1. Препис од посланието, кое Јеремија им го испрати на оние, што требаше да бидат одведени во ропство во Вавилон, од вавилонскиот цар, за да ги извести што му било заповедано од Бога.
2. Поради гревовите, со кои згрешивте пред Бога, ќе бидете одведени во ропство во Вавилон од вавилонскиот цар Навуходоносор.
3. Кога ќе стигнете во Вавилон, таму ќе останете многу години, долго време – дури до седум поколенија, а потоа Јас ќе ве извадам оттаму со мир.
4. Сега ќе видите во Вавилон богови сребрени, златни и дрвени, кои се носат на рамењата, кои им задаваат страв на незнабошците.
5. Пазете се, и вие да не бидете слични на туѓите народи, па стравот пред тие богови да ве опфати и вас. Кога ќе видите народот да се поклонува пред нив и зад нив, кажете си во својот ум: „Тебе, Господи, треба да Ти се поклонуваме!”
6. Зашто Мојот Ангел е со вас; тој е заштитник на вашите души.
7. Јазикот на тие богови е изделкан од уметник, а од други се опковани со злато и сребро; но тие се лажни и не можат да говорат.
8. И како за девојка, што сака украси, незнабошците земаат злато и сребро и прават круни за главите на своите богови.
9. А се случува и тоа – жреците да го крадат златото и среброто од своите богови и да го употребуваат за себеси;
10. од него одделуваат и за блудниците под нивниот покрив; ги украсуваат тие златни, сребрени и дрвени богови како луѓе, со облека.
11. Но, тие не можат да се одбранат од ‘рѓа и молец, макар и во пурпур да се облечени.
12. Во храмовите им го бришат лицето од прав, што многу паѓа врз нив.
13. Еден од нив држи и скиптар како човек, како судија на тој крај, но тој не може да го убие виновникот пред него.
14. Во десната рака има меч и секира, но не може да се одбрани од војници и разбојници. По тоа се познава, дека не се богови; затоа не плашете се од нив.
15. Зашто, како скршениот сад станува неупотреблив за човекот, така е и со нивните богови.
16. Кога ги ставаат во домовите, очите им се полнат со прашина, што се крева од нозете на оние што влегуваат.
17. И како што се затвораат вратите од живеалиштето на оној, кој згрешил против царот, кога го водат на смрт, така и нивните идолски светилишта ги пазат жреците со врати и клучеви, за да не ги украдат разбојници.
18. Жреците нивни свеќници им палат, повеќе отколку за себеси, а тие ниеден од нив не можат да видат.
19. Тие се како греда в куќи: срцата нивни одвнатре, велат, црвја им ги јадат, и нив и нивната облека ги изедуваат, а тие ништо не чувствуваат.
20. Лицата им се црни од кадењето во храмот.
21. На нивното тело и на главата долетуваат лилјаци, ластовици и други птици, а по нив и мечки газат.
22. По тоа ќе познаете дека тие не се богови; затоа и не плашете се од нив.
23. Ако некој не ја очисти нечистотијата од златото со кое се опковани за украс, тие нема да светат; а кога ги лиеле, тие тоа не го чувствувале.
24. За висока цена се купени, а во нив дух нема.
25. Бидејќи се без нозе, на рамења ги носат, со што ја покажуваат својата ништожност пред луѓето; ги срамат и оние, кои им служат;
26. ако паднат на земја, тие сами не можат да станат, и ако некој ги исправи, не можат да се движат и, ако некој ги наведне – не можат да се исправат; па и дарови – како на мртовци им принесуваат.
27. Жреците ги продаваат нивните жртви и злоупотреби прават со нив; а и жените нивни поседуваат дел од нив, но ништо не одделуваат ни за болен ни за сиромав.
28. До жртвите се допираат жени нечисти и родилки. И така, по ова разберете, дека тие не се богови; не плашете се од нив.
29. Та, како богови да ги наречеме? – на тие сребрени, златни и дрвени богови – жени жртви им принесуваат.
30. Во нивните идолски храмови жреците седат во искината облека, со избричени глави и бради и со непокриени глави.
31. Тие пискаат и извикуваат пред своите богови, како некои на помен за умрени.
32. Некои од нивните облеки жреците ги земаат, со нив жените и децата свои ги облекуваат.
33. Ако некој им направи добро или зло, тие не можат да вратат; не можат да го постават цар, ниту можат да го сменат.
34. Не можат да дадат ни богатство, ни некоја ситна пара; ако некој им вети завет, а не им го даде, – тие не можат да го присилат тоа да го даде.
35. Не можат човека од смрт да спасат, ниту можат послаб од посилен да ослободат;
36. на слеп вид нема да му вратат, на човек во неволја не можат да му помогнат;
37. кон вдовица сочувство нема да покажат, на сирак добро не ќе му направат.
38. Тие дрвени и опковани со сребро богови се како горски камења, а ќе се посрамат оние што им служат.
39. Па како може да се рече и да се помисли дека се тие богови?
40. А и самите Халдејци не ги почитуваат; кога ќе видат нем, кој не може да говори, тие го водат при Ваала и му се молат тој да проговори, како Ваал да може да чувствува.
41. А и кога ќе го забележат тоа, не можат да ги остават; зашто се безумни.
42. Жените седат по улиците, препашани со јажиња од трска, и палат кадило со лушпи од маслинки.
43. И кога некоја од нив привлечена од некој минувач, и преспие со него, таа ја прекорува својата другарка, што не се удостоила со истото како таа, и што и нејзината преврска не ѝ е скината.
44. Сè што се прави кај тие богови – сè е лага. Па како може да се мисли и да се говори дека се тие богови?
45. Тие се направени од уметници и од златари; тие не се ништо друго, освен она што сакале мајсторите да го направат.
46. Па оние, што ги прават, и тие не се долговечни.
47. Та како може творбите нивни да бидат богови? Тие им оставаат зад себе лага и срам на своите потомци.
48. Ако се случи војна или некоја неволја, жреците меѓу себе се советуваат каде да се кријат заедно со нив.
49. Па како тогаш да не се разбере, дека не се богови кога и самите не можат да се спасуваат ни од војна ни од неволја?
50. Бидејќи се дрвени, обложени со злато и сребро, може јасно да се види дека се лага; на сите народи и цареви ќе им биде очигледно, дека тие не се богови, туку дека се дело на човечки раце и дека во нив нема никакво божјо дејство.
51. Та кој по сево ова нема да разбере оти тие не се богови?
52. Тие не можат да постават цар во некоја земја, ниту можат на луѓето дожд да им дадат;
53. не можат да размислуваат, ниту можат навреден да заштитат – затоа што и самите се немоќни,
54. како чавки што се наоѓаат меѓу небото и земјата, Ако се запали храмот на боговите, кои се дрвени или опковани со злато и сребро, тогаш нивните жреци бегаат и се спасуваат, а тие таму ќе изгорат како греди.
55. Тие не можат да му се спротивставуваат ни на цар ниту на непријатели. Тогаш како може да се помисли и да се поверува дека се тие богови?
56. Тие богови дрвени, опковани со сребро и злато, не можат да се одбранат ни од крадци ниту од разбојници;
57. бидејќи се посилни од нив, тие им го земаат златото, среброто и облеката, што се на нив, и си одат со она што го ограбиле, а тие не можат сами да се одбранат.
58. Затоа е подобро да се биде цар, кој ја докажува својата храброст или во куќата некој корисен сад, со кој сопственикот се користи, отколку што се лажните богови; подобра е вратата на куќата, која го пази она што е во неа, отколку што се лажните богови; подобар е и дрвениот столб во царската палата од овие лажни богови.
59. Сонцето, месечината и ѕвездите, бидејќи светат, се испраќаат за потреба – секогаш се многу послушни.
60. И секавицата секогаш, кога се јавува, јасно се гледа; така и ветрот – на сите страни дува.
61. И облаците, кога Бог им заповеда да поминат низ целата земја, ја извршуваат Неговата заповед.
62. И огнот, кој одозгора се праќа – да уништи гори и шуми, го извршува она што му е заповедано; а тие не им се слични ни по вид ни по сила.
63. Па како може да се помисли и да се рече, дека се тие богови, кога немаат сила ни суд да судат, ниту можат на луѓето некое добро да им направат?
64. И така, кога знаете, дека не се богови, не плашете се од нив.
65. Тие не можат да ги проколнуваат царевите, ниту можат да ги благословуваат;
66. знаци нема да покажат ни на небото ниту пред народите; тие не греат како сонцето, ниту светат како месечината.
67. Ѕверовите се подобри од нив; тие можат да избегаат во своето засолниште и да се спасат.
68. И така, од ништо не можеме да видиме, дека се тие богови; затоа не плашете се од нив.
69. Како што плашилото в градина од ништо не пази, такви се и нивните опковани со злато и сребро богови.
70. Тие се како даб в градина, врз кој слетуваат секакви птици, и како труп, фрлен во темнина, такви се нивните богови, дрвени, позлатени и посребрени.
71. По пурпурната и скерлетна облека, која на нив гние, можете да разберете, дека не се богови, та најпосле и тие самите ќе бидат изедени и ќе бидат срам на земјата.
72. И така, подобар е праведен човек, кој нема идоли; тој е далеку од ваков срам.