Книга пророк Захарија

1. Опомена за покајание.

1. На осмиот ден, во втората година на Дарија, би слово Господово до пророкот Захарија, синот Варахиев, син Адов, велејќи:
2. „Се разгневи Господ на татковците ваши со голем гнев;
3. затоа кажи им – „вака вели Господ Саваот – „обрнете се кон Мене,” – вели Господ Саваот – „и јас ќе се обрнам кон вас.
4. Не бидете како што беа татковците ваши, кон кои викаа поранешните пророци, велејќи им – „вака вели Господ Саваот – , одвратете се од лошите работи свои!” Но тие не послушаа, ниту внимаваа на Мене”, вели Господ.
5. Каде се татковците ваши, па и пророците можат ли да живеат вечно?
6. Но зборовите Мои и наредбите Мои, што им ги заповедав на слугите Мои, пророците, зар не ги постигнаа татковците ваши? И тие се обраќаа и велеа: како што беше определил Господ Саваот да постапи со нас според патиштата наши, и според делата наши, така и постапи.”
7. На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец – а тоа е месецот Шеват – во втората година на Дарија, би слово Господово до пророкот Захариј, синот Варахиев, син Адов:
8. Во текот на ноќата видов – ете, еден маж на црвен коњ стои меѓу мирти, што беа во долот, а зад него црвени, сиви и бели коњи,
9. па му реков – кои се овие, господине мој? А ангелот, кој зборуваше со мене, ми рече: »јас ќе ти покажам кои се тие.
10. И одговори мажот што стоеше меѓу миртите, и рече – »тоа се оние кои Господ ги испратил да ја обиколуваат земјата.«
11. Тогаш тие му одговорија на ангелот Господен, кој стоеше меѓу миртите, па му рекоа – »ете, ја обиколивме целата населена земја и таа е спокојна.«
12. Им одговори ангелот Господен и им рече: „Господи Седржителу, до кога нема да се смилуваш над Ерусалим и над градовите Јудини, на кои се гневиш, еве, веќе седумдесет години?”
13. Тогаш во одговори на ангелот Господен, изрече Господ слова добри, слова утешни.
14. И им рече ангелот, кој зборуваше со мене: – извести и кажи – вака вели Господ Саваот – »ревнувам за Ерусалим и за Сион многу;
15. и негодувам со големо негодување против народите што живеат во спокој, оти Јас малку се разгневив, тие го засилија злото.”
16. Затоа вака вели Господ: »Јас се обрнувам кон Ерусалим со милосрдност; во него ќе се изгради Мојот дом, вели Господ Саваот, и земномерно јаже ќе се протегне низ Ерусалим.
17. Извести го уште и за ова, и кажи – вака вели Господ Саваот: »Моите градови одново ќе се исполнат со богатства, и Господ ќе го утеши Сион и пак ќе го избере Ерусалим.
18. Ги подигнав очите, а тоа, ете, четири рога.
19. И му реков на Ангелот, кој зборуваше со мене: што е ова? А тој ми одговори: »тоа се роговите што ги распрснаа Јуда, Израилот и Ерусалим.
20. Потоа Господ ми покажа четири дрводелци.
21. Пак реков: што ќе прават овие? А тој ми рече: оние рогови се што го распрснаа Јуда, така што никој од нив не може да си ја подигне главата; и, ете, тие дојдоа да ги уплашат, да им ги скршат роговите на народите, кои подигнаа рог против земјата на Јуда за да ја распрснат.

2. Човек со мерно јаже. Радост поради враќањето од Вавилон.

1. И пак ги подигнав очите и видов: и, ете, еден маж, кој во раката имаше мерно јаже.
2. Го прашав каде ќе одиш? Тој ми рече: одам да го измерам Ерусалим, за да видам колкава му е ширината и колкава му е должината.
3. Тогаш ангелот, што зборуваше со мене, излезе, а друг ангел му дојде во пресрет,
4. и тој му рече на оној: Побрзај и кажи му на оној млад човек – Ерусалим ќе се насели по селата поради многуте луѓе и добиток во него.
5. И Јас ќе му бидам огнен ѕид, околу него, вели Господ, и ќе се прославам во него.
6. Еј, еј! Бегајте од северната земја, вели Господ, зашто Јас ќе ве соберам од четирите ветра небески, вели Господ.
7. Спасувај се Сионе, ти што живееш при ќерката Вавилонова.
8. Зашто така вели Господ Седржителот, Кој ме прати за слава при народите, што ве плачкосуваа: зашто кој ќе се допре до вас, ќе се допре до зеницата на окото Мое.
9. И, ете, Јас ќе ја кренам раката Своја против нив, и тие ќе станат плен на слугите свои.” Тогаш ќе познаете дека Господ Саваот ме пратил.
10. „Ликувај и весели се, ќерко Сионова, зашто ете, Јас ќе дојдам и ќе се населам во тебе”, вели Господ.
11. И ќе се приберат многу народи при Господа во оној ден и ќе станат Негов народ. И Он ќе се насели меѓу тебе, и тогаш ќе разбереш дека Господ Саваот ме пратил при тебе.
12. Тогаш Господ ќе го земе во владение Јуда, Својот дел на светата земја, и пак ќе го избере Ерусалим.
13. Нека молчи секоја плот пред лицето на Господа, зашто Он стана во облаците од Своето свето живеалиште.

3. Исус – Поглавар свештенички.

1. Потоа ми го покажа тој Исуса, Големиот архиереј, Кој стоеше пред ангелот Господен, и сатаната, кој стоеше од Неговата десна страна, за да Му се противставува.
2. И му рече Господ на сатаната: „Господ да те укори, Господ да ти забрани, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Он гламја истргната од оган?”
3. А Исус беше облечен во извалкана облека и стоеше пред ангелот,
4. кој им одговараше и на оние што стоеја пред него, и им рече: „Соблечете ја од него извалканата облека; и нему лично: ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во торжествена облека.”
5. Потоа рече: „Ставете Му на главата чист кидар и – Му ставија на главата чист кидар и го облекоа во торжествена облека. А ангелот Господен стоеше.
6. И ангелот Господен, сведочејќи, му рече на Исуса:
7. вака вели Господ Саваот: „Ако одиш по патиштата Мои и ако бидеш Моја стража, ќе му судиш на Мојот дом и ќе ги вардиш дворовите Мои. И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде.
8. Но, послушај, Исусе, голем архиереју, ти и браќата твои, што се пред твоето лице, оти тие луѓе се познати. Еве, Јас ќе го доведам Својот слуга – Зачетникот.
9. Оти, ете, тој е каменот што го поставуавам пред Исуса, на тој единствен камен има седум очи; ете, Јас ќе го изделкам на него ликот негов, вели Господ Саваот, и ќе го простам гревот на оваа земја во еден ден.”
10. Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе се поканувате еден со друг под лозата и под смоквата.

4. Златен свеќник и две маслини.

1. И се врати оној ангел, кој зборуваше со мене, и ме разбуди, како што се разбудува човек од сон.
2. Па ми рече: што гледаш? Одговорив: еве, гледам свеќник цел од злато и чашка за елеј врз него, а и седум кандилца на него и по седум чашенца за кандилцата, при врвот.
3. И две маслинки на него – една десно од чашката, а друга лево од неа.
4. Одговорив и му рекова на анеглот, кој говореше со мене – што претставува ова, господине?
5. И ангелот, што зборуваше со мене, одговори и ми рече: »зар не знаеш што е тоа? Му реков »не знам, господине мој.
6. Тогаш одговори и ми рече: »тоа е словото Господово кон Зоровавела, што кажува – не со војска не со сила, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот.
7. Која си ти, планино голема, пред Зоровавела: Та ти си рамнина и он ќе го изнесе каменот темелник во восклик: „благодат, благодат врз него!”
8. И би слово Господово до мене:
9. рацете на Зоровавела ги поставија основите на овој дом: неговите раце и ќе го завршат, и ти тогаш ќе рабереш дека Господ Саваот ме прати при вас.
10. Оти, кој може да го омаловажи тој ден, кога радосно ќе ја гледаат ѕидарската висулка во рацете на Зоровавела оние седум, а тоа се очите на Господа, што со поглед ја опфаќаат целата земја?
11. Потоа одговорив и му реков: што значат оние две маслинки од десната и од левата страна на свеќникот?
12. И пак почнав да му зборувам и му реков – што треба да означуваат оние две маслинени гранчиња, што се наоѓаат меѓу двете златни цевчиња, кои од себе долеваат масло?
13. А тој ми рече: »зар не ти е познато што е тоа? Му одговорив: »не знам, господине мој.
14. Тогаш тој ми рече: »па тоа се двајцата помазаници со елеј, кои стојат пред Господа над целата земја.

5. Свиток што лета.

1. Потоа пак ги подигнав очите и видов: а тоа лета свиток.
2. И ме праша тој: »што гледаш? Му одговорив: »гледам свиток како лета; должината му е дваесет лакти, а ширината десет лакти.
3. Тогаш ми рече: „Тоа е проклетството што ќе се излие врз целата земја; и секој што краде, ќе се истреби, како што е напишано на едната страна; и секој што се колне лажно, ќе се истреби – како што е напишано на другата страна.
4. Јас го пуштив – вели Господ – и тој ќе влезе во домот на крадецот и во домот на оној, што се колне лажно во името Мое, и ќе остане во домот негов, и ќе ги истреби него, и дрвјата негови и камењата негови”.
5. Тогаш влезе ангелот, што зборуваше со мене, и ми рече – подигни ги очите пак и погледај – што е она што излегува?
6. А кога прашав: »што е тоа? он ми одговори: она што излегува е ефа мерна, па додаде, тоа е образот нивни по целата земја.
7. И, ете, одеднаш се издигна парче олово, а таму една жена седеше врз ефата.
8. Ми рече тој: таа жена е беззаконието, па ја фрли среде ефата, а при отворот и го фрли парчето олово.
9. И одново ги подигнав очите и видов: одеднаш се појавија две жени, и ветар имаше меѓу крилјата нивни; а крилјата им беа како крилја на штрк; и ја кренаа тие ефата и ја понесоа угоре меѓу земјата и небото.
10. Го прашав ангелот, што зборуваше со мене: каде ја носат таа ефа?
11. А тој ми одговори: – за да се изгради за неа дом во земјата Сенар, и кога ќе биде сè подготвено; тогаш таа ќе биде однесена и поставена на своето место.

6. Повторно пророкување за човекот зачетник.

1. Пак ги подигнав очите свои и гледам: а таму, ете, излегуваат четири коли со коњи од еден дол меѓу две планини, а тие планини беа од бакар.
2. Кај првата кола коњите беа црвеникави, кај втората црни;
3. кај третата кола коњите беа бели, а кај четвртата кола – сиви и силни.
4. Проговорив и му реков на ангелот, што зборуваше со мене: „А што значи ова, господине мој?”
5. Ангелот одговори и ми рече: тоа се четирите небесни духа, кои излегуваат да се претстават пред Господа над целата земја.
6. Враните коњи излегуваа кон северната страна, а белите одеа по нив, додека сивите коњи одеа кон јужната страна.
7. Излегоа и силните, па се впуштија да ја обиколат земјата; и он им рече: »обиколете ја земјата, и тие ја обиколија.
8. Тогаш тој ме повика и ми рече: ете, оние што отидоа кон северната страна, го успокоија духот Мој против северната страна.
9. И пак би слово Господово до мене:
10. земи од дојдените робја, од Халдеја, од Товија и од Једаја, и тргни истиот ден, па дојди во домот на Јосија, синот Софониев, каде што тие пристигнаа од Вавилон.
11. Земи од нив сребро и злато, па направи венци, и стави ги на главата на Исуса, синот Јоседеков, големиот архиереј,
12. и речи им: вака вели Господ Саваот: „Ете, маж, името Негово е Зачетник, „Он ќе израсне од коренот свој и ќе создаде храм Господен.
13. Он ќе создаде храм Господен и ќе се прослави, ќе седне на престолот свој и ќе биде владетел, ќе биде и свештеник на престолот свој, и ќе има согласност за мир меѓу едниот и другиот.
14. А венци ќе бидат за Хелема и Товија, за Једаја и Хена, синот Софониев, како спомен во храмот Господен.
15. И оддалеку ќе дојдат луѓе, што ќе учествуваат во градењето, на храмот, и вие тогаш ќе разберете, дека Господ Саваот ме испрати при вас, и сето тоа ќе се изврши, ако искрено го послушате гласот на вашиот Господ Бог.

7. На Бога Му се угодни добри дела.

1. Во четвртата година на царот Дарија би слово Господово кон Захарија, на четвртиот ден од деветтиот месец – Хаслев,
2. кога Ветил ги испрати Сарацера и Регемелеха и придружниците нивни за да се помолат пред лицето на Господа
3. и да ги прашаат свештениците, што се наоѓаа во домот на Господа Саваот, и пророците, па да прашаат: »да плачеме ли во петтиот месец и да постиме ли, како што го правевме тоа, еве, веќе многу години?«
4. И би слово на Господа Саваот до мене:
5. »Кажи му на сиот народ од оваа земја и на свештениците вака: кога постевте и плачевте во петтиот и седмиот месец, и тоа цели седумдесет години, за Мене ли постевте, зар за Мене?
6. И кога јадевте и пиевте, зар не јадевте за себе и зар не пиевте за себе?«
7. Зар истите зборови не ги кажуваше Господ преку поранишните пророци, кога Ерусалим беше населен и спокоен, а и градовите околу него, јужната страна и низината, кога беа населени?«
8. И би слово Господово до Захарија:
9. вака зборуваше тогаш Господ Саваот: извршувајте суд праведен и имајте милост и сочувство кон својот брат;
10. вдовици и сираци, придојден и сиромав не злоставувајте и не мислите зло во срцата ваши еден против друг.
11. Но тие на сакаа да слушаат, и се одвратија од Мене; и ушите ги затнаа за да не слушаат.
12. И срцето го скаменија, за да не го пазат законот и зборовите што ги испраќаше Господ Саваот преку Својот Дух до поранешните пророци; па затоа и ги постигна големиот гнев на Господа Саваот.
13. И како што викав Јас, а тие не слушаа, викаа и тие, но Јас не ги слушав, вели Господ Саваот.
14. па ги распрснав по сите народи, кои тие не ги познаваа, и оваа земја запусте по нив, така што никој не одеше ни напред ни назад по неа, и тие саканата земја ја претворија во пустиња.

8. Ветување за спасение на народот Божји и поттик многу народи да Го побараат вистинскиот Бог.

1. И пак дојде слово од Господа Саваота:
2. вака вели Господ Саваот: „Ревнував за Ерусалим и за Сион со голема ревност и со голем гнев ревнував за него”.
3. Така вели Господ: „Ќе се обрнам кон Сион и ќе живеам во Ерусалим, и Ерусалим ќе се вика град на вистината, и гората на Господа Саваота ќе се вика – Света Гора”.
4. Така вели Господ Саваот – „И пак старци и старички ќе седат по улиците на Ерусалим, секој со стапчето свое поради напреднатата возраст своја.
5. А и улиците на тој град ќе се исполнат со момчиња и девојки, кои ќе си играат по улиците негови”.
6. Вака вели Господ Саваот: „Ако во очите на другите им биде чудно во тие дни, зар ќе биде тоа чудно и во очите Мои?” – вели Господ Саваот.
7. Вака вели Господ Саваот: „Ете, Јас ќе го спасам Својот народ од источната страна и од западната;
8. ќе ги доведам, и тие ќе живеат во Ерусалим и ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам нивни Бог, во вистина и во правда”.
9. Така вели Господ Саваот: „Поткрепете ги сега рацете свои вие, што ги слушате овие зборови од устата на пророците, кои беа при основањето на домот за Господа Саваота, за да се изгради храмот.
10. Оти пред оние дни немаше ни плата за човек ниту награда за трудот на животното; немаше спокојство од непријателите ни за оној што доаѓаше, ниту за оној што си одеше; и дозволував Јас секој човек да му е непријател на друг човек.
11. А сега за остатокот од овој народ Јас не сум веќе таков како во поранешните денови” – вели Господ Саваот.
12. Зашто селидбата ќе се врши во мир, лозата ќе го даде својот плод, замјата ќе го даде својот род, а и небесата ќе ја даваат својата роса; и сето тоа ќе го предадам на остатокот од овој народ.
13. И како што вие, доме Јудин и доме Израилев, бевте проколнати меѓу народите, така ќе ве избавам, и вие ќе бидете благословени; не плашете се, рацете ваши нека се поткрепат!”
14. Оти така вели Господ Саваот: „Како што бев определил да ве казнам, кога татковците ваши Ме прогневуваа – вели Господ Саваот – и не зажалив,
15. така пак определив во овие дни на Ерусалим да му направам добро и на домот Јудин; не бојте се!
16. Еве ги наредбите што треба вие да ги извршувате: зборувајте вистина еден на друг; праведно и мирољубово судете при портите ваши.
17. Никој од вас да не му мисли зло на ближниот свој, и на посакувајте лажна клетва, зашто сето тоа Јас го мразам – говори Господ Севишниот.
18. И би слово до мене од Господа Саваота:
19. Вака вели Господ Саваот: „Постот во четвртиот месец, постот во петтиот, постот во седмиот и постот во десеттиот месец за домот Јудин ќе бидат радост и голема веселба, сакајте ги вистината и мирот”.
20. Така вели Господ Саваот: „Уште ќе доаѓаат народи и жители од многу градови,
21. и ќе дојдат жителите од еден град при жителите во друг град, – па ќе речат: да дојдеме да се помолиме пред лицето на Господа и да Го побараме Господа Саваота; тогаш секој ќе рече – ќе појдам и јас.
22. И ќе доаѓаат многу племиња и народи силни, за да го бараат Господа Саваота во Ерусалим и да се помолат пред лицето на Господа.
23. Така вели Господ Саваот: „Во тие дни ќе се фаќаат по десет души од разни народи за полата од Јудеец и ќе речат – ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас”.

9. Ветување мирно и силно царство на Месија.

1. Пророчкото слово на Господа е против земјата Хадрах, и во Дамаск ќе се задржи, зашто окото Господово ги набљудува сите луѓе, како и сите колена Израилеви;
2. тоа е и врз Емат, кој се граничи со него, и е врз Тир и Сидон, оти тие станале многу лукави.
3. Тир изградил тврдина, натрупал сребро како прашина, и злато како улична кал.
4. И, ете, Господ ќе го направи беден и ќе му ја скрши силата негова во морето, а и самиот ќе биде истребен со оган.
5. Тоа ќе го види Аскалон, и ќе се уплаши, а и Газа – па и таа ќе затрепери многу, и Екрон, оти ќе се засрами надежта негова: нема да има цар во Газа, и Аскалон нема да се насели.
6. Туѓо племе ќе живее во Азот, и Јас ќе ја уништам гордоста на Филистејците.
7. Ќе ја извлечам крвта од устата нивна, нечистотијата од забите нивни и тие ќе паднат пред нашиот Бог и ќе бидат како илјаданачалници во Јудеја, а Екрон ќе биде како Јевусеј.
8. Ќе поставам стража околу Мојот дом спроти војската, спроти оние, кои преминуваат натаму и наваму, и нема повеќе да доаѓа непријател; оти сега Јас ќе го гледам со очите Свои.
9. Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата.
10. Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата.
11. А што се однесува до тебе, Израиле, заради крвта на заветот Јас ги пуштив затворените од ровот, каде што нема вода.
12. Враќајте се во тврдината вие затворените, кои се надевате! А сега
што ќе воспоставам, ќе ти дадам двојно.
13. Зашто како лак ќе го затегнам Јуда и лакот ќе го наполнам со Ефрема, па ќе ги подигнам синовите твои, Сионе, против синовите твои, Еладо и тебе ќе те направам како меч јуначки.
14. Ќе се појави над нив Господ и како молскавица ќе излета стрелата Негова; ќе загрми Господ Бог со трубата и ќе појде кон јужните бури со гласот на гневот Свој.
15. Господ Саваот ќе ги брани, и тие ќе истребуваат и ќе ги газат дури и камењата за праќи; ќе пијат крв како вино; и ќе се наполнат како жртвени чаши, како аглите на жртвеникот.
16. И ќе ги спаси нивниот Господ Бог во оној ден, како стадо од Својот народ; оти тие ќе заблескаат како камења на круна во земјата Негова.
17. О, колку голема ќе биде добротата негова и каква ќе биде убавината негова. Житото ќе ги весели момците, и виното девојките.

10. Народот повторно добива благослов.

1. Молете Го Господа за дожд во време благопријатно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле.
2. Зашто лажните гледачи зборуваат празни зборови, и вражачите гледаат лажливи работи и прикажуваат лажни соништа; тие утешуваат со празни зборови; затоа талкаат како овци, талкаат оти немаат пастир.
3. Против пастирите се распали гневот Мој, и јагнињата ќе ги пречекам; оти Господ Саваот ќе го посети стадото Свое, домот Јудин, и ќе го подготви како силен коњ за бој.
4. Од него ќе направи аголен камен, од него – клин, од него лак за бој, од него ќе излезат сите управници на народот.
5. И тие ќе бидат како јунаци што ги газат непријателите како улична кал, и ќе се борат, бидејќи Господ е со нив, и ќе ги посрамат јавачите на коњи.
6. Ќе го зацврстам домот Јудин и ќе го спасам домот Јосифов, и ќе ги вратам, оти Јас се смилив над нив, и тие ќе бидат како да не сум ги оставил: зашто Јас сум нивниот Господ Бог, и ќе ги чујам.
7. Како јунак ќе биде Ефрем; ќе се развесели срцето нивно како вино да пиеле, па ќе го видат тоа синовите нивни и ќе им се зарадува срцето нивно; во восхит ќе им биде тогаш срцето нивно во Господа.
8. Ќе дадам знак и ќе ги соберам, оти ги откупив; ќе бидат многубројни како и порано;
9. ќе ги раселам меѓу народите, но во далечни земји тие ќе се сеќаваат на мене и ќе живеат со децата свои, и ќе се вратат.
10. Ќе ги вратам од земјата Египетска и од Асирија ќе ги соберам; ќе ги доведам во земјата Галад и на Ливан, и не ќе има доволно место за нив.
11. Ќе преминат по морето и ќе ги поразат морските бранови; ќе пресушат сита длабини на реката, и ќе се смири гордоста на Асура, и скиптариот ќе биде одземен од Египет.
12. Ќе ги зацврстам во Господа, и тие ќе одат во името Негово, вели Господ.

11. Плач поради неверните пастири народни.

1. Отвори ги, Ливане, портите свои и оган нека ги проголта кедрите твои.
2. Плачи, кипарисе, зашто падна кедарот, оти и великаните се опустошени; ридајте, дабови васански, бидејќи е провалена непроодната гора.
3. Се слуша гласот од плачењето на паситрите, бидејќи е опустошено нивното велелепие; се слуша риакњето на лавовите, оти е опустошена убавината на Јордан.
4. Така вели Господ Бог, мојот Бог: паси ги овците, определени за клање,
5. кои купувачите, без пречка ќе ги колат, а продавачите ќе им велат: „нека е благословен Господ; се збогативме!” И паситрите нивни не ќе ги жалат.
6. Зашто Јас веќе нема да им проштевам на жителите од земјата, вели Господ; ете, ќе ги предадам луѓето, секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја поразуваат земјата, а Јас нема да ги избавувам од рацете нивни.
7. И ќе ги пасам овците во земјата Хананска, определени за клање, овци навистина бедни. И ќе земам два стапа, едниот ќе го наречам – благоволение, а другиот – вериги; со нив ќе ги пасам овците.
8. И ќе истребам тројца од пастирите во еден месец и ќе се одврати душата Моја од нив, оти и нивната душа ќе се одвраќа од Мене.
9. Тогаш ќе речам: нема да ве пасам; онаа што умира, нема умре, и која загинува, нека загине; и тие, пак, што ќе останат нека се изедат една со друга.
10. И така ќе го земам стапот Свој благоволение и ќе го прекршам, за да го уништам заветот што го склучив со сите народи.
11. И тој ќе биде уништен во оној ден, и тогаш ќе разберат бедните овци, кои Ме очекуваат, дека ова е слово од Господа.
12. И ќе им речам: ако ви е угодно, дајте Ми ја наградата Моја; ако, пак не – не давајте Ми ја; и тие Ми одредија плата триесет сребреници.
13. А Господ ми рече: стави ги во црковната каса – тоа е висока цена, со која ме оценија. И јас ги зедов тие триесет сребреници и ги фрлив во домот Господен за грнчарот.
14. Го скршив и Својот друг стап – вериги, за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израилот.
15. И ми рече Господ: земи си уште нешто од опремата пастирска.
16. Оти, ете, Јас ќе поставам пастир на оваа земја, кој нема да се грижи за оние што загинуваат, нема да ги бара загубените и болните нема да ги лекува, здравите нема да ги храни, а месото од згоените ќе го јаде, копитата, пак, ќе им ги откинува.
17. Тешко му на овој мрзлив пастир, што го остава стадото! Меч ќе му стои над раката негова и над неговото десно око! Раката наполно ќе му се исуши, и десното око негово наполно ќе потемнее.

12. Силна заштита Божја на Ерусалим.

1. Пророчко слово од Господа за Израилот. Господ, Кој го распна небото и ја основа земјата и му создаде на човекот дух, кој е во него, вели:
2. ете, Јас ќе го направам Ерусалим како чаша за опивање на сите народи околни, а исто така и за Јуда во времето на ерусалимската опсада.
3. Во оној ден ќе го направам Ерусалим како тежок камен за сите племиња; сите што ќе го подигаат, ќе се искилават, а ќе се соберат против него сите народи земни.
4. Во оној ден, вели Господ, Јас ќе го поразам секој коњ со лудост, а коњаникот негов – со безумие, додека врз домот Јудин ќе ги отворам очите Свои; секој коњ пак, при народите ќе го празам со слепило.
5. Тогаш кнезовите Јудини ќе речат во срцата свои: моја сила се жителите на Ерусалим во Господа Саваот, нивниот Бог.
6. Во оној ден Јас ќе ги направам кнезовите Јудини како запален јаглен меѓу дрва и како огнено светило меѓу снопови; тие ќе ги истребат сите околни народи, и од десната и од левата страна, и Ерусалим ќе биде одново населен на своето место – во Ерусалим.
7. И Господ ќе ги спаси најнапред шаторите на Јуда, така што величието на домот Давидов и величието на ерусалимските жители да не се издига над Јуда.
8. Во оној ден Господ ќе ги брани жителите на Ерусалим, и најслабиот меѓу нив во оној ден ќе биде како Давид, а домот Давидов ќе стане како Божји дом, како ангел Господен пред нив.
9. Во оној ден ќе ги истребам сите народи, што го напаѓаат Ерусалим.
10. А врз домот Давидов и врз жителите ерусалимски ќе излијам дух на благодат и милост, и тие ќе погледаат на Него, Кого тие го прободоа, и ќе плачат за Него, како што се плаче за еднороден син, и ќе жалат како што се жали за првороден.
11. Во оној ден ќе се крене голем плач во Ерусалим, како плач на Хададримона во долината Мегидон.
12. И ќе плаче земјата, секое племе посебно; племето на домот Давидов, и жените нивни одделно;
13. племето на Левија одделно, и жените нивни одделно; племето Симеоново одделно, и жените нивни одделно;
14. и сите други племиња, секое племе одделно, и жените нивни одделно.

13. Благодат на Новиот Завет. Смртта на Големиот Пастир. Растурање и собирање на Неговото стадо.

1. Во оној ден ќе се отвори извор за домот Давидов и за жителите ерусамиски, за да се измијат од гревовите нивни и од нечистотијата.
2. Во оној ден, вели Господ Саваот, Јас ќе ги истребам имињата на идолите од оваа земја, и тие повеќе нема да се спомнуваат; ќе ги истребам и лажните пророци и нечистиот дух од оваа земја.
3. Тогаш, ако некој претскажува, татко му и мајка му, што го родиле, ќе му речат: ти не треба да живееш, зашто кажуваш лага во името на Господа; и ќе го убијат татко му и мајка му, кога тој ќе претскажува.
4. Во оној ден ќе се засрамат таквите претскажувачи, секој од кажувањето свое, кога ќе почнат да претскажуваат, и нема да се облекуваат во вреќишта, за да лажат.
5. Тогаш секој ќе рече: јас не сум пророк, земјоделец сум, бидејќи некој ме направил роб од детството мое.
6. Но ќе му речат: а од што ти се белезите на рацете твои? Тој ќе одговори: од тоа што ме биеја дома оние што ме сакаа.
7. О, мечу, подогни се против Мојот пастир и против Мојот ближен, вели Господ Саваот: порази го пастирот, и овците ќе се распрснат! И Јас ќе ја свртам раката Своја против малите.
8. И по целата земја, вели Господ, два дела од неа ќе бидат истребени, ќе изумрат, а третиот ќе остане.
9. И тој трет дел ќе го минам низ оган, и ќе ги стопам како што се топи сребро, и ќе ги исчистам, како што се чисти злато; тие ќе го повикаат името Мое, и Јас ќе ги чујам; тоа е Мојот народ, а тие ќе речат: Господ е мој Бог!

14. Божествено спасение.

1. Ете, настапува денот Господен кога ќе го разделат ограбеното од тебе пред тебе.
2. Ќе ги соберам сите народи во војна против Ерусалим; градот ќе биде преземен, и домовите разгребени; жените ќе бидат обесчестени, половината од градот ќе отиде во ропство; но останатиот народ нема да биде истребен од градот.
3. Тогаш ќе излезе Господ и ќе се сврти против тие народи, како што војуваше во борбен ден.
4. И ќе застанат нозете Негови на Елеонската Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Елеонската Гора од исток кон запад со многу голема долина и половината ќе појде кон север, а втората половина кон југ.
5. И вие ќе побегнете во долината на Моите гори, оти планинската долина ќе се протега до Асил; а ќе побегнете како што бегавте од земјотресот во деновите на Озија, царот Јудејски; и ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него.
6. Во тој ден нема да има светила, светилата ќе бидат премавнати.
7. Тој ден ќе биде единствен, познат само на Господа; ниту ден, ниту ноќ – само приквечер ќе се појави светлина.
8. Во тој ден ќе потечат живи води од Ерусалим, половина кон источното море, а половина кон западното море; така ќе биде и лете и зиме.
9. И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и името Негово – едно единствено.
10. Целата таа земја ќе биде како рамнината од Гаваон до Ремон, јужно од Ерусалим, кој се извисил на местото свое и кој ќе се насели од портите Венијаминови до местото на првите порти, до Агловите порти, и од кулата на Ананеила до царските визби.
11. И ќе се населат во него, и проклетство нема да има повеќе, а Ерусалим ќе се наоѓа во безопасност.
12. И ете какво ќе биде поразувањето, со кое Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим – телото на секого од нив ќе се исуши уште додека стои на нозете свои, и очите ќе му се стопат во длабнатините, и јазикот ќе му се исуши во устата негова.
13. И во тој ден ќе завладее голем смут од Господа, така што еден друг ќе се фаќаат за раката своја и секој ќе ја подига раката своја против раката на ближниот свој.
14. Но и Јуда самиот ќе војува против Ерусалим, и богатството на сите околни народи ќе биде собрано: злато, сребро и облеки во голем број.
15. Таков пораз ќе има и врз коњите и маските, камилите и ослите, и врз секаков добиток, што ќе се наоѓа во куќите нивни.
16. А потоа сите други што доаѓаат во Ерусалим, од сите народи, ќе доаѓаат од година во година, за да се поклонат на Царот, на Господа Саваот, и да го празнуваат празникот Сеници.
17. И, ако некое од племињата земни не појде во Ерусалим, за да Му се поклони на Царот, на Господа Саваот, дожд нема да падне при нив.
18. И, ако племето египетско не тргне на пат и не дојде тука, и тоа нема да добие дожд, па ќе го постигне пораз, со каков ги порази Господ оние народи, што не доаѓале да го празнуваат празникот Сеници.
19. Ете што ќе стане за гревот на Египет и за гревот на сите народи, кои нема да дојдат да го празнуваат празникот Сеници.
20. Во тоа време дури на уздите од коњите ќе биде забележано „светиња на Господа”, и котлите во домот Господен ќе бидат како жртвените садови пред жртвеникот.
21. И сите котли во Ерусалим и во Јудеја ќе бидат светиња на Господа Саваот, и ќе доаѓаат сите што принесуваат жртва, ќе ги земат и ќе варат во нив, и нема повеќе да има ниту еден Хананеец во домот на Господа Саваот во тој ден.