Книга пророк Михеј

1. Запустување на Јуда и на Израилот поради идолопоклонство.

1. Словото Господово, упатено до Михеја од Мораст, во деновите на Јоатама, Ахаза и Езекија, цареви јудејски, со кое му беше откриено за Самарија и за Ерусалим.
2. Чујте, сите народи, внимавај, земјо, и сè што те исполнува! Сведок нека е против вас Господ Бог, Господ од Својот свет храм!
3. Зашто Господ, ете, излегува од Своето место, ќе слезе и ќе стапи на земните височини,
4. и планините ќе се расклатат под Него, долините ќе се растопат како восок од оган, како водата што се пролива низ стрмнини.
5. И сето тоа ќе стане поради нечесноста на Јакова, поради гревот на Израилевиот дом. Од кого е злодејанието на Јакова? Нели е тоа од Самарија? Од кого се идолските светилишта во Јудеја? Нели се тоа од Ерусалим?
6. Затоа од Самарија ќе направам купишта урнатини во полето, место за садење лози; ќе ги сринам камењата нејзини во долина и ќе ѝ ги разголам основите.
7. И сите нејзини резани ликови ќе се строшат и сите нивни дарови од блуд – со оган ќе бидат изгорени: сите идоли ќе ги разурнам; со дарови од блуд ги правела, и пак ќе бидат дарови од блуд превртени.
8. Поради тоа ќе заплачам и ќе заридам, ќе појдам бос и оголен, ќе вијам како шакал, ќе плачам како змија;
9. зашто тежок е нејзиниот пораз; тоа дојде до Јудеја, а стигна дури и до портите на Мојот народ – сè до Ерусалим.
10. Не разгласувајте го ова во Гет, не плачете таму гласно, а во селото Офра посипете се со пепел.
11. Иселете се, жители сафирски, срамно разголени; нема да се спаси ни жителката санска, плачот во селото Езил нема да ви дозволи да се задржите ни таму.
12. Тагува за своето добро жителката маротска, зашто злото од Господа слезе до портите ерусалимски.
13. Впрегни брзи коњи во колата, жителко лахиска, ти си почеток на гревот од ќерката Сионска, оти во тебе се појавија престапите на Израилот.
14. Затоа ти ќе праќаш дарови во Моресет Гет; но населбите ахзивски ќе бидат измама за царевите израилски.
15. Ќе доведам и наследник при тебе, жителко мориска; и тој ќе дојде дури до Одолам, славата на Израилот.
16. Фрли ја косата своја, истрижи се – од жал за своите сакани синови; разголи ја ќелавоста своја за нив како орел што ја разголува својата, зашто тие ќе бидат одведени од тебе во ропство.

2. Ветување на времиња за милост.

1. Тешко им на оние што кројат беззаконија и на леглата свои измислуваат зли дела, и ги извршуваат штом ќе се зазори, зашто не ги издигнаа кон Господа рацете свои.
2. Ќе пожелат ниви – ги заземаат насила, куќи – ги отимаат; и човекот го обираат, и куќата негова, мажот и наследството негово.
3. Затоа вака вели Господ: „Еве Јас замислувам зло против тој род да пратам, кое не можете да го отфрлите од вратот свој, па затоа и нема да одите исправени; оти тоа време ќе биде лошо.
4. Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе мислат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати? Нивните наши се веќе раздадени на другородци.”
5. Затоа не ќе имам никого што ќе фрли жреб во собранието пред Господа.
6. Не пророкувајте пророци; не пророкувајте им за да не ве постигне зло.
7. О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар се смали Духот Господов!Зборовите Мои зар не се благотворни за оној, кој постаува справедливо?
8. Но народот, кој порано беше Мој, сега стана непријател, и вие им ја грабите не само горната туку и долната облека на мирните луѓе, што се враќаат од војна.
9. Жените на Мојот народ ги истерувате од нивните пријатни домови; а од децата нивни ја одземате славата Моја.
10. Станете и одете си, оти тој крај не е земја за почивка; поради нечистотија таа ќе биде разорена – и тоа со голема погибел.
11. Ако некој ветропир измислува лага и вели: „ќе ти проповедам за вино и за сикер”, тој би бил добар за пророк на овој народ.
12. Навистина ќе те соберам сиот, Јакове, навистина ќе ги соберам остатоците Израилеви; ќе ги соберам во едно како овците во Восор, како стадо овци во кошара; ќе зазборуваат шумно поради многубројноста.
13. Пред нив ќе тргне уривач на ѕидови; тие ќе ги разбијат преградите, ќе влезат низ портите и ќе излезат низ нив, и царот нивни ќе тргне пред нив, и Господ – ќе биде на чело.

3. Казна. Пророкување за разорувањето на Ерусалим.

1. Затоа реков – чујте, поглавари Јаковови и кнезови на домот Израилев: зар вие не знаете што е право?
2. А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од коските нивни;
3. јадете од телото на Мојот народ и ја дерете кожата нивна, а коските нивни ги стругнувате и ги кршите како за во сад, и месото нивно го дробите како за во котел.
4. И тие ќе викаат кон Господа, но Он нема да ги чуе и ќе го сокрие лицето Свое од нив во времето, додека тие вршат злодејанија.
5. Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои гризат со заби – а проповедаат мир; а ако никој не им стави во уста ништо, против него објавуваат војна.
6. Затоа, место видени, вие ќе гледате ноќ, место пророштво – темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе им потемнее над нив.
7. Ќе се засрамат јасновидците, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат устата своја, зашто нема да добијат одговор од Бога.
8. Но јас сум исполнет со силата на Духот Господен, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јакова престапите и на Израилот – гревот негов.
9. Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израилев, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сè што е право.
10. Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда.
11. Поглаварите негови судат за подароци, свештениците учат за награди, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се надеваат на Господа, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нè постигне.”
12. Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој Дом ќе зарасне во шума.

4. За царството на Месија. Повраток и избавување на Израилот по големите страдања.

1. И, ете, затоа во последните дни планината на Господовиот Дом, ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите.
2. И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: „Дојдете да се искачиме на гората Господова и да влеземе во домот на Јакова – и Он ќе нè научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе Законот, и од Ерусалим – словото Господово.
3. Он ќе им суди на многу народи и ќе изобличи многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои – во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат;
4. секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господа Саваот го изрекла тоа.
5. Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господа, нашиот Бог, секогаш и довека.”
6. Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сè што е хромо, и ќе соединам што е разгонето, и оние, врз кои сум допуштил беда.
7. И ќе направам од остатокот на хромите и прснатите по светот силен народ, и Господ ќе царува над нив на гората Сион од сега па довека.
8. А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, при тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството – при ќерките ерусалимски.
9. А зошто ти сега така гласно плачеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка?
10. Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на непријателите твои.
11. А сега се собрани многу народи против тебе и велат: „Нека биде осквернета и очите наши да се нагледаат на Сион!”
12. Но тие не ги знаат замислите на Господа и не ги разбираат намерите Негови – дека Он ги собрал како снопје на гумно.
13. Стани и удирај, ќерко Сионова, оти Јас ќе го направам рогот твој железен и копитата твои бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивните трудови и богатства ќе ги посветиш на Господа – Владетелот над целата земја.

5. За местото на Христовото раѓање и за царството на милоста.

1. Утврди се сега тврдино. И пак сме опседнати, со прат ќе го бијат по образите судијата на Израилот.
2. И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста.
3. Затоа Он ќе ги остави до времето додека роди онаа, кој треба да роди; тогаш при синовите Изаилеви ќе се вратат и нивните други браќа.
4. Ќе застане Он и ќе ги пасе со силата на Господа, со величието на името Господово, својот Бог – и тие ќе живеат во мир, зашто тогаш Он ќе биде велик до краиштата на земјата.
5. И Он ќе биде мирот. Кога ќе дојде Асур во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни кнезови.
6. Тогаш тие ќе ја испасат земјата Асур со меч, а земјата на Немрода покрај портите, и Он ќе нè избави од Асура, кога ќе дојде во нашата земја и ќе влезе во пределите наши.
7. А остатокот од Јакова меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господа, како ситен дожд по трева. Он нема да зависи од човек и нема да се потпира на синовите Адамови.
8. И остатокот на Јакова ќе биде меѓу народите, меѓу многу племиња, како лав меѓу горски ѕверови, како лавче меѓу овчо стадо; и кога ќе се појави, ќе гази и ќе растргнува и никој не ќе може да се спаси од него.
9. Тогаш ќе се крене раката Твоја над непријателите Твои и тие ќе бидат истребени.
10. И во оној ден, вели Господ, ќе ги истребам коњите твои пред тебе и ќе ги уништам колите твои;
11. и ќе ги сотрам градовите во твојата земја и ќе ги растурам сите тврдини твои;
12. ќе ги истргнам магиите од рацете твои, и при тебе не ќе има веќе вражачи;
13. ќе ги уништам идолите и резаните ликови меѓу тебе – и нема веќе да се клањаш на творби од рацете твои;
14. и ќе го искоренам од твојата средина идолските светилишта и ќе ги разорам градовите твои.
15. Во гнев и со негодување ќе се одмаздам над народите што ќе бидат непослушни.

6. Жртва што Му е угодна на Господа.

1. Слушајте што вели Господ: „Стани и суди се со горите и со ридовите да го чујат гласот твој!
2. Чујте го, гори, судот Господов, и вие, цврсти основи на земјата, зашто Господ му суди на Својот народ, се бори со Израилот.
3. Народе Мој, што ти направив и со што ти дотегнав? Одговори Ми.
4. Јас те изведов од Египетската земја, те ослободив од домот на ропството и ги водев пред тебе Мојсеја, Арона и Маријам.
5. Народе Мој, сети се што кроеше Валак, царот моавски, и што му одговори Валаам, синот Веров и што стана од Ситим до Галгал – за да ги познаеш праведните дела на Господа.
6. „Со што да застанам пред Господа, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци?
7. Но може ли да Му се угоди на Господа со илјадници овни или незимерни потоци елеј? Дали да Му го дадам мојот провороден син за престапите свои и плодот на утробата своја – за гревовите на душата своја?”
8. О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог.
9. Гласот Господов вика кон градот и мудроста се претпочита пред Твоето име; слушајте го жезалот и Оној, Кој те поставил.
10. Па зар не се наоѓаат во домот на безножникот богатство несправедливо и мерка смалена, одвратна?
11. Можам ли да бидам чист со мерките на беззакониците и со мерките во мојата торба?
12. богаташите негови се полни со неправда, и жителите негови говорат неправда, а и јазикот нивни измама е во устата нивна.
13. Затоа ќе почнам да те поразувам со запустување поради гревовите твои.
14. Ќе јадеш – и нема да се наситуваш; празнина ќе има внатре во тебе; ќе пазиш, но нема да забележуваш, а она што ќе зачуваш, тоа Јас ќе го предадам на меч.
15. Ќе сееш, но нема да женееш; ќе гмечиш маслинки, но нема да се намажеш со елеј; ќе цедиш гроздов сок, но нема да пиеш вино.
16. При вас се запазиле обичаите на Замврија и сите дела на домот Ахавов, и вие постапувате според нивните совети. Затоа ќе те предадам на запустување и жителите твои на потсмев, а вие ќе претрпите поруга од Мојот народ.

7. Малку има побожни. Ветување богата Божја милост.

1. Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту зрел плод, што би посакала душата моја.
2. Нема веќе милосрдни по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица.
3. Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците пројавуваат лоши похоти на душата своја и ја изопачуваат правдата.
4. Најдобриот од нив им е како трн, а справедливиот им е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите предвесници, денот на Твојата посета наближува; и сега ќе ги опфати смут.
5. Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја широко устата своја.
6. Зашто синот го напаѓа татка си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни.
7. Јас, пак, гледам кон Господа, е за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе.
8. Не радувај се за мене, неријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак; Господа е мојата светлина.
9. Ќе го поднесувам гневот Господен, – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ме осуди; тогаш Он ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова.
10. И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „каде е Господ, твојот Бог?” И ќе го видат тоа очите мои – и таа ќе биде згазена како кал на улица.
11. Во она време, кога ќе се изѕидаат ѕидовите твои, во тоа време границите ќе се прошират надалеку.
12. Во оној ден ќе пристигнат при тебе од Асирија до Египет, од Тир до Реката, и од море до море и од планина до планина.
13. А таа земја ќе биде пустиња поради гревовите на жителите нејзини, и поради плодовите на делата нивни.
14. Паси го со жезалот народот Твој, овците на наследството Свое, оние, што живеат обединети во гората среде Кармил, остави ги да пасат тие во Васан и Галад како во стародревните дни!
15. Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од Египетската земја.
16. Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат при сета таа сила; ќе стават рака на устата своја, и ушите нивни ќе се заглушат.
17. Ќе лижат прав како змии и како црвјата што излегуваат од земја, ќе излегуваат од своите гнезда; ќе се уплашат од Господа, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе.
18. Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Он вечно не се гневи, зашто има обичај да се смилува.
19. Он пак ќе се смили над нас и ќе ги избрише нашите беззаконија. Он ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини.
20. Ти ќе покажеш верност кон домот на Јакова, милост кон Авраама, како што со клетва си им ветил на татковците наши од првите дни.