Книга пророк Осија

1. Идолопоклонството кај Израилот и казна.

1. Слово Господово што беше упатено до Осија, во деновите на јудејските цареви Озија, Јоатама, Ахаза, Језекија и во деновите на Израилскиот цар Јеровоам, синот Јоасов.
2. Почеток на словото Господово до Осија. Му рече Господ на Осија:„Оди и земи жена блудница, па роди деца во блудство; зашто оваа земја многу блудствува, откако отстапи од Господа.”
3. И тој отиде и ја зеде Гомер, ќерката на Дивлаима, која зачна и му роди син.
4. Тогаш Господ му рече: „Стави му има Језраел, зашто уште малку и Јас ќе му се одмаздам на Јујневиот дом за крвта пролеана во Језраелот и ќе го укинам царството на Израилот,
5. и во тој ден ќе го поразам лакот на Израилот во долината Језраел.”
6. Таа пак зачна и роди ќерка, и Он му рече: „Именувај ја Лорухама, зашто Јас веќе нема да го помилувам домот Израилев, и да им проштевам.
7. А домот Јудин ќе го помилувам и ќе ги спасам преку нивниот Господ Бог, не со лак, ниту со меч, ни со војска, ниту со коњи и коњаници.”
8. Потоа, откако ја одби од доење, одново зачна и роди син.
9. И му рече Он: „Наречи го со името Лоам, зашто вие не сте Мој народ, и Јас нема да бидат ваш Бог.
10. Но бројот на синовите Израилеви ќе биде како песокта морска, кој не ќе може ни да се измери ниту да се изброи; и место да им речат – вие не сте Мој народ – ќе им се рече – вие сте синови на живиот Бог.
11. И ќе се соберат синовите Јудини и синовите Израилеви заедно и ќе си постават еден старешина и ќе излезат од земјата, зашто голем е денот на Језраелот.”

2. Сојузот Божји со Неговиот народ раскинат и обновен.

1. Речете им на браќата свои: »народ Мој« и на сестрите свои »помилувана.«
2. Судете се со својата мајка, расправајте се; зашто таа не е Моја жена, и Јас не сум ѝ маж нејзин; нека го отфрли блудството од лицето свое и прељубодејството од градите свои, за да не ја сотрам,
3. за да не ја соблечам гола и да не ја покажам како во денот на нејзиното раѓање, и да не ја направам пустелија, за да не ја претворам во сува земја и да не ја усмртам со жед.
4. И децата нејзини нема да ги помилувам, зашто тие се деца од блудство.
5. Бидејќи мајката нивна блудствуваше, се осрамоти онаа, која ги зачна, зашто си велеше – ќе тргнам по милениците свои, кои ми даваат леб и вода, волна и лен, елеј и пијалок.
6. Ете, затоа Јас ќе ѝ го препречам патот нејзин со трње и ќе ја заградам со ограда, и таа не ќе може да ги најде патеките свои;
7. ќе се впушти по милениците, но нема да ги стигне; ќе ги бара, и нема да ги најде; и ќе си рече: ќе се вратам и ќе појдам кај првиот маж; оти тогаш ми беше подобро, отколку сега.
8. А таа не знаеше дека Јас ѝ давав жито, вино и елеј и ѝ го зголемив среброто нејзино и златото, од кое му направија идол на Ваала.
9. Затоа ќе го повратам житото Свое, и виното Свое, кога за тоа ќе му дојде времето и ќе ја одземам волната Своја и ленот Свој, со што се покрива голотијата нејзина.
10. И сега ќе ја откријам срамотијата нејзина пред очите на нејзините миленици, и никој не ќе ја отме од раката Моја.
11. И ќе укинам при неа секаква веселба, празниците и новомесечијата нејзини, и саботите и сите нејзини прослави.
12. И ќе ги запустам лозјата нејзини и смоквите, за кои таа беше рекла: »тоа ми се подароци, со кои ме даруваа милениците мои;« и Јас ќе ги претворам во шума, и полските животни ќе ја изедат.
13. И ќе ја казнам за деновите поминати во служење на Вааловците, кога им кадела и ги китела со обетки и гривни, одела по милениците свои а Мене Ме заборавила, вели Господ.
14. Поради тоа Јас ќе ја измамам и ќе ја одведам во пустиња, па ќе му зборувам на нејзиното срце.
15. И ќе ѝ ја дадам оттаму лозата нејзина и долината Ахор како трем на надеж; и таму таа ќе пее како во деновите на својата младост и како во денот кога излезе од Египетската земја.
16. И во тој ден, вели Господ, ти ќе Ми велиш – мажу мој, и нема повеќе да Ми велиш – Ваалу мој.
17. И ќе ги премавнам од устата нејзина имињата на Вааловците, и нема повеќе да се спомнува името нивно.
18. И во тоа време поради нив ќе склучам сојуз со животните полски, со птиците небески и со лазачите по земјата; а лак, и меч, и војна ќе истребам од таа земја, и ќе им дозволам да живеат во безопасност.
19. И ќе те свршам за Себе вечно, и ќе те свршам за Себе во правда и суд, во благослов и милосрдност.
20. И ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го познаеш Господа.
21. И во тој ден Јас ќе чујам, вели Господ, Јас, ќе го чујам небото, и тоа ќе ја чуе земјата,
22. и земјата ќе го чуе житото и виното и елејот; а тие ќе го чујат Језраела.
23. И ќе ја посеам за Себе на земјата, и ќе ја помилувам непомилуваната и ќе му речам на не Мојот народ: „ти си Мој народ”, а тој ќе рече: „Ти си мој Бог!”

3. Божјата трпеливост.

1. Потоа Господ ми рече: Оди и засакај ја жената, која ги сака злото и прељубата, како што Господ ги сака синовите Израилеви, а тие гледаат по туѓи богови и ги сакаат нивните питки од грозје.
2. Ја придобив за петнаесет сребреници и за гомер и полугомер јачмен;
3. па ѝ реков: Остани при мене повеќе денови; не блудствувај и не оди со други; а и јас ќе бидат само со тебе.
4. Зашто синовите Израилеви ќе останат долго време без цар, без кнез и без жртви, без жртвеник, без ефод и без јавување.
5. Потоа синовите Израилеви ќе се повратат и ќе Го побараат Господа, својот Бог, и Давида, својот цар, ќе се чудат пред Господа на Неговата благост во последните дни.

4. Опомена на Јуда да не греши.

1. Чујте го словото Господово, синови Израилеви; зашто Господ ќе им суди на жителите од оваа земја, оти нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата.
2. Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и крвта со крв се измешува.
3. Затоа таа земја ќе се расплаче, и ќе се истоштат сите, што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат.
4. Но никој да не се препира и никој никого да не обвинува; и твојот народ е како оние што спорат со свештеникот.
5. Ти ќе паднеш дење, и со тебе пророкот ќе падне ноќе, а Јас ќе ја погубам твојата мајка.
6. Мојот народ се оприличил на тие што немаат знење, зашто ти си отфрлил знаење, и јас ќе те отфрлам од свештенодејството пред Себе; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои.
7. И колку повеќе се размножуваат, толку повеќе и грешат против Мене; затоа славата нивна ќе ја претворам во бесславие.
8. Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, и кон беззаконијата негови се стреми душата нивна.
9. И што ќе стане со народот, тоа ќе се случи и со свештеникот; ќе го казнам според патиштата негови и ќе му платам според делата негови.
10. Ќе јадат – и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се размножуваат, оти престанаа да Му служат на Господа.
11. Блудството, виното и пијалоците ги овладеале срцата нивни.
12. Мојот народ го прашува дрвото, и неговиот жезал му дава одговор; зашто духот на блудството ги вовел во залуда, па блудствувајќи, тие отстапија од својот Бог.
13. Принесуваат жртви по планинските врвови и по ридовите кадат под даб, топола и брест, оти тие имаат добри сенки; затоа ќерките ваши блудствуваат, а снаите ваши прељубодејствуваат.
14. Нема да ги казнувам ќерките ваши кога блудствуваат, и снаите ваши кога прељубодејствуваат, оти вие самите сте блудници и со миленици принесувате жртви, а простиот народ гине.
15. Ако ти, Израиле, блудствуваш, Јуда барем да не грешеше; и не одете во Галгал, не влегувајте во Бет – Авен и не колнете се со клетвата: жив е Господ!
16. Израилот е упорен како упорна јуничка; па ќе ги пасе ли затоа Господ како јаганца на широка ливада?
17. Ефрем се поврзал со идолите; остави го!
18. Одвратно е пијанството нивно; наполно се предале на блудство; нивните кнезови сакаат сè што е срамно.
19. Ветрот ќе ги притегне со крилјата свои, и тие ќе се засрамат од жртвите свои.

5. Опомена за царството на Јуда и царството на Израилот.

1. Чујте го ова свештеници, и внимавај ти, доме Израилев, и приклони го увото, доме царев, оти вам ќе ви се суди, зашто бевте замка во Масифа и оптегната мрежа во Тавор.
2. Длабоко потонаа во расипаност, но Јас ќе ги казнам сите нив.
3. Ефрема Јас го познавам, но и Израилот не е сокриен од мене; оти и ти блудствуваш, Ефреме, а ти, Израиле, се оскверни.
4. Делата нивни не ги оставаат да се обрнат кон својот Бог, оти блудството нивно, е внатре во нив, па затоа и Господа не Го познаваат.
5. И гордоста на Израилот е понизена во очите нивни; затоа и Израил и Ефрем ќе паднат поради беззаконијата свои; а ќе паде и Јуда со нив.
6. Со овците свои и со воловите свои ќе тргнат да Го бараат Господа и нема да Го најдат; Он се оттргнал од нив.
7. Тие го изневерија Господа, зашто изродија туѓи деца; и сега новата месечина ќе ги проголта заедно со имотите нивни.
8. Затрубете со рог во Гива, со труба во Рама, и викајте во Бет-Авен: „По тебе, Венијамине!”
9. Во денот на казнувањето Ефрем ќе стене пустиња; Јас го соопштив тоа меѓу колената Израилеви.
10. Водачите на Јуда останаа како оние што преместуваат меѓи; ќе го излеам врз нив гневот Мој како вода.
11. Ете, Ефрем е угнетен, поразен е преку суд, оти посака да оди по суетни работи.
12. И ќе биде како молец за домот на Ефрема и како црв за домот на Јуда.
13. Ја виде Ефрем болеста своја и Јуда раната своја; и тргна Ефрем кон Асур и прати по царот Јарим за да го брани; но тој не ќе може да ве излекува, и нема да ви ја исцели раната ваша.
14. Оти Јас сум како лав за Ефрема и како лавче за домот на Јуда; Јас, Јас ќе раскинам и ќе си заминам; ќе однесам и никој нема да ги спаси.
15. Ќе тргнам и ќе се вратам во Своето место, додека тие не признаат оти се виновни, и не го побараат лицето Мое.

6. Божја казна и покајание.

1. Во болката своја тие од рано утро ќе Ме бараат и ќе велат: да одиме и да се вратиме кон Господа, зашто Он ќе нè рани, и Он ќе нè исцели, ќе нè порази – и ќе ни ги преврзе раните наши;
2. ќе нè оживее за два дена, а во третиот ќе нè подигне, и ние ќе живееме пред лицето Негово.
3. И така, сега да се стремиме да Го познаеме Господа; појавата Негова е како утрена зора, и Он ќе дојде при нас како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја наполни земјата.
4. Што да ти направам, Ефреме? Што да ти направам, Јудо? Чесноста ваша е како утрена магла и како роса што брзо исчезнува.
5. Затоа Јас ги поразив преку пророците и ги биев со зборови од устата Своја, и судот Мој е како светлина што ќе изгрева.
6. Оти Јас сакам повеќе милост, а не жртва, и познавање на Бога, отколку жртва сепаленица.
7. А тие, како Адам, го нарушија заветот, и таму Ме изневерија.
8. Галад е град на беззаконици, испрскан со крв.
9. Како разбојници го дочекуваат човека така, здружени свештеници убиваат по патот за Сихем и вршат лоши работи.
10. Во домот Израилев гледам ужасни работи; таму Ефрем блудствува, Израилот се извалка.
11. И за тебе, Јудо, е определена жетва кога ќе го повратам од ропството Мојот народ.

7. Плач и објавување на заслужените казни.

1. Додека го лекував Израилот, се откри неправдата на Ефрема и злодејанието на Самарија, оти тие лажат, и крадец се замешал, и разбојник граби по улиците.
2. И не помислуваат во срцето свое дека Јас ги помнам сите нивни беззаконија; а сега ги обиколуваат нивните дела; пред лицето Мое се.
3. Со злодејанија го веселат царот свој и со лагите свои – кнезовите.
4. Од прељубодејство тие сите горат како печка вжарена од лебарот, кој престанува да ја угорува, штом ќе го замеси тестото, и тоа скисне.
5. „Денот е на царот наш!” – велат кнезовите, разгорени до болест од вино, а тој ја протега раката своја кон подбивачите.
6. Оти со сплетките свои тие го прават срцето свое слично на печка: лебарот нивни спие цела ноќ, а утрината таа гори како вжарена печка.
7. Тие сите се распалени како фурна и си ги голтаат судиите свои; нивните цареви паѓаат и никој од нив не вика кон Мене.
8. Ефрем се смешал со народите, и станал како пита непревртена.
9. Туѓинци му ја одземаат силата негова, но тој не забележува, косата му побелела, а тој не знае.
10. И гордоста на Израилот е понизена во очите нивни – и покрај сето тоа не се обрнаа кон Господа, својот Бог, и не го побараа.
11. А Ефрем стана како глупав гулаб – без срце: ги повикуваат Египтјаните, одат во Асирија.
12. Каде и да појдат, Јас ќе ја фрлам мрежата Своја врз нив; како птици небески ќе ги кутнам; ќе ги казнам, како што беше речено во нивното собрание.
13. Тешко нив, оти отстапија од Мене; погибел за нив, зашто се одметнаа од Мене. Јас ги спасував, а тие изрекуваа лага против Мене.
14. А не повикаа кон Мене од сè срце, кога пискаа по леглата свои; ридаа на своите постели заради леб и вино, а од Мене отстапуваат.
15. Јас ги вразумував и ги утврдував мишките нивни, а тие замислија зло против Мене.
16. Тие се свртуваа, но не кон Севишниот.

8. Непријателски напад.

1. Стави ја трубата на уста! Непријателот како орел ќе налета на Домот Господов, оти тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој.
2. Ќе викаат кон Мене: „Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израилот.”
3. Израил го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони.
4. Си поставаа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: оттаму е погибелта.
5. Те остави тебе телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израилот?
6. И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа те мамеше телето твое, Самаријо.
7. Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат; житни стебленца со корен тој не ќе има; зрното нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат.
8. Проголтан е Израилот; меѓу народите сега е како негоден сад.
9. Тие отидоа при Асирецот како див осел, кој самотно скита; Ефрем со подароци придобиваше благонаклоност спрема себеси.
10. Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите;
11. оти Ефрем изгради многу жртвеници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници.
12. Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи.
13. Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господа тие не му се угодни; сега Он ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; тие ќе се вратат во Египет.
14. Израил го заборави Создателот свој и си изгради идолски светилишта, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови – и тој ќе му ги проголта дворците негови.

9. Радоста минува, настапува одмазда.

1. Не радувај се, Израиле, со преголема веселба како другите народи, оти блудствуваш, откако отстапи од својот Бог – и ги милуваш даровите од блуд по сите житни гумна.
2. Гумното и кацата нема да ги нахранат, а виното ќе ги измами.
3. Тие нема веќе да живеат во земјата Господова: Ефрем ќе се врати во Египет и во Асирија ќе јадат нечисто.
4. Нема да вршат преливи со вино за Господа, и неугодни ќе Му бидат жртвите нивни; тие ќе им бидат како леб на нажалени: по сите што ќе го јадат, ќе се осквернуваат, оти нивниот леб е само за душите нивни, а во домот Господов тој нема да се внесе.
5. Што ќе правиш во деновите на собирите и во деновите на празникот Господен?
6. Оти сите тие ќе си заминат поради запустувањето; Египет ќе ги прибере, Мемфис ќе ги погребе; нивните сребрени драгоцености коприви ќе ги прекријат, во шаторите нивни ќе има трнливи грмушки.
7. Дојдоа деновите на твојата казна, дојдоа деновите за отплата. Нека разбере Израилот дека е глупав престкажувачот, безумен е оној што изјавува оти е вдахновен, поради многуте беззаконија и големата омраза.
8. Ефрем е на стража до мојот Бог; пророкот е како мрежа за лов на птици по сите негови патишта; има соблазна во домот на неговиот Бог.
9. Многу ниско падна, останаа развратени како во деновите на Гива; но Он ќе се присети за нивните беззаконија, ќе ги казни за нивните гревови.
10. Како грозје во пустиња го најдов Израилот; како чувар на ран плод на смоква, ги видов Јас татковците нивни, но тие отидоа кај Ваалфегор и се оддадоа на срамни работи, па и самите станаа нечисти како оние, што ги беа засакале.
11. Славата на Ефрема ќе одлета како птица; нема да има при нив ни раѓање, ни бременост, ниту зачнување.
12. Па макар и да одгледале деца свои, Јас ќе ги одземам; оти тешко ним, кога ќе се оттргнам од нив.
13. Ефрем, како што го видов Јас до Тир, се поставил на убаво место; но Ефрем ќе ги изведе децата свои при убиец.
14. Дај им, Господи, а што да им дадеш? Дај им утроба, што не раѓа, и – суви гради.
15. Сето зло им е во Галгал; таму ги замразив Јас поради нивните лоши дела; ќе ги изгонам од Мојот дом, нема повеќе да ги сакам; сите нивни кнезови се отстапници.
16. Поразен е Ефрем; се исуши коренот нивни – нема да принесуваат плод; ако и да родат, Јас ќе го умртвам нивниот сакан плод во утробата нивна.
17. Ќе ги отфрли Бог, оти тие не Го послушаа, па затоа ќе бидат скитници меѓу народите.

10. Без правичност нема спасение.

1. Израилот е разгранета лоза; колку повеќе таа има плод, толку повеќе се умножуваат жртвениците; колку му е подобра земјата, толку повеќе се украсуваат идолите.
2. Разделено е срцето нивно, и затоа ќе бидат казнети: Он ќе ги разруши нивните жртвеници, ќе ги здроби идолите нивни.
3. Сега тие велат: „Немаме цар, зашто не се уплашивме од Господа, а царот – што ќе ни прави тој?”
4. Зборуваат, даваат лажни завети, склучуваат сојузи; затоа над нив ќе има суд, како трева отровна по браздите на нивните ниви.
5. За телето во Бет – Авен ќе затреперат жителите на Самарија; ќе заплаче за него народот негов, и жреците негови, кои се радуваа со него, ќе плачат за славата негова, оти неа ќе ја снема од него.
6. И тој самиот ќе биде врзан и одведен во Асирија како дар на царот Јарим; посрамен ќе биде Ефрем, и ќе се засрами Израилот поради својот заговор.
7. Ќе го отфрли Самарија својот цар, како пена над вода.
8. И ќе бидат истребени идолските светилишта на Авен, гревот Израилев; во трње и боцки ќе обраснат жртвениците негови, па ќе им речат на планините – покријте нè, а на ридовите, паднете врз нас!
9. Повеќе згреши, Израиле, отколку во деновите на Гива; таму тие опстојаа, војната во Гаваон против синовите на беззаконието не ги постигна.
10. По своја желба ќе ги казнам; ќе се соберат против нив народите, и тие ќе бидат заробени поради двојниот нивни престап.
11. Ефрем е обучена јуничка, свикната да врши, и Јас Самиот на нејзиниот убав врат ќе ѝ ставам ам; па Ефрем ќе влече, Јуда ќе ора, а Јаков ќе брани.
12. Сејте правда – па да пожнеете милост; разорувајте ја рамнината, оти време е да Го побарате Господа, и така Он, штом ќе дојде, да ве одржи во правда.
13. Одгледавте беззаконие – ожнеевте нечестие, јадевте плод на лагата, оти ти се надеваше на својот пат, на многуте војници.
14. И ќе се појави смут во твојот народ, и сите твои тврдини ќе бидат разрушени, како што Салман го разруши Бет – Арбел во денот на битката: мајка биваше убивана заедно со децата.
15. Ете, така ќе направам, доме Израилев, поради неправдата ваша.

11. Божјо сожалување.

1. Во рани зори ќе загине царот Израилев. Кога Израилот беше млад, Јас го сакав и од Египет го повикав синот Свој.
2. Ги повикуваа, но тие ги одбиваа, принесуваа жртви на Вааловци и им кадеа на идолите.
3. Јас Самиот го учев Ефрема да оди, го носев на рацете Свои, а тие не сфаќаа дека со тоа ги лекував.
4. Ги влечев со човечки врски, со врски на љубов, и Јас бев за нив како оној, што ја вади уздата од устата нивна, и кротко им подавав храна.
5. Тој нема да се врати во Египет; Асур – ќе му биде цар, зашто тие не посакаа да се врати при Мене.
6. И меч ќе падне врз нивниот град, ќе ги уништи неговите заштитници, и ќе ги проголта нивните намери.
7. Народот Мој е упорен во отпаѓањето од Мене, макар и да беше навикнуван кон возвишено издигнување, тој сепак не се издигнува еднодушно.
8. Како да постапам со тебе, Ефреме? Како да те предадам, Израиле? Ќе постапам со тебе како со Адама? Ќе ти направам како што му направив на Севоим? Се возбуди срцето Мое во Мене, затрепери утробата Моја од жалост.
9. Нема да постапам според јароста на гневот Свој, и нема да го истребам Ефрема, оти Јас сум Бог, а не човек; кај тебе е Светиот; Јас нема да влезам во градот.
10. По Господа тие ќе одат. Како лав ќе го издигне Он гласот Свој, ќе го пушти гласот Свој – и ќе побрзаат кон Него синовите од запад,
11. ќе полетаат од Египет како птици, и од Асирија – како гулаби, и ќе ги населам во домовите нивни, вели Господ.
12. Ефрем Ме опкружил со лага, а домот Израилев со лукавство; но Јуда сè уште се држеше за Бога, и верен беше со светиите.

12. Јаков е углед на својот народ.

1. Ефрем пасе ветар и трча кон источниот ветар, секој ден ја зголемува лагата и запустувањето, склучува сојуз со Асур, а во Египет праќа елеј.
2. Но и со Јуда Господ ќе има суд – и Он ќе го посети Јакова по патиштата негови, и Ќе му даде според делата негови.
3. Уште во утробата мајчина тој го задржуваше брата си, а кога порасна, тој се бореше и со Бога.
4. Он се бореше против Ангел – и го победи; заплака и Го замоли; во Ветил Он нè најде и таму зборуваше со нас.
5. А Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово.
6. Обрни се и ти кон својот Бог; биди милостив и правичен, и секогаш надевај се на твојот Бог.
7. Хананеецот има неверни мерила во раката своја и сака да онеправдува;
8. И Ефрем вели: „Сепак се збогатив, насобрав многу имот, макар што во сите мои работи не можат да најдат ништо незаконско, што би било грев.”
9. Јас, пак, твојот Господ Бог уште од земјата Египетска, пак ќе те населам да седиш во сеници како во деновите на празникот.
10. Јас им зборував на пророците и ги умножував виденијата, а и преку пророците се служев со споредувања.
11. Ако Галад стана Авен, тоа и тие станаа суетни, во Галгал колеа за жртви телци, а жртвениците им стоеја како купишта камења на меѓите од нивните ниви.
12. Избега Јаков на нивите сириски и Израил служеше за жена, а за жена и овци пасеше.
13. Преку пророк го изведе Господ Израилот од Египет и преку пророк Он го пази.
14. Ефрем многу Го разгневи Господа, па затоа Господ ќе ја остави крвта негова на него, и ќе му го врати срамот негов.

13. Спасение од смртта. Уништување на гревот.

1. Кога Ефрем зборуваше, сите трепереа. Тој беше издигнат во Израилот; но беше згрешил со Ваала, а затоа загина.
2. А сега го умножуваат гревот: направија идоли излеани од сребро, онака како што сами ги разбираа – уметничка работа – па им велат на луѓето да принесуваат жртви и да ги целиваат телињата.
3. Поради тоа тие ќе бидат како утрена магла, како роса, што брзо исчезнува, како плева што ветар ја однесува од гумното, како дим од димник.
4. Но Јас сум Господ, твојот Бог. Од земјата Египетска – и ти не треба да имаш друг Бог освен Мене, нема Спасител освен Мене.
5. Јас те познав во пустињата, во засушената земја.
6. Па, имајќи пасишта, тие беа сити; а кога се заситуваа, срцето им се возгордуваше, и поради тоа Мене Ме забораваа.
7. И Јас ќе бидам како лав за нив, како лавче што демне покрај пат.
8. Ќе напаѓам врз нив како мечка, чии мечиња се грабнати: ќе им ги истргнувам срцата нивни и ќе ги изедам таму како лавица, полските ѕверови ќе ги раскинуваат.
9. Ти пропаѓаш, Израиле, зашто само во Мене е твојата потпора.
10. Каде ти е сега царот? Каде се твоите судии, за кои велеше: „дај ни цар и началници!”
11. Јас ти дадов цар во гневот Свој, но ти го одзедов во јароста Своја.
12. Врзано е беззаконието на Ефрема, останат е гревот негов.
13. Родилни маки ќе претрпи; тој е неразбран син, инаку не би останал во положба на тукушто родено дете.
14. Од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт – каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата? За тоа нема да се покајам.
15. Иако е Ефрем плоден меѓу браќата, но ќе дојде источен ветар, ќе се крене ветрот Господен од пустињата, и ќе го пресуши изворот негов, тој ќе го однесе богатството од сите сокровишта.

14. Израилевото обраќање и напредок во иднината.

1. Опустошена ќе биде Самарија, зашто се крена против својот Бог; од меч ќе паднат тие, нивните младенци на камен ќе бидат разбивани, а бремените жени ќе бидат распарувани.
2. Обрани се, Израиле, кон Господа твојот Бог; зашто ти пропаѓаш поради своето беззаконие.
3. Подгответе се молитвено, и обратете се кон Господа и речете Му: „Прости ни ги сите беззаконија наши и прими нè добро, а ние ќе принесеме жртва од устата наша.”
4. Асур повеќе нема да нè спасува; и нема повеќе да јаваме на коњи и на своите уметнички творби да им велиме: „О, богови наши; зашто само Ти си милосрден кон сираци.”
5. Ќе го излекувам одметнувањето нивно, благонаклоно ќе ги засакам, зашто гневот Мој се одврати од нив.
6. Јас ќе бидам роса за Израилот; тој ќе цвета како крин и ќе пушти корења како дрвјата на Ливан.
7. Ќе се рашират гранките негови, и убавината негова ќе биде како убавина на маслина, и мирисот од него како мирис од Ливан.
8. Ќе се вратат оние, кои седеа под неговата сенка, и ќе имаат жито во изобилие – па ќе цветаат како лоза, ќе станат славни како виното ливанско.
9. Зошто ми се идолите уште – ќе рече Ефрем. И Јас ќе го чујам и милостивно ќе погледнам на него; ќе бидам како зелен кипарис: од Мене ќе ти бидат плодовите.
10. Кој е мудар, нека го разбере ова; кој е разумен нека го познае тоа. Оти патиштата Господови се прави, и праведниците ќе одат по нив, а беззакониците ќе паѓаат на нив.