себе!”

10. За разводот на бракот. Христос ги благословува децата. Богатиот младич. Третото пророкување за страдањата. Синовите Заведееви. Вартимеј.

1. И кога стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, преку страната што е отаде Јордан. И пак приоѓаше народ кон Него; а Он, по Својот обичај, ги поучуваше.
2. И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е да ја остави човек својата жена?”
3. А Он им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?”
4. Тие рекоа: „Мојсеј позволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.”
5. Одговори Исус и им рече: „Заради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед.
6. Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена.
7. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си,
8. и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело.
9. А Бог што составил, човек да не разделува.”
10. И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа.
11. И им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа;
12. а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.”
13. И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа.
14. Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо.
15. Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.”
16. И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.
17. А кога излегуваше на пат, притрча некој, падна на колена пред Него и Го праша:
„Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?”
18. Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог!
19. Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мајка си.”
20. А тој Му одговори и рече: „Учителе, сето тоа сум го запазил од младини.”
21. Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Едно не ти достига: оди и продај сè што имаш, и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.”
22. Тој, пак, кога се смути од тие зборови, си отиде нажален, зашто имаше големо богатство.
23. И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!”
24. А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25. Полесно ѝ е на камила да влезе низ иглени уши, отколку на богат – да влезе во царството Божјо.”
26. А тие се чудеа многу и си велеа помеѓу себе: „Тогаш кој може да се спаси?”
27. Кога ги погледна Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сè е можно!”
28. И Петар почна да му говори: „Ете, ние оставивме сè и по Тебе одиме.”
29. А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието,
30. а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен.
31. И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.”
32. Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
33. Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
34. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.
35. Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.”
36. Он ги праша: „Што сакате да ви направам?”
37. А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.”
38. Но Он им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?”
39. Тие одговорија: „Можеме.” А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите;
40. но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.”
41. Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована.
42. А Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.
43. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
44. и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.
45. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.”
46. Потоа пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои, и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше.
47. Па, како чу оти е тоа Исус Назареецот, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, помилуј ме!”
48. И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: „Сине Давидов, помилуј ме!”
49. Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: „Не бој се, стани, те вика!”
50. Тој, кога ја фрли горната облека, стана и дојде при Исуса.
51. А Исус, одговарајќи му, го запраша: „Што сакаш да ти направам?” Слепиот Му рече: „Да прогледам, Учителе!”
52. Исус му рече: „Оди си, верата твоја те спаси!” И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исуса.

11. Исус влегува во Ерусалим и ја проколнува смоквата, го чисти храмот, препорачува вера, молитва и проштавање. Ја брани Својата власт.

1. И кога се приближија до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, при Елеонската Гора, испрати Исус двајца од учениците,
2. и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом влезете во него, ќе најдете врзано осле, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го!
3. И, ако ви рече некој: »Зошто го правите тоа?« Кажете дека Му е потребно на Господа; и тој веднаш ќе го прати тука.”
4. Тие отидоа и го најдоа ослето, врзано за портата од надвор, на раскрсницата, и го одврзаа.
5. И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате?”
6. А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус, и тие ги оставија.
7. И го одведоа ослето при Исуса, ги кладоа врз него алиштата свои, и Он седна на него.
8. И мнозина ги постилаа своите облеки по патот.
9. А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: „Осана! Благословен е, Кој иде во името Господово!
10. Благословено е царството на нашиот татко Давида, кое иде во името Господово! Осана во
висините!”
11. И влезе Исус во Ерусалим, и во храмот; разгледа сè; па, како веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија.
12. А утредента, кога излегоа од Витанија, Он огладне;
13. и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, оти уште не беше времето за смокви.
14. И кога одговори Исус, ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!” И го чуја тоа учениците Негови.
15. И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврти масите на менувачите и столовите на оние, што продаваа гулаби;
16. и не позволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад.
17. И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: »Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече«; +а вие го направивте како разбојничко гнездо.”
18. И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, зашто се боеја од Него, оти сиот народ се восхитуваше на Неговото учење.
19. А кога се стемни, Он излезе надвор од градот.
20. Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.
21. И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила.”
22. А Исус им одговори и рече:
23. Имајте вера во Бога. Оти, вистина, ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: »Дигни се и фрли се в море!« и не се посомни во срцето свое, а поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.
24. Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде.
25. И кога стоите на молитва, проштавајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови.
26. Ако ли, пак, вие не проштавате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.”
27. И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците, и старешините,
28. па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа, и кој Ти ја дал таа власт, да го правиш
тоа?”
29. Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и јас за нешто и одговорете Ми; тогаш и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа.
30. Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!”
31. А тие се мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме,Од небото« – ќе рече: »Па зошто не му поверувавте?«
32. Но, ако кажеме, »Од луѓето«“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јована за вистински пророк.
33. И кога Му одговорија на Исуса, рекоа: „Не знаеме.” А Исус им одговори и рече: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.”

12. Парабола за лозарите. Прашање за давање на царскиот данок, за воскресението на мртвите и за најголемата заповед. Давидов син и Господ. Потребно е чување од книжниците. Вдовичината лента.

1. И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје, и го загради со плот, па ископа бунар и соѕида кула; и, откако им го предаде на лозарите, си отиде.
2. А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето.
3. Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен.
4. И пак испрати при нив друг слуга; и нему, со камења, му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен.
5. Испрати и друг; него, пак го убија, и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија.
6. Па, како имаше и еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле и него при нив, велејќи: »Ќе се засрамат од сина ми.«
7. Но лозарите си рекоа помеѓу себе: »Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.«
8. И како го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9. Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.
10. Зар не сте читале во Писмото: »Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот:
11. од Господа е тоа, и чудесно е во очите наши!«“
12. И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, оти разбраа дека за нив ја кажа параболата; и кога Го оставија, си отидоа.
13. А пратија кај Него од фарисеите и од Иродовците, за да го фатат на збор.
14. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?”
15. А Он, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден динариј да го видам!”
16. И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Му рекоа: „На царот”
17. Тогаш Исус им одговори и рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!” И тие Му се чудеа.
18. Дојдоа при Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи:
19. Учителе, Мојсеј ни напиша: »Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си.«
20. Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.
21. Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.
22. Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената.
23. При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Оти седуммина ја имаа како жена.”
24. А Исус одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?
25. Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а се како ангели на небесата.
26. А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеја, како му рече Бог при капината: »Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов«?
27. Но Он не е Бог на мртвите, а Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете.”
28. Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?”
29. А Исус му одговори: „Прва од сите заповеди е: »Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ.
30. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!« Тоа е првата заповед.
31. А втората е слична на неа: »Возљуби го својот ближен како себеси!« Друга заповед, поголема од овие, нема.”
32. Книжникот Му рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него;
33. и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.”
34. Исус, пак кога виде дека умно одговори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.” Потоа никој веќе не смееше да Го праша.
35.И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: „Како зборуваат книжниците дека Христос е син Давидов?
36. Сам, пак, Давид кажа преку Светиот Дух: »Му рече Господ на мојот Господ: седи од
Мојата десна страна, дури не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои!«
37. И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Он син?” И многу народ Го слушаше со сладост.
38. И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат променети и да ги поздравуваат по улиците,
39. и предни седишта во синагогите, и први места на гозбите.
40. Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.”
41. Па седна Исус спроти +ковчежето, и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу.
42. И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што прават еден кодрант.
43. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина, ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето;
44. зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сè што имаше, целата своја прехрана.”

13. Исусовата беседа за разурнувањето на Ерусалим и за неговата идна слава. Совети и опомени, нарочно за стражарењето.

1. А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви
камења и какви згради!”
2. Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат.”
3. А кога седеше на Елеонската Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Петар, Јаков, Јован и Андреја:
4. Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се изврши сето тоа?
5. Исус, одговарајќи им, почна да зборува: „Чувајте се да не ве прелаже некој.
6. Оти мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина.
7. А кога ќе чуете за боеви и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да стане; но тоа уште не е крајот.
8. Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има потреси, и глад, и маки. Тоа е почетокот на болките.
9. Но вие чувајте се сами, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведени заради Мене, за сведоштво пред нив.
10. И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието.
11. Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; а она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух.
12. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе ги убијат.
13. Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
14. А кога ќе видите, »мерзоста на запустението«, како што рекол пророкот Даниил, да стои каде што не треба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините;
15. и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја;
16. и кој е на нива, да не се враќа за да го земе облеклото свое!
17. Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни!
18. Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!
19. Зашто во тие дни ќе биде мака, каква не била досега од почетокот на светов, што го
создаде Бог, а и нема да биде.
20. И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Он, ќе ги скрати дните.
21. Тогаш, ако ви каже некој: »Еве, овде е Христос«, или, Ене, таму е«, не верувајте!
22. Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните.
23. Но вие – чувајте се: ете, сè однапред ви кажав!
24. Во тие дни, по жалоста, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,
25. и ѕвездите небески ќе попаѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат.
26. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема слава и сила.
27. И Он тогаш ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.
28. Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладат и пуштат лисја, знаете дека е близу летото.
29. Па така и вие, кога ќе го видите сето тоа да станува, знајте дека е близу, пред врата!
30. Вистина ви велам: нема да помине овој род, дури сето тоа не се збидне.
31. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат.
32. А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот.
33. Внимавајте, бидете будни и молете се, оти не знаете кога ќе настане времето.
34. Како човек, кој заминувајќи, ја остава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, и на вратарот му заповеда да биде буден.
35. Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро;
36. па да не дојде ненадејно и да ве затече да спиете.
37. А што ви зборувам вам, им го зборувам и на сите: »Бидете будни!«“

14. Христовото помазание во Витанија. Воскресното јагне. Тајната вечера. Борбата во Гетсиманија. Фаќањето. Сослушувањето, заповедта и страдањето пред Кајафа. Петровото одречување и каење.

1. По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат;
2. но велеа: „На празникот не, за да не стане бунт, меѓу луѓето.”
3. А кога беше Он во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши шишенцето, го изли мирото врз главата Негова.
4. А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирото да се растура така?
5. Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста динарии, и да се раздадат на сиромасите.” И негодуваа против неа.
6. Но Исус рече: „Оставете ја неа; зошто се буните? Таа направи добро дело за Мене.
7. Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.
8. Тоа што можеше, таа го направи: испревари да го помаже телото Мое за погребение.
9. Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.”
10. Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде.
11. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да Го предаде.
12. Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?”
13. И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него.
14. И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: »Учителот вели: каде е собата, во која ќе ја јадам пасхата со учениците Свои?«
15. И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.”
16. И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија пасхата.
17. А кога се стемни, Он дојде со дванаесетте.
18. И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.”
19. Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: „Да не сум јас?”
20. А Он им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата.
21. Но Синот Човечки иде, како што е напишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не беше се родил!”
22. И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Примете,
јадете; тоа е Моето тело.”
23. Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.
24. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.
25. Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.”
26. Па, откако испеаја благодарствена песна, отидоа во Елеонската Гора.
27. И им рече Исус: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: »Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците«.
28. Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.”
29. А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!”
30. Му рече Исус: „Вистина, ти велам: дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене.”
31. Но тој уште повеќе тврдеше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” И сите така рекоа.
32. Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: „Седете овде, додека отидам да се помолам!”
33. И ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована; се замисли и почна да тагува,
34. па им рече: „Душата Ми е смртно нажалена; останете тука и бидете будни!”
35. И штом се оддалечи малку, падна на земја и се молеше, за да Го одмине оној час, ако е можно;
36. и велеше: „Ава, Оче! Сè е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како – Ти.”
37. Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли? Не можеш ли еден час да бидеш буден?
38. Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.”
39. И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови.
40. А кога се врати, ги најде пак како спијат, оти очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.
41. И по третпат дојде и им рече: „Спиете само и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.
42. Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава!”
43. И веднаш, дури Он уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратен од првосвештениците, книжниците и старешините.
44. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Он е: фатете Го и водете Го претпазливо!”
45. Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: „Радувај се, Рави!” И Го целива.
46. А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија.
47. Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.
48. Исус им одговори и рече: „Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?
49. Секој ден бев во храмот и поучував и не Ме фативте. Но нека се исполнат Писмата.”
50. И тогаш, кога Го оставија, сите се разбегаа.
51. А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија.
52. Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.
53. И Го доведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници.
54. А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот.
55. Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа.
56. Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, и тие сведоштва не беа еднакви.
57. И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:
58. Чувме дека Он говореше: »Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен«.
59. Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво.
60. И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса, говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?”
61. Но Он молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?”
62. Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески.”
63. А првосвештеникот, пак, штом ја раскина облеката своја, рече: „Зошто ни се повеќе
сведоци?
64. Чувте како хули на Бога; како ви се чини?” И сите се согласија дека заслужува смрт.
65. А некои почнаа да плукаат на Него, да му го покриваат лицето, да Го бијат и да Му велат: „Проречи!” И Слугите Го удираа по образите.
66. Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот,
67. па, штом го виде Петра како се грее, погледна во него и рече: „И ти беше со Исуса
Назареецот.”
68. Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.” И излезе надвор пред дворот; и запеа петел.
69. Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив.”
70. Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си еден од нив; бидејќи си Галилеец, а и говорот ти е таков.”
71. А тој почна да се колне и се заколна: „Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите.”
72. И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: „Уште пред двапати петел да запее трипати ќе се одречеш од Мене.” И почна да плаче.

15. Исус пред Пилата. Осудата. Трновиот венец. Смртта Исусова на крст. Исусовото погребение.

1. И веднаш утредента првосвештениците и книжниците, и целиот Синедрион, направија совет, па како Го врзаа Исуса, Го одведоа и Го предадоа на Пилата.
2. А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?” Он одговори и рече: „Ти велиш”
3. И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но Он не одговори ништо.
4. А Пилат пак Го праша и рече: „Ништо ли не одговараш? Гледаш колку многу сведочат против Тебе!”
5. Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше.
6. А на секој празник им отпушташе по еден осуденик, кого што ќе го побараа.
7. И беше еден осуден, по име Варава, заедно со придружниците, што во една буна извршиле убиство.
8. И кога извика народот, почна да го моли Пилата да им го направи она, што им го правел секогаш.
9. А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?”
10. Оти знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист.
11. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава.
12. Пилат, пак, им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го именувате Цар Јудејски?”
13. Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!”
14. Пилат им рече: „Што зло направил?” Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!”
15. Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава; а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат.
16. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17. па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18. и почнаа да Го поздравуваат: „Радуј се, Царе Јудејски!”
19. И Го биеја по главата со трска и плукаа на Него; паѓајќи на колена, и Му се клањаа.
20. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му го облекоа Неговото облекло и Го поведоа на Го распнат.
21. И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да му го носи крстот.
22. Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Он не зеде.
24. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб, кој што да земе.
25. Беше третиот час, и Го распнаа.
26. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.”
27. А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата.
28. И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.”
29. А минувачите, вртејќи со глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,
30. спаси Себеси и слези од крстот!”
31. Исто така и првосвештениците заедно со книжниците му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да спаси.
32. Христос, Царот Израилев, нека слегне сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!” Го хулеа и распнатите со Него.
33. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.
34. И во деветтиот час Исус извика гласно, велејќи: „Елои, Елои, Лама савахтани?” А тоа
значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?”
35. Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија.”
36. А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: „Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне?”
37. Исус, пак, кога испушти висок глас, издивна.
38. И црковната завеса се расцепи на две, одозгора додолу.
39. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Он, откако извика така издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!”
40. А имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалина, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија,
41. кои и тогаш, кога Он беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим.
42. А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно спроти сабота,
43. дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството
Божјо, се осмели и влезе при Пилата и го помоли за телото Исусово.
44. Пилат се зачуди дека Он веќе умрел: и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел.
45. Па штом узна од стотникот, му го даде телото на Јосифа.
46. А Јосиф купи плаштаница, Го симна и Го обви во плаштаницата и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа; и навали камен на гробната врата.
47. А Марија Магдалина и Марија Јосиева гледаа, каде Го полагаат.

16. Христовото воскресение. Воскреснатиот им се јавува на учениците. Заповед за крштавањето на сиот свет. Вознесението.

1. Штом мина сабота, Марија Магдалина, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да
дојдат и Го помажат Исуса.
2. И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето.
3. па си зборуваа помеѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?”
4. И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем.
5. Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија многу.
6. А тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен.
7. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.”
8. Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, оти се боеја.
9. А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалина, +од која беше истерал седум демони.
10. Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа;
11. но тие, кога чуја дека е Он жив, и дека таа Го видела, не поверуваа.
12. Потоа се јави во друг вид на двајца од нив по пат, кога одеа в село.
13. И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа.
14. Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и жестокосрдечност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.
15. Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание.
16. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.
17. А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат бесови; +ќе говорат нови јазици;
18. ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им навреди; +на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.”
19. А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и +седна од десната страна на Бога.
20. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин!