Трета книга Макавејска

1. Филопатор, победникот на Антиоха, го посетува Ерусалим.

1. Филопатор, кога разбра од оние што беа дошле при него, дека Антиох презел некои места од неговото владеење, им даде заповед на сите свои војски, пешаци и коњаници, па кога ја зеде со себе си својата сестра Арсиноја, појде дури со Ратиските краишта каде што беа улогорени војските на Антиоха.
2. Тогаш некојси Теодот, откако одлучи да изврши една своја замисла, ги зеде со себеси најдобро вооружените луѓе, кои му ги беше доверил Птоломеј, и ноќе влезе во шаторот на Птоломеја, за да го убие насамо и на тој начин да ја спречи војната,
3. но него го излага Доситеј, Дримиловиот син, роден Јудеец, кој го беше изневерил законот и отпосле се оттуѓил од верата на татковците, тој остави во шаторот еден обичен човек, кому му се падна да ја прими смртта определена за Птоломеја.
4. А кога започна жестоката битка и Антиох победуваше, тогаш Арсиноја, со распуштени коси, плачејќи и со солзи, одеше по војската, убедувајќи ги борците да се борат похрабро за себеси, за своите деца и жени, ветувајќи им дека, ако победат, на секого ќе му даде по две мини злато.
5. Па се случи непријателите да бидат победени во битката гради в гради и многумина од нив беа заробени.
6. Откако ја постигна својата цел, Филопатор намисли да помине низ блиските градови и да ги освои.
7. Кога го направи и тоа, и им даде на паганските светилишта подароци, тој ги воодушеви своите поданици со својата храброст.
8. А потоа, кога Јудејците ги испратија пратениците од советот и од народните старешини при него, за да го поздрават, да му предадат дарови, да ја искажат својата радост за победата, тој изјави желба да ги посети што е можно поскоро.
9. Кога пристигна во Ерусалим, тој Му принесе жртва на великиот Бог, Му благодари и направи сè друго што прилегаше за едно свето место.
10. Влегувајќи во храмот, тој беше зачуден од неговата величественост и убавина, се вчудовиди на неговата украсеност и пожела да влезе во самото светилиште, во Свјатаја Свјатих.
11. Му рекоа дека тоа не е можно, зашто и на луѓето од нивниот народ не им е дозволено да влегуваат таму, па дури и на свештениците и дека само првосвештеникот, кој е над сите, има право да влегува таму, и тоа само еднаш во годината; но тој никако не скаше да ги послуша.
12. Му го прочитаа Законот, но и тогаш не се откажа од својата намера и настојуваше да влезе, велејќи дека тој треба да влезе; ако се тие лишени од таа чест, тој не е. Тогаш ги праша зошто, кога влегол во храмот, никој од присутните не му забранил да го направи тоа.
13. А кога еден непретпазлив човек одговори, дека не постапиле добро, тој тогаш им рече: „Штом ова е можно поради една или друга причина, јас ќе влезам сам, без оглед на тоа дали се согласувате или не се согласувате.”
14. Тогаш свештениците, облечени во свештеничките одежди, паднаа ничкум и Му се молеа на великиот Бог да им помогне во неволјата и да го задржи оној кој сака да го направи тоа; храмот се исполни со пискот и созли, а оние што беа во градот се насобраа збркани, помислувајќи дека станало нешто необично.
15. И девојките, кои беа затворени во своите соби, излегоа, заедно со своите мајки, главите си ги посипуваа со пепел и прав и ги исполнуваа улиците со плач и лелек.
16. А други, со сиот накит, ги оставаа одаите за брачно среќавање и со пристојна срамежливост, без ред трчаа по градот.
17. Мајки и доилки, оставајќи ги своите новроденчиња, едни – дома, а други – по улиците, со брзање се собираа во светилиштето.
18. Така разновидна беше молитвата на насобраниот народ поради обидот за осквернување на светињата.
19. Некои од жителите на градот се осмелија да не му дозволат да ја исполни својата намера на оној, кој сакаше со сила да го направи тоа. Тие почнаа да викаат дека треба да грабнат оружје и храбро да умрат за законот на татковците, така што таму направија големо безредие.
20. Но свештениците и народните старешини успеаа со мака да ги задржат, па така тие останаа во молитвена состојба.
21. Народот, како и пред тоа, продолжуваше да се моли. Дури и старешините, кои беа заедно со царот, многупати се обидоа да го одвлечат неговиот горд ум, намерата,
22. но тој, обземен од својата дрскост, ги одби сите, и веќе направи неколку чекори за да го изврши она што го беше рекол пред тоа.
23. Кога го видоа тоа, и оние што беа со него почнаа да Го повикуваат Седржителот – да им помогне во неволјата и да не ја допушти таа незаконска и горда постапка.
24. Од силниот и тажен извик на насобраниот народ се крена шум што не може да се искаже;
25. мислиш не само луѓето, туку и ѕидовите и основите на храмот се бунеа како пред умирање поради осквернувањето на светото место.

2. Молитва на првосвештеникот Симон.

1. Првосвештеникот Симон, коленичејќи пред светилиштето, ги подигаше рацете и се молеше вака:
2. „Господи, Господи, Царе на небесата и Господару на секое создание. Ти си свет меѓу светиите, Сесилен и Седржител! Погледни милостиво на нас, кои сме измачувани од овој безбожник и незнабожец, исполнет со горда дрскост и сила.
3. Зашто Ти, Кој си создал сè и Кој управуваш со сè, Ти си справедлив Господар: Ти им судиш на оние што дејствуваат гордо и дрско.
4. Ти некогаш ги погуби оние што вршеа беззаконие; меѓу нив имаше и исполини, кои се надеваа на својата сила и храброст; ним им испрати преголеми води.
5. Ти ги изгори Содомците со оган и со сулфур, нив, ко живееја гордо и беа прочуени со своите порочни дела, покажувајќи им ги како пример на потомците.
6. Ти го казни дрскиот Фараон со многу и тешки казни, него што го беше поробил Израилот, твојот свет народ; Ти ја јави Твојата власт и му ја покажа Твојата сила,
7. и кога тој потрча по народот, Ти го потопи во морските длабочини, него, неговите бојни коли и неговиот народ; и на оние што се надеваа во Тебе, Господарот на секое создание, Ти им помогна да преминат неповредени, па кога ги видоа Твоите дела, делата на Твоите раце, Те прославија Тебе Седржителот.
8. Ти, Царе, Кој си ја создал оваа безгранична и неизмерлива земја, Ти го избра овој народ и го освети ова место за Твоја слава, Ти, Кој од ништо немаш потреба, го прослави со Твоето јавување и го направи да биде за слава на Твоето велико и многупочитувано име.
9. Од љубов кон домот на Израилот, Ти ни вети дека, ако нè снајде некакво зло или ако бидеме од некого измачувани, па ако дојдеме на ова место и Ти се помолиме, дека ќе ја чуеш нашата молитва.
10. Ти си верен и вистински, зашто многупати, кога нашите татковци беа во неволја, Ти им помагаше во нивното страдање и ги избавуваше од големи опасности.
11. Ете и ние, Свети Царе, поради нашите многу големи гревови, страдаме, им се покоруваме на нашите непријатели и сме истоштени.
12. Во ваква наша положба овој безбожник се обидува да го оскверни ова свето место, кое му е посветено на славата на Твоето свето име.
13. Зашто, макар што е Твоето жиевалиште, небото на небесата, недостижно за нас луѓето, Ти посака да му ја покажеш Твојата слава на Израилот со тоа што му го освети ова место.
14. Не одмаздувај се на нас заради нивната нечистотија, не казнувај нè за осквернувањето, за да не се фалат попусто безбожниците во своите мисли и да се големеат во гордоста со јазикот свој велејќи: »Ние го понизивме домот на светињата, како што се понизува и домот на нечистотијата.«
15. Прости ни ги нашите гревови, прости ни ги нашите неправди и покажи ни ја Твојата милост во овој час; скоро нека дојде Твојата милост на нас. Дај ни сила на нас паднатите, за да можеме да те прославуваме, дај ни нам, на духовно паднатите и огорчени, во срцето мир.”
16. Тогаш Бог, Кој гледа сè и Светиот над сите светии, кој ја ислуша смирената молитва, го порази оној, што настојуваше насилно и дрско, го залула де на една и де на друга страна, како ветрот што лула трска, го кутна така што, лежејќи неподвижен на подот, со раслабнати раце и нозе, не можеше ни гласот свој да го подигне, – него го постигна Божјиот суд.
17. Тогаш неговите луѓе и телохранители, откако ја видоа оваа ненадејна и тешка казна што го постигна, плашејќи се да не биде лишен и од живот, бргу го изнесоа надвор, поразени и самите тие од необичниот страв.
18. По извесно време, откако дојде на себеси со претрпената казна, тој сепак не се покаја, туку си отиде со свирепи закани.
19. Откако се врати во Египет, почна да ги намножува делата на својата злоба, заедно со своите пријатели на гозбите, заборавајќи секаква правда, и не се наситуваше на своите безбројни срамни дела, туку ги проколнуваше Евреите; многумина од неговите пријатели, следјќи го неговиот пример, и тие го правеа истото, за да му угодат.
20. Најпосле одлучи јавно да го посрами јудејскиот народ, па стави столб врз кулата на својот дворец, а до столбот постави идол со овој натпис: „Кој не принесува жртви, тој не треба да влегува во своите свети места; а сите Евреи да бидат преброени како прост народ и да бидат запишани како робови, а оние што се противат, да бидат насила доведувани и убивани.
21. И запишаните да бидат обележени, на телото да им биде жигосан знакот на Дионисиј, а потоа во таква состојба да ги упатат со ограничени права.”
22. Но, за да не биде замразен од сите, тој во натписот го додаде и ова: „Ако некој од нив посака да живее според овдешните обреди, ним да им се дадат подеднакни права како на александриските граѓани.”
23. Затоа, некои, поради граѓанските права, ја презреа побожноста на татковците и брзо се предадоа, за да можат, општејќи со царот, да бидат удостоени со секаква голема слава.
24. Но поголемиот дел од нив се зацврстија со мажествен дух и не се откажаа од побожноста; тие ги даваа своите пари за да го откупат својот живот и без страв се обидуваа да се спасат од пребројувањето, имајќи надеж дека ќе добијат помош, и се оддалечуваа од предавниците, сметајќи ги за непријатели на својот народ и одбегнуваа со нив секаков допир и пријателски односи.

3. Положбата на Јудејците во Египет станува уште пострашна.

1. Кога чу за сето тоа, овој безбожник побесне, па не само што се озлоби против Јудејците, кои живееја во Александрија, туку покажа страшно непријателство и против сите Јудејци, кои живееја во целата негова земја, и заповеда да ги соберат сите заедно и да ги предадат на најсрамна смрт.
2. Кога се подготвуваше оваа работа, некои од едномислениците на ова злосторство, почнаа да шират глас против јудејскиот народ, по повод таа заповед, дека тие како да не ги извршуваат своите законски задолженија.
3. Меѓутоа, иако Јудејците имаа добар однос и неизмерна оданост спрема царевите, тие сепак Го почитуваа својот Бог и живееја според Неговиот закон, па затоа во некои прилики си дозволуваа отстапување и неизвршување. Затоа некои сметаа оти се противници на царската власт; но кај сите други луѓе, што го извршуваа она што е добро, тие наидуваа на разбирање.
4. При сето ова, другите народи не го ценеа доволно познатиот добар начин кај Јудејците. Тие ја забележуваа само разликата во богопочитувањето, во исхраната и во јазикот; дека тие не дозволуваа заедничка трпеза ни со царот, ни со големците, дека се завидливи и големи непријатели на државата; на тој начин ширеа хули против јудејскиот народ со цел да му напакостат.
5. Елините, пак, кои живееја во истиот град и не беа виделе никаква навреда во нив, гледајќи ја ненадејната промена во односот спрема тие луѓе и не можејќи да им помогнат, затоа што наредбата беше царска, ги утешуваа, негодуваа и се надеваа, дека сепак состојбата ќе се измени,
6. зашто не можеше да се занемари толкав народ, кој воопшто не беше виновен.
7. Меѓутоа, некои од нивните соседи, пријатели на оние што тргуваа со нив, примајќи скришум некои од нив, им ветуваа оти ќе им помогнат и ќе направат сè што е можно за да ги заштитат.
8. А тој, погордеан од своите привремени успеси, без да мисли на силата на великиот Бог, немаше намера да ја измени својата замисла; против нив напиша вакво писмо:
9. „Царот Птоломеј Филопатор испраќа поздрав до сите жители, војни старешини и војници во Египет. Јас сум здрав и работите ми одат успешно.
10. По нашиот поход во Азија, како што знаете и вие самите, со ненадејна помош одбоговите и со наша сила како што сакавме, имавме добар крај, мислевме да го средиме добро животот на народите што живеат во Кале-Сирија и Феникија, не со силата на оружјето туку со кротост и голема љубов спрема луѓето, правејќи им добро од сè срце.
11. Раздавајќи по градовите богати дарови за храмовите, отидовме и во Ерусалим, за да му укажеме почит на светилиштето на тие никаквеци, кои никогаш не се ослободени од својата безумност.
12. А тие, откако нè пречекаа со зборови драговолно, а всушност подмолно, кога сакавме да влеземе во храмот и да му оддадеме почит со соодветни и најдобри дарови, тие, исполнети со својата поранешна гордост, ни забранија да влеземе, иако не ги присиливме, поради љубовта што ја имаме спрема сите луѓе.
13. Откако отворено го покажаа своето непријателство против нас, тие единствени од сите народи упорно им се противставуваат на царевите и на своите добротвори, не сакаат да извршуваат ништо од она што е справедливо.
14. А ние, однесувајќи се трпеливо спрема нивната безумност, и тогаш, кога се враќавме од победа и во самиот Египет, со љубов ги примавме сите народи и со нив се однесуваме како што е потребно.
15. Меѓутоа, кога изјавуваме дека не сакаме да си спомнуваме за она што ни го направија нивните сонародници, одлучивме да направиме коренита промена спрема нив затоа што ни помагаа во војната, затоа што веќе одамна им се доверени многу важни работи, сакаме дури да ги удостоиме со правото да имаат граѓанство на Александрија и да ги направиме учесници на вечното принесување жртви.
16. А тие го сфатија тоа како нешто што е против нив, што е својствено на нивната лоша природа: да го отфрлат доброто и да тежнеат кон злото, па така, не само што го презреа непоценливото право на граѓанство, туку гласно или прикриено се гнасат од оние малкумина, што искрено се расположени спрема нас, надевајќи се поради нивниот неуреден живот, дека ние ќе ја повлечеме набргу нашата одлука.
17. Затоа, откако се уверивме од искуство, дека тие имаат против нас непријателски планови, и како што предвидувавме, ако некогаш против нас се дигне некое востание, ние ќе ги имаме против нас и тие нечесни луѓе, како наши опасни непријатели и предавници.
18. Затоа заповедаме: штом го добиете ова писмо, веднаш со наредба и со сила да ги ставите овие луѓе во тешки окови, заедно со нивните жени и деца, и отсекаде да ги праќате при нас за да извршиме над нив смртна казна, казна безмилосна и срамна, достојна за тие пакосни луѓе.
19. Ако тие веднаш бидат казнети, нашите државни работи во иднина ќе тргнат кон совршен успех и најдобар поредок.
20. Ако некој сокрие некого од Јудејците, било старец, дете, па дури и пеленаче, тој ќе биде погубен со целиот дом на најжесток начин.
21. А оној, што ќе открие некого од нив, тој ќе го добие имотот на виновникот и уште две илјади драхми од царската каса, ќе добие слобода и чест.
22. Секое место, каде што ќе биде најден сокриен Јудеец, треба да биде опустошено и изгорено, така што тоа место за вечни времиња нема да му биде потребни за што и да е.” Ете, ваква беше смислата на напишаното писмо.

4. Жалоста и страдањата на Јудејците во Египет.

1. Секаде, каде што ќе пристигнеше оваа царска заповед, незнабошците приредуваа народни гоштевки со радосни извици и на таков начин вкоренетата омраза смело се покажуваше.
2. Меѓу Јудејците започна неутешна тага, горко плачење и лелекање; насекаде се слушаа воздишките на што ја оплакуваа ненадејно најавената страшна смртна казна; тоа ги плашеше нивните срца.
3. Која област, кој град или кое село, кои патишта не се исполнија со нивниот плач и писок?
4. Властите од секој град без чувство на жал и со жестокост ги испраќаа заедно; гледајќи ја таа грозна слика, дури некои и од непријателите го оплакуваа нивното прогонување и размислуваа за превртливоста на животот.
5. Водеа групи старци, престарени, покриени со бели коси, подгрбавени и со треперливи нозе и, според, барањето за насилно прогонство, ги принудуваа без срам да чекорат побрзо.
6. Девојки, тукушто склучиле брак и влезени во брачна одаја, место да се радуваат, подземаа плач и своите, со масла намирисани коси ги посипуваа со пепел; ги водеа без превез и место да пеат свадбени песни, тие го прифаќаа општиот лелек, бидејќи туѓинците ги измачуваа страшно; ги влечкаа јавно и насила, врзани во вериги и ги фрлаа во кораби.
7. И нивните млади сопрузи, место со венци на глава, беа врзани со јажиња околу вратот, во цветот на својата младост; место свадбенска гозба и младински наслади, свадбените денови ги минаа во плач, зашто под нозете свои го гледаа пеколот отворен.
8. Ги водеа како ѕверови, оковани во железни вериги: едни беа приковани за седиштата на корабите, а други – на нозете имаа тешки окови. Освен тоа, тие беа во внатрешноста на бродовите, одделени од светлината, од сите страни заобиколени со темнина – за сето време додека пловеа; со нив се однесуваа како со најлоши злосторници.
9. Кога го деведоа до едно место, наречено Схедија, а според царската заповед, пловењето беше завршено, тогаш беше наредено да бидат оставени пред градот, во хиподромот, кој беше многу широк и доста годен за јавна поруга пред сите што влегуваа во градот и кои излегуваа оттаму. Но немаа никакво општење со војската, а немаа ни достоен покрив над главите.
10. Кога сето тоа беше направено, и кога царот разбра дека нивни сонародници често излегуваат тајно од градот, за да ја оплакуваат тешката мака на своите сограѓани, тој се разгневи многу и нареди и тие да бидат не помалку казнети од другите.
11. Тој нареди да ги пребројат сите по име, не за да им пресуди тешка робија, туку најнапред да ги подложи на тешки измачувања, а најпосле сите да ги погуби во еден ден.
12. И макар што пребројувањето се вршеше со голема брзина и до крајна ревност, од изгревот до залезот на сонцето, сепак не можеа потполно да го завршат ни за четириесет дена.
13. А царот непрестајно и прекумерно се предаваше на задоволства, приредуваше гозби пред сите идоли, а со умот свој далеку од вистината, со својата нечиста уста ги славословеше оние што беа глуви и што не можеа да говорат или да помогнат, а за великиот Бог зборуваше она што не е прилично.
14. Откако измина тоа време, писарите го известија царот, дека не се во состојба да ги пребројат Јудејците поради нивното големо множество; освен тоа, уште поголем е бројот на оние што сè уште се во областите, по домовите и распрснати во разни места, така што пребројувањето не можат да го направат дури и сите египетски власти.
15. А кога царот ги заплашуваше уште построго, препоставувајќи дека се поткупени со подароци и дека вешто ја избегнуваат казната, тогаш стана потребно да го убедат уште посилно; тие му докажаа дека немаат доволно хартија и трски за пишување.
16. Тоа беше дејство на непобедливата Божја промисла, која им помагаше на Јудејците.

5. Јудејците викаат кон Господа и Господ ја послуша нивната молитва.

1. Тогаш царот, исполнет со силен гнев и неограничен во својата омраза, го повика Ермона, кој беше одговорен за слоновите, му нареди идниот ден да ги нахранат, на број петстотини, со темјан и да ги напојат со што е можно повеќе чисто вино, па кога ќе се разбеснат од изобилнотот пиење, да ги изведат пред Јудејците, осудени на смрт.
2. Отакако ја предаде својата наредба, тој отиде на гозба, а ги покани особено оние од своите пријатели, и воените началници, што им беа непријатели на Јудејците.
3. Определените за тоа отидоа од вечерата, за да им ги врзат рацете на несреќниците, па презедоа и други претпазливи мерки, мислејќи дека сиот тој народ ќе биде подложен на страшна смрт.
4. Јидејците, кои на незнабошците им се чинеа лишени од секаква заштита, бидејќи од сите страни беа притиснати со тешка неволја, викаа кон сесилниот Господ, Кој има сила над секоја власт, кон својот милосрден Бог и Отец, Му се обраќаа сите со непрестан плач и солзи, Му се молеа да ја одврати од нив безбожничката замисла и со Своето големо јавување да ги спаси од приготвената за нив смрт.
5. Нивната искрена молитва се издигна до небото. Ермон ги напои нескротливите слонови, откако им даде изобилно и темјан и вино, а наредниот ден појде во дворецот за да го извести за тоа царот.
6. Но Бог му беше подарил на царот длабок сон, тој добар дар, што им го испраќа Он дење и ноќе на сите, на кои Он сака.
7. По Божјо дејство, потонал во длабок и сладок сон тој заборави за преземеното беззаконие, и наполно се измами во својата неизменлива одлука.
8. А Јудејците, откако се избавија од определениот час, Го прославуваа својот свет Бог и одново Му се помолија благиот и мирољубив Бог да им ја покаже на гордите незнабошци Својата семоќна десница.
9. Во девет и половина часот, оној што имаше задача да ги кани гостите, откако виде дека поканетите се веќе собрани, влезе да го разбуди царот. Го разбуди со голема мака и го извести дека времето за гозбата изминало и го извести за сè што му беше порачал. Царот помисли, па отиде на трпезата, почна да пие и на оние што беа поканети на гозбата им рече да седнат спроти него.
10. Кога направија како што им рече, тој им пожела да си поминат на гозбата во полна веселба.
11. Додека говореше долго при трпезата, царот го повика Ермона, строго и налутено го праша – поради која причина Јудејците се оставени да преживеат уште еден ден.
12. Ермон му одговори дека уште преку ноќта ја извршил неговата заповед, а и пријателите на царот го потврдија тоа. Тогаш царот, поради жестокост уште полут и од самиот Фаларис, рече дека Јудејците за тоа треба да му благодарат на неговиот денешен сон.
13. А на Еромона му рече: „А ти, пак, неизоставно подготви ги слоновите за уништување на непослушните Јудејци.”
14. Кога царот го рече тоа, сите присутни со задоволство и со радост му го изразија своето одбрување, па се разотидоа секој во својот дом. Ноќта беше употребена не толку за сон, колку за измислување секакви поруги над наречените престапници.
15. Утредента, рано наутро, токму кога петлите почнаа да пеат, Ермон ги изведе слоновите и почна да ги раздразнува во широкиот двор. Во Градот многу народ се беше собрал да ја гледа интересната претстава, и со нетрпение чекаше да се раздени.
16. Јудејците, измачувани духовно, непрекинато се молеа со многу солзи и жални песни; Му се молеа на великиот Бог пак да им испрати брза помош.
17. Сончевите зраци уште не беа се распрснале, а царот уште ги пречекуваше своите пријатели, кога пред него се појави Ермон и ги покани да излезат, известувајќи дека сè е подготвено според царската заповед.
18. Кога го ислуша, тој како да се збрка од предлогот за некакво чудно излегување, зашто сè беше наполно заборавил, па праша: „Каква е таа работа што ја извршил со таква брзина?” Тоа беше пак дејство на Бога, Кој владее над сè, Кој му даде заборав за сè, што беше намислил пред тоа.
19. Ермон и сите пријатели му објаснија, велејќи: „Царе, слоновите и војската се приготвени по твоја строга заповед.”
20. А тој се исполни со голем гнев од тие зборови, бидејќи по Божја промисла беше заборавил сè што беше намислил, – па со пламнати очи, заплашувачки рече:
21. „Да имаше ти родители или деца, тие ќе им послужеа како изобилна храна на дивите ѕверови, место невините Јудејци, кои спрема мене и спрема моите дедовци имале полна и непроменлива верност. Ако не беше мојата приврзаност спрема тебе уште од нашето зеадничко детство и ако не беа твоите заслуги, место тие – ти ќе беше погубен.”
22. Така Ермон доби неочекувано и ужасно застрашување, така што сосема се измени и во поглед и во лице; тогаш сите пријатели на царот излегоа нерасположени, а сите што беа насобрани ги пуштија да се разотидат.
23. Кога слушнаа Јудејците за благонаклоноста на царот спрема нив, тие го прославија Бога, Царот над царевите за помошта што ја примија од него.
24. По овие одлуки царот пак приреди гозба и ги канеше сите да се веселат. Па, кога го повикаа Ермона, му рече налутено: „Колку пати треба да ти заповедам, непослушнику, за една и иста работа? Подготви ги слоновите утре за погубување на Јудејците?”
25. Тогаш неговите роднини, кои седеа заедно со него на трпезата, вчудовидувајќи се на неговите непостојани мисли, рекоа: „До кога, царе, ќе нè искушуваш како да сме безумни? Еве, по третпат заповедаш да се истребат Јудејците, а штом ќе дојде до извршување на твојата заповед, ти ја поништуваш.
26. Затоа и градот се наоѓа во вознемиреност од чекање; исполнет е со луѓе што чекаат, а има опасност и да биде ограбен.”
27. Потоа царот, сосема сличен на Фалариса, исполнет со безумство, не сметајќи ги за ништо настанатите во него душевни промени во полза на Јудејцте,
28. потврди со најбезбожничка клетва и нареди Јудејците да бидат испратени во пеколот, осакатени од нозете и стапките на ѕверовите, а потоа да се преземе поход против Јудеја, и што побргу да биде опустошена со оган и меч и нивниот храм, недостапен за нас, мислеше тој, да биде изгорен со оган и да се направи засекогаш пуст за сите што сакаат да принесуваат жртви.
29. Тогаш пријателите и роднините негови, многу израдувани, се разотиода со доверба и во најпогодните места во градот поставија војска за стража.
30. А началникот на слоновите, откако ги доведе ѕверовите, така да се каже, во збеснета состојба поради убавото вино, приготвено со темјан, и ги вооружи со страшни орудија, и утредента рано, кога безбројни редови се беа упатиле надвор од градот кон коњското тркалиште, дојде во дворецот и му напомна на царот што треба да се прави.
31. А царот, исполнет со голем гнев, излезе со безбожна замисла пред целиот поход на ѕверовите, зашто, воден од своето ожесточено срце, сакаше да ја види со своите сопствени очи жалната и грозна пропаст на тие, наречени луѓе.
32. Кога Јудејците ја видоа прашината што се креваше од слоновите, од вооружената војска која одеше по нив, како и од множеството народ, кога ги слушнаа силните извици, помислија дека настанал последниот час од нивниот живот и крајот на нивниот најмачно чекање.
33. Извикаа со плач и лелек, се целиваа еден со друг, се прегрнуваа со роднините, се фрлаа на врат – татковците на синовите и мајките на ќерките;
34. други, пак, држеа на своите раце новородени младенчиња, кои го цицаа последното млеко.
35. Но, знаејќи ги претходните помошти од небото, еднодушно паѓаа ничкум, ги тргнуваа дечињата од своите гради.
36. извикуваа високо кон Оној, Кој има власт над секоја власт, Му се молеа да ги помилува и да им ја испрати својата помош ним, што се веќе пред вратите на пеколот.

6. Молитва на старецот Елеазар заедно со другите старци.

1. Меѓутоа, некојси Елеазар, човек почитуван и познат меѓу свештниците, а веќе во напредната возраст и во животот свој украсен со секакви добродетели, ги повика страците што беа околу него да се обраќаат кон светиот Бог. То се молеше вака:
2. „Свети Царе, највозвишен Боже Седжителе, Ти Кој управуваш милостиво со секое создание, Отец наш, погледни милостиво кон семето на Авраама, кон децата на осветениот Јаков, кон народот на Твојот свет дел, кој е туѓинец во туѓа земја и кој неправедно се погубува.
3. Ти го погуби Фараонот, некогашниот владетел на Египет, кој имаше множество бојни коли и се креваше со голема дрскост и со горди зборови; Ти го погуби заедно со неговата горда војска и го удави во морето, а на израилскиот род му покажа светла милост.
4. Ти го собори жестокиот асирски цар Сенахирим, кој попусто се фалеше со своите безбројни војски, што со својот меч ја покори целата земја и се дигна против Твојот свет град, со гордост и дрски хули, кога Ти јавно им ја беше покажал силата Своја на многу народи.
5. Ти ги запази трите момчиња во Вавилон, кои доборволно му ги предадоа своите животи на огнот, за да не им служат на лажните идоли, Ти ја запази и нивната коса неповредена, оросувајќи ја разгорената фурна, а пламенот од фурната го сврти кон непријателите.
6. Ти го извади на светлина Даниила неповреден, кој поради завист и клевети беше фрлен во јама, за да биде раскинат од лавови; Ти, Оче наш, и Јона, кој се мачеше безнадежно во утробата на китот, што живее во морските длабочини, го покажа неповреден пред сите негови блиски.
7. И сега, Ти, Кој се одмаздуваш за навреди и Кој ги закрилуваш сите, покажи им се скоро на оние од родот на Израилот, навредувани од одвратните безбожни назнабошци.
8. А, ако, пак, нашиот живот, по нашето преселување, се наполни со беззаконија, тогаш, откако ќе нè избавиш од рацете на нашите непријатели, тогаш, Господи, умртви нè со смрт, која ќе биде според Твојата волја,
9. та празноверците да не ги прославуваат нивните мртви идоли затоа што загинале Твоите сакани чеда, велејќи: „Нивниот Бог не ги избави!”
10. Ти, Вечни, Кој ја имаш сета сила и секаква власт, погледај милостиво на нас;
11. смилувај се на нас кои поради безумното насилство на беззакониците сме лишувани од животот како злосторници.
12. Преславни, Ти имаш сила да го спасиш потомството на Јакова; нека се уплашат незнабошците од Твојата непобедлива сила.
13. Со солзи те моли целото множество деца и нивните родители: нека видат сите назнабошци дека си со нас; Господи, нека видат дека не си го свртил лицето Твое од нас.
14. Господи, направи така, како што си рекол, дека ни во земјата на нивните непријатели нема да ги презреш.”
15. Штом ја заврши Елеазар молитвата, тогаш пристигнаа до тркалиштето и царот со ѕверовите и сета страшна негова војска.
16. Кога го видоа, Јудејците издигнаа пискот до небото, така што нивните гласови се огласија и во блиските долини; сета војска беше опфатена со силно сочувство.
17. Тогаш многуславниот Седржител и вистинскиот Бог го покажа Своето лице и ја отвори небеската врата, од каде што слегнаа два светли и страшни ангели; нив ги видоа сите, освен Јудејците.
18. Тие застанаа спротив војската, ја исполнија сета војска со смут и страв и сите војници ги врзаа со неподвижни вериги; царот трепереше од страв и ја заборави својата гневна храброст.
19. Тогаш слоновите се свртеа против вооружените војници, кои ги придружуваа, ги газеа и ги убиваа.
20. Гневот на царот се претвори во жалост и солзи поради она што беше наумил да го направи.
21. Кога го слушна пискотот на Јудејците и кога ги виде сите наведнати, готови да бидат погубени, заплака и гневно им се закануваше на своите пријатели, велејќи:
22. „Вие ја злоупотребивте власта, а по жестокост ги надминавте и тираните; се обидувате и мене да ме лишите и до власт и до живот, тајно замислувате нешто што е некорисно за царството.
23. Тие што верно ги чуваа тврдините на нашата земја, кој ги собра безумно тука, оддалечувајќи ги од нивните домови?
24. Овие, кои уште од старо време ги надминуваа сите народи со својата преданост спрема нас во сè, а честопати претрпуваа и најтешки измачувања; кој е тој што ги изложи на вакво понижување и на таков срам?
25. Разврзете, одврзете ги неправедните вериги, пуштете ги со мир по нивните домови, молејќи ги да ви простат за тоа што сте им го направиле; ослободете ги синовите на небесниот Седржител, нивниот Бог, кој уште од времето на нашите дедовци и досега постојано ни давал благосостојба и слава на нашето царство.”
26. Ете, токму ова го рече царот. Во истиот час одврзаните луѓе, откако се избавија од смрт, Го прославија својот свет Спасител – Бога.
27. Потоа царот се врати во градот и го повика началникот на државната каса и му нареди во тек на седум дена на Јудејците да им се дава вино и сè друго што е потребно за гозба и порача: на исто место каде што ја чекаа својата смрт – да го празнуваат со полна веселба своето спасение.
28. Тогаш тие, кои пред тоа беа изложени на поруга и до самиот пекол, или поточно кои слегуваа во пеколот, место страшна и горчлива смрт, приредија гозба во чест на своето спасение; местото што беше одредено за нивната смрт и нивни гробови стана гозбена трпеза.
29. Ја оставија жалната и плачевната песна, почнаа да ја пеат песната на нивните татковци, прославувајќи Го Спасителот на Израилот и Чудотворецот – Бога, па оставајќи ги и жалоста и плачот, образуваа хор во знак на спокојна веселба.
30. Исто така и царот, откако по тој повод приреди голема гозба, му искажуваше благодарност на небото за славното и свечено дарување на слободата.
31. А оние, кои ги беа одредиле за смрт и за храна на грабливите птици и кои ги пребројуваа со радост, сега опфатени од срам, заофкаа и нивната жестока грубост згасна со срам.
32. Јудејците, пак, како што рековме, го составија својот хор и празнуваа со радосни славословија и пеење псалми.
33. Дури беа донеле општа наредба: во секое нивно населено место од поколение во поколение со радост да бидат празнувани овие денови, не за пиење и прејадување, туку за спомен на тоа како Бог им подари спасение.
34. Потоа појдоа кај царот и го замолија да ги пушти по нивните домови.
35. Нивното пребројување се правеше со дваесеттиот ден на месецот Пахон до четвртиот ден на месецот Епиф – во текот на четиресет дена; беше определено нивното убивање да се изврши од петтиот до седмиот ден на месецот Епиф, во три дни, во кои Владиката ја покажа славно Својата милост спрема сите нив и ги запази неповредени.
36. Празнуваа четиринаесет дена, снабдувани со сè од царот, па тогаш му поднесоа молба да им дозволи да се вратат во своите места.
37. А царот, откако се согласи, великодушно им го напиша ова писмо до градските началници, со свој потпис – во нивна корист.

7. Писмото на царот Птоломеј Филопатор до египетските началници.

1. „Царот Птоломеј Филопатор до сите египетски началници и сите службени лица – бидете весели и здрави! Здрави сме и ние и нашите деца, зашто великиот Бог ни помогна во работите според нашата желба.
2. Некои од нашите пријатели, поради својата лоша замисла, често ни говореа и не уверуваа да ги собереме сите Јудејци, кои се наоѓаат во нашето царство и да ги подложиме на различни маки како предавници,
3. додавајќи, дека, сè дури не го направиме тоа, работите во нашето царство нема да се средат поради омразата, која тие ја имаат спрема сите народи.
4. Тие ги доведоа насилно во окови како робови, односно, поточно како клеветници, и, без какво и да е иследување, се обидоа да ги погубат, па измислија свирепости пострашни дури и од оние на скитските обичаи.
5. Ние ова го забранивме строго и, според добриот однос што го имаме кон сите луѓе, веднаш им подаривме живот, па откако се уверивме оти небесниот Бог е сигурната закрила на Јудејците и оти секогаш ги заштитува, како татко што ги заштитува своите синови, а бидејќи знаеме дека и тие и нивните дедовци ни го сакаат доброто и нам и на нашите дедовци, сосема справедливо ги ослободивме од секакво обвинение,
6. па им одобривме на сите да се вратат по своите домови, така што никој и никаде да не ги навредува за ова што стана без никаква вина од нивна страна,
7. Знајте дека, ако преземеме против нив нешто лошо или со нешто ги навредиме, ќе имаме против себеси не човек, туку Севишниот Бог како одмаздник на нашите дела секогаш и во сè. Бидете здрави!”
8. Откако го добија ова писмо, Јудејците не брзаа веднаш да си појдат, туку му се обратија на царот со молба: оние од јудејскиот народ, кои самоволно го оставија Светиот Бог и Божјиот закон – да ја добијат заслужената казна,
9. додавајќи, дека тие што заради својот стомак ги напуштиле Божјите заповеди, никогаш нема да имаат добри чувства ни спрема царската управа.
10. Царот виде оти тие се застапуваат за вистината, па им даде одобрение и полномошно, за да можат во секое место од неговото царство да ги истребат без никаква пречка сите што го погазиле Божјиот закон, без да бараат посебна дозвола за тоа или царски надзор.
11. Тогаш, откако му заблагодарија на царот, како што беше потребно, свештенството и сето народно мнозинство запеаја алилуја – и појдоа.
12. Секого од своите сонародници, што се беше осквернил, а кого го среќаваа по патот, го казнуваа и убиваа како пример за другите.
13. Во тој ден убија повеќе од триста мажи и празнуваа весело, убивајќи ги отстапниците.
14. А оние, што Му останаа на Бога верни до смрт и добија палма на радост од спасението, појдоа од градот, овенчани со секакви миризливи цветови со веселба и восклици, со благодарност и милозвучни песни, благодарејќи Му на Бога на своите татковци, на вечниот Спасител на Израилот.
15. Кога дојдоа во Птолемаида, наречена според својството на местото Родофор, таму, по општа согласност, чекаа кораби седум дена.
16. Таму приредија гозба поради своето спасение, зашто царот ги беше снабдил со си што им беше потребно додека пристигнат во своите домови.
17. Бидејќи таму пристигнаа во мир, со голема благодарност, тие и тука решија весело да ги празнуваат сите дни колку што ќе престојуваат.
18. Откако ги осветија тие дни и се заветуваа со поставување столб врз местото на гозбата, појдоа понатаму по суво, море и по река – секој кон својот дом – здрави, слободни и полни со радост, заштитени со царската заповед. Тогаш придобија поголема сила и слава отколку пред тоа и станаа страшни за своите непријатели и никој не го ограничуваше нивниот начин на живеење;
19. сите го добија по опис она што беше нивно, така што сите што имаа нешто кај себеси – им го враќаа со најголем страв, зашто великиот Бог им беше направил големи добрини за нивно спасение.
20. Нека е благословен Спасителот на Израилот во сите времиња! Амин.