Книга пророк Наум

1. Божјата величественост против Асирија.

1. Пророштвото за Ниневија; книга за видението на Наума од Елкос.
2. Господ е Бог ревнив и одмаздник;одмазник е Господ и страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на непријателите Свои; не ги поштедува ни противниците Свои.
3. Господ е долготрпелив и голема е силата Негова, така што не остава никого без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав од под нозете Негови.
4. Ќе му се закани ли на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Васан и Кармил, и свенува цветот на Ливан.
5. Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сè што живее во неа.
6. Кој може да устои против Него? И кој може да го издржи пламенот од гневот Негов? Гневот Негов се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него.
7. Добар е Господ; Он е прибежиште во жалосен ден. Он ги познава оние, што се надеваат на Него.
8. Но со силна поплава, што сè потопува, ќе ја уништи Ниневија до темели и мрак ќе ги обземе непријателите Негови.
9. Што сте намислиле против Господа? Он ќе стави крај на сè, и неволите веќе нема да се повторат,
10. зашто, иако сплетени како трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама.
11. Од тебе произлезе оној, што смисли зло против Господа, и кој подготви нечесен заговор.
12. Вака вели Господ: „Макар што се безопасни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те измачував, нема веќе да те измачувам.
13. И сега ќе го скршам јаремот негов, кој лежи врз тебе, и ќе ги раскинам оковите твои.
14. А за тебе, Асире, Господ определи: нема да продолжи родот твој; од домот на твојот бог ќе ги истребам идолите резани и лиени; во него ќе ти направам гроб кога ќе бидеш презрен.
15. Ете, по горите се стапките на благовесникот, кој најавува мир: празнувај ги, Јудејо, твоите празници, извршувај ги заветите свои, зашто преку тебе нема веќе да минува нечестивиот; тој е наполно уништен.

2. Пророштво за разурнување на градот Ниневија.

1. Се крева против тебе уништувач: пази ги тврдините, чувај го патот, зацврсти ги бедрата, собирај сили.
2. Зашто Господ ќе го востанови величието на Јакова, како величието на Израилот, оти пакосници ги запустија и лозјата им ги сотреа.
3. Штитот на неговите јунаци е црвен: војниците негови носат црвени облеки; колите бојни ќе фрлаат оган во денот на борбата и гора од копја ќе се лулее.
4. Колите ќе траскаат по улиците и ќе се судираат една со друга, ќе изгледаат како запалени факели, и ќе светкаат како молњи.
5. Тој ќе ги повикува јунаците свои, но тие ќе бидат бавни во одот, ќе побрзаат кон ѕидовите на градот, но опсадата е веќе подготвена.
6. Вратите од реките ќе се отворат и дворот ќе се урне.
7. Решено е: таа ќе биде оголена и во плен одведена, а слугинките нејзини ќе стенкаат како гулаби, удирајќи се в гради.
8. Ниневија, откако беше основана, беше како водобран полн со вода, а тие бегаат. „Стојте, стојте!”. Но никој не се свртува да погледа.
9. Грабајте сребро, грабајте злато; нема крај на натрупаните скапоцени работи.
10. Ограбена, опустошена и разурната е таа – срцето се топи, колената треперат; сите чувствуваат болки во бедрата, а лицата им се потемнети.
11. Каде е лавот што грабеше за да им носи на лавчињата и им даваше на лавиците, полнејќи ги со плен пештерите свои и леглата свои со грабеж?
12. Каде е сега леглото на лавовите и пасиштата на лавчињата, каде што одеа лав, лавица и лавче, и никој не ги плашеше?
13. Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, и ќе ги претворам во дим твоите бојни коли, и меч ќе ги исече лавчињата твои, и ќе го истребам од земјата грабежот твој; повеќе нема да се чуе гласот на твоите пратеници.

3. Гревовите на градот Ниневија.

1. Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него.
2. Се слуша плускање на бичеви и трескот од тркала како и од потскокнување на бојни коли.
3. Коњаниците потскокнуваат, болскаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив.
4. Тоа сето е за многуте блудствувања на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со блудот свој продава народи, а со магиите – племиња.
5. Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека врз твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата – срамотиите твои.
6. Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за приказ.
7. И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: „Разурната е Ниневија! Кој ќе сака да ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?”
8. Зар не си подобра од Но – Амона, кој лежи меѓу реки, опколен со вода, чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид.
9. Етиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а тие ти идеа на помош со Коптите и Ливијците.
10. Но и тој е раселен, отиде во ропство; дури и децата му се здробени – по сите градски крстосници; а за првенците му фрлија жреб, и сите големци се во вериги оковани.
11. И ти така ќе се опиеш и ќе криеш; и ќе бараш заклон од непријателите свои.
12. Сите твои градови се како смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.
13. Ете, и народот твој во тебе се како жени: на непријателите твои ширум ќе им се отворат портите на земјата, и оган ќе ги проголта твоите резиња.
14. Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи ја печката за печење тули.
15. Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да сте се намножиле како гасеници, па и да сте се намножиле како скакулци.
16. Трговците при тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулци ќе се распрскаат и ќе одлетаат.
17. И кнезовите твои се како скакулци, а војводите – како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде биле.
18. Спијат твоите пастири, царе асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да ги прибере.
19. Нема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто врз кого ли не си ја протегнал твојата постојана злоба.