Книга пророк Варух

1. Варух и Јудејската заедница во Вавилон. Молитва на изгнаникот: исповед на гревовите.

1. Ова се зборови од книгата, што ги напиша Варух, синот на Нирија, син на Масија, син на Седекија, син на Асадија, син на Хелкија – во Вавилон,
2. во петтата година, во седмиот ден од месецот, во она време кога Халдејците го презедоа
Ерусалим и го изгореа со оган.
3. Ги прочита Варух гласно зборовите од оваа книга пред Јехонија, синот на Јоакима, јудејски цар, пред сиот народ, што беше дошол да ја слуша книгата,
4. гласно пред кнезовите и царските синови, пред сите кои живееја во Вавилон, покрај реката Суд,
5. и тие плачеа, постеа и се молеа пред Господа.
6. Собраа сребро, секој според своите можности,
7. и го испратија во Ерусалим до првосвештеникот Јоаким, син на Хелкија, син Саломов, до свештениците и до сиот народ, кој се наоѓаше со него во Ерусалим,
8. кога Варух ги зеде однесените садови од домот на Господа, за да ги врати во Јудејската земја, во десетиот ден од месецот Сиван, сребрените садови, што ги беше направил јудејскиот цар Седекија, син Јосиин,
9. откако Навуходоносор, вавилонски цар, ги беше преселил од Ерусалим Јехонија и кнезовите, од затворниците, војводите и народот во Вавилон.
10. И рекоа тие: „Еве, ви испраќаме сребро, со него купете сепаленици, жртви за грев и темјан, принесете ги на дар и ставете ги на жртвеникот на Господа, нашиот Бог,
11. молете се на Господа за Навуходоносора, вавилонскиот цар, и за животот на неговиот син Валтазара, така што деновите на нивниот живот на земјата да бидат како денови на небото.
12. Господ Бог ќе ни даде сила и ќе ги просвети нашите очи, за да живееме под закрилата на вавилонскиот цар Навуходоносора и под закрилата на неговиот син Валтазара, за да им служиме многу дни и да најдеме милост пред нив.
13. Молете Му се на Господа, нашиот Бог, и за нас, зашто згрешивме пред Господа, нашиот Бог, и не се одврати гневот на Господа од нас до денес.
14. Прочитајте ја оваа книга, која ви ја испраќаме, за да се објави во домот на Господа, во ден празничен и во дни бележити.”
15. Тогаш речете: „Правдата е во Господа, нашиот Бог, а кај нас е – срамот на лицата како денес на сите Јудејци и на оние што живеат во Ерусалим,
16. на царевите и на кнезовите, на нашите свештеници, нашите пророци и нашите татковци,
17. зашто згрешивме пред Господа,
18. не Му се покорувавме и не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог,за да живееме според заповедите на Господа, нашиот Бог, и не ни беше грижа што гласот Негов не го слушавме.
19. Од денот, кога Господ ги изведе нашите татковци од Египетската земја, па до денес, ние бевме непослушни пред Господа, нашиот Бог, и не ни беше грижа што гласот Негов не го слушавме.
20. Затоа нè постигнаа неволји и клетва, како денес, што ги одреди Господ пред својот слуга Мојсеја во оној ден, кога нашите татковци излегоа од Египетската земја, за да ни ја даде земјата, во која тече мед и млеко.
21. Не го слушавте гласот на Господа, нашиот Бог – во сите зборови на пророците, кои Он ни ги прати нам,
22. туку секој од вас одеше според мислите на своето лошо срце, служејќи им на други богови и вршејќи лоши дела пред очите на Господа, нашиот Бог.”

2. Молитва за милост.

1. „Затоа Господ го исполни својот збор, кој го беше изрекол против нас и против нашите судии, кои му судеа на Израилот, и против нашите цареви, и против нашите кнезови и против секој Израилец и Јудеец,
2. дека ќе испрати врз нас големо зло и проклетство, какво што немаше под целото небо, како што направи во Ерусалим според она што е напишано во Мојсеевиот закон,
3. дека ние ќе ги јадеме – еден телото на својот син, а друг – телото на својата ќерка.
4. Он ги направи поданици на сите царства околу нас, да бидеме за подбив и проклетство кај сите околни народи, меѓу кои ги распрсна Господ.
5. Се најдовме долу,а не на врвот, затоа што згрешивме пред Господа, нашиот Бог, и не го слушавме Неговиот глас.
6. Правдата е во Господа, нашиот Бог, а кај нас и кај нашите татковци – срам по лицата како денес.
7. Нас нè постигнаа сите оние зла, кои Господ ги изрече против нас.
8. Не се молевме пред лицето на Господа, да го одврати секого од помислите на неговото лошо срце.
9. Господ ги следеше тие зла што ги испрати на нас, зашто Он е праведен во сите свои дела што ни ги заповеда.
10. Но ние не го слушавме Неговиот глас, за да живееме според Неговите заповеди, кои ни ги даде пред нашето лице.
11. И сега, Господи, Боже Израилев, Ти Кој го изведе Твојот народ со силна рака од Египетската земја, со знаци и чуда, со голема сила и со Твојата крената мишка и Си создаде име како денес,
12. ние згрешивме, постапувавме беззаконо и неправедно пред сите Твои заповеди, Господи, Боже наш!
13. Гневот Твој нека се одврати од нас, зашто само малкумина останавме меѓу народите, меѓу кои нè распрсна.
14. Господи, чуј ја нашата молитва и нашата молба, и избави нè заради Тебе и подари ни милоста пред лицето на оние, кои нè преселија,
15. та целата земја да познае дека Ти Господи, си нашиот Бог, оти Твоето име се призовува над Израилот и неговиот род.
16. Погледај, Господи, од светиот Твој дом и спомни си за нас; наклони го Твоето уво, Господи, и послушај нè!
17. отвори ги Твоите очи и погледни, зашто мртвите во подземниот свет, чиј дух е земен од нивната внатрешност, нема веќе да Го прославуваат Господа и нема да Му благодарат;
18. туку само душа нажалена, поради зла, што оди наведната и натажена, со очи без светлина и изгладнета, само таа ќе Те прославува и ќе говори за Твојата правда, Господи!
19. Господи, Боже наш, не ја принесуваме оваа наша молба пред Твоето лице според правдата на нашите татковци и на нашите цареви;
20. Ти ги испрати врз нас Твојот гнев и Твојата лутина, како што беше говорел преку Твоите слуги, пророците.
21. Вака вели Господ: „наведнете ги вашите рамена за да му работите на вавилонскиот цар, и ќе живеете во земјата, што им ја дадов на вашите татковци;
22. ако, пак, не го послушате гласот на Господа, за да му служите на вавилонскиот цар,
23. Јас ќе направам во јудејските градови и во ерусалимската околина да исчезне гласот на веселба и радост, глас на младоженец и глас на невеста и по целата таа земја нема да остане трага од жители.
24. Но ние не го послушавме Твојот глас, за да му служиме на вавилонскиот цар и Ти ги исполни Твоите зборови, кои ги говореше преку Твоите слуги, пророците, дека коските на нашите цареви и коските на нашите татковци ќе бидат исфрлени од своето место.
25. И, еве, тие се исфрлени на дневниот пек и на ноќниот студ, а умреа од лоши болести, од глад, од меч и од прогонство.
26. Ти го остави домот, кој го носи Твоето име и го направи она што е тој денес, поради беззаконието на домот Израилев и на домот Јудин.
27. Ти, Господи, Боже наш, со нас постапи според Твојата голема добрина и според Твојата голема милост;
28. како што рече преку Твојот слуга Мојсеја во оној ден, кога му заповеда да го напише
Твојот закон за синовите Израилеви, со овие зборови, велејќи:
29. <ако не го послушате гласот Мој, ова големо и многубројно множество народ секако многу ќе се намали меѓу народите, меѓу кои ќе го расеам. 30. Јас знам, дека тие нема да Ме послушаат, зашто се тврдоглав народ, но во земјата на своето прогонство ќе се обратат кон своето срце, 31. ќе познаат дека Јас сум нивниот Господ Бог. Јас ќе им дадам срце, и ќе разберат и уши – и ќе чујат. 32. Ќе Ме прослават во земјата на своето преселение, ќе си спомнат за Моето име, 33. и ќе се одвратат од жестокоста своја и од лошите дела; ќе си спомнат за своите татковци, кои згрешија пред Господа. 34. И Јас ќе ги вратам во земјата, која со клетва им ја ветив на нивните татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, и тие ќе владеат со неа; тогаш ќе ги умножам и нема веќе да се намалуваат. 35. И ќе склучам со нив вечен завет: Јас ќе им бидам нивни Бог, а тие ќе ми бидат Мој народ. И нема веќе да го изгонам Мојот народ, Израилот, од земјата, која сум им ја дал.”

3. Пофалба на мудроста.

1. Господи, Седржителе, Боже Израилев, кон Тебе вика душата тескобна и дух вознемирен;
2. Чуј ме, Господи, и смилуј се, зашто Ти си бог милосрден; смилувај се, зашто згрешивме пред Тебе;
3. Ти вечно живееш, а ние вечно загинуваме.
4. Господи, Седржителе, Боже Израилев, послушај ја молитвата на умрените од Израилот и на нивните синови, кои згрешија пред Тебе, кои не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, па затоа нè снајдоа неволји.
5. Не спомнувај си за беззаконијата на нашите татковци, туку спомни си во тоа време за Својата рака и за Своето име,
6. зашто Ти си Господ, нашиот Бог и ние ќе те прославуваме, Господи!
7. Затоа си го вселил стравот Твој во нашето срце, за да го повикуваме Твоето име, а ние ќе Те прославуваме во нашето прогонство, бидејќи од нашето срце ја отфрливме секоја неправда на нашите татковци, кои згрешија пред Тебе.
8. Еве, ние сме сè уште во ова заточеништво, каде што си нè распрснал за хула, за проклетство, и за казна поради сите неправди на нашите татковци, кои отстапија од Господа, нашиот Бог.
9. Чуј ги, Израиле, заповедите на животот, послушајте, за да ја научите мудроста.
10. Израиле, што значи тоа што си во земјата на непријателите? Ти остаре во туѓа земја и се оскверни заедно со мртвите,
11. приброен си кон оние, што се во пеколот,
12. си го остави изворот на премудроста.
13. Ако одеше по Божјиот пат, ќе живееше мирно довека.
14. Научи каде се наоѓа мудроста, каде силата, каде знаењето, а заедно со тоа да разбереш во што е долговечноста и животот и каде се наоѓа светлината на очите и мирот.
15. Кој го открил живеалиштето на мудроста и кој влегол во нејзините сокровишта?
16. Каде се кнезовите на народите и оние што владееја над земните ѕверови и оние што си играа со птиците небески
17. и собираа сребро и злато, она на што се надеваа и чии имоти крај немаат?
18. Каде се оние, кои со голем труд сребро излеваа и чии сребрени ракотворби број немаат?
19. Тие исчезнаа, во пеколот слегнаа; на нивно место други се издигнаа.
20. Помладите видоа светлина и се населија на земјата, но патот на мудроста не го познаа;
21. не ги разбраа нејзините патеки и нивните синови не ја најдоа; далеку останаа од нејзиниот пат.
22. Не се слушаше за неа во Ханан, ниту ја видоа во Теман.
23. Синовите на Агара бараа земно знаење. Него го бараа и трговците од Мера и Теман, како и раскажувачите на басни и истражувачите на знаењето, но патот на премудроста не го познаа и патеките нејзини не ги забележаа.
24. О, Израиле, колку е голем Божјиот дом, колку е пространо местото на Неговото владеење
25. Тој е голем и крај нема, високо е и неизмерлив;
26. Таму во почетокот имаше прочуени исполини, многу големи и вешти во војување,
27. Но не нив Господ ги избра, и не им го откри патот на премудроста;
28. тие изгинаа затоа што немаа мудрост, изгинаа од своето безумие.
29. Кој се качил на небото, па да ја дофати на облаците и да ја симне оттаму?
30. Кој го премина морето и ја најде неа, и кој ќе ја донесе неа – подобрата од чисто злато?
31. Патот до неа никој не го знае и никој не помислува на нејзините патеки.
32. Но оној, кој знае сè, Он ја откри со разумот Свој, Оној Кој ја создаде земјата за вечни времиња и ја исполни со животни,
33. Оној, Кој ја испрати светлината – и таа оди, ја повикува – и таа со трепет Го слуша,
34. и ѕвездите на своите места зесветеа и се зарадуваа.
35. Он ги повикува, а тие Му одговараат: „Еве нè!” Тие радосно болснаа пред својот Создател.
36. Он е нашиот Бог; никој со Него не може да се спореди.
37. Он ги најде сите патишта на премудроста и му ја подари на Својот слуга Јакова, на Својот омилен Израил.
38. потоа Он се јави на земјата и живееше меѓу луѓето.

4. Плачот и надежта на Ерусалим.

1. Еве ја книгата на Божјите заповеди и на Законот, кој трае вечно. Тие што ја пазат – вечно ќе живеат, а ќе умрат оние што ќе ја остават.
2. Врати се, Јакове, и земи ја, оди по болскотот на нејзината светлина!
3. Твојата слава не давај му ја на друг, ниту она што е корисно за тебе – на народ туѓ.
4. Блажени сме Израиле, што го знаеме угодното пред Бога.
5. Охрабри се, народе мој, ти – спомену Израилев!
6. Вие сте предадени на незнабошците – не да загинете, туку затоа што Господа Го разгневивте;
7. затоа што Го разгневивте Создателот свој, принесувајќи им жртви на бесови, а не на
Бога.
8. Вие го заборавивте вечниот Бог, Кој ве храни, а го ожалостивте и Ерусалим, кој ве отхрани;
9. кога го виде испратениот врз вас од Господа гнев, рече: „Слушајте, жители сионски, Бог ми испрати голема тага.
10. Јас го видов заробувањето на моите синови и ќерки, кое Вечниот го испрати на нив.
11. Јас ги хранев со радост, а ги отпуштив со бол и жалост.
12. Никој нека не ми се радува на мене вдовецот, кој сум оставен од мнозина; јас опустев поради гревовите на моите деца, зашто тие се отклонија од Божјиот закон;
13. не ги познаа Божјите наредби, не одеа по патот на Божјите заповеди и не чекореа по патеките и учењето на Неговата правда.
14. Дојдете, сожители сионски, спомнете си за ропството на Моите синови и ќерки, кои
Вечниот го испрати врз нив.
15. Он испрати против нив народ далечен, бесрамен и туѓ – затоа што не се засрамија од старец и не се сожалија на младенец,
16. на вдовицата ѝ ги одведоа нејзините мили синови, и осамената ја лишија од нејзините ќерки.
17. А, пак, јас со што можам да ви помогнам?
18. Оној Кој ги испрати врз вас тие зла, Он ќе ве избави од рацете на вашите непријатели.
19. Дојдете, деца, дојдете, зашто запустев.
20. Ја соблеков облеката на мирот, а се облеков во костретот на мојата молитва: во сите мои денови Господа ќе Го повиувам.
21. Охрабрете се, чеда, повикајте кон Господа, Он ќе ве избави од насилство и непријателски раце.
22. Зашто од почетокот се надевав на Вечниот за вашето спасение; врз Мене дојде од Светиот радост за милоста, Која скоро ќе ви дојде од Вечниот Спасител наш.
23. Јас ве испраќав со тага и со жалост, но Бог ќе ве поврати при мене со радост и веселба довека.
24. Зашто, како што сожителите на Сион ве видоа како ве водат во ропство, така набргу ќе го видат вашето од Бога спасение, кое ќе ви дојде со голема слава и велелепие од Вечниот.
25. Деца, потрпете го Божјиот гнев што ве постигна: те прогонува твојот непријател, но
набргу ќе ја видиш неговата пропаст и ќе стапиш на вратот негов.
26. Моите чеда, со нежност одгледани, тргнаа по нерамни патишта; фатени се како стадо – разграбени од непријателот.
27. Охрабрете се, чеда, кон Бога викајте; за вас ќе си спомне Оној, Кој ви го испрати ова.
28. Каква што беше вашата решеност за да се оддалечите од Бог, зголемете ја сега десетпати – за да се свртите и да го побарате,
29. зашто Он, Кој ви ги испрати овие маки, Он ќе ви сипрати вечна радост со спасение.
30. Охрабри се, Ерусалиме, Оној Кој ти го даде името – Он ќе те утеши!
31. Тешко им на оние што те ожалостија и се радуваа на твоето паѓање!
32. Тешко им на градовите, на кои им служеа твоите деца, тешко и на земјата, што ги прими твоите синови!
33. Како што му се радуваше на твоето паѓање, и се веселеше на твојата пропаст, така ќе се ожалости за своето опустошување.
34. Јас ќе направам да не се радува на многу народ; фалбите нејзини во жалост ќе се претворат,
35. зашто врз неа ќе дојде оган до Вечниот за долги дни, и долго, долго време во неа бесови ќе живеат.
36. Ерусалиме, погледни кон исток, види ја радоста, што ти доаѓа од Бога.
37. Ете доаѓаат твоите синови, што ги отпушти, доаѓаат собрани од исток до запад, по заповед од Светецот, зарадувани со Божја слава.

5. Славата на Ерусалим.

1. Ерусалиме, соблечи ја од себе облеката на плачот и на твоите маки и облечи се засекогаш со убавината на Божјата слава!
2. Облечи се во облеката на правдата од Бога, стави го на својата глава венецот од славата на Вечниот;
3. Бог ќе му ја покаже твојата слава на целиот свет под небото.
4. Бог ќе те нарече за секогаш: мир на правдата и слава на побожноста.
5. Ерусалиме, стани и застани на високо место, погледај кон исток и види ги твоите деца, собрани од исток до запад, по заповед на Светецот, радосни што Бог се сетил за нив.
6. Тие отидоа пеш од тебе, од непријателот водени, но Бог ќе ги доведе при тебе, носени во слава, како царски синови;
7. Бог нареди да се снижат сите високи гори и вечните ридишта да се спуштат, а долините да се исполнат, да се израмни земјата, та Израилот цврсто да чекори со Божјата слава,
8. а шумите и секое дрво миризливо, по Божја повелба, на Израилот сенка да му прават.
9. Бог ќе го води Израилот во радост, во светлината на својата слава, придружена со милост и правда.