Книга Мудрост Сирахова

1. Мудроста и праведноста.

1. Секоја премудрост е од Господа и со Него останува таа засекогаш.
2. Кој ќе ги изброи морскиот песок, дождовните капки и деновите на вечноста?
3. Кој ќе ги испита височината на небото и ширината на земјата, бездната и премудроста?
4. Најнапред од сè е создадена мудроста, а и разбирањето на мудроста е од вечноста.
5. Изворот на премудроста е Словото на Севишниот Бог, а одот нејзин се вечните заповеди.
6. На кого му е откриен коренот на премудроста? Кој го знае нејзиното остварување?
7. Само еден е премудар и многу страшен – Господ, Кој седи на Својот престол.
8. Тој ја создал и ја видел, ја измерил,
9. и ја излеал врз сите Свои дела,
10. врз секое тело според Својата дарба, а најмногу ги дарува оние што Го љубат.
11. Стравот Господов е слава и чест, веселба и венец на радоста.
12. Стравот Господен го радува срцето, му дава веселба, радост и долг живот.
13. На оној, кој има страв од Господа, добро ќе му биде на крајот, благословен ќе биде во денот на својата смрт; стравот Господен е дар од Господа, кој води по патеките на љубовта.
14. Љубовта спрема Господа е славна премудрост; по својата промисла, Тој им ја дава на оние што ги милува.
15. Почеток на мудроста е стравот Божји. Таа е создадена кај верните уште во утробата на нивната мајка; таа се утврдила меѓу луѓето на вечни основи, на нивните потомци таа ќе им биде дадена.
16. Стравот Господен е полнота на мудроста, таа ги опива луѓето со своите плодови.
17. Нивниот дом го исполнува со сè што сакаат и сите нивни житници – со своите плодови.
18. На мудроста венец е стравот Господен; тој дарува мир и крепко здравје;
19. и едното и другото од Бога се дарови, Кој ја зголемува славата на мудрите.
20. Корен на мудроста е стравот Господен; долг живот се гранките нејзини.
21. Стравот Господен ги отстранува гревовите; а кој нема страв – не може да се оправда.
22. Несправедлив гнев не може да се оправда; тежината на гневот – паѓање е за човекот.
23. Трпеливиот човек претрпува докрај, а потоа – наградата негова е радост.
24. Долго ги сокрива своите зборови, а устите на верните ќе говорат за неговата разумност.
25. Во сокровиштата на мудроста се тајните на разумот, а грешникот не го сака стравот Господов.
26. Ако копнееш по мудроста, исполнувај ги заповедите, и Господ ќе ти ја даде,
27. бидејќи стравот пред Господа е мудрост и знаење; а верата и кротоста Му се угодни на Бога.
28. Не биди недоверлив спрема стравот Господен; со срце раздвоено не пристапувај кон Него.
29. Не биди лицемерен пред другите; и внимавај на својата уста.
30. Не гордеј се, за да не паднеш и да не бидеш осрамотен; Господ ќе ги открие твоите тајни и ќе те понизи пред сите – затоа што не си пристапил искрено пред стравот Господен и што срцето твое е полно со лукавства.

2. Стравот Господен во искушението.

1. Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение.
2. Подготви ја твојата душа и биди цврст; не збунувај се кога ќе бидеш посетен од Бога.
3. Прилепи се до Него и не отстапувај, за да бидеш прославен во последниот ден.
4. Примај со радост сè што и да ти се случи; биди трпелив и во промените на твоето понижување,
5. зашто, како што златото се испробува во оган, така Божјите избраници се проверуваат во фурната на понижувањето.
6. Верувај во Господа, и Тој ќе ти помогне; оди по прави патишта и надевај се на Него.
7. Вие, што имате страв Господен, чекајте ја Неговата милост; не оддалечувајте се од Него за да не загинете.
8. Вие, што имате страв Господен, имајте доверба во Него; наградата ваша нема да изостане.
9. Вие што имате страв Господен, надевајте се дека ќе добиете добро, вечна радост и милост.
10. Погледајте ги поранешните поколенија и видете: дали се посрамил некој што верувал во Гсопода? Дали некој кој имал страв од Господа, бил изоставен? И дали некогаш бил презрен оној што барал помош од Него?
11. Зашто Господ е милостив и милосрден; ни ги проштева гревовите и нè избавува во деновите на неволја.
12. Тешко им на плашливите срца, на обесхрабрени раце и на грешник, кој оди по две патеки.
13. Тешко му и на обесхрабреното срце; тоа не верува и затоа нема да најде закрила.
14. Тешко вам што сте го загубиле трпението! Што ќе правите кога ќе ве посети Господ?
15. Оние, коишто имаат страв од Господа, нема да бидат недоверливи кон Неговите зборови; оние коишто Го сакаат – одат по Неговите патишта.
16. Оние коишто имаат страв од Господа, ја исполнуваат Неговата волја, а оние што Го љубат – Го пазат законот Негов.
17. Оние, коишто имаат страв од Господа, го приготвуваат своето срце и се смируваат пред Него во својата душа велејќи:
18. „Да паднеме во рацете на Господа, а не во рацете на луѓето; зашто каква што е Неговата големина, таква е и Неговата милост.”

3. Дожноста спрема родителите.

1. Деца, послушајте ме мене, вашиот татко, и постапувајте така, за да се спасите,
2. зашто Господ го издигнал таткото над неговите деца; Тој го утврдил правото на мајката над нејзините синови.
3. Кој го почитува татко си – ќе се очисти од своите гревови,
4. а кој се однесува со почит кон својата мајка – придобива големо богатство.
5. Кој го почитува својот татко – ќе има радост од своите деца и во денот на неговата молитва ќе биде слушнат.
6. Кој го почитува татко си, долго ќе живее, а кој Го слуша Господа, ќе ја успокојува својата мајка.
7. Кој има страв Господен, тој го почитува татко си; на своите родители им служи како на господари.
8. со дела и со зборови почитувај ги твоите родители, за да бидеш благословен од нив.
9. Зашто благословот на таткото ги утврдува домовите на децата, а мајчината клетва ги урива до темели.
10. Не барај ја својата слава во срамот на својот татко, зашто срамот на твојот татко не може да биде чест за тебе.
11. Славата на човекот доаѓа од честа на неговиот татко, а непристојната мајка е срам за своите деца.
12. Синко, помогни му на татко ти во неговата старост и не го огорчувај додека е жив.
13. Ако неговиот ум и ослабнал, биди благ кон него и не го изоставај, кога си во полна сила,
14. зашто не се заборава милоста кон таткото; и покрај сите твои гревови, твојата благосостојба ќе расте.
15. Во деновите на твојата неволја Господ ќе се сети на тебе; како мразот од топлината, така ќе се истопат твоите гревови.
16. Богохулник е оној којшто го остава својот татко, а проколнат од Господа е оној што ја навредува својата мајка.
17. Синко, со кротост врши ги твоите работи, и од богоугоден човек ќе бидеш сакан.
18. Колку си поголем, толку повеќе да се смируваш, за да најдеш милост во Господа.
19. Голем е бројот на издигнатите и славни луѓе, но тајните им се откриваат само на смирените.
20. Зашто голема е Божјата сила; Него Го прославуваат смирените.
21. Не барај го она што е преголемо и претешко за тебе; не истражувај го она што е над твоите сили.
22. Размислувај за она што ти е заповедано; не се занимавај со она што е сокриено од тебе.
23. При многу твои занимања не грижи се за она што ти е непотребно; тебе ти се откриени многу човечки знаења.
24. Многумина се воведени во заблуда од нивните претпоставки; лукавите замисли го поколебуваат нивниот ум.
25. Кој ги сака опасностите – ќе падне во нив.
26. Упорното срце ќе претрпи зло на крајот.
27. Упорното срце ќе биде оптоварено со неволји, а грешникот натрупува гревови врз гревови.
28. За болеста на гордиот нема лек; зло билје се вкоренила во него.
29. Срцето на разумниот размислува за поука; внимателното уво е желба на мудриот.
30. Водата гасне оган што гори, а милостињата чисти од гревови.
31. Оној што враќа со добро за добрите дела, тој мисли за иднината; во тешко време, ќе најде поткрепа.

4. Мудроста воспитува.

1. Синко, не откажувај му ја помошта на сиромавиот; не измачувај ги со долго чекање очите на неволните.
2. Не ожалостувај ја душата на гладниот; не огорчувај го оној што е во сиромаштија.
3. Не измачувај срце што е веќе огорчено; не ја одлагај милоста спрема оној што нема.
4. Не одбивај ги молбите на неволниците; лицето твое не свртувај го од сиромавиот;
5. не свртувај ги твоите очи од оние што просат; никому не давај повод да те колне.
6. зашто, во жалоста на својата душа те проколнува; Оној Кој го создал – ќе ја послуша неговата молба.
7. На собранијата настојувај да бидеш пријатен; пред оние што се погоре од тебе -наведнувај ја својата глава:
8. Доближи го твоето уво кон сиромавиот; одговарај му насмеано и со кротост;
9. избавувај го навредениот од раката на оној што го навредува; а кога судиш – не биди малодушен.
10. На сираците – биди им како татко, а на нивната мајка – закрилник;
11. и ќе Му бидеш како син на Севишниот и Тој ќе те засака повеќе од твојата мајка.
12. Мудроста ги издигнува своите синови, ги поткрепува оние што ја бараат.
13. Кој ја сака неа – животот го сака; кој ја бара од рано утро – со радост ќе се исполни.
14. Кој ја има – ќе наследи слава; каде и да појде, Господ ќе го благослови.
15. Кои ѝ служат – на Светиот Му служат; кои неа ја сакаат – Господ нив ги милува.
16. Кој ја слуша – на народи ќе им суди; кој внимава на она што му говори – тој уверено ќе живее;
17. ќе ја наследи оној што ќе ѝ се довери; и потомците негови – ќе владеат со неа.
18. Најнапред таа ќе тргне со него по криви патишта; врз него ќе испрати страв и трепет;
19. ќе го измачува со своето водење сè додека не се увери во неговата душа и не го испита во уредбите свои;
20. потоа ќе се појави таа кај него на правиот пат, ќе го зарадува,
21. и ќе му ги открие своите тајни.
22. кога сркшне од правиот пат, таа го остава и го предава во рацете на неговата пропаст.
23. Набљудувај го времето и пази се од злото,
24. па нема да се посрамиш на твојата душа.
25. Има срам што води кон грев, а има и срам што води кон слава и благодат.
26. Не биди лицемерен против самиот себе и не срамувај се на своја штета.
27. Не задржувај го твојот збор кога тој може да им помогне на другите,
28. зашто во зборот се познва мудроста, а во говорот на јазикот – знаењето.
29. Не противречи ѝ на вистината, а срамувај се од своето незнаење.
30. Не срамувај се да ги исповедаш твоите гревови и не задржувај го текот на реката.
31. Не потчинувај му се на глупав човек и не биди од страната на силниот.
32. Бори се до смрт за вистината, и Господ Бог ќе се бори за тебе.
33. Не биди брз во говорење, ниту мрзлив и немарен во твоите дела.
34. Не биди како лав кога си во својот дом, а претпазлив спрема твоите слуги.
35. Да не биде твојата рака пружена за земање, а стегната за давање.

5. Богатството и неумереноста.

1. Не надевај се на твоето богатство и не вели: „Доста ми е додека сум жив.”
2. Не оди по своите желби и по твојата сила; не следи ги страстите на своето срце;
3. не вели: „Кој што ми може?” – зошто Господ ќе те казни.
4. Не вели: „Ете, згрешив па што ми стана?” Знај дека Господ е долготрпелив.
5. Не надевај се толку на тоа дека ќе ти биде простено; не натрупувај грев врз грев.
6. Не вели: „Милоста на Господа е голема: Тој ќе ми ги прости многуте мои гревови;”
7. зашто и милоста и гневот се во Него; Неговиот гнев се исипува врз грешниците.
8. Не задоцнувај да се вратиш кај Господа, не одложувај го од ден на ден твоето обраќање;
9. зашто, ненадејно ќе дојде Божјиот гнев и ти; ќе загинеш во времето на одмаздата.
10. Не надевај се на имоти неправедни зашто тие нема да ти помогнат кога неволјата ќе те посети.
11. Не веј на секој ветар и не оди по сите патеки; тоа го прави лицемерен грешник.
12. Биди одлучен во твите убедувања; зборот твој да биде еден.
13. Биди поготвен да слушаш, и добро обмисли пред да одговориш.
14. Ако знаеш, одговори му на својот ближен, а ако не знаеш, стави ја раката на својата уста.
15. И славата и срамот доаѓаат од зборовите; во јазикот на човекот е неговата пропаст.
16. Не биди клеветник и со јазикот свој не поставувај стапици.
17. Крадецот го чека срам, а лицемерецот – тежок укор.
18. Не бивај неразумен ни во големите, ниту во малите работи.

6. Пријателството и поуките на мудроста.

1. Од пријател не станувај непријател; лошото име донесува срам и прекор, истото станува и со дволичните грешници.
2. Не гордеј се во помислите на својата душа, за да не биде таа раскинта како вол;
3. да не си ги искинеш лисјата, плодовите да не ги загубиш и да не останеш како дрво исушено.
4. Лукавата душа го погубува својот господар и го прави за подбив на неговите непријатели.
5. Благиот збор ги умножува пријтелите; слаткоречивоста го зајакнува пријателството.
6. Онеи што живеат со тебе во мир, нека бидат многумина, но еден од илјада нека биде твој советник.
7. Ако сакаш да придобиеш пријател, долго проверувај го; немај веднаш доверба во него.
8. Некој ти е пријател само кога има потреба од тебе, а те напушта во денот на твојата неволја;
9. има пријател што станува непријател; твојата срамота на видело ќе ја изнесе.
10. Некој ти е пријател додека седи на твојата трпеза, но те напушта кога си во неволја;
11. Додека ти е добро ќе биде со тебе, дури и кон твоите слуги ќе се однесува гордо,
12. но ако бидеш понижен, тој ќе се дигне против тебе и ќе се крие од твоето лице.
13. Бегај од твоите непријатели, и биди внимателен спрема пријателите.
14. Верниот пријател е сигурна заштита; кој го нашол – нашол големо богатство.
15. Верниот пријател нема цена; добрината негова нема крај.
16. Вистинскиот пријател е лек за животот; него ќе го најдат оние што имаат страв од Господа.
17. Кој има страв од Господа, тој наоѓа вистинско пријателство; каков е тој – таков станува и неговиот пријател.
18. Синко, учи од твојата младост; така во староста твоја ќе ја најдеш мудроста.
19. Приоѓај кон неа како орач и како сејач и очекувај ги нејзините добри плодови,
20. зашто, малку време ќе се трудиш во нејѕиното обработување, а набргу ќе јадеш од нејзините плодви.
21. За неупатените таа е многу груба, а и неразумниот не истрајува во неа;
22. таа ќе го притиска како тежок камен и тој не ќе се двоуми што побргу да ја отфрли.
23. Премудроста одговара на своето име и на малкумина се открива.
24. Послушај ме, синко, прими ја мојата поука и не отфрлај го советот мој.
25. Стави ги нозете свои во веригите нејзини, а на вратот свој – нејзиниот јарем.
26. одметни го грбот свој под неа и носи ги нејзините вериги и тие да не ти пречат.
27. Приближи се до неа со сета своја душа; со сета своја сила оди по нејзините патишта.
28. Истражувај и барај, и ќе ја запознаеш; кога ја најдеш, пак, не оставај ја никогаш.
29. Зашто најпосе во неа ќе го најдеш твојот спокој и таа ќе стане радост за тебе.
30. Нејзините окови ќе ти бидат силна заштита, а нејзините вериги – прославена облека.
31. Нејзиниот јарем е златен накит, а веригите нејзини – пурпурни нишки.
32. Ќе ја носиш како свечена облека; како венец на радост – на главата твоја ќе ја ставиш.
33. Синко, ако ја посакаш – можеш да се научиш; ако ѝ се предадеш со сета душа – за сè способен ќе бидеш.
34. Ќе ја разбереш – ако ја слушаш со љубов; ако се потрудиш – разумен ќе бидеш.
35. На старците собирот посетувај го; здогледаш ли мудрец – прилепи се до него; слушај го секој збор што доаѓа од Бога; ни една мудра изрека да не пропуштиш.
36. Ќе видиш ли разумен човек, од рано оди кај него; стапалата твои нека го тријат неговиот праг.
37. Размислувај за повелбите на Господа и постојано исполнувај ги Неговите заповеди; Тој ќе го укрепи твоето срце и ќе ја добиеш саканата премудрост.

7. Различни совети.

1. Не прави зло, и зло неема да те постигне;
2. бегај од неправда и неправдата ќе избега од тебе.
3. Синко, не сеј во браздите на неправдата, и нема да ожнееш од нив седумпати повеќе.
4. Не барај од Господа власт, ниту од царот – место почесно.
5. Не оправдувај се пред Господа и пред царот – не мудрувај.
6. Не барај да станеш судија, за да не се покажеш немоќен да ја уништиш неправдата, да не се уплашиш од силниот и сенка да не фрлиш врз својата правичност.
7. Не греши пред собирот на граѓаните и не понижувај се пред народот.
8. Не притурај грев врз грев, зашто ни за еден од нив нема да останеш неказнет.
9. Не вели: „Ќе погледне Бог благонаклоно на многуте мои дарови; ќе ги прими – кога ќе Му ги принесам.»
10. Не бивај малодушен во твојата молитва и не занемрувај ја милостињата.
11. Не подбивај се со оној што душевно страда, зашто има Кој да смирува и Кој да возвишува.
12. Не измислувај лага против својот брат; не прави му го тоа – ни на пријателот твој.
13. Бегај од секаква лага; од неа нема никакво добро.
14. На собир на постари не зборувај многу, ниту ги повторувај зборовите во твојата молитва.
15. Не бегај од тешка работа; не бегај ни од земјоделскиот труд; тој е заповедан од Севишниот.
16. Не присоединувај се кон мноштвото на грешниците.
17. Длабоко смири ја својата душа.
18. Помни дека гневот не задоцнува;
19. казна за грешникот се огнот и црвите.
20. Не менувај пријател за богатство, ниту роден брат – за офирско злато.
21. Не оставај разумна и добра жена; достоинството нејзино – поскапоцено е од злато.
22. Не навредувај слуга што се труди чесно, ни наемник што ти служи верно.
23. Душата твоја нека го сака разумниот слуга; не ограничувај му ја слободата.
24. Имаш ли добиток, пази го, а ако ти е од полза – зачувај го.
25. Ако имаш синови, поучувај ги; од малечки свикнувај ги на послушност.
26. Ако имаш ќерки, грижи се за нивната чесност; не биди премногу добар со нив;
27. омажи ја твојата ќерка и со тоа ќе направиш големо дело; подари ја на разумен маж.
28. Ако имаш жена што ти е по твоењто срце, не гони ја од себе.
29. Почитувај ги татко ти и мајка ти со сето свое срце и не заборавај ги родилните болки на твојата мајка.
30. Помни дека од нив си роден; што можеш да им дадеш за сето она што го направиле за тебе?
31. Со сета твоја душа сакај Го својот Гсопод и почитувај ги неговите свештеници.
32. Со сета твоја сила сакај Го својот Создател и не оставај ги Неговите служители.
33. Имај страв од Господа и почитувај го свештеникот; дај му го неговиот дел, како што ти е заповедано:
34. И правините и за грев и давањето плешка, и жртвата за осветување и првите плодови за светиите.
35. И кон сиромав пружај ја раката своја, та благословот твој да биде совршен.
36. Биди милостив спрема секое живо сооздание; но и умрените не лишувај ги од милост.
37. Не бегај од оние што плачат, туку тагувај заедно со нив.
38. Не биди мрзлив да ги посетуваш болните; за тоа ќе бидеш сакан.
39. Во сите твои работи спомнувај си за твојот крај, и никогаш нема да згрешиш.

8. Предавство.

1. Не карај се со силен човек, за да не паднеш некогаш во неговите раце.
2. Не суди се со богат човек, за да не го загубиш своето право:
3. златото погубило многумина; тоа измамило и срца на цареви.
4. Не карај се со дрзок човек; не клавај дрва на неговиот оган.
5. Не шегувај се со невоспитан човек, за да не бидат изложени твоите прадедовци на осрамотување.
6. Не прекорувај човек којшто се оттргнал од својот грев; не заборавај дека сите сме виновни.
7. Стар човек не презирај, зашто и ние старееме.
8. Не радувај се кога некој умре; спомни си дека сите ние ќе умреме.
9. Биди внимателен кон она што го кажуваат и размислувај за мудрите, почитувај ги нивните мудри изреки;
10. бидејќи од нив ќе добиеш поука: ќе се научиш како да им служиш на силните.
11. Не потценувај го кажувањето на старците, зашто и тие се учеле од своите татковци;
12. од нив ќе се научиш на разумност; ќе научиш кога и каков одговор да даваш.
13. Не разгорувај ги гламјите на грешникот, за да не изгориш во пламенот на неговиот оган.
14. Не дозволувај подбивачот да се разгневи, за да не ти постави стапица на устата твоја.
15. Не давај заем на човек посилен од тебе; ако, пак, му дадеш. сметај го даденото за загубено.
16. Не застапувај се за друг надвор од своите можности; ако го сториш тоа, сметај дека си задолжен да платиш.
17. Не суди се со судија, зашто ќе му пресудат според неговата чест.
18. Не поаѓај на пат заедно со премногу смел човек, зашто ќе ти дотегне; тој ќе постапува како што сака, а од лудоста негова и ти можеш да загинеш.
19. Со дрзок човек не почнувај кавга и по пустина не патувај со него, зашто пред неговите очи крвта е ништо, на место беспомошно тој и ќе те погуби.
20. Не советувај се со глупак, зашто тој не може да сокрие тајна.
21. Пред туѓинец не откривај тајни, зашто не знаеш што ќе направи тој.
22. Срцето твое не откривај го на секој човек; не чекај добро од секого.

9. Однесување со луѓето.

1. Не биди љубоморен на својата сакана жена: не давај ѝ лош пример против себе самиот.
2. На твојата жена не предавај ѝ ја твојата душа, за да не се побуни против тебе.
3. До блудница не приближувај се, за да не паднеш во нејзните примки.
4. Со пејачка не дружи се: со уметноста своја може да те плени.
5. Не загледувај се во девојка, за да не бидеш соблазнет од нејзината убавина.
6. На блудница не давај ѝ ја својата душа, за да не го загубиш твојот имот.
7. Не обѕрнувај се по улиците на градот и не талкај по неговите пусти делови.
8. Убава жена не гледај; не загледувај се во туѓа убавина.
9. Женската убавина многумина заведува; од неа како од оган се распалуваат страстите.
10. Со жена омажена никогаш не седи, вино не пиј заедно со неа;
11. душата твоја да се не приврзе за неа; обземен од страсти – в бездна да не пропаднеш.
12. Стар пријател не отфрлај; новиот со него не се споредува;
13. новиот пријател е кко ново вино; кога стане старо – со наслада го пиеш.
14. На славата на грешникот не завидувај, зашто не знаеш каков ќе му биде крајот.
15. Не одобрувај го она што го прават безбожниците; помни дека нема да им трае среќата до пеколот.
16. Далеку биди од човек што има власт да убива, па страв смртен нема да те прогонува,
17. а ако се зближиш со него, добро пази се да не загинеш;
18. Знај дека сред стапица одиш, дека по врвовите на ѕидините градски чекориш.
19. Со ближните свои дружи се, но со мудрите советувај се.
20. Разговор води со разумни луѓе; зборовите твои според законот на Севишниот да бидат.
21. Со мажи праведни лебот твој дели го; во стравот Господен нека ти биде славата.
22. Споед раката на уметникот се пофалува делото, а владетелот на народот – според неговите зборови.
23. Во градот се плашат од човек со дрзок јазик и го мразат оној којшто неразумно говори.

10. Смиреноста и вистината.

1. Мудриот владетел народот свој го учи; владеењето на разумниот добро е уредено.
2. Каков е народниот владетел, такви се и неговите помошници, а какви се градските управници – такви се и жителите на градот.
3. Неразумниот цар народот свој го упропастува; градот се издигнува со мудроста на своите старешини.
4. Власта над земјата е во раката на Господа; Тој потребниот човек навреме над неа го издигнува.
5. Напредокот на човекот е во раката на Господа; врз закониците Бог ја покажува славата Своја.
6. За секаква навреда не гневи се на ближниот свој, и не прави никаква неправда.
7. Горделивоста е одвратна и за Бога и за луѓето; неправдата е омразна и за обајцата.
8. Власта преминува од еден народ на друг поради неправди, навреди и користољубивост.
9. Зошто се гордеат правот и пепелта –
10. кога уште додека се живи утробата им е нечиста?
11. Долгата болест го вознемирува лекарот;
12. оној што денес е цар, утре ќе умре.
13. Човекот кога умира станува плен на влекачите, ѕверовите и црвите.
14. Почетокот на гордоста е оддалечувањето од Господа, кога срцето на човекот ќе отстапи од Создателот негов;
15. горделивоста е почеток и на гревот; кој ќе ѝ се предаде, ќе изблуе одвратност.
16. Затоа Господ го казнува со страшни казни и наполно го уништува.
17. Господ урива престоли на силни; на нивното место кротки издигнува.
18. Ги откорнал Господ горделивите, на нивно место ги насадил смирените.
19. Господ ги опустошува земјите пагански и ги разурнува до темел.
20. Некои од нив ги раселил и уништил, со тоа го избришал споменот на нив.
21. Гордоста за луѓето не е создадена, ниту гневот бесен – за породот на жената.
22. Кој род е достоен за чест? Човечкиот. Кој род е достоен за чест? Оној, што страв Господен има.
23. Кој род презир заслужува? Човечкиот. Кој род презир заслужува? – Оној што законот го погазува.
24. Чест има најстариот меѓу браќата; така и оној што има страв Господен – пред Божјите очи чест има.
25. И богатиот, и благородниот и сиромавиот – пофалба им е стравот Господен.
26. Разумен сиромав не треба да се презира – а грешник не треба да се прославува.
27. Властелинот, судијата и владетелот достојни се за чест; но поголем нема од оној што има страв од Господа.
28. На мудриот роб слободни ќе му служат; разумниот, поучуван од него, нема да негодува.
29. Кога работиш, не мудрувај многу, а кога си во неволја – не фали се.
30. Подобар е оној којшто работи и живее во изобилство, од оној којшто не работи и се фали, а има потреба од леб.
31. Синко, со кротост прославувај ја душата своја и почитувај ја според нејзиното достоинство.
32. Кој ќе го оправда оној што греши против својата душа? Кој ќе го пофали оној што самиот се осрамотува?
33. Сиромавиот го почитуваат поради неговата разумност, а богатиот – поради богатството негово.
34. А почитуваниот во сиромаштија, колку ли повеќе ќе биде почитуван кога ќе биде богат? И неславниот во богатство, колку ли понеславен ќЕ биде во сиромаштијата!

11. Надевај се само во Бога.

1. Мудроста на смирениот ја издигнува неговата глава и ќе го постави сред достоинственици.
2. Не фали го човека поради неговата убавина; а и поради неговиот изглед не презирај го.
3. Мала е пчелата меѓу крилестите суштества, но таа дава сладост најслатка.
4. Не фали се со твојата скапоцена облека и не гордеј се во денот на твојата слава; прекрасни се Божјите дела, иако се сокриени од луѓето.
5. Многу владетели имало на земјата; многумина непознати добиле круна.
6. Многумина силни биле понижени и славни луѓе паѓале под туѓа власт.
7. Додека не испиташ – не обвинувај, прво провери, па потоа укорувај.
8. Не одговарај пред да ислушаш, сред разговор не мешај се.
9. Не препирај се за работи што не те засегаат; во расправии меѓу грешници не мешај се.
10. Синко, не зафајќа се со многу работи; при многу работи нема да останеш без вина. Колку и да брзаш, сè нема да постигнеш и со бегање – нема да се спасиш.
11. Некој се труди, се измачува и брза, а сè повеќе изостанува.
12. Некој е слаб, потреба има од помош; сили нема и со неволји е затрупан,
13. но Господ со милост го гледа за неговото добро, го подига од неговата понизност, ја подигнува неговата глава, поради што многумина му се восхитуваат.
14. Доброто и лошото, животот и смртта, сиромаштијата и богатството – сè доаѓа од Господа.
15. Господовиот дар е за побожните; Божјата милост вечно ќе им помага.
16. Некој се збогатува со грижи и штедење; тоа е дел од неговата награда.
17. Некогаш тој ќе рече: „Најдов мир и сега ќе му се радувам на моето богатство;”
18. но тој не знае колку време тоа ќе продолжува; ќе дојде денот кога сето тоа на други ќе го остави и ќе умре.
19. Остани тврд во заветот твој и живеј во него; во својата работа дочекај старост.
20. На делата од грешникот не чуди се, верувај во Господа, истраен биди во твојата работа;
21. лесно Му е на Господа бргу и ненадејно да го збогати сиромавиот.
22. Благословот од Господа – награда е за побожниот; со благословот Негов брзо успева тој.
23. Не вели; „Што уште ми треба? И какви богатства од сега можам да очекувам?”
24. Не вели: „Сè имам доволно, па какво ли зло по ова може да ме снајде?”
25. Во време на добро злото се заборава; во време на зло за добро не се зборува.
26. Лесно Му е на Господа во смртниот час да го награди човекот според делата негови.
27. И најмалото страдање ги потиснува насладите; во смртниот час се откриваат делата на човекот.
28. Додека е жив – за никого не вели дека е блажен; по децата свои се познава човекот.
29. Не примај секого во домот свој; на лукавиот разновидни се примките.
30. На горделивиот срцето е како еребица во кафез; како шпион го следи твоето паѓање;
31. го извртува доброто во зло; и на добрите им го оцрнува лицето.
32. Од една искра станува огниште полно со жар, а грешникот мисли да пролее крв.
33. Пази се од злосторник, зашто тој зло замислува; да не те посрамоти засекогаш.
34. Примиш ли туѓинец во домот свој – неволји ќе ти донесе: на твоите домашни туѓинец ќе те направи.

12. Вистински и лажни пријатели.

1. Кога правиш добро, знај кому му го правиш, и ќе ти благодарат за твоите добрини.
2. Прави му добро на побожниот и награден ќе бидеш; ако не од него – од Севишниот.
3. Нема добро за оној кој постојано прави зло и за оној што милостиња не дава.
4. Давај му на побожниот; на грешниот не помагај.
5. Прави му добро на смирениот, не давај му ништо на безбожниот, леб не давај му, за да не стане посилен од тебе.
6. Тој ќе ти плати за твоето добро со двојно зло; Севишниот ги отфрла грешниците и им се одмаздува на безбожниците.
7. На добриот давај му; грешник не помагај.
8. Пријателот во добро не се познава, а во злото непријателот не може да се сокрие.
9. Кога ни е добро – непријателите се тажни, а кога сме во зло – и пријателите бегаат од нас.
10. На непријателот не верувај му никогаш, зашто неговата злоба е слична на бакар покриен со патина;
11. и кога е смирен, и кога наведнат оди, пази ја од него душата своја и ќе бидеш пред него како огледало чисто: ќе видиш дека од отровната патина не е очистен до крај.
12. Не ставај го до тебе, за да не те истурка и местото твое да го заземе; не ставај го од твојата десна страна, за да не ти го земе твоето место. Најпосле ќе ги разбереш моите зборови; со тага ќе си спомнуваш за поуките мои.
13. Кој ќе се сожали над змијарот што змија го каснала и над оние што на ѕверови диви се приближуваат? И оној што со грешник се дружи – во неговите гревови учествува.
14. Додека цврсто стоиш тој не се открива, но кога еднаш ќе паднеш, – веднаш ќе те нападне.
15. На непријателот зборовите се слатки, а во срцето смислува в бездна да те турне; во очите свои солзи ќе има, а кога ќе може – ни крв не го заситува.
16. А снајде ли те зло, тој таму е пред тебе:
17. и како да ти помага, нога ќе ти подметне.
18. Ќе врти со глава, ќе крши раце, ќе негодува и ќе го менува лицето.

13. Дружи се со едномисленици.

1. Кој катран допира, од него ќе се извалка; кој со горделиви се дружи, ќе стане како нив.
2. Не подигнувај тежина поголена од твоите сили и не другарувај со посилен и побогат од тебе.
3. Што заедничко има меѓу грне и котел? Котелот ќе го турне и тоа ќе се скрши.
4. Богатиот навредил, и пак тој се заканува; сиромавиот навреден и пак тој се моли.
5. Ако си му од корист, тој ќе те користи; кога, пак, осиромашиш – тој ќе те остави.
6. Ако си богат, ќе живее со тебе; ќе те ограби и нема да те сожали.
7. Кога си му потребен, тој ќе ти ласка, ќе ти се насмевнува и надеж ќе ти дава; зборови слатки ќе ти зборува и ќе те прашува: „Ти треба ли нешто?”
8. Со гозбите свои тој ќе те посрами сè додека трипати не те ограби и најпосле не се подбие со тебе.
9. А потоа, кога ќе те сретне, ќе бега од тебе, глава ќе свртува – кога ќе те види.
10. Внимавај да не бидеш измамен
11. и понижен во твојата радост.
12. Те кани ли силен, бегај од него – и уште повеќе ќе те кани.
13. Не натрапувај се, за да не бидеш отфрлен и не стој многу настрана, за да не те заборават.
14. Не говори со него како со еднаков, не верувај му на неговите многу зборови; во долгиот разговор ќе те искушува, и божем шегувајќи се, ќе те испитува.
15. Немилосрден кон себеси е оној што не се воздржува од своите зборови; тој нема да се запази ни од навреди ниту од вериги.
16. Пази се и биди внимателен, бидејќи со паѓањето свие чекориш.
17. Го чуеш ли тоа во сонот свој, не заспивај.
18. Љуби Го Господа додека си жив и викај кон Него – за да се спасиш.
19. Секое создание родот свој го сака, а човекот – ближниот свој.
20. Секоја плот со родот свој се соединува и човекот се прилепува кон сличните на себе.
21. Има ли дружба меѓу јагне и волк? Затоа и побожниот не другарува со грешник.
22. Можен ли е мир меѓу хиена и куче? И има ли мир меѓу богат и сиромав?
23. Дивите осли во пустината за лавовите се плен, а сиромасите за богатите.
24. На горделивиот смиреноста му е одвратна; и сиромавиот на богатиот му е одвратен.
25. Кога богат се сопнува, пријатели го придржуваат; а кога сиромавиот паѓа и пријателите го оставаат.
26. Кога богат во неволја падне, многу помошници има; ако и глупост рече не го прекоруваат.
27. А падне ли сиромав, се подбиваат со него; каже ли нешто разумно не го ни слушаат.
28. Кога богат говори, сите молкнуваат; зборовите негови до небо ги фалат.
29. А кога сиромав говори, сите се прашуваат: „А кој е овој.” Ако се сопне, сосем го турнуваат.
30. Добро е она богатство во кое грев нема; сиромаштијата е лоша во устата на безбожниот.
31. Срцето на човекот му го менува лицето: или на добро или на лошо.
32. Веселото лице е знак на честито срце; измислување мудри изреки – бара труд.

14. Вистинско блаженство.

1. Блажен е оној што не згрешил со уста и што не почувствувал болка поради грев.
2. Блажен е оној што душата негова не го осудува и што надежта не ја загубил.
3. На скржавиот не му прилега богатство; што ќе му е имот на завидливец?
4. Кој од себе одзема, за други собира; со богатството негово друг ќе се насладува.
5. Кој за себе е лош, за кого добар ќе биде? Таквиот не ќе му се радува на имотот свој.
6. Нема полош од оној, кој за себе добро не сака; тоа му е казна за злобата негова.
7. Па, ако и добро направи, го прави ненамерно; подоцна своето зло го пројавува.
8. Лош е кој очи завидливи има; кој поглед свртува и презира луѓе.
9. Среброљубец не е задоволен од она што го има; неправдата душата му ја суши.
10. Скржавиот и лебот го штеди; неговата трпеза секогаш е скудна.
11. Синко, според имотот свој, прави добро на себеси и на Господа жртви достојни принесувај.
12. Помни дека смртта не задоцнува и дека заветот на пеколот не ти е откриен.
13. Пред да умреш, на пријателот добро прави му; според твоите сили – што можеш давај му.
14. Не лишувај се од добриот ден; делот од твојата добра желба да не те одмине.
15. Нема ли на други имотот свој да го оставиш, а плодот на твоите усилби – со ждрепка други да го делат?
16. Давај и земај и утешувај ја душата своја.
17. Утеха во пеколот нема да најдеш.
18. Сè што е живо како облека остарува; вечна е одредбата дека треба да се умре.
19. Како и зелените лисја на бујно дрво – едни паѓаат, а други растат, така е и со родот од крв и месо: еден умира, а друг се раѓа.
20. Секое дело што гние – пропаѓа, и оној што го направил – умира со него.
21. Блажен е човекот што напредува во мудроста, а со разумот свој на работи свети се учи.
22. Кој во срцето свое размислува за нејзините патишта, тој успева да ги разбере тајните нејзини.
23. Тој како ловец ја гони и заседи поставува на патиштата нејзини.
24. Оној што ѕирка низ прозорците нејзини, ќе прислушува и на нејзините врати.
25. Тој што е близу до нејзината куќа, клинец забива во нејзиниот ѕид; шаторот свој до неа го поставува, ќе живее во дом на изобилство;
26. децата свои ги остава под нејзината закрила и живее под нејзините гранки;
27. се засолнува од жегата и живее во славата на мудроста.

15. Човековата слобода.

1. Така постапува оној што има од Господа страв; кој законот го држи – мудрост ќе придобие.
2. Ќе го пречека како мајка, ќе го прими како мудра невеста.
3. Со лебот на разумот ќе го нахрани; ќе го напои со водата на мудроста.
4. На неа ќе се потпре и нема да се поколеба; на неа ќе се надева и нема да се посрами.
5. Таа ќе го издигне над неговите ближни; сред собир народен ќе му ја отвори устата.
6. Тој ќе наследи веселба, и венец на радоста и име вечно.
7. Неразумните луѓе на ја добиваат; ниту пак грешниците со очи ќе ја видат.
8. Таа е далеку од гордоста; лажливците не помислуваат на неа.
9. Во устата на грешникот непријатна е пофалбата, зашто од Господа не е испратена.
10. Пофалбата со мудрост искажана – и Господ ја потпомага.
11. Никогаш не вели: „Заради Господа отстапив”, зашто она што го мрази Тој – не треба да го правиш.
12. Не вели го ни ова: „Тој ме воведе во заблуда”, зашто Бог нема потреба од грешен човек.
13. Секоја одвратност Господ ја мрази; таа им е непријатна на оние коишто имаат страв од Него.
14. Во почетокот Тој го создаде човекот и го препушти на неговата слободна волја.
15. Ако сакаш, можеш да ги извршуваш заповедите; ти имаш сила верен да Му бидеш.
16. Пред тебе ставил оган и вода; кон што сакаш, рака ќе пружиш.
17. Пред човекот стои животот и смртта; што посакува тоа му се дава.
18. Голема е премудроста на Господа; Тој е сесилен и гледа сè.
19. Очите на Господа се врз оние што имаат страв од Него; Тој ги знае сите човечки дела.
20. Никому не Му заповедал безбожник да биде; никому не дозволил да греши.

16. Одмаздата е неминовна.

1. Не пожелувај многу невредни деца; не радувај се на синови безбожни. Не радувај се кога се намножуваат, ако во нив страв Господов нема.
2. Не надевај му се на нивниот живот, и не потпирај се на нивниот број.
3. Подобро е и еден праведник, отколку илјада грешници;
4. подобро е бездетен да умреш, отколку безбожни деца да имаш.
5. Зашто од еден разумен човек град се населува; а племето на безбожните ќе запусти.
6. Многу вакви работи видело окото мое, а за уште повеќе увото мое слушало.
7. Во собир на грешници оган ќе се разгори, како што и кај непокорен народ гнев се распалувал.
8. Бог не се смилува над древните џинови, кои се надеваа на својата сила и во гордоста своја од Него отстапија.
9. Не ги поштеди ни сограѓаните Лотови; и од нив се одврати поради гордоста нивна.
10. Не помилува ни народ погибелен, со гревовите свои којшто се гордееше.
11. Ни шестотините илјади луѓе, коишто загинаа поради жестокоста на своето срце; и да беше само еден непокорен, чудно ќе беше ако останеше неказнет;
12. зашто и милоста и гневот се под Негова власт: силен е Бог да помилува и да излие гнев.
13. Како што е голема милоста Негова, така е строго и неговото изобличување; на човекот му суди според неговите дела.
14. Не останува без казни грешникот со грабеж, ниту е залудна трпеливоста на праведникот.
15. Широк е патот на Божјата милост; секој ќе добие според своите дела.
16. Не вели: „Ќе се сокријам од Господа; зар некој од висините ќе си спомне за мене?
17. Во толку народ нема да ме забележи; што сум јас во овој бескраен свет?
18. Ете, небото и небото над небесата, бездната и земјата треперат од Неговата посета.
19. Од страв подеднакво се тресат планините и на земјата основите кога Тој ги погледнува.
20. И сето ова срцето не го разбира;
21. а патиштата Негови, Кој ќе ги сфати! Како што ветрот не го гледаме, така се сокриени и поголемиот број од делата Негови.
22. Кој ќе ни ги открие делата на неговите праведни судови? И кој ги очекува? Ветеното е далеку.”
23. Вака размислува слабоумниот. Вака глупаво размислува неразумниот и заблудениот човек.
24. Слушај ме, сине мој, и ќе научиш, со срцето свое внимавај на моите зборови.
25. Јас ти покажувам разумно учење и ти предавам вистинско знаење.
26. Во почетокот Господ ги создал сите Свои дела и на секое од нив му даде одредено место;
27. ги устроил засекогаш делата свои, и најдобрите болскаат од род во род: не гладуваат; не се уморуваат; постојано дејствуваат;
28. ниедно од нив не го ограничува она што е до него,
29. никога не се противставува на неговите повелби.
30. Потоа Господ погледна на земјата и ја исполни со Своите добрини.
31. Го покри лицето на земјата со секакви живи суштества и во неа ќе се вратат сите.

17. Бог – суд.

1. Господ го создаде човекот, човекот од земја, и пак во неа го враќа.
2. На луѓето им даде одреден број денови и одредено време, им даде власт над сè што е на земјата.
3. Ги облече во сила според нивната природа, ги создаде според образот Свој.
4. Во секое создание вдахна страв кон нив, за да владеат над ѕверови и птици.
5. Им даде разум, јазик и очи, уши и срца – да расудуваат.
6. Ги исполни со знаење и разбирање, и им го покажа доброто и злото.
7. Окоти Свое го стави во нивните срца, за да им ја покаже величественоста на Своите дела,
8. за да го прославуваат Неговото Свето име и да ја објавуваат големината на Неговите дела.
9. Го зголеми нивното знаење, законот на животот во наследство им го даде.
10. Вечен завет направи со нив и ги поучи на Своите повелби.
11. Очите нивни го видоа величието на славата, а увото нивно ја чу славата на Неговиот глас.
12. Бог им рече: „Пазете се од секоја неправда.» На секого од нив му заповеда како да се однесува со ближниот свој.
13. Патиштата нивни секогаш се пред Него, нема да се сокријат од очите Негови.
14. На секој народ водач му постави.
15. А Израел е Господовиот дел.
16. Сите нивни дела како сонце се пред Него; очите Негови секогаш ги пазат нивните патишта.
17. Нивните неправди не се сокрија од Него; сите нивни гревови се пред Господа.
18. Милостињата човекова како печат е во Него, добротворството на човекот ќе го пази како зеницата на окото.
19. Потоа ќе стане, на сите ќе им плати, платата нивна врз главата ќе им падне.
20. Само на покајниците им дозволува да се обрнат; ги бодри оние на коишто им попуштило трпението.
21. Сврти се кон Господа, остави ги гревовите;
22. моли се пред Него и намали ги навредите твои.
23. При Севишниот врати се, од неправдата одврати се; замрзни ги одвратните работи.
24. Севишниот кој ќе Го прославува во пеколот, наместо оние коишто живеат и оддаваат почести?
25. Од мртовец нема прославување, бидејќи е мртов.
26. Живиот и здравот ќе Го прославуваат Господа.
27. Колку е голема милоста измирувањето на Господа со оние што Му се обраќаат!
28. Човек не може сè,
29. зашто синот човечки не е бесмртен.
30. Има ли нешто посветло од сонцето? Но понекогаш и тоа потемнува. Исто така и телото и крвта на зло ќе помислат.
31. Силите на високите небеса Тој Самиот ги надгледува, а сите луѓе само се прав и пепел.

18. Божјото величие.

1. Сè создал Оној Кој живее вечно; само Господ е праведен.
2. Никому не му дал делата Негови да ги објаснува.
3. Кој може големите Негови дела да ги испитува?
4. Кој може на величието Негово да ја измери силата? Кој може неговите милости да ги искаже?
5. Не можно е да се намалат, ниту е можно да се зголемат; никој не може да ги испита чудесните дела Божји.
6. Кога човекот помисли дека нешто завршил, тоа е само почеток, а штом престане – збунет е како и секогаш.
7. Што е човекот и зошто е? Што е неговото добро, а што неговото зло?
8. Деновите на човекот се многу ако се сто години, а според вечноста – тие се како капка вода или зрно песок во морето.
9. Затоа спрема луѓето Господ е долготрпелив, ги опсипува со своите милости.
10. Тој гледа и знае колку е беден нивниот крај.
11. Затоа толку многу им простува.
12. Милоста на човекот е само спрема неговиот ближен, а милоста божја – за сè што е живо.
13. Господ прекорува и вразумува, поучува и обрнува, како пастирот стадото свое.
14. Милостив е спрема оние што се вразумуваат и спрема оние кои ревносно се враќаат кон законот Негов.
15. Синко, добрите дела твои не врши ги со прекор, и подароците твои не давај ги со навредливи зборови.
16. Росата нели ја освежува жегата? Поскапоцен е зборот од самото дело.
17. Не е ли зборот подобар од добриот дар? А добродетелниот човек го има и едното и другото.
18. Глупавиот немилосрдно прекорува, а дарот од завидливиот очите ги суши.
19. Помисли пред да проговориш, грижи се за себе пред да се разболиш.
20. Сам испитувај се пред да ти судат; во часот на посетата Божја ќе бидеш помилуван.
21. Смири се пред да се разболиш; а кога си згрешил – покај се.
22. Ништо да не ти пречи заветот да го исполниш на време, не одлагај пред самата смрт да се оправдаш.
23. Пред да почнеш да се молиш, приготви се; не биди како човек кој Господа Го искушува.
24. Мисли на гневот во смртниот час и на часот на одмазда – кога Бог лицето Свое го свртува.
25. Во време на изобилие помисли и на глад, а во времето кога си богат – на сиромаштијата и немаштија.
26. Од утро до вечер времето се менува; пред Господа сè брзо одминува.
27. Мудриот човек во сè претпазлив ќе биде; во деновите на гревови од безгрижност ќе се пази.
28. Секој којшто е разумен мудроста ја препознава и ќе го почитува оној што ја придобил.
29. Оние што ги сфаќаат мудрите зборови, и сами стануваат мудри; па и другите со мудроста ги опсипуваат.
30. Не оди по твоите страсти, скратувај ги твоите грешни желби.
31. Ако ги задоволуваш грешните желби на својата душа ќе те направи за подбив пред твоите непријатели.
32. Во раскошен живот не барај радост; не приврзувај се за гозби срамни.
33. Гледај да не осиромашиш, гостејќи се со позајмени пари – кога ништо немаш во твоето ќесе.

19. Вистинска и лажна мудрост.

1. Работник пијаница нкогаш нема да се збогати, а оној што ги презира малите работи, набргу и без нив ќе остане.
2. Виното и жените ги расипуваат и разумните луѓе, а кој се врзува со блудница – ќе загуби секаков срам.
3. Гниењето и црвите ќе го наследат; неразумната душа ќе биде погубена.
4. Лесномислен е оној што брзо се доверува, а кој греши – греши против својата душа.
5. Кој ужива во злото казнет ќе биде, а кој им се противи на грешните желби – тој животот свој ќе го овенча.
6. Кој јазикот свој го воздржува – мирно ќе живее, а кој мрази мрморење, злото го прогонува.
7. Не повторувај ги зборовите што ти се доверени, и ништо нема да ти недостасува.
8. Не доверувај ништо ни на пријател ниту на непријател; ако тоа не е грев за тебе – не откривај го;
9. зашто оној што ќе те ислуша ќе се припазува од тебе, а по извесно време и ќе те намрази.
10. Ако слушнеш нешто, нека умре во тебе; биди како гроб. Не плаши се! Нема да те раскине.
11. Кога неразумниот нешто слушне, го обземаат болки – како родилка при породување на младенец.
12. Како што е стрелата забодена во бедро, таков е и зборот во срцето на неразумниот.
13. Прашај го твојот пријател, можеби не го направил тоа; а, ако го направил, да не го прави во иднина.
14. Прашај го пријателот: можеби не рекол ништо, а ако рекол, да не го повторува во иднина.
15. Прашај го пријателот твој, зошто често има клеветење.
16. На секој збор не верувај.
17. Некој греши со зборови, но не и со душа; а кој не згрешил со својот јазик?
18. Распрашај го соседот твој пред да го заплашуваш; дај му место и на законот на Севишниот. Секоја мудрост е Господен страв; секоја мудрост е извршување на законот.
19. Не е мудрост да знаеш да правиш лошо; на собирот од грешници – разумност нема.
20. Има итрина и таа е одвратна; луд е оној што мудрост нема.
21. Подобро е сиромашен со знаење, но со Господен страв, отколку богат со знаење, а да го прекршува Законот.
22. Има лукава итрина во служба на неправдата, има и изопачување на вистината – корист да се добие.
23. Има човек што оди подгрбавен и натажен, но однатре е полн со подмолност;
24. го наведнал лицето и се прави глув, но тој ќе те измами и кога не мислиш.
25. Ако немоќта му попречила да згреши, но, штом можноста му се даде – ќе ти направи зло.
26. Човек се познава по изгледот и по изразот на лицето разумниот го познаваме.
27. Облеката, смеењето и начинот на одење покажуваат каков е човекот.
28. Има прекор што не е навреме; а има и таков што може да се премолчи – и тоа е благоразумно.

20. Неприлични зборови.

1. Многу е подобро да изобличиш, отколку тајно да се лутиш; а кој насамо изобличува, од штета ќе се претпази.
2. Колку е убаво кога изобличениот се покае!
3. Зашто таквиот ќе избегне драговолен грев.
4. Каков што е евнухот што сака девица да обесчести, таков е и оној што сака правда преку суд со насилство.
5. Некој молчи и се покажува мудар; а некого го мразат поради многу зборување.
6. Некој молчи, зашто нема што да одговори, а некој молчи, чекајќи го својот час.
7. Мудар човек молчи до вистинскиот час, а суетниот и неразумниот не чекаат време.
8. Кој премногу зборува, здодевен станува, а кој си присвојува право да говори, – намразуван бива.
9. Некој во злото добро наоѓа, а некогаш придобивката загуба станува.
10. Има подрок што не ти е корисен, а има и дар што двојно се исплатува.
11. Има понижување за слава, а некој од понижување крева глава.
12. Некој со малку купува многу, а сепак плаќа за него седумпати повеќе.
13. Мудриот го сакаат заради неговите зборови, а љубезноста на неразумните е празна.
14. Дар од безумен не ти е на корист; зашто неговите очи бараат многу повеќе за враќање;
15. Тој малку дава, а многу зборува: ќе отвори уста, ќе кажува на сите. Денес на заем дава, а утре го бара она што го дал. Ваквиот човек е омразен и пред Бога и пред луѓето.
16. Неразумниот вели: „Немам пријател, нема благодарност за добрините што ги правам; лебот мој го јадат, но со јазикот се лукави.”
17. Колкупати и колкумина со него се подбиваат!
18. Подобро да се препнеш на патот, отколку со јазикот. И така ненадејно пропаста на лошите им доаѓа.
19. Непријатниот човек е ненавремена приказна, која е секогаш во устата на неуките.
20. Мудрата изрека е одвратна во устата на глупавиот, зашто ја кажува кога не треба.
21. Некој се воздржува од грев поради сиромаштија, и во воздржувањето не се смирува.
22. Некој ја загубува својата душа поради лажна срамежливост, ја загубува од лицемерност пред безумен.
23. Некој од срам на пријателот ветување му дава; и така без потреба непријател го прави.
24. Лош порок кај човекот е лагата; таа секогаш е во устата на неуките.
25. И крадецот е подобар од оној кој постојано лаже, но и обајцата ќе наследат погубност.
26. Лагата е срамна навика; срамот е постојан придружник на лажливците.
27. Кој мудро говори, тој ќе се издигне; умниот им е мил на управителите.
28. Кој својата земја добро ја обработува, богата жетва жнее, а кој знае на управителите да им угодува – во прилика на неправда, ќе биде помилуван.
29. Гозбите и подароците ги заслепуваат очите на мудрите; како узда во устата – ги сопираат изобличувањата.
30. Каква полза има од сокриена мудрост и од сокриено богатство?
31. Подобар е оној што ја сокрива својата глупост, од оној што ја сокрива својата мудрост.

21. Различни гревови.

1. Сине мој, ако си згрешил, престани да грешиш; за направените гревови, моли се.
2. Од грев бегај како од змија, зашто ако му се приближиш, тој ќе те касне.
3. Гревот има лавовски заби; тој ги убива човечките души.
4. Секое беззаконие е како меч со две острици, тој задава рани неизлечиви.
5. Застрашувањата и насилствата упропастуваат богатство; така се запустува и домот на горделивите.
6. Молбата на сиромавиот стигнува само до неговите уши; но судот до него брзо се приближува.
7. Кој изобличување мрази, по пат стапките на грешници оди; а кој страв Господен има, ќе се обрати со своето срце.
8. Силниот на јазик оддалеку се познава, но разумниот знае кога тој ќе падне.
9. Кој со туѓи пари куќа гради, тој е како човек кој собира камења за гробот свој.
10. Собирот на беззаконците е како куп отпадоци од коноп; во пламенот огнен е нивниот крај.
11. Патот на грешниците добро е поплочен, но крајот негов е бездна пеколна.
12. Кој го пази законот, тој владее со своите мисли,
13. а кој живее според стравот Господен – мудар е.
14. Неспособниот не може да се научи,
15. но има способност што ја зголемува маката на човекот.
16. Знаењето на мудриот како поплава се излива, а советот негов е како извор на животот.
17. Срцето на глупавиот е како искршен сад: знаење не задржува.
18. Кога умниот чуе мудар збор, тој го пофалува и го помни; а кога безумник го слушне, тој му се подбива и зад себе го фрла.
19. На безумниот говорот е како товар на пат, зборовите на мудриот е пријатно да се слушаат.
20. Зборовите на мудриот на собирот ги бараат; за неговите зборови ќе размислуваат во срцето.
21. Каква што е куќата во урнатини, таква е на неразумниот мудроста, а знаењето негово се состои од зборови бесмислени.
22. За безумните поуката е како окови на нозете и како вериги на десната рака.
23. Глупвиот се смее на сиот глас; а разумниот – тивко се насмевнува.
24. За разумниот поуката е како златен накит, како скапоцен украс на десната рака.
25. На безумниот ногата кон куќа брза, а разумниот пристапува со скромност.
26. Неразумниот ѕирка низ вратата на туѓ дом, а разумниот чека надвор.
27. Невоспитаниот прислушнува при вратите, а умниот се срамува од тоа.
28. Устата на зборливите раскажува туѓи работи, а зборовите на разумниот на кантар се мерат.
29. Срцето на глупавите е во нивната уста, а устата на мудрите е во нивното срце.
30. Кога безбожникот го проколнува сатаната, се проколнува себеси.
31. Сплеткарот својата душа ја валка, и каде и да живее – нема да биде сакан.

22. Пријателство и претпазливост.

1. На извалкан камен прилега мрзливиот и секој го презира неговото бесчестие.
2. Мрзливиот е сличен на воловска лепешка; секој што ќе ја подигне, раката ја истресува.
3. Лошиот син на таткото е срам, а лошата ќерка за понижување се раѓа.
4. Разумната ќерка лесно ќе се мажи, а бесрамната е жалост на родителот свој.
5. Нечесната го срамоти и таткото и мажот; обајцата ја презираат.
6. Несоодветните зборови се како музика во денови на жалост; на мудроста казната и поуката секогаш се навреда.
7. Да поучуваш неразумен е исто што и скршено грне да лепиш или да будиш длабоко заспан човек.
8. На глупав да му објаснуваш, исто е што и на задреман човек да му раскажуваш, кој на крајот ќе те праша: „Што беше тоа!?”
9. Плачи над умрен, зашто светлината за него исчезнала, а плачи и над глупав, зашто разумот го напуштил.
10. Но помалку плачи за умрениот, зашто тој се успокоил; лошиот живот на глупавиот – полош е и од смртта.
11. По умрениот жали седум дни, а по неразумниот и безбожниот жали додека се живи.
12. Со безумник многу не зборувај и кај неразумен не оди;
13. чувај се од него, за да немаш непријатности и да не се извалкаш од допирот со него.
14. Бегај од него – за да имаш спокој, да не те огорчи со безумието негово.
15. Што е потешко од оловото и како му е името – ако не глупак?
16. Полесно е да носиш песок и сол или парче железо, отколку човек неразумен.
17. Како што цврсто врзаните греди ја пазат куќата при тресење од уривање, така и срцето утврдено врз зрели размислувања – не се плаши од никаков страв.
18. Срцето утврдено на разумно размислување е како украс извајан на ѕид.
19. Потпирка ставена високо не устојува против ветар.
20. И плашливото срце, при глупаво размислување, не ќе устои против стравот.
21. Кој удира око, предизвикува солзи, а кој го удира срцето чувство на болка предизвикува.
22. Кој фрла камен на птици – ќе ги избрка, а кој пријател навредува, пријателство расипува.
23. Ако си извадил и меч против пријателот, не плаши се, измирувањето е можно.
24. Ако си отворил уста против пријател, не плаши се, измирувањето е можно.
25. Само хулата, гордоста, откривањето тајни и подмолен удар го одвраќаат секој пријател.
26. Кај ближниот свој придобивај доверба додека е сиромав, за д се радуваш заедно со него кога ќе стане богат.
27. Остани со него кога е во неволја, за да го делиш наследството со него.
28. Пред пламенот во печката се јавува пара и дим, а пред крвопролевање се појавува кавга.
29. Не се срамувам пријател да бранам, од лицето негово нема да се кријам.
30. Ако, пак, ме снајде зло од него, секој што ќе чуе ќе се пази од него.
31. Кој ќе ми даде стража за устата моја и печат на разумот врз усните мои, та да не паднам поради нив и јазикот мој да не ме погуби.

23. Лоши зборови и прељуба.

1. Господи, Оче небесни и Господару на мојот живот, не оставај ме на нивната волја, не оставај поради нив да пропаднам.
2. Кој ќе им биде камшик на моите мисли и на срцето мое – учител за мудрост, та да биде немилосрден спрема моите постапки и да нема милост кон нивните заблуди;
3. та гревовите мои да не се умножуваат, и заблудите мои да не станат многу, та да паднам пред моите противници и да се радуваат моите непријатели.
4. Господи, Оче и Боже на животот мој, не давај очите мои да бидат горди, отстрани ги од мене сите грешни желби.
5. Желбите на стомакот и на сладострастите да не надвладеат над мене, на душа бесрамна не предавај ме.
6. Чујте, чеда, за устата поука: кој ја пази – нема преку неа да биде уловен.
7. Грешникот преку неа ќе биде уловен; преку неа ќе се сопнат неразумните и горделивите.
8. Не навикнувај ја устата твоја на клетва.
9. Колнејќи се, не изговарај го името на Светиот.
10. Како што робот кога постојано го казнуваат, од рани не се ослободува, така и оној што постојано се заколнува со името на Светиот, од грев нема да се очисти.
11. Човек којшто често се колне, со беззаконие се исполнува; од домот негов бичот не отстапува.
12. Ако згреши, гревот негов останува врз него; а ако, пак, не се грижи, двојно согрешува.
13. Ако напразно се колнел, нема да му се прости; полн со неволји домот ќе му биде.
14. Има говор сличен на смрт; него да го нема во наследството на Јаков!
15. Сето тоа далеку да биде од побожните луѓе, за да не се валкаат во своите гревови.
16. На одвратна бесрамност не учи ја устата твоја, зашто во неа ќе има грешни зборови.
17. Кога седиш меѓу достоинственици, спомнувај си за татко си и мајка си,
18. та да не се заборавиш пред нив и неволно да направиш глупост, па да посакаш да не си се родил и да го проколнуваш денот на твоето раѓање.
19. Оној што ќе се навикне на срамни зборови, нема да се поправи додека е жив.
20. Две работи гревовите ги намножуваат, а третата предизвикува гнев.
21. Жешката душа како оган гори; нема да се смири додека не изгори:
22. Оној што блудствува во своето тело, нема да престане сè додека огнот не прегори.
23. На блудникот секоја храна му е вкусна; сè додека не умре – нема да престане.
24. Оној што прељуба прави, во себеси вели: „Кој ќе ме види:
25. наоколу темнина, ѕидовите ме сокриваат; никој не ме гледа. Од што ќе се плашам? Севишниот нема да се сети за моите гревови.”
26. Само од човечки очи тој има страв,
27. а не знае дека очите на Господа десетилјади пати се посветли од сонцето:
28. ги гледаат сите човечки патишта, во сите скришни места проникнуваат.
29. Нему Му е познато сè пред да биде создадено, како и по создавањето.
30. Таквиот човек казна ќе го стаса на градските улици, таму каде што и не помислувал.
31. Така и жена, која го оставила мажот свој и од туѓ маж наследник му родила,
32. прво, затоа што не го послушала законот на Севишниот, второ, што на мажот свој му згрешила и, трето, што со прељуба се извалкала и со туѓ маж деца изродила;
33. таа пред собир народен ќе биде изведена и за децата нејзини ќе биде испрашувана.
34. Децата нејзини корен нема да пуштат, гранките нејзини не ќе дадат плод.
35. По себе ќе остави спомен на проклетство; срамот нејзин нема да се избрише.
36. Ќе разберат сите што ќе останат по неа дека од стравот Господов ништо подобро нема и ништо послатко од извршувањето на Божјите заповеди.
37. Голема слава е – да се оди по Господа, а кога си примен од Него – долг живот ќе имаш.

24. Пофалба на мудроста.

1. Мудроста ќе се прослави; меѓу народот свој ќе биде пофалена.
2. Во собирот на Севишниот устата своја ќе ја отвори и пред Неговите сили таа ќе се прослави:
3. „Излегов од устата на Севишниот и како пареа ја покрив земјата;
4. во висините шатор раширив; престолот мој во столбот од облак го поставив;
5. кругот небески го изминав, одев во длабините на бездната.
6. Мојата власт е над морските бранови и над сета земја, над секој народ и племе.
7. Почивка барав меѓу сите нив: во чие наследство да се вселам.
8. Тогаш Создателот на сè, Оној, Кој и мене ме создаде, ми посочи живеалиште спокојно и рече:
9. „Всели се кај Јаков, стани му наследство на Израел.”
10. Пред векови, во почетокот, Тој ме создаде, и нема да свршам довека.
11. Пред Него служев во светата Скинија, а потоа на Цион се утврдив.
12. Тој спокој ми даде во саканиот град; во Ерусалим е мојата власт.
13. Така се вкоренив во прославениот народ, во делот на Господа, во наследството Негово.
14. Израснав како кедар на Леванон и како кипарис на горите Ермонски.
15. Израснав како палма во Ен-Геди и како розова градина во Јерихо;
16. како прекрасна маслина во рамнината и како јавор се извишив.
17. Мирис раширив како цимет и ароматичен балзам; мирис благопријатен, распрснав како смирна избрана,
18. како алаван, оникс и стактит и како мирис од темјан во Скинијата.
19. Како теревинт ги раширив моите гранки, а гранките мои се прекрасни – гранки на слава и благодат.
20. Јас сум како лоза што благодат раѓа, плод на слава и богатство се цветовите мои.
21. Дојдете кај мене вие што ме сакате, наситете се со моите плодови;
22. споменот за мене посладок е од мед, Наследството мое – саќе е од мед.
23. Оние што ме јадат – погладни ќе бидат, а оние што ме пијат – пожедни за мене ќе бидат.
24. Кој мене ме слуша – не се посрамува; кој со мене работи – никогаш не греши.
25. Сето ова е книга на заветот со Бога Севишен,
26. законот што Мојсеј ни го даде за наследство на заедниците од Јакова.
27. Тој со мудрост е полн како реките Пишон и Тигар во пролетните денови;
28. тој со разум исполнува како Ефрат и Јордан во време на жетва;
29. тој исполнува со учење како светлина и како Гион во време на гроздобер.
30. Првиот човек не ја позна докрај, не ќе ја доиспита ни последниот.
31. Мислите нејзини пошироки се од морето, а намерите подлабоки од бездна.
32. А јас сум како канал од река и како воден бран што влегува во градина.
33. И реков: „Градината моја ќе ја напојам и леите цветни ќе ги наводнам.”
34. И ете, каналот мој стана река, а реката настана море.
35. Како светлина утринска учењето мое ќе светлее, надалеку ќе го покажам,
36. како пророштво ќе го излијам, на идните родови ќе им го оставам.
37. Гледате: не само за себе се трудев, туку и за сите што мудроста ја бараат.”

25. Мудри изреки.

1. „Со три работи се украсив и станав убава пред Господа и пред луѓето:
2. слога меѓу браќата и љубов меѓу ближните, маж и жена што живеат во слога.
3. Три вида луѓе душата моја намрази, одвратен ми е нивниот живот:
4. горд сиромав, богат лажливец и старец прељубник, кој слабо расудува.
5. Ако ништо не си собрал во младоста, како можеш да го имаш во староста?
6. Колку ѝ прилега на седата коса да суди на старците – да умеат совет да даваат!
7. Колку им прилега мудроста на старците и разумнота на чесните луѓе коишто совет даваат!
8. Големото искуство е круна на старците, а пофалбата нивна – стравот на Господа.
9. Девет помисли пофалив во моето срце, а десеттата сега ќе ја кажам:
10. тоа е човекот којшто се радува на деца и кој го доживува паѓањето на непријателите свои.
11. Блазе му на човекот којшто со жена разумна живее, кој не греши со јазикот свој и кој не му слугува на понедостоен од себе.
12. Блазе му на оној кој придобил мудрост и кој ја предава на уши што го слушаат.
13. Колку е голем оној што ја нашол премудроста! Но не е подобар од оној што има страв од Господа.
14. Стравот Господов е над сè, и кој го има – со што може да се спореди?
15. Секоја рана може да се истрпи, само не и раната на срцето; секоја злоба може да се поднесе, само не и злобата на жената;
16. и секој напад, само не напад од злобни; и секоја одмазда, само не одмазда од непријател.
17. Нема глава поотровна од змиската, ниту има омраза посилна од омразата на непријателот.
18. Повеќе сакам да живеам со лав и змеј отколку со лоша жена.
19. Злобата на жената погледот ѝ го менува, лицето ѝ го помрачува како лице на мечка.
20. Ќе седне мажот меѓу пријателите, а кога ќе чуе за неа тешко воздивнува.
21. Секоја злоба е мала во споредба со женската злоба; жрепката на грешник нека падне врз неа.
22. Каков е песочниот брег за нозете старечки, таква е жена кавгаџика за мирен маж.
23. Не загледувај се во женска убавина и не копнеј за наслада од жена.
24. Голем срам и грдост е кога жената управува со мажот свој.
25. Тажно срце, невесело лице и рана срцева – тоа е лошата жена.
26. Раце скршени и колена треперливи, таква е жената што не го весели мажот свој.
27. Од жена е почетокот на гревот; поради неа сите умираме.
28. На водата не давај ѝ пукнатина, ниту на зла жена – власт;
29. ако не се управува според твојата волја, отпушти ја од себе.

26. Жални работи.

1. Блазе му на маж што има добра жена; двоен е бројот на неговите денови.
2. Добродетелна жена – радост е за својот маж; годините на неговиот живот ќе ги исполни со мир.
3. Добрата жена е голем дар; таа му се дава на оној што има страв од Господа.
4. И на добар и на сиромав, додека е со неа, задоволно му е срцето и лицето му е весело во секое време.
5. Од три работи срцето мое се плаши, а од четвртата се згрозува:
6. од озборувања во градот, од разбунтуван народ и од лажни обвинувања, зашто сето тоа е полошо од смрт,
7. но срцева болка и тага – тоа е жена кога е љубоморна на друга жена,
8. и бичот на јазикот нејзин, што сите ги шиба.
9. Злата жена е како јарем волски кој се движи натаму-наваму; и кој неа ја зема – тоа е исто како скорпија да фаќа.
10. Жена пијана мака е голема; неизмерлив е тогаш нејзиниот срам.
11. Жена блудница се познава по дрскиот поглед и по клепките на очите.
12. Над ќерка бесрамна засили го надзорот; за да не ја злоупотреби дадената слобода.
13. Внимавај на бесрамно око; не чуди се ако згреши против тебе;
14. како од жед измачуван патник што уста отвора и пие секаква вода,
15. така и таа седнува пред секој шатор и на секоја стрела тулот го отвора.
16. Љубезна жена радост е на својот маж; нејзината благоразумност коските негови ги зајакнува.
17. Кротка жена е дар од Господа, а добро воспитаниот човек цена нема.
18. Жена срамежлива е благодат изобилна;
19. Нема цена достојна за душа непорочна.
20. Како што сонцето сјае на Божјите висини,
21. таква е убавината на вредната жена во среденоста на нејзиниот дом.
22. Како што свеќата светлее на свеќникот, таква е убавината на лицето нејзино кога е во возраст зрела;
23. како златни столбови на подножја сребрени, такви се убавите нозе врз нејзините цврсти пети.
24. Две работи срцето мое го жалостат, а од третата гнев ме обзема:
25. кога војник страда од немаштија и кога разумните пренебрегнати биваат,
26. кога некој од праведност пак на грев се враќа; за таквиот Господ мечот го приготвил.
27. Трговецот одвај може грешките да ги одбегнува, а крчмарот – да се избави од грев.

27. Трговија, правда, тајна.

1. Многумина грешат за неважни работи; кој бара богатство – станува немилосрден.
2. Колецот се забива меѓу два камена; меѓу продавањето и купувањето гревот се вовлекува.
3. Ако некој не го пази стравот Господен, набргу куќата ќе му се урне.
4. Кога со решето се отсејува – ѓубре останува; а нечистотијата на човекот – кога тој размислува.
5. Грнчарските работи фурната ги проверува, а недостатоците на човекот – неговиот говор.
6. Грижите за дрвото во плодот се покажуваат, а мислите на човекот – во неговите зборови.
7. Пред да проговори никого не фали; човекот се проверува во неговите зборови.
8. Ак правдата усрдно ја бараш, ќе ја најдеш; како во облека свечена во неа ќе се облечеш.
9. Птиците се собираат со оние што ним им се слични; а вистината им се открива на оние што со неа живеат.
10. Како лавот што го демне својот плен, така и гревот ги демне оние што неправда прават.
11. Говорот на побожниот секогаш е мудар, а на безумниот се менува како месечината.
12. Кога си меѓу неразумни, внимавај на времето; меѓу благоразумни поминувај постојано без страв.
13. Одвратен е разговорот на безумните; а нивната смеа – забава грешна.
14. Празните зборови на оние, што многу се колнат, нè престрашуваат, а кога се караат, ушите ни ги заглушуваат.
15. Караницата на горделивите е пролевање крв, а навредите нивни се неиздржливи за слухот.
16. Кој открива тајни, доверба загубува; нема веќе да најде пријател по срце.
17. Сакај го пријателот и биди му верен,
18. но ако тајните негови на други ги кажеш, не трчај веќе по него;
19. како што човек го убива непријателот свој, така ти си го убил пријателството на ближниот свој;
20. како што се испушта птица од рака, така ти си го испуштил пријателот свој, и никогаш веќе нема да го фатиш.
21. Не трчај по него, тој е веќе далеку; избегал како што бега срна од примка.
22. Рана може да се преврзе и навреда да се прости,
23. но кој тајна предал – за него надеж нема.
24. Кој намигнува со око – тој смислува зло; никој од тоа нема да го додржи.
25. Пред тебе тој ќе говори слатко, ќе ги фали зборовите твои,
26. а потоа зад тебе инаку ќе зборува: во твоите зборови соблазна ќе открие.
27. Многу работи мразам, но ништо друго како таков човек; него и Господ го мрази.
28. Кој угоре фрла – на главата му паѓа, а подмолен удар рани ќе отвори.
29. Кој јама копа – самиот во неа ќе падне; кој стапица мести – ќе се фати во неа.
30. Кој зло прави – со зло му се враќа, иако не знае од каде ќе дојде:
31. како лав го демнат подбивот, прекорот и одмаздата од горните.
32. Во стапица ќе се фатат оние што се радуваат на паѓањето на побожните; нив жалост ќе ги истошти – пред да умрат.
33. И злобата и гневот подеднакво се одвратни, а грешникот нив во себеси ги носи.

28. Одмазда.

1. Одмаздникот ќе добие одмазда од Господа, Кој не ги заборава неговите гревови.
2. Прости му ја навредата на ближниот твој и тогаш, откако се помолиш, гревовите твои простени ќе ти бидат.
3. Кога човек човека го мрази, како може од Господа опростување да бара?
4. За човек сличен на себе, тој милост нема, а се моли гревовите негови простени да му бидат.
5. Самиот, бидејќи тело полн е со омраза, па кој гревовите ќе му ги прости?
6. Спомнувај си за крајот твој и престани да мразиш; спомни си за смртта и гниењето, па заповедите извршувај ги.
7. На заповедите мисли и ближниот не мрази го.
8. Помни го заветот на Севишниот, и вината на братот твој прости му ја.
9. Од кавга бегај, така помалку ќе грешиш.
10. Грешникот раздор сее меѓу пријателите; меѓу оние што живеат во мир, недоверба шири.
11. Огнот се разгорува во зависност од тоа што е она што гори;
12. каква е силата на човекот, таков ќе биде и неговиот гнев; гневот се зголемува и според богатството негово.
13. Жешка рсправија оган распалува, а жестока кавга крв пролева.
14. Дуваш ли искра – таа ќе се рспали, плукнеш ли на неа, таа ќе се угасне; и едното и другото излегуваат од твојата уста.
15. Озборувачот и лажливецот проколнати да се; тие погубиле многумина што живееле во мир.
16. Третиот јазик многумина изгонил, ги гонел од еден народ во друг,
17. уривал градови утврдени, уривал палати на богати;
18. третиот јазик избркал чесни жени, ги лишил од плодовите на нивниот труд.
19. Кој него го слуша, мир нема да има ни спокоен дом.
20. Ударот со бич модрици прави, а ударот со јазик, коски крши.
21. Многумина паднале од остар меч, но повеќе се оние што паднале од јазик.
22. Блазе на оној што од него се заштитил; неговиот бес не го почувствувал, кој во јаремот негов не бил и не бил врзан со неговите вериги.
23. Јаремот негов е железен, а веригите негови – бакарни.
24. Страшна е смртта што ја донесува; и пеколот е подобар од неа,
25. но нема сила на побожните; нив не ги гори пламенот негов.
26. Жртви негови се оние што Го оставиле Господа; во нив ќе се разгори и нема да изгасне; како лав ќе ги нападне и како пантер ќе ги раскине.
27. Слушај, со трње загради го имотот твој,
28. добро заклучи ги златото и среброто,
29. а за зборовите направи си мерка; на устата твоја – врата и клучалка.
30. Пази да не се сопнеш од јазикот свој; на оние што демнат – плен да не им бидеш.

29. Милостиња.

1. Кој зајмува – пројавува милост спрема ближниот свој; кој му помага – заповедите ги извршува.
2. Заем давај му на ближниот свој; навреме враќај му што ти позајмил.
3. Чесно пази го зборот свој и биди верен – и секогаш ќе најдеш сè што ти треба.
4. Многумина заемот го сметаат како придобивка; со тоа ги огорчуваат оние што им помагале.
5. Рака целива додека не добие; заради парите на ближниот понизно зборува;
6. денот на враќањето го одлага тој; се оплакува и вината на тешки времиња ја фрла.
7. А ако може, половина ќе врати; и тоа како придобивка ќе му го смета;
8. ако пак не може, зајмодавецот се лишил од парите и без причина во него непријател добил.
9. Тој ќе му плати со клетви и навреди, а место почест – понижување ќе му врати.
10. Токму поради тоа многумина не сакаат заем да даваат; се пазат попусто загуба да не претрпат.
11. но ти кон сиромавиот милостив биди, не оставај го предолго да чека.
12. Зради Божјата заповед на сиромавиот помогни му; ако нешто му треба, со празни раце не оставај го.
13. Подобро е парите да ги фрлаш за братот и пријателот, отколку да пропаѓаат и да гнијат под камен.
14. Богатството твое употребувај го според заповедите на Севишниот; тогаш тоа ќе ти донесе поголема полза и од самото злато.
15. Вложи ја милостињата во својата ризница и таа ќе те избави од секоја неволја.
16. Подобро ќе те штити од непријателот твој, отколку тешкиот штит и острото копје.
17. Добриот човек ќе се застапува за ближниот свој, а оној што изгубил срам – ќе го остави.
18. Не заборавај ги добрите дела на оној што се застапил за тебе; душата своја тој за тебе ја дал.
19. Грешникот не се грижи за застапникот свој, неблагодарниот го заборава избавителот свој.
20. Застапувањето за други уништило многу богати луѓе; како бранови морски ги разнело;
21. богати луѓе изгонило од нивните домови; тие скитале меѓу други народи.
22. Грешник, кој станува застапник, барајќи придобивка, по судови оди.
23. На ближниот помогни му колку што можеш, но внимавај и ти да не пропаднеш.
24. Главните потреби за живот се: водата, лебот, облеката и покривот над главата.
25. Подобро е да живееш сиромашно во дрвена колиба, отколку во туѓа куќа раскошно да се гостиш.
26. Биди задоволен и со малку и со многу.
27. Тешко е да одиш од куќа во куќа; каде и да се сместиш – не смееш уста да отвориш;
28. ќе гоштеваш со јадење и пиење, и благодарност ќе немаш; па дури навреден ќе бидеш, и ќе чуеш:
29. „Дојди туѓинецу, трпеза приготви; ако имаш нешто, дај ни – нахрани нè” или:
30. „Туѓинецу, оди си, братот мој на гости ми доаѓа; куќата ми треба.”
31. За чувствителен човек тежок е укорот за дадениот потслон – во куќа и префрлување за направена услуга.

30. Одгледување деца.

1. Кој синот свој го сака, често го казнува – та на крајот да му се радува.
2. Кој синот свој добро го воспитува – помош ќе има од него; меѓу своите познати со него ќе се фали.
3. Кој синот свој го поучува – предизвикува завист кај својот непријател, а пред пријателите ќе се радува поради него.
4. А кога умре неговиот татко, како и да не умрел; зашто сличен на себе оставил;
5. Додека живеел, гледајќи го, со него се радувал, а на умирање не се натажил;
6. за непријателите тој одмаздник оставил во него, а за пријателите – син што благодарен ќе им биде.
7. Кој синот свој го милува – раните негови ќе ги лекува, а од секое негово офкање – срцето ќе му се потресува.
8. Нескротен коњ останува див, а запуштен син – станува тврдоглав.
9. Разгали го твоето дете, тоа ќе те вчудовиди; играј се со него и тоа ќе те ожалости.
10. Не смеј се со него, за да не плачеш со него и најпосле и со заби да чкрташ.
11. Не давај му слобода во младоста; грешките негови – не простувај му ги;
12. свиткај му го вратот додека е мал, гмечи ги ребрата негови додека е млад, за да не биде бунтовен и непослушен.
13. Воспитувај го синот свој и внимавај над него, за да не те огорчуваат неговите непристојни постапки.
14. Подобро е да си сиромав, здрав и силен, отколку богат – со истоштено тело.
15. Здравјето и силата на телото поскапи се од злато, и крепко тело подобро е од неизмерно богатство,
16. нема богатство поголемо од здравјето на телото, ниту радост поголема – од радоста на срцето.
17. Подобра е смртта од тажен живот и постојана болест.
18. Добри јадења принесени пред затворена уста – исто се што и јадењата ставени на гроб.
19. Зошто му се на идол жртви? Тој ни јаде ниту мириса:
20. така е и со оној кого Господ го прогонува,
21. со очите гледа и воздивнува, па е сличен на евнух, кој девојка милува и воздивнува.
22. Не предавај се на жалоста, со мрачни мисли не измачувај се.
23. Срце весело – живот е за човекот, а радоста – животот му го продолжува.
24. Сакај ја својата душа, утешувај го своето срце; прогонувај ја жалоста;
25. жалоста многумина убила, никаква корист од неа нема.
26. Љубомората и гневот животот го скратуваат: грижите носат предвремена старост.
27. Искреното и добро срце и за храната своја се грижи.

31. Богатство.

1. Грижата за богатство телото го урива, копнежот по него – сонот го прогонува.
2. Постојаните грижи не даваат дремка, а тешката болест сонот го одзема.
3. Богатиот се трудел кога богатство собирал; во мир се насладува со имотот свој.
4. Сиромавиот се измачувал во немаштијата своја, а кога не работи во беда запаѓа.
5. Кој злато сака – не останува без грев; кој по гнилеж трча – со гнилеж се исполнува.
6. Поради злато многумина паднале; неизбежна е нивната пропаст.
7. Тоа е дрво за сопнување на оние што жртви му принесуваат; секој неразумен лесно се сопнува.
8. Блазе на богат што останал чист и кој по злато не трча.
9. Но кој е тој, за да го прославиме? Тој направил чудо меѓу народот свој.
10. Кој бил искушуван од него и останал невин? – Затоа му припаѓа секоја чест.
11. Кој можел да греши, а не згрешил? Кој можел да направи зло, а не го направил?
12. Богатството негово трајно ќе биде; собирот народен за добрините негови ќе зборува.
13. Кога ќе седнеш на богата трпеза, не отворај го грлото свое широко кон неа,
14. и не вели: „Многу има на неа!” Помни дека лакомото око е големо зло.
15. Има ли меѓу сè што е создадено нешто полошо од око лакомо? Затоа тоа солзи рони по сè што ќе види.
16. Каде што тоа гледа, ти не пружај рака, не судрувај се во чинијата со него.
17. Помисли за потребите на оној до тебе; за сè што правиш размислувај.
18. Јади како човек што ти е принесено; не прејадувај се, за да не те намразат.
19. Од пристојност прв престани да јадеш и не биди лаком, за да не ги соблазниш другите.
20. Ако седиш со мнозина, прв рака пред нив не пружај.
21. На добро воспитаниот и малку му е доволно; тој не се измачува на постелата своја.
22. Добар сон има кој умерено јаде; рано тој станува и полн е со свежина.
23. Лаком човек од несоница, од мачнина и од болки во стомакот страда.
24. Ако си се прејал, стани од трпезата и полесно ќе ти биде.
25. Послушај ме, синко мој, не заборавај; отпосле зборовите мои ќе ги разбереш.
26. Во сите работи претпазлив биди, и никаква болест нема да те снајде.
27. Штедриот на леб сите ќе го фалат; траен е споменот за неговата добрина.
28. Против стегнатиот на леб градот ќе негодува; за неговата стегнатост верно е сведоштвото.
29. Не покажувај јунаштина во виното, зашто виното многумина погубило.
30. Во печката се проверува острицата на челикот, а во виното срцата на горделивите преку пијанството.
31. Виното е корисно за животот на човекот ако се пие умерено.
32. Каков е животот без вино? Тоа е направено за веселба на луѓето.
33. Виното е радост за срцето и утеха на душата, ако се пие умерено и навреме,
34. а жалост е за душата кога многу се пие, кога се пие со страст и гнев.
35. Пијанството од виното ја зголемува жестокоста на неразумниот; силата негова ја одзема и му ги умножува
раните.
36. На гоштевка при вино не прекорувај го ближниот; ако е весел, не подбивај се со него,
37. ништо лошо не зборувај му и не додевај му со барања.

32. Страв Господен.

1. Ако те стават за распоредник на трпезата, не погодувај се; биди меѓу другите како еден од нив.
2. Погрижи се за нив, па потоа седни. Кога ќе ја свршиш целата работа, заземи го твоето место,
3. за да се веселиш заедно со нив и за добрата работа пофалба да добиеш.
4. Разговорот води го ти, старешино – зашто тоа и ти прилега,
5. но тоа прави го одмерено и не прекинувај ја музиката.
6. Кога ќе те слушаат – не говори долго и премногу не мудрувај.
7. Каков е печатот од рубин, опкован со злато, таква е пријатноста на музиката при почерпка со вино.
8. Каков е печатот од смарагд окован со злато, таква е пријатноста на песната со вкус на вино.
9. Кажи, момче, ако затреба, само два збора, и тоа само кога ќе те прашаат.
10. Кажи го главното, кажи многу со малку зборови; биди како оној што многу знае, а умее да молчи.
11. Кога си со големци, не прави се голем како нив; кога зборува друг, не зборувај ти.
12. Пред громот оди секавицата, а пред скромниот човек – оди милоста.
13. Навреме станувај и не биди последен; побрзај дома и не застанувај.
14. Таму забавувај се и прави сè што сакаш, но со срамен збор не греши.
15. А за сето ова Создателот прославувај Го; Тој те наситува со сите добрини.
16. Кој од Бога страв има – тој и поука прима; кој од рано утро Него Го бара – благослов од него добива.
17. Кој законот го бара – со него се исполнува; а лицемерот од него ќе се сопне.
18. Оние што страв од Господа имаат, ќе бидат оправдани. Нивните добри дела како светлина ќе засветлат.
19. Грешникот од изобличување бега; според своите желби – извинување бара.
20. Разумен човек не презира совет, а неразумен и горделив не знае за страв, дури и тогаш кога неразумно постапил.
21. Без размислување не прави ништо, а кога ќе направиш нешто не кај се.
22. По пат опасен не оди, за да не се препнеш и да паднеш.
23. Не верувај му многу и на рамен пат; немај доверба ни во своите деца.
24. Во сите твои дела верувај ѝ на својата душа; тоа е извршување на заповедите.
25. Кој во законот верува, на неговите заповеди се покорува, и на Господа кој се надева, зло нема да претрпи.

33. Нееднаквост и независност.

1. Кој има страв од Господа, зло нема да го снајде; од искушение Тој го избавува.
2. Мудриот не го мрази законот, а кој лицемерно го држи – тој е како брод во олуја.
3. Разумен човек во законот се надева и законот за него е како Божја волја.
4. Подготви го говорот твој, тогаш ќе те слушаат; собери знаење – тогаш одговарај.
5. Срцето на глупавиот е како тркало од кола, а мислата негова, како оска што се врти.
6. Пријател лицемерен е како буен коњ; кој и да го јавне – на секого ‘ржи.
7. Зошто еден ден од друг е подобар, кога на сите денови во годината од сонцето им доаѓа светлина?
8. Разделени се од премудроста на Господа; Тој одделил времиња и празници.
9. Некои од нив издигнал и осветил, а другите ги вброил во обичните денови.
10. И сите луѓе се од кал, па Адам од земја беше создаден.
11. Но по премудроста Своја Господ различни ги создал: на сите различни патишта им определил;
12. едни благословил и издигнал, други осветил и до Себе ги приближил, а трети проколнал и понизил, и од нивните места ги изместил.
13. Како што е глината во рацете на грнчарот и тој ѝ дава облик по своја волја, така се и луѓето во рацете на својот Создател, Кој на сите им дава според Својот суд.
14. Како што спроти злото стои доброто, а спроти смртта – животот, така спроти побожниот стои грешникот. Така гледај ги сите дела на Севишниот: сите се по две, едно спроти друго.
15. Јас последен се свестив како оној што бере по гроздоберачи,
16. и со Божји благослов како вистински гроздоберец бочвата моја ја наполнив.
17. Сфатете не се трудев само за мене, туку за сите коишто бараат поука.
18. Чујте ме, кнезови народни, послушајте ме на собирот началници!
19. Ни на жена, ни на син, ни на брат, ниту на пријател не давај им власт над тебе – додека си жив.
20. На друг не давај го имотот свој, па ако се премислиш – да молиш да ти го вратат.
21. Додека си жив, додека здив има во тебе, власт над себеси никому не давај;
22. подобро е децата твои тебе да те молат, отколку ти да гледаш во рацете на твоите синови.
23. Биди господар во сите твои работи; не дозволувај твојата чест извалкана да биде.
24. Н крајот од твојот живот, на смртниот час – предај го наследството.
25. На магарето давај му: крма, стап и товар, а на слугата – леб, казна и работа.
26. На слугата дај му работа, и спокоен ќе бидеш; слободни раце дај му – слобода ќе бара.
27. Јаремот и амот му го свиваат вратот на волот, за лошиот слуга се вериги и рани.
28. Праќај го на работа – мрзлив да не биде; мрзливоста учи на лоши работи.
29. Дај му работа што му одговара, а ако не слуша, стави го во окови,
30. но никого од нив не претоварувај; не прави ништо што е неразумно.
31. Ако имаш слуга, гледај го како себеси, бидејќи со крв си го придобил.
32. Имаш ли слуга, постапувај со него како со брат; од него потреба ќе имаш – како и од својата душа.
33. Ако го измачуваш, па ти избега, по кој пат ќе го бараш?

34. Соништа.

1. Глупавиот човек празни надежи има, од соништата безумните добиваат крилја.
2. Каков што е оној што гушка сенка и што ветар гони, таков е и оној што во сонови верува.
3. Соништата и огледалото слични се: и во едното и во другото; – привид е.
4. Од нечистотоможе ли чисто да биде? Од лагата може ли вистина да биде?
5. Баење, претскажување и соништа – сето тоа е суета; срцето се полни со пожелби, како кај родилка.
6. Ако не ги праќа Севишниот за вразумување – не мисли на нив.
7. Соништата многумина заблудиле; пропаднале и оние што во нив се надевале.
8. Закон без измама треба да се извршува; мудроста во устата на верните се усовршува.
9. Учениот човек многу знае; кој многу искусил, разумно зборува.
10. Кој ништо не искусил, тој малку знае; а кој патувал, многу знаења добил.
11. Многу видов на моите патувања и знам повеќе отколку што говорам.
12. Многупати бев во опасност смртна, но се спасив со искуството што го имав.
13. Духот на оние што страв Господен имаат, ќе живее, зашто нивната надеж е во Оној, Кој ги спасува.
14. Кој од Господа страв има, од ништо не се плаши; надежта негова е Господ.
15. Блажена е душата на оној кој од Господа има страв! Кој го подржува и Кој му е поткрепа?
16. Очите на Господа се врз оние што го љубат; Тој е нивната силна закрила и постојана потпора, брана од горештина и брана од пладневна топлина, заштита од сопнување и заштита од паѓање.
17. Тој ја издигнува душата, Тој ги просветлува очите; Тој дава живот, здравје и благослов.
18. Кој принесува жртва од придобивка неправедна, дарот е од таков подбив; даровите од беззакониците Господ не ги прифаќа.
19. Севишниот не ги сака жртвите безбожнички; со многу жртви гревовите свои нема да ги искупат.
20. Каков е оној што жртвува син пред очите на неговиот татко, таков е и оној што принесува жртва од имотот на сиромав.
21. Лебот на сиромасите живот е за нив: кој им го одзема – како крв да пролева.
22. Кој му ја одзема прехраната на ближниот – тој го убива; а – крв пролева кој на наемникот му ја одзема наградата.
23. Ако еден гради, а друг урива, што добиваат за себе освен тешкотии?
24. Ако еден се моли, а друг проколнува, чиј глас Господ ќе чуе?
25. Ако некој се измие од допир до мртовец и пак се допре до него, од измивањето тогаш каква му е ползата?
26. Таков е човекот што пости за направени гревови, и пак оди и ги повторува, – кој ќе ја чуе неговата молитва и каква полза ќе има што се смирил и се покајал?

35. Законот и жртвите.

1. Кој законот го извршува, тој жртвите ги умножува, а кој заповедите ги држи – жртви за спасение принесува.
2. Кој благодари, брашнени жртви прави, а кој прави милостиња – похвална жртва принесува.
3. На Бога да Му угодуваме – значи од злото да се оддалечуваме, а Бога да Го умилостивиме – значи од неправда да отстапиме.
4. Со празни раце не излегувај пред Господа; сето тоа е според заповедта.
5. Жртвата на праведникот го украсува жртвеникот, а пријатниот мирис оди пред Севишниот.
6. Од побожен човек угодна е жртвата, и споменот за неа нема да се заборави.
7. Со око весело прославувај Го Господа, не намалувај ги првините што ги принесуваш.
8. При секој дар лицето нека ти е весело; со радост десетокот давај го.
9. Давај Му на Севишниот како Тој тебе што ти дава – штедро и колку што можеш.
10. Зашто Господ плаќа и седморно враќа.
11. Не намалувај ги даровите, зашто нема да ги прими; не надевај се на неправедна жртва.
12. Господ е судија и на лице не гледа.
13. Тој е од страната на сиромавиот; молитвата на понижените ја слуша.
14. На сиракот молитвата нема да ја презре, ниту на вдовицата кога мака своја искажува.
15. Не течат ли солзи по лицето на вдовицата, не го обвинуваат ли оној што ги предизвикува?
16. Кој со сето срце на Бога Му служи, ќе биде чуен; неговите молитви до облаците ќе стигнат.
17. Молитвата на смирен низ облаци ќе мине; додека до Бога не стигне – нема да се утеши;
18. нема да отстапи додека Севишниот со милост не погледне, праведно не пресуди и правда не донесе.
19. И Господ нема да задоцни, нема да се смири додека не ги сотре бедрата на насилниците,
20. сè додека не им се одмазди на народите, додека не го истреби собирот на угнетувачите и не им ги скрши скиптрите на неправедните.
21. Додека на сите не им плати според нивните дела и според нивните намери;
22. додека на народот Свој, не му пресуди и не го израдува со Својата милост.
23. Добра е милоста во време на жалост – како дождовните облаци во време на суша.

36. Молитва за спасение и обнова на Израел.

1. Смилувај се, Господи, Боже на сите, и милостиво погледај на нас,
2. а сите народи испрати им го стравот Твој.
3. Подигни ја Твојата силна рака против туѓите народи, за да ја познаат твојата моќ.
4. Како што ја покажа пред нив светоста Своја во нас, така и сега покажи го пред нас Своето величие во нив,
5. па нека познаат, како што познаваме ние, дека нема друг Бог освен Тебе, Господи;
6. обнови ги знаменијата, повтори ги чудата;
7. прослави ја раката Твоја и десницата Твоја, лутината издигни ја и излиј го гневот Твој,
8. собори го противникот и уништи го непријателот.
9. Побрзај го времето и за клетвата спомни си, нека се слават Твоите големи дела.
10. Со жесток оган нека бидат изгорени оние коишто преживеале, мачителите на народот Твој во пропаст нека појдат.
11. Скрши им ги главите на туѓинските главатари, коишто велат: „Никој нема освен нас!”
12. Собери ги сите племиња Јаковови и направи ги наследство Твое, како што било некогаш.
13. Смилувај се, Господи, на народот именуван според името Твое, и Израел, кој првенец го нарече.
14. Умилостиви се над градот на Твојата светиња, над Ерусалим – место на спокојот твој.
15. Исполни го Цион со похвали на Твоето ветување, а со славата Твоја – народот Твој.
16. Сведоштво дај им на оние, коишто од почетокот беа наследство Твое и исполни ги пророштвата, објавени во Твое име.
17. Награди ги оние што се надеваат на Тебе и нека поверуваат во Твоите пророци.
18. Господи, послушај ја молитвата на твоите слуги спрема благословот на Арон, за народот Твој.
19. Та сите што живеат на земјата да познаат дека си Ти Господ, вечниот Бог.
20. Стомакот прима секаква хрна, но едно јадење повкусно е од друго.
21. Непцето распознава јадења од дивеч; а разумното срце – зборови лажливи.
22. Лукаво срце болки задава, но искусниот знае да му врати.
23. Жена прима секаков маж, но има девојка подобра од друга.
24. Убавината на жената го весели лицето на човекот; и тоа најмногу го сака мажот.
25. Ако јазикот незин има нежност и кротост, мажот ѝ не е како другите луѓе.
26. Кој се здобил со жена, тој почнува да создва имот: таа му е помошник и потпорен столб во спокојството.
27. Каде нема ограда – се разграбува имотот; кој жена нема – талка и воздивнува,
28. кој ќе му верува на вешт разбојник што талка од град во град?
29. Така е и со човекот кој постојано живеалиште нема, а ноќева таму каде што се најде.

37. Лажни пријатели.

1. Секој пријател вели: „И јас сум ти пријател.” Но многумина пријатели се само по име.
2. Не е ли тоа тага до смрт, кога пријател и другар непријател станува?
3. О, лоша мисла, од каде се најде? Зошто ја покриваш земјата со подлост?
4. Пријателот се радува со другарот свој кога е весел, а дојде ли тага – против него ќе биде.
5. Пријателот е пријател поради стомакот, а кога војна дојде – за штит се фаќа.
6. Не заборавај го пријателот во твојата душа; и кога ќе се збогатиш – спомнувај си за него.
7. Секој советник советот свој го фали, но некои советуваат во своја полза.
8. чувај ја душата своја од советник. Најнапред испитај што му е нужно, зашто можеби тој ќе советува за своја корист.
9. Можеби тој ќе ти фрли жрепка и ќе ти рече: „Патот ти е добар”, а потоа отстрана ќе застане да види што ќе ти се случи.
10. Не советувај се со оној што злото ти го сака; на завидливиот не откривај му ги твоите намери.
11. Не советувај се со жена за нејзината соперница, со страшлив – за војна, со трговец – за размена, со купувач – за продажба, со завидлив – за благодарност.
12. со немилосрден – за добротворство, со мрзлив – за работа.
13. со годишен наемник – за крајот на работата, со мрзлив слуга – за многу работи.
14. Од такви луѓе никогаш совет не слушај,
15. туку обрнувај се кон побожен човек, за кого знаеш дека заповедите Божји ги извршува.
16. Кој со тебе една душа има и, ако паднеш, за тебе ќе жали.
17. Но најмногу на твоето срце внимавај; немаш никого поверен од него;
18. душата на човека повеќе му кажува отколку седуммина стражари што на високо место стојат.
19. Само, пред сè, моли Му се на Севишниот да те води по патот на вистината.
20. Размислувањето е почеток на секоја работа; пред секоја работа потребен е совет.
21. Измените на срцето се гледаат на лицето. Четири состојби се искажуваат со тоа: доброто и злото, животот и смртта – а јазикот секогаш им е госодар.
22. Некој може други да поучува, а некорисен е за својата душа.
23. А друг е говорник вешт но не сака; таков ќе умре од глад;
24. таквиот од Господа нема благодат; затоа е лишен од секаква мудрост.
25. Некој е мудар за својата душа; плодовите на знаењето на неговата уста се надежни.
26. Мудрецот својот народ го поучува; плодовите од неговото знаење со надеж се полни.
27. Мудриот човек изобилува со благослов; сите што ќе го видат за блажен го сметаат.
28. Животот на човекот се определува по бројот на деновите, а деновите на Израел број немаат.
29. Мудрецот добива доверба од својот народ; името негово ќе живее довека.
30. Синко, во животот твој испитувај ја и набљудувај ја твојата душа; види што е за неа штетно, и не давај ѝ го;
31. зашто за сите не сè е корисно; душата на секого не е расположена за сè.
32. Не прејадувај се со секакви сладости и не лакоми се на јадења.
33. Од многу јадења доаѓа болест; прејадувањето го расипува стомакот;
34. од прејадување многумина умреле; кој се воздржува – животот свој го продолжува.

38. Лек, болест и жалост.

1. Почитувај лекар со чест поради неговата служба, зашто Господ го создал.
2. Лекувањето од Севишниот доаѓа, како дар што се добива од цар.
3. Знаењето лекарот го прославува; и меѓу големци ќе биде на чест.
4. Господ од земјата создал лекарства; човек разумен не ги отфрла.
5. Нели преку дрвото стана водата слатка, за да се види Неговата сила?
6. Затоа на луѓето им дал знаење, за да Го прослават во Неговите чудесни дела;
7. со нив Тој човекот го лекува и болестите негови ги отклонува;
8. оној што готви лекови, од нив прави смеса; на делата негови нема крај, а преку нив добро станува по лицето на целата земја.
9. Синко, во болеста твоја не биди немарен; моли Му се на Господа, Тој ќе те излекува.
10. Остави го грешниот живот, крени ги рацете и очисти го срцето од секаков грев.
11. Принеси жртва добромирисна и спомен – жртва од првокласно брашно, а врз неа прелив од масло според можностите твои.
12. А и на лекарот дај му место. И него Господ го создал; од тебе не оддалечувај го, зашто и тој ти е потребен.
13. Понекогаш и во рацете на лекарите има спас;
14. и тие на Бога Му се молат, за да им помогне на болниот олеснување да му дадат и исцеление за продолжување на животот.
15. Оној, кој греши пред Господа, нека падне во рацете на лекарот!
16. Синко, солзи пролеј над умрен и, како да си во голема несреќа, почни да плачеш; пристојно облечи му го телото и не однесувај се небрежно кон погребението негово.
17. Горчливо плачи и со чувство – ридај; и, според достоинството негово, продолжи да жалиш по него, ден или два, за да ја избегнеш осудата, а потоа утеши се од жалоста.
18. Зашто од тагата настанува смрт; искрено жалење ги истоштува силите.
19. Со злото оди и жалоста; и животот на сиромавиот е тежок за срцето.
20. Срцето твое не предавај го на жалоста, и отстранувај ја од себеси, мислејќи на крајот.
21. И не заборавај! Враќање нема; нему не му користиш, а на себе штета си правиш.
22. Спомни си на мојата пресуда, зашто таа е иста и над тебе: „Вчера мене, а денес – тебе!”
23. Со упокојување на мртвиот, и споменот негов упокој го; утеши се откако ќе излезе душата негова.
24. Во слободно време книжна мудрост се добива; кој има слободно време, мудрост придобива.
25. Како може мудар да стане оној што со рало работи и со бич се фали, кој волови тера и е зафатен со работа околу нив, а најчесто разговор само со јунци води?
26. Срцето му е зафатено со тоа бразди да прави, а грижата негова е: на телињата крма да им даде.
27. Така е и со ѕидарите и дрводелците, коишто работат ден и ноќ; така е и со оние што резба прават и постојано се трудат околу измислување на нови шари;
28. со сите сили се трудат сликата нивна да личи на она што го прават; и се гричат за да го усовршат своето дело.
29. Така е и со ковачот, кој стои покрај наковалната и размислува за своето дело од железо; димот од огнот телото му го истоштува, а тој се бори со горештината од огнот;
30. Звукот од чукот ушите негови ги заглушува, а очите му се вперени – на образецот пред него;
31. со срце се стреми кон крајот на делото, грижата му е да го оформи до совршенство.
32. Тоа и грнчарот го прави: седи кај работата и со нозете тркалото го врти,
33. опфатен со грижа за делото свое, сите негови движења однапред се смислени:
34. со раката ссвоја на глината облик ѝ дава, а со нозете ја гмечи – мека да биде;
35. со срцето копнее – садови добри да направи, и се грижи да ја очисти печката.
36. Сите на рацете свои се надеваат, секој ја усовршува својата работа.
37. Без нив град не се изградува, ни жители се населуваат да живеат во него,
38. на собир во собранија нив не ги канат, на судски места не седат, не расправаат за судски дела, не бранат и пресуди не донесуваат; ги нема ни меѓу творците на мудри мисли.
39. Но тие го одржуваат животот на светот; молитвата им е насочена кон успехот на нивното уметничко дело.

39. Законопознавач.

1. Само оној што душата своја ја посветил на размислување за законот на Севишниот, тој ја бара древната мудрост и се занимава со пророштвата.
2. Тој ги помни зборовите на славните луѓе и проникнува во смислата на нивните мисли.
3. Тој го проучува сокриеното значење на зборовите и се бави со тајните на загатките.
4. Меѓу големци ќе служи, со владетели ќе се среќава;
5. ќе патува по земјите на други народи, зашто искусил и добро и зло меѓу луѓето.
6. Уште в зори срцето свое кон Господа го издигнува, Кој го создал, се моли пред Севишниот; ја отвора устата своја на молитва и моли милост за своите гревови.
7. Ако е тоа волја Божја, го исполнува со дух на разум;
8. зборови на мудрост то исипува и со молитвата своја Го прославува Господа;
9. добро ќе го управи умот свој и волјата и ќе размислува за тајните на Господа;
10. ќе ја изложува мудроста на своето учење и ќе се фали со законот на Божјиот завет.
11. Многумина ќе го прославуваат неговото знаење и никогаш нема заборавен да биде;
12. спомеот за него нема да згасне, името негово вечно ќе живее.
13. Народите мудроста негова ќе ја слават и заедницата ќе го фали;
14. додека е жив од илјадници луѓе пославен ќе биде, а и кога почине – пак славен ќе биде.
15. Откако размислив, пак ќе ви зборувам; бидејќи сум исполнет со мисла како полна месечина.
16. Слушајте, побожни деца, и растете како ружа што расте покрај буен поток.
17. Како од темјан пријатна миризба давајте.
18. Цутете како кринови, пријатна миризба ширете и песни пејте;
19. благословувајте Го Господа во сите негови дела, името Негово славете Го, огласувајте ја похвалата Негова;
20. со песни и гусли, прославувајте Го и велете:
21. „Колку се величествени делата на Господа; секоја Негова повелба навреме ќе се исполни!”
22. Не треба да прашуваме: „Што е она и зошто е вака?” Во свое време сè ќе се открие.
23. По Неговиот збор – водата како купиште стана по заповед на устата Негова водата се смести.
24. Во заповедите Негови – волјата е Негова; никој не може нивната спасителност да ја намали.
25. Пред Него се делата на сите; не можеме да се сокриеме од Неговите очи.
26. Тој гледа низ целата вечност; ништо не е необично пред неговите очи.
27. Не треба да прашуваме: „Што е ова и зошто е вака?” – Сè што е создадено, своја цел има.
28. Неговиот благослов се прелива како река; како поплава земјата ја напојува.
29. И гневот Негов народите го чувствуваат, како некогаш водите во сол што ги претвори.
30. Патиштата Негови прави се за праведниците; а непроодни се за грешниците.
31. Од почеток доброто за добрите е создадено, а злото – за лошите.
32. Основните потреби за животот на човекот се: водата, огнот, железото и солта, пченичното брашно, медот, млекото, виното, маслото и облеката.
33. Сето ова им служи за добро на добрите, а за грешниците во зло може да се претвори.
34. Има ветрови за казна определени, создадени се како бичеви на Неговиот гнев;
35. кога тие се во устрем – силата Негова ја пројавуваат; го смируваат гневот на Создателот свој.
36. Огнот и градот, гладот и смртта – за казна се создадени;
37. забите на ѕверовите, скорпиите, змиите и мечот кој одмаздува за пропаст на безбожниците.
38. На Неговата заповед ќе се зарадуваат, подготвени ќе бидат на земјата и кога ќе бидат потребни – ќе ја слушаат Неговата заповед.
39. Затоа од самиот почеток одлучив, размислив и во книга запишав: –
40. „Прекрасни се сите дела Господови – Тој навреме ни дава сè што ни е потребно;
41. не треба да се рече: »Ова е полошо од она« зошто сè во свое време ќе биде признато за добро,
42. А сега, со полно срце и полна уста запејте и благословувајте Го името на Господа.”

40. Различни мудри поговорки.

1. Многу неволји имаат луѓето, тежок е товарот на синовите Адамови – од денот кога ќе излезат од утробата на мајката до денот кога ќе се вратат при мајката на сите.
2. Чекањето на смртта и на нејзиниот ден предизвикува во нив размислување и страв во срцето.
3. Почнувајќи од оној што седи на престол славен, до оној што седи во прв и пепел;
4. од оние што носат круна и профир, до оние што се облечени во партали; –
5. секој има гнев и завист, неволја и немир, страв од смртта, омраза и расправии, ноќниот сон умот му го поматува.
6. Малку или како да нема мир; и дење и ноќе тој е како на стража.
7. Бидејќи збунет од своите срдечни мисли, тој е како бегалец од бојното поле, во страв се буди и кога опасност нема, се чуди на својот страв без причина.
8. Ова станува со секое суштество, од човек до добиток, но кај грешниците е седумпати повеќе.
9. Смрт и убиство, караници и меч, неволји и глад, пропаст и удари –
10. сето ова е создадено за грешниците; и потопот беше за нив.
11. Сè што е од земја – во земја се враќа, а сè што е од вода – во море оди.
12. Поткупот и неправдата гинат, а верноста ќе трае довека.
13. Имотот на грешниците ќе пресуши како поток, ќе прегрми како силна грмотевица при пороен дожд.
14. Кој штедро дава, тој се радува; престапниците конечно ќе загинат.
15. Потомците на безбожните нема да пуштат фиданки, зашто нечистите корења се врз стрмна карпа.
16. Трска што расте крај брегот на секоја вода, се коси пред секоја друга трева.
17. Добротворството е полно со благослов, а милостињата довека живее.
18. Животот на задоволниот со својата работа и на трудбеникот сладок е, но посладок е на оној од обајцата што нашол богатство.
19. Децата и градењето на нов град името го овековечуваат, но чесната жена стои повисоко и од едното и од другото.
20. Виното и музиката го веселат срцето, но подобро и од едното и од другото е љубовта кон мудроста.
21. Кавалот и гуслето песната ја сладат, но подобар е од нив пријатниот јазик.
22. Очите копнеат по пријатност и убавина, а уште повеќе по зелените полиња.
23. Пријател и другар се среќаваат одвреме навреме, а мажот и жената секогаш се заедно.
24. Браќата и пријателите помагаат во неволја, но милостињата и од едните и од другите подобро помага.
25. Златото и среброто цврст го прават чекорот, но добриот совет и од нив подобро го зацврстува.
26. Богатството и силата го издигнуаат срцето, но повисоко го издигнува стравот од Господа.
27. Во стравот Господен недостиг нема; кога него го имаме, друга помош не треба да бараме.
28. Стравот Господен е како благословен рај; тој му е заштита поголема од секаква слава.
29. Синко мој, не живеј од просење; подобро е да умреш отколку да молиш за милостиња.
30. Тој што на туѓа трпеза гледа – неговиот живот не е живот; со туѓи јадења својата душа ја понижува;
31. разумниот и воспитаниот ќе го одбегнува тоа.
32. Во устата на бесрамниот питачката е слатка, но во утробата гори како оган.

41. Смрт, Чувство на срам.

1. О смрт, колку горчливо си спомнува за тебе оној, којшто задоволно живее на својот имот;
2. Човек што спокојно живее и напредува во сè и кој уште може да јаде и да пие!
3. О, смрт, твојата пресуда е утешна за оној што страда и што сили нема,
4. За престарен и затрупан со грижи, за оној што загубил надеж и што трпение нема.
5. Не плаши се од законот на смртта; спомни си за оние пред тебе и за оние што по тебе идат. Тоа е пресуда од Господа за секое живо суштество.
6. Зошто се плашиш од она што на Севишниот Му е угодно? Живеел ти десет, сто или илјада години –
7. во пеколот не се испитува должината на животот.
8. Децата на грешниците стануваат ужасни, со безбожници се дружат.
9. Наследството на децата од грешници на пропаст е осудено: потомството нивно вечно прекорувано ќе биде.
10. Безбожниот татко децата негови го колнат, зошто поради него тие се изложени на бесчестие.
11. Тешко вам, безбожници, зашто законот на Севишниот Бог го оставивте!
12. Кога сте се родиле, за проклетство сте родени, а кога ќе умрете – проклетство ќе наследите.
13. Сè што е од земја, во земја се враќа, а безбожниците од проклетство во пропаст ќе појдат.
14. Луѓето плачат по своите мртви, а на грешниците и недоброто име ќе им се избрише.
15. Грижи се за твоето име; тоа останува подолго со тебе, отколку неброено злато.
16. За деновите од добриот живот има број, а доброто име останува довека.
17. Пазете ги, деца, поуките мои во мир; каква е ползата од сокриена мудрост и закопано богатств?
18. Подобар е оној што ја крие својата глупост од оној што својата мудрост ја крие.
19. И така, срамувајте се од она што ќе ви речам:
20. не е добро од сè да се срамувате ниту сè подеднакво се цени.
21. Срамувајте се од блуд пред татко и мајка, а пред началник и господар – од лага;
22. од злосторство пред судија и кнез; од беззаконие – пред собир и пред народ;
23. од неправда – пред пријател и другар, а од кражба – пред соседите свои;
24. пред вистината Божја и заветот, од потпирање лакти на трпеза, од измама при давање и земање;
25. срамувај се да молчиш пред оние што те поздравуваат, срамувај се во развратна жена да гледаш и од сонародник лице да свртуваш;
26. срамувај се да присвоиш туѓ дел и подарок, на туѓа жена да мислиш и на слугинката своја да ѝ се умилкуваш;
27. Не приближувај се до постелата нејзина;
28. пред пријател од зборови срамни срамувај се; откако си подарил, не приговарај;
29. Срамувај се да повторуваш и да шириш тајни гласови и туѓи тајни да откриваш. Тогаш ќе бидеш вистински воспитан и кај секој човек милост ќе најдеш.

42. Делата Божји.

1. А не срамувај се, еве, од што и со лицемерство не греши;
2. не срамувај се точно да го исполнуваш законот на Севишниот, од заветот и пресуда строга да изречеш над безбожник;
3. да се расправаш со другар и со туѓинец, ниту да го делиш наследството со други;
4. од точни мерки и мерења, од мала или од голема придобивка;
5. од чесност при купување и продавање, од строго воспитување на деца и од казнување до крв на лош слуга.
6. При љубопитна жена добро е да имаш печат, а каде што има многу раце, заклучувај.
7. Ако даваш, давај со сметка и со мерење; бележи го и давањето и примањето.
8. Не срамувај се да поучуваш глупав и неразумен и престарен што со млади се натпреварува. Тогаш ќе бидеш вистински воспитан и сите ќе те почитуваат.
9. Ќерката за таткото е постојана грижа; грижата за неа сонот му го прогонува: во младоста – немажена да не остане, а кога ќе се мажи – мажот нејзин да не ја намрази;
10. додека е девица, да не биде измамена и да не забремени во таткова куќа; кога се омажи – брачната верност да не ја наруши, а кога е веќе со мажот – да не остане неплодна.
11. Ако ќерката твоја е бесрамна, добро ја пази, срам да не ти донесе пред твоите непријатели; да не станеш за срам во градот и укор пред народот, пред луѓето да не те посрами.
12. На човечка убавина не гледај и меѓу жени не седи.
13. Како молецот што излегува од облеката, така лукавството излегува од жената.
14. Подобро е и лош маж, отколку лицемерна жена, која може да ве посрами во однесувањето.
15. Сега ќе ги спомнам делата Божји; што сум видел, за тоа ќе кажувам. Со зборови Господ ги создаде Своите дела:
16. Светлото сонце сите ги грее, неговото дејство со слава Божја е полно.
17. Господ ни на ангелите не им дал сила да говорат за сите Негови чуда, кои Тој, Бог Седржителот ги создал, та врз нив да стои цврсто вселената, што ја создал во Своја слава.
18. Тој проникнува во бездната и во срцето, ги знае сите нивни тајни; Господ го има сето знаење: знае сè што постои и сите знаци на времето.
19. Тој ги објавува минатото и иднината, ги открива трагите на она што е сокриено.
20. Ни една мисла не Го одминува; ни еден збор не е сокриен од него.
21. Тој ги создал големите дела на Својата премудрост; Тој живее од век во век.
22. Тој не се зголемил ниту намалил; Тој не бара никаков советник.
23. Колку се пожелни Неговите дела, иако само како искри можеме да ги видиме.
24. Сè живее и трае додека за сите потреби и сè на Него Му се покорува.
25. А сè е двојно, едно спроти друго; ништо несовршено не создал Тој.
26. Едно од друго е подобро; кој може да се насити, гледајќи ја Неговата слава?

43. Светилата небесни.

1. Чистото небо е убавина на висините, видот на небото е појава прекрасна!
2. Кога сонцето изгрева, изгревајќи објавува: „Колку чудно создание, дело е на Севишниот!”
3. На пладне земјата ја вжештува; пред неговиот пек кој ќе устои?
4. Фурната се разгорува жешка да биде, а сонцето ги вжештува планините трипати повеќе, пламен огнен издишува, со зраците свои очи заслепува.
5. Голем е Господ, Кој го создал; со Своите зборови одот негов го забрзува.
6. И месечината им служи на сите, време покажува и знак е на векот.
7. Според месечината го определуваме празникот; откако полнотата ја достигне, светлината нејзина се намалува.
8. Месецот од неа името го добил; во своите промени таа чудно се зголемува.
9. Светилник на небеските воинства: свети на небескиот свод.
10. Сјајот на ѕвездите е убавина на небото, светол украс во висините Господови.
11. По заповед на Светиот, тие стојат по својот чин, и на стражата своја не се заморуваат.
12. Погледни го виножитото и неговиот Создател прослави Го; прекрасно е таа во сјајот
свој.
13. Со кругот прекрасен небото го опфаќа; рацете на Севишниот го рашириле.
14. По Божја повелба снегот брзо паѓа, брзо светкаат секавиците на Неговиот суд.
15. Така се отвораат ризниците негови, од нив излегуваат облаци како птици.
16. Со силата Своја облаците ги крепи, а од нив се одронува градобиен мраз.
17. По негова волја јужниот ветар дува, од погледот Негов планините се тресат.
18. Гласот на Неговиот гром, северната бура и ветрот силен земјата ја тресат.
19. Тој сипе снег слично на птици што слетуваат. А паѓањето на снегот е како бранови на скакулци во лет.
20. Очите се зачудуваат пред прекрасната негова белина, срцето е радосно кога врне.
21. Шушлекот како сол на земјата паѓа, а кога ќе замрзне како игли станува.
22. Дувнува студен северен ветер, водата во лед се претвора: над водите се шири и со него како со покривач се покрива.
23. Тој ги голта планините, ги гори пустините, и како оган тревата ја пали.
24. Но маглата помага како навремен лек; росата што паѓа – разладува пек.
25. Со повелба Своја бездната ја скротува, насекаде острови поставува.
26. Морнарите прикажуваат за опасностите од морето, а ние се чудиме на она што со ушите свои го слушаме;
27. зашто таму има чудни и необични творби: разновидни животни и чудовишта морски.
28. Преку неговата помош сè добро се извршува и преку словото Негово сè одржува.
29. Многу можеме да кажеме, но нема да успееме за Бога сè да речеме; со еден збор ќе кажеме: „Бог е сè!”
30. Од каде ќе земеме сила Него да Го прославиме? Та Тој е поголем од сите Свои дела.
31. Страшен е Господ и многу е голем, чудесна е силата Негова.
32. Прославувајќи Го Господа, фалете Го, колку што можете, но и по она Он ќе биде погоре;
33. соберете ја колку што можете сета ваша сила кога Го прославувате, но не трудете се, зашто нема да успеете.
34. Кој Го видел, па да ни објасни и кој ќе Го прослави, Каков што е?
35. Многу има сокриено што е поголемо од ова; ние гледаме само мал дел од Неговите дела.
36. Господ сè создал, а на побожните мудрост им подарил.

44. Пофалба на предците.

1. А сега да ги прославиме славните луѓе и отците на нашиот род.
2. Многу славни дела Господ објави преку нив со Своето величие од века.
3. Тие се првенците во своите царства и мажи по својата сила прочуени, тие давале мудри совети и пророштва објавувале;
4. Тие управувале со луѓето, ги советувале и ги учеле на дело книжно;
5. мудри биле нивните зборови и учењето нивно, некои од нив милозвучни напеви и песни пишувале;
6. некои од нив богати и силни биле, живееле мирно во своите домови.
7. Сите биле почитувани во своите племиња, и во времето додека живееле, славни биле.
8. Меѓу нив им и такви што по себе име си оставиле, за да разгласува за нивната слава; а за други и спомен нема, исчезнале како никогаш да не постоеле, како никогаш да не биле, а така исто и нивните деца по нив.
9. Но тоа биле луѓе побожни, чии праведни дела не се забоаваат.
10. Во потомството нивно живее добро наследство; потомците нивни се во заветите;
11. ќе остане потомството нивно и децата нивни поради нив.
12. Потомството нивно ќе живее довека и нивната слава нема да се загуби.
13. Во мир се погребани нивните тела, а имињата нивни во поколенијата ќе живеат;
14. за нивната мудрост народите ќе раскажуваат и црквата нив ќе ги прославува.
15. Енох на Господа Му угодил и на небо беше однесен; тој е образец за покајние за сите поколенија.
16. Ное се претстави како совршен праведник; во времето на гневот обновител стана.
17. Затоа за време на потопот – остаток на земјата стана.
18. Завет вечен со него е направен: од потоп ништо живо веќе да не загине.
19. Авраам е големиот татко на многу народи; по слава нема сличен на него.
20. Тој го запази законот на Севишниот и со Него во завет беше.
21. Тој завет на телото свое го утврди, и во искушенијата верен се покажа.
22. Затоа Господ со заклетва му вети, дека сите народи во потомството негово ќе ги благослови.
23. Му вети дека ќе го умножи како правот на земјата, дека потомството негово како ѕвездите ќе го издигне и дека на потомците негови ќе им даде наследство од море до море и од реката до крајот на земјата.
24. И на Јицхак, заради татко му Авраам, Тој го потврди Својот благослов за сите луѓе и заветот;
25. А тој застана и врз главата на Јаков.
26. Тој штедро го награди со Своите благослови и му ја даде земјата во наследство, ја раздели на делови и во наследство му ја даде за дванаесетте племиња.
27. И од него произлезе човекот на милоста, кој придоби љубов од секое суштество.

45. Пофалба на другите предци

1. А тој човек беше Мојсеј, сакан од Бога и од луѓето, чиј спомен е благословен;
2. по слава со ангелите го израмни, го направи со дела силен за страв на непријателите.
3. По неговиот збор чуда стануваа, пред лицето на цареви Тој го прославувал, преку него на народот заповеди му дал и славата Своја му ја покажал;
4. за неговата верност и кротост го освети меѓу сите луѓе за Себе го избра;
5. Го удостои гласот Негов да го слуша; во магла го воведе
6. и лице в лице му ги даде заповедите, законот на животот и знаењето, за да го научи Јакова на Заветот и Израел на Неговите заповеди.
7. Тој го издигна Арон, по светост сличен на неговиот брат Мојсеј, од коленото Левиево;
8. со него вечен завет заклучи и му даде на народот свештенство; со посебен благослов го украси, со појас на слава го опаши;
9. го облече во прекрасна облека, го украси со ретки украси;
10. во долна облека, во хитон и ефод.
11. Го опкружи со многу златни калинки и со многу ѕвончиња, кога оди милозвучно да ѕвонат, така што ѕвонењето да се слуша во Светилиштето како опомена на синовите од Неговиот народ.
12. Го облече во света облека од злато, пурпурна волна и од препреден висон, дело на вешти мајстори, целата извезена и градник – со Урин и Тумим,
13. со црвена ткаенина – вешта работа, со скапоцени камења, изрезани како печат, во златен обруб, работа на каменорезец, изрезани за спомен на имињата според бројот на Израеловите племиња.
14. На неговиот кидар – златен венец, знак на светињата, слава на достоинството, украс прекрасен, дело на вешти мајстори, радост за очите.
15. Пред него немал такви никогаш никој;
16. кој не припаѓал на неговото племе, не се облекувал така, туку така се облекувале само синовите негови и потомците негови засекогаш.
17. Тие принесуваа жртви секој ден по двапати.
18. Мојсеј му ја дал свештеничката власт во неговите раце и го помазал со свето масло;
19. тоа е вечниот завет сè додека стојат небесата, да Му служат на Бога заедно и свештеник Негов да биде, да го благословува народот во името на Господа.
20. Него Господ го избра меѓу сите живи, за да Му принесува жртви, кадиво и пријатни мириси, за спомен и за очистување на Неговиот народ.
21. Тој му ги даде заповедите и судската власт, Јакова – да го учи на откровенијата и Израел – на Неговиот закон.
22. Против него се подигнаа туѓинци, и му позавидоа, кога беа во пустината, луѓето коишто кон Датан и Авирам се придружија како и збирштината на Корах – во жестокост и гнев.
23. Господ го виде тоа и се разгневи, и тие изгинаа од силата на Неговиот гнев;
24. над нив Тој чудо направи, ги изгоре со пламенот на огнот Свој,
25. Така ја зголеми славата Аронова, му ги даде во наследство негово – му ги додели првините од плодовите,
26. пред сè, во изобилство леб за храна им даде, зашто тие јадат од жртвите на Господа, а ова му го дозволи само на него и на потомството негово.
27. Но не му даде да има наследство од земјата на народот; не му даде дел меѓу народот, зашто Тој Самиот е негов дел и Негово наследство.
28. Исто така и Пинхас, Елазаровиот син, трет е по слава, зашто ревносен бил во стравот Господен; кога народот отпаднал, тој постојанен бил и со душа смел, стоел со чиста душа, Го умилостивил Господа спрема Израел.
29. Зато со него бил направен мирен завет – да биде раководител на светилиштето и на својот народ, но на него и на потомството да му остане достоинството свештеничко за сите времиња.
30. Како што според заветот со Давид, синот на Јишај од коленото Јудино, царското достоинство преминувало од татко на син, така и наследството на свештенството му припаѓало на Арон и на потомството негово.
31. Господ да ни даде премудрост во нашите срца, справедливо на народот да му судиме, за да не се загуби богатството негово и славата негова да остане на неговите потомци.

46. Пофалба на предците. (Продолжеток)

1. Храбр јунак во борбите беше Исус, Навиновиот син и во пророштвата наследник на Мојсеј;
2. според своето гоелмо име тој се покажа како голем бранител на Божјите избраници, одмаздувајќи им се на востанатите непријатели, и така Израел да го воведе во наследството негово.
3. Колку се прослави кога рацете свои ги издигна и кога мечот свој кон градовите го пружи!
4. Кој бил некогаш како него? Тој борби Господови водел.
5. Не застанало ли сонцето од раката негова и од ден – не станаа ли два?
6. Севишниот Бог тој Го повика, кога од сите страни непријателот го беа опкружиле, и Господ гласот негов го послуша;
7. град како камења пушти од небото врз непријателите и ги порази противниците по падините на планината,
8. за да го познаат незнабошците оружјето Негово, дека борбата се одвивала пред Господа, тој само одел по Сесилниот.
9. И во деновите на Мојсеј добро дело направи, тој и Калев, Јефунеовиот син, кога им се противставија на разбунтуваните, народот го задржаа од грев и ги смирија гласовите на побуната.
10. Од шестотини илјади што патуваа само тие двајца беа спасени, за да го воведат народот во ветената земја – таму каде што тече мед и млеко.
11. И му даде Господ на Калев сила, којашто до старост остана во него, за да се искачи по високите места, којашто е наследство на неговото племе;
12. за да видат сите синови Израелски дека е добро по Господа да се оди.
13. Така и судиите, секој според своето име, чии срца верни на Господ беа и од Бога не отстапуваа; соменот за нив благословен нека биде!
14. Коските нивни да се расцутат од гробот!
15. Славата на нивното име нека премине на нивните синови – за нивно прославување!
16. Миленикот Господов, Самуил Негов пророк, основа царство и за народот свој цареви му помаза,
17. Според законот на Господ тој му судеше на народот, и Господ го посети Јакова;
18. по својата вера беше вистински пророк, а според она што говореше – вистински предвидуваше.
19. Кога народот од секаде беше притиснат, кон Бога во неволјата своја повика и младо на жртва принесе.
20. Тогаш Господ од небо силно загрме и во силната бучава се слушна гласот Негов,
21. ги погуби водачите тирски и сите кнезови филистејски.
22. Пред да се пресели во вечниот покој, тој посведочи пред Господ и пред Неговиот помазаник: „Од никого имот не сум зел, дури ни обични обувки и никој не го укорив.”
23. И по својата смрт пророкуваше: на царот крајот негов му го објави; и во пророкувањето од земјата гласот свој го подигна, за да го отстрани беззаконието во народот.

47. Натан. Соломон. Ровоам. Јеровоам.

1. По него се издигна Натан – пророкуваше во деновите на царот Давид.
2. Како мрсот што се одделува од мирната жртва, така Давид беше одделен од синовите Израелски.
3. Со лавовите си играше како со јариња, а со мечките како со јагниња.
4. Во младоста своја тој зар не уби исполин и со тоа не ја ли симна навредата од народот,
5. и кога рака крена со камен во прачка, зар не го понизи гордиот Голијат?
6. Тој повика кон Господа Севишен и Господ ѝ дал сила на десната негова рака – да го понизи тој силен за борба човек и да ја издигне силата на народот свој.
7. Затоа народот со десетки илјади го величеше, прославувајќи Го Господа, како достоен за славен венец,
8. зашто ги победи непријателите и ја смири силата на филистејците, така што и до дненес силата нивна е скршена;
9. по секое свое славно дело тој Го прославуваше Господа, благодарејќи му на Севишниот;
10. со сето свое срце Го воспеваше и Го љубеше тој Создателот свој.
11. Пред жртвеникот певци постави со нивните гласови песната да ја заслади.
12. Тој на празниците свеченост им даде и со точност ги определи времињата – певците името Негово пресвето да го прославуваат и светилиштето веќе од рано утро се огласуваше.
13. Затоа Господ гревовите му ги прости и вечно силата негова ја издигна, царски завет му подари – славен престол во Израел.
14. По него мудриот син негов се издигна и поради таткото свој безбедно живееше.
15. Соломон царуваше во мирни дни, зашто Бог од сите страни мир му подари, за да изгради дом на името Негово и да подигне светилиште вечно.
16. Колку мудар во младоста своја беше ти, и полн со разум како река!
17. Со душата твоја земјата ја покри, со мудри зборови ти ја исполни;
18. до далечните острови името твое се прослави, во мирот твој возљубен беше.
19. Со песните и зборовите твои, со изреките и мудроста светот се восхитува.
20. Во името на Господа Бога, наречен Бог Израелов,
21. си насобра злато како бакар и го умножи среброто како олово.
22. Но потоа телото твое на жени го даде, со телото твое роб нивни стана;
23. врз славата твоја дамка стави, го оскверни родот свој; навлече гнев на децата свои кои, над безумството твое горко плачеа; власта се раздели и од Ефраим започна непокорното царство.
24. Но Господ не ќе ја остави Својата милост и не ќе разурне ниедно од Своите дела, не ќе ги уништи потомците на избраникот Свој, нема да го погуби народот на оној што Него Го љубел.
25. Остатокот на Јаков му го даде и коренот од него – на Давид.
26. И почина Соломон покрај своите татковци.
27. А по себе на народот од родот свој безумност му остави,
28. малоумниот Ровоам, кој го одврати од себе народот свој,
29. и Јеровоам, Неватовиот син, кој во грев го воведе Израел, и на Ефраим патот греовен му го покажа.
30. И гревовите нивни толку се намножија, така што од земјата своја истерани беа;
31. посегнуваа по секое зло сè додека одмаздата не дојде врз нив.

48. Илија. Елиша. Езекија. Исаија.

1. И стана како оган пророкот Илија и како пламен од факел гореа зборовите негови.
2. Тој ним им испрати глад, а со ревноста своја бројот им го намали;
3. со зборот свој небото го заклучи и оттаму трипати оган симна.
4. Со чудата свои, колку си се прославил, Илија? А по слава кој може со тебе да се споредува?
5. Ти мртовец подигна од смрт и од пеколот по зборот на Севишниот.
6. Ти кутна во погибел цареви и истакнати личности од нивното легло.
7. Ти слушаше на Синај изобличување против нив и на Хорев – суд за одмазда;
8. ти цареви за награда помаза и пророци – за свои наследници;
9. ти беше грабнат од огнен виор на кола со огнени коњи;
10. за изобличување на твоето време предназначен беше, за да го смириш гневот пред да мине во жестокост; срцето на татко кон синот негов да го свртиш и племињата на Јаков да ги обновиш.
11. Блажени се оние коишто те видоа и оние коишто со љубов се украсија – и ние живот ќе имаме.
12. Илија во виор сокриен беше, а Елиша со духот негов се исполни;
13. пред кнез не трепереше во сите свои дни, и никој не го надмина;
14. ништо не го повреди и по неговата смрт – телото негово пророкуваше.
15. Додека беше жив чуда правеше, а по смртта, – дела пречудесни.
16. Но покрј сето тоа народот не се покаја, од своите гевови не отстапи, додека во ропство не го одведоа и по цел свет не го расеаја.
17. И сосем малку од народот остана и еден кнез од домот на Давид.
18. Некои од нив вршеа што е право пред Господа, а други гревовите свои го умножуваа.
19. Езекија градот свој го утврди, вода во него доведе, со железо карпа прокопа и базени за вода направи.
20. Во негово време се крена Санхерив против него, таму Равшаке го прати, кој дигна рака на Цион и во гордоста своја се правеше многу голем.
21. Тогаш им трепереа и срцата и рацете и како родилки се мачеа.
22. Кон милостивиот Господ повикаа, раце кон Него креваа.
23. И Светиот ги слушна набргу од небото и ги избави со раката на Исаија.
24. Тој ја порази војската асирска и Ангелот Негов сите ги истреби,
25. зашто Езекија вршеше што е угодно пред Господа, и право одеше по патиштата на својот татко Давид, како што заповеда Исаија, голем и верен во своите виденија.
26. Во неговите денови сонцето назад се врати и тој на царот животот му го продолжи.
27. Со својот голем дух ја предвиде далечната иднина и ги утешуваше оние што тагуваа во Цион;
28. Ја објави иднината сè до крајот на времето и сè што било сокриено пред да се исполни.

49. Јошијаху. Последните цареви и пророци. Зоровавел и Јошијаху. Неемија.

1. Споменот за Јошијаху е како мирзлив темјан, приготвен од вешт мироварец;
2. во секоја уста ќе биде сладок како мед и како музика, на гозба при служење со вино.
3. Тој направи сè за обраќањето на народот и ги истреби одвратностите на беззаконието;
4. кон Господа срцето свое го сврти и во тоа безбожно време побожноста е засили.
5. Освен Давид, Езекија и Јошијаху, сите тешко згрешија,
6. зашто тие го напуштија законот на Севишниот и јудејските цареви ги снема,
7. зашто силата своја им ја предадоја на други и славата своја – на туѓи народи.
8. Избраниот град на светињата беше изгорен и улиците негови беа опустошени, како што претскажал Еремија.
9. Него го жалостеа, иако тој беше осветен за пророк, да искоренува, да соборува и да уништува, како и да гради и да сади.
10. Језекил го виде јавувањето на славата, која му ја покажа Бог во херувимска кола;
11. за непријателите напомнуваше во вид на дожд и добро им најавуваше на оние, кои ги исправуваа своите патишта.
12. И дванаесетте пророци – коските да им процутат во нивните гробови! – Јакова го утешуваа и го спасуваа со својата вистинска надеж.
13. И Зоровавел како да го прославиме? И тој е како прстен на десната рака,
14. а исто така и Исус, Јоцадаковиот син, тие во своето време изградија дом и го востановија светиот храм на Господа, за вечна слава предодреден.
15. Голем е споменот и на Неемија, кој ги изгради паднатите градски ѕидови и постави врати и резиња, а ги обнови и урнатите куќи.
16. Немало на земјата никој од создадените како Енох; тој беше однесен жив од земјата,
17. и не се родил маж како Јосиф, глава на браќата, поткрепа на народот; и коските негови беа почитувани.
18. И Шем и Шет меѓу луѓето беа славени, но Адам е над сите живи созданија.

50. Великиот свештеник Шимон. Поука. Заклучок.

1. Великиот свештеник Шимон, син на Онија, за време на својот живот го поправи Божјиот дом, го зацврсти храмот.
2. Тој ја стави основата за двојното издигнување – на високата ограда околу храмот.
3. Во негово време беше се намалил водостојот, опкружен со ископ, слично на море.
4. За да го укрепи градот против опсада, тој ги зајакна градските ѕидови.
5. Колку величествен стануваше меѓу народот кога излегуваше од зад храмовата завеса!
6. Тој беше како ѕвезда Деница сред облаци, како месечина кога е полна;
7. како сонце што грее над храмот на Севишниот и како виножито што светлее меѓу величествени облаци;
8. како роза во пролетни дни, како кринови покрај водни извори и како ливаново гранче во летни дни;
9. како оган со кадиво во кадилница;
10. како искован златен сад, укрсен со секакви скапоцени камења;
11. како маслина со плодови и како кипарис извишен до облаци.
12. Кога се облекуваше во великолепни одежди, кога ги ставаше сите украси, качувајќи се кон светиот жртвеник, целото светилиште со блесок го исполнуваше.
13. И кога ги земаше жртвените делови од рацете на свештениците, стоејќи кај огнот на жртвеникот,
14. окружен како со венец од своите браќа свештеници, како леванонски кедрови фиданки и како гранки палмови,
15. и сите Аронови синови во сета своја слава со приноси за Господа на рацете пред целиот собир на Израел.
16. Завршувајќи ја на жртвеникот службата, за да го овенча приносот на севишниот Седржител,
17. ја пружаше раката своја кон жртвената чаша, истураше во неа гроздов сок, го поливаше подножјето од жртвеникот за благопријатен мирис на Царот Севишен.
18. Тогаш синовите Аронови трубеа во труби метални и викаа со силен глас за спомен пред Севишниот.
19. И тогаш сиот народ ничкум на земја паѓаше, за да се поклони пред својот Господ, Седржителот и Севишен Бог.
20. А певците со своите гласови Го прославуваа; во огромниот храм умилна песна се огласуваше;
21. народот на Милостивиот и Севишниот Господ се молеше додека славословието се пееше, и така Божјата служба ја завршуваа.
22. Тогаш, слегуваќи, рацете свои ги подигаше врз целиот собир од синовите Израелски, благословот Господов со устата своја го искажуваше и името Негово да се пофали.
23. А народот уште еднаш ничкум паѓаше, за да го прими благословот на Севишниот.
24. И денес, благословувајте Го Бога сите, Кој насекаде големи чуда прави, Кој ги продолжува нашите денови уште од утробата и со нас постапува според Својата милост.
25. Тој нека ни даде весело срце и во деновите наши мир да ни подари во Израел од век до век.
26. Милоста Негова секогаш да биде со нас и навреме да нè избави!
27. Од два народа душата моја се обраќа, а третиот и не е народ:
28. тоа се оние што живеат на планината Сеир, Филистејците и глупавиот народ што живее во Сиким.
29. Оваа мудрост за поука и знаење ја напишав во книга јас, Исус Сираховиот син, од Ерусалим, кој ја изли мудроста на своето срце.
30. Блазе му на оној којшто ќе размислува за овие поуки; кој ќе ги стави во своето срце, тој мудар ќе биде,
31. а кој ги извршува – ќе успее во сè зашто Господовата светлина е неговиот пат.

51. Благодарствена химна.

1. Господи Царе, Тебе ќе Те воспевам, Тебе ќе Те фалам – мојот Бог и Спасител, Твоето име ќе Го прославувам;
2. Ти беше мој закрилник и помошник;
3. Ти го спаси моето тело од пропаст и од примките на јазик клеветнички и уста лажлива; Ти беше мој помошник против оние што стануваа против мене.
4. Ти ме избави според Твојата голема милост и заради името Свое од заби што крцкаат спремни да ме изедат;
5. и од рацете на оние штоја бараа мјата душа и од многу жалости што ги имав.
6. Од оган, којшто ме задушуваше од сите страни и од пламенот што не ме изгоре;
7. од длабината на адовата утроба, од нечист јазик и лажливи зборови, од клевета на непрведен јазик пред цар.
8. Душата моја близу до смртта беше.
9. Животот мој – до дното на пеколот:
10. од сите страни ме опкружуваа и немаше кој да ми помогне; од луѓе помош со поглед барав, но ја немаше.
11. Тогаш си спомнав за милоста Твоја, Господи, и за делата Твои уште од почеток,
12. дека ги спасуваш оние што на тебе се надеваат, ги спасуваш од непријателски раце.
13. Гласот на мојата молитва од земја го подигнав, Ти се молев од смрт да ме избавиш.
14. Повикав кон Господа, кон Отецот на мојот Господ – да не ме остави во дни на неволја кога немам помош од горделиви луѓе.
15. Името Твое непрестајно во славословие ќе го фалам, зашто молитвата моја ја послуша;
16. од погибел ме спаси и во зло време ме избави.
17. Затоа ќе Те воспевам и ќе Те фалам и името на Господа ќе го прославувам.
18. Уште како момче, пред да почнам да патувам, во молитвата моја отворена мудрост барав;
19. пред храмот се молев за неа и докрај ќе ја барам, како од цутот на грозјето до неговото узревање,
20. така срцето мое се радува од неа; мојата нога по прав пат тргна, уште од младини по неа одам.
21. Го наведнував по малку увото и неа ја примав; во неа наоѓав многу поуки за себе.
22. Напредував во неа.
23. Ќе го прославувам оној, Кој ми ја дарува мудроста.
24. Одлучив да одам по неа; го следев доброто и нема да се посрамам.
25. Душата моја неја ја бараше, а во делата мои бев исправен.
26. Рацете мои ги подигнав кон висините и ја осознавав својата неукост.
27. Кон неа душата моја ја управив и од самиот почеток ѝ го предадов срцето свое,
28. и со чистота ја достигнав; затоа нема да бидам оставен од неа.
29. Внатрешноста моја се подигна неа да ја бара; затоа придобив вредно богатство.
30. За награда Гсспод јазик ми даде; со него ќе Го прославувам.
31. Дојдете кај мене, вие ненаучените, во училиштето мое бидете.
32. Зашто вам мудроста ви е потребна, душите ваши силно жеднеат за неа.
33. Ја отворам устата своја и ви велам: „Купувајте ја без пари;”
34. ставете го вратот свој во
јаремот нејзин и душата ваша нека го прима ова учење; него можете близу да го најдете.
35. Ете, со ваши очи гледате: јас малку се потрудив и голем спокој најдов.
36. Придобивајте знаење колку за големо количество сребро, а со тоа ќе добиете богатство поголемо од злато.
37. Нека се радува душата ваша за Неговата милост; и не срамете се да Го прославувате.
38. Свршувајте ја работата своја навреме, и Тој навреме ќе ви ја даде вашата награда.