1. Бог го поткрепува Исуса во неговиот позив. Народот му ветува послушност.
1. По смртта на Мојсеја, слугата Господов, Господ му рече на Навиновиот син Исуса, служител на Мојсеја, велејќи:
2. Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку оној Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, која Јас им ја давам, на синовите Израилеви.
3. Секое место, на кое ќе стапнат стапалата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеја:
4. од пустињата и од Антиливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хетејска, и до големото море на запад ќе бидат ваши предели.
5. Никој нема да устои пред тебе преку сите денови на твојот живот; и како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам.
6. Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам;
7. само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази го и извршувај го сè она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно со сè што ќе преземаш.
8. Да не се одделува од устата твоја ова книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сè она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш.
9. Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.”
10. Тогаш Исус им заповеда на управителите народни и рече:
11. „Влезете меѓу народот и заповедајте им на луѓето и кажете им: пригответе си храна за пат, зашто по три дена ќе ја минете реката Јордан, и ќе влезете да ја преземете земјата,
која Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство.”
12. А на племето Рувимово, Гадово и на полуплемето Манасиево Исус им рече:
13. „Спомнете си, што ви заповеда Мојсеј, слугата Господов, велејќи: »Господ, вашиот Бог ве успокои и ви ја даде оваа земја;
14. жените ваши, децата ваши и добитокот ваш нека останат во земјата, која Мојсеј ви ја даде од оваа страна на Јордан; а вие храбрите, што можете да војувате, тргнете вооружени пред браќата ваши и помагајте им,
15. додека Господ, вашиот Бог, не ги успокои браќата ваши, како и вас; додека и тие не ја наследат таа земја, која Господ, вашиот Бог, им ја дава; тогаш вратете се во наследствоот свое и земете ја земјата, која Мојсеј, слугата Господов, ви ја даде од оваа страна на Јордан спрема исток.”
16. Тие му одговорија на Исуса: „Сè што ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да не праќаш, ќе одиме;
17. како што го слушавме Мојсеја, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеја;
18. секој, што ќе се противи на твојата заповед и не ги послуша зборовите твои во сè, што и да му заповедаш, ќе биде погубен. Само биди цврст и храбар!”
2. Раав спасува два израилски извидника
1. Исус, синот Навинов, испрати тајно од Ситим двајца млади луѓе и им рече: „Отидете, разгледајте ја замјата и градот Јерихон!” И двете момчиња отидоа и влегоа во Јерихон во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму.
2. Тогаш му јавија на Јерихонскиот цар: „Ете, некои луѓе од синовите Израилеви дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата.”
3. Јерихонскиот цар испрати да ѝ кажат на Раав: „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле да ја разгледаат целата земја.”
4. Не жената ги зеде оние двајца луѓе, ги сокри и рече: „Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие;
5. кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; трнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.”
6. А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, распростран кај неа на таванот нејзин.
7. Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан до самиот брод, а портите се затворија веднаш кога тргна потера по нив.
8. Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот
9. и им рече: „Знам, дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нè опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас;
10. зашто чувме, дека Господ Бог ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле.
11. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу;
12. И така, заколнете ми се во Господа, вашиот Бог, дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак:
13. оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.”
14. Тие луѓе ѝ рекоа: „Душата наша ќе ја предадеме на смрт, само сега да не нè предадеш.” А таа рече: „Кога Господ ви го предаде овој град, бидете спрема мене милостиви и верни.”
15. И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше на карпа и таа живееше на карпата;
16. и им рече: „Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.”
17. А луѓето ѝ рекоа: „Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нè заколна ако не постапиш вака:
18. ете, кога ќе дојдеме во овој градски крај, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нè спушти, и прибери ги во куќата кај себе таткото твој, мајката твоја и браќата твои и целиот татков дом;
19. и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив;
20. ако, пак, некој нè навреди или ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нè заколна.”
21. Таа одговори: „Нека биде според зборовите ваши!” И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.
22. Тие тргнаа и отидоа во планината и останаа таму три дена, додека се врати потерата. Гонителите ги бараа по целиот пат и не ги најдоа.
23. И се вратија обајцата млади луѓе, слегоа од планината, го минаа Јордан и отидоа кај Исуса, синот Навинов и му кажаа сè што им беше станало.
24. И му рекоа на Исуса: „Господ, нашиот Бог, ја предаде целата таа земја во наши раце, и сите жители на таа земја се уплашени од нас.”
3. Синовите Израилеви минат преку Јордан не навлажнувајќи ги нозете.
1. Тогаш Исус стана рано утредента, и тргна од Ситим и дојде до Јордан, тој и сите синови Изриалеви, и застанаа таму пред да го минат.
2. По три дена тргнаа управителите низ логорот,
3. и им заповедаа на луѓето, велејќи: „Кога ќе го видите ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и свештениците наши, левитите, да го носат, тргнете и вие од местото ваше и одете по нив.
4. Но растојанието меѓу вас и нив да биде околу две илјади лакти; не се доближувајте до него, за да го знаете патот, по кој ќе одите; зашто вие не сте оделе по тој пат ни вчера ни завчера.”
5. И му рече Исус на народот: „Исчистете се утре рано, бидејќи Господ ќе изврши меѓу вас чудеса.”
6. На свештениците, пак, им рече Исус: „Земете го Ковчегот на заветот и одете пред народот.” Свештениците го зедоа Ковчегот на заветот и тргнаа пред народот.
7. Тогаш Господ му кажа на Исуса: „Денес ќе почнам да те издигам пред очите на сите синови Израилеви, за да дознаат дека, како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе.
8. А сега заповедај им на свештениците, кои го носат ковчегот на заветот, и кажи им: штом ќе влезете во водите на Јордан, запрете во Јордан.
9. Исус им кажа на синовите Израилеви: „Дојдете ваму и чујте ги зборовите на Господа, вашиот Бог!”
10. Уште им рече Исус: „Од тоа ќе дознаете дека меѓу вас е живиот Бог, Кој ќе ги изгони од вас Хананејците и Хетејците, Евејците и Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Јевусејците;
11. ете, ковчегот на заветот Господов на целата земја ќе тргне пред вас преку Јордан;
12. и земете си дванаесетмина луѓе од синовите Израилеви, по еден човек од секое племе;
13. и штом нозете на свештениците, кои го носат ковчегот на Господа над целата земја, ќе стапнат во водите на Јордан, водата јорданска ќе се прекине, а водата што тече одозгора, ќе запре.”
14. И така, кога народот тргна од шаторите свои, за да го мине Јордан, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов пред народот,
15. тогаш, штом оние, што го несеа ковчегот на заветот Господов влегоа во Јордан, и нозете на свештениците, кои го носеа ковчегот, се наквасија во водите на Јордан; а Јордан пак, се излива од сите свои брегови за сето време во жетвата на пченицата.
16. Водата, што течеше одозгора, запре и стана како карпа на многу големо растојание, од градот Адам, дури до пределот Зартан; а водата што течеше одозгора, почна да тече во морето, кое е солено море, сè додека не истече.
17. А народот стоеше спроти Јерихон; кога пак свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, застанаа на суво среде Јордан, тогаш и сите синови Израилеви преминуваа на суво, додека целиот народ не го премина Јордан.
4. Камен за спомен на чудното преоѓање преку Јордан.
1. Кога целиот народ го премина Јордан, Господ му рече на Исуса:
2. „Земи од народот дванаесет луѓе, по еден маж од секое племе
3. и заповедај им и кажи им:«Земете оттука, среде Јордан, каде што стоеја неподвижно ножете на свештениците, дванаесет камења, понесети ги со себе и ставете ги на местото, каде што ќе ноќевате оваа ноќ!«“
4. Исус повика дванаесет луѓе, што ги избра од синовиет Израилеви, по еден маж од секое племе
5. и им рече: „Одете по мене пред Господа, вашиот Бог, среде Јордан и секој нека земе оттаму по еден камен, и нека го стави на рамо според бројот на племињата на синовите Израилеви,
6. за да бидат кај вас за секогаш знак; кога ќе те праша во подоцнежно време синот твои и ќе рече: »зошто се овие камења кај вас?«
7. а ти ќе му речеш на синот твој: »Водата во реката Јордан престана да тече пред ковчегот на заветот на Господа над целата земја; кога тој го преминуваше Јордан, тогаш водата јорданска пресуши«; и така тие камења ќе бидат кај вас како вечен споменик на синовите Израилеви.”
8. и синовите Израилеви направија така, како што заповеда Исус: зедоа дванаесет камења од среде Јордан, како што му рече Господ на Исуса, според бројот на племињата на синовите Израилеви, и ги понесоа со себе во логорот, и ги ставија таму.
9. И други дванаесет камења постави Исус среде Јордан на местото, каде што им стоеја нозете на свешетниците, кои го носеа ковчегот на заветот Господов. Тие се таму и до ден денес.
10. Свештениците, пак, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, стоеја среде Јордан, додека не беше свршено сè што Господ му беше заповедал на Исуса – точно така, како што му беше заповедал Мојсеј на Исуса; па потоа народот брзаше и преминуваше.
11. Кога целиот народ го премина Јордан, тогаш премина и ковчегот на заветот Господов и камењата пред нив.
12. И Рувимовите синови и Гадовите синови и полу племето Манасиево поминаа вооружени пред синовите Изриалеви, како што им беше заповедал Мојсеј.
13. Околу четириесет илјади вооружени за борба преминаа пред Господа кон градот Јерихон, за да се борат.
14. Во тој ден Господ го возвеличи Исус пред целиот род Израилев и почнаа да се бојат од него, како што се боеја од Мојсеја, сè додека беше жив.
15. И му рече Господ на Исуса, велејќи:
16. „Заповедај им на свештениците, што го носат ковчегот на заветот на сведоштвото, да излезат од Јордан.”
17. Исус им заповеда на свештениците и рече: „Излезете од Јордан!”
18. И кога свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, излегоа од Јордан, и штом нозете нивни стапија на суво, водата на Јордан се спушти на своето место, потече, како вчера и завчера, по целото корито.
19. И народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец и се смести во Галгал, на исток од Јерихон.
20. И дванаесетте камења, што ги беа зеле од Јордан, Исус ги постави во Галгал
21. и им рече на синовите Израилеви: „Кога ќе ве прашаат вашите синови, велејќи: »зошто се овие камења?«
22. кажете им на вашите синови: »Израил го помина Јордан по суво.«
23. Зашто Господ, вашиот Бог, ги исуши водите на Јордан за вас, додека да го преминете, исто онака, како што Господ, вашиот Бог, го направи со Црвеното Море, кое го исуши пред нас, додека го преминавме,
24. за да видат сите народи на земјата, дека раката Господова е силна, и да Го почитувате Господа, вашиот Бог, во секое време.”
5. Пасха во земјата Хананска. Пред Исуса се појавува Ангел Господен.
1. Кога аморејските цареви, што живееја од онаа страна на Јордан кон морето, и хананејските цареви, што се крај морето, чуја дека Господ Бог ги исушил водите на Јордан пред синовите Израилеви, додека тие преминувале, тогаш им се запреа мислите, се ужасија и не остана веќе во нив дух против синовите Израилеви.
2. Во тоа време Господ му рече на Исуса: „Направи си камени ножеви од остар камен и обрежи ги синовите Израилеви по вторпат!”
3. Тогаш Исус направи остри ножеви од камен, и ги обреза синовите Изриалеви во местото наречено Рид на обрезанието.
4. И така ги обреза Исус синовите Израилеви, кои тогаш се родија по патот, и кои меѓу излезените од Египет тогаш не беа обрезани, сите ги обреза Исус; сиот народ, што беше излегол од Египет, од машки пол, сите способни за војна умреа во пустињата по патот, откако без излагле од Египет;
5. бидејќи сите излезени беа обрезани, а сите, што беа се родиле во пустињата по патот, по излегувањето од Египет, не беа обрезани;
6. зашто синовите Израилеви четириесет години одеа по пустињата Мавдаритит; заради тоа мнозина не беа обрезани, додека изумреа сите способни за војна, што беа излегле од Египет, кои не го послушаа гласот Господов и на кои Господ им се залона, дека нема да ја видат земјата, која Господ со клетва беше им ја ветил на татковците нивни, дека ќе ни ја даде нам земјата, каде што тече мед и млеко,
7. а на место нив ги постави синовите нивни. Нив ги обреза Исус, зашто тие не беа обрезани; бидејќи нив, како родени по патот, не ги обрезуваа.
8. Сиот народ, откако беше обрезан, си остана на местото во логорот, додека не оздрави.
9. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Сега Јас го симнав од вас египетскиот срам!” И тоа место се наречува дури и до ден денес „Галгал”.
10. И се задржаа синовите Израилеви во логорот во Галгал и направија Пасха во рамнините Јерихонски на четиринаесеттиот ден од месецот, вечерта;
11. и на вториот ден по Пасха почнаа да јадат од пченицата на таа земја – бесквасни лебови и печени зрна во истиот тој ден;
12. и маната престана да паѓа во тој ден, по кое почнаа да јадат од житото на таа земја; и веќе немаше мана кај синовите Израилеви: во таа година тие јадеа од плодовите на Хананската земја.
13. Кога Исус се наоѓаше близу до Јерихон, погледна и виде, и ете, пред него стои човек, со истргнат меч во раката. Исус се приближи до него и му рече: „Наш ли си, или си од нашите непријатели?”
14. Тој му одговори: „Не; јас сум водачот на војската Господова, сега дојдов овде.” Исус падна ничкум на земја, се поклони и му рече: „Што ќе му заповедаш на својот слуга?”
15. Водачот на војската Господова му рече на Исуса: „Собуј ги обувките од нозете свои, бидејќи местото, на кое стоиш, е свето.” Исус така и направи.
16. А Јерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израилеви; никој не излегуваше и не влегуваше во него.
6. Синовите Израилеви го освојуваат Јерихон и го разоруваат.
1. Тогаш му рече Господ на Исуса: „Еве, Јас го предавам Јерихон во рацете твои и царот негов и силните луѓе во него;
2. опколете го градот сите вие, способни за војна, и обиколувајте го градот по еднаш секој ден, така правете шест дена;
3. и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите од рогови.
4. И штом ќе затрубат со трубниот рог, па го чуете гласот трубен, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе во градот, тргнувајќи секој од своето место.”
5. Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците Израилеви и им рече: „Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рожени труби пред ковчегот Господов!”
6. И им рече, велејќи: „Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.”
7. Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат громогласно со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив.
8. Вооружените, пак, одеа пред свештениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по кочегот на заветот Господов, трубеа со трубите.
9. На народот, пак, Исус му заповеда и рече: „Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви заповедам: викајте! – и тогаш ќе викнете.”
10. Така ковчегот на заветот Господов тргна околу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него.
11. На вториот ден Исус стана утрината рано, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов;
12. и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот на заветот Господов и свештениците затрубија со рожените труби.
13. И вториот дена го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена.
14. На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати.
15. И при седмото заобиколување свештениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: „Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот!
16. И градот нека биде проколнат, и сè што е во него, од силата Господова; само блудницата Раав запазете ја, неа и секој што е во домот нејзин; зашто таа ги сокри извидниците што ги пративме.
17. Но вие пазете се од клетвата, за да не паднете и самите по клетва, ако земете нешто од заколнатото, и со тоа на логорот и на синовте Израилеви да им нанесете клетва, и нас да нè истребите.
18. Златото, пак, среброто и бакарот и железото се за Господа и да се внесат во сокровиштето Господово!”
19. И затрубија свештениците со трубите. Штом го чу народот гласот на трубите, сите заедно извикаа со висок и силен глас, и сите градски ѕидишта паднаа, и целиот народ влезе во градот, секој од своето место, и го презедоа градот.
20. И проколна Исус сè што беше во градот, – мажите и жените, младите и старите, овците и ослите; сè се истреби со меч.
21. А на двајцата младичи што ја беа разгледале земјата, Исус им рече: „Влезете во домот на жената блудница и изведете ја оттаму неа и сите што се кај неа, бидејќи вие ѝ се заколнавте.”
22. Тогаш влегоа младичите, што го разгледуваа градот, во домот на жената и ја изведоа блудницата Раав и таткото нејзин, мајката нејзина, браќата нејзини и сите нејзини роднини и сите, што беа кај неа, ги изведоа и ги ставија надвор од логорот на Израилот.
23. А градот и сè што беше во него, го изгореа со оган; само среброто и златото, бакарот и железото ги предадоа, за да се внесат во сокровишницата Господова.
24. Блудницата, пак, Раав и целиот нејзин татков дом, Исус ги остави живи, и таа живее меѓу Израилот до денес, зашто ги сокри извидниците, што ги испрати Исус за да го разгледаат Јерохон.
25. Во тој ден Исус проколна и рече: „Проклет да биде пред Господа оној, што ќе го издигне и изгради овој град Јерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!” А тоа го направи Азан, родум од Ветил; тој го основа врз првородениот син свој Авирон и врз најмалиот, Спасен, ги постави портите негови.
26. И Господ беше со Исус, и славата Негова се разнесуваше по целата земја.
7. Поради кражба на проколнати работи Ахана го казнуваат со каменување.
1. Но синовите Израилеви направија голем грев и зедоа од заколнатото. Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син од Јудиното племе, зеде од заколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израилеви.
2. Од Јерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е на спротива на Витаин, источно од Ветил, и им рече: „Одете, разгледајте ја земјата!” Тие отидоа и го разгледаа Гај.
3. И откако се вратија кај Исуса, му рекоа: „Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.”
4. И така, отидоа таму од народот околу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред гајските жители;
5. гајските жители убија од нив до триесет и шест души, ги гонеа од портите и ги разбија при стрмнината на планината; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода.
6. Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господа и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израилеви, и ги посипаа со пепел главите свои.
7. И рече Исус: „Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе слугата Твој народот преку Јордан, за да ги предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Камо да бевме останале да живееме од онаа страна на Јордан!
8. О, Господи, што да кажам, бидејќи Израилот го свте грбот пред своите непријатели?
9. Хананејците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нè опколат и ќе нè истребат нас од земјата. И што ќе направиш за името Твое Големо?”
10. Господ му одговори на Исуса: „Стани, зошто падна ничкум?
11. Згрешија луѓето и ја прекршија мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу работите свои;
12. затоа синовите Израилеви не можат да издржат пред непријателите свои и им свртија грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото.
13. Стани, очисти го народот и кажи: „Очистете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израилев: »Проколнатото е во тебе, Израиле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себеси проклетството.
14. Соберете се утре сите според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите, што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек;
15. кој ќе биде фатен, дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сè што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господа и направил престап меѓу Израилот.”
16. Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше покажано Јудиното племе;
17. потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зара; му заповеда на Заровиот род да мине според домовите, и се појави родот на Завдија;
18. Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син, од Јудиното племе.
19. Тогаш Исус му рече на Ахан: „Синко, прослави Го Господа, Бога Израилев, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.”
20. Ахан му одговори на Исуса и рече: „Навистина, јас згрешив пред Господа, Бога Израилев, и го направив ова и ова;
21. меѓу предметите пленети видов една убава и добра облека, и две дидрахми сребро и еден сосуд од злато, со вредност од педесет дидрахми; тоа ми се свиде и јас го зедов; и, ете, тоа е сокриено во земјата во домот мој, и среброто е сокриено под него.”
22. Исус испрати луѓе, и тие отидоа во домот негов во логорот; и ете, сето тоа беше сокриено во домот негов, и среброто под него.
23. Тие го изнесоа тоа од домот, го донесоа кај Исуса и кај старешините Израилеви и го ставија пред Господа.
24. Тогаш Исус и сите Израилци со него го зедоа Заровиот син Ахан, среброто, облеката, и сосудот од злато, синовите негови и ќерките негови, воловите негови и ослите негови, овците негови и домот негов, и сè што беше негово, и го одведоа во долината Ахор.
25. И рече Исус: „Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.” И сите Израилци го убија со камења, го изгореа него и предметите со оган, и нафрлаа врз нив камења.
26. И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сè до ден денес. Потоа стивна силата од гневот на Господа. Поради тоа, она место денес се вика „Долината Ахор”.
8. Освојување на градот Гај.
1. И му рече Господ на Исуса: „Не палши се и не се ужасувај; земи ги со себе сите мажи, способни за војна и оди во Гај; ете, Јас го предавам во твои раце гајскиот цар и народот негов, градот негов, и земјата негова.
2. Направи му на Гај и царот негов исто она што му направи на Јерихон и царот негов; само пленот и добитокот негов поделете се го; постави заседа зад градот.”
3. Исус и сите мажи, способни за војна, се подготвија да одат во Гај; и одбра Исус триесет илјади души храбри и ги испрати во текот на ноќта,
4. им даде заповед, велејќи: „Скријте се зад градот; не се оддалечувајте од градот и бидете сите готови;
5. јас, пак, и сите мажи, што се со мене, ќе се доближиме до градот и штом жителите галски ќе излезат против нас, како и порано, ние ќе избегаме од нив;
6. тие ќе јурнат по нас, и така ние ќе ги одвлечеме од градот, зашто тие ќе речат: – бегаат од нас, како и порано -; откога ќе избегаме од нив,
7. вие станете од заседата и одете во градот, и Господ, вашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете ваши.
8. Откога ќе го преземете градот, запалете го градот со оган, постапете според заповедта моја; тоа ви го заповедам јас.”
9. Така ги испрати Исус, и тие отидоа во заседа и заседнаа меѓу Ветил и Гај, на запад, од Гај; таа ноќ преноќева Исус среде народот.
10. Откако стана утрината рано, Исус го прегледа народот и тргна тој и старешините Израилеви пред народот за Гај;
11. и сите мажи, способни за војна, што беа со него, тргнаа, се приближија и дојдоа до градот од спротива, од исток, додека заседата беше откај морето.
12. И се сместија на север од Гај, а меѓу нив и Гај имаше долина. Потоа Исус зеде до пет илјади души и го постави во заседа меѓу Ветил и Гај, на запад од градот.
13. И целиот логор, кој беше на север од градот, се распореди така, што западниот дел беше на запад од логорот. А Исус отиде таа ноќ среде долината.
14. Штом гајскиот цар го виде тоа, стана рано и излезе веднаш со жителите градски против Израилот во борба на определеното место пред рамнината; но тој не знаеше, дека против него има заседа зад градот негов.
15. Исус и целиот Израил, како божем се разбиени од нив, избегаа кон пустињата;
16. а тие го повикаа целиот народ, што беше во градот, за да ги гонат, и, гонејќи го Исуса, се оддалечија од градот;
17. и не остана во Гај и Ветил ниту еден човек, кој не беше тргнал по Израилот; а градот свој го оставија отворен, гонејќи го Израилот.
18. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Спружи го копјето, што е во раката твоја, кон Гај, бидејќи Јас ќе го предадам во рацете твои и заседата веднаш нека стане од местото свое!” Исус ја сприжи кон градот раката своја со копјето, што беше во раката негова.
19. А оние што беа во заседа станаа веднаш од местото свое и јурнаа, штом ја испружи раката своја, влегоа во градот, го презедоа и за миг го запалија со оган.
20. Жителите гајски, кога погледнаа назад, видоа, дека од градот се крева дим кон небото. Немаше каде да бегаат – ниту натаму, ниту наваму; зашто народот, што беше во пустињата, се сврте кон гонителите.
21. Исус и целиот Израил, кога видоа, дека оние што беа во заседа го презеле градот и дека од градот се крева дим кон небото, се вратија и почнаа да ги убиваат Гајците.
22. А оние од градот излегоа против нив, така што тие се надјоа меѓу Израилците, од кои едни беа на една страна, а другите на друга; така ги разбија, што не оставија од нив ниту еден жив, ниту избеган;
23. а гајскиот цар го фатија жив и го доведоа кај Исуса.
24. Откога Израилците ги убија сите жители од Гај во полето и пустињата, каде што ги гонеа, и откако тие сите до еден паднаа од сечилото на мечот, тогаш сите Израилци се вратија во Гај и го поразија со сечилото на мечот.
25. Загинатите од тој ден мажи и жени, сите од Гај, беа дванаесет илјади.
26. Исус не ја тргна раката своја, што ја беше испружил со копјето, додека не ги проколна сите од Гај;
27. само добитокот и пленот од тој град синовите Израилеви го поделија меѓу себе, според Господовиот збор, што Господ беше му го кажал на Исуса.
28. Тогаш Исус го изгори Гај и го претвори во вечни урнатини, во пустињата до денес;
29. а гајскиот цар го обеси на дрво и го остави на дрвото до вечерта; по зајдисонце Исус пак им заповеда, и го симнаа трупот негов од дрвото, го фрлија пред градските порти во ров, и натрупаа врз него голема грамада камења, која постои до ден денешен.
30. Тогаш Исус му изгради жртвеник на Господа, Бога на Израилот, на гората Гевал,
31. како што Мојсеј, слугата Господов, им беше заповедал на синовите Израилеви, за кое беше напишано во книгата на Мојсеевиот закон, – жртвеник од цели камења, до кои не допрело железо; и принесоа врз него сепаленица на Господа и жртва за спасение.
32. И таму на камењата Исуа напиша препис од законот на Мојсеја, што тој го беше напишал пред синовите Израилеви.
33. Сиот Израил, старешините негови и управителите негови и судиите негови, застанаа од едната и од другата страна на ковчегот спроти свштениците, – левитите, кои го носеа ковчегот на заветото Господов, – како придојдените, така исто и придојдените жители, едната половина од нив кај планината Гаризим, а другата половина кај планината Гевал, како што порано Мојсеј, слугата Господов, беше заповедал да се благослови народот Израилев.
34. Потоа Исус го прочита сите зборови од законот, благословувањата и проклетстава, како што е напишано во книгата на законот;
35. од сè она, што Мојсеј му беше заповедал на Исуса, немаше ни збор, што Исус не го причита пред целото Израилско собрание, пред мажите и жените и децата и придојдените, што се најдоа меѓу нив.
9. Жителите на Гаваон се здобиваат со пријателство преку лукавство.
1. Откако го чуја тоа аморејските цареви, кои беа од оваа страна на Јордан, по планината и рамнината и по целиот брег на Големото Море, и кои беа близу до Антиливан, – Хетејците, Аморејците, Гергесејците, Хананејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците,
2. се собраа сите, за да удрат заедно против Исуса и Израилот.
3. Но жителите гаваонски, откако чуја, што му направил Господ на Јерихон и на Гај,
4. употребија и тие итрина; отидоа и се снабдија со храна за пат и ставија ветви вреќи на ослите свои и ветви, испокинати и закрпени мевови за вино;
5. и обувките на нозете им беа стари, закрпени, и облеката нивна – ветва; и сиот леб нивни за пат беше сув и мувлосан.
6. Тие дојдоа кај Исуса во логорот Израилев во Галгал и му рекоа нему и на сите Израилци: „Ние сме дојдени од многу далечна земја; впрочем ако сакате склучете со нас сојуз.”
7. А Израилците им одговорија на Евејците: „Вие, можеби живеете близу до нас; како ќе склучиме сојуз со вас?”
8. Тие му рекоа на Исуса: „Ние сме твои робови.” А Исус ги праша: „Кои сте вие и од каде сте дошле?”
9. Тие му одговорија: „Од многу далечна земја се дојдени твоите робови во името на Господа, твојот Бог, зашто ја чувме славата Негова и за сè што извршил Он во Египет,
10. и за сè она, што им направи на двајцата аморејски цареви, кои беа од онаа страна на Јордан, на есевонскиот цар Сион и на васанскиот цар Ог, кои живееја во Астарот и во Едраин.
11. Кога го чуја тоа, старешините наши и сите жители на нашата земја ни рекоа: земе во рацете свои леб за пат, одете им во пресрет и кажете им: »Ние сме ваши робови; па, ако сакате, склучете сојуз со нас.
12. Овој наш леб го зедовме од куќите наши топол во денот, кога тргнавме кон вас, а сега ете, тој се исушил и мувлосал;
13. и овие мевови со вино, кои кога ги наполнивме беа нови, ете се испокинаа; и овие наши облеки и обувките изветвеа поради многу долгиот пат.”
14. И кнезовите го зедоа лебот нивни, а Господа не го прашаа.
15. Тогаш Исус склучи со нив мир и постави услов, дека ќе им го зачува животот; и кнезовите на народот им се заколнаа.
16. А по три дена, откако склучија со нив сојуз, слушнаа дека тие биле нивни соседи и дека живеат близу до нив;
17. зашто синовите Израилеви кога тргнаа на пат, дојдоа до градовите нивни на третиот ден; градотиве нивни, пак, беа: Гаваон, Кефира, Вирот и уште градот Јарим.
18. Исус и синовите Израилеви не ги погубија, зашто сите кнезови народни им се заколнаа во Господа, Израилевиот Бог. Затоа целото општество Израилево замрмори против кнезовите.
19. Сите кнезови му рекоа на целиот народ: „Им се заколнавме во Господа, Израилевиот Бог, и затоа не можеме да ги допреме нив;
20. а, еве, што ќе направиме со нив: ќе ги оставиме живи, за да не нè стигне гневот поради клетвата, со која им се заколнавме.”
21. И им рекоа уште кнезовите: „Нека живеат, но ќе сечат дрва и ќе носат вода за целото општество.” И целиот народ направи така, како што му рекоа кнезовите.
22. Исус ги повика и им рече: „Зошто нè измамивте, кога рековте: »ние сме многу далеку од вас, а вие сте живееле блиску до нас?«
23. Отсега да сте проклети! Вечно ќе бидете робови, ќе сечете дрва и ќе носите вода за мене и за домот на мојот Бог!”
24. Тие му одговорија на Исуса и рекоа: „Дојде до ушите на твоите робови, дека Господ, твојот Бог, му заповедал на својот слуга Мојсеј, оти ќе ви ја даде цела земја, и дека ќе нè погуби нас и сите жители на оваа земја пред лицето ваше; затоа ние многу се уплашивме да не ни го земете животот, па го направивме тоа;
25. сега, ете, ние сме во твои раце: како ти се чини дека е подобро и посправедливо да постапиш со нас, така и направи.”
26. И Исус така и постапи со нив: ги избави од рацете на синовите Израилеви, и тие не ги погубија.
27. И во тој ден Исус нареди тие да сечат дрва и да носат вода за целото општество и за жртвеникот на Господа; поради тоа оние што живееја во Гаваон станаа дрвари и водари за жртвеникот Божји дури и до денес, на она место, што ќе го избере Господ.
10. Чудесната победа над пет аморејски цареви.
1. Кога ерусалимскиот цар Адонивезек чу, дека Исус го презел Гај и го предал на клетва, и дека постапил со Гај и со царот негов така, како што постапил со Јерихон и царот негов, и дека Гаваонците склучиле мир со Исуса и со Израилот и со другите меѓу нив,
2. тој многу се уплаши, бидејќи Гаваон беше голем град, како еден од царските градови, и поголем од Гај, и сите жители негови беа храбри луѓе.
3. Поради тоа ерусалимскиот цар Адонивезек испрати пратеници кај хевронскиот цар Елам, и кај Феран, царот јеримутски, и кај Афи, царот лахиски, и кај Давир, царот одоламски, да им кажат:
4. „Дојдете кај мене и помогнете ми да го сосипеме Гаваон, затоа што склучи мир со Исуса и синовите Израилеви.”
5. Тие се собраа и отидоа петмина аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јеримутскиот цар, лахискиот цар, одоламскиот цар, тие и целиот нивни народ, и го опседнаа Гаваон и почнаа да војуваат против него.
6. Гаваонците испратија до Исуса во логорот Израилев во Галгал, да кажат: „Не ја тргнувај раката од твоите робови; дојди поскоро кај нас, избави нè и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините.”
7. Исус тргна од Галгал, тој и со него сите способни за војна, и сите храбри мажи.
8. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не се бој од нив, зашто Јас ги предадов во рацете твои: никој од нив нема да устои пред лицето твое.”
9. И ги нападна нив Исус ненадејно, бидејќи целата ноќ беше одел од Галгал.
10. Господ ги доведе во забуна од Израилците, и тие им нанесоа голем пораз во Гаваон, ги гонеа по патот кон Веторон и ги поразуваа дури до Азик и до Макид.
11. А кога бегаа од Израилците по падините на Веторонската планина, Господ фрлаше врз нив од небото големи камења до самиот град Азик, и тие умираа: умрените од камењата беа повеќе, отколку оние, што синовите Израилеви ги убија со меч во борбата.
12. Тогаш Исус Му рече на Господа во оној ден, во кој Господ Бог го предаде Амореј во рацете на Израилот – откако ги порази во Гаваон, и тие беа избиени од синовите Израилеви, – и рече пред Израилците: „Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Елон!”
13. И сонцето застана, и месечината стоеше, додека Бог им се одмаздуваше на непријателите нивни. Нели е тоа запишано во книгите на Праведниот: »Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде скоро цел ден?«
14. Таков ден немало ни пред ни по оној, во кој Господ така да послушал човечки глас. Зашто Господ војуваше за Израилот.
15. Потоа Исус и целиот Израил со него се вратија во логорот, во Галгал.
16. А оние петмина цареви избегаа и се сокрија во пештерата во Макид.
17. Кога му јавија на Исуса и му рекоа: „Ги најдовме петмината цареви, тие се кријат во пештерата во Макид”,
18. Исус рече: „Навалете големи камења пред влезот на пештерата и поставете кај неа луѓе да ги пазат;
19. а вие не се задржувајте тука, туку гонете ги непријателите ваши, истребувајте ги последните делови од војската нивна и не им дозволувајте да отидат по градовите нивни, бидејќи Господ, вашиот Бог, ги предаде во рацете ваши.”
20. Откако Исус и синовите Израилеви им нанесоа многу голем пораз, и другите од нив избегаа во утврдените градови,
21. целиот народ се врати мирно во логорот кај Исуса во Макид, и никој не отвори уста против синовите Израилеви.
22. Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и доведете ги кај мене од пештерата петмината цареви!”
23. Така и направија: ги доведоа кај него од пештерата петмината цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јермутскиот цар, лахискиот цар и одоламскиот цар.
24. Кога ги изведоа овие цареви пред Исуса, Исус ги повика сите Израилци и им кажа на воените началници, што беа оделе со него: „Приближете се, стапнете со нозете свои врз вратовите на тие цареви!”
25. Исус им рече: „Не плашете се и не се ужасувајте, бидете цврсти и храбри; зашто така ќе постапи Господ со сите ваши непријатели, со кои ќе војувате.”
26. Потоа Исус ги уби, и ги обеси на пет дрвја; и висеа на дрвјата до вечерта.
27. На зајдисонце Исус заповеда, и ги симнаа од дрвјата, ги фрлија во пештерата, во која се криеја, и на влезот на пештерата натрупаа големи камења, кои се и денес таму.
28. Во истиот ден го презедоа Макид и го поразија со меч него и царот негов, и сè живо, што се наоѓаше во него: не оставија никој, кој да не беше погоден или да избегал; и со макидскиотт цар постапија така, како што постапија со јерихонскиот цар.
29. Потоа тргна Исус и сите Израилци со него од Макид за Левна и војуваше против Левна
30. И ја предаде Господ и неа во рацете на Израилот и ја презедоа неа и царот нејзин, и истреби Исус со меч сè живо, што се наоѓаше во неа; не остави во неа никој, што не беше погоден или да избегал, а со царот постапи така, како што постапи со јерихонскиот цар.
31. Од Левна тргна Исус и сите Израилци со него за Лахис, се улогори пред него и почна да војува против него;
32. и го предаде Господ Лахис во рацете на Израилот, и тој го презеде во вториот ден, и го порази со меч него и сè живо, што беше во него, и го истреби така, како што постапи со Левна.
33. Тогаш на помош на Лахис му дојде газерскиот цар Орам; но Исус го порази со меч и него и народот негов така, што не остави од народот никој што не беше погоден или да избегал.
34. И тргна Исус и сите Израилци со него од Лахис за Аглон, се улогори пред него и почна да војува против него;
35. го предаде Господ и него во рацете на Израилот и го презедоа во истиот ден и го поразија со меч, и со сè живо, што се наоѓаше во него во тој ден, постапи така, како што постапи со Лахис.
36. Потоа појде Исус и сите Израилци со него од Аглон за Хеврон, го опседнаа,
37. го презеде и го порази со меч него и царот негов, сите градови негови и сè живо, што се наоѓаше во него; не остави никој, што не беше убиен; како што постапи со Аглон, така го порази и него и сè живо, што се наоѓаше во него.
38. Потоа се обрна Исус и целиот Израил со него кон Давир и го опседна;
39. го презедоа него, царот негов и сите села негови, и го поразија со меч, и ги истребија нив и сè живо, што се наоѓаше во него: никого не остави жив; како што постапи со Хеврон и царот негов, со Левна и царот нејзин, така постапи и со Давир и царот негов.
40. И ја порази Исус целата планинска земја, и Нагев и рамницата и Асидот и сите цареви нивни; не остави никого да преживее, и сè живо погуби, како што беше заповедал Господ, Бог Изриалев.
41. го порази Исус од Кадис – Варни дури до Газа и целата земја Госом дури до Гаваон;
42. и сите тие цареви и земјите нивни Исус ги презеде веднаш, бидејќи Господ, Бог Израилев, му помагаше на Израилот.
43. Потоа Исус и сите Израилци со него се вратија во логорот, во Галгал.
11. Истребувањето на многу ханански племиња.
1. Кога го чу тоа асорскиот цар Јавин, прати луѓе кај мадонскиот цар Јовав и кај семерскиот цар, и кај ахавскиот цар,
2. и кај царевите, што живееја на планината, и во Арав спрема Хенерет, и во рамнината и во Нафадор
3. и кај приморските Хананејци, што живееја на исток, и кај приморските Аморејци, и кај Хетејците, и кај Ферезејците и Јевусејците, кои живееја во планината, и кај Евејците, што се под Аермон, во земјата Масиф.
4. И излегоа сите тие цареви, а со нив и многу луѓе, толку многу колку песокта во приморјето, со коњи и многу коли.
5. И слегоа сите тие цареви, па се соединија и се сместија кај водата Марон, за да војуваа против Израилот.
6. но Господ му рече на Исуса: „Не се плаши од нив, зашто утре, во ова време, ќе им ги предадам нив сите на синовите Изралеви, за да ги убијат; а на коњите да им ги пресечат жилите и колите со оган да ги изгорат.”
7. Исус и со него сите способни за војна излегоа нанадејно против нив кај Меронската вода и ги нападнаа во планините.
8. И Господ ги предаде во рацете Израилеви, и тие ги разбија и ги гонеа дури до големиот Сидон и до Масерфот – Маим и до полињата Масифски на исток, и ги убиваа сè додека од нив не остана никој жив, или да избега.
9. И постапи Исус со нив така, како што му рече Господ: на коњите им ги пресече жилите, а колите им ги изгоре со оган.
10. Во исто време Исус, откако се врати, го презеде Асор и царот негов го уби со меч. Асор, пак, порано владееше над сите тие царства;
11. и погуби со меч сè живо, што беше во него, и не остави во него ниедна жива душа. А Асор, тој го изгоре со оган.
12. И сите градови на тие цареви ги зазеде Исус, и царевите со меч ги уби, како што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов.
13. Но, сите тие утврдени градови, Израилот не ги изгоре, освен само Асор, кој го запали Исус.
14. А сето богатство од тие градови и сиот добиток го запленија синовите Израилеви; сите луѓе, пак, ги убија со меч, така што сите беа истребени; не оставија од нив ниту една жива душа.
15. Како што му беше заповедал Гопод на својот слуга Мојсеј, така Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус така и направи: не отстапи ниту од еден збор во сè што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
16. Така ја презеде Исус целата онаа планинска земја, и целата земја Нагев и целата земја Госом, како и рамнината на запад, и планината Израилева, и полињата покрај планината,
17. од планината Хелх, која се протега кон Сеир, и дури до Валгад, и полето Ливан, под планината Аермон, и сите цареви нивни ги фати и ги уби.
18. Долго време Исус војуваше со тие цареви.
19. И немаше ниеден град, кој Господ не му го предаде на Израилот, освен Гаваон во кој жевееја Евејците; сите тие со борба ги зазедоа;
20. зашто од Господа беше тоа, тие да го ожесточат срцето свое и да започнат борба против Израилот – за да бидат истребени и за нив да нема милост, туку да бидат погубени така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
21. Во тоа време пристигна Исус и ги порази сите Енакијци на планината, во Хеврон, во Давир, во Анов, по целата планина Израилева, и по целата планина Јудина со градовите нивни и ги истреби Исус.
22. Од Енакијците на остана ниеден во земјата на синовите Израилеви; останаа само во Газа, во Гет и во Асидот.
23. Така ја презеде Исус целата земја, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, и му ја предаде Исус во наследство на Израилот, откако ја раздели на племињата нивни. И земјата престана да војува.
12. Победени триесет и еден цар на обете страни од реката Јордан.
1. Еве ги царевите на оние земји, кои синовите Израилеви ги убија и чија земја ја наследија од онаа страна на Јордан, од источната страна, од Арнонската долина дури до планината Ермон, и целата рамнина на исток;
2. Сион, аморејскиот цар, кој живееше во Есевон и владееше од Ариор, што е кај бреговите на потокот Арнон, кон средината на потокот, и половината Галад, до потокот Јавок, предели на синовите амонитски;
3. И Арав дури до Хенеретското Море на исток, и дури до морето Аравско, Соленото Море, на исток по патот за Витсимот, и од Теман кое е под гората Фазга;
4. и Ог, васанскиот цар, последниот од исполините кој живееше во Астарот и во Едраин,
5. и владееше од планината Ермон и Селха, и со целиот Васан, до Гесурската и Махатската граница, и со половината на Галад, до пределите на есевоскиот цар Сион.
6. Мојсеј, слугата Господов, и синовите Израилеви ги убија; и ја даде Мојсеј, слугата Господов, во наследство на племето Рувимово и Гадово и на полуплемето Манасиево.
7. А ова се царевите аморејски, кои ги прази Исус и синовите Израилеви од онаа страна на Јордан на запад, крај морето Валгад во Ливанската долина до планината Алок, која се протега кон Сеир, и чија земја Исус им ја даде во наследство на племињата Израилеви со жреб;
8. по планината, по низините, и во Арав, и во Асидот, и во пустињата, и во Нагев, каде што живеат Хетејците, Аморејците, Хананејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците;
9. царот јерихонски и царот на Гај, што е близу до Ветил,
10. царот ерусалимски, царот хевронски,
11. царот јеримутски, царот лахиски,
12. царот еглонски, царот газерски,
13. царот давирски, царот гадерски,
14. царот ерматски, царот адерски,
15. царот левиски, царот одоламски,
16. царот макидски, царот ветилски,
17. царот апфуски, царот оферски,
18. царот афекски, царот хесаромски,
19. царот самвронски, царот фувски,
20. царот маронски, царот ахсадски,
21. царот танахски, царот магдедонски,
22. царот кедески, царот јаконски, – Хермел
23. царот адорски при Нафедор, царот гоимски во Галгал,
24. и царот терски. Вкупно триесет и еден цар.
13. Поделба на земјата.
1. Кога Исус остаре и беше во напредна возраст, Господ му рече: „Ти остаре и веќе си во напреднати години, а останува уште многу да се завладее.
2. Остануваа уште овие земји: сите филистимски предели, Гесур и Ханан,
3. ненаселениот ханански крај од Египет дури до границите на Акарон на север, им припаѓа на пет филистимски области: Газа, Азот, Аскалонит, Гет Акаронит и Евеја.
4. Од Теман, пак, целата Хананска земја спрема Газа и Сидон, до Афек, дури до аморејските граници.
5. исто така целата земја Гавла филистимска и целиот Ливан од исток, од Галгал, што е под планината Ермон, до влезот во Емат.
6. Сите планински жители од Ливан до Масерфот – Маим, сите сидонци Јас ќе ги изгонам пред синовите Израилеви. Па раздели му ја со жреб на Израилот, како што ти заповедав;
7. раздели ја оваа земја сега како дел од наследството на деветте племиња и на племето Манасиево – од Јордан дури до Големото Море на запад; ним дај им ја: Големото Море нека биде граница.
8. А племето Рувимово и Гадово, со другото полуплеме Манасиево, го добија својот дел од Мојсеја од онаа страна на Јордан, на исток, како што им беше дал Мојсеј, слугата Господов,
9. од Ариор, кој е до устието на потокот Арнон, и градот, кој е среде долината, и целиот Мисор од Медаван;
10. исто така сите градови на аморејскиот цар Сион, кој царуваше во Есевон дури до пределите на амонитските синови,
11. како и Галад и Гесурската и Мехадската област, и целата планина Аермон и целиот Васан до Елхи,
12. целото царство Огово во Васан, кој царуваше во Астарот и во Едраин. Тој сам остана од исполините, кого Мојсеј го порази и уби.
13. Но Израилевите синови не ги изгонија жителите на Гесур и Махад и Ханан, и Ресурците и Махатците жевеат меѓу Израилот и до ден денешен.
14. Само на Левиевото племе не му даде наследство; Господ, Израилевиот Бог, е негово наследство, како што му беше рекол Господ; а ова се деловите, што им ги определи Мојсеј на синовите Израилеви според племињата нивни во Аравот Моавски од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон:
15. на племето на Рувимовите синови според родовите нивни Мојсеј им даде дел:
16. нивните предели беа од Ариор, што е спрема долината Арнонска, и градот, што е во долината Арнонска,
17. и сета земја Мисорска дури до Есевон и Девор и Вамот Вал,
18. И Јаса, и Кадимот, и Мифат, и
19. Кариатем, и Севам и Сард,
20. и Сиор на планината Енак, и Бетфагор, и Асидот – Фасга, и Витсимут;
21. сите градови Мисорски и целото царство на аморејсиот цар Сион, кој царуваше во Есевон, и кого го уби Мојсеј, како и мадијамските старешини Евија, и Роком, и Сур, Ур и Ровек, сиорски кнезови, што живееја во таа земја;
22. исто така и врачот Валаам, Веоровиот син, го убија со меч Израилевите синови во борбата.
23. Предел на Рувимовите синови беше Јордан. Тоа беше делот на Рувимовите синови според племињата нивни, – градовите и селата нивни.
24. Мојсеј им даде наследство и на Гадовите синови, според племињата нивни:
25. нивни предели беа Јазир и сите галадски градови и половината од земјата на Амоновите синови до Ароир, што е пред Рават;
26. и земјите од Есевон до Рамот кај Масфе и Вотаним и Манаим до Дивировите предели,
27. а и во Емек Витарам, и Витнамра, и Сахот Сафон, остаток од царството на есевонскиот цар Сион; неговата граница беше Јордан до Хенеретското Море од онаа страна на Јордан, кон исток.
28. Тоа е наследството на Гадовите синови според племињата нивни, – градовите нивни и селата нивни.
29. Мојсеј му даде дел и на полуплемето Манасиево, според родовите нивни;
30. нивни предели беа: од Манаим, и целот царство Васанско, и целото царство на васанскиот цар Ог и сите села Јаирови во Васан – шеесет градови;
31. а половината од Галад, и во Астарот и во Едраин, градови царски на Ог Васански, тие им беа дадени на синовите од Махира, Манасиев син, и половина на Махировите синови, според родовите нивни.
32. Тоа е наследство што им го даде Мојсеј во Аравот Моавски од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон, кон исток.
33. А на Левиевото племе Мојсеј не ме даде дел: Самиот Господ, Бог Израилев, е нивни дел, како што им беше рекол Он.
14. Наследството на Халев.
1. Еве што наследија синовите Израилеви во Хананската земја, што им раздели свештеникот Елеазар и Исус Навинов, и кнезовите на татковските племиња на синовите Изралиеви;
2. на деветте племиња и на полуплемето Манасиево, разделба извршија со жреб, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја,
3. зашто на двете племиња и на племето Манасиево Мојсеј им даде наследство од онаа страна на Јордан; а на левитите не им даде дел меѓу нив,
4. бидејќи од Јосифовите синови произлегоа две племиња: Манасиевото и Ефремовото; поради тоа не им се даде на Левитите дел од земјата, туку само градови за живеење и предградија за добитокот нивни и за други нивни потреби.
5. Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така и направија синовите Израилеви, кога ја разделуваа земјата.
6. Јудините синови дојдоа во Галгал кај Исуса. И му рече Кенезеецот Халев, синот Јефониев: „Ти знаеш, што му говореше Господ на Мојсеја, човекот Божји, за мене и за тебе во Кадис-Варни.
7. Јас бев на четириесет години, кога Мојсеј, слугата Господов, ме прати од Кадис-Варни да ја разгледам земјата и му донесов одговор, она што ми беше на срцето;
8. браќата мои, кои одеа со мене, го обесхрабрија срцето на народот, но јас точно го следев Господа, мојот Бог;
9. и се заколна Мојсеј во оној ден, велејќи: »земјата, по која одеше, ќе биде наследство за тебе и за децата твои за навек, бидејќи ти одеше точно по Господа, мојот Бог.«
10. И така, ете, Господ ме запази жив, како што говореше; четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеја, и Израилот одеше по пустиња; сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години;
11. но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам.
12. Затоа, дај ми ја таа гора, за која говореше Господ во оној ден; бидејќи ти чу во тој ден, дека таму живеат Енаковите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ.”
13. Исус го благослови и му го даде во наследство Хеврон на Јефоновиот син Халев, Кенезеецот.
14. Затоа Хеврон остана и до денес во наследство на Јефониовиот син Халев, Кенезеецот, бидејќи постојано се покоруваше на заповедите од Господа, Израилевиот Бог.
15. Името на Хеврон порано беше Аргов, како што се викаше еден крупен човек меѓу синовите Енакови. Така земјата се смири од војна.
15. Границите и градовите на Јудиното племе.
1. Племето на Јудините синови, според родовите нивни, го доби овој предел: граница до Идумеја им беше пустињата Син кон Лив и дури до Кадис на југ.
2. Нивната јужна граница беше дел од Соленото Море, што се простира на југ;
3. на југ таа оди кон Акравим на возвишението, го обиколува Син, влегува од југ кон Кадис-Варни, излегува на Есрон и се протега до Адар, оди на запад од Кадис и свртува кон Акрак,
4. потоа излегува на Асемон, оди кон Египетската долина, така што крајот на таа граница е морето. Тоа е нивната јужна граница.
5. Границата на исток и целото Солено море, до крајот на Јордан; а границата на север почнува од Соленото Море до крајот на Јордан;
6. оттука границата оди кон Витагла, мунува на север кон Ветара и оди угоре до каменот на Рувимовиот син Веор;
7. потоа границата се спушта кон Давир од долината Ахор на север свртува кон Галгал, кој е спроти возвишението Адамин на југ од потокот; потоа границата преминува кон источните води и завршува кај Рогил;
8. оттука границата оди угоре кон долината на Еномовите синови, на југ од Јевус, кој е Ерусалим; и границата оди по врвот на гората, што е на запад спроти Еномовата долина кон морето до крајот на Рефаимската долина на север;
9. од врвот на гората границата свртува кон изворот на водите Нефтоах и оди преку гората Ефрон; и границата свртува кон Ваал, а тоа е градот Јарим;
10. потоа границата свртува од Ваал кон морето и оди кон планината Сир и излегува на север зад градот Јарим, кој и Хаслон, слегува кон градот на сонцето и мине на југ;
11. оттука границата оди на север позади Акарон; границата свртува кон Сакхарон, мунува преку гората на Ваалови стигнува до Јавнил; и границата завршува кај морето. Западната граница е Големото Море.
12. Тоа се околните граници на Јудините синови според нивните родови.
13. А на Јефоновиот син Халев Исус му даде еден дел меѓу Јудините синови, како што му беше заповедал Господ на Исуса; а му го даде Исус и градот Киријат-Арва, односно таткото Енаков; тоа е градот Хеврон.
14. Јефоновиот син Хелав ги истера оттаму трите Енакови синови: Суси, Толмај и Ахим.
15. Оттаму Халев тргна против Давираните; порано Давир се нарекуваше Киргејат-Сефер.
16. И рече Халев: „Кој ќе го порази Давир и го презеде, ќе му ја дадам ќерката моја Асхан за жена.”
17. И го презеде Готонил, син на Кенезеецот, братот на Халев, и тој му ја даде ќерка си Асхан за жена.
18. Кога требаше таа да замине, ја посоветува да побара од таткото свој земја, и таа слезе од ослето. Халев ја запраша: „Што сакаш?”
19. Таа одговори: „Благослови ме; ми даде јужна земја, дај ми ги и Голат-Маим.” И тој ѝ ги даде Голат-Маим, горните и долните извори.
20. Ете тоа е наследството на племето на Јудините синови, според родовите нивни.
21. А ова се градовите на Јудините синови, во пределите соседни на Идумеја, на југ: Кавсен, Едраим и Јагур;
22. Кина, Димона, Адада,
23. Кадес, Асор, и Итнасит,
24. Телем, Зиф и Валот,
25. Асор новиот, и градот Асером, инаку Асор,
26. Ама, Сама и Модада,
27. Асергада и Вефталет,
28. Асарсула и Вирсавија со селата нивни и предградијата нивни.
29. Вал, Авим и Асем,
30. Елтолад, Хесил и Ерма,
31. Сикелек, Ведевина и Сансана,
32. Лавот, Селеим, Аин и Ремон; сите градови се дваесет и девет со селата нивни.
33. Во рамнината: Естаол, Сара, Асна и Рамен
34. Зано, Ингоним, Тафуа и Инаим,
35. Јеримут, Одолам и Немра, Сохо и Азика,
36. Сагарим, Адијатаим, Гадира со селата нејзини; четириесет градови со селата нивни.
37. Сенам, Адаса, Магдалгад,
38. Далан, Масфа, и Јектаил,
39. Лахис, Васхат и Еглом,
40. Хавон, Ламас и Хатлос,
41. Гадирот, Вит-Дагон, Нома и Макид; шеснаесет градови со селата нивни.
42. Левна, Атер и Асан,
43. Јефта, Асен и Несит,
44. Кејла, Ахзев и Мариса и Едом: девет градови со селата нивни.
45. Акарон и селата негови, и предградијата негови,
46. и од Акарон, Јемна и сè што е до Аздот со селата нивни.
47. Азот, селата негови и предградијата негови, Газа, со селата нејзини и предградијата нејзини, до самиот Египетски поток и до Големото Море, кое што е граница;
48. и на возвишенијата: Сафир, Јефер и Сохо,
49. и Рена, град убав, а тоа е Давир,
50. Анов, Естемо и Аним,
51. Госом, Хилуон и Гилом, единаесет градови со селата нивни.
52. Ерев, Есан и Рума,
53. Јанум, Вет-Тафуе и Афак,
54. Хамата и градот Арво, а тоа е Хеврон, и Сиор – градови девет и селата нивни.
55. Маон, Хермел, Зиф и Јета,
56. Јездраел, Јекдам и Зано,
57. Аким, Гава и Тамна – градови десет со селата нивни.
58. Алул, Ветсур и Гедор,
59. Марот, Ветанон и Еледекен – шест градови со селата нивни; Теко, Ефрата, односно Витлеем Фагор, Етам, Кулон, Татами, Сорис, Карем, Галим, Ветир и Манохо: единаесет градови со селата нивни.
60. Каријат-Вал, а тоа е градот Јарим, и Арева: два града со селата и предградијата нивни;
61. Вадаргис и Витарава, Мадон и Сахоха,
62. Невсан, градот на сол, и Ингад – шест градови и селата нивни.
63. Но Јудините синови не можеа да ги изгонат Јевусејците, жителите на Ерусалим, и затоа Јевусејците живеат со синовите на Јуда во Ерусалим до денес.
16. Наследството на Ефремовите синови.
1. Потоа жребот падна на Јосифовите синови: од Јордан кај Јерихон, кон Јерихон на исток, во планинската пустиња, која се протега од Јерихон кон Ветил;
2. од Ветил границата оди кон Луз и мунува кон пределот Архијатарот,
3. се спушта кон морето, кон границата Јефалтимска дури до пределот Ветарон долни, па и до Газер и излегува кај морето.
4. Тоа го добија како дел Јосифовите синови Ефрем и Манасија.
5. Границата на Ефремовите синови според родовите нивни беше оваа: откај исток границата на нивното наследство беше Атарот и Адар до горни Веторон;
6. потоа границата оди кон морето на север до Махтот, свртува на исток кон Тинат-Силом и минува источно од Јанох;
7. а од Јанох, откако слегува кон Атарот и Нарат, допира до Јерихон, и селата нивни и излегува на Јерихон;
8. од Тапфу границата оди кон морето, кај потокот Кана, и завршува кај морето. Тоа е делот на племето на синовите Ефремови, според родовите нивни.
9. Имаше одделни градови за Ефремовите синови и во наследство на Манасеивите синови, – и сите тие градови беа со селата нивни.
10. Но Ефремовите синови не ги изгонија Хананејците, кои живееја во Газер; затоа Ханенејците живеат меѓу Ефремовците до денес, и им плаќаат данок. Најпосле дојде египетскот цар – Фараон, го презеде градот и со оган го изгори, а Хананејците и Ферзејците и жителите на Газер беа убиени, а Фараонот го даде пленот на ќерката своја.
17. Наследство на втората Манасиева половина.
1. Еве го наследството на племето Манасиево, кој беше Јосифов првороден син. На Манасиевиот првороден син Махир, татко на Галад, кој беше храбар во борба, му се падна Галад и Васан.
2. Добија наследство и другите Манасиеви синови, според родовите нивни; и синовите Ахизерови, и синовите Елекови, и синовите Есрилови, и синовите Сехемови, и синовите Семираелови, и синовите Оферови. Тоа се синовите Манасиесви, синот на Јосифа, според родовите нивни.
3. Салпад, пак, синот на Офер, кој беше син на Галад, а овој – син на Мехир, Манасиев син, немаше синови, туку само ќерки. Еве ги имињата на ќерките негови: Мала, Нуа, Егла, Мелха и Терса.
4. Тие дојдоа кај свештеникот Елеазар и кај Исуса, синот Навинов, и кај кнезовите, и рекоа: „Бог му беше заповедал на Мојсеја да ни даде дел меѓу нашите браќа.” И им се даде наследство, па заповед на Господа, меѓу браќата на таткото нивни.
5. И Манасија го доби во наследство полето Лавеково, освен земјата Галадска и Васанска од онаа страна на Јордан;
6. зашто ќерките на синовите Манасиеви добија делови меѓу синовите негови, а Галадската земја им се падна на другите Манасиеви синови.
7. Границата на синовите Мансиеви оди до Асир-Махтот и Данат, кој е спроти Сихем; оттука границата излегува на Јамин и на Јасиф, кај изворот Тафтот.
8. Земјата Тафтот му се падна на Манасија, а пределот на Манасеивиот Тафтот – на Ефремовите синови.
9. Оттука границата слегува кон долината на Кана, на југ по долината Јарим. Градот Теревит му припаѓа на Ефрема, иако е меѓу градовите на Манасија. Манасиевата граница е на север од потокот и завршува кај морето.
10. Она што е на југ, тоа е Ефремово, а она што е на север, тоа е Манасиево; а морето им е нивна граница; со Асир се граничи откај север, а со Исихар откај исток.
11. На Манасија му припаднаа меѓу Исахар и Асир, Ветсан со селата негови, Јевлам и селата негови, жителите на Дор и потчинетите му села, жителите на Ендор и потчитените му села, жителите на Магед и потчинетите му села, и жителите во Танах, и селата негови, и трет дел од Нафет и селата негови.
12. Манасиевите синови не можеа да ги изгонат жителите на тие градови и Хананејците останаа да живеат во таа земја.
13. Кога, пак, Израилевите синови се зацврстија, ги направија Хананејците свои поданици, но – не ги изгонија.
14. Јосифовите синови му се противставија на Исуса и рекоа: „Зошто ни даде за наследство еден жреб и едно јаже, кога сме ние многубројни, бидејќи така нè благословувал Господ досега?”
15. Исус им одговори: „Ако сте многубројни, одете во гората и таму, во земјата на Ферезејците и Ратајците, расчистете си место, штом гората Ефремова ви е тесна.”
16. Јосифовите синови рекоа: „Гората Ефремова не ни е доволна; а сите Хананејци, што живеат во долината, имаа железни коли, како оние, што се во земјата Вет-Сан и во селата нивни, така и оние, што се во Језраелската долина.”
17. Но Исус му рече на Јосифовиот дом, на Ефрема и на Манасија: „Кога си многуброен и имаш голема сила, нема да останеш само со еден жреб;
18. и гората нека биде твоја, и неа ти ќе ја расчистиш, и таа ќе биде твоја до самиот крај; бидејќи ти ќе ги изгониш Хананејците, иако тие имаа железни коли, иако се силни, ти ќе ги присилиш.”
18. Скинијата на сведоштвото во Силом.
1. И целото општество на Израилевите синови се собраа во Силом, ја поставија таму скинијата на сведоштвото, бидејќи земјата беше покорена од нив.
2. А од синовите Израилеви останаа уште седум племиња, кои не беа добиле свое наследство.
3. И им рече Исус на синовите Израилеви: „До кога ќе се колебате, и не отидете да ја земете земјата, што ви ја дава Господ, Бог на татковците ваши?
4. Изберете си меѓу себе по три човека од секое племе и јас ќе ги пратам, и тие ќе станат, ќе ја обиколат земјата и ќе ја опишат, според тоа како ќе треба да им се раздели на делови, и ќе дојдат кај мене.
5. И нека ја разделат на седум делови: Јуда нека го задржи пределот свој од Лив, а синовите Јосифови да останат во пределите свои на север.
6. А вие разделете ја земјата на седум делови и донесете ми го предлогот овде; Јас ќе ви фрлам жреб пред Господа, нашиот Бог.
7. А за левитите нема дел меѓу вас, бидејќи свештенството Господово е нивни дел; Гад, пак, и Рувим и полуплемето Манасиево добија наследство од онаа страна на Јордан, на исток, што им го даде Мојсеј, слугата Господов.”
8. Тие луѓе станаа и отидоа. А на луѓето, кои отидоа за да ја опишат земјата, Исус им даде заповед: „Одете, обиколете ја земјата, обележете ја и вратете се кај мене; јас, пак, овде ќе ви фрлам жреб пред Господа, во Силом.”
9. Тие луѓе отидоа, ја обиколија земјата, ја разгледаа и ја обележија, според градовите нејзини, на седум делови, па дојдоа кај Исуса во логорот, во Силом.
10. Исус им фрли жреб во Силом пред Господа, и ја раздели таму Исус земјата меѓу синовите Израилеви, според тоа како што се делеја.
11. И се фрли жреб прво за племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни. Според жребот границата им минува меѓу синовите Јудини и меѓу синовите Јосифови;
12. границата нивна на север почнува од Јордан, мунува зад Јерихон од север, се искачува по планината кон морето и завршува кај Мавдарит Вет-Авен;
13. оттаму границата оди кон Луз, на југ од Луз, инаку Ветил, и границата слегува кон Атарот-Адар, кон гората, што е на југ од долни Веторон;
14. потоа границата свртува и се спушта кон морската страна од Лив, од гората, што е на југ пред Веторон и завршува кај Киријат-Вал, инаку Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна.
15. А делот, што оди од Киријат-Вал кон Лив, излегува кај морето, во Гај, и стигнува до водните извори на Нафтоновите;
16. потоа границата слегува кон крајот на гората што е пред долината на Еномовиот син, а во долината, која е дел од Емек Рафајски, слегува кон Ген, оди на Јевус до југ и излегува кај изворот Рогил;
17. потоа свртува од север, минува кон изворот Самес, оди кон Галилот, кој е спроти ридот Адумим, и слегува кон каменот на Рувимовиот син Ван;
18. потоа минува позади Ветерава од север и слегува кон Арава;
19. оттука границата се спушта од Арава и минува зад Ветагла на север и завршува кај ридот на Соленото Море, во јужниот крај на Јордан. Тоа е јужната граница. Од исток, пак, за граница служи Јордан.
20. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со околните граници негови според родовите нивни.
21. На племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни, им припаднаа овие градови: Јериохн, Витагла, Амеккасис,
22. Ветерава, Семрим и Ветил,
23. Авим, Афара, Афра и Екарен,
24. Кафирамин, Афни и Гавла: дванесет градови со селата нивни;
25. Гаваон, Рама и Вирот,
26. Масфа, Хефира и Амоса,
27. Рекем, Јефаил и Тарала,
28. Силалер и Јевус, инаку Ерусалим, и Гават и градот Јарим: четиринаесет градови со селата нивни. Тоа е делот на Венијаминовите синови, според родовите нивни.
19. Наследството на другите шест племиња и наследството Исусово.
1. Вториот жреб падна за Симеона, за племето на Симеоновите синови, според родовите нивни; и наследството нивно беше меѓу делот на Јудините синови.
2. Во делот нивни беа: Вирсавија и Сава, Молада,
3. Асарсуал, Вал и Асем,
4. Елтулад, и Еома,
5. Секелаг, Вет-Маркавот, Свот и Асар-Суса,
6. Веталват и селата негови, тринаесет градови со селата нивни;
7. Аин, Ремот, Етер и Асам: четири града со селата нивни,
8. и сите предградија околу тие градови дури до Ваалтерирамот, од Јамет кон Лив. Тоа е делот на племето на Симеоновите синови, според родовите нивни.
9. Од делот на Јудините синови се оддели наследство за племето на Симеоновите синови; бидејќи делот на Јудините синови беше многу голем за нив, затоа Симеоновите синови добија наследство меѓу нивниот дел.
10. Третиот дел им се падна на Завулоновите синови, според родовите нивни и границата на нивниот дел се простираше до Сарид;
11. границата нивна излегува кон морето и Марила и допира до Давасет и се спушта по долината, што е пред Јекнам;
12. од Сарид оди назад кон исток, каде што изгрева сонцето до границата на Хасалот-Тавор; оттука продолжува кон Даврат и излегува кај Јафаги;
13. оттаму минува на исток во Гетаефер, во градот Касим, и оди кон Ремон, Мафарим, Ануа;
14. од север границата свртува кон Енатот и завешува во Гај Јефтаил;
15. понатаму таа ги опфаќа: Катат, Налол, Семрон, Јадила, и Витлеем: дванаесет градови со селата нивни.
16. Тоа е наследството на Завулоновите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни.
17. Четвртиот жреб падна на Исахар, за Исахаровите синови, според родовите нивни;
18. нивната граница беше: Језраил, Ахаселот и Сунам,
19. Аферафим, Сиан и Ренат и Анахарет,
20. Равот, Кесион и Аеме,
21. Рамат, Ен-Ганим, Анада и Ветфасис;
22. границата допира до Тавор, и кај Сасимат во приморјето и до Ветсмас, и завршува кај Јордан: шеснаесет градови со селата нивни.
23. Тоа е наследството на племето на Исахаровите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни.
24. Петтиот жреб падна за племето на Асировите синови, според родовите нивни;
25. нивна граница беа: Хелкат, Оли, Ватне, и Ахсав,
26. Алимелех, Амад, и Масал; границата се ближи до Кармил откај запад и со Сиор и до Лаванат.
27. Потоа оди назад кон исток во Вит-Дагон, допира до Завулон и оди до Гај Јефтаил на север и влегува во пределите на Асат во Бит-Аемек и Анил, и преоѓа во Хавол, од лево;
28. понатаму таа ги опфаќа: Арон, Роов, Амон и Кана, дури до големиот Сидон;
29. потоа границата се враќа кон пределот на Рама до утврдениот град Тир, двртува кон пределот Суси и завршува од Уж, кај морето, во гратчето Ахзив;
30. понатаму ги опфаќа: Ама, Афек и Раов: дваесет и два града со селата нивни.
31. Тоа е делот на племето на Асировите синови, според родовите нивни – градовите со селата нивни.
32. Шестиот се фрли за Нефталим, за синовите Нефталимови, според родовите нивни;
33. Границата нивна оди од Мелев и Милон, го опфаќа Весенаим, Арме, Накев и Јавнил, дури до Лакум и завршува кај Јордан;
34. оттука границата свртува на запад кон Азанот-Тавор и оттаму оди кон Икок, и допира до Завулона од југ, допира и до Асир, од запад, и до Јуда кај Јордан, откај источната страна.
35. Утврдени градови беа: Тиријан, Тир, Амат, Рекат и Хенерот,
36. Адами, Рама и Асор,
37. Кедес, Едреј и изворот Асор,
38. Јарион, Магдалил, Оран, Ветанат и Тасмус: деветнаесет градови со селата нивни.
39. Тоа е наследството на племето на Нефталимовите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни.
40. За племето на Дановите синови, според родовите нивни, се фрли седмиот жреб.
41. Границите на нивниот дел беа: Сара и Естаол
42. и градовите: Самес, Саламин и Еалон,
43. Јетла, Елон и Тамна,
44. Акарон и Елтеко,
45. Гаватан, Ватот и Јут,
46. Ваниварак и Гетремон, и откај морето Јеракон и Иракон со границата близу до Јопија. И делот на Дановите синови излезе мал за нив.
47. Тогаш Дановите синови кренаа војска против Ласем, го презедоа и го поразија со меч, завладувајќи го и се населија во него, и Ласем го нарекоа Ласемдан, според името на таткото свој Дан. Аморејците останаа да живеат во Елом и Саламин, но раката Ефремова ги надви и тие станаа негови поданици.
48. Тоа е наследството на племето на Дановите синови, според родовите нивни – градовите и селата нивни. Дановите синови не ги истребија Аморејците, што ги беа притиснале во гората, и тие, на Аморејците не им дозволуваа да слезат во долината, па им го одзедоа нивниот дел.
49. Откако заврши делбата на земјата, според границите нејзини, синовите Израилеви му дадоа меѓу нив населедство и на Исуса, синот Навинов:
50. по заповед на Господа му го дадоа градот Тамнат-Сарај, кого тој го побара, на Ефремовата гора; и тој си изгради град и се всели во него.
51. Тоа се наследствата што свештеникот Елеазар, Исус, синот Навинов, и кензовите на таковските племиња им ги раделија на синовите Израилеви, со жреб, во Силом, пред Господа, при влезот во Скинијата на сведоштвото. И завршија со поделбата на земјата.
20. Наредба во врска со градовите за прибежишта.
1. И му рече Господ на Исуса, велејќи:
2. „Кажи им на синовите Израилеви: одредете си ги градовите прибежишта, за кое ви говорев преку Мојсеја,
3. за да може да избега таму убиец, кој убил човек по грешка, без умисла; нека ви бидат тие градови прибежиште за да не умре убиецот од одмаздникот за крв додека не застане пред народен суд.
4. И кој ќе избега во еден од тие градови, нека застане пред портите од градот и гласно нека го раскаже делото свое на градските старешини; тие да го примат кај себе во градот и да му дадат место, за да живее при нив;
5. и кога одмаздникот за крв ќе го подгони, тие не треба да го предадат убиецот во рацете негови, зашто тој убил ближен свој без умисла и немал спрема него омраза ни вчера ни завчера.
6. И нека се всели во тој град, додека не излезе на суд пред народот, додека не умре големиот свештеник, што ќе биде во тие денови. А потоа убиецот нека се врати и нека си оди во градот свој и во домот свој, од каде што избегал.”
7. И го одредија Кедес во Галилеја, во Нефталимовата гора, Сихем во Ефремовата гора, и градот Арво, инаку Хеврон, во гората Јудина;
8. од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон на исток, го одредија: Восор во пустињата, во рамнината, од Рувимовото племе, Рамот во Галад, од Гадовото племе, и Голан во Васан, од Манасиевото племе.
9. Тие градови беа одредени за сите Израилеви синови и за придојдените, кои живеат меѓу нив, за да избега таму секој, кој по грешка убил човек, за да не умре од раката на одмаздникот за крв, пред да излезе на суд пред народот.
21. Градови за левитите.
1. Левитските старешини на татковските домови дојдоа кај свештеникот Елеазар, кај Исуса, синот Навинов, и кај племенските старешини на Израилевите синови,
2. и им рекоа во Силом, во Хананската земја, велејќи: „Господ беше заповедал преку Мојсеја да ни дадете градови за живеење и околни нивни предградија за добитокот наш.”
3. И синовите Израилеви им дадоа на левитите од деловите свои, според заповедта на Господа, овие градови со нивните околни предградија.
4. И се фрли жреб за Катовите родови и според жребот на синовите од свештеникот Арон, кои беа левити, им се паднаа тринаесет градови – од Јудиното племе, од Сименовото племе и од Венијаминовото племе;
5. а на другите Катови синови според жребот за родовите на Ефремовото племе, на Дановото племе и на полуплемето Манасиево им се паднаа – десет градови;
6. на Гирсоновите синови од племето Исахарово, од Асировото племе, од Нефталимовото племе и од полуплемето Манасиево во Васан со жреб им припаднаа – тринаесет градови;
7. на Мерариевите синови, според родовите нивни, од Рувимовото племе, од Гадовото племе и од Завулоновото племе – дванаесет градови.
8. Синовите Израилеви им ги дадоа на левитите тие градови и предградијата нивни со жреб, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја.
9. А синовите од племето Јудино и од племето Симеоново и од племето Венијаминово им ги дадоа овие градови што се набројуваа според имињата свои:
10. на Ароновите синови, од родовите Катови, меѓу синовите Левиеви, бедејќи нивниот жреб беше прв.
11. Им го дадоа Киријет-Арва, односно градот на Арво, Енаковиот татко, инаку градот Хеврон, во Јудината гора, заедно со околиите негови;
12. а полето на тој град и селата негови му ги дадоа во наследство на Јефониевиот син Халев.
13. И така, на синовите на свештеникот Арон им го дадоа градот Хеврон, со околиите негови, како град-прибежиште за убијците, и Левна со околината нејзина,
14. Јетер со околината негова, Естем со околината негова,
15. Олон со околината негова, Давир со околината негова,
16. Аин со околината негова, Јета со околината нејзина; Ветсамис со околината негова – девет градови од тие две племиња;
17. од Венијаминовото колено: Гаваон со околината негова, Гаве со околината нејзина,
18. Анатот со околината негова, Алмон со околината негова – четири града.
19. Сите градови на синовите Аронови, свештениците, се тринаесет градови со околините нивни.
20. И на родовите од Катовите синови, левитите, – што уште беа останале од Катовите синови, според нивниот жреб, им се паднаа градовите од пределите на племето Ефремово:
21. им го дадоа Сихем со околината негова, како град прибежиште за убијци, во Ефремовата гора, и Газер со околината негова.
22. Кавсаим со околината негова, Веторон со околината негова – четири града;
23. а од Дановото племе: Елтекон со околината негова и Гаветон со околината негова,
24. Елон со околината негова и Гетремон со околината негова – четири града;
25. од полуплемето Мансиево: Танах со околината негова, и Ветсам со околината негова – два града.
26. Сите градови што им се паднаа на другите Катови синови, се десет града со околините нивни.
27. А на Гирсоновите синови, сродници на левитите, им ги дадоа: од полуплемето Манасиево Голан во Васан со околината негова, град прибежиште за убијци, и Вестера со околината нејзина – два града;
28. од Исахаровото племе: Кисон со околината негова, Деврат со околината негова,
29. Јермот со околината негова, Ен-Ганим со околината негова – четири града;
30. од Асировото племе: Масал со околината негова, Авдон со околината негова;
31. Телкат со околината негова, Реов со околината негова – четири града;
32. од Нефталимовото племе: Кедес во Галилеја со околината негова, – град прибежиште за убијци, Ематор со околината негова и Ноемон со околината негова – три града.
33. Сите градови што им се паднаа на Гирсоновите синови, според племињата нивни, се тринаесет градови со околините нивни.
34. На другите левити, од родовите на Мерариевите синови, им ги дадоа од Завулоновото племе: Јекнам со околината негова, Карта со околината нејзина.
35. Дамна со околината нејзина, Налол со околината негова – четири града;
36. од онаа страна на Јордан спроти Јерихон од Рувимовото племе им беше даден градот прибежиште за убијци Восор, во пустињата Мисор, со околината негова, Јазир со околината негова,
37. Гедсон со околината негова, Масфа со околината нејзина – четири града;
38. од Гадовото племе: Рамот со околината негова, градот прибежиште за убијци, Рамот во Галад, Манаим со околината негова.
39. Есевон со околината негова, Јазир со околината негова – града четири.
40. Сите градови, што им се паднаа со жреб на другите левитски родови, од Мерариевите синови, според домовите нивни, се дванаесет града.
41. Сите левитски градови, што беа во наследствата на синовите Израилеви, беа четириесет и осум града со околините нивни.
42. При тие градови околу секој град имаше околина; така беше кај сите тие градови. Кога Исус ја заврши делбата на земјата според пределите нејзини, Израилевите синови му дадоа дел на Исуса по заповед на Господа, му го дадоа градот, кој само го бараше, му го дадоа Тамнасахар, во Ефремовата гора; тогаш Исус го изгради градот, што го беше побарал, и живееше во него. И ги зеде Исус камените ножеви, – со кои ги беше обрезал Израилевите синови, родени по патот во пустињата, бидејќи тие не беа обрезани во пустињата, – и го постави во Тамнасахар.
43. И така Господ му ја предаде на Израилот целата замја, за која им се заколна на нивните таковци дека ќе им ја даде; тие ја наследија и се населија во неа.
44. И Господ им даде спокојство отсекаде, како што им се беше заколнал на татковците нивни, и никој од непријателите нивни не устои против нив; сите нивни непријатели Господ им ги предаде во нивни раце.
45. Не остана неисполнет ниеден збор од сите добри зборови, кои Господ им ги беше рекол на домот Израилев: сè се исполни.
22. Жртвеник крај Јордан.
1. Тогаш Исус го повика Рувимовото и Гадовото племе и Манасиевото полуплеме и им рече:
2. „Вие чувте сè, што ви беше заповедано од Мојсеја, слугата Господов, и ги послушавте сите мои зборови во сè, што ви заповедав;
3. вие не ги напуштавте браќата свои во текот на многуте денови и ги запазивте заповедите на Господа, вашиот Бог.
4. Сега Господ, вашиот Бог, ги успокои вашите браќа, како што им беше говорел; и така, вратете се и одете во домовите ваши, во земјата на вашето наследство, што ви ја даде Мојсеј, слугата Господов, од онаа страна на Јордан;
5. само пазете грижливо да ги исполнувате заповедите и законот, што ви го даде Мојсеј, слугата Господов: да Го сакате Господа, вашиот Бог, да одите по сите Негови патишта, да ги пазите заповедите Негови, да се приврзувате кон Него и да Му служите со сето срце ваши и со сета душа ваша.”
6. Потоа Исус ги благослови и ги отпушти и тие се разотидоа по домовите свои.
7. На едната половина од Манасиевото племе Мојсеј ѝ даде во Васан, а на другата половина Исус ѝ даде дел со браќата нивни во Јордан кон морето. И кога Исус ги отпушти во домовите нивни и ги благослови,
8. со големото богатство се вратија во домовите свои, со многу многу добиток, со сребро, со злато, со бакар и со железо, и со големо множество облека; и го разделија пленот земен од непријателите со браќата свои.
9. Тогаш синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево се вратија и тргнаа од синовите Израилеви од Силом, кој што е во Хананската земја, за да си одат во земјата Галад, во земјата на наследството свое, што го добија по заповед на Господа, дадена преку Мојсеја.
10. Кога дојдоа во околината на Јордан, во Хананската земја, синовите Рувимови и синовите Гадови, и полуплемето Манасиево изградија таму, крај Јордан, еден жртвеник, жртвеник голем на изглед.
11. И слушнаа Израилевите синови дека се зборува: »Ете, синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево изградиле жртвеник во Хананската земја, во Галилот крај Јордан, наспроти Израилевите синови.«
12. Штом го чуја тоа Израилевите синови, со собра целото општество на синовите Израилеви во Силом за да одат во војна против нив.
13. Најнапред синовите Израилеви го испратија кај синовите Рувимови и кај синовите Гадови и кај полуплемето Манасиево во Галадската земја Финес, синот на свештеникот Елеазар,
14. и со него десет кнезови, по еден кнез од домовите на татковците од сите Израилеви племиња; секој од нив беше војвода во илјадниците Израилеви.
15. И тие дојдоа кај синовите Рувимови и кај синовите Гадови и кај полуплемето Манасиево во земјата Галад и им рекоа, велејќи:
16. „Еве што вели целото општество Господово: каков престап сте направиле пред Господа, Израилевиот Бог, со тоа што сте отстапиле сега од Господа, Израилевиот Бог, сте си подигнале жртвеник и отстапивте сега од Господа?
17. Зар мал ви беше гревот Фогоров, од кого не сме се очистиле ни до ден денес и поради него дојде пораз врз општеството Господово?
18. А вие денес отстапувате од Господа! Денес станувате против Господа, а утре Господ ќе се разгневи на целото општество Израилево.
19. Ако, пак, земјата на вашето наследство ви е мала, поминете сите во земјата Господова, во која се наоѓа скинијата Господова, земете дел меѓу нас, но не станувајте против Господа, нити против нас станувајте, градејќи си друг жртвеник, освен жтвеникот на Господа, нашиот Бог;
20. зар Ахан, синот Зарин, не изврши ли самиот престап, земајќи од заколнатото, а гневот падна врз целото општество Израилево? Не умре само тој поради беззаконието свое.”
21. И одговорија на тоа синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево и им рекоа на војводите Израилеви:
22. „Господ Бог на боговите, Господ е Бог Господ, Он знае, и Израилот нека знае! Ако отстапуваме од Господа, Господ нека не нè поштеди овој ден!
23. Ако сме изградиле жртвеник, за да отстапиме од Господа, нашиот Бог, или за да принесуваме на него сепалиници или да принесуваме на него жртви за спасение, самиот Господ нека суди!
24. Но за добро го направивме ние тоа, за да не им речат утре вашите синови на нашите синови: »Што имате вие со Господа, Израилевиот Бог?«
25. Господ го одреди Јордан за граница меѓу нас и вас, синовите Рувимови и синовите Гадови, вие немате дел во Господа. Така синовите ваши ќе ги отуѓат нашите синови да не Му служат на Господа.
26. Затоа рековме: да си подигнеме жртвеник не заради приноси ниту заради жртви,
27. туку за да биде тој меѓу вас и нас, меѓу нашите родови по нас, сведок, дека ние можеме да Му служиме на Господа пред нив со наши приноси, и со наши жртви и со наши жртви за спасение и за да ни им речат утре вашите синови на нашите синови: »вие немате дел во Господа.«
28. Па си рековме: ако така ни кажат нам и на нашите родови по нас, ние ќе им речеме: »Видете ја сличноста на жртвеникот Господов, што го направиле нашите татковци, на заради приноси ниту заради жртви, туку за да биде сведок меѓу вас и нас и меѓу синовите наши.
29. Далеку сме од мислата, да отстапиме од Господа, и да се одвратиме од Господа, и да ѕидаме жртвеник за приноси, жртви за грев и жртви за спасение, освен пред жртвеникот на Господа, нашиот Бог, кој е пред скинијата Негова.”
30. Свештеникот Финес, сите кнезови на општеството и војводите на илјадниците Израилеви, што беа со нив, кога ги ислушаа зборовите, што ги рекоа Рувимовите синови, Гадовите синови и Манасиевите синови ги одобрија.
31. И Елеазаровиот син, свештеникот Финес, им рече на синовите Рувимови, на синовите Гадови, и на полуплемето Манасиево: „Денес познавме, дека Господ е со нас, дека вие со тоа не сте извршиле пред Господ престап, но дека сте ги избавиле синовите Израилеви од раката Господова.”
32. Тогаш Елеазаровиот син, свештеникот Финес, и кнезовите народни се вратија од синовите Рувимови и од синовите Гадови и од племето Манасиево во Хананската земја кај синовите Израилеви и им донесоа одговор.
33. И на Израилевите синови тоа им беше угодно, па Го благословија синовите Израилеви Бога и рекоа дека нема да војуваат против нив, и да ја разорат земјата, во која живеат синовите Рувимови и синовите Гадови и полуплемето Манасиево.
34. И Рувимовите синови и Гадовите синови и полуплемето Манасиево го нарекоа тој жртвеник Ед, зашто, рекоа тие, тој е сведок меѓу нив, дека Господ Бог е нивни Бог.
23. Исус ги собира сите Израилеви синови за да ги опомене.
1. По многу време, откако Господ Бог го успокои Израилот од сите околни непријатели, Исуз остаре, дојде во напредната возраст.
2. И ги свика Исус сите синови Изриаилеви, старешините нивни, судиите нивни и управителите нивни, и им рече: „Јас остарев, сум во напредната возраст.
3. Вие видовте сè што Господ, вашиот Бог, го направи пред лицето ваше со сите тие народи, бидејќи Господ, вашиот Бог, Самиот се бори за вас.
4. Ете, ви ги поделив со жреб тие други народи во наследство на племињата ваши, сите народи што ги истребив од Јордан до Големото Море, на запад.
5. Самиот Господ, вашиот Бог, ќе ги прогони од вас додека не загинат; и ќе направи против нив диви ѕверови, додека не ги истреби нив и нивните цареви од пред лицето ваше; ќе ги истреби пред вас, за да ја добиете во наследство земјата нивна, како што Господ, вашиот Бог, ви говореше.
6. Затоа трудете се најточно да внимавате и да исполнувате сè што е напишано во книгата на Мојсеевиот закон, не клонејќи се од него ниту надесно, ниту налево.
7. Не се зближувајте со народите, што останаа меѓу вас, не ги спомнувајте имињата на нивните богови, не колнете се во нив, не служете им и не се поклонувајте,
8. но приврзете се кон Господа, вашиот Бог, како што правевте до денес.
9. И Господ избони од вас големи и силни народи, и никој не устои пред вас до денес;
10. еден од вас прогонуваше илјада, бидејќи Самиот Господ, вашиот Бог, се биеше за вас, како што ви говореше.
11. Затоа трудете се многу за да Го сакате Господа, вашиот Бог.
12. Ако, пак, се повратите и се приклучите кон остатоците на тие народи, што останаа меѓу вас, и се сродите со нив, и одите кај нив, и тие кај вас,
13. знајте, дека Господ, вашиот Бог, нема повеќе да ги прогонува од вас тие народи, туку ќе бидат за вас примка и мрежа, камшик за ребрата ваши и трн за вашите очи, додека не бидете истребени од таа добра земја, која Господ, вашиот Бог, ви ја даде.
14. Еве, јас сега заминувам на пат каде што целиот свет заминува. А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сè се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет.
15. Но како што се изврши на вас секој добар збор, што ви го кажуваше Господ, вашиот Бог, така Господ ќе го исполни над вас секој лош збор, додека не ве истреби од оваа добра земја, што ви ја даде Господ, вашиот Бог.
16. Ако го прекршите заветот на Господа, вашиот Бог, што Он ви го заповеда, и отидете да им служите на други богови и да им се поклонувате, тогаш гневот Господов ќе пламне врз вас, и брзо ќе исчезнете од оваа добра земја, која ви ја даде Господ.”
24. Смртта Исусова и Елеазарова.
1. Тогаш Исус ги собра сите племиња Израилеви во Сихем и ги свика старешините на Израилот и кнезовите негови, судиите негови и управителите негови, и тие се претставија пред Господа Бога.
2. И му рече Исус на целиот народ: »Вака вели Господ, Бог на Израилот: »Вашите татковци, Тара, таткото Авраамов и таткото Нахоров, во старо време живееја од онаа страна на реката и им служеа на други богови.
3. Но јас го зедов таткото ваш Авраама од онаа страна на реката, го водев до целата земја Хананска, му го умножив семето негово и му го дадов Исака.
4. На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов во наследство гората Сир; а Јаков и синовите негови влегоа во Египет и станаа таму голем, силен и многуброен народ, и Египтјаните почнаа да ги притеснуваат.
5. Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го поразија Египет со знаци, што ги извршив, а потоа ве изведов.
6. Ги изведов татковците ваши од Египет, и вие дојдовте кај Црвеното Море. Тогаш Египтјаните се спуштија по татковците ваши со коли и коњаници до Црвено Море;
7. но тие повикаа кон Господа, и Он спушти облак и магла меѓу нас и Египтјаните и го наведе на нив морето, кое и ги покри. Очите ваши видоа што направи Господ во Египетската земја и вие останавте во пустињата многу денови.
8. И ве воведе во земјата на Аморејците, кои живееја од онаа страна на Јордан; тие станаа против вас, но Господ ги предаде во рацете ваши, и вие ја добивте како наследство земјата нивна и ги истребивте од пред лицето ваше.
9. Се крена Валак, синот Сепфоров, моавски цар, и отиде со војската против Израилот, и испрати да го повика Веоровиот син Валаам, за да ве проколне;
10. но Господ не сакаше да го послуша Валаам, – тој ве благослови, и јас ве избавив од рацете негови.
11. Вие го преминавте Јордан и дојдовте во Јерихон. И почнаа да војуваат против вас жителите на Јерихон: Аморејците и Ферезејците, Хананејците и Хетејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците, но Господ ги предаде во рацете ваши.
12. И испрати пред вас стршели, кои ги изгонија од пред вас двајцата аморејски цареви; не со твојот меч и не со твојот лак се направи тоа.
13. И ви даде земја, за која вие не сте се труделе, и градови што не сте ги граделе, и вие живеете во нив; и лозја и маслини, кои не сте ги саделе, а јадете плодови.”
14. И така, бојте се од Господа и служете Му со чистота и искреност; и отфрлете ги боговите на кои им служеа татковците ваши од онаа страна на реката и во Египет, и служете Му на Господа.
15. Ако, пак, не ви е угодно да Му служите на Господа, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа татковците ваши, кога беа од онаа страна на реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господа, бидејќи он е свет.”
16. Одговори народот и рече: „Не, тоа никако, да Го оставиме Господа и да почнеме да им служиме на други богови!
17. Зашто Господ е наш Бог; Он нè изведе нас и таковците наши од Египетската замја, од домот на ропството, и правеше пред очите наши чуда големи и нè пазеше по целиот пат, по кој одевме, и меѓу сите народи, низ кои минувавме.
18. Господ ги изгони од кај нас сите народи и Аморејците, што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господа, бидејќи Он е Бог наш.”
19. Исус му рече на народот: „Не ќе може да Му служите на Господа (Бога), зашто Он е свет Бог, Бог ревнител; Он нема да го истрпи баззаконието ваше и гревовите ваши.
20. Ако Го оставите Бога и им служите на туѓи богови, Он ќе испрати на вас зло и ќе ве истреби, место да ви направи добро.”
21. И народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа.”
22. Исус му рече на народот: „Сведоци ли сте вие за себе, дека Го избравте Господа – да Му служите?” Тие одговорија: „Сведоци сме.”
23. „А сега, отфрлете ги туѓите богови, што се во вас, и свртете го срцето свои кон Господа, Бог Израилев.”
24. Народот му рече на Исуса: „На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме.”
25. И тој ден случи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем пред скинијата на Господа, Бога Израилев.
26. И ги запиша Исус тие зборови во книгата на законот Божји, па зеде голем камен и го постави таму под дабот, што е пред светилиштето Господово.
27. И му кажа Исус на целиот народ: „Ете, оној камен ќе ни биде сведок, бидејќи тој ги чу сите зборови на Господа, што Он ви ги кажа денес; тој нека биде сведок против вас во подоцнежните денови, ако некогаш лажете пред Господа, Вашиот Бог.”
28. И потоа Исус го распушти народот, секој во местото свое.
29. И Му служеше Израилот на Господа во сите денови Исусови, и во сите денови на старешините, кои го поминаа времето со Исуса и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израилот.
30. А по сето тоа умре Исус, синот Навинов, слугата Господов, на сто и десет години.
31. И го погребаа во пределите на делот негов во Тамна Сахар, во Ефремовата гора, на север од планината Гаас. И ги ставија таму со него во гробот, во кој што го погребаа, камените ножеви, со кои Исус ги беше обрезал Израилевите синови во Галгал, кога ги изведе од Египет, како што беше заповедал Господ; и тие се таму дури до денес.
32. И коските на Јосифа, кои Израилевите синови ги изнесоа од Египет, ги погребаа во Сихем, во оној дел на полето, што Јаков го беше купил од синовите Аморејски, кои живееја во Сихем, за сто сребреници и му ги даде како дел на Јосифа.
33. Потоа умре и Ароновиот син, првосвештеникот Елеазар, и го погребаа во Финесовиот Гават, кој му беше даден на Ефремовата гора.
34. Во тој ден Израилевите синови, откако го зедоа ковчегот Божји, го несеа со себеси, а Финес беше свештеник место татка си Елеазар, додека не умре и го погребаа во неговиот Гават.
35. И синовите Израилеви отидоа секој во своето место и во својот град.
36. И почнаа Израилевите синови да му служат на Астрата и на Астарот, богови на околните народи; и Господ ги предаде во рацете на моавскиот цар Еглон, кој владееше над нив осумнаесет години.