Второ послание на светиот апостол Павле до Тимотеја

1. Опомена за постојанство во верата.

1. Павле, апостолот на Исуса Христа по волја Божја, според ветениот живот во Христа Исуса,
2. до Тимотеја, возљубеното чедо. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Христа Исуса, нашиот Господ!
3. Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, затоа што постојано те спомнувам во молитвите свои дење и ноќе;
4. сеќавајќи се за твоите солзи, копнеам да те видам, за да се исполнам со радост,
5. и спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе.
6. Поради тоа ти напомнувам да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе преку моето ракополагање.
7. Зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста.
8. И така, не срамувај се од страдањата на нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата за Благовестието Христово по силата на Бога,
9. Кој нè спаси и нè повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња,
10. а откриена сега со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, +Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспаѓањето прекук Евангелието,
11. за кое што сум поставен како проповедник, апостол и учител на иноверците.
12. Затоа така и страдам; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Он е моќен мојот залог да го запази за оној ден.
13. Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, +со вера и љубов во Христа Исуса!
14. Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!
15. Го знаеш тоа дека од мене се одвратија сите Азијци, меѓу кои и Фигел и Ермоген.
16. Господ нека му даде милост на домот на Онисифора, зашто многупати ме успокои и не се посрами од веригите мои;
17. а, кога дојде во Рим, ме побара со уште поголема грижа и ме најде.
18. Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! – А колку ми услужи тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш.

2. Потребно е да се биде верен и постојан во проповедањето на Евангелието; да се чуваме од празни разговори со лажни учители.

1. Чедо мое, потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса,
2. и сè, што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, ки се способни и други да научат.
3. Па така, поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа.
4. Оти ниеден војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник.
5. А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата.
6. Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот.
7. Разбери што ти зборувам; а Господ нека ти даде разум во сè!
8. Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите, онака како што ви проповедав,
9. поради кое страдам, дури до окови, како злочинец. Но словото Божјо не се врзува.
10. Затоа сè трпам заради избраните, та и тие да добијат спасение во Христа Исуса со вечна слава.
11. Верни се зборовите: „Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме.
12. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас.
13. Ако не веруваме, Он останува верен, +бидејќи Сам Себеси не може да се одрече.”
14. Ова напомнувај го и сведочи пред Господа за да не се препираат, оти препирките ништо не помагаат, а дури им штетат на оние, што слушаат.
15. Погрижи се пред Бога да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината.
16. А од непристојни и празни зборови клони се, зашто тие ги водат луѓето секогаш кон безбожност.
17. И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит,
18. кои отстапија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе станало, и со тоа им попречуваат во верата на некои.
19. Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: „Ги позна Господ Своите” и „Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!”
20. Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјани; и едните се за почесна употреба, а другите за нечиста.
21. И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело.
22. Избегнувај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце!
23. Глупави и празни расправии избегнувај, знаејќи дека тие породуваат кавги!
24. А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив.
25. И со кротост поучувај ги оние што се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за да ја познаат вистината.
26. и да се ослободат од мрежата на ѓаволот, кој ги уловил живи, за да ја исполнуваат неговата волја.

3. За заводниците во последно време; потребно е да се остане при Светото Писмо.

1. Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки.
2. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни,неправедни,недружељубиви,
3. непомирливи,клеветници,невоздржливи, нескротливи, недоброљупци,
4. предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци,
5. на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!
6. Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени, што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти,
7. жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината.
8. Па, како што му се противеа на Мојсеја Јаниј и Јамвриј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, неискусни во верата.
9. Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе се открие пред сите, како и на оние двајца.
10. Ти се угледа на моето учење, животот, целта, верата на мојата големодушност, љубовта, трпеливоста,
11. на моите гонења и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во +Иконија, и во ++Листра, какви прогони претрпев; и од сè Господ ме избави.
12. Па и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети.
13. А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси.
14. Но ти остани во тоа, што си го научил, и што ти е поверено, знаејќи од кого си го научил,
15. бидејќи уште како мал ги знаеш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса.
16. Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата,
17. за да биде Божјиот човек совршен и годен за секое добро дело.

4. Храбрење на верност во проповедањето. Павловата борба и венецот. Гласови, заповеди и поздрави.

1. И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Он и Неговото царство:
2. проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, изобличувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука.
3. Оти ќе дојде време, кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот;
4. тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се обрнат кон бајки.
5. Но ти во сè биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на евангелист, службата своја исполнувај ја добро!
6. Зашто јас веќе станувам жртва, а времето на моето одење настапи.
7. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив;
8. понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање.
9. Погрижи се да дојдеш при мене скоро!
10. Оти Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет, и отиде во Солун; Крискент – во Галатија, Тит – во Далмација. Само Лука е со мене.
11. Земи го Марка и доведи го со себеси, оти ми е нужен во службата!
12. А Тихика го пратив во Ефес.
13. Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката, што ја оставив во Троада, кај Карп и книгите, а особено пергаментните.
14. Ковачот Александар ми направи големо зло. +Нека му врати Господ според делата негови!
15. Од него пази се и ти, бидејќи тој необично многу се воспротиви на нашите зборови!
16. При мојата прва одбрана никого немаше при мене: сите ме оставија. Нека не им се прими за грев!
17. Но Господ беше со мене и ме укрепи, та преку мене да се утврди Благовестието и да чујат сите незнабошци; и јас се избавив од устата на лавот.
18. Господ ќе ме избави од секакво лошо дело и ќе ме запази за Своето небесно царство. Нему слава во веки веков. Амин!
19. Поздрави ги Прискила и Акила, и +Онисифоровиот дом.
20. Ераст остана во Коринт. А +Трофим го оставив болен во Милет.
21. Побрзај да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клаудија и сите браќа.
22. Господ Исус Христос нека е со твојот дух! Благодат на сите вас. Амин!