Трета книга Царства

David and Goliath

1. Староста на Давида; Адонија еден од синовите на Давида, кој се обидува да го наследи татка си. Давид го избира својот син Соломона за наследник.

1. Кога царот Давид остаре и исполни години, иако го завиткуваа во алишта, но не можеше да се стопли.
2. Тогаш неговите слуги му рекоа: „Нека побараат за нашиот цар – господар млада девица, за да стои при царот, да го гледа и да лежи при него, – и ќе му биде топло на нашиот цар – господар.”
3. И бараа по сите израилски предели убава девица, и ја најдоа Ависага, Сунамитка, и ја доведоа при царот.
4. Девицата беше многу убава; таа го гледаше царот и му служеше; царот, меѓутоа, не ја позна.
5. Адонија, синот Агитин, се возгордеа и рече: „Јас ќе бидам цар.” Па си набави коњи и коњаници и педесет души брзоодци.
6. Но татко му негов не го обеспокојуваше никогаш со прашањето: „Зошто го правиш тоа?” Тој беше многу убав, а му се беше родил по Авесалома.
7. И тој се советуваше со Саруевиот син Јоав и со свештеникот Авијатар, и тие му помагаа на Адонија.
8. Но свештенкот Садок и Ванеја, Јодаевиот син, пророкот Натан, Семеј, Рисиј и Давидовите јунаци не ја држеа страната на Адонија.
9. И Адонија закла овци, волови и телиња при каменот Зоелет, што е при изворот Рогел, и ги покани сите свои браќа, царски синови, и сите Јудејци што служеа при царот.
10. А пророкот Натан и Ванеја, и другите јунаци и братот свој Соломона не ги покани.
11. Тогаш Натан ѝ рече на Вирсавија, Соломоновата жена, велејќи: „Слушна ли, дека Агитиниот син Адонија се прогласи за цар, а нашиот господар Давид не знае за тоа?
12. Сега, ете, јас те советувам: спасувај го животот свој и животот на синот свој Соломона.
13. Оди и влези при царот Давида и кажи му: „Нели ѝ се колнеше, господару мој, цару, на слугинката своја, велејќи – синот твој Соломон ќе биде цар по мене и тој ќе седне на престолот мој? – Зошто тогаш се прогласил за цар Адонија?”
14. И ете, додека уште говориш таму со царот, ќе влезам јас со тебе и ќе ги дополнам твоите зборови.”
15. Вирсавија отиде при царот во спалната; царот беше многу стар, и Сунамитката Ависага му служеше.
16. Вирсавија се наведна и му се поклони на царот; царот праша: „Што бараш?”
17. Таа му одговори: Ти ѝ се заколна на слугинката своја во Господа, твојот Бог: – син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол.
18. А сега, ете, Адонија се прогласил за цар, а ти, господару мој, цару, не знаеш за тоа.
19. Тој заклал многу волови, телиња и овци и ги поканил сите царски синови, свештеникот Авијатар и воениот началник Јоав; а Соломон, твојот слуга, не го поканил.
20. Но ти си цар, господару мој, и кон тебе се свртени очите на сите Израилци, за да им соопштиш, кој ќе седне на престолот на мојот цар – господар по него.
21. Инаку кога мојот господар, царот, ќе почине при татковците свои, ќе ме обвинат мене и синот мој Соломона.”
22. Додека таа уште говореше со царот, дојде и пророкот Натан.
23. Му соопштија на царот, велејќи: „Еве го пророкот Натан.” И тој влезе при царот и му се поклони ничкум до земја.
24. И Натан рече: „Господару мој, цару! Си рекол ли ти: »Адонија ќе царува по мене и тој ќе седне на мојот престол?«
25. Зашто тој сега слегол, заклал многу волови, телиња и овци, ги поканил сите цареви синови, воени началници и свештеникот Авијатар, и, ете, тие јадат и пијат кај него, и извикуваат: „Да живее царот Адонија!”
26. А мене, твојот слуга, свештеникот Садок, Јодаевиот син Ванеја и твојот слуга Соломона не нè покани.
27. Дали станало тоа по волјата на мојот цар – господар? И зошто ти не му откри на својот слуга, кој ќе седне на престолот на мојот цар – господар по него?”
28. Одговори цар Давид и рече: „Повикајте ми ја Вирсавија.” Таа влезе и застана пред царот.
29. Царот се колнеше и велеше: „Жив е Господ, кој ја спасуваше душата моја од секоја неволја!
30. Како што ти се колнев во Господа, Бога Израилев, велејќи дека син ти Соломон ќе царува по мене и тој ќе седне на престолот мој место мене, – така и ќе го направам тоа денес.”
31. Тогаш Вирсавија се наведна ничкум до земја, му се поклони на царот и рече: „Да живее мојот господар, царот Давид, засекогаш!”
32. И царот Давид рече: „Повикајте ми го свештеникот Садок, пророкот Натана и Јодаевиот син Ванеја.” И тие влегоа при царот.
33. Тогаш царот им рече: „Земете ги со себеси слугите на вашиот господар, качете го Соломона, мојот син, на маската моја и одведете го во Гион.
34. И таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израилот, затрубете со труба и извикајте: »Да живее царот Соломон!«
35. Потоа придружете го назад, и тој ќе дојде и ќе седне на мојот престол; тој ќе царува место мене; нему сум му ветил да биде водач на Израилот и на Јуда.”
36. Ванеја, Јодаевиот син, му одговори на царот и рече: „Амин! – така нека каже Господ, Бог на мојот цар – господар:
37. како што Господ беше со мојот цар – господар, така да биде Он и со Соломона и да го возвеличи престолот негов повеќе од престолот на мојот господар, царот Давида!”
38. Тогаш свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Ванеја, Херетејците и Фелетејците отидоа и го качија Соломона на маската од цар Давида и го поведоа кон Гион.
39. И свештеникот Садок зеде рог со елеј од скинијата и го помаза Соломона. И затрубија со труба, и сиот народ извика „Да живее царот Соломон!”
40. И сиот народ го придружуваше Соломона и народот свиреше со свирки и многу се радуваше, така што земјата трепереше од викањето негово.
41. И чу Адонија и сите поканети од него, што беа престанале да јадат; а Јоав, откако чу звук на труба, запраша: „Од што ли е овој шум на разбрануваниот град?”
42. Додека уште говореше, дојде Јонатан, синот на свештеникот Авијатар. И Адонија му рече: „Влези, ти си чесен човек и носиш добра вест.”
43. Јонатан одговори и му рече на Адонија: „Нашиот господар, царот Давид, го постави Соломона за цар;
44. и царот го испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Ванеја, Херетејците и Фелетејците, и тие го качија на царската маска;
45. и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа во Гион за цар, и тргнаа оттаму со радост, и градот се раздвижи. Ете од што е шумот, што го слушате.”
46. И Соломон веќе седна на царскиот престол.
47. А царските службеници доаѓаа да го поздрават нашиот господар, царот Давида, велејќи: »Твојот Бог нека го прослави името на Соломона повеќе од твоето име и нека го возвеличи неговиот престол повеќе од твојот престол!« И царот се поклони од леглото свое
48. и го рече ова: нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој денес од семето мое го дарува седнатиот на мојот престол, и тоа моите очи да го видат!”
49. Тогаш сите поканети при Адонија се уплашија, станаа и се разотидоа секој по патот свој.
50. Адонија, пак, плашејќи се од Соломона, стана, отиде и се фати за роговите на жртвеникот.
51. и му соопштија на Соломона, велејќи: „Адонија се плаши од царот Соломона, и, ете, тој се држи за роговите на жртвеникот и вели: »Нека ми се заколне сега царот Соломон, дека нема да го убие со меч својот слуга.«“
52. И Соломон рече: „Ако тој биде чесен човек, ни едно влакно од него нема да падне на земјата; но, ако се најде во него лукавство, ќе умре.”
53. Тогаш Соломон истрати, та го доведоа од жртвеникот. Тој дојде и му се поклони на цар Соломона. А Соломон му рече: „Оди во домот свој!”

2. Давидова смрт; погубувањата на Адонија, Авијатар и Јоав; непослушноста на Семеј и неговата смрт.

1. Наближи времето да умре Давид, и тој му заповеда на синот свој Соломона, велејќи:
2. „Еве, јас заминувам по патот на сите смртни, а ти биди храбар и човек,
3. и чувај го заветот Господов, твојот Бог, одејќи по Неговите патишта и да ги чуваш повелбите Негови и заповедите Негови, судовите Негови и законите Негови, како што е напишано во Мојсеевиот закон, за да бидеш благоразумен во сè, што и да правиш, и насекаде, каде и да се свртиш,
4. та Господ да го исполни зборот Свој, што го беше кажал за мене, велејќи: »Ако твоите синови ги чуваат патиштата свои, за да одат пред Мене во вистината од сè срце и од сета душа, нема да недостига човек од тебе на Израилевиот престол.«
5. Но – ти знаеш, што ми направи Саруевиот син Јоав, како постапи со двајцата војводи на израилската војска, со Нировиот син Авенир и со Јетеровиот син Амасеј, како ги уби и во мирно време пролеа крв како во борба, и со борбена крв го искрвави појасот на крстот свој и обувките на нозете свои;
6. а ти постапи со мудроста своја, за да не ја отпуштиш староста негова со мир во пеколот.
7. А на синовите од Галадецот Верзелиј направи им милост, та да бидат меѓу оние, што се хранат на твојата трпеза, бидејќи тие дојдоа при мене, кога бегав од братот твој Авесалома.
8. Ете, при тебе е и Семеј, синот на Венијаминецот Гера од Ваурим; тој ме навредуваше со тешки навреди, кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет при Јордан, и јас му се заколнав во Господа, велејќи: нема да те погубам со меч.
9. Но ти не го оставај неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш што треба да направиш со него, та да ја собориш староста негова окрвавена во пеколот.”
10. И потоа Давид почина при татковците свои и беше погребан во Давидовиот град.
11. А Давид царуваше над Израилот четириесет години: во Хеврон царуваше седум години и во Ерусалим царуваше триесет и три години.
12. Тогаш Соломон седна на престолот на татка си Давида, и царството негово се зацврсти многу.
13. А Адонија, Агитиниот син, дојде кај Вирсавија, Соломоновата мајка и ѝ се поклони. Таа го праша: „Со мир ли си дојден?” Тој одговори: „Со мир.”
14. И тој рече: „Имам нешто да ти кажам.” Таа му рече: „Кажувај.”
15. Тогаш тој продолжи: „Ти знаеш, дека царството ми се паѓаше мене, и сиот Израил ги свртуваше погледите кон мене, како кон иден цар; но царството отиде од мене и се падна на братот мој, бидејќи тоа беше од Господа.
16. Сега те молам за едно: не ми откажувај.” Таа му рече: „Говори.”
17. И тој пак продолжи: „Те молам проговори му на царот Соломона, бидејќи тој нема да ти откаже, да ми ја даде за жена Сунамитката Ависага.”
18. Вирсавија одговори: „Добро, јас ќе зборувам со царот за тебе.”
19. И Вирсавија влезе при царот Соломона да му говори за Адонија. Царот стана пред неа, ѝ се поклони и седна на престолот свој. Поставија престол и за царевата мајка, и таа седна десно од него;
20. и рече: „Имам една молба кон тебе, не ми откажувај.” А царот ѝ одговори: „Барај, мајко, нема да ти откажам.”
21. Таа рече: „Дај му ја Сунамитката Ависага за жена на братот твој Адонија.”
22. Тогаш цар Соломон одговори и ѝ рече на мајка си: „А зошто ја бараш Сунамитката Ависага за Адонија? Побарај го за него и царството, бидејќи тој ми е поголем брат, откај него се свештеникот Авијатар, и Саруевиот син Јоав воен началник и пријател.”
23. И царот Соломон се заколна во Господа, велејќи: »Тоа и тоа да ми направи Господ и уште повеќе да ми додаде, ако Адонија не ги кажал тие зборови по цена на душата своја.«
24. А сега – „жив ми Господ, Кој ме зацврсти и постави на престолот од мојот татко Давида и Кој ми основа дом, како што беше говорел Он, – сега Адонија треба да умре.”
25. И царот Соломон го испрати Јодаевиот син Ванеја, кој го удри и тој умре.
26. На свештеникот Авијатар царот му рече: „Оди си во Анатот на нивата своја; ти заслужуваш смрт, но сега нема да те погубам, бидејќи си го носел ковчегот на Господа Бога пред татко ми Давида, и си трпел сè, што трпел и татко ми.”
27. И Соломон го отстрани Авијатара од Господовото свештенство, и се исполни словото на Господа, што го беше кажал за Илиевиот дом во Силом.
28. Дојде глас за тоа до Јоава, – бидејќи Јоав ја држеше страната на Адонија, а не ја
држеше страната на Соломона, – и Јоав избега во Господовата скинија и се фати за роговите на жртвеникот.
29. Му соопштија на цар Соломона, дека Јоав избегал во Господовата скинија и дека е кај жртвеникот. Соломон го испрати Јодаевиот син Ванеја, велејќи: „Оди, убиј го и погреби го.”
30. Ванеја дојде во Господовата скинија и му рече на Јоава: „Вака кажа царот: излегувај.” А тој одговори: „Не, јас сакам тука да умрам.” Ванеја му го соопшти тоа на царот, велејќи: „Така рече Јоав и така ми одговори.”
31. Царот му рече: „Направи како што рекол тој: убиј го и погреби го, и пролеаната невина крв од Јоава ќе ја измиеш од мене и од домот на татка ми;
32. Господ нека ја сврти крвта негова врз неговата глава, поради тоа што уби двајца невини мажи подобри од него: тој го погуби со меч, без знаење на татка ми Давида, Нировиот син Авенир, воен началник Израилски, и Етеровиот син Амасеј, воен началник Јудејски;
33. нека се сврти крвта нивна врз главата на Јоава и врз потомството негово засекогаш, а на Давида, и на потомството негово, и на домот негов, и на престолот негов нека биде мир од Господа засекогаш!”
34. И отиде Јодаевиот син Ванеја, го удри Јоава и го уби; и тој беше погребан во куќата своја, во пустињата.
35. Тогаш царот Соломон го постави Јодаевиот син Ванеја над војската место него; а управата на царството беше во Ерусалим. Свештеникот Садок, пак, царот го постави за првосвештеник место Авијатара. Господ му даде на Соломона разум, многу голема мудрост и широк ум како песок крај морето. И Соломон имаше разум поголем од разумот на сите синови на Исток и на сите мудри Египтјани. Тој си ја зеде за жена фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека го изгради домот свој и, пред сè, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим; по седум години тој ја заврши градбата. Соломон имаше седумдесет илјади души пренесувачи на товари и одумдесет илјади каменоделци во планините. И Соломон направи море и потпирки, големи бањи и столбови, извор во дворецот и бакарно море, изгради кула и тврдини нејзини и го раздели Давидовиот град. Тогаш фараоновата ќерка мина од Давидовиот град во својот дом што тој ѝ го изгради; потоа Соломон изгради ѕидови околу градот. Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и мирни жртви на жртвеникот, што Му го изгради на Господа, и каде што пред Господа врз него и ја заврши градбата на домот. Главните распоредувачи на Соломоновите работи беа три илјади и шестотини, и тие управуваа со народот, што ги извршуваше работите. Тој го изгради Асур и Магдон, Гавер, Горни Ветерон и Валалат; но тие градови тој ги изгради, откако го беше изградил Господовиот дом и ѕидовите околу Ерусалим. Уште додека беше жив, Давид му заповеда на Соломона, велејќи: „Ете, при тебе е Семеј, синот на Гера, Јеминиев син од Веурим; тој ме навредуваше со тешки навреди, кога одев во Маханаим; но тој ми излезе во пресрет при Јордан, и јас му се заколнав во Гсопода, велејќи: нема да те погубам со меч; но ти не оставај го неказнет, бидејќи си мудар човек и знаеш, што треба да направиш со него, за да ја симнеш староста
негова окрвавена во пеколот.”
36. Царот испрати, та го повика Семеја и му рече: „Изгради си дом во Ерусалим и живеј тука и никаде не излегувај оттука;
37. и знај, дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе го минеш потокот Кедрон, бездруго ќе умреш; крвта твоја ќе биде врз твојата глава.”
38. А Семеј му рече на царот: „Добро; како што заповеда мојот цар – господар, така ќе направи твојот слуга.” И Семеј живееше во Ерусалим долго време.
39. Но по три години се случи, та двајца од Семеевите слуги да избегаат при гетскиот цар Анхус, Махов син. И му јавија на Семеја, велејќи: „Ете, твоите слуги се во Гет.”
40. Семеј стана, го оседла оселот и тргна за Гет при Анхуса да ги бара слугите свои. Семеј се врати и ги доведе слугите свои од Гет.
41. И го известија Соломона, дека Семеј одел од Ерусалим во Гет и се вратил.
42. Тогаш царот испрати, та го повика Семеја и му рече: „Нели ти се заколнав во Господа и не ли ти соопштив, велејќи: знај дека во оној ден, во кој ќе излезеш и ќе отидеш некаде, бездруго ќе умреш? И ти ми одговори: добро.
43. Па зошто не ја запази заповедта, што ти ја дадов пред Господа со клетва?”
44. Уште му рече на Семеја царот: „Ти го знаеше и го знае срцето твое сето зло, што си му
го направил на татка ми Давида. Туку Гсопод нека ја сврти злобата твоја врз твојата глава!
45. А цар Соломон
да биде благословен, и Давидовиот престол да стои цврсто пред Господа засекогаш!”
46. И царот му заповеда

3. Соломон му се моли на Бога да му подари мудрост. Една мудра Соломонова пресуда.

1. Кога се зацврсти царствово во рацете на Соломона, Соломон се сроди со Фараонот, египетскиот цар, и ја зеде фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека да го изгради домот свој, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим.
2. Народот уште принесуваше жртви по обречените места, бидејќи до она време не беше изграден дом на името Господово.
3. Соломот го возљуби Господа, одејќи по наредбите на татка си Давида, но и тој принесуваше жртви и кадеше по оброчиштата.
4. Затоа царот отиде во Гаваон, за да принесе таму жртва, бидејќи таму беше главниот жртвеник. Илјада сепаленици принесе Соломон врз тој жртвеник.
5. Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон и му рече: „Барај што сакаш да ти дадам.”
6. Соломон одговори и рече: „Ти му направи голема милост на Твојот слуга, татка ми Давида; и поради тоа што тој одеше пред Тебе, по вистината и правдата и со искрено срце пред Тебе, Ти му ја зачува таа голема милост и му подари син, кој ќе седи на престолот негов, како што е тоа денес;
7. и денес, Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татка ми Давид, но јас сум сосема млад, не знам ни да излегувам, ни да влегувам.
8. А Твојот слуга е среде Твојот народ, што си го избрал, народ толку многуброен, па поради мноштвото негово не може ни да се преброи, ни да се догледа.
9. Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце, за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло; зашто, кој може да управува со тој многуброен Твој народ?”
10. Угодно Му беше на Господа, што Соломон го побара тоа.
11. Господ му рече: „Затоа што го побара тоа, и не побара за себеси долг живот, не побара богатство, не ги побара душите на твоите непријатели, туку си побара разум, за да умееш да судиш, –
12. Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе;
13. и она што не го побара, Јас ти го давам, – и богатство, и слава, така што нема да има подобен на тебе меѓу царевите во сите твои денови;
14. и ако одиш по Мојот пат, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што одеше татко ти Давид, ќе ги продолжам и твоите дни.”
15. Соломон се разбуди, и, ете, тоа беше сон. И отиде во Ерусалим, та застана пред жртвеникот при ковчегот на заветот Господов, принесе сепаленици и жртви благодарствени и богато ги нагости сите слуги свои.
16. Тогаш дојдоа при царот две жени блудници и се исправија пред него.
17. И едната жена рече: „О, господаре мој! Јас и оваа жена живееме во една куќа, и родив при неа во таа куќа;
18. а на третиот ден, откако родив, роди и таа жена; ние бевме заедно, и во куќата при нас немаше никој надворешен човек; само ние двете бевме во куќата.
19. Преку ноќ умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него;
20. а таа преку ноќ станала, го зела мојот син од мене, кога јас, твојата слугинка, сум спиела, и го ставила до градите свои, а својот мртов син го ставила до моите гради.
21. Утредента станав да го надојам синот свој, и ете, тој беше мртов; а кога на виделина се загледав во него, тоа не беше мојот син, што го бев родила.”
22. Другата жена рече: „Не, мојот син е живиот, а твојот син е умрениот.” А таа ѝ велеше: „Не, твојот син е умрениот, а мојот е живиот.” И се препираа така пред царот.
23. Царот тогаш рече: „Оваа говори: мојот син е живиот, а твојот е умрениот; а онаа говори: „Не, твојот син е умрениот, а мојот син е живиот.”
24. Потоа царот рече: „Дајте ми меч!” И му донесоа меч.
25. И тогаш царот рече: „Пресечете го живото дете на две половини и дајте ја едната половина на едната, а другата половина на другата.”
26. И му одговори на царот онаа жена, чиј беше живиот син, зашто целата нејзина утроба се беше растреперила од жал спрема нејзиниот син: „О, господаре мој! Дајте ѝ го тоа дете живо и не го убивајте”. А онаа другата рече: „Нека биде ни мое, ни твое, сечете го!”
27. И царот проговори и рече: „Дајте ѝ го живото дете на првата, и не го убивајте: таа е неговата мајка.”
28. И сиот Израил чу за судот, како пресуди царот. И почнаа да се плашат од царот, зашто видоа дека има мудрост Божја во него, за да извршува суд.

4. Соломоновите високи началници и управители.

1. Царот Соломон беше цар над сиот Израил.
2. И еве кои беа неговите кнезови: Азарија, син на свештеникот Садок;
3. Елихореф и Ахија, синови на Сива – писари; Јосафат, Ахилудов син – летописец;
4. Ванеја, Јодаевиот син, – војвода, Садок и Авијатар – свештеници;
5. Азарија, Натановиот син, – началник на управителите, и Завут, син на свештеникот Натан, – пријател на царот;
6. Ахисар, – управник на царскиот дом, а Адонирам, – син Авдин – на даноците.
7. Соломон имаше дванаесет управници над сиот Израил, кои му доставуваа храна на царот и на неговиот дом; секој беше должен да доставува храна за по еден месец во годината.
8. Еве ги имињата нивни: синот Уров – на Ефремовата гора;
9. синот на Декер – во Макас и во Салвим, во Ветсамис, во Елон и во Вет-Анан;
10. синот Седафоф – во Арувот; нему исто така му припаѓаше Сохот и целата земја Оферова;
11. синот на Аминадав – над целиот крај Дор; а Тафат, Соломоновата ќерка, беше негова жена;
12. Вана, Ахилудовиот син, во Тенах и Мегидон, и во целиот Вет-Сан кој е блузи до Сартан под Језраел, од Вет-Сан до Авел-Мехол, и дури зад Јок-Меам;
13. синот Геверов – во Рамот Галадски; нему му припаѓаа селата на Јаира, Манасиев син, кои се во Галад; нему му припаѓаше и областа Аргов, во Васан, шеесет големи градови со ѕидови и бакарни резиња;
14. Ахинадав, Идов син, во Маханаим;
15. Ахимас, во земјата Нефталимова; тој си ја беше земал за жена Васемата, Соломонова ќерка;
16. Вана, Хусев син, во земјата Асирова и во Алот;
17. Јосафат, Фаруев син, во земјата Исахарова;
18. Семеј, синот на Ила, во земјата Венијаминова;
19. Гевер, Уриев син, во земјата Галадска, во земјата на аморејскиот цар Сион, и на
васанскиот цар Ог. Тој беше управник на таа земја.
20. Јудејците и Израил, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа.
21. Соломон владееше со сите царства од реката Ефрат до Филистејската земја и до границата на Египет. Тие принесуваа дарови и му служеа на Соломона во сите дни на животот негов.
22. Секојдневната храна на Соломона беше: тиесет кори пченично брашно и шеесет кори друго брашно,
23. десет згоени волови и дваесет волови одбрани и сто овци, освен елени и срни, и диви кози и птици;
24. зашто тој господареше над целата земја од оваа страна на реката, од Тапса до Газа, над сите цареви од оваа страна на реката, и имаше мир со сите околни земји.
25. И живееја Јудејците и Израил спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја, од Дан до Врисавија, преку сите Соломонови дни.
26. Соломон имаше четириесет илјади коњи за коли и дванаесет илјади за коњицата.
27. И управниците му доставуваа на цар Соломона сè што требаше за царската трпеза, секој во својот месец, и не дозволуваа да има недостиг од ништо.
28. Исто така и јачмен, и слама за коњите и за маските доставуваше секој навремено во местото, каде што се наоѓаше царот.
29. А Бог му даде на Соломона мудрост, многу голем разум и широк ум како песокта на морскиот брег.
30. И Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите синови на Исток, од сета мудрост на Египтјаните.
31. Тој беше помудар од сите луѓе, помудар и од Гетана Језраилецот и од Емана, и од Халкада и Дарда, Самадовиот син, и името негово се славеше по сите околни народи.
32. Тој изрече три илјади мудри изреки, а песните негови беа илјада и пет;
33. тој изговори и за дрвјата, од кедар, што е во Ливан, до исоп, што никнува по карпите; тој говореше и за животните, за птиците, за влекачите и за рибите.
34. И од сите народи доаѓаа да ја чујат Соломоновата мудрост, и сите земни цареви, што беа слушале за неговата мудрост.

5. Соломоновиот сојуз со тирскиот цар Хирам; подготвување за градба на храмот.

1. Хирам, тирски цар, ги испрати слугите свои при Соломона, откако чу, дека го помазале за цар место татка му, зашто Хирам беше Давидов пријател во текот на целиот негов живот.
2. А и Соломон испрати да му кажат на Хирама:
3. „Ти знаеш, дека татко ми Давид не можеше да изгради дом на името Господово, својот Бог, поради војните со околните народи, додека Господ не го покори под нозете негови;
4. но сега Господ, мојот Бог, ми даде спокојство од сите страни: нема противник и нема веќе стапици.
5. И, ете, јас имам намера да изградам дом на името Господово, мојот Бог, како што му беше рекол Господ на татка ми Давида, велејќи: »Твојот син, кого што ќе го поставам на твојот престол место тебе, ќе изгради дом на Моето име.«
6. Затоа, заповедај да ми насечат кедрово дрво од Ливан; и ете, моите слуги ќе бидат заедно со твоите слуги, како ти што ќе определиш, зашто знаеш, дека кај нас нема луѓе, кои умеат да сечат дрва така, како Сидонците.”
7. Кога Хирам ги чу зборовите од Соломона, многу се зарадува и рече: „Благословен нека е денес Господ, Кој му даде на Давида мудар син, за да управува со тој многуброен народ!”
8. И Хирам испрати при Соломона да кажат: „Го ислушав тоа, за кое беше си испратил до мене; ќе ја исполнам твојата желба за кедровото дрво и кипарисовото:
9. слугите мои ќе ги довлечкаат од Ливан до морето, и на сплавови ќе ги дотераат по море до местото, што ќе ми го определиш; таму ќе ги растоварам, и ти ќе ги земеш; но и ти исполни ја желбата моја, да доставуваш храна за мојот дом.”
10. И Хирам му даваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво, според желбата негова.
11. А Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за исхрана на неговиот дом и дваесет кори цедено маслиново масло, – толку Соломон му даваше на Хирама секоја година.
12. Господ му даде на Соломона мудрост, како што му беше ветил. И меѓу Хирама и Соломона имаше мир, а склучија и сојуз меѓу себе.
13. Цар Соломон наложи обврска врз сиот Израил; а обврската се состоеше од триесет илјади луѓе.
14. Тој ги испраќаше во Ливан, по десет илјади на месец, на смени; еден месец престојуваа во Ливан, а два месеци – по домовите свои. Адонирам, пак, беше нивни управник.
15. Соломон имаше уште седумдесет илјади пренесувачи на товари, и осумдесет илјади каменоделци во планините,
16. надвор од трите илјади и триста настојници, што Соломон ги беше поставил над работата, да го надгледуваат народот, што ги извршуваше работите.
17. И царот заповеда да донесуваат големи камења за основата на домот, камења делкани.
18. Ги делкаа, пак, Соломонови работници и Хирамови работници и Гевалци, и подготвуваа дрвја и камења за градење на домот три години.

6. Изградба на храмот.

1. Во четиристотини и осумдесеттата година по излгувањето на Израилевите синови од Египетската земја, во четвртата година на Соломоновото царување над Израилот, во месец Зиф, кој е втор месец, Соломон почна да Му гради храм на Господа.
2. А храмот, што цар Соломон Му го изгради на Господа, беше долг шеесет лакти, широк – дваесет и висок – триесет лакти;
3. тремот пред храмот беше долг дваесет лакти, според ширината на храмот, и широк – десет лакти пред храмот
4. Во храмот тој направи прозорци, затворени со решетки.
5. И направи доградба околу ѕидовите на храмот, околу храмот и Свјатаја Свјатих; а направи и странични соби наоколу.
6. Долниот кат на зградата беше широк пет лакти, средниот широк – шест лакти, а третиот – широк седум лакти; зашто околу храмот надвор беа направени растојанија за доградба да не
допираат до ѕидовите на храмот.
7. Кога се градеше храмот, за градење се употребуваа делкани камења, така што за време на градењето на храмот не се слушаше, ни чекан, ни тесла, ниту некакво друго железно орудие.
8. Вратата на средниот кат беше десно од храмот. По тркалезни скали се искачуваа на вториот кат а од вториот – на третиот.
9. Така го изгради тој храмот, го изгради и го обложи со кедрови штици.
10. и догради до целиот храм странични соби, високи пет лакти; тие беа прикрепени кон храмот со кедрови греди.
11. И би слово Господово кон Соломона, и му беше речено:
12. „Ете, ти градиш храм: ако одиш по Моите закони, ако постапуваш по Моите наредби и ако ги пазиш сите Мои заповеди, управувајќи се според нив, Јас ќе го исполнам врз тебе словото Свое, што му го бев кажал на татка ти Давида;
13. И ќе живеам среде Израилевите синови и нема да го оставам Мојот народ Израилот.”
14. И така, Соломон го изгради храмот и го заврши.
15. Ги обложи ѕидовите на храмот однатре со кедрови штици; од подот до потонот ти обложи однатре со дрво, а подот на храмот го покри со кипарисови штици.
16. а во задната страна на храмот на дваесет лакти од крајот, издигна ѕид и ги обложи
ѕидовите и подот со кедрови штици, и направи простор за Свјатаја-Свајтих.
17. А храмот, само предниот дел на храмот, имаше четириесет лакти.
18. По кедарот однатре имаше резби, слични на краставички и распукнати цветови; сè беше покриено со кедар, камен не се гледаше.
19. А внатре во храмот тој подготви оддел за да го постави таму ковчегот нз заветот Господов.
20. Одделот беше долг дваесет лакти, широк дваесет лакти, и висок дваесет лакти; тој го опкова со чисто злато; исто така го опкова и кедровиот жртвеник.
21. Одвнатре, Соломон го опкова храмот со чисто злато, и протегна златни вериги пред Свајтаја Свјатих, и ја опкова со злато.
22. Целиот храм тој го обложи со злато, целиот храм докрај, и целиот жртвеник, што е пред Свјатаја-Свјатих, го опкова со злато.
23. А во Свјатаја-Свјатих направи два херувима од маслиново дрво, високи по десет лакти
24. Едното крило на херувимот беше долго пет лакти и другото крило на херувимот – пет лакти; десет лакти имаше од едниот крај на крилјата негови до другиот крај на крилјата негови.
25. Десет лакти имаше и другиот херувим; еднаква мерка и еднаков облик имаа двата херувима.
26. Височината на едиот херувим беше десет лакти, исто така и на другиот херувим.
27. Тој ги постави херувимите среде внатрешниот дел на храмот. А крилјата на херувимите беа раширени, и крилото на едниот се допираше до едниот ѕид, а крилото на другиот херувим допираше до другиот ѕид; другите нивни крилја пак се среќаваа крило со крило среде храмот.
28. Тој ги обложи херувимите со злато.
29. И по сите ѕидови на храмот наоколу издлаби ликови на херувими, палми и расцутени цветови, однатре и однадвор.
30. И подот на храмот го опкова со злато во внатрешниот и предниот дел.
31. За влез во Свјатаја Свјатих тој направи врата од маслиново дрво со петоаглони спојки.
32. На двете половини на вратата од маслиновото дрво тој издлаби херувими, палми и расцутени цвеќиња и ги обложи со злато; го покри со злато и херувимите и палмите.
33. И при влезот на храмот тој направи четириаголни столбови од маслиново дрво
34. и две врати од кипарисово дрво; двете половинки на едната врата беа подвижни, и двете половинки на другата врата исто така беа подвижни.
35. Издлаби по нив херувими, палми и расцутени цвеќиња и ја обложи резбата со злато.
36. И внатрешниот трем го направи од три реда делкани камења и од еден ред кедрови греди.
37. На четвртата година, во месецот Зиф, вториот месец, тој ги беше положил основите на храмот Господов,
38. а на единаесеттата година, во месецот Вул, тоа е осмиот месец, – тој го заврши храмот со сите негови принадлежности и според сите негови преднацрти. Соломон го градеше храмот седум години.

7. Дворецот на Соломона.

1. Потоа Соломон изгради свој дом, а го градеше тринаесет години, и наполно го заврши.
2. Тој го изгради домот свој од ливанско дрво: долг сто лакти, широк педесет лакти, а висок триесет лакти, на четири реда кедрови столбови; и кедрови греди беа положени врз столбовите.
3. Подот беше послан со кедар врз греди на четириесет и пет столба, по петнаесет во ред.
4. Прозорски столбови имаше три реда; имаше и три реда прозорци, прозорец спроти прозорец.
5. Сите врати и соби беа четириаголни, прозорец спроти прозорец во три реда.
6. Тој направи и трем од столбови, педесет лакти долг, триесет лакти широк, и пред нив – трем, столбови, и праг пред нив.
7. Уште направи и трем со престол, од кој тој судеше, трем за судилиште, и сите подови ги покри со кедар.
8. Во домот, каде што живееше, имаше друг двор зад тремот, исто така изграден. И во домот на фараоновата ќерка, која Соломон ја беше зел, направи исто така трем.
9. Сето тоа беше направено од скапи камења – делкани според размер, изрежани со трион однатре и однадвор, – од основата до покривот, и однадвор до големиот двор.
10. Во основата беа положени скапи камења, камења големи, камења од десет лакти;
11. и одозгора скапи камења, делкани според размер, и кедар.
12. Големиот двор беше ограден наоколу со три реда делкани камења и со еден ред кедрови греди; исто така и внатрешниот двор на храмот Господов и храмовиот трем.
13. Цар Соломон испрати да го доведат од Тир Хирама,
14. син на една вдовица од Нефталимовото племе. Татко му тирјанин, беше бронзоливец; тој беше способен и искусен, а умееше да прави секакви предмети од бронза. И тој дојде при цар Соломона и му правеше секакви работи:
15. тој изли два бронзени столба, секој висок по осумнаесет лакти, и врвот од дванаесет лакти го опфаќаше пречникот на едниот и на другиот столб;
16. тој направи и две главички, излеани од бронза, за да ги стави врз столбовите; пет лакти висока едната главичка и пет лакти висока втората главичка;
17. направи мрежи плетени и врвови како вериги за главичките, што беа врз столбовите: седум за едната главичка и седум за другата главичка.
18. Така ги направи тој столбовите и два реда нарови околу мрежата, за да ги покрие главичките, што се при столбовите, истото го направи и за другата главичка.
19. А во тремот главичките при столбовите беа направени слично на крин, четири лакти;
20. и главичките врз двата столба одозгора беа такму над издадената работа, што беше до мрежата; и врз другата главичка во редови наоколу двесте нарови.
21. И ги постави столбовите на храмовиот трем; постави столб оддесно и му даде има Јахин; постави столб и одлево и го нарече Воас.
22. А над столбовите положи главички, направени слично на крин. Така заврши работата над столбовите.
23. Направи и излеано од бронза море – од едниот негов крај до другиот имаше десет лакти, – и сосема кружно, пет лакти високо; и венец од триесет лакти го опфаќаше наоколу.
24. Под краиштата негови имаше од сите страни издадени работи како јаболка по десет на лакот; тие го опкружуваа морето од сите страни во два реда; издадените работи како јаболка беа излеани заедно со него.
25. Тоа стоеше на дванаесет вола: три гледаа кон север, три гледаа кон запад, три гледаа кон југ и три гледаа кон исток; морето стоеше врз нив, а задната страна му беше свртена навнатре под него.
26. Тоа беше дебело една дланка, а краиштата негови, направени како краишта на чаша, прилегаа на процутен крин. Тоа собираше две илјади мери.
27. Тој направи и десет борнзени подножја; секое подножје беше долго четири лакти, широко – четири лакти, високо – три лакти.
28. Еве ја направата на подножјата: тие имаа страни, страни меѓу аголните продолжетоци.
29. Врз страните, што беа меѓу аголните продолжетоци, имаше обликувани лавови, волови и херувими; исто така и врз аголни продолжетоци; а над лавовите и воловите и под нив имаше висечки венци;
30. секое подножје имаше по четири бронзени тркала и бронзени оски. На четирите агли имаше испупчувања како раменици, излеани испупчувања, оддолу под мијалникот, до секој венец.
31. Отворот од внатрешниот венец до горе имаше еден лакот; отворот му беше кружен како подножјето на столбовите; лакот и половина, и при отворот негов – резби; но страните беа
четириаголни – не кружни.
32. Под страните имаше четири тркала и оски на тркалата во подножјата; секое тркало беше високо лакот и половина.
33. Направата на тркалата беше исто таква, како тркалата на колите; оските нивни, оплатите нивни, спиците нивни и главичките нивни – сè беше излеано.
34. Имаше четири испакнатини на четирите агли на секое подножје; од подножјата излегуваа испакнатините негови.
35. И врз подножјата имаше испакнатини, половина лакот високи, а над подножјата дршките нивни и ѕидовите им беа од иста материја.
36. Тој изваја и врз штичките на дршката нејзина и на ѕидовите нејзини херувими, лавови и палми, колку што дозволуваше местото, и наоколу – висечки венци.
37. Така направи тој десет подножја; сите еднакво излеани, еднаква мерка, еднаков изглед.
38. Направи и десет бронзени мијалници; секој мијалник собираше по четириесет мери; секој мијалник имаше четири лакти; секој мијалник стоеше на едно од десетте подножја.
39. Тој ги распореди подножјата – пет десно од храмот и пет лево од храмот, а морето го постави десно од храмот, на источната страна кон југ.
40. Хирам ги направи мијалниците, лопатките и машите. И ја сврши Хирам целата работа, што ја вршеше при цар Соломона за храмот Господов, односно:
41. два столба и два појаса на главичките, што се врз столбовите, и две мрежи за покривање на двата појаса на главичките, што се врз столбовите,
42. и четиристотини нарови на двете мрежи; два реда нарови на секоја мрежа за покривање на двата појаса над главичките, што се врз столбовите,
43. и десет подножја и десет мијалници на подножјата;
44. едно море и дванаесет вола под морето;
45. и котли, и лопатки, и чаши. Сите работи, што Хирам му ги направи на царот Соломона за храмот Господов, беа од измазнет бакар.
46. Царот ги излеа во глинена земја, во околината на Јордан, меѓу Сохот и Сартан.
47. Соломон ги постави сите тие работи на местата нивни. Поради нивното извонредно множество тежината на бронзата не беше определена.
48. Соломон ги направи и сите предмети, што се во храмот Господов: златен жртвеник и златна трпеза, на која се ставаат лебовите на предложението:
49. светилници – пет оддесно и пет одлево, пред задното одделение на храмот, од чисто злато, цвеќиња, кандилца и штипки од злато;
50. и чинии, и ножеви, и чаши, и подносници и кадилници од чисто злато; резиња за вратите на внатрешноста од храм во Свјатаја Свјатих и за вратите во храмот, исто така од злато.
51. Така беше свршена сета работа, што ја изврши цар Соломон за храмот Господов. И го принесе Соломон посветеното од татко му Давида: среброто, златото и предметите ги предаде во ризницата на храмот Господов.

8. Пренос на Ковчегот на заветот; Бог влегува во Својот дом. Говорот на царот Соломона пред народот и неговата молитва кон Бога.

1. Тогаш Соломон ги повика кон себе во Ерусалим старешините Израилеви и сите кнезови на племињата, родоначалниците на синовите Израилеви, за да го пренесат Ковчегот на заветот Господов од Давидовиот град, од Сион – во храмот.
2. И се собраа на празникот при царот Соломон сите Израилци во месецот Атаним, кој е седмиот месец.
3. Дојдоа сите старешини Израилеви; и свештениците го кренаа ковчегот
4. и го понесоа Ковчегот Господов и скинијата на сведоштвото и сите свештени предмети, што беа во скинијата; а ги носеа свештениците и Левитите.
5. А цар Соломон и со него целиот израилски собор, што се беше собрал при него, одеа пред Ковчегот, принесувајќи жртви од ситен и крупен добиток, кој не беше можно да се изброи и
пресмета и поради мноштвото негово.
6. Свештениците го внесоа Ковчегот на заветот Господов на местото негово, во внатрешноста на храмот, во Свјатаја Свјатих, под крилјата на херувимите.
7. Зашто херувимите ги ширеа крилјата над местото на Ковчегот, и херувимите го покриваа одозгора Ковчегот и лостовите негови.
8. Лостовите се подаваа така, што главичките нивни се гледаа во светилиштето, но не излегуваа надвор; тие се таму и до денес.
9. Во ковчегот намаше ништо, освен двете камени плочи, кои Мојсеј ги беше положил внатре во Хорив, кога Господ склучи завет со синовите Израилеви, откако беа излезени од Египетската земја.
10. Кога свештениците излегоа од светилиштето, облак го исполни домот Господов.
11. И свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот, бидејќи светлината Господова го исполни храмот Господов.
12. Тогаш Соломон рече Господ благоволи да живее во магла:
13. „Ти изградив храм Тебе за живеалиште, место, каде што ќе престојуваш засекогаш.”
14. И царот се сврти со лицето свое, и го благослови целото собрание на Израилците, а целото собрание на Израилците стоеше. –
15. Тогаш рече: „Нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој со устата Своја му рече на татка ми Давида, и реченото денес го исполни со раката Своја! Он беше рекол:
16. »Од оној ден, кога ги изведов Мојот народ Израилот од Египет, Јас не одбрав град меѓу племињата Израилеви, за да се изгради дом, каде што ќе остане засекогаш името Мое; го избрав Давида, тој да биде над Мојот народ Израилот.«
17. Тако ми Давид намисли да изгради храм во името на Господа, Бога Израилев;
18. но Господ му рече на татка ми Давида: »ти си намислил да изградиш храм на името Мое; добро е дека ти е тоа на срцето;
19. меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, кој излегол од бедрата твои, – тој ќе изгради храм на името Мое.
20. И Господ го исполни словото Свое, што беше го изрекол; јас се издигнав на местото на таткото мој Давида, и седнав на престолот Израилев, како што рече Господ, и изградив храм во чест на името Господово, Бога Израилев;
21. и подготвив таму место за ковчегот, во кој е заветот на Господа, што го беше склучил со нашите татковци, кога ги изведе од Египетската земја.”
22. Тогаш застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред целото собрание на Израилците, ги крена рацете кон небото
23. и рече: „Господи, Боже Израилев! Нема Бог како Тебе ниту на небото горе, ниту на земјата долу; ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе од сè срце.
24. Ти го исполни на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што му го беше ветил; она што
го беше изрекол со устата Своја, денес го изврши со раката Своја.
25. И сега, Господи, Боже Израилев, исполни го на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше говорел, велејќи: »Пред лицето мое нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на Израилевиот престол; доволно е само синовите твои да се држат за патот свој, одејќи пред Мене така, како што ти одеше пред Мене.«
26. И сега, Боже Израилев, нека биде верно словото Твое, што си му го рекол на Својот слуга Давида, мојот татко!
27. Но зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не Те собираат, а уште помалку овој храм, што сум го изградил јас на Твоето име;
28. но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата со која Твојот слуга Те моли денес.
29. Да бидат очите Твои отворени кон тој храм дење и ноќе, кон ова место, за кое си рекол: името Мое ќе биде таму; чуј ја молитвата, со која ќе се моли Твојот слуга на тоа место.
30. Чуј ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се.
31. Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побара од него клетва, за да се заколне, и заради клетвата ќе дојдат пред Твојот жртвеник во овој храм,
32. тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај го правиот, давајќи му според правдата негова.
33. Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателите, поради тоа што згрешил пред Тебе, и кога тие ќе се обрнат кон Тебе и ќе го исповедаат името Твое и Те бараат и Те молат во овој храм, –
34. чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот, и врати ги во земјата, што си им ја дал на татковците нивни.
35. Кога ќе се заклучи небото и ќе нема дожд, поради тоа што ќе згрешат пред Тебе, ќе го исповедаат името Твое и се свртат од гревот свој, бидејќи се ги смирил, –
36. чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилски, покажувајќи им го добриот пат, по кој да одат, и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство.
37. Глад ли ќе настане по земјата, или помор, огнен ветар ли, гламја, скакулци, или гасеници, непријателот ли ќе го притисне во земјата негова, некаква неволја ли ќе се појави, или болест, –
38. при секоја молитва, при секоја молба што доаѓа од кој и да било човек од сиот Твој народ Израилски, кога ќе почувствуваат болка во срцето свое и ќе ги подадат рацете кон овој храм,
39. чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и смилувај се; направи и воздај секому според патиштата негови, како што го гледаш срцето негово, бидејќи само Ти ги познаваш срцата на сите човечки синови:
40. за да се плашат од Тебе во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни.
41. Ако и некој другородец, кој не е од Твојот народ Израилот, дојде од далечна земја заради Твоето име, –
42. зашто ќе чујат за Твоето големо име, за Твојата силна рака и за Твојата крената мишка, – дојде и се помоли во овој храм,
43. чуј од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сè, за што другородецот Те повика, та сите земни народи да го знаат Твоето име, за да се бојат од Тебе, како Твојот народ Израилот, да знаат дека овој храм, што го изградив јас, е наречен на Твое име.
44. Кога Твојот народ излезе од војна против својот напријател по патот, по кој ќе го
испратиш, и му се помоли на Господа, обрнувајќи се кон градот, што Ти си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име,
45. тогаш чуј ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи го она, што им е потребно ним.
46. Кога ќе згрешат пред Тебе, – зашто нема човек што да не греши, – и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и оние, што ги плениле, ги одведат во непријателска земја, далечна или блиска;
47. и кога во земјата, каде што ќе бидат во пленство, дојдат на себеси и се обрнат кон Тебе и Ти се помолат во земјата на оние, што ги плениле, велејќи: „Згрешивме, извршивме беззаконие, виновни сме;
48. и кога ќе се обрнат кон Тебе од сето срце свое и од сета душа своја во земјата на непријателите, што ги плениле, и ти се помолат, обрнувајќи се кон својата земја, што си им ја дал на татковците нивни, кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградиле на Твое име, –
49. тогаш чуј ја од небото, од местото на Твоето живеалиште, молитвата и молбата нивна, и направи што им е ним потребно;
50. и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе, и сите негови престапи, што ги извршил пред Тебе, и предизвикај сострадание кон нив кај оние, што ги плениле, та да бидат милостиви кон нив;
51. зашто тие се Твој народ, и Твој дел, што Ти го изведе од Египет, од железната печка.
52. Ушите Твои и очите Твои нека бидат отворени за молбата на Твојот слуга и за молитвата на Твојот народ Израилски, за да ги чуваш секогаш, кога Те повикуваат,
53. зашто Ти си ги одделил за Свој дел меѓу сите земни народи, како што си рекол преку Мојсеја, Твојот слуга, кога ги изведе татковците наши од Египет, Владико Господи!”
54. Откако Соломон ја заврши кон Господа целата оваа молитва и молба, па како што беше коленичел, стана од пред жртвеникот Господов, со рацете подигнати кон небото.
55. И, исправен, го благослови целото собрание на Израилците, велејќи со висок глас:
56. „Нека е благословен Бог, Кој му даде спокојство на Својот народ Израилот, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови, што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеја;
57. нека биде со нас Господ, Бог наш, како што беше со татковците наши; да не нè остава, и да не нè напушта,
58. приклонувајќи ги срцата наши кон Себеси, за да одиме по сите патишта Негови и да ги чуваме заповедите Негови и законите Негови, што им ги заповеда на татковците наши.
59. И овие зборови, со кои се молев пред Господа денес, нека бидат блиски до Господа, нашиот Бог, дење и ноќе, за да го врши Он она што е нужно за Неговиот слуга и за Неговиот народ Израилот секој ден,
60. та да го познаат сите народи, дека Господа е Бог, и дека нема друг освен Него.
61. Срцето ваше нека биде наполно предадено на Господа, нашиот Бог, за да одите по наредбите Негови и да ги пазите заповедите Негови, како денес.”
62. Тогаш царот и сите Израилци со него Му принесоа жртви на Господа.
63. Соломон закла за мирна жртва, што му ја принесе на Господа, дваесет и две илјади крупен добиток и сто дваесет илјади ситен добиток. Така царот и сите синови Израилеви му Го осветлија храмот на Господа.
64. Во истиот ден царот го освети средниот дел на дворот, кој е пред храмот Господов, принесувајќи сепаленици и лебен принос и вознесувајќи ја лојта од мирните жртви, бидејќи борнзениот жртвеник, што е пред Господа, беше мал да ги собере сепалениците, лебниот принос и лојта од мирните жртви.
65. Така Соломон направи празник и сиот Израил со него – собор голем, кој се беше собрал од влезот во Емат до Египетската река, пред Господа, нашиот Бог; празнуваа и јадеа, и пиеја и се молеа пред Господа, нашиот Бог, во изградениот храм седум дена и уште седум
дена, односно четиринаесет дена.
66. Во осмиот ден Соломон го распушти народот. Сите го благословија царот и си отидоа по шаторите свои, радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро, што Господ му го направи на Својот слуга Давида и на Својот народ Израилот.

9. Божјиот завет со Соломона; владеењето на Соломон и неговите приходи.

1. Откако Соломон заврши градбата на Господовиот храм, на царскиот дом и сè, што беше посакал да направи,
2. Господ повторно му се јави на Соломона, како што му се беше јавил во Гаваон.
3. И Господ му рече: „Јас ја чув твојата молитва и твојата молба, за која Ме молеше и направив сè според твојата молитва, го осветив тој храм, што го изгради ти, за да биде засекогаш името Мое таму довека, и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни.
4. А ти, ако одиш пред Моето лице, како што одеше татко ти Давид, со чисто срце и со правина, исполнувајќи сè, што сум ти заповедал, и ако ги пазиш Моите уредби и Моите закони,
5. Јас ќе го поставам твојот царски трон над Израилот засекогаш, како што му реков на татка ти Давида, велејќи: »Нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на престолот Израилев.«
6. Ако вие и синовите ваши отстапите од Мене и не ги пазите Моите заповеди и Моите уредби, што сум ви ги дал, и ако тргнете и почнете да служите на други богови и да им се поклонувате,
7. Јас ќе го истребам Израилот од лицето на замјата, што сум му ја дал, и храмот, што сум го посветил на Мое име, ќе го отфрлам од лицето Свое, и Израилот ќе стане за приказ и за подбивање кај сите народи.
8. И за тој висок храм, секој, што ќе мине покрај него, ќе се вжаси, ќе потсвирне и ќе рече: »зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?«
9. И ќе речат: »затоа, што тие го оставија Господа, својот Бог, Кој ги изведе татковците нивни од Египетската земја, и се приврзаа кон други богови, им се поклонуваа и им служеа, – затоа Господ им го испрати ова зло!«“
10. Откако изминаа дваесет години, во текот на кои Соломон изгради два дома, – домот Господов и царскиот дом, –
11. за кои тирскиот цар Хриам му набавуваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво и злато според желбата негова, – цар Соломон му даде на Хирама дваесет градови во Галилејската земја.
12. И Хирам излезе од Тир да ги прегледа градовите, што му ги даде Соломон, и тие не му се допаднаа.
13. Затоа тој рече: „Какви се тие градови, што ти, брате мој, ми ги даде?” И ги нарече замја Кавул, како што се нарекуваат и денес.
14. А Хирам му беше испратил на царот сто и дваесет таланти злато.
15. Оттука и распределбата за данокот, што го наложи Соломон, за да го изгради храмот Господов и својот дом, Мелон и ѕидовите ерусалимски, Асор и Мегидон и Газер.
16. Фараонот, египетскиот цар, беше дошол и го презел Газер, и со оган го беше изгорел, а Хананејците, што живееја во градот, ги беше испотепал, и го беше дал како мираз на ќерка си, Соломоновата жена.
17. И тогаш Соломон го изгради Газер и Долни Веторон,
18. Валат, Тамор во пустињата,
19. и сите градови житници, што ги имаше Соломон, и градовите за колите, градовите за коњицата и сè она, што Соломон сакаше да изгради во Ерусалим, на Ливан и по целата земја на своето владение.
20. Сите луѓе, останати од Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананејците, Евејците,
Јевусејците и Герпесејците, кои не беа од Израилевите синови,
21. децата нивни, останати по нив во земјата, кои Израилевите синови не можеа да ги истребат, – Соломон ги направи поданички работници, какви што се и денес.
22. А синовите Израилеви Соломон ги правеше работници; тие беа негови војници, служители, великодостојници, полководци и заповедници на неговите коли и на неговите коњаници.
23. Главните, пак, распоредници над Соломоновите работи, односно управниците на народот, што ја извршуваа работата, беа петстотини и педесет.
24. Фараоновата ќерка премина од Давидовиот град во својот дом, што го изгради Соломон за неа. Потоа тој го изгради Мелон.
25. Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и мирни жртви на жртвеникот, што Му го беше изградил на Господа, и кадеше врз него пред Господа. Така заврши градбата на домот.
26. Цар Соломон направи исто така и кораби во Гасион-Гавер, кој е при Елат, на брегот на Црвеното Море, во Идумејската земја.
27. И Хирам испрати на тие кораби свои поданици – корабари, што го знаат морето, заедно со Соломоновите поданици;
28. тие отидоа во Офир и зедоа оттаму злато четиристотини и дваесет таланти и му го донесоа на цар Соломона.

10. Посета на Савската царица; богатствата и раскошот на Соломона.

1. Савската царица, откако чу за славата Соломонова и за името на Господа, дојде да го испита со гатанки.
2. Таа дојде во Ерусалим со многу големо богатство: камилите беа натоварени со благопријатни мириси, со многу злато и скапоцени камења; таа дојде кај Соломона и говореше со него за сè, што ѝ беше на срцето.
3. Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и немаше ништо непознато за царот, што не ѝ го објасни.
4. Савската царица ја виде сета мудрост на Соломона, и домот, што тој го беше изградил,
5. и јадењата на трпезата негова, и живеалиштата на слугите негови, и држењето на слугите негови, облеката нивна и пехарниците негови, и сепалениците негови, што ги принесуваше во храмот Господов. И повеќе не можеше да се воздржи,
6. па му рече на царот: „Вистина е она, што го бев слушала во земјата своја за твоите дела и за твојата мудрост;
7. но не верував на зборови, додека не дојдов, и не видоа очите мои: и, ете, мене ни половината не ми беше речено; мудрост и богатство ти имаш повеќе отколку што сум слушала.
8. Блажени се твоите луѓе, блажени се и тие твои слуги, што стојат пред тебе секогаш и ја слушаат мудроста твоја!
9. Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој благоволи да те постави на Израилевиот престол! Господ, поради вечната љубов Своја кон Израилот, те постави за цар, за да вршиш суд и правда.”
10. И таа му подари на царот сто и дваесет таланти злато и големо множество благопријатни мириси и скапоцени камења; никогаш уште не беа донесувани толку многу благопријатни мириси, колку што Савската царица му подари на цар Соломона.
11. И Хирамовите кораби, што донесуваа злато од Офир, донесоа од Офир големо множество црвено дрво и скапоцени камења.
12. И царот направи од тоа црвено дрво потпирки за храмот Господов и за царскиот дом, и гусли и псалтири за пеачите. Никогаш не беше донесувано толку црвено дрво и не беше видено до тој ден.
13. Тогаш царот Соломон ѝ даде на Савската царица сè, што таа пожела и што посака, посебно од она, што цар Соломон ѝ го подари со рацете свои. И се врати таа во земјата своја, таа и сите слуги нејзини.
14. Златото, што му доаѓаше на Соломона секоја година, тежеше шестотини шеесет и шест
таланти,
15. освен она, што се добиваше од разнесувачите на стока и од тргувањето на трговците и од сите арапски цареви и од обласните управници.
16. Цар Соломон направи двесте големи штита од ковано злато, – по шестотини сикли злато се потрошени за секој штит;
17. и триста помали штита од ковано злато, – од по три мини злато за секој штит; и царот ги постави во домот од ливанско дрво.
18. Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато;
19. пред престолот имаше шест степеника; одзади врвот на престолот беше кружен, и од двете страни на седиштето имаше потпирки, а до потпирките стоеја два лава;
20. и уште дванаесет лава стоеја таму од двете страни на шесте степеника. Слично нешто немало во ни едно царство.
21. Сите садови за пиење кај цар Соломона беа златни, и сите садови во домот од ливанско дрво беа од чисто злато; ништо немаше од сребро, зашто во дните на Соломона среброто не се сметаше за нешто;
22. бидејќи царот имаше на морето тарсиски кораби заедно со Хирамовите кораби и во три години еднаш доаѓаа тарсиските кораби и донесуваа злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.
23. Цар Соломон ги надминуваше сите земни цареви по богатството и мудроста.
24. И сите земни цареви сакаа да го видат Соломона, за да ја послушаат мудроста негова, кој Бог ја беше ставил во срцето негово.
25. И тие му принесуваа, секој од себеси, дар: сребрени садови, облека, оружје и благопријатни мириси, коњи и маски секоја година.
26. Соломон така насобра коњи и коњаници; тој имаше четириесет илјади коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги размести по колските градови и при царот во Ерусалим. Тој владееше над сите мориња – од реката до Филистејската земја и до пределите на Египет.
27. Царот го направи среброто во Ерусалим рамноцено со обичните камења, а кедрите поради нивното множесто ги направи рамноцени со дивите смокви, што растеа по низините.
28. Коњи, пак, донесуваа за царот Соломона од Египет; царските трговци ги купуваа до Кува со пари.
29. Купена и донесена до Египет една кола чинеше шестотини сикли сребро, а коњ, – сто и педесет. На ист начин тие со свои раце им ги доставуваа сето тоа на хетејските и арамејските цареви.

11. Жените на Соломон; неговите надворешни непријатели; бунтот на Јеровоам и крајот на неговото царување.

1. Цар Соломон засака, освен фараоновата ќерка, и многу жени – туѓинки – Моавки, Амонитки, Идумејки, Сидонки и Хетејки, –
2. од оние народи, за кои Господ им беше рекол на Израилевите синови: не влегувајте при
нив, и тие да не влегуваат при вас, за да не го приклонат срцето ваше кон своите богови. Кон нив се прилепи Соломон со љубовта своја.
3. Тај имеше седумстотини жени и триста наложници; и неговите жени го развратија срцето негово.
4. Кога Соломон остаре, неговите жени го приклонија срцето негово кон други богови, и срцето негово не беше наполно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида.
5. И Соломон почна да ѝ служи на Астрата сидонската богинка, и на Милхом, амонитски гад.
6. И Соломон го вршеше она, што беше неугодно пред очите на Господа, и не го следеше наполно Господа како татко му Давид.
7. Тогаш Соломон изгради многубожечко светилиште на Хамос, моавски гад, на гората, што е пред Ерусалим, и на Молох, амонитски гад.
8. Така направи тој за сите свои жени туѓинки, кои кадеа и принесуваа жртви на своите богови.
9. И Господ се разгневи на Соломона поради тоа што го отстрани срцето свое од Господа, Бога Израилев, Кој на двапати му се беше јавувал
10. и му беше заповедал да не оди по други богови; но тој не го исполни тоа, што му го беше заповедал Бог.
11. Тогаш Господ му рече на Соломона: „Затоа што тоа се врши кај тебе, и ти не го зачува Мојот завет и Моите наредби, што ти ги бев заповедал, ќе го одземам царството од тебе и ќе го дадам да твојот слуга;
12. но во твоите дни Јас нема да го направам ова поради татка ти Давида: од рацете на синот твој ќе го одземам;
13. но нема целото царство да го одземам: едно племе ќе му дадам на синот твој заради Мојот слуга Давида и заради Ерусалим, што сум го избрал.”
14. И Господ му воздигна на Соломона противник – идумеецот Адада, од идумејски царски род.
15. Кога Давид беше во Идумеја, и војводата Јоав дојде да ги погребе убиените, откако беше испотепал сè машко во Идумеја, –
16. бидејќи Јоав и сите Израилци престојуваа таму шест месеци, додека не истребија сè живо во Идумеја, –
17. тогаш Адад избега во Египет и со него неколкумина Идумејци, што беа служеле при татка му; Адад тогаш беше дете.
18. Кога тргнаа од Мадијам, тие дојдоа во Фаран и зедоа со себеси луѓе од Фаран и стигнаа во Египет при Фараонот – египетскиот цар; Адад влезе при Фараонот, и тој му даде дом, му одреди плата и му даде земја.
19. Адад се здоби со голема милост кај Фараонот, така што го ожени со сестрата на жена си, сестра на царицата Тахпенеса.
20. Тахпенесината сестра му роди син Генуват. Тахпенеса го воспитуваше во Фараоновиот дом; и Генуват живееше во Фараоновиот дом заедно со Фараоновите синови.
21. Кога Адад чу, дека Давид починал при татковците свои и дека војводата Јова умрел, му рече на Фараонот: „Пушти ме да појдам во земјата своја?”
22. Фараонот му рече: „Зар си незадоволен од мене, па сакаш да одиш во земјата своја.”
23. Господ крена против Соломона и друг противник – Резона, Елијадовиот син, кој беше избегал од својот господар Адраазар, сувскиот цар,
24. и, откако собра околу себеси луѓе, стана старешина на чета, откако Давид го беше победил Адраазара; и тие отидоа во Дамаск, се настанија таму и господареа во Дамаск.
25. Тој беше противник на Израилот во текот на сите дни на Соломона. Освен злото, извршено од Адада, тој секогаш му правеше пакост на Израилот и стана сириски цар.
26. И Наватовиот син Јеровоам, Ефермецот од Сарида, – името на мајка му, вдовица, беше Серуа, – Соломонов слуга, крена рака против царот.
27. Еве по кој повод тој крена рака против царот: Соломон го градеше Милон, ги поправаше урнатините во градот на татка си Давида.
28. Јеровоам беше силен човек. Соломон, откако забележа, дека тоа момче го бива за работа, го постави за надзорник над задолжените работици од Јосифовиот дом.
29. Во она време на Јеровоам му се случи да излезе од Ерусалим; по патот го сретна пророкот Ахија Силомец, облечен во нова облека. Тие беа само двајцата во полето.
30. И Ахија ја зеде новата облека, што беше на него, ја раскина на дванаесет делови,
31. и му рече на Јеровоама: „Земи си десет делови, зашто така вели Господ, Бог Израилев: »Ете го истргнувам царството од раката на Соломона и десет племиња ти давам тебе,
32. и едно племе ќе му остана нему заради Мојот слуга Давида и заради градот Ерусалим, што го избраа од сите Израилеви племиња!«
33. Ова е поради тоа, што тие Ме оставија и почнаа да ѝ се клањаат на Астарта, сидонската богинка, и на Хамоса, моавскиот бог, и на Мелхома, амонитскиот бог, и не одеа по Моите патишта, за да го вршат она, што е угодно пред Моите очи, и да ги пазат Моите наредби и Моите заповеди, како татко му Давид.
34. Јас не го одземам целото царство од раката негова, туку го оставам да владее до крајот на својот живот заради Мојот слуга Давида, кого го избрав и кој ги пазеше Моите заповеди и Моите наредби;
35. но ќе го одземам царството од раката на синот негов и десет племиња од него ќе ти ги дадам тебе;
36. а на синот негов ќе му дадам едно племе, за да остане светилото на Мојот слуга Давида во сите дни пред лицето Мое во градот Ерусалим, што го избрав, за да остане засекогаш таму името Мое.
37. Тебе те избирам, и ти ќе владееш со сè, што ќе посака душата твоја, и ти ќе бидеш цар над Израилот;
38. и ако пазиш на сè, што ќе ти заповедам, ако одиш по патиштата Мои и ако го вршиш она, што е угодно пред очите Мои, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што правеше Мојот слуга Давид, Јас ќе бидам со тебе и ќе ти воздигнам крепок дом, како што му создадов на Давида, и ќе ти го дадам Израилот;
39. ќе го понизам Давидовиот род за тоа, но не за секогаш.”
40. А Соломон сакаше да го убие Јеровоама, но Јеровоам стана, та избега во Египет при Сусакима, египетски цар, и живееше во Египет до смртта Соломонова.
41. Другите дела на Соломона и сè што вршеше тој, и мудроста негова, се опишани во книгата на делата Соломонови.
42. Времето, во кое Соломон царуваше во Ерусалим над целиот Израил, беше четириесет години.
43. И Соломон почина при татковците свои и беше погребан во градот на татка си Давида; а место него се зацари синот негов Ровоам.

12. Разделба на царството; Господ му забранува на Ровоама да војува со Јеровоама.

1. Ровоам отиде во Сихем, бидејќи во Сихенм беа дошле сите Израилци, за да го зацарат.
2. Чу за тоа Наватовиот син Јеровоам, кога се наоѓаше уште во Египет, каде што беше избегал од царот Соломона, и се врати од Египет;
3. испратија по него и го повикаа. Тогаш Јеровоам и целото израилско собрание дојдоа и му говореа на царот Ровоам, велејќи:
4. „Твојот татко ни наложи тежок товар, ти, пак, олесни ни го жестокото ропство од татка ти и тешкиот товар, што тој ни го наложи, па тогаш ќе ти служиме.”
5. Тој им одговори: „Одете си, по три дена дојдете пак при мене.” И народот се разотиде.
6. Царот Ровоам се советуваше со старците, кои беа при татка му Соломона, додека беше жив, и рече: „Како ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?”
7. Тие му одговорија, и рекоа: „Ако ти денес им бидеш слуга на овие луѓе и им услужиш, ако ги задоволиш и им говориш добри зборови, тие ќе ти бидат слуги во сите дни.”
8. Но тој не го послуша советот, што му го беа дале старците, и се советуваше со младите, кои беа пораснале заедно со него и кои беа при него,
9. и им рече: „Што ќе ме посоветувате да им одговорам на оние луѓе, што ми рекоа и кажаа: »олесни ни го игото, што ни го наложи татко ти?«“
10. Младите, пораснати заедно со него, му одговорија и рекоа: „Вака кажи им на тие луѓе, што ти рекле: »твојот татко ни наложи тешко иго, ти, пак, олесни ни« кажи им: малиот прст ми е подебел од бедрата на татка ми;
11. и така, ако татко ми ви наложувал тешко иго, јас ќе го зголемам вашето иго; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со скорпии.”
12. Јеровоам, и сите луѓе, дојдоа при Ровоама на третиот ден, како што им беше заповедал царот, велејќи: »дојдете при мене на третиот ден.«
13. И царот грубо му одговори на народот и не го послуша советот, што му го беа дале старците.
14. И говореше според советот на младите и рече: „Татко ми ви наложил тежок товар, јас, пак, ќе го зголемам вашиот товар; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со скорпии.”
15. И царот не го послуша народот, зашто така беше судено од Господа, за да се исполни зборот Негов, што го беше изрекол Господ преку Ахија Силомецот на Наватовиот син Јеровоама.
16. И сите Израилци видоа, дека царот не ги послуша. Тогаш луѓето му одговорија на царот и рекоа: „Каков дел имаме кај Давида? За нас нема дел кај синот Јесеев; по шаторите свои, Израиле! Гледај си го својот дом, Давиде!” И Израил се разотиде по шаторите свои.
17. Ровоам царуваше само над Израилевите синови, што живееја во Јудините градови.
18. И царот Ровоам го испрати Адонирама, управникот над даноците; но сите Израилци го
затрупаа со камења, и тој умре, а царот Ровоам брзо се качи во кола, за да избега во Ерусалим.
19. И така Израилот се одметна од Давидовиот дом и до денес.
20. Кога сите Израилци слушнаа, дека Јеровоам се вратил од Египет, испратија и го повикаа во собранието и го зацарија над сите Израилци. Со Давидовиот дом не остана никој, освен племето Јудино и Венијаминово.
21. Ровоам, откако пристигна во Ерусалим, собра од целиот Јудин дом и од коленото Венијаминово сто и осумдесет илјади избрани војници, за да војуваат против Израилевиот дом и да му го возвратат царството на Соломоновиот син Ровоам.
22. И би слово Божјо кон Семеја, човек Божји, и беше речено:
23. „Кажи му на Соломоновиот син Ровоама, царот јудејски, и на целиот Јудин и Венијаминов дом и на другиот народ:
24. вака вели Господ: »Не одете и не почнувајте војна против вашите браќа, Израилевите
синови; вратете се секој во домот свој, бидејќи тоа беше од Мене.” И тие ги послушаа Господовите зборови и се вратија дома според словото Господово.
25. Јеровоам го изгради Сихем на Ефремовата гора и се насели во него; оттаму тргна и го изгради Фануил.
26. И Јеровоам си говореше во срцето свое: „Царството може пак да премине кон Давидовиот дом,
27. ако овој народ оди во Ерусалим да принесува жртви во домот Господов, тогаш срцето на тој народ ќе се сврти кон својот господар Ровоама, царот јудјски, ќе ме убијат и ќе се вратат при Ровоама, царот јудејски.”
28. И царот, откако се посоветува, направи две златни телиња, и му рече на народот: „Не ви треба да одете во Ерусалим; еве ги твоите богови, Израиле, кои те изведоа од Египетската земја.”
29. И едниот го остави во Ветил, а другиот – во Дан.
30. Тоа предизвика грев, зашто народот почна да оди при едниот од нив, дури во Дан и го оставија храмот Господов.
31. И изгради идолско светилиште и постави од народот свештеници, кои не беа од Левиевите синови.
32. Јеровоам установи празник во осмиот месец на петнаесеттиот ден, сличен на оној празник, каков што имаше во Јудеја, и принесуваше жртви на жртвеникот; тоа го направи и во Ветил, за да им се принесуваат жртви на телињата, што ги направи. И постави во Ветил
свештеници во идолските светилишта, што ги беше изградил,
33. и принесе жртви во жртвеникот, што беше го изградил во Ветил, во петнаесеттиот ден од осмиот месец, месец што произволно го определи; и установи празник за синовите Израилеви и пристапи кон жртвеникот, за да прекади.

13. Пророштвото на Јуда; Божјиот човек и пророкот; царот Јеровоам продолжува да оди по лошиот пат.

1. И ете, според словото Господово, дојде еден божји човек од Јудеја во Ветил во она време, кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот, за да прекади.
2. И произнесе кон жртвеникот слово Господово, велејќи: „Жртвенику, жртвенику! Вака вели Господ: »ете, во Давидовиот дом ќе се роди син по име Осија; тој ќе ги принесе врз тебе во жртва идолските свештеници, што кадат врз тебе, и ќе изгори врз тебе човечки коски.”
3. И во оној ден тој покажа знак, велејќи: „А, еве, знак, дека Господ го рекол тоа: овој жртвеник ќе се урне, и пепелта, што е на него, ќе се развее.«“
4. Кога цар Јеровоам го чу словото на Божјиот човек, изговорено пред жртвеникот во Ветил, ја пружи раката од жртвеникот и рече: <Фатете го!” Тогаш раката негова, што ја беше пружил кон него, се здрви и не можеше да ја тргне кон себеси. 5. И жртвеникот се урна, и пепелта од жртвеникот се развеа, според знакот, даден од Божјиот човек преку словото Господово. 6. И царот Јеровоам му рече на Божјиот човек: „Умилостиви го лицето на Господа, твојот Бог, и помоли се за мене, па да ми се поврати раката.” Човекот божји Го умилостиви лицето Господово, и раката се поврати и стана како порано. 7. Тогаш царот му рече на божјиот човек: „Дојди со мене дома да се поткрепиш; ќе ти дадам да јадеш, и ќе ти донесам подарок.” 8. Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми дадеш и половина од домот свој, нема да дојдам со тебе, нема да јадам леб и нема да пијам вода во тоа место, 9. зашто така ми е заповедано преку словото Господово: »не јади таму леб, не пиј вода и не се враќај по патот, по кој си одел.«“ 10. И тој тргна по друг пат и не се врати по оној пат, по кој беше дошол во Ветил. 11. Во Ветил живееше еден пророк – старец. Синовите негови дојдоа и му раскажаа сè, што беше направил оној ден Божјиот човек во Ветил; тие му ги раскажаа на татка си и зборовите, што тој му ги беше кажал на царот. 12. И татко им ги праша: „По кој пат си отиде?” А синовите му покажаа, по кој пат тргна Божјиот човек, што дошол од Јудеја. 13. Тогаш тој им рече на синовите свои: „Оседлајте ми го оселот.” Тие му го оседлаа оселот, и тој се качи на него. 14. И тргна по Божјиот човек, и го најде како седи по еден даб, и го праша: „Ти ли си Божјиот човек, што доаѓа од Јудеја?” Оној одговори: „Јас сум.” 15. Тогаш му рече: „Дојди кај мене дома и касни леб.” 16. Оној му одговори: „Не можам да се вратам со тебе и да дојдам при тебе; нема да јадам леб и нема да пијам вода кај тебе во ова место, 17. зашто преку словото Господово му е речено: „не јади леб и не пиј вода таму, и не се враќај по патот, по кој си одел.” 18. Тој му рече: „И јас сум таков пророк како тебе и ангелот ми говореше преку словото Господово и рече: »врати го во домот свој; нека касне леб и нека пие вода.«“ Но тој го излага. 19. И оној се врати со него, касна леб во куќата негова и се напи вода. 20. Кога тие уште седеа на трпезата, би словото Господово кон пророкот, што го беше вратил. 21. И тој изговори кон Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја и рече: „Вака вели Господ: »затоа што не се покори на устата Господова и не ја запази заповедта, што ти ја беше дал Господ, Бог твој, 22. туку се врати, јадеше леб и пиеше вода на ова место, за кое Он ти беше рекол – не јади леб и не пиј вода, телото твое нема да влезе во гробницата на татковците твои.«“ 23. Откако оној јадеше леб и се напи вода, тој го оседла оселот за пророкот, што го беше вратил. 24. И оној си замина. На патот го сретна лав и го умртви. Телото му лежеше испружено на патот; оселот, пак, стоеше до него, а лавот стоеше до телото. 25. И ете, минувачите го видоа телото, испружено на патот, и лавот како стои до телото; и отидоа, та раскажаа во градот, во кој живееше пророкот – старец. 26. Откако го чу тоа пророкот, што го беше вратил од патот, рече: „Тоа е оној човек Божји, што не ја послуша устата Господова; Господ го предаде на лав, што го нападнал и го усмртил, според словото Гсоподово, што му беше кажано.” 27. И им рече на синовите свои: „Оседлајте ми го оселот.” И го оседлаа. 28. Тој отиде и го најде телото негово испружено на патот; а оселот и лавот стоеја до телото; лавот не беше го изел телото и не беше го раскинал оселот. 29. Тогаш пророкот го крена телото на човекот Божји, го стави на оселот и го однесе назад. И пророкот – старец тргна кон градот свој, за да го оплаче и погребе. 30. И го положи телото негово во својата гробница и плачеше за него: „Леле, брату мој!” 31. Откако го погреба, тој им рече на синовите свои: „Кога ќе умрам, погребете ме во гробницата, во која е погребан Божијот човек, до неговите коски положете ги моите коски, 32. зашто ќе се исполни словото, што по заповед на Господа тој го кажа за жртвеникот во Ветил и за сите идолски светилишта во самарските градови.” 33. И по овој настан Јеровоам не се одврати од лошиот пат свој, туку продолжи да поставува идолски свештеници од народот; кого сакаше, него го посветуваше, и тој стануваше идолски свештеник. 34. Тоа го водеше Јеровоамовиот дом во грев, кон пропаст и кон истребувањето негово од лицото на земјата.

14. Пророштвото на Ахија за смртта на Јеровоамовиот син; смртта на Јеровоам; отстапништвото на Јуда.

1. Во она време се разболе Јеровоамовиот син Авија.
2. И Јеровоам ѝ рече на жена си: „Стани и преоблечи се, за да не те познаат, дека си Јеровоамова жена, па оди во Силом. Таму е пророкот Ахија, што ми претскажа, дека ќе бидам цар на овој народ.
3. Земи со себе за Божјиот човек десет леба, питки и грне мед, па оди при него; тој ќе ти каже, што ќе стане со детето.”
4. Јеровоамовата жена така направи: стана, отиде во Силом и влезе во куќата на Ахија. А Ахија веќе не можеше да гледа, зашто очите му беа станале неподвижни од старост.
5. Тогаш Господ му рече на Ахија: „Ете, Јеровоамовата жена доаѓа да те праша за синот свој, бидејќи е болен; кажи ѝ така и така; таа ќе дојде преоблчна.”
6. Ахија, што го чу шумот од чекорите нејзини, кога влезе низ вратата, рече: „Влези,
Јеровоамова жено; зошто требаше да се преоблекуваш? Јас сум пратен да ти кажам зло.
7. Оди и кажи му на Јеровоама: вака вели Господ, Бог Израилев: »Јас те издигнав од средината на простиот народ и те поставив за водач на Мојот народ Израилот,
8. го одзедов царството од Давидовиот дом и ти го дадов тебе; но ти не си таков, каков што беше Мојот слуга Давид, кој ги пазеше заповедите Мои и кој Ме следеше од сè срце, вршејќи го само она, што е угодно пред очите Мои;
9. ти постапуваш полошо од сите, што беа пред тебе, и отиде, та си направи други богови и идоли, за да Ме дразниш, а Мене ме отфрли зад грбот свој,
10. затоа Јас ќе испратам зло врз Јеровоамовиот дом и ќе го истребам кај Јеровоама дури и она што мокри до ѕид, што е затворено и изоставено во Израилот, и ќе го исчистам Јеровоамовиот дом сосема, како што чистат ѓубре;
11. кој од Јеровоамовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат; така вели Господ.
12. Стани, па оди во домот свој; и, што чекорот твој ќе стапне во градот, детето ќе умре;
13. сите Израилци ќе го оплачат и ќе го погребат, зашто само тоа од Јеровоамовиот дом ќе влезе во гроб, бидејќи во него, од целиот Јеровоамов дом, се најде нешто добро пред Господа, Израилевиот Бог.
14. И Господ ќе Си издигне над Израилот цар, кој ќе го истреби Јеровоамовиот дом во оној ден; и што? – еве денес!
15. И Господ ќе го порази Израилот, и тој ќе биде како трска, која се лула во водата, и ќе ги исфрли Израилците од оваа убава земја, што им ја даде на татковците нивни, и ќе ги расфрли зад реката, поради тоа што си направија идоли и го гневеа Господа;
16. и ќе го изостави Господ Израилот поради гревовите на Јеровоама, што сам си ги направи, и со кои го наведе во грев Израилот.”
17. Јеровоамовата жена стана, тргна и дојде во Сарир; и, штом стапи на куќниот праг, детето умре.
18. И сите Израилци го погребаа и оплакаа, според словото на Господа, кое Он го изрече преку Својот слуга, пророкот Ахија.
19. Другите дела на Јеровоама – како војувал и како царувал – се опишани во летописите на израилските цареви.
20. Времето, во кое што царуваше Јеровоам, беше дваесет и две години; и почина при татковците свои, а место него се зацари синот негов Нават.
21. Соломоновиот син Ровоам царуваше во Јудеја. Ровоам беше на четириесет и една година кога стана цар, и царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот, што Господ го избра од сите Израилеви племиња, за да остане засекогаш таму името Негово. Името на мајка му беше Наама, Амонитка.
22. И Јуда го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, и Јудините синови го разгневуваа повеќе, отколку татковците нивни со гревовите свои, што беа ги правеле.
23. Тие си беа издигнале идоли и идолски светилишта на секој висок рид и под секое сенчесто дрво.
24. Во таа земја имаше и блудници, што ги вршеа сите гнасотии на оние народи, кои Господ ги беше прогонил од лицето на Израилевите синови.
25. На петтата година од Ровоамовото царување египетскиот цар Сусаким се крена против Ерусалим,
26. и ги зеде ризниците на домот Господов и ризниците на царскиот дом: и златните штитови, кои Давид ги беше зел од слугите на сувскиот цар Адраазар и ги беше внел во Ерусалим. Сè зеде; ги зеде и сите златни штитови, што ги беше направи Соломон.
27. И наместо нив цар Ровоам направи бронзени штитови и ги даде во рацете на старешините и телохранителите, кои го чуваа влезот во царскиот дом.
28. Кога царот одеше во домот Господов, телохранителите ги носеа, а потоа ги враќаа во живеалиштата на телихранителите.
29. Другото за Ровоама и за сè, што вршел, е опишано во летописите на јудејските цареви.
30. Меѓу Ровоама и Јеровоама имаше војна преку сите денови на животот нивни.
31. Ровоам почина при татковците свои и беше погребан при нив во Давидовиот град. Името на мајка му беше Наама, Амонитка. Наместо него стана цар синот негов Авија.

15. Царевите Авија и Аса владеат во Јудеја, а царевите Васа, Нават царуваа во Израилот.

1. Не осумнаесеттата година од царувањето на Наватовиот син Јервоам, над Јудејците стана цар Авија.
2. Тој царуваше во Ерусалим три години; името на мајка му беше Мааха, Авесаломова ќерка.
3. Тој одеше во сите гревови на таткото свој, што тој ги вршеше пред него, и срцето негово не беше предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида.
4. Но заради Давида, неговиот Господ Бог му беше дал светило во Ерусалим, воздигнувајќи го по него синот негов и го закрепи Ерусалим,
5. зашто Давид вршеше, она што беше угодно пред очите на Господа, и во сите дни на животот свој во ништо не отстапуваше од она, што Он му беше заповедал, освен постапката со Хетеецот Урија.
6. Меѓу Ровоама и Јеровоама имаше војна во сите дни на животот нивни.
7. Другите дела на Авија, и сè што вршел, е опишано во летописите на јудејските цареви. И
имаше војна меѓу Авија и Јеровоама.
8. Авија почина при татковците свои и го погребаа во Давидовиот град. И наместо него стана цар синот негов Аса.
9. Аса стана цар над Јудејците во дваесеттата година од царувањето на израилскиот цар Јеровоам,
10. и царуваше во Ерусалим четириесет и една година; името на мајка му беше Ана, Авесаломова ќерка.
11. Аса го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, како неговиот татко Давид.
12. Тој ги изгони блудниците од земјата и ги отфрли сите идоли, што ги беа направиле татковците негови,
13. и дури мајката своја Ана ја лиши од звањето царица, поради тоа што беше направила идол на Астарта; и го скрши Аса и нејзиниот идол и го изгори при потокот Кедрон.
14. Идолските светилишта, навистина, не беа урнати. Но срцето на Аса му беше предадено на Господа во сите дни негови.
15. И тој ги внесе во домот на Господа предметите, посветени на татко му негов, и предметите посветени од него: сребро, злато и садови.
16. Меѓу Аса и израилскиот цар Васа имаше војна во сите нивни дни.
17. Израилскиот цар Васа излезе против Јудеја и почна да ја гради Рама, та никој да не излегува, ниту да оди при јудејскиот цар Аса.
18. Тогаш Аса го зеде сето сребро и злато, што беше останало во ризницата на домот Господов и во ризницата на царскиот дом, и го даде во рацете на слугите свои; и царот Аса ги испрати при Таверема, синот на Адера, син Хезионов, цар сириски, кој живееше во
Дамаск, велејќи:
19. „Нека има сојуз меѓу мене и тебе, како што имаше меѓу мојот татко и твојот татко; ете, ти испраќам на дар сребро и злато; раскини го сојузот свој со израилскиот цар Васа, та да се оттргне од мене.
20. И синот на Адера го послуша царот Аса, и ги испрати своите војводи против израилските градови и ги порази Аин, Дан, Авел-Вет-Мах и целиот Кинерот, по целата Нефталимова земја.
21. Кога го чу тоа, Васа престана да ја гради Рама и се врати во Сарир.
22. А царот Аса ги собра сите Јудејци без исклучок, и тие ги изнесоа од Рама камењата идрвјата, кои Васа ги употребуваше за градење. Со нив царот Аса ги изгради Гива Венијаминова и Миспа.
23. Сите други дела на Аса сите негови подвизи и сè што изврши, и градовите што ги изгради, се опишани во летописите на јудејските цареви, освен тоа, дека на стари години го заболеа нозете.
24. Аса почина при татковците свои и беше погребан при нив во градот на татка си Давида. А место него стана цар синот негов Јосафат.
25. А Јеровоамовиот син Нават стана цар над Израилот во втората година на јудејскиот цар Аса и царуваше над Израилот две години.
26. Тој го вршеше, она што беше неугодно пред очите на Господа, одеше по патот на татка си и во гревовите негови, со кои тој го наведе во грев Израилот.
27. Против него се крена Ахиевиот син Васа, од Исахаровиот дом, и Васа го уби при Гаватон филистејски, кога Нават и сите Израилци го опседнуваа Гаватон;
28. Васа го уби во третата година јудејскиот цар Аса и стана цар место него.
29. Кога стана цар, тој го порази целиот Јеровоамов дом и не остана ниедна душа кај Јеровоама, додека не го истреби, според словото на Господа, што го беше изрекол преку својот слуга Ахија Силомецот,
30. поради гревовите на Јеровоама, кои тој сам ги напрви и со кои го наведе во грев Израилот, поради гревовите со кои тој го разгневи Господа, Бога Израилев.
31. Другите дела на Навата, сè што тој извршил, се опишани во летописите на израилските цареви.
32. Меѓу Аса и израилскиот цар Васа имаше војна во текот на сите нивни денови.
33. Во третата година на јудејскиот цар Аса стана цар во Терс над сите Израилци Ахиевиот син Васа и царуваше дваесет и четири години.
34. Тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, и одеше по патот на
Јеровоама и во гревовите негови, со кои тој го наведе во грев Израилот.

16. Царевите Ила, Замвриј, Амвриј и Ахав владеат над Израилците; царот Ахав и пророкот Илија.

1. И би слово Господово кон Анаиевиот син Јуј за Васа:
2. „Поради тоа што те издигнав од правот и те направив водач на мојот народ Израилот, а ти тргна по патот на Јеровоама и го наведе на грев Мојот народ Израилот, за да Ме разгневува со гревовите свои, –
3. ете, Јас ќе го отфрлам домот на Васа и домот на потомството негово и ќе направам со твојот дом така, како и со домот на Наватовиот син Јеровоама:
4. кој од Васовиот дом ќе умре во град, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птици небески ќе го исколваат.”
5. Другите дела на Васа, и сè што извршил, и подвизите негови, опишани се во летописите на израилските цареви.
6. Васа почина при татковците свои и беше погребан во Терса. А место него стана цар синот негов Ила.
7. Но преку Ананиевиот син Јуј беше веќе кажано словото Господово за Васа, за домот негов и за сето зло, што го беше извршил пред очите на Господа, разгневувајќи Го со делата на рацете свои, постапувајќи како Јеровоамовиот дом, за што беше истребен.
8. Васовиот син Ила стана цар над Израилот во Терса во дваесет и шестата година на јудејскиот цар Аса и царуваше две години.
9. Против него стана Замвриј, неговиот слуга и старешина на половината комора, кога се беше напил во Терса, во домот на Арса, надзорник на дворецот во Терса.
10. Замвриј влезе, го удри и го уби во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и стана цар место него.
11. Кога стана цар и седна на престолот него, тој го истреби целиот дом на Васа, не оставајќи му го ни она што мокри до ѕид, ни роднините негови, ни пријателите негови.
12. Замвриј го истреби целиот Васов дом, според словото на Господа, што го беше изрекол Он за Васа преку пророкот Јуј,
13. за сите гревови на Васа и за гревовите на синот негов Ила, што го вршеа тие самите и со кои го наведоа во грев Израилот, дразнејќи Го Господа, Бога Израилев, со своите идоли.
14. Другите дела на Ила, и сè што беше извршил, се опишани во летописите на израилските цареви.
15. Замвриј стана цар во дваесет и седмата година на јудејскиот цар Аса и царуваше седум дена во Терса, кога народот го опседнуваше Гаваон филистејски.
16. Кога народот, што го опседнуваше, дозна дека Замвриј направил заговор и го убил царот, истиот ден во логорот сите Израилци го зацарија над Израилов војводата началник Амврија.
17. Амвриј и сите Изараилци со него отстапија од Гаватон и ја опседнаа Терса.
18. Кога Замвриј виде дека градот е преземен, влезе во царскиот дом, го потпали над себе
царскиот дом и загина,
19. поради своите гревови, со кои беше згрешил, вршејќи го она што беше неугодно пред
очите на Господа, одејќи по патот на Јеровоама и во гревовите негови, што тој ги изврши, за да го наведе во грев Израилот.
20. Другите дела на Замврија и заговорот негов, што беше го направил, се опишани во летописите на Израилските цареви.
21. Тогаш Израилскиот народ се раздели на два дела: половината народ беше со Гонатовиот син Тамниј, за да го направи цар него, а другата страна со Амврија.
22. Надвладеа народот, што беше со Амврија, над народот, кој беше со Гонатовиот син Тамниј; но Тамниј умре, а цар стана Амвриј.
23. Амвриј стана цар над Израилот во триесет и првата година на јудејскиот цар Аса и царуваше дванаесет години. Тој царуваше во Терса шест години.
24. Амвриј ја купи од Семира гората Самарија, за два таланта сребро, изгради на гората град и го нарече Самарија – според името на Семира, сопственикот на гората.
25. И Амвриј вршеше, што не беше угодно пред очите на Господа, и постапуваше полошо од сите свои претходници.
26. Тој во сè одеше по патот на Наватовиот син Јеровоама и во гревовите негови, со кои тој ги наведе на грев Израилците, за да Го разгневат Господа, Бога Израилев, со своите идоли.
27. Другите дела на Амврија, што ги направил, и јунаштвото, што го покажал, се опишани во летописите на израилските цареви.
28. Амвриј почина при татковиците свои и беше погребан во Самарија, а место него стана цар синот негов Ахав.
29. Амвриевиот син Ахав стана цар над Израилот во триесет и осмата година на јудејскиот цар Аса, и Амвриевиот син Ахав царуваше во Самарија над Израилот дваесет и две години.
30. И Амвриевиот син Ахав го вршеше она што не му беше угодно пред очите на Господа повеќе од сите свои претходници.
31. Не беше доволно тоа што тој западна во гревовите на Наватовиот син Јеровоама, туку си ја зеде за жена Језавела, ќерката на сидонскиот цар Етавал, и почна да му служи на Ваала и да му се клања;
32. и му подигна на Ваала жртвеник во Вааловото светилиште, што го беше изградил во Самарија.
33. Ахав направи дубрава, направи и повеќе од сите израилски цареви што беа пред него. Ахав го правеше она што Го лутеше Господа, Бога Израилев и душата своја ја погуби.
34. Во негово време Ветилицот Ахил го изгради Јерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите негови и врз најмалиот син Сегува ги постави портите негови, според словото на Господа, што Он го беше изрекол преку Навиновиот син Исуса.

17. Пророк Илија ја најавува Божјата казна; за чудото со лебот и со зејтинот; за воскреснувањето на синот на вдовицата.

1. И пророкот Илија, Тесвитец од Галадските жители, му рече на Ахава: „Жив Господ, Бог
Израилев, пред Кого стојам! Во овие години нема да има ниту роса, ниту дожд, освен според мојот збор.”
2. Потоа Господ му рече:
3. „Тргни се оттука, сврти се кон исток и сокриј се при потокот Хорат, кој е спроти Јордан;
4. од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму.”
5. И тој отиде и постапи според словото Господово; отиде и остана при потокот Хорат, кој е спроти Јордан.
6. И гавраните му донесуваа леб и месо наутро, леб и месо навечер; а пиеше од потокот.
7. По извесно време потокот пресуши, бидејќи немаше дожд за земјата.
8. Тогаш Господ му рече:
9. „Стани, оди во Сарепта Сидонска и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.”
10. И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде при градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: „Донеси му малку вода во сад да пијам!”
11. Таа отиде, за да земе, а тој повика по неа и рече: „Донеси ми в раце и парче леб!”
12. Таа му одговори: „Жив ми Господ, твојот Бог, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две – три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себеси и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме.”
13. А Илија ѝ рече: „Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна питка за мене и донеси ми; а за себеси и за синот свој ќе направиш после;
14. зашто вака вели Господ, Бог Израилев: »брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата.«“
15. Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија и таа се хранеше, и тој и синот нејзин извесно време.
16. Брашното во ноќвите не се свршуваше, и маслото во масларникот не се намалуваше, според словото на Господа, што Он го изрече преку Илија.
17. Потоа се разболе синот на таа жена, на домаќинката, и болеста негова беше толку силна, што не можеше да диши.
18. Тогаш таа му рече на Илија: „Што имаш ти со мене, човеку Божји? Си дошол да ми ги наспомниш моите гревови и да го умреш синот мој.”
19. А тој ѝ одговори: „Дај ми го синот твој.” И го зеде од рацете нејзини, го однесе во горната соба, каде што живееше го положи на леглото свое;
20. па повика кон Господа и рече: „Господи, Боже мој! Зар Ти на вдовицата, при која живеам, ќе ѝ направиш зло, погубувајќи ѝ го синот нејзин?”
21. И откако се спружи трипати над момчето, извика кон Господа и рече: „Господи, Боже мој! Нека се врати душата на ова момче во него!”
22. И Господ го чу гласот на Илија, му ја врати душата на момчето во него, и тоа оживе.
23. Илија го зеде момчето, го симна од горната соба во домот, ѝ го предаде на мајка му и рече: „Еве, син ти е жив!”
24. Тогаш жената му рече на Илија: „Сега навистина дознав, дека ти си Божји човек, и дека словото Господово во твојата уста е вистинско.”

18. Големата суша во целата земја; среќавање на Илија и Авдија; жртвувањето на Кармил и крајот на сушата

1. Откако изминаа многу денови, пак му рече Господ на Илија во третата година: „Оди и јави му се на Ахава, и јас ќе дадам дожд на земјата.”
2. Илија отиде да му се јави на Ахава. А во Самарија имаше голем глад.
3. И Ахава го повика Авдија, управникот на дворецот. Авдија, пак, беше човек кој многу се боеше од Господа.
4. Кога Језавела ги истребуваше пророците Господови, Авдиј зеде сто пророци и ги криеше во пештери, по педесет луѓе, и ги хранеше со леб и вода.
5. И Ахав му рече на Авдија: „Тргни по земјата, по сите водни извори и по сите потоци во земјата, можеби некаде ќе најдеме трева, за да си ги прехраниме коњите и маските и да не се лишиме од добитокот.”
6. И тие ја разделија меѓу себе земјата, за да ја обиколат: Ахав тргна одделно по еден пат, а Авдиј тргна одделно по друг пат.
7. Кога Авдиј врвеше по патот, ете, во пресрет му доаѓа Илија. Тој го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си, господару мој Илија?”
8. Овој му одговори: „Јас сум; оди и кажи му на господарот свој: »Илија е тука.«“
9. Тој рече: „Што сум виновен, па го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?”
10. „Жив Господ, твојот Бог! Нема ниеден народ и царство, каде што не испраќал господарот мој да те бара; и кога му кажуваа дека те нема, тој земаше клетва од тоа царство и народ, дека не можеле да те најдат;
11. а ти сега велиш, оди и кажи му на господарот: Илија е тука.
12. Кога јас ќе си отидам од тебе, Духот Господов ќе те однесе, не знам каде; и ако отидам да му јавам на Ахава, и тој не те најде, ќе ме убие; а слугата твој е богобојазлив од младини.
13. Зар не му е кажано на мојот господар, што сторив јас, кога Језавела ги избиваше Господовите пророци, како криев сто Господови пророци, по педесет души во пештера, и ги хранев со леб и вода?
14. А ти сега велиш: оди и кажи му на твојот господар: Илија е тука; тој ќе ме убие.”
15. Тогаш Илија му рече: „Жив Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!”
16. Авдиј отиде да го пресретне Ахава и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија.
17. Штом Ахав го виде Илија, му рече: „Ти ли си, што го вознемируваш Израилот?”
18. Илија му одговори: „Јас не го вознемирувам Израилот, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците;
19. сега испрати и собери го при мене сиот Израил на гората Кармил, и четиристотините и педесет Ваалови прорци и четирите стотини пророци од дубравата, што се хранат од трпезата на Језавела.”
20. И Ахав испрати до сите Израилеви синови и ги собра сите пророци на гората Кармил.
21. Тогаш Илија пристапи кон сиот народ и рече: „Уште ли ќе храмите на двете колена? Ако
Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал – одете по него.” А народот не му одговори ни збор.
22. И му рече Илија на народот: „Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет души и четиристотини идолски пророци;
23. нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам;
24. тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е Бог.” И сиот народ одговори и рече: „Добро, нека биде така!”
25. Потоа им рече Илија на Вааловите пророци: „Изберете си едно теле и пригответе го вие
најнапред, бидејќи сте многу; и повикајте го името на вашиот бог, и оган не потпалувајте.”
26. И ете го зедоа телето, што им беше дадено, го приготвоја и го повикуваа името на Ваала од утрината до пладне, велејќи: „Ваале, почуј нè!” Но немаше ни глас, ни одговор. И тие скокаа пред жртвеникот, што беа го направиле.
27. Попладнето Илија почна да им се потсмева и велеше: „Викајте посилно, зашто тој е бог; можеби се замислил, или е зафатен со нешто, или е на пат, а можеби и спие, – така ќе се разбуди!”
28. И тие почнаа да викаат високо и според обичајот свој да се бодат со ножеви и копја, така што крв течеше од нив.
29. Мина пладне, а тие сè уште беснееја токму до вечерното жртвопринесување; но не се чу ни глас, ни одговор, ниту слух. Тогаш Илија Тесвитецот им рече на Вааловите пророци: „А сега тргнете се вие, та и јас да го извршам своето жртвопринесување.” Тие се тргнаа и замолкнаа.
30. Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се до мене.” И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов.
31. И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што се колената на синовите на Јакова, кому Господ му беше рекол вака: „Израил ќе биде твоето име.”
32. И изгради од тие камења жртвеник во името на Господа, а околу жртвеникот направи окоп, што собираше две мери зрна, за да се посеат,
33. и постави дрва врз жрвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата,
34. и рече: „Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!” И направија така. Потоа рече: „Повторете!” И тие повторија. Тогаш рече: „Направете го тоа по третпат.” И тие го направија и по третпат.
35. И водата се разлеа околу жртвеникот, а окопот се наполни со вода.
36. Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, извика кон небото и рече: „Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израилев! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сè според Твоето слово.
37. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ, дека Ти, Господи, си Бог и ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси.”
38. И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата, што беше во окопот.
39. Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: „Господ е Бог, Господ е Бог!”
40. Тогаш Илија им рече: <Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.” Ги фатија, а Илија ги одведе при потокот Кисон и таму ги искла. 41. Илија му рече на Ахава: „Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.” 42. Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои 43. и му рече на слугата свој: „Оди и погледни кон морето:” Тој отиде, погледна и рече: „Ништо нема.” Тој пак рече: „Направи го тоа седумпати.” 44. На седмиот пат слугата рече: „Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.” Тој му рече: „Оди, кажи му на Ахава: »впрегни ја колата своја и тргнувај, за да не те испревари дождот.«“ 45. Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, заплака и тргна за Језраел. 46. А раката Господова беше врз Илија. Тој го препаша крстот свој и трчаше пред Ахава дури до Језраел

19. Бегството на пророк Илија; среќавање со Бога и повикување на Јелисеја.

1. И Ахав ѝ раскажа на Језавела сè што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци.
2. А Језавела испрати пратеник при Илија да му каже: „Ако си ти Илија, а јас Језавела, нека ми направат богивите тоа и тоа и нешто повеќе да ми направат, ако утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.”
3. Кога го виде тоа, Илија стана и замина, за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој,
4. а самиот тој отиде во пустињата на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и сакаше да умре, велејќи: „Доста веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од татковците свои.”
5. И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади и пиј.”
6. Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој
касна, пивна и пак заспа.
7. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат.”
8. Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив.
9. И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?”
10. Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.”
11. Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господа; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот;
12. по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.”
13. Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се чу глас, кој му рече: „Зошто си тука, Илија?”
14. Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.”
15. А Господ му рече: „Врати се по патот свој преку пустињата во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помажи го Азаила за цар на Сирија,
16. а Јуја, Намесиевиот син, помажи го за цар над Израилот; Јелисеја, пак, Сафатовиот син, од Авел-Маул, помажи го за пророк место себеси;
17. зашто кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го убие Јуј, а кој ќе се избави од мечот на Јуја, него ќе го убие Јелисеј.
18. Но сепак оставив меѓу Израилците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваала, и устите нивни не го бакнувале.”
19. И тој тргна оттаму и го најде Сафатовиот син Јелисеја, кога ораше; дванаесет рала волови имаше тој и сам беше при дванаесеттото. Минувајќи крај него, Илија го фрли кожувот врз него.
20. Тогаш Јелисеј ги остави воловите и почна да трча по Илија и рече: „Дозволи ми да ги бакнам татко ми и мајка ми, и ќе тргнам по тебе.” Тој му одговори: „Оди и врати се, зашто, што сум ти направил?”
21. Тој се врати од него, зеде рало волови, ги закла и, откако го запали плугот на воловите, го изпече месото нивно и им го раздели на луѓето, и тие јадеа. А самиот тој стана и тргна по Илија и почна да му служи.

20. Опсадата на Самарија; победата на Израилците.

1. Сирскиот цар, синот Адеров, ја собра сета војска своја, и со него имаше триесет и двајца цареви, и коњи и коли, и отиде, па ја опседна Самарија и војуваше против неа.
2. И испрати пратеници до Израилскиот цар Ахав во градот,
3. и му рече: „Вака вели сирискиот цар: твоето сребро и твоето злато се мои, и твоите жени и најдобрите твои синови се мои.”
4. Израилскиот цар одговори и рече: „Нека биде според зборот твој, господару мој, царе; јас и сè што е мое е твое.”
5. Претениците повторно дојдоа и рекоа: „Вака вели Адад: испратив да ти кажат, дај ми го среброто свое и златото свое, жените свои и синовите свои.
6. Затоа, утре, во ова време, ќе ги испратам при тебе слугите свои да ја пребараат твојата куќа и куќите на твоите слуги, и да го земат в раце и да го изнесат сè што е скапо за очите твои.”
7. Израилскиот цар ги повика сите старешини во земјата и рече: „Размислете и гледајте, па тој крои зло; кога испрати при мене за жените и синоивте мои, за среброто и златото мое, јас не му откажав.”
8. И сите старешини и сиот народ му одговорија: „Не слушај и не се согласувај!”
9. Потоа тој им одговори на Ададовите пратеници: „Кажете му на мојот господар, царот: сè, за кое ти испрати првиот пат по твојот слуга, готов сум да го направам, но ова не можам да го направам.” Тогаш претениците си отидоа и му однесоа одговор.
10. И Адад испрати и му порача: „Нека ми направат тоа и тоа боговите и уште повеќе да ми направат, ако самариската пепел биде доволна по еден грст за сите луѓе што одат по мене.”
11. Израилскиот цар одговори и рече: „Кажете му да не се фали оној, кој се опашува како оној, што се распашува.”
12. Кога ги чу тие зборови Адад, кој пиеше во шаторите заедно со царевите, им рече на слугите свои: „Опседнувајте го градот!” И го опседнаа градот.
13. И ете, еден пророк пристапи до израилскиот цар Ахав и рече: „Вака вели Господ: го гледаш ли ова цело големо множество? Еве, денес ќе го предадам во твои раце, за да знаеш дека Јас сум Господ.”
14. Ахав запраша: „Преку кого?” Тој одговори: „Вака вели Господ: »преку слугите на градските водачи.«“ А Ахав пак праша: „Кој ќе ја почне битката?” Тој му одговори: „Ти.”
15. Ахав ги преброи слугите на градските водачи, и се најде дека се двесте и триесет и
двајца; по нив го преброи сиот народ, сите израилски синови, и тие беа седум илјади.
16. тие тргнаа околу пладне. А Адад се беше напил во шаторите заедно со царевите, со триесет и двајцата цареви, кои му помагаа.
17. Најнапред тргнаа градските водачи. И прати синот Адеров да му соопштат на сирискиот цар дека излегле луѓе од Самарија.
18. Тој рече: „Ако се излезени за мир, фатете ги живи; ако, пак, се излезени да војуваат, пак фатете ги живи!”
19. Слугите на градските водачи излегоа од градот, а по нив и војската.
20. И секој го убиваше својот противник: Сириците почнаа да бегаат, а Израилците ги гонеа. Сирискиот цар се спаси на коњ со коњицата.
21. Израилскиот цар излезе, ги заплени коњите и колите и им нанесе голем пораз на Сирците.
22. Тогаш пророкот пристапи до израилскиот цар и му рече: „Оди, поткрепи се, па знај и гледај, што ќе правиш, зашто по една година сирскиот цар пак ќе излезе против тебе.”
23. И му кажаа на сирскиот цар слугите негови: „Нивниот Бог е Бог на горите, а не Бог на долините, затоа нè победија; но, ако се удриме со нив во рамнина, бездруго ќе ги надвиеме;
24. И така, еве што ќе направиш: отстрани ги царевите секој од местото негово и место
нив постави градски водачи;
25. и собери си толку војска, колку што изгина, и коњи, и коли, колку што имаше; ќе се удриме со нив во рамнина и тогаш бездруго ќе ги надвиеме.” Тој го послуша гласот нивни и направи така.
26. По една година Адад собра Сирци и тргна кон Афек, за да се удри со Израилот.
27. Собрани беа и Израилевите синови и, откако си зедоа храна, тргнаа против нив. Израилевите синови се сместија пред нив како две мали стада кози, а Сирците ја исполнија земјата.
28. Тогаш Божјиот човек се приближи и му рече на израилскиот цар: „Така вели Господ: »бидејќи Сирците велат, дека е Господ Бог на горите, а не Бог на долините, ќе го предадам во рацете твои целото тоа големо множество, за да знаете, дека Јас сум Господ.«“
29. И тие стоеја улогорени едни спроти други седум дена. На седмиот ден почна борбата, и Израилевите синови испотепаа сто илјади пешаци Сирци во еден ден.
30. Другите избегаа во градот Афек; таму падна ѕидот врз другите дваесет и седум илјади
луѓе. Адад, пак, влезе во градот и бегаше од една скривница во друга.
31. Тогаш неговите слуги му рекоа: „Сме слушале, дека царевите од Израилевиот дом се милостиви цареви; дозволи ни да го препашаме со вреќиште крстот свој, да ставиме јажиња околу главите свои и да отидеме при израилскиот цар; можеби тој ќе го запази животот твој.”
32. Тие го препашаа крстот свој со вреќиште, ставија околу главите свои јажиња и дојдоа при израилскиот цар, па рекоа: „Твојот слуга Адад вели: »Поштеди го животот мој.« Оној праша: »Зар е тој жив? Тој ми е брат.«“
33. Тие луѓе го примија тоа како добар знак и брзо го зедоа зборот од устата негова и рекоа: „Адад е твојот брат.” А тој им рече: „Одете и доведете го.” Тогаш Адад излезе пред него, а тој го качи до себе во колата.
34. И му рече Адад: „Градовите, што таткото мој ги презеде од твојот татко, ќе ги вратам, и ти можеш да имаш за себе плоштади во Дамаск, како што имаше татко ми во Самарија.” Ахав одговори: „Со договор ќе те пуштам.” И, откако склучи договори со него, го пушти.
35. Тогаш еден од пророковите синови според словото Господово му рече на еден од своите другари: „Тепај ме!” Но тој човек не се согласи да го бие.
36. Тогаш му рече: „Поради тоа што не го послуша Господовиот глас, ќе те умртви лав, кога ќе си отидеш од мене.” Тој си отиде од него, и лав го сретна и го умртви.
37. Тој најде друг човек и рече: „Биј ме!” Оној човек го биеше толку многу, што му направи рани од тепањето.
38. Тогаш пророкот тргна и застана пред царот на патот, покривајќи ги очите со покривало.
39. Кога царот минуваше, тој извика кон царот и рече: „Твојот слуга одеше во борба, и ете, еден човек, откако се тргна настрана, доведе при мене човек и рече: »Варди го овој човек; ако не го зачуваш, душата твоја ќе оди место неговата душа, или ќе треба да одмериш талант сребро.«
40. Кога слугата твој се зафати со едни и други работи, тој се изгуби.” А израилскиот цар му рече: „Таква ти е пресудата; ти сам си ја решил.”
41. Тој тогаш го симна покривалото од очите свои, и царот го позна, дека е од пророците.
42. И му рече: „Вака вели Господ: затоа што го пушти од рацете свои човекот, што го бев предал на проклетство, твојата душа ќе оди место неговата душа, и твојот народ – место неговиот народ.”
43. Израилскиот цар си замина во домот свој возбуден и огорчен и стигна во Самарија.

21. Навутеј не сака да го отстапи своето лозје; Језавела го заграбува лозјето; убиството на Навутеја; Илија се заканува со Божја казна.

1. По тие настани еве што се случи: Израелецот Навутеј имаше во Језраел лозје до дворецот на самарискиот цар Ахав.
2. Ахав му рече на Навутеја, велејќи: „Дај ми го лозјето свое; тоа ќе ми биде овоштарник, бидејќи е близу до мојот дом, а место него ќе ти дадам поубаво лозје од тоа, или, ако сакаш, ќе ти дадам сребро, колку што чини тоа.”
3. Но Навутеј му одговори на Ахава: „Да ме чува Гсопод да ти го дадам наследството од татковците свои.”
4. Ахав се врати во домот свој возбуден и огорчен од зборовите, што му ги беше кажал Језреелецот Навутеј, велејќи: зар да ти го дадам наследсвото од татковиците свои. Душевно збркан, легна на постелата своја, си го сврти лицето и не јадеше леб.
5. При него влезе жена му Јазавела и му рече: „Зошто си збркан со духот, па и леб не јадеш?”
6. Тој ѝ одговори: „Кога му спомнав на Језреелецот Навутај и му реков: »дај ми го лозјето за сребро, или, ако сакаш, да ти дадам друго лозје место него«, – тој ми одговори – не ти го давам лозјето свое, наследство од татковците мои.”
7. Тогаш жена му Јазавела му рече: „Какво царство ќе биде во Израилот, ако ти постапуваш така? Стани, јади леб и биде спокоен; јас ќе го земам лозјето од Језреелецот Навутеј.”
8. И таа напиша писма од името на Ахава, ги запечати со неговиот печат и ги испрати до старешините и големците што живееја со Навутеја, во градот негов.
9. Во писмата таа пишуваше вака: „Објавете пост и поставете го Навутеја пред народот;
10. и спроти него ставете двајца лоши луѓе, што ќе сведочат против него и да кажат: »Ти хулеше на Бога и на царот.« И потоа изведете го и убијте го со камења, та да умре.”
11. Тогаш мажите на неговиот град, старешините и големците, што живееја во градот негов, направија како што им заповеда Језавела, така, како што беше напишано во писмото, што го беше испратила до нив.
12. Објавија пост и го поставија Навутеја пред народот;
13. па излегоа двајца лоши луѓе, седнаа спроти него и сведочеа против него пред народот и велеа: „Навутеј хули на Бога и на царот.” Па го изведоа надвор од градот, го убија со камења, и тој умре.
14. Испратија да ѝ кажат на Језавела: „Навутеј е убиен со камења и умре.”
15. Кога чу, дека Навутеј е убиен со камења и умрел, Језавела му рече на Ахава: „Стани и завладеј со лозјето на Језреелецот Навутеја, кој не сакаше да ти го даде за сребро, бидејќи Навутеја го нема меѓу живите, тој умрел.”
16. Кога чу, дека Језреелецот Навутеј бил убиен, Ахав ја раскина облеката своја, стави вреќиште врз себе, а потоа стана и отиде во лозјето на Језреелецот Навутеј и го завладеа.
17. Тогаш би словото Господово кон Тесвитецот Илија:
18. „Стани и пресретни го израилскиот цар Ахава, кој е во Самарија, – ете, сега е во лозјето на Навутеја, каде што дошол да завладее, –
19. и кажи му: вака вели Господ: »ти си убил, и уште стапуваш во наследство!« И кажи му:
„Вака вели Господ: »на она место, каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата крв.«“
20. Ахав му рече на Илија: „Ти ме најде, мој непријателе!” Тој рече: „Те најдов, бидејќи ти се оддаде да го вршиш она што е неугодно пред очите на Господа и да Го гневиш.
21. Вака вели Господ: ете, ќе ти испратам казна, ќе исчистам сè по тебе и ќе го истребам кај Ахава и она што мокри до ѕид, и што е затворено и изоставено во Израилот;
22. и ќе постапам со твојот дом така, како што постапив со домот на Навутеевиот син Јеровоам и со домот на Ахиевиот син Васа, за наскрбувањето, со што ти ме раздразни и го наведе во грев Израилот.”
23. И за Језавела Господ рече: „Кучињата ќе ја изедат Језавела зад Језреелските ѕидови;
24. и кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат;
25. уште немало таков како Ахава, што да се оддава да го врши она што е нугодно пред очите на Господа, за кое го советуваше жена му Језавела;
26. тој постапуваше многу гнасно, следејќи ги идолите, како што правеа Аморејците, кои Господ, ги изгони од пред лицето на Израилевите синови.”
27. Откако ги ислуша сите тие зборови, Ахав се умилкуваше пред Господа, одеше, и плачеше, ја раскина облеката своја, го покри телото свое со вреќиште, постеше и спиеше во вреќиште и одеше нажален.
28. И би слово Господово кон Илија Тесвитецот за Ахава. И Господ рече:
29. „Виде ли, како се смири Ахав пред Мене? Затоа што се смири пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом.”

22. Ахав подготвува поход против Рамот Галадски; лажни пророци му претскажуваат успех; пророкот Михеј претскажува неуспех.

1. Изминаа три години, без војна меѓу Сирија и Израил.
2. На третата година јудејскиот цар Јосафат отиде при израискиот цар.
3. Израилскиот цар им кажа на слугите свои: „Знаете ли, дека Рамот Гладски е наш? А ние толку долго молчиме и не го земаме од рацете на сирискиот цар.”
4. И му рече на Јосафата: „Ќе појдеш ли со мене во војна против Рамот Галадски?” Јосафат му одговори на израилскиот цар: „Како што одиш ти, така и јас; како твојот народ, така и мојот народ; како твоите коњи, така и моите.”
5. Јосафат уште му рече на израилскиот цар: „Прашај денес што ќе каже Господ.”
6. Израилскиот цар ги собра тогаш пророците – до четиристотини души – и ги праша: „Да одам ли во војна против Рамот Галадски, или не?” Тие одговорија: „Оди, Господ ќе го предаде во рацете на царот.”
7. Јосафат праша: „Нема ли тука уште некој пророк Господов, та преку него да Го прашаме Господа?”
8. Израилскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек, преку кого можеме да го прашаме Господа, но јас не го сакам него, зашто не пророкува за мене добро, туку само зло, – тој е Јемвлаевиот син Михеј.” Јосафат рече: „Цару не говори така.”
9. Израилскиот цар повика еден дворјанин и рече: „Оди поскоро по Јемвлаевиот син Михеј!”
10. Израилскиот цар и Јосафат, јудејскиот цар, седеа секој на своето седиште, облечени во царска облека, на плоштадот пред портите на Самарија, и сите пророци пророкуваа пред нив.
11. Хенановиот син Седекија си направи железни рогови и рече: „Вака вели Господ: со овие ќе ги избодеш Сириците, дедека да ги истребиш.”
12. И сите пророци го пророкуваа истото, велејќи: „Оди против Рамот Галадски; ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.”
13. Испратениот, кој беше отишол да го повика Михеја, му рече: „Еве, зборовите на пророците едногласно му претскажуваат добро на царот; и твојот збор нека биде согласен со зборот на секој од нив; искажи и ти добро.”
14. Михеј одговори: „Жив ми Господ! Ќе го кажам она, што ќе ми каже Господ.”
15. Кога дојде при царот, овој го праша: „Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галадски, или не?” А тој му одговори: „Оди, ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.”
16. Тогаш царот му рече: „Пак ли да те заколнувам да не говориш ништо, освен вистината во името на Господа?”
17. Тој одговори: „Ги гледам сите Израилци распрснати по горите како овци, кои немаат пастир, зашто Господ рече: »господар немаат; секој нека се врати со мир во домот свој.«“
18. Израилскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков, дека тој не пророкува добро за мене, туку само лошо?”
19. А Михеј одоговори и рече: „Не така, ислушај го словото Господово; Го видов Господа како седи на Својот престол, и целата небесна војска стоеше при Него десно и лево;
20. и Господ рече: кој ќе го наговори Ахава да оди и да падне во Рамот Галадски? И еден велеше вака, а друг инаку;
21. еден дух, пак, истапи, застана пред лицето на Господа и рече: »јас ќе го склонам!« И еден велеше вака, а друг инаку;
22. Тој одговори: »ќе излезам и ќе стана лажливиот дух во устата на сите негови пророци.« Господ рече: »ти ќе го наговориш и ќе го исполниш тоа;« оди и направи така.”
23. И, ете, Господ сега допушти лажлив дух во устата на сите тие твои пророци; но Господ искажа за тебе лошо.”
24. А Хенановиот син Седекија се доближи, го удри Михеја по устата, и рече: „Како, зар излезе од мене Духот Господов, за да говори во тебе?”
25. Михеј одговори: „Ете, ти ќе го водиш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од една соба во друга, за да се сокриеш.”
26. Тогаш израилскиот цар рече: „Земете го Михеја и одведете го при градоначалникот Амон и при царскиот син Јоаса.
27. И кажете: вака вели царот: „Затворете го овој во темницата и хранете го скудно со леб и скудно со вода, додека не се вратам со мир.”
28. А Михеј рече: „Ако се вратиш со мир, тогаш Господ не зборувал преку мене.” И рече: „Чујте, сите луѓе!”
29. Потоа израилскиот цар и Јосафат, јудејскиот цар, тргнаа за Рамот Галадски.
30. Израискиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи си ги царските алишта. И израилскиот цар се преоблече и влезе во борба.
31. А Сирскиот цар им заповеда на војводите над колите, на број беа триесет и двајца, велејќи: „Не бијте се ниту со мал, ниту со голем, туку само со израилскиот цар.”
32. Војводите над колите кога го видоа Јосафата, помислија, бездруго, тоа е израилскиот цар, и се свртеа против него, за да се удрат со него. Но Јосафат почна да вика.
33. И војводите над колите кога видоа дека тој не е израилскиот цар, се иставија од него.
34. А еден човек случајно го запна лакот и го рани израилскиот цар низ шевовите на околопот. А царот му рече на својот колар: „Врти назад и извади ме од војската, бидејќи сум ранет.”
35. Но во тој ден борбата се засили, и царот стоеше во колата спроти Сирците, а вечерта умре; крвта од раката се слеваше по колата.
36. И при зајдисонце беше објавено по целиот логор: секој да си оди во градот свој, секој – во земјата своја.
37. Така умре царот и беше донесен во Самарија, и го погребаа царот во Самарија.
38. Колата ја измија на Самарискиот извор, каде што се миеја блудниците, и кучињата ја лижеа крвта негова, според словото на Господа, кое Он го изрече.
39. Другите дела на Ахава и сè што беше направил, и куќата од слонова коска, што ја изгради, и сите градови што ги изгради, се опишано во летописите на израилските цареви.
40. Ахав почина при татковците свои, а место него стана цар синот негов Охозија.
41. Јосафат, синот на Аса, стана цар над Јудеја во четвртата година на израилскиот цар Ахава.
42. Јосафат беше на триесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, Салаилева ќерка.
43. Во сè тој врвеше по патот на татка си свој Аса, не се отклонуваше од него, вршејќи го она што не беше угодно пред очите на Господа.
44. Јосафат склучи мир со израилскиот цар.
45. Другите дела на Јосафата и подвизите негови, што ги изврши, и како војувал, се опишани во летописите на јудејските цареви.
46. И сите блудници што беа останале од времето на татка му Аса, тој ги истреби од земјата.
47. Во Идумеја тогаш немаше цар; имаше царски намесник.
48. Царот Јосафат изгради кораби на морето, за да оди во Офир по злато; но тие не стигнаа до таму, бидејќи се разбија во Есион-Гавер.