1. Товиевата побожност
1. Книга за расказите на Товита, син Товиилов, син Ананиилов, Адуилов, Гаваилов, од родор на Асиила, и од племето Нефталимово,
2. кој во деновите на асирскиот цар Енемесар беше заробен во Тисва, кој се наоѓа десно од Кидиј Нефталимов, во Галилеја, погоре од Асир, Јас, Товит, во сите денови на мојот живот одев по патот на вистината и правдата.
3. И им правев многу добрини на моите браќа и на мојот народ, кој дојде заедно со мене во Асирската земја, во Ниневија.
4. Кога живеев во мојата земја, во земјата Израилева, уште како момче, тогаш целото колено на мојот татко Нефталим беше отстапило од домот на Ерусалим, избран од сите Израилски колена, за да принесува жртви таму, каде што е осветен храмот за живеалиште на Севишниот и утврден во сите родови засекогаш.
5. Бидејќи сите племиња отстапија и почнаа да принесуваат жртви на Ваал и на јуницата, така правеше и домот на мојот татко Нефталим.
6. А само јас често одев во Ерусалим на празниците, како што му е заповедано на Израилот со вечна заповед за првините од плодовите, за десеток од земните плодови и првото стрижење на волна од овците;
7. тоа им го давав на свештениците, синовите Аронови, за жртвеникот; десеток од сè што произведував им го давав на Левиевите синови, кои служеа во Ерусалим; вториот десеток го продавав и секоја година одев во Ерусалим и го трошев таму;
8. а третиот им го давав на оние што имаа потреба, како што ми заповеда Девора, мајката на мојот татко, кога останав сирак по смртта на мојот татко.
9. Кога станав маж, за жена ја зедов Ана од родот на мојот татко и со неа ми се роди Товиј.
10. А кога бев одведен во ропство во Ниневија, сите мои браќа и роднини од истото племе јадеа од храната на незнабошците,
11. но јас ја пазев мојата душа и не јадев;
12. зашто со сета моја душа си спомнував за Бога.
13. И Севишниот ми подари милост и благонаклоност кај Енемесара, кој ме направи свој снабдувач;
14. отидов во Мидија и му предадов на Гаваила, синот Гавриев, во Рага Мидиска, десет таланти сребро – за да ги пази.
15. А по смртта на Енемесара, се зацари неговиот син Сенахирим, чии патишта не беа постојани, така што јас не можев веќе да седам во Мидија.
16. Во деновите на Енемесара јас им правев многу добрини на моите браќа:
17. на гладните им го давав мојот леб, мојата облека на необлечените, а кога ќе видев некој од моето племе умрен и фрлен зад ѕидините на Ниневија, јас го погребував.
18. Тајно ги погребував и оние што ги убиваше царот Сенахирим тогаш кога, натеран во бегство, се врати од Јудеја. Тогаш тој уби многумина во својот гнев.Ги бараше царот потоа нивните трупови, но не ги наоѓаше.
19. Еден од Ниневијците отиде кај царот и го извести оти јас ги погребувам мртовците. Откако разбрав дека сакаат да ме убијат, се уплашив и избегав од градот.
20. И го раграбаа целиот мој имот; ништо не ми остана, освен мојата жена Ана и мојот син Товиј.
21. Но не изминаа ни педесет дена, го убија неговите двајца синови и избегаа во гората Арарат. Тогаш место него се зацари неговиот син Сахердан, кој го постави синот на мојот брат – Ахијахара Анаил за началник на целиот свој имот во царството и над целото негово домаќинство.
22. Ахијахар се застапи за мене и јас се вратив во Ниневија. Ахијахар беше и пехарник, а и чувар на прстенот, и управител на домот и главен благајник. Сахердан го постави да биде втор по него, а Ахијахар беше син на мојот брат.
2. Товит ослепува
1. Кога се вратив во мојот дом и откако ми беа вратени мојата жена Ана и мојот син Товиј, на празникот Педесетница, во светата седмица над седмиците, беше приготвена добра гозба и седнав да јадам.
2. Откако видов многу јадења, му реков на мојот син: „Отиди и доведи кого ќе најдеш од сиромашните наши браќа, кој си спомнува за Господа, а јас ќе те почекам.”
3. Тој се врати и рече: „Татко мој, еден од нашето племе задавен е и фрлен на плоштадот.”
4. Тогаш јас, пред да почнам да јадам, брзо излегов и го однесов во една куќа до зајдисонце.
5. Кога се вратив, се измив и натажен го јадев лебот свој.
6. Тогаш си спомнав за пророштвата на Амос, кој рекол: „Празниците ваши ќе се претворат во жалост и сите ваши веселби – во плач.”
7. И плачев, а откако зајде сонцето, отидов, ископав гроб и го погребав.
8. Моите соседи се подбиваа со мене и велеа: – Тој уште не се плаши оти ќе биде убиен за таа работа; еднаш веќе беше во бегство за тоа, а ете, пак погребува мртовци -.
9. Истата таа ноќ, откако се вратив од погребот, бидејќи нечист, легнав да спијам зад ѕидот на дворот, и лицето мое не беше покриено.
10. Не забележав дека на ѕидот имало врапци. И додека моите очи беа отворени, врапците испуштија врз нив нешто топло и на моите очи се покажаа бели дамки. Одев кај лекари, но тие не можеа да ми помогнат. Ахијахар ми испраќаше храна, сè додека не појдов во Елимаида.
11. Мојата, пак, жена Ана во женските одделенија предеше волна,
12. и испреденото им го испраќаше на богати луѓе, кои ѝ плаќаа за тоа, а еднаш ѝ подарија и едно јаре.
13. Кога го донесе дома кај мене, јарето почна да врека; јас ја прашав жена ми: „Од каде ти е ова јаре? Да не си го украла? Врати им го на оние чие е, зашто не е дозволено да се јаде она што е крадено.”
14. Таа ми одговори: < Ми го подарија откако ми платија. “ Но јас не ѝ верував и настојував да им го врати на оние, и се налутив. А таа ми одговори, велејќи: „Каде се твоите милосрдни и праведни дела? Ете како се пројавија сите тие во тебе!”
3. Товитовата молитва
1. Тогаш се натажив, се расплакав од жалост и се молев, велејќи:
2. ,Господи, Ти си праведен, и сите Твои дела и сите Твои патишта се – милост и вистина; Ти судиш со вистински и праведен суд со векови!
3. Спомни си за мене и погледни ме милостиво: не казнувај ме за моите гревови, и за моите заблуди и за заблудите на моите татковци, за она што згрешиле тие пред Тебе.
4. Бидејќи тие не ги послушале Твоите заповеди, и Ти ги предаде на разграбување, ропство и смрт и тие станаа приказ за прекор пред сите народи меѓу кои сме расеани.
5. Навистина, праведни се сите Твои судови – да постапуваш со мене според моите гревови и според гревовите на моите татковци, затоа што не ги извршувале Твоите заповеди и не постапувале праведно пред Тебе.
6. И така, постапувај со мене како што Ти е угодно; заповедај да ми биде одземен мојот дух, за да се ослободам и претворам во земја: зашто е подобро за мене да умрам, отколку да живеам, бидејќи слушам лажливи прекори и тагата моја е голема. Ослободи ме од таа тежина, за да појдам во вечното живеалиште, и не свртувај го Твоето лице од мене.”
7. Во истиот ден ѝ се случи и на Сара, ќерката на Рагуила, во Екбатана Мидиска, да претрпи прекори од слугинките на својот татко,
8. затоа што се беше мажила седумпати, но лошиот дух Асмодеј ги убивал пред да бидат со неа како со жена. Тие ѝ велеле: „Зар не те гризе совеста што си ги задавувала своите мажи? Веќе седуммина си ги имала, а не се нарече со името на ниеден од нив
9. Зошто нас да нè бијат за нив? Тие умреа, оди и ти по нив, за да не видиме твој син или твоја ќерка довека.”
10. Кога го чула тоа, таа се натажила многу, така што решила да си го одземе животот, но си помислила: – мојот татко ме има само мене; ако го направам тоа, за него ќе биде бесчестие и ќе ја симнам неговата старост со жалост во пеколот -.
11. Па почнала да се моли кај прозорецот, велејќи: „Благословен си, Господи, Боже мој, и благословено е Твоето свето и славно име до века, нека Те благословуваат до века сите Твои созданија!
12. Сега ги свртувам очите мои и лицето мое кон Тебе, Господи;
13. Ти се молам, земи ме од земјата и не дозволувај веќе да слушам прекори!
14. Ти знаеш, Господи, дека сум чиста од секаков грев со маж,
15. дека не сум го обесчестила своето име, ни името на мојот татко; јас сум единствено чедо, тој нема син, кој би можел да го наследи, ни близок брат, ни син од брат, за кого би можела да се омажам. Ако, пак, не Ти е угодно да ме умртвиш, тогаш благоволи да ме погледнеш и да ме помилуваш, за да не слушам веќе прекори.”
16. Двете молитви им беа услишени пред славата на великиот Бог: Бог го испрати Рафаила да ги излечи;
17. да му ги отстрани белите петна од очите на Товита, а Сара, ќерката Рагуилова, да му ја даде за жена на Товија, синот на Товита, откако пред тоа го врзал лошиот дух Асмодеј, зашто било предназначено да ја наследи Товиј. – Во едно и исто време Товит, откако се врати, влезе во својот дом, а Сара, Рагуиловата ќерка, слегна од горната соба.
4. Товија упатен во Мидија.
1. Во тој ден Товит си спомна за среброто, што го беше дал на чување кај Гаваила во Рага Мидиска,
2. па си рече во себеси: „Јас ја барав смртта, а зошто не го повикам мојот син Товија и да го известам за ова додека не сум умрел?”
3. Откако го повика, му рече: “Синко, кога ќе умрам, погреби ме и не ја оставај мајка ти; почитувај ја во сите денови на твојот живот, угодувај ѝ и не огорчувај ја.
4. Спомнувај си, синко мој дека таа се измачила многу за тебе уште додека била бремена со тебе, а кога ќе умре, погреби ја покрај мене во истиот гроб.
5. Синко, секој ден спомнувај си за Господа, нашиот Бог; не греши и не прекршувај ги Неговите заповеди. Прави праведни дела во сите дни на твојот живот и не оди по патиштата на беззаконието.
6. Зашто, ако постапуваш според вистината, ќе успеваш во сите твои дела, како и сите оние што живеат праведно.
7. Од имотот твој давај милостиња – да не жали твоето око. Не свртувај го лицето твое од сиромавиот, па и Бог нема да го сврти Своето лице.
8. Кога имаш многу, давај од тоа милостиња, а и кога имаш малку, не плаши се да правиш милостиња и по малку:
9. така ќе си собереш богато сокровиште за деновите на поголема нужда,
10. зашто милостињата избавува од смрт и не дозволува да отидеш во темнина.
11. Милостињата е добар дар за секого што ја прави пред Севишниот.
12. Синко, пази се од секаков блуд и прељуба. Гледај жената твоја да биде од племето на твоите татковци; не земај туѓинка за жена, која не е од племето на татко ти, зашто ние сме синови на пророци; Ное, Авраам, Исак и Јаков се наши татковци уште од почетокот. Помни, синко, оти тие земаа жени меѓу своите браќа и дека беа благословени меѓу своите деца, нивното потомство ќе ја наследи земјата.
13. И така, синко, сакај ги своите браќа и не се гордеј во срцето свое пред твоите браќа и пред синовите и ќерките на својот народ дотаму, за да не одбереш меѓу нив жена за себе; од гордоста произлегува голема пропаст и голема неуредност, а од развратот – само немаштина и пропаст; развратот е мајка на гладот.
14. Платата на наемникот да не преноќева кај тебе, туку исплатувај им ја веднаш. Ако му служиш на Бога, и тебе ќе ти биде платено. Синко, добор размислувај за секоја твоја работа и биди внимателен во сите твои постапки и во сите твои однесувања.
15. Она што не сакаш да ти се прави тебе, ни ти не прави му го на друг. Не пиј вино до опивање, и пијанството да не оди со тебе по патот твој
16. Од лебот твој давај им на гладните, а необлечениот – со облека твоја облечи го; дели милостиња од сè што имаш во изобилие, а да не жали твоето око кога делиш милостиња.
17. Раздавај го твојот леб на гробот од праведниците и не давај им го на грешниците.
18. Барај совет од оној што е мудар, а корисен совет не отфрлај.
19. Ве секое време благословувај Го Господа Бога и молу Му се да ги исправува твоите патишта, и сите твои намери и дела добро да завршат, зашто ниеден народ не може со успех да го заврши започнатото: Бог е Оној Кој го испраќа секое добро, а кога сака, според Својата волја, понизува. Синко, спомнувај ги моите поуки: никогаш да не бидат избришани од твоето срце!
20. А сега, синко, ќе ти откријам, дека сум оставил десет таланти сребро на чување кај Гавриевиот син Гаваил, во Рага Мидиска.
21. Не плаши се, синко дека сме осиромашени; ќе имаш многу, ако имаш страв од Бога, ако бегаш од секој грев и ако го правиш она што Му е угодно Нему.”
5. Рафаил и Товија
1. Товија му одговори на татка си: „Татко, ќе правам сè како што ми заветуваш,
2. но како ќе можам да ги земам парите, кога не го познавам човекот?”
3. Тогаш татко му му ја даде потврдата и рече: „Најди човек што ќе те придружува; јас ќе му платам додека сум уште жив, и одете по парите.”
4. Тогаш отиде да бара човек и го сретна Рафаила, кој беше ангел, но Товија не знаеше.
5. И тогаш му рече: „Можеш ли да дојдеш со мене во Рага Мидиска и го знаеш ли патот дотаму?”
6. Ангелот му одговори: „Можам, ќе дојдам со тебе и патот го знам; јас сум живеел кај Гаваила, нашиот брат.”
7. Товија му рече: „Почекај да му јавам на татка ми.”
8. А ангелот му одговори: < Оди, само не задржувај се.” 9. Товија отиде кај татка си и му рече: „Еве, најдов другар што ќе оди со мене.” А татко му му рече: „Покани го да дојде при мене, да чујам на кое племе му припаѓа и да видам дали ќе ти биде добар придружник.” 10. Товија го повика, па кога влезе, се поздравија еден со друг. 11. Товит го праша: < Кажи ми, од кое племе и од кој род си?” 12. Ангелот одговори: „Дали бараш племе и род или бараш наемник кој ќе го придружува твојот син?” Тогаш Товит му одговори и рече: „Брате, сакам да ги знам твоите предци и како ти е името?” 13. Ангелот му рече: „Јас сум Азарија, од племето на Ананија Велики, еден од твоите браќа.” 14. Тогаш Товит му рече на ангелот: „Брате, среќен нека ви е патот и не лути ми се што сакав да разберам од кое племе си и како ти е името. Значи, ти си мој брат од угледен и благороден род. Јас ги познавам Ананија и Јонатана, синовите на Семеј Велики; заедно одевме во Ерусалим за да се поклониме со првините и со десетоците од нашите земни плодови. Не појдовме по заблудите на нашите браќа. Брате, ти си од добар корен. 15. Но кажи ми колку треба да ти платам? Ќе ти дадам драхма на ден и сè што е потребно за тебе и за син ми, 16. а ќе ти дадам и нешто повеќе од тоа кога ќе се вратите живи и здрави.” 17. Така се договорија. Тогаш Товит му рече на Товија: „Приготви се за пат и среќен ви пат!” Синот негов приготви сè што беше потребно за патувањето. Тогаш пак таткото му проговори и рече: „Оди со овој човек, а Бог, Кој живее на небото, нека ви подари среќно патување и Неговиот ангел да ве придружува.” И така отпатуваа обајцата и кучето на момчето со нив. 18. Но Ана, мајката на Товија, заплака и му рече на Товита: „Зошто го испрати нашиот син?Не беше ли тој поткрепа за нашите раце – кога влегуваше и излегуваше пред нас? 19. Не менувај го среброто со сребро! Парите се ѓубре спрема нашиот син! 20. Зашто за олку, колку што Бог ни определил да живееме, доволно ни е ова што го имаме.” 21. Товит проговори и рече: „Не тажи,сестро, не плачи; тој ќе се врати и твоите очи пак ќе го видат жив и здрав. 22. Него ќе го придружува добар ангел. Патувањето негово ќе биде среќно; ќе ни се врати здрав и со успех.”
6. Риба. Ангелот му ја наменува Сара на Товија
1. И Ана престана да плаче.
2. Приквечер патниците пристигнаа до реката Тигар, и таму ја поминаа ноќта.
3. Момчето отиде до реката да се измие, но оттаму излезе голема риба и сакаше да го проголта.
4. Тогаш ангелот му рече: „Улови ја таа риба!” Момчето ја фати рибата и ја извлече на земјата.
5. И му рече ангелот: „Распори ја рибата, извади го срцето, црниот дроб и жолчката и чувај ги!”
6. Тој направи така како што му рече ангелот, а рибата ја испекоа и ја изедоа, па го продолжија својот пат и дојдоа до Екбатана.
7. Товија го праша ангелот: „Брате Азарија, зошто ни се потребни срцето, црниот дроб и жолчката од рибата?”
8. А тој му одговори и рече: „Ако некого го измачува демон, односно лошиот дух, тогаш пред таков маж или жена треба да се кади со срцето и црниот дроб и веќе нема да се измачува,
9. а со жолчката се намажуваат очите, на кои има бели петна, и потоа човекот со такви очи оздравува.”
10. А кога се приближија до Рага,
11. ангелот му рече на Товија: „Брате, денес ќе преноќуваме кај Ригуил, твојот роднина, кој има ќерка, која се вика Сара.
12. Јас ќе поразговарам и ќе гледам да ти ја дадат за жена, зашто нејзиното наследство ти припаѓа тебе, бидејќи си од нејзиниот род, а девојката е прекрасна и умна.
13. А сега, послушај ме: < Јас ќе зборувам со татка н, па кога ќе се вратиме од Рага, ќе направиме свадба. Јас го познавам Рагуила и знам, дека според Мојсеевиот закон, нема да ја даде својата ќерка на друг маж; а кога би го направил тоа, тој би заслужил смрт, зашто наследството треба да го добиеш ти, а не некој друг.” 14. Тогаш Товија му рече на ангелот: „Брате Азарија, сум слушал дека таа девојка веќе ја давале на седум мажи и дека сите тие биле најдени мртви во свадбената соба, 15. а јас сум единец син на мојот татко, па се плашам, кога ќе влезам при неа, дека ќе умрам како сите пред мене, бидејќи неа ја сака некој демон, кој не им прави зло на другите, освен на оние што се приближуваат до неа. Затоа се плашам да не умрам, и по мене, поради жалоста, да не ги одвлечкам во гроб мојот татко и мојата мајка, а немаат друг син за да ги погребе.” 16. Ангелот му рече: „Зар ги заборави зборовите на твојот татко, кој ти заповеда да земеш жена од твојот род? Послушај ме, брате, таа треба да ти биде жена, а од демонот не се плаши; таа уште ноќеска ќе биде твоја жена. 17. Само штом ќе влезеш во брачната соба, веднаш земи ја кадилницата и стави во неа малку од срцето и малку од црниот дроб на рибата и покади; 18. а демонот, штом ќе ја почувствува миризбата, ќе избега и веќе нема никогаш да се врати. А кога ќе се приближиш до неа, застанете двајцата, повикајте го Семилостивиот Бог и Он ќе ве помилува и ќе ве спаси. Не плаши се; таа е одредена за тебе од секогаш, ти ќе ја спасиш; таа ќе појде со тебе и јас знам дека ќе имаш деца со неа.” Кога Товија го ислуша сето тоа, веднаш ја засака со сета своја душа и силно се приврза за неа.
7. Враќање во Рагуиловиот дом.
1. Тогаш дојдоа во Екбатана и се приближија до куќата на Рагуила. Сара ги пречека и љубезно ги поздрави. И тие ја поздравија неа, па потоа ги воведе во домот.
2. Рагуил ѝ рече на својата жена Една: „Колку ли овој личи на мојот роднина Товит, на синот од брата ми!”
3. Тогаш Рагуил ги запраша да му кажат од каде се. Тие му одговорија: „Ние сме од Нефталимовите синови, заробени во Ниневија.”
4. Потоа пак ги запраша: „А дали го познавате Товита, нашиот брат?” Откако му одговорија дека го познаваат, Рагуил ги праша дали е жив и здрав. Тие му одговорија дека е жив и здрав.
5. А Товија додаде: „Тој е мојот татко.”
6. Тогаш Рагуил му се приближи, го бакна и плачеше.
7. Го благослови и рече: „Ти си, значи, синот на оној чесен и благороден човек.” Но откако слушна дека Товит го загубил очниот вид, се нажали и плачеше;
8. а плачеше и неговата жена Една и ќерка му Сара и ги примија многу љубезно.
9. Па заклаа овен и приготвија изобилни јадења. А Товија му рече на Рафаила:„Поприкажувај, брате Азарија, за она што разговаравме по патот, за да може да се уреди таа работа!”
10. Ангелот позборува за тоа со Рагуила, а Рагуил се обрати кон Товија и му рече: „Јади, пиј и биди весел, зашто ти треба да ја земеш мојата ќерка. Но сепак, јас треба да ти ја откријам вистината;
11. досега сум ја давал мојата ќерка на седуммина мажи, и кога ќе влезеа при неа, уште истата ноќ умираа. Но ти сега биди весел!” Товија му рече: „Јас нема да каснам од ништо си додека не се договориме и не направиме што треба да се направи.” Рагуил му рече: „Земи ја веднаш; таа ти припаѓа по законот: ти си ѝ брат, и таа е твоја. Милосрдниот Бог да ви дарува сè што е најдобро!”
12. Тогаш ја повика својата ќерка Сара, ја фати за рака и му ја даде на Товија за жена, велејќи: „Еве, според Мојсеевиот закон, земи ја и води ја кај татка ти!” И тогаш ги благослови.
13. Потоа ја повика својата жена Една, па зеде свиток, напиша договор и го потпечати.
14. Дури тогаш почнаа да јадат.
15. Рагуил пак ја повика својата жена Една и рече: „Приготви ја, сестро, другата спална и воведи ја во неа.”
16. Таа направи, како што ѝ рече нејзиниот маж, ја воведе својата ќерка таму и таа заплака. Кога ги виде солзите на својата ќерка, таа ѝ рече:
17. „Успокој се, ќерко моја, и биди храбра: Господарот на небото и на земјата нека ти подари радост место жалост. Успокој се, чедо мое!”Добрите свештеници се спасени.
8. Добрите свештеници се спасени.
1. Откако се навечераа, го воведоа и Товија кај Сара.
2. А тој одејќи кон спалната соба, си ги спомна зборовите на Рафаила, па зеде кадилниче и ги стави внатре срцето и црниот дроб од рибата и покади.
3. Демонот, штом ја почувствува таа миризма, избега во горните предели на Египет, и ангелот го врза.
4. Кога се затворија во собата, Товија стана од постелата и ѝ рече на Сара: „Стани сестро, да Му се помолиме на Господа, за да се смилува на нас.”
5. Тогаш Товија почна да се моли: „Благословен си, Боже на нашите татковци и балгословено е Твоето свето и преславно име во сите векови! Да те благословуваат небесата и сите твои созданија!
6. Ти го создаде Адама и му ја даде за помошничка Ева, од нив произлезе човечкиот род. Ти си рекол: „Не е добро човек да биде сам; да му создадеме помошничка слична на него.
7. И сега, Господи, јас ја земам оваа моја сестра не од телесна побуда, туку навистина како сопруга. Смилувај се на мене и направи да остареам со неа!”
8. И тогаш заедно и двајцара рекоа: „Амин”.
9. Затоа тие спиеја спокојно цела ноќ. Меѓутоа Рагуил стана и појде да ископа гроб,
10. мислејќи дека е, можеби, и овој умрен;
11. па, кога се врати дома,
12. н рече на својата жена Една: „Испрати една од слугинките да види дали е жив; ако умрел, веднаш да го погребеме, та никој да не разбере.”
13. Слугинката ја отвори вратата, и влесе во собата и виде дека спијат.
14. Тогаш излезе надвор и јави дека е жив.
15. Рагуил Му благодари на Бога, велејќи: „Боже, биди благословен со секаков чист и свет благослов. Да те благословуваат сите Твои светии, сите Твои созданија, сите Твои ангели и сите Твои избраници, – нека Те благословуваат во сите векови!
16. Благословен си, зашто ме развесели; со мене не се случи онака како што мислев, туку ја покажа спрема нас Твојата голема милост.
17. Благословен си затоа што се смилува спрема двајцата од ист род! Господи, изли ја врз нив Твојата милсордност, подари им да го завршат својот живот со здравје,веселба и милосрдност.
18. Тогаш им заповеда на своите слуги да го затрупаат гробот.
19. Потоа приреди свадбена гозба, која продолжуваше четиринаесет дена.
20. И му рече Рагуил со клетва, велејќи: „Не оди си дома додека не изминат деновите на свадбата, не оди си додека не изминат четириесет свадбени денови,
21. а тогаш прими ја половината од имотот и врати се жив и здрав при твојот татко; остатокот од имотот ќе го добиеш откако умреме јас и мојата жена.”
9. Рафаил патува во Мидија.
1. Товија го повика Рафаила и му рече:
2. „Брате Азарија, земи еден од слугите и две камили и појди во Рага Мидиска кај Гаваила; земи ги од него парите и него доведи го на свадбата,
3. зашто Рагуил ме заколна да не си одам.
4. А знаеш дека татко ми ги брои деновите и, ако се задржам повеќе, многу ќе тагува.”
5. Тогаш Рафаил отиде кај Гаваиила и му ја даде потврдата за среброто. Тој веднаш ги донесе запечатените вреќички и му ги предаде на Рафаила.
6. Утредента станаа рано и заедно отидоа на свадбата. И Товија ја благослови својата жена.
10. Товит и Ана го чекаат Товија. Товија се збогува со тестот и тештата.
1. Товит, татко му на Товија, ги броеше деновите. Па, кога изминаа деновите предвидени за патувањето, а него уште го немаше,
2. Товит рече: „Можеби ги задржале или можеби Гаваил умрел, па нема кој да им го даде среброто.”
3. И многу се натажи.
4. А жена му рече: „Синот наш загинал, затоа и го нема да се врати.”
5. „Тешко мене, чедо мое, што те пуштив, светлино на моите очи!”
6. Товит почна тогаш да ја утешува, велејќи н: „Молчи, не плачи, тој е жив и здрав.”
7. Таа му рече: „Ти молчи и не мами ме; знам јас оти пострадал нашиот син.” – Секој ден таа излегуваше надвор од градот на патот, по кој отпатува нивниот син; дење не јадеше ништо, а ноќе, непрестајно плачеше по своето чедо Товија, сè додека не изминаа четиринаесет свадбени денови, за кои Рагуил го заколна да преседи таму. Тогаш Товија му рече на Рагуила: „Пушти ме да си одам, зашто татко ми и мајка ми веќе не се надеваат оти ќе ме видат.”
8. Тестот негов му рече: „Остани кај мене, а јас ќе се погрижам да најдам некого што ќе го извести татка ти за тебе.”
9. А Товиј му одговори: „Не, пушти ме да се вратам при татка ми.”
10. Рагуил тогаш стана, му ја предаде Сара, неговата невеста, му го даде половината од својот имот, добиток и пари.
11. Откако ги благослови, се прости и се збогува со нив, велејќи: „Небесниот Бог да ве благослови пред да умрам.”
12. А на својата ќерка ѝ рече: „Почитувај ги твоите свекор и свекрва; сега тие се твои родители; сакам да слушам само добри вести за тебе.” И ја бакна. А Една му рече на Товија: „Брате мој сакан, Небесниот Господар нека те издигне и да ти подари да видиш деца од Сара, мојата ќерка, за да се нарадувам пред Господа. Еве, ти ја предавам мојата ќерка да се грижиш за неа и да не ја ожалостуваш.”
13. Откако Му заблагодари на Бога што го благословил неговото патување, Товиј им посака благослов на Рагуила и на неговата жена Една. Товија појде на пат. Патуваа и најпосле се приближија до Ниневија.
11. Товија се враќа со Сара.
1. Тогаш Рафаил му рече на Товија: „Не знаеш ли, брате, во каква состојба го оставивме твојот татко?
2. Ајде да побрзаме напред, пред твојата жена, за да го понаредиме живеалиштето.
3. а ти земи ја в рака коската од рибата.” И така тргнаа, а и кучето потрча по нив.
4. А тогаш и Ана седна покрај патот и чекаше да го здогледа своето чедо.
5. И кога го препозна и виде дека се враќа, му рече на Товита: „Еве, се враќа синот твој и човекот што тргна со него.”
6. Рафаил му рече на Товија: „Знај дека на татка ти ќе му се отворат очите;
7. ти само намажи му ги очите со жолчката, а тој, откако ќе почувствува јадеж, ќе почне да ги трла и така ќе паднат белите пердиња, и тој ќе прогледа.”
8. Ана потрча, го гушна сина си и му рече: „Чедо мое, те видов; сега можам и да умрам.” Тогаш обајцата се расплакаа.
9. Товит излезе од вратата и се сопна, но син му притрча и го придржа татка си.
10. Му намажа од жолчката преку очите и му рече: „Татко мој, биди силен!”
11. Тогаш почувствува лутина и јадеж во очите и почна да ги трла,
12. па белите перденца паднаа од краиштата на неговите очи. Кога го виде сина си, го гушна,
13. заплака и проговори: „Благословен си, Боже, и благословено е Твоето име во сите векови, благословени се сите Твои ангели!
14. Зашто, Ти ме накажа, но пак се смилува на мене. Еве, го гледам мојот син Товија!” – А синот негов Товија со радост влезе во домот и му раскажа на татка си за сите големи дела што му станаа во Мидија.
15. Товит, преполн со радост и благословувајќи го Бога, појде да ја пречека својата снаа кај портите на Ниневија. Оние, што го видоа како оди, се чудеа дека прогледал.
16. А Товит се исповеда пред нив оти Бог го помилувал. Кога се проближи до својата снаа Сара, тој ја благослови и рече: „Добре дошла, ќерко моја! Нека е благословен Бог, Кој те доведе при нас! Нека бидат благословени и татко ти и мајка ти!” Се зарадуваа и сите негови браќа во Ниневија.
17. И дојде Ахијахар и неговиот братанец Насвас,
18. па сите со веселба ја празнуваа свадбата на Товија седум дена.
12. Ангелот се открива.
1. Товит го повика сина си Товија и му рече: „Синко, приготви му ја наградата што те придружуваше, а треба да му дадеме нешто повеќе.”
2. А Товија одговори и рече: „Татко, нема да бидам оштетен ако му ја дадам и половината од сè што донесов;
3. зашто тој ме доведе при тебе жив и здрав, тој ја излекува мојата жена, го донесе среброто и тебе те излекува.”
4. Старецот тогаш рече” „Тој навистина го заслужил тоа.”
5. Го повика ангелот и му рече: „Земи ја половината од сè што сте донеле, па оди си со мир.”
6. Тогаш ангелот ги повика нив двајцата на страна и им рече: „Благословувајте Го Бога, прославувајте ја Неговата величина пред сите што живеат за сето она што го направи Он за вас.Добро е да се благословува Бог, да се превознесува Неговото име и со побожност да разгласуваме за Неговите дела.
7. Добро е да се чува царската тајна, и пофално е да се разгласуваат Божјите дела. Правете добро и зло нема да ве снајде.
8. Добра е молитвата кога е сврзана со пост, милостиња и праведност. Подобро е малку со справедливост, отколку многу – со неправда; подобро е да правиш милостиња, отколку да собираш злато.
9. Милостињата избавува од смрт и може да очисти од секој грев. Оние што делат милостиња и прават добри дела, ќе живеат долго на земјата;
10. а оние што грашат – непријатели се на својот живот.
11. Од вас нема да сокријам ништо: веќе ви реков дека е добро да се сокрива царската тајна и дека е пофално да ги објавувам Божјите дела.
12. Кога се молевте ти и твојата снаа Сара, јас ги вознесував вашите молитви пред Светиот; кога ги погребуваше ти мртовците, и јас бев со тебе;
13. кога не те мрзеше да станеш и да го прекинеш твоето јадење, да станеш за да го погребеш мртовецот, не беше сокриено од мене дека правиш добро дело, и јас бев тогаш со тебе.
14. И сега Бог ме прати да те исцелам тебе и твојата снаа Сара.
15. Јас сум Рафаил, еден од седуммината ангели, кои ги однесуваат молитвите на светиите и се искачуваат пред славата на Светиот.”
16. Тогаш обајцата се преплашија и паднаа ничкум, зашто ги опфати голем страв.
17. Но тој им рече: „Не плашете се, да имате мир. Благословувајте Го Господа во векови.
18. Зашто јас не дојдов по својата волја, туку по волјата на нашиот Бог. Затоа благословувајте Го во векови.
19. Во сите денови дозволував да ме гледаат вашите очи, но јас ниту јадев ниту пиев; само на вашиот поглед така му изгледаше.
20. И сега, прославете го Бога, а јас се враќам при Бога, Кој ме прати. Сега ова што стана запишете го во книга.”
21. Тогаш станаа, но него веќе не го видоа.
22. И почнаа да раскажуваат за великите и чудесни Божји дела, да говорат за тоа како им се јавил Господов ангел.
13. Завршната молитва на Товита.
1. Тогаш Товит, исполнет со радост, напиша молитва со овие зборови: „Благословен е Бог, Кој вечно живее и царството Негово е благословено!
2. Зашто Он казнува и милува, испраќа во пеколот и изведува оттаму; никој не може да избега од Неговата рака.
3. Синови Израилеви, прославувајте Го пред незнабошците, зашто Он нè распрсна меѓу нив.
4. Таму објавувајте го величието Негово, издигнувајќи го над сè што живее, зашто Он е нашиот Господ Бог, Он е нашиот Татко низ вековите.
5. Он нè казнува за нашите лоши дела, но пак ќе се смилува и ќе нè собере од сите народи, меѓу кои сме расеани – каде и да сме.
6. Ако се обраќате кон Него со сето срце свое и со сета душа своја, ако ја извршувате пред Него вистината, Он ќе се сврти кон вас и нема да го скрие Своето лице од вас. Ќе видите што ќе направи со вас. Прославувајте Го со сите зборови на вашата уста, благословувајте Го Бога на правдата и вознесувајте Го Царот на вековите. Јас Го прославувам во земјата на моето робување и проповедам за Неговата сила и величина на народ од грешници. Обрнете се, грешници, и извршувајте го она што е право пред Него. Кој знае, може ќе погледне и на вас и ќе се смилува на вас!
7. Јас Го превознесувам мојот Бог – Небесниот Цар, и душата моја, се радува на Неговата величина.
8. Сите нека говорат за Него и нека Го прославуваат во Ерусалим.
9. Ерусалиме, граде свет, Он ќе те казни за делата на твоите синови и пак ќе те помилува за твоите праведници.
10. Со усрдност прославувај Го Господа и благословувај го Царот на вековите, та одново со радост да биде издигната Неговата скинија, за да се израдуваат незнабошците во тебе и несреќните да најдат во тебе љубов од сите поколенија во сите векови.
11. Многу народи ќе дојдат од далеку кон името на Господа Бога, ќе носат дарови на своите раце, дарови за Небескиот Цар; многу поколенија ќе Те прославуваат со радосни воскликнувања.
12. Проколнати да бидат сите што Те мразат, а за секогаш благословени оние што Те сакаат!
13. Радувај се и весели се за Твоите праведни синови, зашто ќе бидат собрани и ќе Го благословуваат Господа на праведниците.
14. Блажени се оние што Те сакаат и што му се радуваат на Твојот мир! Блажени се оние што
се натажени поради Твоите страдања, зашто ќе се зарадуваат кога ќе ја видат Твојата слава и вечно ќе се радуваат.
15. Душата моја да Го благословува Бога – Великиот Цар!
16. Оти Ерусалим ќе биде изграден од сафир и смарагд и од скапоцени камења, а ѕидините, кулите и тврдините – од чисто злато.
17. Плоштадите негови ќе бидат поплочани со берил, антракс и офирски скапоцени камења.
18. По сите негови улици ќе се огласува песната „Алилуја” и ќе се славословат, велејќи: „Благословен е Оној Кој го воздига Ерусалим за сите векови!”
14. Последните Товитови совети пред неговата смрт.
1. Го заврши Товит славословието.
2. Беше на осумдесет и осум години кога ослепе, а по осум години пак прогледа. Продолжи да прави милостиња и да престојува со побожност пред Господа и да Го прославува.
3. Најпосле, тој остаре многу и доживеа длабока старост, па го повика сина си и неговите шеснаесет синови, и рече: „Синко, земи ги твоите синови: еве јас веќе остарев и веќе сум на крајот од мојот живот.
4. Пресели се во Мидија, синко, бидејќи знам оти Ниневија ќе биде разурната, како што говореше пророкот Јона, а во Мидија ќе владее мир извесно време; нашите браќа, кои живеат во татковината, ќе бидат распрснати и далеку од нашата убава земја; Ерусалим ќе опустее, а домот Божји што се наоѓа во него – ќе изгори и за некое време ќе биде пуст.
5. Но Бог пак ќе се смилува и ќе ги врати во нивната земја, и тие тогаш ќе изградат храм, но не онаков каков што бил пред тоа, додека не се исполни одреденото време. Потоа ќе се вратат од ропство и прекрасно ќе го изградат Ерусалим, а домот Божји во него ќе биде обновен за сите идни родови; тоа ќе биде великолепна зграда, како што говореа пророците за него:
6. сите народи вистински ќе се обратат и ќе имаат свет страв пред Господа Бога и ќе ги искршат своите идоли;
7. сите народи ќе Го благословуваат Господа. Тогаш и Неговиот народ ќе Го прославува Бога, а Господ ќе го издигне народот Свој и ќе бидат радосни сите, кои вистински и праведно Го љубат Господа Бога и ќе бидат милостиви спрема своите браќа.
8. И така, синко, отиди од Ниневија, зашто ќе биде сè како што претскажа пророкот Јона.
9. Ти, пак, пази ги Законот и заповедите и биди милостив и справедлив, за да ти биде добро.
10. Погреби ме со почести, а покрај мене погреби ја твојата мајка, па потоа не останувајте во Ниневија ни еден ден. Синко, гледај што му направи Аман на Ахијахара, кој го одгледа: како тој од светлина го фрли во темнина и како му беше вратено. Но сепак Ахијахар беше спасен, а оној доби заслужена казна – слезе во темнината. Манасија правеше милостиња, и беше спасен од смртната мрежа, која му ја беа поставиле, но самиот Аман падна во мрежата и загина.
11. И така, деца мои, знајте каква сила има милостињата и дека правдата спасува.” И кога го рече тоа, ја испушти душата своја. Тогаш беше на сто и педесет и осум години, а неговиот син го погреба со почести.
12. Кога умре и Ана, тој ја погреба покрај татка си. Потоа Товиј со жена си и со своите деца отиде во Екбатана кај својот тест Рагуила.
13. Таму доживеа чесна старост, ги погреба и тестот и тештата, па го наследи нивниот имот и имотот на својот татко Товита,
14. а умре во Екбатана Мидиска кога имаше сто дваесет и седум години.
15. Пред да умре разбра за разурнувањето на Ниневија, која ја разорија Навуходоносор и Асуар, така што пред смртта се израдува над пропаста на Ниневија.