Четврта книга Царства

1. Крајот на служењето на пророк Илија. Илија и Охозиј. Оган паѓа од небото.

1. По смртта на Ахава, Моав се одметна од Израилот.
2. А Охозиј падна низ прозорската решетка на својата горна соба, која е во Самарија, и се
разболе. Па испрати пратеници и им рече: „Одете, прашајте го Веелзевула, акаронското божество: ќе оздравам ли од оваа болест?” И тие отидоа да прашаат.
3. Тогаш Ангел Господов му кажа на Илија Тесвитецот: „Стани, пресретни ги пратениците на самарискиот цар и кажи им: »Зар во Израилот нема Бог, та сте тргнале да го прашате Веелзевула, акаронското божество?«
4. Затоа вака вели Господ: »Од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш«“. И отиде Илија и им кажа.
5. Се вратија пратениците при Озохија. И тој ги праша: „Зошто се вративте?”
6. Тие му одговорија: „Не пресретна еден човек и ни рече: „Одете, вратете се при царот, кој ве испратил, и кажете му: вака вели Господ: »зар во Израилот нема Бог, та испраќаш да го прашаш Веелзевула, акаронското божество?« Затоа од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.”
7. Тој ги праша: „Каков беше на изглед оној човек, што ве пресретна и ви ги кажа тие зборови?”
8. Тие му одговорија: „Тој човек целиот беше со влакна и беше опашан преку половината со кожен појас.” Тој рече: „Тоа е Илија Тесвитецот.”
9. Тогаш испрати царот при него педесетник со неговите педесетмина. И тој се искачи при
него, кога Илија седеше на врвот од гората, и му рече: „Човеку Божји, царот нареди да слезеш.”
10. Одговори Илија и му рече на педесетникот: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина.” И падна оган од небото и го изгори него и неговите педесетмина.
11. Царот испрати друг педесетник со неговите педесетмина. И тој му проговори и рече: „Човеку Божји, вака вели царот: »Слези поскоро!«“
12. Илија одговори и му рече: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и да те изгори тебе и твоите педесетмина”. И падна оган Божји од небото и го изгоре него и неговите педесетмина.
13. Царот испрати по третпат педесетник со неговите педесетмина. Третиот педесетник стана, та дојде, и падна на коленици пред Илија, го молеше и му зборуваше: „Човеку Божји, да не биде презрена душата моја и душата на твоите слуги – овие педесетмина – пред твоите очи;
14. Ете, падна оган од небото и ги изгоре двајцата претходни педесетници со нивните педесетмина; но сега да не биде презрена душата моја пред твоите очи!”
15. Тогаш му рече Ангелот Господов на Илија: „Оди со него и не плаши се од него.” И тој стана, та отиде со него при царот.
16. И му рече: „Вака вели Господ: »Поради тоа што испрати пратеници да го прашаат Веелзевула, акаронското божество, како да немаше во Израилот Бог да Го прашаш за словото Негово, – ти нема да станеш од леглото, на кое си легнал, туку ќе умреш.”
17. И тој умре според словото Господово, што го изрече Илија. И стана цар Јорам, братот на Охозија, место него, во втората година на Јорама, син Јосафатов, цар јудејски, бидејќи оној немаше син.
18. Другото за Охозија, она што го извршил тој, е опишано во летописите на израилските цареви.

2. Вознесување на Илија на небото. Негов наследник е Јелисеј. Двете чуда на Јелисеја.

1. Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Јелисеја доаѓаше од Галгал.
2. И му рече Илија на Јелисеја: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.” Но Јелисеј рече: „Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.” И отидоа во Ветил.
3. И излегоа при Јелисеја синовите пророчки, што беа во Ветил, и му рекоа: „Знаеш ли, дека денес Гсопод ќе го вознесе твојот господар над главата твоја!” Тој одговори: „И јас
знам, молчете.”
4. И му рече Илија: „Јелисее, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јерихон.” А тој рече: „Жив Господ и живе ти душа! Нема да те оставам.” И дојдоа во Јерихон.
5. Тогаш се приближија синовите пророчки, што беа во Јерихон, и му рекоа: „Знаеш ли, дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?” Тој одговори: „И јас знам, молчете.”
6. Пак му рече Илија на Јелисеја: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јордан. А тој рече: „Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.” И тргнаа обајцата.
7. Педесет души од синовите пророчки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, а тие двајца стоеја при Јордан.
8. Тогаш го зеде Илија кожувот свој, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво.
9. Кога минаа, Илија му рече на Јелисеја: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе.” Јелисеј одговори: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.”
10. А тој рече: „Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.”
11. Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото.
12. А Јелисеј гледаше и извика: „Оче мој, оче мој, кола на Израилот и негова коњица!” И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња.
13. И го крена тој кожувот на Илија, што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан;
14. го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: „Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?” И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Јелисеј помина.
15. И го видоа од далеку синовите пророкови, што беа во Јерихон и рекоа: „Илиевиот дух слезе врз Јелисеја.” Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја.
16. И му рекоа: „Ете, во нас, твоите слуги, има педесет души силни мажи; нека одат тие да го побараат господарот твој; можеби, Духот Господов го однел и го фрлил на некоја гора, или во некој дол.” А тој рече: „Немојте да испраќате!”
17. Но тие настојуваа пред него многу, та му здодеаја, па им рече: „Испратете!” И испратија педесет души, кои бараа три дена, но не го најдоа,
18. и се вратија при него, додека тој беше во Јерихон; и тој им рече: „Нели ви говорев: не одете!”
19. Тогаш жителите на градот му кажаа на Јелисеја: „Ете, како што гледаш, господару, положбата на овој град е добра; но водата е лоша и земјата е бесплодна.”
20. А тој рече: „Дајте ми нова чаша и турета во неа сол.” И му дадоа.
21. Тој отиде при изворот на водата, ја фрли во неа солта и рече: „Вака вели Господ: »Јас ја направив здрава таа вода; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.«“
22. И водата остана здрава до денес, според зборот, што го кажа Јелисеј.
23. Оттаму тој отиде во Ветил. Кога одеше по патот, мали деца излегоа од градот, му се потсмеваа и му велеа: „Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!”
24. Тој се сврти, ги виде и ги проколна во името Господово. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца.
25. Оттука отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.

3. Јорамовото владеење во Израилот. Воен поход на Израилците и Јудејците против Моавците.

1. Јорам, синот Ахавов, стана цар над Израилот во Самарија во осумнаесеттата година на јудејскиот цар Јосафат и царуваше дваесет години.
2. Тој вршеше она што беше неугодно пред очите на Господа, макар и не така, како татко му и мајка му, зашто ја собори статуата на Ваала, што беше ја напарвил татко му;
3. при сето тоа тој остана во гревовите на Јеровоама, Наватовиот син, што беше го навел на грев Израилот, и не отстапуваше од нив.
4. Моавскиот цар Моса имаше многу добиток и му испраќаше на израилскиот цар по сто илјади овци и по сто илјади неистрижени овни.
5. Но, штом умре Ахав, моавскиот цар се одметна од израилскиот цар.
6. Во она време царот Јорам излезе од Самарија и ги преброи сите Израилци,
7. па отиде и испрати да му кажат на јудејскиот цар Јосафата: „Моавскиот цар се одметна од мене; одиш ли со мене во војна против Моава?” Тој одговори: „Одам; како што ќе отидеш ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ, како твоите коњи, така и моите коњи.”
8. И рече: „По кој пат да одам?” Тој рече: „По патот низ Едомската пустиња.”
9. И тргнаа израилскот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар, и одеа по заобиколен пат седум дена, и немаше вода за војската и за добитокот, што одеше по нив.
10. Тогаш рече израилскиот цар: „Ах! Господ ги изведе овие тројца цареви, за да ги предаде во раката на Моава.”
11. Но Јосафат рече: „Нема ли тука пророк Господов, па преку него да го прашаме Господа?” Одговори еден од слугите на израилскиот цар и рече: „Тука е Јелисеј, Сафатовиот син, кој
полеваше вода на Илиевите раце.”
12. И рече Јосафат: „Во него има слово Господово.” И отидоа при него израилскиот цар и Јосафат и едомскиот цар.
13. И му рече Јелисеј на израилскиот цар: „Што имаш ти со мене! Оди кај пророците на татковците свои и кај пророците на мајка си своја.” И му кажа израилскиот цар: „Не, зашто
Господ ги изведе овде овие тројца цареви, за да ги предаде во раката на Моава.”
14. И рече Јелисеј: „Жив Господ Саваот, пред Кого стојам! Ако не го почитував Јосафата, јудејскиот цар, не би те погледнал и не би те видел;
15. туку повикајте ми гуслар.” И кога гусларот свиреше на гуслата, тогаш раката Господова се допре до Јелисеја,
16. и тој рече: „Вака говори Господ: »Направете ја оваа долина јама до јама;
17. зашто вака вели Господ: нема да видите ветар и нема да видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода, од која ќе пиете вие и ситниот и крупниот добиток ваш;
18. но тоа е малку пред очите на Господа: Он и Моава ќе го предаде во рацете ваши,
19. и ќе ги поразите сите укрепени градови и сите главни градови, и ќе ги исечете сите добри дрвја, и ќе ги запрете сите извори, и сите добри ниви и ќе ги затрупате со камења.”
20. Утредента, кога се вознесуваше лебен принос, наеднаш потече вода по патот од Едом, и земјата се наполни со вода.
21. Кога слушнаа Моавците, дека царевите доаѓаат да војуваат со нив, беа собрани сите, што носат појас и постари, па застанаа на границата.
22. Изутрината станаа рано, кога сонцето изгреа над водата; на Моавците таа вода оддалеку им се прични црвена како крв.
23. И тие рекоа: „Тое е крв; се степале царевите меѓу себе и се истребиле еден со друг. А сега на плен, Моаве!”
24. И тие дојдоа до израилскиот логор. Станаа Израилците и фатија да ги поразуваат Моавците, кои почнаа да бегаат од нив, а тие продолжуваа да налетуваат врз нив и да ги поразуваат.
25. И ги разрушија градовите, и во секоја добра нива секој фрли по еден камен, и ја наполнија, и сите водни извори ги затрупаа, и сите плодни дрвја ги исекоа, така што во Кир-Харемет останаа само камења. И го заобиколија праќкашите и го разрушија.
26. Тогаш моавскиот цар виде дека ја губи битката, и зеде со себе седумстотини души, кои ракуваа со меч, за да се пробијат кон едомскиот цар, но не можеа.
27. И тој го зеде својот првороден син, кому му се паѓаше да царува место него, и го принесе како жртва сепаленица врз ѕидот. Тоа предизвика големо негодување кај Израилците, и тие се повлекоа од него и се вратија во земјата своја.

4. Елејот на вдовицата.

1. Една од жените на пророчките синови со плачење му говореше на Јелисеја: „Твојот слуга, мажот мој, умре; а ти знаеш, дека твојот слуга се плашеше од Господа; сега дојде заемодавачот да ги земе двете мои деца за робје.”
2. Јелисеј ѝ рече: „Што да направам за тебе? Кажи ми што имаш дома?” Таа одговори:„Слугинката твоја ништо нема во домот свој, освен еден сад со масло.”
3. А тој рече „Оди и побарај садови однадвор, од сите твои соседи, празни садови; собери доволно,
4. потоа оди и затвори ја вратата зад себе и зад синовите свои и налевај во сите тие садови; полните ставај ги настрана.”
5. Таа си отиде од него и ја затвори вратата зад себеси и зад синовите свои. Тие ѝ подаваа, а таа налеваше.
6. Кога беа наполнети садовите, таа му рече на синот свој: „Дај ми уште еден сад.” Тој ѝ рече: „Нема повеќе садови.” И маслото престана да тече.
7. Таа дојде и му раскажа на Божјиот човек. Тој ѝ рече: „Оди, продај го маслото и исплати ги долговите свои; а со тоа, што ќе остане, ќе живееш со синовите свои.”
8. Еден ден Јелисеј отиде во Сонам. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб.
9. Таа му рече на мажот свој: „Ете, јас знам, дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет;
10. да му направиме мала горна соба над ѕидот и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму.”
11. Еден ден Јелисеј отиде таму, се качи во горната соба своја и си легна таму,
12. па му кажа на слугата свој Гиезиј: „Повикај ја таа Сонамка.” Тој ја повика, и таа застана пред него.
13. И му рече: „Кажи н: »ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на војводата!«“ Таа одговори: „Не, јас живеам меѓу народот свој.”
14. Јелисеј продолжи и рече: „Тогаш што да направиме за неа?” И рече Гиезиј: „Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар.”
15. И рече Јелисеј: „Повикај ја.” Тој ја повика, и таа застана на вратата.
16. Јелисеј ѝ рече: „По една година, во ова исто време, ти ќе држиш на раце син.” Таа рече: „Не, господару мој, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја.”
17. И жената остана бремена и роди син на другата година, во она исто време, како што ѝ кажа Јелисеј.
18. Детето порасна и еден ден отиде кај татка си, при жетварите.
19. И му кажа на татка си: „Главата, главата ме боли.” А тој му рече на слугата свој:„Одведи го кај мајка му!”
20. Го зеде и го одведе кај мајка му. И тоа седеше во скутот нејзин до пладне и умре.
21. Таа отиде и го положи во леглото на Божјиот човек, го затвори и излезе,
22. па го повика мажот свој и рече: „Испрати ми еден од слугите и една од ослиците; ќе одам кај Божјиот човек и ќе се вратам.”
23. А тој ја праша: „Зошто ќе одиш при него? Денес не е нов месец, не е ни сабота.” Но таа рече: „Добро е.”
24. И ја оседла ослицата и му кажа на слугата свој: „Води и врви; не запирај додека не ти кажам.”
25. И тргнаа и дојдоа при Божјиот човек, на гората Кармил. А кога Божјиот човек ја виде оддалку, му кажа на слугата свој Гиезија: „Еве ја онаа Сонамка;
26. отрчај да ја пресретнеш и да ја прашаш: »здрава ли си, здрав ли е мажот нејзин, здраво ли е детето?«“ – Таа одгорови: „Здрави сме.”
27. А кога дојде при Божјиот човек на гората, се фати за нозете негови. И Гиезиј се доближи, за да ја отстрани; но Божјиот човек рече: „Остави ја, душата ѝ е огорчена, а Господ ја сокри од мене и не ми јави.”
28. И таа рече: „Барав ли јас од мојот господар син? Не зборував ли: немој да ме лажеш?”
29. Тој тогаш му рече на Гиезија: „Опаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го поздравувај; а ако некој те поздрави, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!”
30. А мајката на детето рече: „Жив Господ и жива ти душата! Нема да те оставам.” Тогаш и тој стана и тргна по неа.
31. Гиезиј отиде пред нив и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас, ни одговор. И му излезе во пресрет, му соопшти и рече: „Детето не се разбудува.”
32. И Јелисеј влезе во куќата, и ете, умрено дете лежи на леглото негово.
33. И влезе, ја затвори вратата зад себе и му се помоли на Господа;
34. потоа се качи, легна врз детето, ја стави устата своја врз неговата уста, очите свои врз неговите очи, и дланките свои врз неговите дланки, и се простре врз него, и телото на детето се загреа.
35. Јелисеј стана и почна да оди по собата натаму – наваму; потоа пак се качи и се простре врз него. И детето кивна седумпати и ги отвори очите свои.
36. И тој го повика Гиезија и му рече: „Повикај ја Сонамката!” И тој ја повика. Таа дојде при него, и тој рече: „Земи си го синот свој!”
37. Таа се доближи, падна пред нозете негови и се поклони до земја; потоа го зеде синот свој и излезе.
38. А Јелисеј се врати во Галгал. Во таа земја имаше глад, и синовите пророчки седеа пред него. И тој му кажа на слугата свој: „Стави го големиот котел и свари леќа за пророчките синови.”
39. И излезе еден од нив во полето да собира зелен; најде еден корен од дива лоза, и набра од неа полн скут диви плодови; се врати и ги стави во котелот со леќа, зашто не ги познаваше.
40. Им поставија да јадат. Но штом почнаа да ја јадат леќата, извикаа и велеа: „Смрт има во котелот, човече Божји!” И не можеа да јадат.
41. А тој рече: „Дајте брашно!” И го истури во котелот и му рече на Гиезија: „Стави им на луѓето, нека јадат.” И во котелот не остана ништо отровно.
42. Дојде некој си од Ветарис и му донесе на Божјиот човек лебна првина – дваесет јачмени лепчиња и млади зрна во класови. И рече Јелисеј „Дај им на луѓето да јадат.”
43. И рече слугата негов: „Што ќе им дадам на сто души?” А тој рече: „Дај им да луѓето, нека јадат, зашто така вели Господ: ќе се наситат, и ќе остане.”
44. Тој им даде, и тие се наситија, и остана уште, според словото Господово.

5. Оздравувањето на Неемана.

1. Нееман, војвода на сирскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа на Сиријците; и тој човек беше одличен војник, но лепрозен.
2. Еднаш Сиријците излегоа во чети и запленија од Израилската земја едно мало девојче, и тоа ѝ служеше на Неемановата жена.
3. Таа ѝ рече на господарката своја: „О, да отидеше мојот господар при пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата.”
4. Тогаш Нееман отиде и му го кажа тоа на господарот свој, велејќи: „Така и така вели девојчето, што е од Израилската земја.”
5. И сирскиот цар му рече на Неемана: „Стани, оди, јас пак, ќе испратам писмо до израилскиот цар.” Тој отиде, земјаќи со себе десет таланти сребро, шест илјади сикли злато и десет промени облека;
6. и му го однесе на израилскиот цар писмото, во кое се велеше: „Заедно со ова писмо, ете, го испраќам при тебе Неемана, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова.”
7. Израилскиот цар, откако го прочита писмото, ја раскина облеката своја и рече: „Зар сум јас Бог, да умртвувам и да оживувам, та испраќа при мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте, дека тој бара повод за непријателство против мене.”
8. Кога Божјиот човек Јелисеј чу, дека израилскиот цар ја раскинал облеката своја, испрати да му речат на царот: „Зошто ја раскина облеката своја? Нека дојде при мене и нека познае, дека има пророк во Израилот.”
9. И дојде Нееман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Јелисеевиот дом.
10. Тогаш Јелисеј го испрати при него слугата свој да му каже: „Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист.”
11. Се разгневи Нееман и си тргна, велејќи: „Ете, јас мислев, дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господа, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата;
12. зар дамаските реки Авана и Фарфар не се подобри од сите израилски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?” Па се сврти и си отиде налутен.
13. Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: „Оче, да беше ти кажал пророкот нешто тешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!”
14. Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти.
15. Тогаш се врати при Божјиот човек, тој и сите придружници негови, дојде, застана пред него и рече: „Еве, познав, дека по целата земја нема Бог, освен во Израилот; прими, пак сега дар од твојот слуга.”
16. Јелисеј одгорови: „Жив Господ, пред чие лице стојам! Не примам.” Оној го принудуваше да земе, но тој не се согласи.
17. И рече Нееман: „Штом е така, нека му дадат на твојот слуга земја, колку што можат да носат две маски, зашто во иднина слугата твој нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господа;
18. само, еве што да ми прости Господ на слугата твој: кога мојот господар оди во домот на Римона, за да се поклони таму и се потпре врз раката моја, и јас се поклонам во домот на Римона, тогаш Господ да му прости на слугата твој за поклонувањето мое во домот на Римона.”
19. А тој му рече: „Оди си со мир!” И тој отиде од него и прилично се оддалечи.
20. Тогаш Гиезиј, слугата на Божјиот човек Јелисеја рече: „Ете, мојот господар не сакаше да го земе од раката на тој сириец Нееман, она што го беше донел. Жив Господ! Ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.”
21. И потрча Гиезиј по Неемана. Нееман виде, дека некој трча по него, слезе од колата да го пресретне и рече: „Дали си со мир?”
22. Тој одговори: „Со мир сум; мојот господар ме испрати да кажам: ете, сега дојдоа при мене од Ефремовата гора две момчиња од пророчките синови; дај ми еден талант сребро и две промени облека.”
23. И Нееман рече: „Земи, ако сакаш, два таланта.” И многу го молеше. Тогаш тој заврза два таланта сребро во две торби и две промени облека и им ги даде на двајцата слуги свои, та ги понесоа пред него.
24. Кога тој дојде до брегот, ги зеде од рацете нивни и ги сокри во домот свој. И ги отпушти луѓето, и тие си отидоа.
25. Кога дојде и се јави пред господарот свој, Јелисеј го праша: „Од каде доаѓаш, Гиезиј?” Тој одговори: „Никаде не одел слугата твој.”
26. Тој му рече: „Зар срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зема облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки?
27. Затоа, Неемановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.” И тој излезе од него бел како снег од лепрата.

6. Чудото со секирата. Јелисеј заробува дел од непријателската војска. Глад во опколена Самарија.

1. Тогаш пророчките синови му кажаа на Јелисеја: „Ете, местото каде што живееме при тебе, е тесно за нас;
2. да одиме до Јордан, да земеме оттаму секој по една греда и да си направиме таму живеалиште.” Тој им рече: „Одете!”
3. А еден од нив рече: „Направи ни милост, дојди и ти со слугите твои.” Тој одговори: „Ќе дојдам.”
4. И тргна со нив, дојдоа до Јордан и почнаа да сечат дрвја.
5. И кога еден соборуваше греда, секирата му падна во водата. Тој извика и рече: „Ах, господару! А таа беше земена на заем!”
6. Божјиот човек запраша: „Каде падна таа?” Тој му го покажа местото. Тогаш Јелисеј исече парче дрво, па го фрли таму, и секирата исплива.
7. Тогаш му рече: „Земи си ја.” Тој ја спружи раката и ја зеде.
8. Сирискиот цар тргна во војна против Израилците и се советуваше со слугите свои, велејќи: „Во тоа и тоа место ќе го поставиме својот логор.”
9. Божјиот човек испрати да му кажат на Израилскиот цар: „Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Сиријците се во заседа.”
10. И Израилскиот цар испрати разузнавачи, на тоа место, за кое му порача Божјиот човек, и се пазеше; и се зачува оттаму не еднаш и не двапати.
11. И му се вознемири срцето на сирискиот цар поради тоа, и тој ги повика слугите свои и им рече: „Кажете ми, кој од нашите одржува врска со израилскиот цар?”
12. И рече еден од слугите негови: „Никој, господару мој, цару; туку пророкот Јелисеј, кој е во Израилот, му ги соопштува на израилскиот цар и оние зборови, што ти ги говориш во спалната соба своја.”
13. Тогаш тој рече: „Одете, дознајте, каде е тој, и јас ќе испратам да го фатат.” И му соопштија и рекоа: „Ете, тој е во Дотаим.”
14. И испрати таму коњи и коли и многу војска. Дојдоа ноќе и го опколија градот.
15. Изутрината слугата на Божјиот човек стана и излезе. А тоа војска околу градот и коњи и коли. Слугата му рече: „Тешко, господару! Што да правиме?”
16. Тој одговори: „Не плаши се, зашто оние, што се со нас, се повеќе од оние, што се со нив.”
17. Јелисеј се помоли и рече: „Господи, отвори му ги очите да види.” И Господ му ги отвори очите на слугата, и тој виде, а тоа целата гора полна со коњи и огнени коли околу Јелисеја.
18. Кога Сиријците отидоа при него, Јелисеј му се помоли на Господа и рече: „Порази ги со слепило. И Господ ги порази со слепило, според зборот на Јелисеја.
19. Јелисеј тогаш им рече: „Не е тоа патот, не е тоа градот, одете по мене, јас ќе ве одведам при оној, што го барате.” И ги одведе во Самарија.
20. Кога дојдоа во Самарија, Јелисеј рече: „Господи, отвори им ги очите да видат.” И Господ им ги отвори очите, и видоа дека се среде Самарија.
21. Израилскиот цар, кога ги виде, го праша Јелисеја: „Да ги убијам ли, оче мој?”
22. Но тој одговори: „Не ги убивај. Зар со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода; нека јадат и пијат, и да си одат при господарот свој.”
23. Тој им приготви голем обед, и тие јадеа и пиеја. Ги отпушти, и тие си отидоа при господарот свој. Оттогаш тие сириски ограбувачки групи не одеа веќе во Израилевата земја.
24. Потоа сирискиот цар Адад ја собра целата војска своја, тргна и ја опседна Самарија.
25. И настана голем град во Самарија, кога ја опседнуваа, така што една ослешка глава се продаваше за осумдесет сикли сребро, и четврт каба гулабова кал – за пет сикли сребро.
26. Еднаш израилскиот цар одеше по ѕидот, и една жена му зборуваше со плачење: „Помогни ми, господару мој, цару.”
27. Тој одговори: „Ако Господ не ти помогне, од каде ќе ти помогнам јас? Од гумното ли, од точилото ли?”
28. Ја праша уште царот: „Што ти е?” А таа одговори: „Оваа жена ми рече: »дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре.«
29. И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: »дај го и ти синот свој, да го изедеме.« Но таа го сокри синот свој.”
30. Царот, откако ги чу зборовите на жената, ја раскина облеката своја; и, одејќи по ѕидот, народот виде, дека тој носи на самото тело свое вреќиште.
31. И царот рече: „Тоа и тоа да ми направи Бог и уште повеќе да додаде, ако остане денес
главата на Јелисеја, Сафатовиот син, на него.”
32. А Јелисеј седеше во домот свој, и старците седеа кај него. И испрати царот еден од своите слуги. Пред да дојде пратеникот при него, Јелисеј им рече на старците: „Гледате ли
дека тој, син на убиец, испрати да ми ја земат главата? Гледајте, кога ќе дојде пратеникот, затворете ја вратата и притиснете го со вратата. А ете го и топотот на нозете на господарот негов по него!”
33. Додека уште говореше со нив, ете пратеникот пристигна при него, и му рече на Јелисеј: „Ете какво зло од Господа! Што да чекаме во иднина од Господа?”

7. Јелисеј навестува крај на гладот. Уништен непријателскиот логор. Крај на опсадата и на гладот.

1. Тогаш Јелисеј рече: „Чујте го словото Господово: Вака вели Господ: »утре во ова време една мера чисто брашно ќе чини една сикла, и две мери јачмен една сикла при портите на Самарија.«“
2. А дворјанинот, врз чија рака се потпираше царот, му одговори на Божјиот човек и рече: „Ако Господ отвореше дури и прозорци на небото, и тогаш ќе можеше ли да се случи такво нешто?” А тој рече: „Ете, со очите свои ќе го видиш тоа, но не ќе јадеш од него.”
3. При влезот на портите имаше четворица лепрозни, и тие си говореа еден на друг: „Зашто да седиме тука, очекувајќи ја смртта?
4. Ако сакаме да одиме во град, во градот има само глад, и таму ќе умреме; ако, пак, седиме тука, пак ќе умреме. Подобро да одиме во сирискиот логор: ако нè остават живи, ќе живееме; ако нè убијат, ќе умреме.”
5. И станаа во самрак, за да одат во сирискиот логор. И дојдоа до крајот на сирискиот
логор, и ете, таму нема ниеден човек.
6. Зашто Господ беше направил така, што во сирискиот логор се чу топот од коли, «ржење на коњи, шум од голема војска. И Сиријците си беа рекле еден на друг: „Навистина, израилскиот цар ги најмил против нас хетејските и египетските цареви, за да нè избркаат.”
7. Затоа беа станале и избегале во темнината и ги оставиле шаторите свои, и коњите свои, и ослите свои – целиот логор, како што си бил, и беа избегале, за да се спасат.
8. И лепрозните дојдоа до крајот на логорот, влегоа во еден шатор, јадеа и пиеја, и зедоа оттаму сребро, и злато, и облека, па отидоа, та ги сокрија. Влегоа и во друг шатор, и оттаму зедоа плен, па отидоа и го сокрија.
9. И си рекоа еден на друг: „Не правиме добро. Овој ден е ден за радосна вест; ако се
забавиме и чекаме да се раздени, ќе бидеме виновни. Затоа да одиме и да соопштиме во царскиот дом.”
10. Дојдоа, ги повикаа царските вратари и им раскажаа, велејќи: „Бевме во сирискиот логор, и ете, таму нема ни човек, ни глас човечки, туку само врзани коњи, и врзани осли, а шаторите, оставени како што си се.”
11. Вратарите извикаа и ја соопштија веста во самиот царски двор.
12. Преку ноќта царот стана и им кажа на слугите свои: „Ќе ви кажам, што прават со нас Сиријците. Тие знаат, дека страдаме од глад, та излегле од логорот, да се сокријат во нивите, мислејќи вака: кога ќе излезат од градот, живи ќе ги фатиме и ќе навлеземе во градот.”
13. Одговори еден од слугите негови и му рече: „Да земеме пет коњи, што сè уште останаа во градот, зашто од сето израилско мноштво, само тоа остана во него, од целото множество на Израилците само тоа остана што не загина, та да испратиме и да видиме.”
14. И зедоа два впрегнати коња. И царот испрати по сириската војска, велејќи: „Одете и видете!”
15. И одеа по нив до Јордан; а тоа, целиот пат беше посеан со облеки и други предмети, што Сиријците ги беа исфрлиле во брзото свое бегање. Се вратија пратениците и му јавија на царот.
16. Тогаш народот излезе и го разграби сирискиот логор, и една мера чисто брашно стана за сикла, и две мери јачмен – за сикла, според словото Господово.
17. И царот го остави при портите оној големец, врз чија рака се потпираше, и народот го притисна при портите, и тој умре, како што беше рекол Божјиот човек, што го кажа кога
царот беше при него.
18. Кога Божјиот човек му беше зборувал на царот вака: „Две мери јачмен за сикла, и една
мера чисто брашно за сикла ќе биде утре во ова време пред портите на Самарија,”
19. тогаш тој големец му одговори на Божјиот човек и рече: „Ако Господ дури и прозорци отвореше на небото, и тогаш можеше ли да биде такво нешто?” А тој му рече: „Со очите свои ќе го видиш тоа, но нема да јадеш од него.”
20. Така и стана со него: и го изгази народот пред портите, и тој умре.

8. Јелисеј претскажува седумгодишно гладување. Јелисеј и Азаил од Дамаск. Владеењето на царот Јорам во Јудеја.

1. И ѝ рече Јелисеј на жената, чиј син беше воскреснал: „Стани и оди, ти и твојот дом и склони се таму, каде што можеш да поживееш, зашто Господ повика глад, и тој ќе трае во оваа земја седум години.”
2. Стана таа жена, и постапи според зборот на Божјиот човек: отиде таа и нејзиниот дом, и живееше во филистејската земја седум години.
3. Откако изминаа седум години, се врати таа жена од Филистејската земја и дојде да го моли царот за куќата своја и нивата своја.
4. Царот тогаш разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек, и му рече: „Раскажи ми сè што е позабележливо, што го извршил Јелисеј.”
5. А во тоа време, кога тој му раскажуваше на царот, дека Јелисеј оживеал еден умрен, – жената, чиј син беше воскреснат, го молеше царот за куќата своја, и нивата своја. Тогаш Гиезиј рече: „Господару мој, цару, таа е истата жена и овој е истиот син нејзин, кого Јелисеј го оживе.”
6. Царот ја праша жената, и таа му раскажа. И ѝ даде царот еден од царедворците и рече: „Да ѝ се врати сè што е нејзино и сите приходи од нивата, од оној ден, кога ја напуштила земјата, до сега.”
7. И дојде Јелисеј во Дамаск, кога сирискиот цар Адад беше болен. Му јавија на Адада и рекоа: „Тука дојде Божјиот човек.”
8. Тогаш царот му рече на Азаила: „Земи в рака дар и оди, пречекај го Божјиот човек и прашај го преку него Господа, велејќи: »ќе оздравам ли од оваа болест?«“
9. Азаил отиде да го пречека и заде в рака дар и сè што е најдобро во Дамаск, колку што можат да носат четириесет камили, па отиде и застана пред лицето негово и му рече: „Твојот син Адад, сирискиот цар, ме испрати при тебе да прашам: »ќе оздравам ли од оваа болест?«“
10. Јалисеј му одговори: „Оди и кажи му: ќе оздравиш. Меѓутоа, Господ му јави, дека тој ќе умре.”
11. И го управи Јелисеј врз него погледот свој, а тој стоеше, додека оној се занесе; и заплака Божјиот човек.
12. И Азаил праша: „Зошто плаче господарот мој?” А тој одговори: „Затоа што знам, какво зло ќе им направиш на Израилевите синови: тврдините нивни на оган ќе ги предадеш, момците нивни со меч ќе ги погубиш, цицалчињата нивни ќе ги избиеш и непразните жени нивни ќе ги расечеш.”
13. И му рече Азаил: „Што е твојот слуга? Дали е куче та да може да направи така страшни работи?” Јелисеј му одговори: „Господ ми го покажа во тебе царот на Сирија.”
14. Тој си отиде од Јелисеја и дојде при господарот свој. И тој го праша: „Што ти зборуваше Јелисеј?” Тој одговори: „Ми кажа дека ќе оздравиш.”
15. На другиот ден, меѓутоа, Азаил ја зеде завивката, ја натопи во вода и ја стави врз лицето негово, и царот умре. И наместо него стана цар Азаил.
16. По јудејскиот цар Јосафат, стана цар Јосафатиовиот син Јорам, цар јудејски – во петтата година на Ахавовиот син Јорам, цар израилски.
17. Тој беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше осум години во Ерусалим;
18. и одеше по патот на израилските цареви, како што постапуваше Ахавовиот дом, бидејќи Ахавовата ќерка му беше жена и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господа.
19. Но, Господ не сакаше да го погуби Јуда, заради својот слуга Давида, зашто Он беше ветил да му даде светило меѓу децата негови за сите времиња.
20. Во неговите дни Едом се измолкна од раката на Јуда и си постави цар.
21. И отиде Јорам во Саир, и сите коли со него; стана тој во една ноќ и ги порази Идумејците, што го опколуваа, и заповедниците на колите, но народот избега во шаторите свои.
22. И се спаси Едом од раката на Јуда до ден денес. Во исто време се измолкна и Ливна.
23. Другото за Јорама и сè што извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
24. И почина Јорам при татковците свои, и беше погребан при татковците свои во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Охозиј.
25. Охозиј, син на јудејскиот цар Јорама, стана цар во данаесеттата година на Ахавовиот син Јорама, израилски цар.
26. Охозиј беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше една година во Ерусалим. А мајка му се викаше Готолија, ќерка на израилскиот цар Амвриј.
27. Тој одеше по патот на Ахавовиот дом и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господа, како Ахавовиот дом, зашто беше во роднинство со Ахавовиот дом.
28. Тој отиде со Ахавовиот син Јорама во војна против сирискиот цар Азаил во Рамот Галадски, и Сиријците го ранија Јорама.
29. И царот Јорам се врати да се лекува во Језраел од раните, што му ги нанесоа Сиријците во Рамот, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. И Охозија, Јорамовиот син, јудјски цар, дојде да го посети Ахавовиот син Јорама во Језраел, бидејќи беше болен.

9. Јелисеевиот ученик го помазува за цар Јуја. Јуј прогласен за цар. Убиството на Јорам. Смртта на Охозија. Убиството на Језавела.

1. Пророкот Јелисеј повика еден од пророчките синови и му рече: „Препаши се околу половината, земи го в рака овој сад со елеј, па оди во Рамот Галадски;
2. кога ќе дојдеш таму, најди го таму Јуја, синот на Јосафата, Намесиев син, пристапи и кажи му да излезе среде браќата свои и воведи го во внатрешната соба;
3. тогаш земи го садот со елеј, излиј го врз главата негова и кажи: вака вели Господ: »Те помазувам за цар над Израилот.« Потоа отвори ја вратата, па бегај и не чекај.”
4. Момчето, слугата пророков, отиде во Рамот Галадски,
5. и стигна. И ете, војводите испоседнале, а тој рече: „Имам нешто да ти кажам, војводо.” Јуј праша: „На кого од сите нас?” Тој одговори: „Тебе, војводо.”
6. Јуј стана и влезе в куќи. И момчето го изли елејот врз главата негова и му рече: „Вака вели Господ, Бог Израилев: »Те помазувам за цар над народот Господов, над Израилот,«
7. и ти ќе го истребиш домот на Ахава, твојот господар, за да одмаздам за крвта на Моите слуги – пророците, и за крвта на сите слуги Господови, паднати од раката на Језавела;
8. и ќе изгине целиот дом Ахавов, и ќе го истребам во Ахава сè, и она што мокри до ѕид, и затворено, и изоставено во Израилот,
9. и ќе го направам домот на Ахава како домот на Наватовиот син Јеровоама и како домот на Ахиевиот син Васа;
10. а Језавела кучиња ќе ја изедат на Језраелското поле, и никој нема да ја погребе.” Па ја отвори вратата и избега.
11. И отиде Јуј при слугите на господарот свој, и тие му рекоа: „Со мир ли? Зошто дојде тој безумник при тебе?” И им кажа: „Вие го знаете тој човек и што зборуваше.”
12. И рекоа: „Не е вистина, кажи ни.” А тој рече: „Тоа и тоа ми кажа, велејќи: вака вели Господ: »те помазувам за цар над Израилот.«
13. Тогаш тие побрзаа и секој си ја зеде облеката своја, му послаа на понискиот степеник, затрубија со труба и рекоа: „Јуј стана цар.”
14. И стана Јуј, синот на Намесеивиот син Јосафат, против Јорама, а Јорам се наоѓаше со сите Израилци во Рамот Галадски на стража против сирискиот цар Азаил.
15. Во тоа време царот Јорам се беше вратил да се лекува во Језраел од раните, што му ги нанесоа Сиријците, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. И Јуј им рече: „Ако сте согласни со мене, никој нека не излегува од градот, за да оди да извести во Језраел.”
16. Јуј се качи на коњот и тргна за Језраел, каде што лежеше Јорам, царот израилски, за да се лекува од раните, што му ги беа нанеле Сиријците во Рамот, кога војуваше против силниот и моќниот сириски цар Азаил, и каде што беше дошол јудјскиот цар Охозиј, за да го посети Јорама.
17. На кулата во Језраел стоеше стражар, и го здогледа Јујевото мноштво, кога доаѓаше, и рече: „Многу луѓе гледам.” И Јорам му рече: „Земи коњаник, одведи го во пресрет нивни и нека праша: »Со мир ли доаѓате?«“
18. И излезе коњаникот на коњ во нивни пресрет и рече: „Вака вели царот: – со мир ли доаѓате?” И одговори Јуј: „Што ти е тебе – дали со мир доаѓам? Тргнувај по мене.” И стражарот јави и рече: „Стигна до нив, но не се враќа.”
19. Испратија друг коњаник; тој отиде при нив и рече: „Вака вели царот: – со мир ли доаѓаш?” И рече Јуј: „Што ти е тебе – со мир ли доаѓам? Тргнувај по мене.”
20. Стражарот пак јави и рече: „Стигна до нив, но не се враќа. А одот како да е на Намесиевиот син Јуј, зашто тој оди гордо.”
21. Јорам рече: „Впрегнувај.” И ја впрегнаа колата негова. Излезе израилскиот цар Јорам и јудејскиот цар Охозиј, секој на коњите свои. Излегоа до го пресретнат Јуја, и се сретнаа со него во нивата на Јерзаелецот Навутеј.
22. Кога Јорам го виде Јуја, рече: „Со мир ли, Јуј?” Тој одговори: „Каков мир при блудството на мајка ти Јазавела и при многуте нејзини магии?”
23. Тогаш Јорам се сврте и избега, велејќи му на Охозиј: „Предавство, Охозиј!”
24. А Јуј го оптегна со раката лакот и го удри Јорама меѓу плешките негови, и стрелата го прободе срцето негово, и тој падна во колата своја.
25. Тогаш Јуј му рече на војводата свој Вадекар: „Земи, та фрли го во нивата на Језраелецот Навутеј, зашто сети се кога ние со тебе одевме двајцата зад татка му Ахава, и како Господ изрече врз него вакво пророштво:
26. ,Навистина јас ја видов вчера крвта на Навутеја и крвта на синовите негови, велеше Господ, и ќе ти се одмаздам во таа нива.« И така, земи, та фрли го во нивата, според словото Господово.”
27. Јудејскиот цар Охозиј, кога го виде тоа, избега по патот кон куќата, што беше во
градината. И се спушти по него Јуј и рече: „Удрете го и него во колата.” Тоа стана на ритчето Гур, близу до Јевлаам. И тој избега во Магедон, и таму умре.
28. Слугите нагови го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во гробницата негова, при татковците негови, во Давидовиот град.
29. Во единаесеттата година на Ахавовиот син Јорама во Јудеја стана цар Охозиј.
30. Јуј пристигна во Језраел. А Језавела, откако доби известување, стави црвило на лицето свое, ја накити главата своја и гледаше низ прозорецот.
31. Кога Јуј влезе во портите, таа праша: „Ќе има ли мир за Замвриј, убиецот на господарот свој?”
32. Тој ги крена очите кон прозорецот и праша: „Кој е со мене, кој?” И го свртија погледот кон него двајца – тројца дворски слуги.
33. Тогаш тој им рече: <Фрлете ја!” Тие ја фрлија, и крвта ѝ се разлеа по ѕидот и по коњите, и ја изгазија. 34. И дојде Јуј, јадеше, пиеше и рече: „Најдете ја онаа проклетица и погребете ја, бидејќи е царска ќерка.” 35. Отидоа да ја погребаат, но од неа не најдоа ништо, туку само черепот, нозете и шаките од рацете. 36. Се вратија и му соопштија, а тој рече: „Такво беше словото на Господа, што го изрече Он преку слугата Свој Тесвитецот Илија, велејќи: »Језавелиниот труп ќе го изедат кучиња на Језраелското поле. 37. Језавелиниот труп ќе биде на Језраелското поле како ѓубре на нива, та никој не ќе може да каже: »ова е Језавела«.«“

10. Уништувањето на Израилското царско семејство. Колење на браќата на царот Охозиј. Колење на Вааловите свештеници и уривање на неговото светилиште. Владеењето на Јуј во Израилското царство.

1. Ахав имаше седумдесет синови во Самарија. Јуј напиша и испрати во Самарија до израилските војводи, старешини и воспитувачи на Ахавовите деца писма со ваква содржина:
2. „Кога ќе стигне до вас ова писмо, бидејќи се при вас синовите на господарот ваш, а исто така кај вас се и колите и коњите, и утврдениот град и оружјето, –
3. изберете го најдобриот и најдостојниот од синовите на господарот свој, поставете го на татковиот му престол и војувајте за домот на господарот свој.”
4. Тие се уплашија многу и рекоа: „Ете, двајца цареви не устоија пред него, а како ќе устоиме ние?”
5. Тогаш војводата на царскиот дом и градоначалникот, и старешините, и воспитувачите испратија да му кажат на Јуја: „Ние сме твои слуги и, што ќе ни кажеш, ќе направиме; никого нема да поставиме за цар; прави што ти е волја.”
6. Тој повторно им напишта вакво писмо: „Ако сте мои и ако се покорувате на зборот мој, земете ги главите на синовите на вашиот господар и дојдете утре во ова време при мене
во Језраел.” И царските синови беа седумдесет души; ги воспитуваа највидните во градот.
7. Кога стигна до нив писмото, тие ги зедоа царските синови и ги заклаа – седумдесет души, ги ставија главите нивни во кошница и му ги испратија во Језраел.
8. Дојде пратеникот, го извести и рече: „Ги донесовме главите на царските синови.” И тој
рече: „Поставете ги во два купа при влезот на портите до утре.”
9. Изутрината тој излезе, застана и му рече на сиот народ: „Вие не сте виновни. Еве, јас востанав против господарот свој и го убив, но сите овие кој ги уби?
10. А сега знајте, дека нема да изостане на земјата ниедно слово Господово, што Он го изрекол за Ахавовиот дом; Господ го направи тоа, што го изрече преку Својот слуга Илија.”
11. И Јуј ги уби сите други од домот на Ахава во Језраел, и сите големци негови, и блиски негови, и свештениците негови, така што од него не остана ниту еден.
12. Потоа стана, тргна и дојде во Самарија. По патот, кога се наоѓаше близу до овчарскиот
Ветакад,
13. Јуј ги сретна браќата на јудејскиот цар Охозија и ги праша: „Кои сте вие?” Тие одговорија: „Ние сме браќата на Охозија, одиме да видиме, здрави ли се синовите на царот и синовите на царицата.”
14. То тој рече: <Фатете ги живи.” Ги фатија живи и ги заклаа четириесет и две души, при кладенецот на Ветакад, и од нив не остана ниту еден. 15. Оттаму тргна и се сретна со Рихавовиот син Јонадав, кој му доаѓаше во пресрет; го поздрави и му рече: „Расположено ли е срцето твое така, како моето срце кон твоето?” Јонадав одговори: „Да.” Тогаш му рече: „Ако е така, дај ја раката своја.” И тој ја подаде раката, и тој го качи на колата при себе.” 16. И рече: „Тргнувај со мене и гледај ја мојата ревност кон Господа.” И го наместија во колата. 17. Кога дојде во Самарија, тој ги уби сите, што останаа од Ахава во Самарија, така што сосема го истреби, според словото на Господа, што му го беше кажал на Илија. 18. Тогаш Јуј го собра сиот народ и рече: „Ахав малку му служеше на Ваала; Јуј ќе му служи повеќе. 19. Затоа, свикајте ги при мене сите пророци на Ваала, сите негови служители и сите негови свештеници, – никој да не отсуствува, зашто ќе му принесам голема жртва на Ваала. А секој, што нема да дојде, нема да остана жив.” Јуј го правеше тоа со лукавство, за да ги истреби Вааловите служители. 20. Тогаш рече Јуј: „Свикајте празничен собор за Ваала.” И прогласија собор. 21. Тогаш Јуј испрати по сиот Израил, и дојдоа сите Ваалови служители; не остана ниеден да не дојде; и влегоа во домот на Ваала, и Вааловиот дом се исполни открај докрај. 22. И му кажа на чуварот на одеждите: „Донеси одежди за сите Ваалови служители!” И тој им донесе одежди. 23. Јуј влезе со Рихавовиот син Јонадав во домот Ваалов и им кажа на Вааловите служители: „Испитајте и разгледајте, дали се наоѓа некој од служителите на Господа, зашто тука треба да бидат само Вааловите служители.” 24. И тие пристапија да принесуваат жртви сепаленици и приноси. А Јуј постави надвор од домот осумдесет души и рече: „Душата на оној, од кого што ќе се спаси некој од луѓето, што ви ги предавам во рацете, ќе биде наместо душата на оној што се спасил.” 25. Кога жртвите сепаленици беа принесени, Јуј им рече на брзоодците и на војводите: „Одете, убијте ги, та ниеден да не излезе.” Ги убија со сечилото на мечот и ги исфрлија брзоодците и војводите, и отидоа во градот, каде што беше Вааловото светилиште, 26. ги изнесоа идолите од Вааловото светилиште и ги изгореа; 27. потоа го разбија Вааловиот идол, го разрушија Вааловото светилиште и го претворија во место на нечистотии, дури до денес. 28. Така го истреби Јуј Ваала од Израилската земја. 29. Но од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот, од нив Јуј не отстапи, од златните телиња, што беа во Ветил и во Дан. 30. Тогаш Господ му рече на Јуја: „Поради тоа што доброволно го изврши она што беше праведно пред очите Мои – го исполни над Ахавовиот дом сè она, што Ми беше на срце, твоите синови ќе седат до четвртиот род на Израилевиот престол.” 31. Но Јуј не сакаше да оди според законот на Господа, Бога Израилев, од сè срце. Тој не отстапуваше од гревовите на Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот. 32. Во тие денови Господ почна да откинува делови од Израилците и Азаил ги биеше по сите израилски предели: 33. на исток од Јордан, целата земја Галад, племето Гадово, Рувимово, Манасиево, кога ќе зафатиш од Ароир, при потокот Арнон, и Галад и Васан. 34. Другото за Јуја и за сè што тој го изврши, и за јуначките подвизи негови, е опишано во летописите на израилските цареви. 35. И почина Јуј при татковците свои, и го погребаа во Самарија. А место него стана цар синот негов Јоахаз. 36. Јуј царуваше над Израилот во Самарија дваесет и осум години.

11. Царицата Готолија.

1. Готолија, мајката на Охозија, кога виде дека синот нејзин умре, стана и го истреби
сиот царски род.
2. Но Јосавета, ќерката на царот Јорам, сестра на Охозија, го зеде Охозиевиот син Јоаса и тајно го зеде од убиваните царски синови, го украде него и доилката негова, и го сокрија од Готолија во спалната, и тој не беше убиен.
3. И го криеја со неа во Господовиот дом шест години, а во тоа време Готолија царуваше над земјата.
4. На седмата година Јодај испрати и ги повика стотниците од телохранителите и брзоотците, ги доведе при себеси во домот Господов, склучи со нов договор, зеде од нив клетва во домот Господов и им го покажа царскиот син;
5. и им даде заповед, велејќи: „Еве што ќе направите: едната третина од вас, што доаѓате во сабота, ќе стоите на стража при царскиот дом;
6. другата третина – при Сурските порти; и третата третина – при портите зад телохранителите, и ќе стоите на стража во домот, за да не стане насилство.
7. И два дела од вас, од сите, што одат во сабота, ќе стојат на стража при домот Господов, околу царот;
8. и опколете го царот од сите страни, секој со оружјето свое в рака; кој и да влезе во редовите, да биде убиен; и бидете при царот, кога излегува и кога влегува.”
9. Стотниците направија сè, што заповеда свештеникот Јодај; секој ги зеде луѓето свои, што доаѓаа во сабота и кои одеа во сабота, и дојдоа при свештеникот Јодаја.
10. И свештеникот им ги раздаде на стотниците копјата и штитовите на царот Давида, што се наоѓаа во домот на Господа.
11. И застанаа брзоодците, секој со оружје в рака, од десната страна на домот до левата страна на домот, при жртвеникот и при домот, околу царот.
12. Тогаш Јодај го изведе царскиот син, му стави царски венец и украси, го зацарија, го помазаа, ракоплескаа и извикуваа: „Да живее царот!”
13. Го чу Готолија гласот на растрчаниот народ и отиде при народот во домот Господов.
14. А таму: ете, царот стои на повисоко место, според обичајот, и кнезовите и трубите до царот; сиот народ на земјата се весели, и трубат со труби. Готолија ја раскина облеката
своја и извика: „Заговор, заговор!”
15. Свештеникот Јодај им заповеда на стотниците, војводите и војската, и им рече: „Изведете ја надвор од редовите, а кој ќе тргне по неа, убивајте го со меч!” Свештеникот мислеше да не ја убијат во домот Господов.
16. И направија место и таа мина низ коњскиот влез за царскиот двор и таму беше убиена.
17. И склучи Јодај завет меѓу Господа, меѓу царот и народот, тие да бидат народ Господов.
18. Тогаш сиот народ отиде во домот на Ваала, ги срушија жртвениците негови, и идолите негови сосема ги уништија, и Вааловиот жрец Матана го убија пред жртвениците. А свештеникот установи надзорништво над домот Господов.
19. И ги зеде стотниците и телохранителите и брзоодците и сиот народ од земјата, и го придружија царот од домот Господов, и отидоа по патот низ телохранителските порти во царскиот дом; и тој седна на царскиот престол.
20. Сиот народ на земјата се веселеше, и градот се успокои. А Готолија ја убија со меч во царскиот дом.
21. Јоас беше на седум години, кога стана цар.

12. Владеењето на јудејскиот цар Јоас.

1. Во седмата година на Јуја стана цар Јоас и царуваше во Ерусалим четириесет години. Мајка му се викаше Савија, од Вирсавија.
2. А Јоас го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа во сите денови додека го поучуваше свештеникот Јодај;
3. само идолските светилишта не беа урнати; народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта.
4. Јоас им кажа на свештениците: „Сето посветувано сребро, што го принесуваат во домот Господов, среброто од оние што се бројат, среброто што се внесува за секоја душа според оценката, – сето сребро, колку што секому срцето му дава, да се донесе во домот Господов;
5. свештениците нека го приберат, секој од својот познат, и нека го поправат расипаното во храмот, насекаде, каде што ќе се најде оштетено.
6. Но бидејќи до дваесет и третата година на царот Јоас свештениците не ги поправаа расипаните работи во храмот,
7. царот Јоас го повика тогаш свештеникот Јодаја и свештениците и им рече: „Зошто не ги поправате расипаните работи во храмот? Отсега нема веќе да прибирате сребро од своите познати, туку ќе го оставате за поправка на храмот.”
8. И свештениците се согласија да не прибираат веќе при себе сребро од народот за поправки во храмот.
9. Тогаш свештеникот Јодај зеде едно ковчеже, му направи одозгора отвор и го стави до жртвеникот десно, каде што влегуваа во домот Господов. И свештениците, што стоеја на стража при вратата, го пуштаа таму сето сребро, што се внесуваше во домот Господов.
10. И кога видоа, дека има многу сребро во ковчежето, доаѓаше царскиот писар и првосвештеникот и го врзуваа во торби и го пребројуваа среброто, што се наоѓаше во домот Господов,
11. а преброеното сребро го предаваа во рацете на одредените при домот Господов распоредници, и тие им плаќаа на дрводелците, што работеа во домот Господов,
12. и на ѕидарите, и на каменоделците, и за купување дрва и делкани камења, за поправки во домот Господов, и за сè, што се трошеше за одржување на храмот.
13. Но за домот Господов не беа направени ни сребрени чинии, ни штипки, ни котлиња за росење, ни труби – никакви златни садови, и сребрени садови не беа направени од сребро, што се внесуваше во домот Господов,
14. туку го предаваа на распоредниците и тие го поправаа со него домот Господов.
15. И не бараа сметка од оние, на кои им го доверуваа среброто за раздавање на распоредниците, зашто тие постапуваа чесно.
16. Среброто од жртвите за вина и сребро од жртвата за грев не се внесуваше во домот Господов: тоа беше за свештениците.
17. Тогаш сирискиот цар Азаил тргна во поход, отиде да војува против Гет, и го презеде; а потоа Азаил намисли да оди против Ерусалим.
18. Но јудејскиот цар Јоас го зеде сето жртвувано, што го беа жртвувале на храмот неговите татковци, јудејските цареви – Јосафат, Јорам и Охозиј, и што самиот го беше жртвувал, и сето злато, најдено во ризниците на домот Господов и на царскиот дом, и му го испрати на сирискиот цар Азаил; тој тогаш го напушти Ерусалим.
19. Другото за Јоаса и за сè, што тој го извршил, е опишано во летописите на јудејските
цареви.
20. И се побунија слугите негови, направија заговора и го убија Јоаса во домот Мило, на патот за Сила.
21. Го убија слугите негови: Језехар, син Јемуагов, и Језевуд, син Самиров, и тој умре, и го погребаа при татковците негови во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Амасиј.

13. Јоахаз и Јоас цареви на Израилците. Смртта на пророкот Јелисеј. Победата над Сиријците.

1. Во дваесет и третата година на Јоаса, синот на јудејскиот цар Охозија, стана цар над Израилот во Самарија, Јујевиот син Јоахаз, и царуваше седумнаесет години;
2. тој го вршеше, она што не беше угодно пред очите на Господа, и одеше во гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот, и не отстапуваше од нив.
3. И се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он го предаде во раката на сирискиот цар Азаил и во раката на Азаиловиот син Адад, за сето она време.
4. Јоахаз се помоли пред лицето на Господа, и Господ го чу, зашто ја виде неволјата на Израилците, како ги притеснуваше сирискиот цар.
5. И Господ им даде на Израилците спасител, и тие се оттргнаа од раката на Сиријците, и живееја синовите Израилеви во шаторите свои, како вчера и завчера.
6. Меѓутоа не отстапуваа од гревовите на домот на Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот; одеа по нив, а дубравата сè ушта стоеше во Самарија.
7. На Јоахаза му остана војска само педесет коњаници, десет коли и десет илјади пешаци, зашто сирискиот цар ги беше истребил и претворил во прав, што се тапка.
8. Другото за Јоахаза и за сè, што тој го извршил, и за неговите јуначки подвизи, е опишано во летописите на израилските цареви.
9. И почина Јоахаз при татковците свои, и го погребаа во Самарија. А место него стана цар синот негов Јоас.
10. Јоахазовиот син Јоас стана цар над Израилот во Самарија во триесет и седмата година на јудејскиот цар Јоас; царуваше шеснаесет години.
11. И тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господа; не отстапуваше во ниеден од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел на грев Израилот, туку одеше по нив.
12. Другото за Јоаса и за сè она, што тој го изврши, и за неговите јуначки подвизи, како војувал против јудејскиот цар Амасија, е опишано во летописите на израилските цареви.
13. И почина Јоас при татаковците свои, а на престолот негов седна Јеровоам. Јоас беше погребан во Самарија, при израилските цареви.
14. Јелисеј се разболе од болест, од која подоцна умре. Дојде при него израилскиот цар
Јоас, плачеше над него, велејќи: „Оче мој, оче мој, колата на Израилот и неговата коњица!”
15. И му рече Јелисеј: „Земи лак и стрели.” И тој зеде лак и стрели.
16. Тогаш му рече: „Стави ја раката на лакот.” И тој ја стави раката. Тогаш Јелисеј ги стави рацете свои врз рацете на царот
17. и рече: „Отвори го прозорецот кон исток.” И тој го отвори. А Јелисеј рече: „Стрелај!” И тој стрелаше. Потоа Јелисеј рече: „Таа стрела за спасение е од Господа, таа е спасителната срела против Сирија, и ти ќе ги поразиш до нозе Сиријците во Афек.”
18. И продолжи Јелисеј и рече: „Земи стрели!” И тој зеде. Пак му рече на израилскиот цар: „Удри во земјата!” И тој удри трипати и запре.
19. И му се разгневи Божјиот човек и рече: „Требаше да удриш петпати или шестпати, тогаш ќе ги разбиеш докрај Сиријците, а сега ќе ги поразиш Сиријците само трипати.”
20. Умре Јелисеј и го погребаа. А на другата година моавските луѓе навлегоа во земјата.
21. И ете, кога погребуваа еден човек, оние што го погребуваа, таму ги видоа тие луѓе, го фрлија тој човек во Јелисеевиот гроб, и тој, падна, се допре до Јелисеевите коски, оживе и се исправи на нозете свои.
22. Сирискиот цар Азаил ги мачеше Израилците во сите денови на Јоахаза.
23. Но Господ се смили над нив и ги помилува; се сврти кон нив поради заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова и не сакаше да ги истреби, и не ги отфрли од лицето Свое до денес.
24. Сирискиот цар Азаил умре, и место него стана цар синот негов Адад.
25. Јоахазовиот син Јоас ги поврати од рацете на Азаиловиот син Адад градовите, што тој ги беше презел со војна од рацете на татка му Јоахаза. Трипати го разби Јоас, и ги врати
Израилевите градови.

14. Царувањето на Амасија во Јудеја. Царувањето на Јеровоама во Израилот.

1. Во втората година на Јоаса, синот на израилскиот цар Јоахаз, стана цар Амасиј, син на јудејскиот цар Јоас:
2. тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадина, од Ерусалим.
3. И го вршеше тој она, што беше угодно пред очите на Господа, но не така, како неговиот татко Давид; тој во сè постапуваше како татка си Јоаса.
4. Само идолските светилишта не беа урнати: народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта.
5. Кога се зацврсти царството во рацете негови, тој ги уби слугите свои, што беа го убиле царот, татко му негов.
6. Но децата на убијците не ги уби, зашто е напишано во книгана на Мојсеевиот закон, во која Господ заповеда, велејќи: „Татковците да не бидат казнувани со смрт поради децата, и децата не треба да бидат казнувани со смрт заради татковците, туку секој треба да се казнува со смрт за својот престап.”
7. Тој порази десет илјади Идумејци во Солениот Дол, и го зеде градот Села со војна, и
му даде име Јоктеил, кое си остана и до денес.
8. Тогаш Амасиј испрати пратеници до Јоаса, израилскиот цар, син на Јоахаза, Јујев син, да кажат: „Излези да се видиме лице в лице!”
9. Тогаш израилскиот цар Јоас испрати до Амасија, јудејскиот цар, да кажат: „Трнот ливански испратил при кедарот ливански да каже: »дај ја ќерката своја за жена на синот мој. Но минале диви ѕверови ливански и го изгазиле тој трн.«
10. Ти ги порази Идумејците, и срцето твое се возгордеа. Превознесувај се и остани во домот свој. Што ти треба да предизвикуваш расправија за зло? Ќе паднеш ти и Јуда со тебе.”
11. Но Амасиј не послуша. Тогаш Јоас, царот израилски, излезе, и се видоа лице в лице, тој и Амасиј, царот јудејски, во Ветсамис, што е во Јудеја.
12. Јудејците беа разбиени од Израилците, и се разбегаа по шаторите свои.
13. Израилскиот цар Јоас го фати во Ветсамис јудејскиот цар Амасија, синот на Јоаса, Охозиев син, дојде во Ерусалим и урна четиристотини лакти од ерусалимскиот ѕид – од Ефремовите порти до Агловите порти.
14. И го зеде сето злато и сребро и сите садови, какви што се најдоа во домот Господов и во сокровиштата на царскиот дом, и заложниците, и се врати во Самарија.
15. Другите дела на Јоаса, што тој ги изврши, и за неговите јуначки подвизи, и како тој војуваше против јудејскиот цар Амасија, се опишани во летописите на израилските цареви.
16. И почина Јоас при татковците свои, и беше погребан во Самарија, при израилските цареви. Место него стана цар синот негов Јеровоам.
17. Амасиј, синот Јоасов, цар јудејски, по смртта на Јоахазовиот син Јоас, цар израилски, живееше петнаесет години.
18. Другите дела на Амасија се запишани во летописите на јудејските цареви.
19. И направија заговор против него во Ерусалим, и тој избега во Лахис. Испратија по него во Лахис, и таму го убија.
20. Го донесоа на коњи, и го погребаа во Ерусалим при татковците свои, во Давидовиот град.
21. Сиот народ јудејски го зеде Азарија, кој беше на шеснаесет години, и го поставија за цар место неговиот татко Амасиј.
22. Тој го изгради Елат и му го врати на Јуда, откако царот, татко му, почина при татковците свои.
23. Израилскиот цар Јеровоам, син Јоасов, стана цар во Самарија во петнаесеттата година на јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, и царуваше четириесет и една година.
24. И го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господа: не отстапуваше од ниеден грев на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот.
25. Тој ги установи границите на Израилот од влезот во Емат до пустињското море, според словото на Господа, Бог Израилев, што Он го беше изрекол преку слугата Свој Аматиевиот син Јона, пророк од Гетаховер,
26. зашто Господ ја виде неволјата на Израилот, толку горчлива, што немаше ни затворен, ни слободен, што би му бил помошник на Израилот.
27. И не сакаше Господ да го искорени името на Израилците под небото, па ги спаси преку раката на Јоасовиот син Јеровоама.
28. Другото за Јеровоама и за сè, што извршил, и за неговите јуначки подвизи, како војувал и како му го вратил на Израилот Дамаск и Емат, кои беа на Јуда, е опишано во летописите на израилските цареви.
29. И почина Јеровоам, при татковците свои, при израилските цареви. А место него стана цар синот негов Захариј.

15. Во Јудеја владеат цаервите Азариј и Јоатам, а кај Израилците – Захариј, Селум, Менаим и Факиј.

1. Јудејскиот цар Азариј, син Амасиев, стана цар во дваесет и седмата година на израилскиот цар Јеровоама.
2. Тој беше на шеснаесет години кога стана цар, и педесет и две години царуваше во Ерусалим. Мајка му се викаше Јехолија, од Ерусалим.
3. Тој го вршеше она, што беше угодно во очите на Господа, токму како што постапуваше
татко му Амасиј.
4. Само идолските светилишта не беа урнати: народот сè уште принесуваше жртви и кадеше по
тие светилишта.
5. Господ го порази царот, и тој беше болен од лепра до денот на смртта своја и живееше во посебен дом. А царевиот син Јотам беше управник над дворот и му судеше на народот во земјата.
6. Другите дела на Азарија и сè што тој извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
7. И почина Азариј при татковицте свои, и го погребаа при татковците негови во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Јотам.
8. Захариј, синот на Јеровоама, стана цар над Израилот во Самарија во триесет и осмата година на јудескиот цар Азарија и царуваше шест месеци.
9. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, како што правеа татковците негови: не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше
навел во грев Израилот.
10. Селум, синот Јависов, се побуни против него, го удри пред народот и ги уби, па стана цар место него.
11. Другото за Захарија е опишано во летописите на израилските цареви.
12. Такво беше словото на Господа, што Он му го беше кажал на Јуја, велејќи: „Синовите твои ќе седат на Израилскиот престол до четвртиот род.” Така и стана.
13. Јависовиот син Селум стана цар во триесет и деветтата година на јудејскиот цар Азарија и царуваше во Самарија еден месец.
14. Тогаш Менаим, синот на Гадија од Терса, тргна и дојде во Самарија, го уби Јависовиот син Селум во Самарија, го усмрти и стана цар место него.
15. Другите работи на Селума и побуната негова, што тој ја изведе, опишани се во летописите на израилските цареви.
16. Менаим го порази Терса и сите, што беа во него и во пределите негови, почнувајќи од Терса, поради тоа што градот не ги отвори портите, го разби, и сите напразни жени во него ги распори.
17. Менаим, синот Гадиев, стана цар над Израилот во триесет и деветтата година на јудејскиот цар Азарија и царуваше десет години во Самарија;
18. тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа; не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, кој го беше навел во грев Израилот, во текот на сите негови денови.
19. Тогаш асирскиот цар Фул ја нападна замјата Израилева. И Менаим му даде на Фула илјада таланти сребро, за да му помогне да го зацврсти царството во своја рака.
20. Менаим го зеде тоа сребро од Израилците, од сите богати луѓе, по педесет сикли сребро од секој човек, за да ги даде на асирскиот цар. И се врати назад асирскиот цар, и не остана таму во земјата.
21. Другите дела на Менаима и сè што тој беше извршил, опишани се во летописите на израилските цареви.
22. И почина Менаим при татковците свои. А место него стана цар синот негов Факиј.
23. Менаимовиот син Факиј стана цар над Израилот во Самарија во педесеттата година на јудејскиот цар Азарија и царуваше две години.
24. И тој го вршеше, она што не беше угодно пред очите на Господа; не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел Израилот во грев.
25. Против него се побуни Факиј, синот на Ремалија, негов војвода, го нападна во Самарија, близу царскиот дом, со Аргов и Ариј, имајќи со себеси и педесет души галадци, го уби и стана цар место него.
26. Другите работи на Факија и сè што беше извршил, опишани се во летописите на израилските цареви.
27. Ремалиевиот син Факиј стана цар над Израилот во Самарија во педесет и втората година на јудејскиот цар Азарија и царуваше дваесет години;
28. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа: не отстапуваше од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот.
29. Во дните на израилскиот цар Факија дојде асирскиот цар Теглатфеласар, го презеде Јон, Аваел-Вет-Маха, Јанох, Кедес, Асор, Галад, Галилеја и целата Нафталимова земја, и ги пресели жителите нивни во Асирија.
30. Осиј, синот Илин, се побуни против Ремалиевиот син Факија, го удри и го уби, па стана цар место него во давесеттата година на Озиевиот син Јоатам.
31. Другите дела на Факија и сè што тој беше извршил, опишани се во летописите на израилските цареви.
32. Јоатам, синот на јудејскиот цар Озија, стана цар во втората година на Рамаилевиот син Факија, цар израилски;
33. тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години. Мајка му се викаше Јеруса, Садокова ќерка.
34. Само тој го вршеше она, што беше угодно пред очите на Господа: во сè постапуваше така, како што постапуваше таткото негов Озиј.
35. Но идолските светилишта не беа срушени: народот сè уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта. Тој ги изгради горните порти при домот Господов.
36. Другите дела на Јоатама и сè, што тој беше извршувал, опишани се во летописите на јудејските цареви.
37. Во тие денови Господ почна да го испраќа во Јудеја сирискиот цар Расоне и Рамалиевиот син Факија.
38. И почина Јоатам при татковците свои, и би погребан при татковците свои во градот на таткото свој Давида. А место него стана цар синот негов Ахаз.

16. Владеењето на царот Ахаз во Јудеја.

1. Ахаз, синот на јудејскиот цар Јоатам, стана цар во седумнаесеттата година на Ремалиевиот син Факиј;
2. Ахаз беше на дваесет години, кога стана цар; тој царуваше шеснаесет години во Ерусалим, и не го вршеше она, што беше угодно пред очите на Господа, својот Бог, како татка си Давида,
3. туку одеше по патот на израилските цареви, и дури синот свој преку оган го пренесе, следејќи ги одвратните дела на народите, што Господ ги беше отстранил од пред лицето на Израилевите синови;
4. принесуваше жртви и кадеше по идолските светилишта и по могилите и под секое сенчесто дрво.
5. Тогаш сирискиот цар Расон и Ремаилевиот син Факиј, цар израилски, тргнаа против Ерусалим, за да го освојат и го држеа Ахаза во опсада, но не можеа да победат.
6. во она време сирискиот цар Расон ѝ го врати на Сирија Елат и ги истера Јудејците од Елат; и Идумејците влегоа во Елат, каде што живеат и до денес.
7. Ахаз испрати пратеници до асирскиот цар Теглатфеласар во Дамаск да кажат: „Јас сум твој роб и твој син; дојди и заштити ме од раката на сирискиот цар и од раката на израилскиот цар, кои се кренаа против мене.”
8. Ахаз зеде сребро и злато, колку што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и му го испрати како дар на асирскиот цар.
9. Асирскиот цар го послуша: и отиде асирскиот цар во Дамаск, го презеде и ги пресели жителите негови во Кир, а Расона го уби.
10. Царот Ахаз отиде да го пречека асирскиот Теглатфеласар во Дамаск и го виде жртвеникот, што беше во Дамаск, и му го испрати царот Ахаз на свештеникот Урија ликот на жрвеникот и план на целиот жртвеник.
11. А свештеникот Урија изгради жрвеник според образецот, што царот Ахаз му го испрати од Дамаск; тоа го направи свештеникот Уриј, пред да дојде од Дамаск царот Ахаз.
12. Дојде царот од Дамаск, го виде жртвеникот, се доближи тој до жртвеникот и принесе на него жртва.
13. Запали жртва своја сепаленица и лебен принос, изврши прелив и го пороси жрвеникот со крвта на мирната своја жртва.
14. А бронзениот жрвеник, што беше пред лицето Господово, го премести од предната страна на храмот, од местото меѓу новиот жртвеник и домот Господов, и го постави отстрана на тој жртвеник кон север.
15. И му заповеда на царот Ахаз на свештеникот Уриј и рече: „На големиот жртвеник пали ги утринските сепаленици и вечерниот лебен принос, сепаленицата од царот и лебниот принос од него, сепалениците од сите луѓе на земјата и лебиот принос од нив, и преливиот од нив, и роси го жртвникот со крвта на секоја сепаленица и со крвта на секоја жртва, а бронзениот жртвеник да остане, додека јас да размислам.
16. Свештенкот Уриј го изврши сето тоа, како што заповеда царот Ахаз.
17. И ги извади царот Ахаз краиштата на подножјата, ги симна од нив мијалиниците, го симна и морето од бронзените волови, што беа под него, и го постави на каменен под.
18. И ја крена саботната стреја што беше вградена при храмот, и надворешниот царски влез во домот Господов, заради асирскиот цар.
19. Другите дела на Ахаз, што тој ги извршил, опишани се во летописите на јудејските цареви.
20. И почина Ахаз при татковците свои, и беше погребан при татковците свои во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Језекиј.

17. Владеењето на царот Осиј во Израилот. Освојување на Самарија, Размислувања над урнатините од Израилското царство. Потеклото на Самарјанците.

1. Осиј, синот на Ила, стана цар во Самарија над Израилот во дванаесеттата година на јудејскиот цар Ахаз царуваше девет години,
2. а го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господа, но не така, како израилските цареви, што беа пред него.
3. Притив него се крена асирскиот цар Саламанасар, и Осиј му стана потчинет, та му даваше данок.
4. Асирскиот цар забележа кај Осија измена, зашто тој беше испраќал пратеници при египетскиот цар Сигор и не му даваше данок на асирскиот цар секоја година; тогаш асирскиот цар го зеде под стража и го затвори во темница.
5. И се крена асирскиот цар против целата земја, се приближи до Самарија и ја држеше во опсада три години.
6. Во деветтата година на Осија, асирскиот цар ја презеде Самарија, ги пресели Израилците во Асирија и ги насели во Алај и во Авор, при реката Гозан, и во пределите мидијски.
7. А тоа стана, затоа што Израилевите синови почнаа да грешат пред Господа, својот Бог, Кој ги изведе од Египетската земја, од раката на египетскиот цар – Фараона, и почнаа да
почитуваат други богови,
8. а да постапуваат според обичаите на народите, кои Господ ги беше прогнал пред лицето на Израилевите синови, и според обичаите на израилските цареви, како што тие постапуваа.
9. А почнаа Израилевите синот да вршат работи неугодни пред Господа, својот Бог, си подигнаа идолски светилишта по сите свои градови, и тоа, почнувајќи од стражарската кула, па сè до утврден град.
10. и си поставија идоли и светилишта на секој повисок рид и под секое зелено дрво,
11. и кадеа таму по сите идолски светилишта, како народите, што ги беше прогнал од нив Господ, и правеа лоши работи, што го разгневуваа Господа,
12. и им служеа на идолите, за кои им беше говорел Господ: „Не го правете тоа!”
13. Тогаш Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач го опоменуваше Израилот и Јуда, велејќи: „Вратете се од лошите патишта и пазете ги заповедите Мои, наредбите Мои, целиот закон, што сум го заповедал на татковиците ваши, и што сум ви го предал преку слугите Мои, пророците.”
14. Но тие не послушаа и останаа тврдоглави, какви што беа и татковците нивни, кои не веруваа во Господа, својот Бог;
15. тие ги презера наредбите Негови и заветот Негов, што Он го беше склучил со татковците нивни, и откровенијата Негови, со кои им беше посведочил, па тргнаа по суетата – и – како што и околните народи, за кои Господ им беше заповедал да не постапуваат како нив.
16. Тие ги оставија сите заповеди на Господа, својот Бог, си направија излеани идоли на две телиња, си направија и дубрава, и се поклонуваа на сета небесна војска, му служеа и на Ваала,
17. ги пренесуваа преку оган синовите свои и ќерките свои, гатаа и правеа магии, и се оддадоа да вршат зло пред очите на Господа, и да Го разгневуваат.
18. Затоа Господ силно се разгневи на Израилците и ги отфрли од лицето Свое, така што остана само едно Јудино племе.
19. Но и Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и постапуваше според обичаите на Израилците, како што постапуваа тие.
20. И Господ се одврати од сите потомци на Израилот, ги понизи и ги предаваше во рацете на грабителите и, најпосле, ги отфрли од лицето Свое.
21. Израилците се беа отцепиле од Давидовиот дом и го беа зацариле Наватовиот син Јеровоама. Јеровоам ги отстрани од Господа и ги наведе на голем грев.
22. И синовите Израилеви одеа во сите гревови на Јеровоама, какви што тој ги правеше, и не отстапуваа од нив,
23. Додека Господ не го отфрли Израилот од лицето Свое, како што беше говорел преку сите слуги Свои, пророците. И Израилот беше преселен од земјата своја во Асирија, каде што е и до денес.
24. Асирскиот цар преведе луѓе од Вавилон, и од Хура, и од Ава, и од Емат Сепфаруим и ги насели во самариските градови, место израилевите синови. И тие владееја во Самарија и почнаа да живеат во градовите нејзини.
25. И бидејќи во почетокот на своето живеење тие таму не Го почитуваа Господа, тогаш
Господ им испраќаше лавови, што ги давеа.
26. Му јавија на асирскиот цар и рекоа: „Народите, што си ги преселил и населил во самариските градови, не го знаат законот на Бога од таа земја, и затоа Он им испраќа лавови, и ете, тие ги дават, зашто не го знаат законот на Бога од онаа земја.”
27. И асирскиот цар заповеда и рече: „Испратете таму еден од свештениците, што ги иселивте оттаму; нека оди и нека живее таму, и тој ќе ги просвети во законот на Бога на онаа земја.”
28. И дојде еден од свештениците, што беа населени од Самарија, и живееше во Ветил, и ги учеше, како да Го почитуваат Господа.
29. Но секој народ си направи и свои богови и ги постави во идолските светилишта по ридовите, какви што си беа направиле, – секој народ во градовите свои, каде што живееше.
30. Ваилонците го направија Сокхот – Венит, Хутците го направија Гигел, Ематците го направија Асмат,
31. Евејците го направија Авалазер и Тартак, а Сепфаруимците ги изгорија во оган синовите свои во чест на Андрамелеха и Анамелеха, богови сепфаруимски.
32. Меѓутоа, го почитуваа и Господа и поставија од средината своја свештеници по дубравите, и тие им служеа на идолските светилишта.
33. Ти Го почитуваа Господа и на боговите свои им служеа според обичајот на народите, од кои ги преселија.
34. Тие постапуваат и до денес според обичаите свои: не се плашат од Господа и не постапуваат по наредбите, ни по обичаите, ни по законот и ни по заповедите, што Господ им ги даде на синовите на Јакова, на кого му го даде името Израил.
35. Господ склучи со нив завет и им заповеда, велејќи: „Не почитувајте други богови и не им се поклонувајте, немојте да им служите и не принесувајте им жртви,
36. а Господ, Кој ве изведе од Египетската земја со голема сила и цврста мишка, Него почитувајте Го, Нему поклонувајте Му се и Нему принесувајте Му жртви;
37. уредбите и наредбите, законот и заповедите, што Он ви ги напиша, трудете се да ги исполнувате преку сите дни, и не почитувајте други богови;
38. не го заборавајте заветот, што го склучив со вас, и не плашете се од други богови;
39. почитувајте Го само Господа, вашиот Бог, и Он ќе ве спаси од рацете на сите ваши непријатели.”
40. Но тие не послушаа, туку постапуваа според поранешните свои обичаи.
41. А имаше народи, што Го почитуваа Господа, но и на своите идоли им служеа. Па и децата нивни и внуците нивни до денес постапуваат така, како што постапуваа татковците нивни.

18. Царувањето на Језекиј во Јудеја.

1. Во третата година на Осија, синот на Ила, цар израилски, стана цар Језекиј, син на јудејскиот цар Ахаз.
2. Тој беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим; мајка му се викаше Авута, ќерка на Захарија.
3. Тој го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, во сè онака како што правеше неговиот татко Давид;
4. тој ги урна идолските светилишта, ги исече дубравите и ја скрши бронзената змија, што Мојсеј ја беше направил; зашто дури до оние дни Израилевите синови ѝ кадеа и ја нарекуваа Неестан.
5. На Господа Бога, Бог Израилев, тој се надеваше; и како него немаше меѓу сите јудејски цареви – и по него, и пред него.
6. Тој се приврза кон Господа, не отстапувајќи од Него и ги пазеше заповедите Негови, кои Господ му ги беше дал на Мојсеја.
7. И Господ беше со него: насекаде, каде и да одеше, тој постапуваше благоразумно. И се одметна тој од асирскиот цар и престана да му служи.
8. Тој ги порази Филистејците до Газа и до нејзините предели: од стражарската кула до утврдениот град.
9. Во четвртата година на царот Језекиј, односно во седмата година на Осија, синот на Ила, цар израилски, асирскиот цар Саламанасар тргна против Самарија, ја опседна.
10. и по три години ја презеде, – во шестата година на Језекија, односно во десеттата година на израилскиот цар Осија Самарија беше преземена.
11. И асирскиот цар ги пресели Израилците во Асирија, и ги насели во Алај и во Авор, при реката Гозан, и во пределите мидијски,
12. зашто тие не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и го прекршија заветот Негов:
сè, што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов, тие ниту го слушаа, ниту го исполнуваа.
13. Во четиринаесеттата година на царот Језекиј асирскиот цар Сенахирим тргна против сите утврдени градови на Јуда и ги презеде.
14. Тогаш јудејскиот цар Језекиј испрати до асирскиот цар во Лахис да кажат: „Виновен сум; оди си од мене; сè што ќе ми наложиш, ќе поднесам.” И асирскиот цар му наложи на јудејскиот цар Језекиј триста таланти сребро и триста таланти злато.
15. И Језекиј го даде сето сребро, што се најде во домот Господов и во ризницата на царскиот дом.
16. Тогаш Језекиј го симна златото од вратата на домот Господов и од вратните столбови, кои тој, јудејскиот цар Језекиј, ги беше позлатил, и му ги даде на асирскиот цар.
17. И асирскиот цар го испрати Тартана, Рапсариса и Рапсака од Лахис при царот Језекија во Ерусалим со голема војска. И тргнаа и стигнаа до Ерусалим; тргнаа, стигнаа и запреа при водоводот на горното езеро, кое е на патот кон нивата на валавичарот.
18. И го повика царот. И излезе пред нив Халикиевиот син Елијаким, управник на дворецот, и писарот Сомнас, и Асафовиот син Јоас летописец.
19. И им рече Рапсак: „Кажете му на Језекија: вака вели големиот цар, асирскиот цар: »каква е тоа надеж, на која се надевате?«
20. Ти зборуваш само празни зборови: за војна се потребни ум и сила. А сега на кого се надеваш, та се одметна од мене?
21. Ете, ти мислиш да се потпреш на Египет, на таа скршена трска, која, ако некој се потпре на неа, ќе му влезе во раката и ќе му ја продупчи. Таков е Фараонот, египетскиот цар, за сите, што се надеваат на него.
22. Ако, пак, ми кажете: »на Господа, нашиот Бог, се надеваме,« тогаш на оној ли, чии светилишта и жртвеници Језекиј ги урна, велејќи му на Јуда и на Ерусалим: само пред тој жртвеник поклонувајте се во Ерусалим?
23. И така, склучи сојуз со мојот господар, асирскиот цар; ќе ти дадам две илјади коњи; можеш ли да најдеш за нив коњаници?
24. Како ќе одбиеш ти еден водач од најмалите слуги на господарот мој? А се потпираш врз Египет заради коли и коњаници?
25. Притоа, зар јас без волјата Господова сум тргнал против ова место, за да го сотрам? Господ ми рече: »оди против таа земја и сотри ја.«“
26. Тогаш му рече Хеликиевиот син Еликијам, и Сомнас, и Јоас на Рапсака: „Говори им на слугите свои по арамејски, зашто разбираме, а немој да ни говориш по јудејски да слуша народот, што е на ѕидот.”
27. А Рапсак им рече: „Зар само до твојот господар и до тебе ме испрати господарот мој да ги кажам тие зборови? Не, а и на луѓето што седат на ѕидот, за да го јадат изметот свој и да ја пијат мочта своја заедно со вас.”
28. И стана Рапсак, извика со силен глас по јудејски и зборуваше, велејќи: „Чујте ги зборовите на големиот цар, на асирскиот цар!
29. Вака вели царот: »нека не ве мами Језекиј, зашто тој не може да ве спаси од мојата рака;
30. и нека не ве обнадежува Језекиј со Господа, велејќи: »Господ ќе нè спаси, и нема да биде предаден овој гред во раката на асирскиот цар!«
31. Не го слушајте Језекија, зашто вака вели асирскиот цар: »Примирете се со мене и дојдете при мене, и секој нека ги јаде плодовите на лозјето свое и на смоквата своја, и секој нека пие вода од својот кладенец,
32. додека да дојдам и да ве одведам во исто таква земја, како вашата земја, во земја со
леб и вино, во земја со плодови и лозја, во земја со маслинови дрвја и мед, и ќе живеете, и нема да умрете. Затоа не слушајте го Језекија, кој ве мами и вели: -,Господ ќе ни спаси.«
33. Ги спасија ли боговите народите, секој земјата своја, од раката на асирскиот цар?
34. Каде се боговите на Емат и Арфад? Каде се боговите на Сепфаруим, Ана и Ава? Ја спасија ли тие Самарија од раката моја?
35. Кој од сите богови на тие земји ја избави земјата своја од мојата рака? Та зар Господ ќе го спаси Ерусалим од раката моја?”
36. Народот молчеше и не му одговараше ни збор, зашто царот беше заповедал: „Не му одговарајте!”
37. И дојде Хеликиевиот син Елијаким, управник на дворецот, и Сомнас, писарот, и Асафовиот син Јоас, летописецот при Језекија со раскината облека и му ги пренесоа Рапсаковите зборови.

19. Прашањата до пророкот Исаија. Повлекување на великиот пехарник. Посредување на Исаија. Смртта на Сенахирим.

1. Кога го чу тоа царот Језекиј, ја раскина облеката своја, се покри со вреќиште и отиде во домот Господов.
2. И го испрати Елијакима, управникот на дворецот, писарот Сомнас и постарите свештеници,
покриени со вреќишта, при Амосовиот син, пророкот Исаија.
3. Тие му рекоа: „Вака вели Језекиј: »ова е ден за жалост, за казна и за срам; зашто младенчињата пристигнаа, но родилна сила нема.
4. Секако Гопспод, Бог твој, ќе ги чуе сите зборови на Рапсака, кога господарот негов, асирскиот цар, го испрати да го наведува живиот Бог и да го обесчести со зборови, какви што чу Господ, Бог твој. Затоа упати и помоли се за другите, кои се сè уште живи.”
5. Слугите на царот Језекија отидоа при Исаија.
6. А Исаија им рече: „Вака кажете му на вашиот господар: Така вели Господ: »Не прали се од зборовите, што ги чу, и со кои Ме навредуваа слугите на асирскиот цар.«
7. Ете, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе известување, и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го поразам со меч во неговата земја.”
8. Се врати Рапсак и го најде асирскиот цар, како војува против Ливна, зашто беше чул, дека тој тргнал од Лахис.
9. Чу царот и за етиопскиот цар Тарак, за кого му рекоа: „Ете, тој излезе да се судри со тебе.” И пак испрати пратеници при Језекија да кажат:
10. „Вака кажете му на јудејскиот цар Језекија: »нека не те лаже твојот Бог, на Кого се надеваш, мислејќи дека Ерусалим нема да биде предаден во раката на асирскиот цар.«
11. Зар не си чул, што направија асирските цареви со сите земји, уништувајќи ги наполно, – та ти ли ќе се избавиш?
12. Боговите на овие народи, што ги сотреа татковците мои, ги спасија ли? Го спасија ли Гозан, и Харан, и Фарес и синовите на Еден, кој е во Таласар?
13. Каде е царот Ематски, и царот Арфадски, и царот на градот Сепфариум, на Ана и на Ава?”
14. Тогаш Језекиј го зеде писмото од рацете на пратениците, го прочита, отиде во домот Господов, и го објави Језекија пред лицето Господово;
15. и се молеше Језекиј пред лицето Господово и велеше: „Господи, Боже Израилев, Кој седиш на херувими! Ти си еденствен Бог на сите земни царства. Ти го создаде небото и земјата.
16. Наклони го, Господи, увото Свое и чуј ме; отвори ги, Господи, очите Свои и погледни, и чуј ги зборовите на Сенахирима, кој испратил да Те навредуваат Тебе, живиот Бог!
17. Навистина, о Господи, царевите асирски ги сотреа народите и земјите нивни,
18. и ги нафрлаа боговите нивни во оган, но тоа не беа богови, туку изработки на човечки раце, – дрво и камен, затоа и ги истребија.
19. И сега, Господи Боже наш, спаси ни од рацете негови, и сите земни царства ќе познаат дека Ти, Господи, си единствен Бог.”
20. Тогаш Исаија, синот Амосов, испрати да му кажат на Језекија: „Вака вели Господ, Бог
Израилев: »го чув ова за кое ти Ми се молеше против асирскиот цар Сенахирим.«
21. Еве го словото, што Господ го изрече за него: ќе те презре, ќе ти се потсмевне девствената Сионова ќерка, по тебе ќе ја заниша главата ќерката Ерусалимска.
22. Кого Го прекоруваше и навредуваше ти? И против Кого крена глас и толку високо го
крена очите? Против Светецот Израилев?
23. Преку твоите пратеници ти Го навредуваше Господа и велеше: – со многу коли се качив на горските височини, по ридовите на Ливан, ги исеков високите кедри негови и прекрасните кипариси негови и стигнав до најкрајното пристаниште негово, во гасталакот на градината негова;
24. ископав и пиев туѓа вода, и ги пресушив со стапалата на нозете свои сите египетски реки.
25. Зар не си чул, дека Јас одамна сум го направил тоа, во старедревни дни сум го преднацртал, а сега го исполнив преку тоа, што ти опустошуваш урврдени градови, претворувајќи ги во купишта урнатини?
26. и жителите нивни изнемоштеа, треперат и се срамуваат. Тие станаа како полска трева и кревка билка, како трева по покривите, препламната пред да узрее.
27. Кога седнуваш, кога излегуваш, или влегуваш, Јас си знам; ја знам и дрскоста твоја против Мене.
28. Твојот гнев против Мене и твојата дрскост достигна до Моите уши, па затоа ќе ја ставам алката Своја во твоите ноздри и уздата Своја во твојата уста, и ќе те вратам назад по истиот пат, по кои си дошол.
29. И, еве ти знак: јадете го оваа година никнато од паднатото зрно, до година- самоникнатото, а во третата година сејте и жнејте, садете лозја и јадете ги нивните плодови.
30. И спасението во Јудиниот дом, пак ќе пушти корен одоздола и ќе даде плод озгора,
31. зашто од Ерусалом ќе произлезе остатокот, и спасеното – од гората Сион. Ревноста на Господа Саваот ќе го направи тоа.
32. Затоа вака говори Господ за асирскиот цар: тој нема да влезе во овој град, нема да фрли во него стрела, нема да пристапи со штит кон него и нема да ископа опкоп околу него.
33. По истиот пат, по кој дошол, ќе се врати, и нема да влезе во тој град, вели Господ.
34. Јас ќе го пазам тој град, за да го запазам за Себеси и за Мојојт слуга Давида.”
35. И се случи во таа ноќ: ангел Господов отиде и во асирскиот логор порази сто и осумдесет и пет илјади. Изутрината кога станаа, а тоа сè мртви тела.
36. Тргна, отиде и се врати асирскиот цар Сенахирим, и живееше во Ниневија.
37. И кога се клањаше во домот на Месераха, својот бог, го убија со меч синовите негови Адрамелех и Сарсар, а самите избегаа во Араратската земја. И место него стана цар синот негов Асардан.

20. Болеста на Језекија и неговото оздравување. Крај на владеењето на Језекија.

1. Во тие дни се разболе Језекиј на смрт; и дојде при него Амосовиот син, пророкот Исаија и му рече: „Вака вели Господ: »среди ги работите за домот свој, зашто ќе умреш, нема да оздравиш.«“
2. Се сврти Језекиј со лицето кон ѕидот и Му се помоли на Господа, велејќи:
3. „О Господи, спомни си, дека јас одев пред лицето Твое верно и со предано на Тебе срце, и го вршев она, што беше угодно пред очите Твои.” И заплака Језекиј силно.
4. Исаија уште не беше излегол од средниот двор, и би словото Господово кон него:
5. „Врати се и кажи му на Језекија, владетелот на Мојот народ: вака вели Господ, Бог на твојот татко Давида – Ја чув молитвата твоја, ги видов солзите твои. Јас ќе те излекувам; на третиот ден ќе отидеш во домот Господов;
6. и ќе додадам кон деновите твои петнаесет години, и ќе те спасам од рацете на асирскиот цар тебе и твојот град, и ќе го заштитам тој град заради Себеси и заради Мојот слуга Давида.”
7. Тогаш рече Исаија: „Земете суви смокви.” И зедоа, и ги наложија на чирот; и тој оздраве.
8. Језекиј му рече на Исаија: „Каков е знакот, дека Господ ќе ме излекува и дека на третиот ден ќе одам во домот Господов?”
9. Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа, дека Господ ќе го исполни словото, што го кажал – сакаш ли напред да оди сенката десет степени или десет степени назад?”
10. И рече Језекиј: „Лесно е да се помести сенката десет степени напред; не, нека се врати сенката десет степени назад.”
11. Повика пророкот Исаија кон Господа, и Он ја врати сенката назад десет степени според Ахазовите степени, по кои се спушташе.
12. Во тоа време вавилонскиот цар Мародах Валадан, син на Валадана, му испрати писмо и подароци на Језекија, зашто беше чул, дека Јазекиј бил болен.
13. Језекиј, откако ги слушна пратениците, им ги покажа ризниците свои, среброто и златото, и ароматите, и скапоцените масла, и целата своја оружарница и сè што се наоѓаше во скровиштата негови; и не остана ништо, што да не им го покажа Језекиј во домот свој и во целото свое владение.
14. Пророкот Исаија дојде при царот Језекија и го праша: „Што кажаа тие луѓе, и од каде дојдоа при тебе?” Језекиј одговори: „Од далечна земја дојдоа тие, од Вавилон.”
15. Исаија пак праша: „Што видоа тие во домот твој?” Језекиј одговори: „Видоа сè што е во мојот дом; не остана ништо, што да ни им го покажав во ризниците свои.”
16. Тогаш Исаија му рече на Језекија: „Чуј го словото Господово:
17. , Еве, ќе дојдат дни, и си што е во твојот дом, и што го собрале татковците твои до денес, ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане – вели Господ.
18. Ќе земат од синовите твои, што ќе произлезе од тебе, што ќе ги родиш, и тие ќе ти бидат слуги во дворецот на вавилонскиот цар.”
19. А Језекиј му рече на Исаија: „Добро е словото Господово, што ти го изрече.” И продолжи: „Да биде мир и доброчестивост во моите дни!”
20. Другата работа за Језекија, за сите негови подвизи, дека направи езера и водовод и спроведе вода во градот, опишано е во летописите на јудејските цареви.
21. И почина Језекиј при татковците свои, а место него стана цар синот негов Манасиј.

21. Царувањето на Манасија и Амона во Јудеја.

1. Манасиј беше на дванаесет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим педесет години; мајка му се викаше Офовија.
2. Но тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, подражавајќи ги лошите работи на оние народи, кои Господ ги беше изгонил од пред лицето на Израилевите синови.
3. Тој одново ги подигна идолските светилишта, кои татко му Језекиј ги беше уништил, му подигна жртвеници на Ваала и направи дубрава, како што направи израилскиот цар Ахав; и се
клањаше на сета небесна војска и ѝ служеше;
4. а изгради жртвеници и во домот Господов, за кого Господ беше рекол: „Во Ерусалим ќе го поставам името Свое.”
5. Тој изгради и жртвеници за сета небеска војска во двата двора на домот Господов;
6. го пренесе преку оган синот свој, гаташе и врачаше; си набави извикувачи на мртви и маѓесници и изврши многу неугодни работи пред очите на Господа, за да Го разгневи.
7. Направи и статуа на Астарта и ја постави во домот, за кој Господ му беше говорел на Давида и на синот негов Соломона; во овој дом и во Ерусалим, што Јас го избрав меѓу синовите Израилеви племиња, го ставам името Свое за секогаш:
8. и во иднина нема да ја оставам ногата на Израилот да излезе од земјата, што сум им ја дал на татковците нивни, само ако тие се потрудат да постапуваат според сè она, што сум заповедал, и според целиот закон, што им го даде Мојот слуга Мојсеј.
9. Но тие не послушаа; и Манасиј ги разврати дотаму, што тие постапуваа полошо и од оние народи, кои Господ ги беше истребил пред лицето на Израилевите синови.
10. И говореше Господ преку Своите слуги – пророците, и рече:
11. „Поради тоа што јудејскиот цар Манасиј ги изврши тие лоши дела, полоши од сè она, што го вршеа Аморејците, кои беа пред него, и го наведе Јуда во грев со своите идоли,
12. затоа Господ вели вака: Еве, врз Ерусалим и врз Јуда ќе испратам такво зло, што, кој ќе чуе за него, ќе му писнат и двете уши;
13. и ќе го оптегнам над Ерусалим јажето мерник на Самарија и мерката на Ахавовиот дом, и ќе го избришам Ерусалим така, како што се брише сад, – го бришат и го затвораат;
14. ќе го оставам остатокот од Моето населедство и ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни, и тие ќе бидат разграбгени и пленети од сите свои напријатели,
15. поради тоа што го вршеа она, што беше неугодно пред очите Мои и Ме разгневуваа од оној ден, во кој татковиците нивни излегоа од Египет, дури до денес.”
16. А при тоа Манасиј пролеа мошне многу невина крв, та го наполни со неа Ерусалим открај докрај, освен својот грев со што го вовлече Јуда во грев, да не врши угодни дела пред очите на Господа.
17. Другото за Манасија и за сè што тој го извршил, и за гревовите негови, со кои згрешил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
18. И почина Манасиј при татковиците свои, и беше погребан во градината при домот негов, во градината на Ози. А место него стана цар синот негов Амон.
19. Амон беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим две години;
мајка му се викаше Месолемет, ќерка Арусова, од Јетва.
20. И тој го вршеше, она што не беше угодно пред очите на Господа, така, како што го правеше тоа татко му Манасиј;
21. одеше токму по истиот пат, по кој одеше татко му; им служеше на идолите, на кои им служеше татко му, и им се клањаше.
22. Тој Го остави Господа, Бога на татковците свои, и не одеше по патот Господов.
23. Амоновите слуги се побунија против него и го убија царот во домот негов.
24. Но народот на земјата ги уби сите заговореници против царот Амона; и народот на земјата го постави за цар место него синот негов Јосиј.
25. Другите дела на Амона што ги извршил тој, е опишано во летописите на јудејските цареви.
26. И го погребаа во гробницата негова, во градината на Ози. А место него стана цар син му Јосиј.

22. Царувањето на Јосија. Враќањето во Господовиот дом и наоѓањето на книгата на законот.

1. Јосиј беше на осум години кога стана цар, и царуваше во Ерусалим триесет и една година; мајка му се викаше Једида, ќерка Едеева, од Васурот.
2. Тој го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, во сè одеше по патот на татка си Давида и не се отколнуваше ни десно, ни лево.
3. Кога беше на осумнаесет години, царот Јосиј го испрати писарот Сафан, син на Езелија, Месоламов син, во домот на Господа, велејќи:
4. „Оди при првосвештеникот Хелкија, нека го преброи среброто, донесено во домот на Господа, што го собраа од народот вратарите,
5. и нека го дадат во рацете на распоредниците, поставени при храмот Господов, а тие да го потрошат за работниците во домот Господов за поправка на штетите во домот:
6. на дрводелците, на каменарите, на ѕидарите и за купување дрва и делкани камења за поправка на домот;
7. но да не се бара од нив сметка за среброто, предадено во рацете нивни, бидејќи тие постапуваат чесно.”
8. И му кажа првосвештеникот Хелкиј на писарот Сафан: „Јас ја најдов во домот Господов книгата на законот.” И Хелкиј му ја подаде книгата на Сафана, и тој ја читаше.
9. Дојде писарот Сафан при царот и му донесе на царот одговор, велејќи: „Твоите слуги го зедоа среброто, најдено во домот, и го предадоа во рацете на распоредниците, поставени при домот Господов.”
10. Писарот Сафан му соопшти уште на царот и рече: „Една книга ми даде свештеникот Хелкиј.” И Сафан ја читаше пред царот.
11. Кога царот ги чу зборовите од книгана на законот, ја раскина облеката своја.
12. Тогаш царот заповеда на свештеникот Хелкиј, на Ахикама, Сафанов син, на Ахвора, Михеев син, на писарот Сафан и на царскиот слуга Асаиј, велејќи:
13. „Одете, прашајте Го Господа за мене, за народот и за цела Јудеја во врска со зборовите на таа најдена книга, зашто голем е гневот Господов, што се разгорел против нас, поради тоа што нашите татковци не ги послушаа зборовите на таа книга, за да постапуваат според она што ни е заповедано во неа.”
14. И отиде свештеникот Хелкиј со Ахикама, Ахвора, Сафана и Асаија при пророчицата Олдама, жена на одеждочуварот Салум, син на Текуја, Арасов син, – а таа живееше во Ерусалим, во вториот дел, – и зборуваа со неа.
15. А таа им рече: „Вака вели Господ, Бог Израилев: кажете му на човекот, што ве испрати при мене:
16. вака вели Господ: ќе испратам зло во тоа место и врз жителите негови – сите зборови од книгата, што ги прочита јудејскиот цар.
17. Поради тоа што ме оставија и кадат да други богови, за да ме предизвикуваат со сите работи на рацете свои, се разгневи гневот Мој против тоа место, и нема да угасне.
18. А на јудејскиот цар, што ве испратил да Го прашате Господа, кажете му: – вака вели Господ, Бог Израилев, за зборовите што ги чу:
19. поради тоа што смекна срцете твое, и ти се смири пред Господа, откако го чу ова, што Јас го изреков против тоа место и против жителите негови, дека тие ќе бидат за ужас и проклетство, и ти ја раскина облеката своја и плачеше пред Мене, Јас те чув – вели Господ.
20. Поради тоа, еве, Јас ќе те приберам при татковците твои, и ќе бидеш ставен во гробницата своја во мир, и твоите очи нема да ги видат сите тие зла, што ќе ги испратам во тоа место.” И му донесоа на царот одговор.

23. Свечено читање на Божјиот закон; верска обнова во Јудеја. Проширување на обновата во старото северно царство. Празнување на Пасха. Крајот на царувањето на Јосија.

1. Тогаш царот испрати, та се собраа при него сите старешини на Јуда и на Ерусалим.
2. И отиде царот во домот Господов, и со него сите Јудејци и сите ерусалимски жители, и свештениците, и пророците, и сиот народ, од мал до голем, и им ги прочита гласно сите збовори од книгата, која се најде во домот Господов.
3. Потоа царот застана на високо место и пред лицето Господово се заветува – дека ќе Го следи Господа и дека ќе ги чува заветите Негови, откровенијата негови и наредбите Негови, од сè срце и душа, за да ги исполнува зборовите на тој завет, напишани во таа книга, И сиот народ се заветува.
4. Тогаш царот му заповеда на првосвештеникот Хелкиј и на другите свештеници и на вратарите да ги извесат од храмот Господов сите работи направени за Ваала и за Астарта и за сета небеска војска, и ги изгори надвор од Ерусалим, во Кедронскиот дол, и заповеда да ја пренесат пепелта нивна во Ветил.
5. И ги отстрани многубожечките жреци, што ги беа поставиле јудеските цареви да вршат кадење по идолските светилишта во јудејските градови и во околината на Ерусалим, и оние, што му кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на планетите и на сета небеска војска.
6. И ја изнесе тој Астарта од домот Господов надвор од Ерусалим, при потокот Кедрон, и ја изгоре при потокот Кедрон, ја претвори во пепел и ја фрли пепелта нејзина во општонародните гробишта;
7. и ги разурна блудничките домови, што беа при храмот Господов, каде што жени шиеја облека за Астарта;
8. и ги изведе сите жреци од јудејските градови, ги оскверни идолските светилишта, по кои жреците вршеа кадења, од Гава до Вирсавија, и ги разурна светилиштата пред портите – оние при влезот кон портите на Исуса градоначалникот, и оние одлево при градските порти.
9. Жреците на идолските светилишта, меѓутоа, не принесуваа жртви врз жртвеникот Господов во Ерусалим туку јадеа безквасници заедно со браќата свои.
10. Тој го оскверни и Тофет, што е во долот на Еномовите синови, та никој да не го пренесува синот свој и ќерката своја преку оган во чест на Молоха;
11. и ги урна коњите, кои јудејските цареви ги ставаа во чест на сонцето пред влезот во домот Господов, близу до собите на дворјанинот Нетан – Мелех, во Фарурим, а колесниците на сонцето ги изгоре со оган.
12. И жртвениците врз покривот на Ахазовата горна соба, што ги направија јудејските цареви, и жртвениците, кои Манасиј ги беше направил во двата двора на домот Господов, царот ги собори и ги растури оттаму, и правот нивни го фрли во потокот Кедрон.
13. И идолските светилишта пред Ерусалим, десно од Маслиновата Гора, кои Соломон, царот
Израилев, ѝ го беше изградил на Астарта, гад сидонски, и на хамос, гад моавски, и на Молох, гад амонитски, царот ги оскверни;
14. и ги искрши идолите, и ги исече дубравите, и го наполни местото нивно со човечки коски.
15. Исто така и жртвеникот, што беше во Ветил, и идолското светилиште, изградено од Наватовиот син Јеровоам, кој беше го навел Израилот во грев, – и жртвеникот и светилиштето ги разурна, и ги изгоре, ги претвори во прав, ја изгоре и дубравата.
16. Јосиј погледна и ги виде гробиштата, што беа таму на гората, па испрати и ги зеде коските од гробовите, ги изгоре врз жртвеникот и го оскверни, според словото Господово, што го навести човекот Божји, кој ги беше претскажал тие настани, кога Јероваоам стоеше на празникот пред жртвеникот. Потоа се сврте и го виде гробот на Божјиот човек, што ги беше претскажал тие настани,
17. и Јосиј праша: „Каков е тој споменик, што го гледам?” Му одговорија градските жители: „Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и го навести ова, што ти го правиш сега над Ветилскиот жртвеник.”
18. Тогаш тој рече: „Оставете го на мира, никој да не ги обеспокојува коските негови.” И ги зачува коските негови заедно со коските на пророкот, што беше дошол од Самарија.
19. И сите идолски светилишта во самариските градови, кои израилските цареви ги беа изградиле, разгневувајќи Го Господа, Јосиј ги разруши и направи со нив исто, како што направи во Ветил;
20. ги закла сите жреци при светилиштата, што беа таму, при жртвениците, и изгоре врз нив човечки коски, па се врати во Ерусалим.
21. Тогаш царот му заповеда на сиот народ и рече: „Празнувајте Му Пасха на Господа, вашиот Бог, како што е напишано во таа книга на заветот.”
22. Зашто таква Пасха не беше празнувана од дните на судиите, кои му судеа на Израилот, и во сите дни на израилските цареви, и на јудејските цареви;
23. а таа Пасха на Господа беше празнувана во Ерусалим во осумнаесеттата година на царот Јосија.
24. Јосиј исто така ги истреби и повикувачите на мртви, и маѓепсниците, и вражалците, и идолите, и сите гадови, што се сретнуваа во Јудејската земја и во Ерусалим, за да ги исполни зборовите на законот, напишан во книгата, што свештеникот Хелкиј ја најде во домот Господов.
25. Сличен на него немало цар пред него, кој се свртел кон Господа со сето свое срце, и со сета душа своја, и со сите свои сили, според целиот закон Мојсеев; и по него не се издигна сличен на него.
26. Но Господ не ја одложи големата јарост на гневот Свој, со која гневот Негов Му се разгори против Јуда за сите навреди, со кои Манасиј Го беше разгневил.
27. И Господ рече: „И Јуда ќе го отфрлам од лицето Свое, како што го отфрлив Израилот, и ќе го отфрлам тој град Ерусалим, што го избрав, и домот, за кој бев рекол: »Таму ќе биде името Мое.«“
28. Другите работи за Јосија и за сè што беше извршил тој, е опишано во летописите на јудејските цареви.
29. Во неговите дни египетскиот цар, Фараонот Нехаон, тргна против асирскиот цар на реката Еуфрат. Царот Јосиј му излезе во пресрет, а оној штом го виде го уби во Мегидон, штом го виде.
30. Слугите негови го кренаа мртов од Мегидон, го пренесоа во Ерусалим и го погребаа во
гробницата негова, И народот на земјата го зеде Јосиевиот син Јоахаз, го помазаа и го прогласија за цар место татко му негов.
31. Јоахаз беше на дваесет и три години, кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Хамутал, ќерка на Јеремија, од Ливна.
32. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сè онака, како што правеа татковците негови.
33. Фараонот Нехаон го задржа во Ривла, во Ематската земја, за да не царува во Ерусалим, и наложи глоба на земјата сто таланти сребро и сто таланти злато.
34. И Фараонот Нехаон го направи цар Јосиевиот син Елијаким, место татко му Јосија, и му го промени името на Јоаким, а Јоахаз го зеде и го одведе во Египет, каде што и умре.
35. Јоаким му даваше на Фараонот сребро и злато; тој ја оцени земјата, за да го внесува среброто по заповед на фараонот; тој бараше од секого од народот на земјата, според оценката негова, сребро и злато, за да му дава на фароанот Нехаон.
36. Јоаким беше на дваесет и пет години, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Јелдаф, ќерка на Фадаила, од Рума.
37. И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сè онака, како што го правеа татковците негови.

24. Царувањето на Јоакима во Јудеја. Навуходоносор го опседнува Ерусалим и првото ропство.

1. Во неговите дни се крена вавилонскиот цар Навуходоносор; и Јоаким му стана потчинет за три години, но подоцна се одметна од него.
2. И Господ испрати против него мноштво Халдејци, и многу Сиријци, и многу Моавци, и многу Амонити, – ги испрати против Јуда, за да го погуби, според словото на Господа, што го беше изрекол преку Своите слуги – пророците.
3. Тоа стана со Јуда по заповед на Господа, за да го отфрли од лицето Свое за гревовите на Манасија, за сè она, што тој го беше извршил;
4. и за невината крв, што ја пролеа, исполнувајќи го Ерусалим со невина крв, Господ не сакаше да прости.
5. Другите работи на Јоакима и за сè она што тој го беше извршил, опишано е во летописите на јудејските цареви.
6. И почина Јоаким при татковците свои, а место него стана цар синот негов Јехониј.
7. Египетскиот цар веќе не излегуваше од земјата своја, зашто вавилонскиот цар беше презел сè, од Египетскиот поток до реката Ефрат, што му припаѓаше на египетскиот цар.
8. Јехониј беше на осумнаесет години кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Ниста, ќерка на Елнатана, од Ерусалим.
9. И тој го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сè онака, како што вршеше татко му.
10. Во она време слугите на вавилонскиот цар Навуходоносор настапија кон Ерусалим, и градот беше опколен.
11. Вавилонскиот цар Навуходоносор дојде до градот, што слугите негови го опседнаа.
12. Тогаш јудејскиот цар Јехониј отиде при вавилонскиот цар, тој, и мајка му, и слугите негови, кнезовите негови, и дворјаните негови, – и го зароби вавилонскиот цар во осмата година од царувањето свое,
13. и ги изнесе оттаму сите ризници на домот Господов и ризниците на царскиот дом; и ги здроби, како што беше рекол Господ, сите златни садови, кои Соломон, царот Израилев, ги беше направил за храмот Господов;
14. и го исели целиот Ерусалим, и сите кнезови, и сета храбра војска, – беа преселени десет илјади, – и сите дрводелци и ковачи; никој не остана, освен сиромасите на таа земја.
15. Тој го пресели Јехонија во Вавилон; исто така и мајка му на царот, и жените на царот, и големците негови, и големците на земјата ги одведе од Ерусалим за да ги насели во Вавилон.
16. И сета војска, на број седум илјади, и уметници и градежници илјада, сите јунаци, способни за војна, ги одведе вавилонскиот цар за да ги насели во Вавилон.
17. И вавилонскиот цар го направи цар Матанија, стрикото на Јехонија, место него, и му го промени името во Седекиј.
18. Седекиј беше на дваесет и една година, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Амитал, ќерка на Јеремија, од Ливна.
19. И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сè онака како што го правеше тоа Јоаким.
20. Гневот на Господа над Ерусалим и над Јуда беше толку голем, што Он ги отфрли од лицето Свое. И Седекиј се одметна од вавилонскиот цар.

25. Опсадата и разурнивањето на Ерусалим. Годолија управник на Јудеја. Помилувањето на царот јудејски Јехониј.

1. Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп.
2. И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекиј.
3. На деветтиот ден од месецот гладот се засили во градот, и народот на земјата немаше леб.
4. Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида, што се до царската градина; а Халдцејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината.
5. Халдејската војска се спушти по царот и го стигна во Јерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него.
6. Тогаш го фатија царот, го одведоа при вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд;
7. синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодоа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон.
8. На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Навузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим
9. и го изгоре домот Господов и царскиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган;
10. и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска, што беше со заповедникот на телохранителите.
11. А другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот прост народ ги исели Навузардан, заповедникот на телохранителите.
12. Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на телохранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци.
13. И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон;
14. и котлите, и лопатките, и штипките, и лажиците, и сите бакарни садови, што се употребуваа во службата, ги кренаа;
15. и кадилниците, и садовите, – сè што имаше златно, и сè што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохранителите;
16. столбови два, море едно, и подножјата што Соломон ги беше направил во домот Господов, – бронзата во сите тие работи немаше мерка.
17. Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата – три лакти, и мрежата на наровите околу главата – сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата.
18. Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераија, вториот свештеник
Софанија и тројцата вратари.
19. Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души, што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската, што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот.
20. Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе при вавилонскиот цар во Ривла.
21. И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Емат. И Јудејците беа иселени од земјата своја.
22. А над народот, оставен во Јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за управник Годолија, синот на Ахикама, Сафанов син.
23. Кога сите војводи, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа при Годолија во Масифа, односно Исмаил, синот на Натанија, Јоанан, синот Каритов, Сараја, синот Танаметов од Нето, Фатит и Језаниј, син Магатетов, тие и луѓето нивни.
24. И им се заколна Годолија ним и на луѓето нивни и им рече: „Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдејците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.”
25. Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот на Натанија, Елисамов син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците, што беа во Масифа.
26. Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војводите, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Халдејците.
27. Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехонија, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евилмародах, во годината на царувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехонија,
28. говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите, што беа пред него во Вавилон;
29. и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехонија јадеше со него, во сите дни на животот свој.
30. За постојана издржка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на животот негов.