1. Рут со Ноемина патува во Ерусалим.
1. Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во Моавските полиња, заедно со жена си и двајцата синови свои.
2. Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му – Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Хелеон: тие беа од Еуфрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во Моавските полиња и останаа таму.
3. Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои.
4. Тие си зедоа за жени Моавки, – на едната името ѝ беше Орфа, а на другата – Рут; и живееја таму околу десет години.
5. Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Хелеон, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој.
6. Тогаш таа се крена со снаите свои и се врати од Моавските полиња, бидејќи беше чула во Моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб.
7. И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во Јудејската земја,
8. Ноемин им рече на двете свои снаи: „Одете и вратете се секоја во татковата си куќа; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене!
9. Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!” И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па
10. н рекоа: „Не, ние ќе се вратиме со тебе при твојот народ.”
11. А Ноемин рече: „Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зар уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи?
12. Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: »уште имам надеж«, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови,
13. ќе можете ли да чекате, додека да пораснат? Можете ли да се одржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Господова ме порази.”
14. Тие повикаа и пак заплакаа. И Орфа се прости со свекрвата своја и се врати при родот свој, а Рут остана со неа.
15. Ноемина ѝ рече на Рут: „Ете, јатрвата ти се врати при родот свој и при боговите свои; врати се и ти по јатрвата своја.”
16. Но Рут одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; но каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живем и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог;
17. и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; “Господ нека ми го направи тоа и нешто повеше нека додаде; само смртта ќе ме раздели од тебе.”
18. Ноемина, откако виде дека таа цврсто е решена да отиде со неа, престана да ѝ зборува.
19. И одеа тие двете, додека стигнаа до Витлеем, целиот град се раздвижи поради нив, и рекоа: »Ова ли е Ноемина?«
20. Таа им рече: „Не ме викајте Ноемина, викајте ме Мара, зашто Седржителот ми испрати голема горчевина.
21. Јас излегов одовде заможна, а Господ ме врати со празни раце: зошто да ме викате Ноемин, кога Господ ме принуди да страдам, и Седржителот ми испрати несреќа?”
22. И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рут, кој дојде од Моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала јачменовата жетва.
2. Рут собира класје во полето на Воз.
1. Ноемин имаше роднина по мажот, човек многу виден, од племето на Елимелех, по име Воз.
2. И Моавката Рут ѝ рече на Ноемина: „Ќе тргнам по нивјата и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам наклоност (љубов).” Таа и одговори: „Оди ќерко.”
3. Таа отиде и почна да бере на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Воз, којшто беше од племето Елимелехово.
4. И ете, Воз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Господ со вас.” Тие му одговорија: „Нека те благослови Господ!”
5. И Воз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: „Чија е онаа млада жена?”
6. Слугата, надзорникот над жетварите, одговори и рече: „Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од Моавските полиња;
7. таа ни рече: »Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жетварите«; дојде и остана тука од утрината до сега; таа малку останува дома.”
8. И Воз ѝ рече на Рут: „Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки;
9. гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.”
10. Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: „Со што се здобив пред очите твои со милост, па ме примаш, иако сум туѓинка?”
11. Воз ѝ одговори и ѝ рече: „Ми рекоа за сè што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој, дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера;
12. Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господа, Бог Израилев, при Кого си дошла, за да се успокоиш под Неговите крилја!”
13. Таа одговори: „Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господару мој! Ти ме утеши и ѝ зборуваше од срцето на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.”
14. И ѝ рече Воз: „Кога ќе приближи времето за јадење, дојди тука и јади леб и топи го залакот свој во оцет.” И таа седна при жетварите. Тој ѝ даде леб; таа јадеше, се најаде, и уште ѝ остана.
15. И стана да собира класје. Воз им заповеда на слугите и рече: „Нека собира и меѓу снопјата, и не ја навредувајте;
16. дури и од снопјата потфрлувајте и оставајте; нека собира и немојте да ја прекорувате.”
17. Така собираше таа на нивата до вечерта и го исчука собраното и тоа даде близу една ефа јачман.
18. Откако го зеде тоа, отиде во градот, и свекрва ѝ виде, колку беше собрала таа. И го извади Рут од пазувите свои и ѝ го даде она, што ѝ беше останало, откако се беше најала.
19. И ѝ рече свекрвата: „Каде береше денес и каде работеше? Да биде благословен оној, што те примил!” Рут ѝ кажа на свекрвата своја, кај кого работела, и рече: „Човекот, кај кого денес работев, се вика Воз.”
20. И ѝ рече Ноемин на снаата своја: „Нека е благословен од Господа, поради тоа што не ги лиши од милоста своја ниту живите, ниту умрените!” И ѝ рече Ноемин: „Тој човек ни е близок; тој е наш роднина.”
21. Моавката Рут ѝ кажа на свекрвата своја: „Тој дури ми рече – остани при слугинките мои, додека да ја завршат жетвата моја.”
22. И ѝ рече Номин на снаата Рут: „Добро е, ќерко, тоа што си одела со слугинките негови, и нема да те оскрбуваа на друга нива.”
23. Така се приклучи таа кон Возовите слугинки и береше класје, додека заврши јачменовата жетва и пченичната жетва, и живееше при свекрвата своја.
3. Рут го послушува советот на Ноемина.
1. И ѝ рече Ноемина, свекрвата нејзина: „Ќерко, нели бива да живееш подобро!
2. Ете, Воз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина, оваа ноќ тој го вее јачменот на гумното;
3. затоа изми се, намачкај се, промени се и оди на гумното, но не му се покажувај, додека заврши со јадењето и пиењето;
4. а кога ќе легна да спие, дознај го местото, каде ќе легне; тогаш оди, откри го откај нозете негови и легни; тој ќе ти каже што да правиш.”
5. Рут ѝ рече: „Ќе направам сè што ми кажа.”
6. И отиде на гумното и направи сè онака, како што ѝ порача свекрвата нејзина.
7. Воз се најаде и се напи, и го развесели срцето свое, и отиде, па легна да спие до стогот. И таа отиде полека, го откри од кај незоте негови и легна.
8. На полноќ тој се тргна, се обѕрна, а тоа при нозете негови лежи жена.
9. И ѝ рече Воз: „Која си ти?” Таа одговори: „Јас сум Рут, твоја робинка, рашири го крилото свое над својата робинка, зашто си ми роднина.”
10. Воз ѝ рече: „Благословена да си од Господа, ќерко! Таа своја поледна милост ти ја изврши подобро од првата, кога не отиде да бараш момци, бедни или богати;
11. затоа не плаши се, ќерко! Јас ќе направам за тебе сè, што кажа ти; оти при секоја порта кај мојот народ знаат, дека ти се чесна жена;
12. иако е точно, дека сум ти роднина, но има друг роднина, поблизок од мене;
13. ноќевај таа ноќ; а утре, ако тој те земе, добро, нека те земе, ако, пак, не те земе, јас ќе те земам; жив е Господ! Спи до утре!”
14. И преспа таа при нозете негови до утрината и стана, пред да можат да се распознаа еден со друг, зашто Воз рече да не се знае дека доаѓала жена на гумното.
15. И ѝ рече: „Дај ја наметката што е на тебе, подржи ја.” Таа ја држеше, и тој ѝ измери шест мери јачмен, ја натовари и си отиде во градот.
16. А Рут дојде кај свекрва н. Таа ја запраша: „Што направи, ќерко?” Таа ѝ раскажа сè, што беше направил оној човек за неа.
17. Таа рече: „Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: „Не оди со празни раце при свекрвата своја!”
18. Таа ѝ рече: „Почекај, ќерко, додека да дознаеше, како ќе се сврши работата; зашто тој човек нема да се успокои, додека не ја сврши денас таа работа.”
4. Список на племето Давидово.
1. Воз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше Воз. И му рече: „Наврати и седни тука!” Тој наврати и седна.
2. Воз повика десетина од граските старешини и рече: „Седнете тука!” И тие седнаа.
3. И Воз му рече на роднината: „Ноемин, која што се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, која му припаѓа на братот наш Елимелех;
4. јас решив да ти јавам и да ти кажам: „Купи го пред седнативе тука и пред старешините на мојот народ ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, не решиш да го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го откупи, а по тебе сум јас.” Тој одговори: „Јас ќе го откупам.”
5. Воз рече: „Штом ја откупуваш нивата од Ноемин, треба да купиш и од Моавката Рут, жена на умрениот, и неа треба да ја земеш, за да го востановиш името на умрениот во наследството негово.”
6. А оној роднина одговори: „Јас не можам да ја откупам, за да не си го растурам моето наследство; земја ја ти, зашто јас не можам да ја земам.”
7. Порано кај Израилот, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување постоеше обичај: едниот ја собуваше обувката своја и му ја даваше на другиот, кој го примаше правото на родство, и тоа служеше како сведоштво кај Израилот.
8. И оној роднина му рече на Воз: „Откупи го ти!” И ја собу обувката своја, и му ја даде.
9. И Воз им кажа на старешините и на целиот народ: „Вие сте сега сведоци, дека јас го купувам од Ноемин сето Елимелехово и сето Хелеоново и Малоново наследство;
10. исто така ја земам за жена и Моавката Рут, Малоновата жена, за да го востановам името на умрениот во делот негов, та да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и племето негово; вие сте ми денес сведоци за тоа.”
11. И сиот народ, што беше при градските порти, и старешините рекоа: „Ние сме сведоци. Нека даде Господ, жената, која влегува во куќата твоја, да биде како Рахил и Лија, кои и обете го издигнаа домот Израилев; збогатувај се во Еуфрат, и нека се слави името твое во Витлеем;
12. и домот твој да биде како домот на Фареса, кого Тамар му го роди на Јуда од семето, кое Господ ќе ти го даде од таа млада жена.”
13. И Воз ја зеде Рут, и таа му стана жена. И тој влезе при неа, и Господ ѝ даде, та зачна и роди син.
14. И ѝ велеа жените на Ноемин: „Нека е благословен Господ, зашто не те остави денес без наследник! И нека биде славно името негово во Израилот.
15. Тој ќе ти биде утеха и прехрана во старите денови твои, зашто е рожба на снаата твоја, која те сака и кој ти вреди повеќе од седум синови.”
16. И Ноемин го зеде детето и го носеше во прегратките свои и му беше негувателка.
17. Сосетките му дадоа име, велејќи: „На Ноемин ѝ се роди син”, и го нарекоа Овид. Тој е татко на Јесеја, таткото Давидов.
18. И еве го родот Фаресов: Фарес го роди Есрома;
19. Есром го роди Арама; Арам го роди Аминадава;
20. Аминадав го роди Наасона; Наасон го роди Салмона;
21. Салмон го роди Воза; Воз го роди Овида;
22. Овид го роди Јесеја; Јесеј го роди Давида.