Второ соборно послание на светиот апостол Јован Богослов

1. До една жена што верува и до нејзините деца. Нека останат во вистината во која одат.

1. Од старешината – до избраната госпоѓа и нејзините чеда, кои вистински ги сакам, – и не само јас, туку и сите, што ја познаа вистината;
2. поради вистината, која пребива во нас и ќе биде со нас секогаш.
3. Да биде со вас благодатта, милоста, мирот од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, Синот на Отецот, во вистина и љубов!
4. Многу се зарадував, оти чедата твои ги најдов како одат во вистина, онака како што добиваме заповед од Отецот.
5. И сега те молам, госпоѓо, не како да ти пишувам нова заповед, но онаа, која ја имаме од почетокот, да се сакаме еден со друг.
6. А љубовта се состои во тоа, да постапуваме по Неговите заповеди. Тоа е заповедта, што ја чувте во почетокот, за да постапувате според неа;
7. бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот; таков човек е измамник, антихрист.
8. Пазете се за да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда.
9. Секој, кој прави престапи и не пребива во Христовото учење и не е во Него, Го нема Бога; кој пребива во Христовото учење, тој Го има и Отецот и Синот.
10. Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го;
11. зашто, кој го поздравува, учествува во неговите лоши дела.
12. Вистина, имав многу да ви пишувам, но не сакав на книга и со мастило, оти се надевам дека ќе дојдам при вас и од устата да ви зборувам, та радоста ваша да ви биде полна.
13. Те поздравуваат чедата на избраната твоја сестра. Амин!