1. Закон за жртвите сепаленици.
1. И го повика Господ Мојсеја, и му рече од скинијата на сведоштвото, велејќи:
2. “Соопшти им на синовите Израилеви, и кажи им: кога некој од вас сака да Му принесе на Господа дарови, од добитокот, од говедата и од овците привесувајте ваш дар.
3. Ако принесува жртва сепаленица од крупен добиток, нека принесе машко, здраво; пред влезот од скинијата на сведоштвото нека ја доведе, за да придобие милост пред Господа.
4. И нека ја возложи раката своја врз главата на жртвета, и ќе придобие милост за очистување;
5. нака се заколе теле пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека принесат крв, и со неа нека го попрскаат жртвеникот одозгора наоколу, што е пред влезот од скинијата на сведоштовото;
6. потоа жртвата сепаленица нека се одере и нека се исече на делови.
7. А синовите Аронови, свештениците, нека запалат оган на жртвеникот, и нека стават дрва на огнот.
8. Па потоа синовите Аронови, свештениците, нека ги наредат деловите, главата и лојта врз дрвата на огнот, што е на жртвеникот.
9. А внатрешнината и нозете нека се измијат со вода; свештеникот нека го стави сето тоа на жртвеникот; тоа е жртва сепаленица, жртва огнена, со благопријатен мирис пред Господа.
10. А ако принесува жртва сепаленица на Господа од ситен добиток, од овци или од кози, нека принесе јагне или јаре, чисто машко и здраво и да ја постави раката врз главата негова.
11. Да се заколе на северната страна од жртвеникот пред Господа, а синовите Аронови, свештениците, нека го прелијат жртвеникот со крвта одозгора наоколу.
12. И нека се расече на делови, а главата со лојот, свештеникот нека ги стави врз дрвата, што се на огнот врз жртвеникот;
13. а внатрешнината и нозете свештеникот нека ги измие со вода и сето тоа нека го донесе и нека го изгори на жртвеникот; тоа принос жртва, жртва огнена со благопријатен мирис пред Господа.
14. Ако Му принесува на Господа жртва птица како сепаленица, тогаш нека принесе на дар грлица или млад гулаб;
15. свештеникот нека ја принесе на жртвеникот, и извивајќи и ја главата, нека ја откине и нека ја изгори на жртвеникот, крвта да ја исцеди во подножјето на жртвеникот;
16. нека и ги извади гркланот и перјата и заедно со нечистотијата нека ги фрли до жртвеникот од источната страна, каде што е пепелта,
17. па нека ја прекрши меѓу крилјата, но да не ги разделува од неа; и свештеникот потоа нека ја постави на жртвеникот, врз дрвјата што се на огнот; тоа е принос жртва, жртва огненеа со благ пријатен мирис пред Господа.
2. Закон за зрнени жртви што се јадат.
1. “Ако некој Му принесе на Господа лебна жртва, нека принесе пченично брашно, и нека го прелие со елеј, па на него нека стави ливан;
2. нека ја донесе тој кај синовите Аронови, свештениците, а свештеникот да земе полна рака од брашното пченично со елеј и сиот нејзин ливан, па нека ја запали таа свештеникот на жртвеникот како спомен нејзин; тоа е жртва со пријатен мирис на Господа,
3. а она што ќе остане од жртвата нека биде за Арона и за синовите негови: тоа е најголема светиња меѓу жртвите на Господа,
4. Ако, пак, се принесува дар жртва од пченично брашно печена во печка, тоа нека бидат бескрасни лебови, замесени со елеј, и бесквасни питки, намажани со елеј.
5. Ако ти е жртвата дар пржен во тава, нека биде со пченично брашно, земесено со елеј, без квас;
6. раскрши ја на парчиња и полеј ја со елеј: тоа е жртва на Господа.
7. Ако ти е дарот твој жртва од огниште, таа треба да биде направена од пченично брашно со елеј.
8. И принеси ја жртвата, што си ја приготвил од тоа, на Господа: претстави ја пред свештеникот, а тој нека ја положи на жртвеникот;
9. и свештеникот нека земе дел од таа жртва за спомен и нека ја изгори на жртвеникот: тоа жртва со благопријатен мирис пред Господа;
10. остатокот, пак, од жртвата нека биде за Арона и синовите негови; тоа е најголема светиња меѓу жртвите на Господа.
11. Секоја жртва, што Му ја принесувате на Господа, не правете ја со квас, зашто ни квас ниту мед не треба да се принесува како жртва на Господа.
12. Принесувајте Му ги нив на Господа како привини од плодовите; но на жртвеникот да не се полагаат како пријатен мирис пред Господа.
13. Секој дар од вашата жртва со сол засоли го, и не оставај ја жртвата своја на заветот на твојот Бог без сол: при секоја жртва принеси сол.
14. Ако Му принесуваш на Господа жртва од првите житни плодови, принесувај ја како дар од своите први плодови во зрна од исчукани пресни класја, исушени на оган,
15. полиј ја со елеј и стави врз неа ливан: тоа е жртва,
16. а свештеникот да изгори дел од зрната и елејот со сиот ливан за спомен: тоа е принос на Господа.”
3. Закон на жртвите за спасение.
1. “Но, кога некој принесува жртва за спасение, како свој дар на Господа, а ја принесува од говедо, било машко или женско, нека ја принесе пред Господа без недостаток;
2. и нека ги положи рацете свои врз главата на дарот, и нека ја заколе пред Господа при влезот во скинијата на сведоштвото, а свештениците, синовите Аронови, нека ја измијат крвта на жртвеникот одозгора наоколу.
3. Од жртвата за спасение нека Му принесат на Господа принос – лојта што ја обвива внатрешнината и сиот лој по внатрешнината.
4. И обата бубрега и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката што е на црниот дроб: нека ја извади со бубрезите;
5. синовите Аронови нека го изгорат тоа на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица, што е врз дрвата, на огнот кој е на жртвеникот. Тоа е жртва со благопријатен мирис пред Годспода.
6. Ако, пак, Му се принесува на Господа жртва за спасение од овците, машко или женско, нека принесе таква што е без недостаток.
7. Ако јагне принесува како дар свој, нека го приведе пред Господа;
8. и нека ја положи раката своја врз главата на дарот свој, и нека го заколе пред вратата од скинијата на сведоштвото, а синовите Аронови нека го попрскаат жртвеникот со крвта нејзина наоколу.
9. Потоа од жртвата за спасение нека ја принесат како жртва на Господа и лојта, целата опашка до грбот, сиот лој што ја обвива внатрешнината и сета маст во внатрешнината,
10. и обата бубрега и лојот што е на нив и што е на бедрата, и кошулката околу црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го одделат;
11. свештеникот нека го изгори тоа на жртвеникот; мирис пријатен, принос на Господа.
12. Ако, пак, принесува како дар свој на Господа од козите, нека ја претстави пред Господа,
13. и нека ги положи рацете свои врз главата негова, па нека ја заколе пред Господа пред вратата од скинијата на сведоштвото, а синовите Аронови нека ја излијат крвта врз жртвеникот одозгора наоколу.
14. Потоа свештеникот од неа нека Му го принесе на Господа како принос и лојот, што ја обвива утробата и сиот лој во неа,
15. и обата бубрега, и сиот лој што е околу нив, што е по бедрата, и кошулката на црниот дроб: сето тоа заедно со бубрезите нека го оддели.
16. А свештеникот нека го изгори на жртвеконот; тоа е принос, благопријатен мирис на Господа; сиот лој е за Господа.
17. Тоа нека е вечен закон за сите ваши поколенија, во сите ваши живеалишта: никаков лој и никаква крв да не јадете.”
4. Закон на жртвите за грев.
1. И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви: ако некој згреши пред Господа не сакајќи, против која и да било заповед Господова изврши нешто, што не треба да прави, –
3. ако помазаниот првосвештеник згрешил и го обвинил народот, тоа за гревот свој, што го направил, нека Му принесе на Господа за гревот, дар од Говедата свои теле без недостаток,
4. па откако ќе го доведе телето пред влезот од скинијата на сведоштвото пред Господа, нека ја положи раката своја врз главата на телето и да го заколе телето пред Господа.
5. А совршено помазаниот свештеник нека ја собере крвта од телето со рацете, и нека ја внесе во скинијата на сведоштовото.
6. И свештеникот нека го накваси прстот свој во крвта, и со крвта седумпати нека попрска пред Господа спрема завесата на светилиштето.
7. А потоа свештеникот со таа крв нека ги помаже роговите на жртвеникот, на кој се кади со благопријатен мирис пред Господа, Кој е во скинијата на сведоштвото, а остатокот од крвта на телето нека го излие во подножјето на жртвеникот за жртви сепаленици, кој е при влезот во скинијата на сведоштвото.
8. И нека го извади сиот лој од телето за грев, лојот што ја покрива утробата и сиот лој што е на утробата;
9. и обата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на слезината со бубрезите нека ги извади.
10. онака како што се вади тоа од теле на жртва за спасение; и нека ги изгори свештеникот на жртвеникот за приноси.
11. А кожата од телето со сето месо со главата и со крајниците и утробата и нечистотијата,
12. односно целото теле нека го изнесат надвор од логорот на чисто место, каде што се истура пепелта, и нека го изгорат со оган на дрва; на местото, каде што се истура пепелта, нека се изгори.
13. А ако целиот собир на синовите Израилеви згреши, на сакајќи, а тоа се сокрие од собирот, па направат нешто што Господ забранил да се прави, ќе згрешат;
14. кога ќе се узнае гревот нивни, во што згрешиле, тогаш собирот нека принесе здраво теле како жртва за гревот, и нека го доведе пред скинијата на сведоштвото.
15. А старешините на собирот нека положат раце врз главата на телето пред Господа, и да го заколат телето пред Господа.
16. А помазаниот свештеник нека внесе крв од телето во скинијата на сведоштвото.
17. Потоа нека го натопи свештеникот прстот свој во крвта, и седумпати нека попрска пред светилиштето на Господа,
18. а од таа крв нека стави и на роговите од жртвеникот за кадење што е пред Господа во скинијата на сведоштвото, додека сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот за приноси, кој е при влазот од скинијата на сведоштвото.
19. Сиот, пак, лој, откако ќе го извади од него, нека го изгори на жртвеникот.
20. И со тоа теле да направи онака како што прави со телето за грев – така нека направи со него; и потоа нека се помоли свештеникот за нив, и гревот ќе им се прости.
21. А телето цело нека го изнесат од таборот, и нека го изгорат како и првото теле; тоа е жртва за гревот на целиот собир.
22. Ако згреши началникот и направи, не сакајќи нешто што неговиот Господ Бог забранил да се прави, грешен е оти направил престап.
23. Кога ќе узнае во себеси за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој заради гревот козел, од машки род, без недостаток.
24. И нека ја стави раката своја врз главата на козелот и нека го заколе на она место, каде што се колат жртвите сепаленици пред Господа; тоа е жртва за грев.
25. И нека земе свештеникот крв од жртвата за грев и со прстот свој нека ги намачка роговите на жртвеникот за сепаленици; а сета друга крв негова нека ја излие во подножјето на жртвеникот за сепаленици.
26. А сиот лој нека го изгори на жртвеникот како лој од жртвата за сепаленици; и да се помоли свештеникот за гревот негов, и ќе му се прости.
27. И ако некој од народот згреши, на сакајќи направи нешто што Господ забранил да се прави, виновен е.
28. Кога ќе узнае, пак, за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој – коза од козите свои, без недостаток, поради гревот што го направил;
29. и нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, и нека се заколе козата поради гревот на местото, каде што се колат жртвите сепаленици.
30. Потоа нека земе свештеникот крв од неа на прстот свој и нека ги помаже роговите на жртвеникот за сепаленици: а сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот.
31. И сиот лој од неа нека го извади како што се вади лојот од жрвата за спасение, и нека го изгори свештеникот на жртвеникот за пријатен мирис пред Господа; и да се помоли свештеникот за него, па ќе му биде простено.
32. Ако принесува дар овца поради гревот, нека донесе здрава и без недостаток.
33. И нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, па нека се заколе поради гревот на она место, каде што се колат жртвите сепаленици.
34. И свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и со прстот свој со неа нека ги намачка роговите на жртвеникот, на кој се гори жртвата; а сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот за сепаленици.
35. И сиот лој нека го извади, како што се вади лојот од овца на жртва за спасение; и нека го изгори свештеникот врз жртвеникот како жртва сепаленица Господова; па нека се помоли свештеникот за гревот негов, што го направил, и ќе му се прости.”
5. Закон за жртвите за грев и за престап.
1. “А кога некој згреши со тоа што изрекол клетва и така станал сведок, или видел или дознал, па не кажал, тој го носи својот грев.
2. Или, ако некој се допре до каквагоде нечиста работа, или до мртво, или до нечиста ѕверојадина, до гнасотија од мрша, или до мрша од нечисти жиовтни, или до изгинати гадинки, со тоа тој се осквернува;
3. или ако се допре до некоја нечистотија човечка, било која нечистотија негова, со неа се осквернува, знејќи или не знаејќи, и виновен е за грев.
4. А ако некој изјави со устата своја дека ќе направи нешто лошо, или добро, а за која и да било работа, како што ги прават тоа луѓето под клетва, а не ја направи, и потоа се узнае, виновен ќе биде за една од тие работи.
5. Кога ќе го признае, пак, гревот свој,
6. нека Му принесе на Господа за гревот, што го направил: млада овца или коза од стадото свое за гревот; и свештеникот нека се помоли поради гревот негов што го направил и ќе му се прости.
7. Ако не може да принесе овца, тогаш нека Му принесе на Господа како дар за гревот, со кој згрешил: две грлици или две гулапчиња – едно како жртва за гревот, а другото како жртва сепаленица.
8. Нека му ги донесе на свештеникот, а тој нека го претстави прво она што е за грев, и нека му го истргне вратот, но главата да не ја откинува.
9. И со крвта од жртвата за грев нека го попрска ѕидот на жртвеникот; а крвта што ќе остане, нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот, бидејќи е тоа жртва за грев.
10. А од другото нека направи жртва сепаленица, како што треба; а свештеникот нека се помоли поради гревот негов, што го направил, и ќе му биде простено.
11. А ако не може да принесе ни две грлици или гулапчиња поради тоа што згрешил, тогаш нека принесе една десетина од мерката ефа пченично грашно за да биде жртва за гревот, а нека не додава елеј и нека не става кадиво, зашто жртвата е за грев.
12. И кога ќе го донесе кај свештеникот, свештеникот нека земе полн грст од него за спомен нејзин, и нека го изгори на жртвеникот за сепаленици како жртва огнена на Господа, бидејќи е жртва за грев.
13. И да се помоли свештеникот поради гревот негов, со кој згрешил во нешто од ова, и ќе му прости; а остатокот ќе биде за свештеникот како подарок, како жртва од пченично брашно.”
14. Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
15. “Кој ќе заборави, па згреши не сакајќи во работите посветени на Господа, нека Му принесе дар на Господа за престапот свој овен без недостаток од овците, ќе се оцени светата работа во сикли сребрени, според сиклите свети, според престапот.
16. И така, колку згрешил спрема светата работа, толку нека надомести; и на тоа уште нека додаде петти дел, и нека му го даде на свештеникот; а свештеникот ќе се помоли над принесениот овен за престапот, и ќе му се прости.
17. Кој згреши и направи нешто што Господ забранил да се прави, и – ако не знаел, сепак е виновен и го носи својот грев.
18. Нека му доведе на свештеникот како жртва за грев овен здрав од овците, според процена во сребро, а свештеникот нека се помоли за престапот, што го направил поради незнаење, бидејќи згрешил пред Господа, и ќе му се прости.
19. Тоа е жртва за грев: згрешил пред Господа.
6. Закон за жртвите поради грев и престап.
1. Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Ако некој згреши и направи престап против заповедите на Господа и го откаже на ближниот свој она, што му дал на чување, или од него украдено, или пак, го измами својот близок,
3. или нашол нешто загубено и тоа го одрече, или лажно се заколне за која и да било работа, што луѓето обично го прават и со тоа грешат,
4. па кога така згреши и направи престап, тој треба да го врати она што го украл, или сосила го присвоил, или повереното што му било дадено на чување, или што го нашол како загубено.
5. За секоја работа, за која се заколнал криво, нека го врати она истото, и на тоа нека му додаде уште петти дел на оној чие е; тоа да му го даде во оној ден кога ќе биде обвинет за својот грев.
6. А за престапот свој нека Му принесе на Господа кај свештеникот овен од стадото свое, здрав, според процена на престапот;
7. а свештеникот нека Му се помоли за него на Господа, и ќе му се прости секоја работа, со која згрешил или направил престап.”
8. И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
9. “Заповедај му на Арона и на синовите негови, и кажи им: ова е законот за жрви сепаленици – жртвата сепаленица нека гори врз жртвеникот цела ноќ до изутрина; и огнот нека гори на жртвеникот и да не се гасне.
10. Свештеникот нека ја облече ленената одежда, а и ленената долна облека нека ја облече на телото свое, па потоа нека ја собере пепелта од жртвата што огнот ја изгорел и нака ја стави покрај жртвеникот.
11. А откако ќе ги соблече одеждите свои и облече други, нека ја изнесе пепелта надвор од логорот на чисто место.
12. А огнот што е на жртвеникот, нека гори на него, да не се гасне. Свештеникот нека клава врз огнот дрва секое утро, и нека ја поставува на него жртвата сепаленица, нека го гори на него лојот од жртвата за спасение.
13. Огнот да гори постојано на жртвеникот, нека не се гасне.
14. Тоа е законот за жртвите: што ќе ги принесуваат синовите Аронови пред Господа при жртвеникот.
15. Свештеникот нека земе грст од жртвата и од пченичното брашно и од елејот и целото кадиво, што е врз жртвата, и нека го изгори, тоа на жртвеникот како спомен за благопријатен мирис пред Господа.
16. А она што ќе преостане од неа, му припаѓа за јадење на Арона и на синовите негови; нека го јадат пресно, на свето место; во дворот од скинијата на сведоштвото нека го јадат.
17. Да не се пече со квас: тоа е дел што им го давам како дар од приносите Господови; тоа е најголемата светиња како жртвата за грев и жртвата за престап.
18. Секое машко меѓу синовите Аронови нека го јаде. Тоа е вечен закон за потомството нивно од приносите на Господа; секој, што ќе се допре до него, ќе биде осветен.”
19. И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
20. “Тоа е дарот од Арона и синовите негови што ќе Му го принесуваат на Господа во оној ден кога ќе биде помазан: десетти дел од мерката ефа пченично брашно како постојана жртва, половина за наутро, а другата половина за навечер.
21. Жртвата треба да се приготвува во тава, со елеј; со елеј и во парчиња принесувај ја; принесувај ја како благопријатен мирис пред Господа.
22. А свештеникот меѓу синовите негови, што ќе биде помазан по него, нека го прави тоа; тоа е вечен закон што ќе се извршува.
23. И секоја свештеничка жртва треба целата да се гори, и да не се јаде.”
24. И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
25. “Кажи му на Арона и на синовите негови, и речи им: тоа е закон за жртвата поради грев – на местото каде што се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и жртвата за грев пред Господа, бидејќи тоа е најголемата светиња.
26. Свештеникот што ќе ја принесува, нека јаде; на свето масто нека ја јаде, во дворот од скинијата на сведоштвото.
27. Се’ што ќе се допре до местото нејзино ќе се освети; а ако некој ја испрска облеката своја со крвта нејзина, оној дел што ќе биде испрскан нека го испере на свето место.
28. И садот земјен, во кој се варела, нека се скрши; ако е, пак, готвена во бакарен сад, нека се истрие со вода нека се измие.
29. Секое машко меѓу свештениците нека го јаде тоа; тоа е најголема светиња пред Господа.
30. А секоја жртва за грев, од која се внесува крв во скинијата на сведоштвото, за да се изврши очистување во светилиштето, да не се јаде; тоа треба да се изгори.”
7. Други закони за жртвите.
1. “Ова е законот за жртвите поради престап – тоа е најголаме светиња.
2. На она место, на кое се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и овенот што се принесува како жртва за престап пред Господа; а крвта да се излие околу подножјето на жртвеникот.
3. А сиот лој негов да се принесе; и лојот што ја покрива утробата, и лојот што е во утробата,
4. и двата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на слезината нека ги извади заедно со бубрезите,
5. нека ги стави свештеникот врз жртвеникот – жртвата за благопријатен мирис пред Господа; тоа е жртва поради престап.
6. Секое машко од свештениците нека ја јаде; на свето место да се јаде; тоа е најголема светиња.
7. Жртвата за престап е како жртвата за грев, еден закон е и за двете; кој свештеник се моли за неа, негова нека биде.
8. А кога свештеникот принесува нечија жртва сепаленица, кожата од жртвата што ја принесува негова нека биде.
9. И секоја жртва печена во печка или на огниште пржена во тава, му припаѓа на оној свештенико што ја принесува.
10. А секја жртва приготвена со елеј или без елеј, им припаѓа на сите Аронови синови, подеднакво.
11. Тоа е закон на жртвите за спасение, што Му се принесуваат на Господа.
12. Кога некој ја принесува од благодарност, заедно со жртвата треба да принесе и бесквасни лебови, месени со елеј, и бесквасни питки намачкани со елеј, како и пченично брашно измешано со елеј, лебови месени со елеј.
13. Освен питки, да принесува жртва и леб месен со квас, како благодарствена жртва за спасение.
14. И од сето она што се принесува, нека принесува по едно како жртва што се вознесува пред Господа; тоа нека му припаѓа на оној свештеник што ја излива жртвата со крв за спасение.
15. А месото од жртвата за спасение нека биде негово и нека се изеде во оној ден кога се принесува; нека не се остава ништо до изутрината.
16. Ако се принесува жртва поради завет или од усрдност, таа нека се јаде во истиот ден, а ако остане нешто, нека се изеде другиот ден.
17. Ако нешто од местото на таа жртва остане третиот ден, тогаш нека се изгори со оган.
18. Ако некој на третиот ден јаде од месото на жртвата што ја принесол, таа нема да му биде примена, бидејќи тоа е осквернение; и секој што ќе јаде од неа ќе згреши.
19. Ако тоа месо се допре до нешто нечисто, да не се јаде, туку да се изгори со оган; месото може да го јаде секој што е и чист.
20. А ако некој има на себеси нечистотија, па јаде месо од жртвата за спасение што е на Господа, тој треба да се истреби од народот свој.
21. И, ако, некој, откако се допре до нешто нечисто или до нечистотија човечка, или до нечист добиток, или до некоја нечиста гадинка, па јаде месо од жртва за спасение што е на Господа, тој да се истреби од народот свој!”
22. И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
23. “Кажи им на синовите Израилеви, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити коза.
24. Лојот од добиток што пцовисал или е од ѕвер растргнат може да се употребува за секоја работа; но тој лој да не се јаде.
25. Оној, што ќе јаде лој од добиток, што се принесува како жртва пред Господа, нека се истреби од народот свој.
26. Никаква крв да не јадете во сите живеалишта свои, ни од кое и да било животно, ниту, пак, од птици.
27. А кој ќе јаде каква и да било крв, ќе се истреби од народот свој!”
28. Пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
29. “Кажи им на синовите Израилеви, и речи им: кој принесува жртва своја пред Господа за спасение, нека принесува пред Господа и дар свој за жртвата за спасение.
30. Со свои раце да принесува принос пред Господа; лојот со градите нека го принесува, и кошулката на црниот дроб и сето тоа ќе го стави како дар пред Господа.
31. А свештеникот нека го постави лојот врз жртвеникот, додека, пак, градите да му припаднат на Арона и синовите негови.
32. А десната плешка од жртвата ваша за спасение, давајте му ја на свештеникот, за да му биде како дел.
33. На свештеникот, пак, од синовите Аронови, што принесува крв и лој од жртвата за спасение, нека биде негова десната плешка.
34. Зашто градите од жртвата за спасение и плешките што се вознесуваат, ги земам од синовите Израилеви од нивните жртви за ваше спасение и му ги давам на Арона свештеникот и на синовите негови како вечно озаконет дел од синовите Израилеви.
35. Тоа ќе биде дел на помазаниот Арон и на помазаните синови негови од приносите пред Господа, од оној ден кога ќе застанат пред Господа како жртвоприносители,
36. како што заповеда Господ да им се дава на синовите Израилеви од денот кога ги помаза. Тоа е вечен закон за поколенијата нивни.
37. Тоа е законот за жртвите сепаленици, за жртвите за грев, за жртвите за престап, за жртвите за успевање и жртвите за спасение,
38. како што му даде заповед Господ на Мојсеја во гората Синајска, во денот кога им заповеда Господ на синовите Израилеви во пустињата Синајска да Му принесуваат на Господа дар од плодовите свои.”
8. Поставување на свештеници.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Земи го Арона и синовите негови и одеждите, и елеј за помазание, и теле како жртва за грев, и два овна, и кошница пресни лебови,
3. па собери го целиот народ пред вратата од скинијата на сведоштвото.”
4. И направи Мојсеј како што му заповеда Господ, и го собра народот пред вратата од скинијата на сведоштовто.
5. Потоа му рече Мојсеј на народот: “Еве што заповеда Господ да се направи – “
6. па го доведе Мојсеј Арона и синовите негови и ги изми со вода.
7. И му облече хитон, и го опаша со појас, го облече со горна одежда, па му стави згора на тоа ефод, и го опаша појасот од ефодот наокоу, и го стегна со него,
8. а на градите одозгора му стави наградник, и на наградникот постави и “урим” и “тумим”.
9. Му стави уште на главата и кидар, а на капата спроти лицето му стави златна плочка, знак на светоста, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
10. И зеде Мојсеј од елејот за помазание
11. и го попрска жртвеникот седумпати, и го помаза жртвеникот, и го освети, и сите работи на него, и умивалникот, и подножјето негови и ги освети; ја помаза и скинијата, и сите работи во неа и ја освети.
12. И изли од елејот за помазание врз главата Аронова, и го помаза и го освети;
13. потоа ги приведе Мојсеј и синовите Аронови, им облече хитони, ги опаша со појаси, им стави капи на главите, како што му беше заповедал Господ.
14. Го приведе Мојсеј телето како жртва за грев, а Арон и синовите негови ги возложија рацете свои врз главата на телето за грев.
15. Потоа Мојсеј го закла телето и зеде од крвта негова и со прстот свој стави од неа на роговите од жртвеникот наоколу, и го очисти жртвеникот, а другата крв ја изли во подножјето на жртвеникот, и го очисти за да се принесува молитва пред него.
16. Потоа го изведи сиот лој што беше на утробата, и кошулката од слезинката, како и двата бубрега, и лојот околу нив, и сето тоа го стави врз жртвеникот.
17. А телето, со кожата негова и месото негово и нечистотијата ги изгоре со оган надвор од логорот како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
18. Потоа Мојсеј го приведе првиот овен како жртва сепаленица, а Арон и синовите негови ги возложија рацете свои врз главата на овенот;
19. и Мојсеј го закла овенот, и изли од крвта негова на жртвеникот наоколу,
20. па го изече овенот на делови, и ги изгори Мојсеј главата и деловите и лојот; а утробата и нозете ги изми со вода
21. и така го вознесе Мојсеј целиот овен на жртвеникот: тоа е жртва сепаленица со пријатен мирис, принос пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
22. Потоа го доведе Мојсеј вториот овен, овен за посветување; и Арон и синовите негови ги ставија рацете свои врз главата на овенот.
23. Па, откако го закла, зеде Мојсеј од крвта негова и го помаза со неа крајчето од десното уво на Арона и крајот на десната рака негова и крајот на десната нога негова.
24. Ги доведе Мојсеј и синовите Аронови, па и ним им ги помаза краевите на десното уво, краевите на десната рака и краевите на десната нога; а другата крв ја изли кај жртвеникот наоколу.
25. Потоа го извади лојот, ги зеде бедрата и лојот што беше на утробата, а и кошулката од
слезината, како и двата бубрега, па лојот околу нив, и десната плешка,
26. а од кошницата за посветување, која е пред Господа зеде еден бесквасен леб, и леб со елеј, како и една питка, па ги стави врз лојот и врз десната плешка.
27. И сето тоа му го предаде на Арона в раце и во рацете на синовите негови и го вознесе како жртва пред Господа.
28. Потоа го зеде тоа од рацете нивни Мојсеј и го изгори на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица; тоа е жртва за посветување со пријатен мирис, принос пред Господа.
29. Па ги зеде Мојсеј градите и ги одвои од жртвата пред Господа, од овенот за посветување; тоа е Мојсеев дел, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
30. Потоа зеде Мојсеј од елејот за помазание и од крвта, што беше на жртвеникот, па го попрска Арона и одеждите негови, и синовите негови, и одеждите нивни, го освети Арона и одеждите негови и одеждите нивни.
31. И му рече Мојсеј на Арона и на синовите негови: “Сварете го ова месо пред дверите на скинијата на сведоштвото, на место свето, и јадете го таму со леб, кој што е во кошницата за посветување, како што ми се заповеда и рече – Арон и синовите негови нека го јадат тоа.
32. А она, што ќе остане од месото и од лебот, изгорете го со оган.
33. И не излегувајте од дверите на скинијата на сведоштвото седум дена, додека не се завршат деновите на посветувањето ваше, зашто седум дена ќе се посветуваат рацете ваши.
34. Како што се направи денес, така да се прави секогаш според Господовата заповед, за да се очистите од гревот.
35. Затоа пред дверите од скинијата на сведоштвото стојте дење и ноќе седум дена и така запазате ги заповедите Господови, за да не умрете, зашто така ми заповеда Господ Бог.”
36. А Арон и синовите негови направија се’ онака, како што им беше заповедал Господ преку Мојсеја.
9. Првата жртва Аронова оган ја изгорува.
1. А во осмиот ден ги повика Мојсеј Арона и синовите негови и старешините Израилеви,
2. па му рече на Арона: “Земи од говедата свои теле поради грев, и овен за сепаленица, без недостаток и принеси ги пред Господа.”
3. И на старешините Израилеви им рече, велејќи: земете козел поради грев од козите ваши, и по еден овен, теле и јагне, едногодишни, принос, без недостаток,
4. а и теле од говедата, и овен жртва за спасение пред Господа, и брашно пченично испржено со елеј, бидејќи денес ќе ви се јави Господ на вас.”
5. Задоа си како што им заповеда Мојсеј, и сето тоа го донесоа пред скинијата на сведоштвото; се собра целиот народ, па застана пред Господа.
6. Им рече Мојсеј: “Направете го она што го заповеда Господ, и во си ќе се покаже славата Господова.”
7. Му рече Мојсеј на Арона: “Пристапи до жртвеникот и принеси жртва за гревот твој и твојата жртва сепаленица, помоли се за себе и за домот свој, и принеси жртва за народот и помоли се за нив, како што заповеда Господ.”
8. Тогаш пристапи Арон до жртвеникот и закла теле поради својот грев,
9. и принесоа синовите Аронови крв до него, и тој го натопи прстот свој во крвта и стави од неа на роговите од жртвеникот, а остатокот од крвта го изли во подножјето на жртвенкот;
10. лојот и обата бубрега, и кошулката на селзината, ги постави врз жртвеникот поради својот грев, како што му беше заопведал Господ на Мојсеја;
11. месото, пак, го изгори надвор од логорот.
12. Потоа закла жртва сепаленица, и синовите Аронови му поднесоа од крвта нејзина, а тој ја изли на жртвеникот одозгора наоколу;
13. му ја донесоа и жрвата сепаленица во делови; сето тоа, и главата, ги изгори на жртвеникот,
14. а утробата и нозете ги изми со вода, и ги стави врз жртвеникот заедно со жртвата сепаленица.
15. Потоа тој принесе дар од народот; зеде козел поради гревот на народот, го закла, го очисти како и првиот
16. и го принесе како жртва сепаленица, и го изврши тоа според заповедите како што треба.
17. А принесе и жртва и ги наполни рацете со неа, и ја постави на жртвеникот, па врз утрената сепаленица ја изгоре и неа на жртвеникот.
18. А закла и теле и овен како жртва за спасение на народот, и синовите Аронови му принесоа од крвта нивна, и тој ја изли врз жртвеникот одозгора наоколу;
19. а лојот од телето и бедрата од овенот, и лојот што ја покрива утробата, и обата бубрега, и лојот од нив, како и мрежичката од слезината ги извади,
20. па го стави лојот врз градите, и го вознесе лојот на жртвеникот;
21. градите, пак, и десната плешка ги зеде Арон како учест пред Господа, како што му заповеда Господ на Мојсеја.
22. Потоа ги подигна Арон рацете кон народот и го благослови, па потоа слезе, откако принесе жртва поради гревот и жртва сепаленица, како и жртва за спасение.
23. А Мојсеј и Арон влегоа во скинијата на сведоштвото, па излегоа и го благословуваа целиот народ и им се јави славата Господава над сите луѓе:
24. и се јави оган од Господа и изгоре над жртвеникот си – и сепалениците, и лојот; а народот, кога го виде тоа, се уплаши многу и падна ничкум на земјата.
10. Оган ги изгорува Надава и Авиуда.
1. Двата сина Аронови, Надав и Авиуд, земајќи ја секој својата кадилница, ставија оган во нив, па ставија во нив и кадиво, и принесоа пред Господа туѓ оган, иако тоа не им беше заповедал Господ.
2. Тогаш излезе оган од Господа, и ги изгоре, и умреа пред Господа.
3. И му рече Мојсеј на Арона: “Тоа е она што го рече Господ, велејќи преку оние што ќе пристапуваат кон Мене, ќе се осветам и во цел собор ќе се прославувам.” И Арон се смири.
4. Потоа Мојсеј ги повика Мисаила и Елисафана, синовите на Озил, чичкото на Арона, и им рече: “Дојдете и извадете ги браќата ваши од светилиштево надвор од логоров.”
5. И тие пристапија и ги изнесоа заедно со хитоните нивни надвор од логорот, како што рече Мојсеј.
6. Па му рече Мојсеј на Арона и на Елеазара и на Итамара, другите негови синови: “Не откривајте ги вашите глави, а и одеждите ваши да не ги раскинувате, за да не умрете и Господ да не се разгневи на целиот народ, туку браќата ваши, целиот дом Израилев нека плаче поради огнот што се запали од Господа;
7. и не излегувајте од дверите на скинијата на сведоштвото, за да не загинете, зашто елејот за помазание на вас е од Господа.” И направија според зборовите на Мојсеја.
8. И Господ му рече на Арона, велејќи:
9. “Вино и сикер да не пиете, ти и синовите твои, кога ќе влегувате во скинијата на сведоштвото, а и кога ќе пристапувате кон жртвеникот, за да не загинете, тоа нека ви биде вечен закон во поколенијата ваши:
10. за да можете да распознавате што е свето, а што не е; и што е чисто, а што не;
11. учете ги синовите Израилеви на сите заповеди, што им ги кажа Господ преку Мојсеја.”
12. Потоа Мојсеј му рече на Арона, и на Елеазара и на Итамара, другите негови синови: “Земајте од жртвата што ќе преостане и од приносите пред Господа и јадете го тоа кај жртвеникот, зашто тоа е најголема светиња.
13. И јадете го тоа на свето место, бидејќи тоа е законски дел твој и законски дел на синовите твои од приносите пред Господа; зашто така ми заповеда Господ.
14. А градите од жртвата што се принесува и плешките да ги јадете на свето место, ти и синовите твои, и домот твој со тебе, зашто со закон ти се даде тебе и на синовите твои дел од жртвите за спасение, што ги принесуваат синовите Изралеви.
15. Плешките од жртвите што се принесуваат и градите од жртвите вознесувани да се донесуваат заедно со лојот што се вознесува пред Господа, и тоа да биде твое, и на синовите твои, и на ќерките твои со тебе, како дел со вечен закон, како што му заповеда Господ на Мојсеја.”
16. Потоа Мојсеј побара козел како жртва поради грев; но, ете, тој беше изгорел; затоа се разгневи Мојсеј на Елеазара и на Итамара, синовите Аронови и рече:
17. “Зошто не јадевте на свето место, бидејќи тоа е жртва поради грев што е најголема светиња; таа ви ја дава Господ вам да ја јадете, за да го ослободи целиот народ од грев и да се помолите за нив пред Господа;
18. и ете крвта негова не е внесена во светилиштето; зашто требаше да ја јадете на свето место, внатре, како што ми заповеда Господ.”
19. Тогаш му рече Арон на Мојсеја, велејќи: “Еве, тие денес принесоа жртва поради својот грев и жртва сепаленица пред Господа; и ми се случи ова. А да бев јал денес од жртвата за грев, ќе Му беше ли тоа угодно на Господа?”
20. Го чу тоа Мојсеј и му беше угодно.
11. За разликата меѓу чисти и нечисти животни.
1. И му рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
2. “Кажете им на синовите Израилеви и речете им: ова се животните што ги има на земјата, кои можете да ги јадете –
3. секое животно што има раздвоени копита и длабок рез меѓу копитата, и кое прежива, тоа да го јадете.
4. Но од оние што само преживаат или само што имаат раздвоени копита, како што е камилата, да не јадете, бидејќи прежива, но нема и раздвоени копита; таа е за вас нечиста.
5. И питом зајак, бидејќи прежива и нема раздвоени копита, нечист да ви е,
6. и див зајак кој прежива, а нема раздвоени копита, нечист да ви е,
7. и свињата, бидејќи има раздвоени копита, а не прежива – нечиста да ви е.
8. Од месото нивно да не јадете, ниту, пак, мршите нивни да ги допирате – тие се за вас нечисти.
9. А од си она, пак, што е во вода ова јадете го: – си што има перки и лушпи во водата, во морињата и езерата, јадете го.
10. Она, пак, што нема перки и лушпи во водата, во морињата и езерата, си’ она што плива по вода и живее во вода, осквернето е и нечисто да ви е.
11. Од месото нивно да не јадете и од мршата нивна да се гнасите.
12. Си што нема перки и лушпи во водата, тоа да ви е нечисто.
13. А меѓу приците гнасете се и да не ги јадете, гнасни се – орелот и јастребот и морскиот орел, неситот, крагујот и слични на нив;
14. и нојот, и совата, и галебот,
15. и врапчето,
16. и секаков гавран и сличен нему, и јастребот и слични нему
17. и секаков буф, нуркач и ибис и слични на него;
18. и пеликанот, и лебедот, дропјата
19. и штркот, и чапјата и слични на нив, и пупунецот и лилјакот;
20. и сите крилести гадови што одат на четири нозе, да ви се одвратни.
21. Но од си она што има крилја и оди на четири нозе, а има и колена на нозете свои, за да скока по земјата, јадете.
22. Од нив јадете ги само овие: скакулците и слични на нив, салемот и слични на него, арголата и слични на неа, и агавата и слични на неа.
23. Си друго што има крилја и оди на четири нозе одвратно да ви е; со тоа да не се осквернувате.
24. И секој што ќе се допре до нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта.
25. И секој што ќе понесе нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта.
26. Сите животни што имаат нераздвоени копита и што не преживаат, нечисти да ви се; секој што ќе се допре до такви пцовисани, нечист ќе е до вечерта.
27. И си што оди на лапите свои, меѓу сите четвороножни животни, нечисто да ви е; кој ќе се допре до трупот нивни, нечист ќе биде до вечерта
28. И кој ќе понесе труп нивни пцовисан, нека ја испере облеката своја и нечист е до вечерта; тие да ви бидат одвратни.
29. А меѓу животните што лазат по земја да ви бидат нечисти: ласицата, глувчето и гуштерот,
30. и ежот и камелеонот, дождалецот, творот, полжавот и кртот.
31. Тие да ви се нечисти меѓу животните што лазат по земјата, и кој ќе се допре до нив пцовисани, нечист да е до вечерта.
32. И на кои или на што ќе падне нешто од нив пцовисано, ќе биде нечист, било да е сад дрвен или облека или кожа или вреќа, и секој сад што е потребен за некоја употреба, да се стави во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе биде чист.
33. А и секој сад земјен, во кој ќе падне нешто од тоа, и си што ќе е во него, ќе биде нечисто, и садот скршете го.
34. И секое јадење што го јадете, ако на него се излие таква вода, ќе биде нечисто, и секое питие што се пие во секој таков сад, ќе ви биде нечисто.
35. И си на што ќе падне нешто од нивните пцовисани тела нечисто ќе е; и печката и огништето нека се растурат, зашто се нечисто, и нечисто ќе ви бидат.
36. А освен изворот, потоците и бунарот, каде што се собира водата, ќе бидат чисти; но си што ќе се допре до пцовисан труп, ќе биде нечисто.
37. Ако нешто, пак, од пцовисан труп падне на семе, што се сее, тоа ќе ви биде чисто.
38. Но ако на семето се излие вода, па тогаш падне нешто од пцовисан труп на семето, тоа да ви биде нечисто.
39. И кога ќе пцовиса што и да е од она од добитокот што го јадете, ако некој се допре до неговиот труп, нечист ќе биде до вечерта.
40. А оној што ќе јаде од трупот негов, нека ја испере облеката своја и нечист ќе е до вечерта; и кој ќе фати нивни пцовисан труп, нека ја испере облеката своја и нечист ќе е до вечерта.
41. И секаков гад што лази по земјата, да ви е одвратен и да не се јаде.
42. Си што се влече на мев и си што оди на четири нозе или што е со многу нозе меѓу си она што се влече по земјата, тоа да не го јадете, бидејќи е нечисто.
43. Не поганете ги душите ваши со ниедно од животните што лазат и не осквернувајте се од нив, за да не бидете нечисти со нив,
44. зашто Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет; и немојте да се осквернувате од сите гадови што се движат по земјата.
45. Оти Јас сум Господ што ве изведе од земјата Египетска, за да ви бидам Бог; и така – бидете свети, зашто Јас сум свет.
46. Тоа е закон за добитокот и за птиците, и за секоја душа што се движи во вода, и за секоја душа што лази по земја,
47. за да се распознава чистото од нечистото и за да ги научите синовите Израилеви за животните кои можат да се јадат од животните што не треба да се јадат.”
12. Наредба за родилките.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Изрилеви и речи им – кога жената ќе забремени и роди машко дете, нечиста ќе биде седум дена, како во деновите на природното очистување свое, така ќе биде нечиста.
3. А во осмиот ден нека му се обреже на детето крајниот дел.
4. А таа нека остане уште триесет и три дена чистејќи се од крвта; до ништо свето да не се допира и да не влегува во светилиштето си додека не изминат деновите не нејзиното чистење.
5. А ако роди женско дете, тогаш нечиста да е четиринаесет дена, како во времето на природното чистење, и шеесет и шест дена нека остане, чистејќи се од крвта на својата нечистотија.
6. И кога ќе се навршат деновите на чистењето нејзино, тогаш заради синот или заради ќерката нека донесе при свештеникот пред скинијата на сведоштвото јагне без недостаток, едногодишно – жртва сепаленица или гулапче или грлица како жртва поради грев.
7. И свештеникот нека ја принесе пред Господа и да се помоли за неа, и така ќе ја очисти од течењето на крвта нејзина. Тоа е закон за жената што ќе роди машко или женско дете.
8. Ако не е во можност да донесе јагне, тогаш нека земе две грлици или две гулапчиња, едното како жртва сепаленица, а другото поради жртва за грев; ќе се помоли за неа свештеникот, и таа ќе се очисти.”
13. Белези од лепра на луѓето и на облеката.
1. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
2. “Човек кај кого на кожата од телото негови се појави краста, оток, или, пак, по кожата на телото негово се појави знак на лепра, нека се доведе кај Арона свештеникот, или кај некој свештеник, еден од синовите негови.
3. И нека ја види свештеникот раната од кожата на телото негово; па, ако влакната на раната побелеле и раната на поглед е пониска од другата кожа на телото негово, тогаш тоа е лепра; и кога ќе го види тоа свештеникот, ќе го прогласи за осквернет.
4. Ако, пак, и отокот на кожата од телото негово побелел, и на поглед не спаднал, а влакната на кожата не побелеле, туку се темни, тогаш тој нека остане седум дена во темно место, а за раната свештеникот ќе одлучи во седмиот ден.
5. А во седмиот ден нека ја види свештеникот раната; ако забележи дека раната останала таква каква што била и не се раширила по кожата, пак нека го одвои за седум дена.
6. Свештеникот, пак, нека ја види раната во седмиот ден, па ако забележи дека раната потемнела, а не се раширила по кожата, тогаш свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е лишај; нека ја испере облеката своја и ќе биде чист.
7. Ако, пак, раната се прошири по кожата негова, откако свештеникот ја видел и го прогласил за чист, одново нека му се покаже на свештеникот; и ако свештеникот види дека раната на кожата негова се изменила,
8. тогаш нека го прогласи за нечист; тоа е лепра.
9. Кога човек има лепра, нека го приведат кај свештеникот.
10. И свештеникот нека го види; ако струпот на кожата станал бел, а и влакната се побелени, ако и здраво месо има во струпот,
11. тоа е застарена лепра на кожата негова; затоа свештеникот нека го прогласи за нечист, и да го одвои, бидејќи е нечист.
12. Кога лепрата се појави на кожата и ја прекрие целата кожа на човекот, од главата до нозете, колку што може да види свештеникот,
13. па кога ќе види дека лепрата ја покрила целата кожа на него, ќе го прогласи човекот дека е чист, бидејќи си побелело, па е чист.
14. А во оној ден кога ќе се појави на него живо месо, тој е осквернет, нечист е.
15. Па, штом види свештеникот живо месо, ќе го прогласи дека е нечист; живото месо е нечисто, тоа е лепра.
16. Ако живото месо се измени и побели, тогаш нека дојде кај свештеникот.
17. Кога ќе види свештеникот дека раната побелела, ќе го прогласи за чист, чист е.
18. Ако кај него на кожата имало чир, па поминал, а
19. потоа на местото каде што бил чирот се појави бела краста, струп, или плуска што се белее или црвенее, нека се покаже пред свештеникот.
20. Ако свештеникот на поглед забележи дека таа е пониска од другата кожа и влакната на неа се побелени, тогаш ќе го прогласи за нечист; тоа е лепра што излегла од плуската.
21. Ако свештеникот забележи дека влакната на неа не побелеле ниту е таа пониска од кожата, туку потемнеле, тогаш свештеникот ќе го одвои за седум дена.
22. Ако му се прошири по кожата, тогаш свештеникот ќе објави дека е нечист; тоа е рана.
23. И ако плуската останала на своето место и не се проширила, тогаш тоа е воспалена рана; затоа свештеникот ќе го прогласи за чист.
24. Ако некој на кожата се изгорел, па откако местото ќе заздрави, остане бел или црвеникав или пробелен,
25. тоа треба да го види свештеникот; ако влакната од кожата на тоа место побелеле и ако на поглед тоа место е пониско од кожата, тоа е лепра што се појавила од изгореното; затоа него свештеникот ќе го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра.
26. Штом свештеникот забележи дека на тоа место нема бели влакна и дека тоа не е пониско од другата кожа, туку само потемнело, ќе го одвои за седум дена.
27. Во седмиот ден ќе го прегледа свештеникот, па, ако таа по кожата се проширила, нека го прогласи за нечист; тоа е рана од лепра, протекол гној.
28. Ако е, пак, тоа место светликаво и раната не се проширила по кожата, а и темно е, тогаш тоа е рана од изгоретина. Него свештеникот нека го прогласи за чист; тоа е воспаление од изгорено.
29. Кога при маж или жена се појави рана од лепра на главата или брадата,
30. а свештеникот ја види раната, и утврди дека е таа подлабока од кожата и дека влакната на тоа место се истенчиле и пожолтеле, него нека го прогласи за нечист: тоа е рана, односно лепра на главата или на брадата.
31. Но кога свештеникот ја прегледа раната и утврди дека таа не е подлабока од кожата и дека влакната на тоа место не пожолтеле, тогаш болниот што има рана нека го одвои за седум дена.
32. Во седмиот ден свештеникот пак нека ја прегледа раната. И ако таа не се проширила ниту влакната пожолтеле и се види дека таа не навлагле подлабоко од кожата,
33. тој треба да ги истриже влакната на кожата, на повреденото место да не се стриже и тогаш свештеникот повторно да го оддели за уште седум дена.
34. Во седмиот ден свештеникот одново да ја прегледа раната. Па, ако увиди дека таа не се проширила по кожата на острижените места и дека на навлегла подлабоко во кожата, болниот нека го прогласи за чист; а тој нека ја испере облеката своја и ќе биде чист.
35. Но, ако раната се проширила по кожата, откако е веќе прогласен за чист,
36. свештеникот пак нека го прегледа и ако утврди дека таа се проширила по целата кожа – тогаш нека не бара жолтеникави влакна, бидејќи тој е нечист.
37. Ако, пак, раната остане неизменета и во неа изникнале црни влакна, тоа значи дека раната е исцелена: тој е чист. Свештеникот нека го прогласи за чист.
38. Ако по кожата на телото на маж или жена има пеги или бели дамки,
39. и свештеникот види и утврди дека по кожата има пеги, односно бели светли дамки, тогаш тоа е лишај, кој се појавил на кожата на неговото тело. Тој е чист.
40. Ако некому му паднала косата од главата, тој е ќелав – но чист е;
41. ако, пак, некому му паднала косата само од предната страна на главата, тоа е пак ќелавост – чист е.
42. Ако по ќелавото или проќелавото место се појавиле белузлави дамки или црвеникави пеги, тоа што се појавиле тие тоа е лепра на ќелавото, односно проќелавото место.
43. Свештеникот да го прегледа, и ако види дека отокот на раната е белузлав или црвеникав по ќелавото или проќелавото место и изгледа како лепра по кожата на телото негово,
44. тој е лепрозен, нечист; свештеникот да го прогласи за нечист: зашто на главата има рана.
45. На лепрозниот, кој има таква рана, облеката да му се раскине, и главата да му биде откриена, да биде забраден околу устата и да извикува: нечист сум!
46. Си додека ја има раната треба да се смета за нечист; тој е нечист и треба да живее одвоена; неговото жевеалиште да биде надвор од населбата.
47. Ако се јави зараза од лепра и на облеката – волнена или ленела
48. или врз основата или јатокот ленен или волнен, или на кожа, или на си што е направено од кожа,
49. и ако дамките се зеленикави или црвеникави на облеката или на кожата, или на основата или јатокот, или на каков и да било предмет од кожа – тоа е зараза од лепра; таа треба да му се покаже на свештеникот,
50. а свештеникот нака ја прегледа заразата и заразеното да го оддели за седум дена.
51. На седмиот ден свештеникот нака го прегледа заразеното: па, ако заразата се проширила по облеката, или по основата, или по јатокот, или по кожата, или по каков и да било предмет од кожа, лепрата е рана, нечист е.
52. Тој треба да ја изгори облеката, било основата, било волнениот или ленениот јаток, или каков и да било предмет од кожа, на кој се појавила заразата, бидејќи тоа е вистинска лепра – на оган да се изгори.
53. Ако свештеникот види дека заразата не се проширила по облеката или по основата или по јатокот, или па каков и да било предмет од кожа,
54. нека нареди да се испере она на што има зараза, и повторно да го отстрани за уште седум дена.
55. А ако по миењето свештеникот види дека заразеното не го изменило својот изглед, па дури и ако не се раширило, тоа е нечисто: треба да се изгори на оган, бидејќи се појавило на облека, основа или јаток.
56. Ако, пак, свештеникот види дека по перењето се појавила темна рана, тогаш тој нека ја истргна од облеката, или од кожата, или од основата, или од јатокот.
57. Ако се појави пак белег од заразата што се проширила на облеката или на основата или на јатокот, тоа е зараза: да се изгори на оган она на што се појавила заразата.
58. Ако, пак, откако ќе се испере облеката или основата, или јатокот или каков и да било предмет од кожа, заразата се загубила од нив, треба повторно да се исперат, и ќе бидат чисти.
59. Тоа е законот за зараза од лепра врз облеката волнена или ленана, врз основа или јаток, или врз каков и да било кожен предмет – како да се објави дека и тој чист или нечист.”
14. Чистење на лепрата од луѓето и од куќите.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Еве го законот за лепрозен, кога се извршува неговото очистување: во денот кога треба да го доведат кај свештеникот.
3. Свештеникот треба да излезе надвор од населбата, па ако увиди дека тој се исцерил од лепрата,
4. да нареди за оној што се очистил да се замат две чисти живи птици, кедрово дрво, црвениот јаток и исоп.
5. Потоа свештеникот да заповеда да се заколе една од приците над глинен сад, над изворска вода;
6. и да ја земе живата птица, кедровото дрво, црвениот јаток и исопот, и да ги натопи нив и живата птица во крвта на птицата заклана над живата вода,
7. и попрскувајќи го седумпати оној, што се очистил од лепрата, да го прогласи за чист, а живата птица да ја пушти в поле на слобода.
8. Оној, што се очистил, да ги испере алиштата свои, да ја истриже сета коса, да се измие со вода, и ќе биде чист; потоа да влезе во населбата и да престои седум дена надвор од домот свој.
9. На седмиот ден да се избричат сите влакна на главата, на брадата, на веѓите – сите влакна да ги избричат и да ги испере алиштата, потоа да го измие телото свое со вода, и ќе биде чисто;
10. на осмиот ден да земе две машки јагниња, едногодишни, без недостаток, и една овца едногодишна без мана како и три десетини од ефа пченично помешано брашно со елеј, со лебен принос, и една мерка елеј.
11. Свештеникот, што ќе го врши очистувањето, да го претстави оној што се очистува заедно со приносот пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото.
12. И ќе го земе свештеникот едното јагне и ќе го приведе како жртва за престап, и мерка со елеј, а ќе го принесе тоа, положувајќи ги пред Господа;
13. и ќе го заколе јагнето на она место, каде што се колат жртвите сепалеции поради грев, и тоа на свето место, зашто жртвата за грев како и за престап му припаѓа на свештеникот: тоа е светост над светостите.
14. И свештеникот ќе земе од крвта на жртвата за престап и ќе го намаже крајчето од десното уво на оној кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога.
15. Потоа свештеникот ќе земе елеј од чашата и ќе го излие во својата лева рака,
16. Па ќе го натопи својот десен прст во елејот што му е во левата рака, и со прстот ќе попрска од елејот седумпати пред Господа,
17. а со остатокот од елејот, што му е во раката, ќе го намачка крајчето од десното уво на оној што се очистува, и палецот на десната нога, и палецот на десната рака, на оние места каде што е крвта од жртвата поради престап.
18. Преостанатиот, пак, елеј, што му е во раката на свештеникот, тој ќе го излие врз главата на оној што се очистува; и свештеникот ќе се помоли за него пред Господа.
19. Потоа свештеникот ќе ја принесе жртвата за грев и ќе се помоли за оној што се очистува од гревот свој, а потоа ќе ја заколе жртвата сепаленица.
20. и ќе ги принесе жртвата сепаленица и лебниот принос на жрвеникот пред Господа; потоа свештеникот ќе се помоли за него и тој ќе се очисти.
21. Ако е, пак, сиромав и не е во можност, тој нека земе едно едногодишно јагне за она во што престапил, за да се помоли свештеникот за него, и еден десетти дел од ефа пченично брашно, помешано со елеј, како лебен принос, и една чаша со елеј,
22. и две грлици или два млади гулаба, што ќе најде, – едната од тие птици да е жртва за грев, а другата како жртва сепаленица.
23. На осмиот ден, за да се очисти, да му ги донесе тој на свештеникот при вратата од скинијата на сведоштвото, пред Господа.
24. Свештеникот ќе го земе јагнето како жртва за престап и мерката со елеј, за да ги принесе, како жртва пред Господа.
25. И, штом ќе го заколе јагнето како жртва за престап, свештеникот ќе земе од крвта на жртвата за престап и ќе го намаже крајчето од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога.
26. А од елејот свештеникот ќе излие во својата лева рака;
27. и со десниот прст, од елејот што му е во раката, да попрска седумпати со прст пред Господа.
28. И да го намаже свештеникот со елеј, од оној што му е во раката, крајчето на десното уво на оној што се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога, на она место каде што е крвта од жртвата за престап.
29. Остатокот, пак, од елејот што му е во раката, да ги излие врз главата на оној што се очистил, и да се помоли за него пред Господа.
30. Потоа нека ја принесе свештеникот едната грлица, или едниот млад гулаб, каков што ќе најде, оној, кој се очистува;
31. едната птица жртва за грев, а другата жртва сепаленица заедно со лебникот принос; и нека се помоли пред Господа за оној, кој се очистува.”
32. Тоа е законот за оној што добил лепра, а при чистењето нема доволно средства.
33. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
34. “Кога ќе влезете во земјата Хананска, што ви ја давам да ја владеете, и испратам лепра во куќите што ќе бидат ваши,
35. тогаш оној, чија е куќата, треба да отиде кај свештеникот и да каже – во мојата куќа се појави рана.
36. А свештеникот ќе нареди куќата да се изпразни пред да влезе тој за да ја прегледа заразата, за да не стане нечисто се’ што е во куќата, потоа свештеникот ќе влезе и ќе ја прегледа куќата.
37. И тој, кога ќе ја прегледа раната и види дека заразата по ѕидовите на куќата се состои од зеленикави или црвеникави длабнатинки и по својот изглед се всадила во ѕидовите,
38. тој, тогаш ќе излезе од куќата низ вратата, а куќата ќе ја затвори за седум дена.
39. А во седмиот ден кога ќе се врати, и види дека заразата се проширила по ѕидовите на куќата,
40. ќе нареди да се извадат камењата на кои има зараза, и да ги фрлат надвор од населбата, на нечисто место;
41. а куќата одвнатре целата да ја истружат и струганиците да ги исфрлат надвор од населбата, на нечисто место;
42. И да земат други камења и да ги стават на местото на извадените и со друга мачканица да ја измачкаат куќата.
43. Ако заразата пак се појави и почне да се шири по куќата, откако се извадени камењата и куќата е истругана и премачкана,
44. свештеникот, штом ќе влезе и види дека заразата се раширила по куќата, во таа куќа има лепра – нечиста е.
45. Таа куќа да се урне, а камењата и дрвата и целата струганица од мачканицата на куќата да се изнесат надвор од населбата, на нечисто место.
46. Оној што ќе влегува во таа куќа, додека е таа затворена, нечист ќе биде до вечерта;
47. а оној што ќе спие во таа куќа да ја испере облеката своја и нечист да е до вечерта; а кој ќе јаде во таква куќа, и тој треба да ја испере облеката свој и нечист ќе е до вечерта.
48. Ако, пак, свештенкот дојде и види дека заразата во куќата не се раширила, откако е куќата премачкана, нека ја очисти куќата, бидејќи заразата поминала.
49. А за да ја очисти куќата, ќе земе две чисти живи птици, кедрово дрво, црвен јаток и исоп,
50. и ќе ја заколе едната птица во глинен сад над изворска вода.
51. Потоа тој ќе го земе кедровото дрво и исопот, црвеникот јаток и живата птица и ќе ги натопи во крвта од закланата птица и во изворската вода, и ќе ја попрска куќата седумпати,
52. и ќе ја очисти куќата со крвта од птицата и со живата вода, со живата птица и кедровото дрво, со исопот и со црвениот јаток;
53. потоа живата птица да ја пушти во полето на слобода, надвор од населбата, да се помоли за домот и домот ќе биде чист.
54. Тоа е законот за секоја зараза од лепра и за друга проказа,
55. и за лепра по облеката и по куќите, и за оток, и за лишај, и за пеги, –
56. за да се знае кога се нечисти, а во кој ден ќе бидат чисти: ова е законот за лепра.”
15. За телесната нечистотија.
1. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
2. “Зборувај со синовите Израилеви и кажи им: ако некој маж има излив од телото свое, неговиот излив е нечист.
3. А ова е законот за неговата нечистотија: кога изливот истечува од неговото тело, и кога изливот се задржува во неговото тело, тоа е негова нечистотија во него самиот. Во сите денови на изливот од неговото тело, со што е опфатено неговото тело – тоа е негова нечистотија.
4. Секоја постела, на која ќе легне оној што има излив од семе, нечиста е; и секој предмет, на кој ќе седне оној кој има излив од семе, нечист е.
5. И кој ќе се допре до неговата постела, да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода и да биде нечист до вечерта.
6. А и кој ќе седне на некој предмет, на кој седел оној што има излив од семе, да ги испере алиштата свои и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта.
7. И кој се допре до телото на оној што има излив од семе, да ја испере облеката своја и да се измие со вода и да биде нечист до вечерта.
8. Ако оној, што има излив од семе, плукне на чист, тогаш тој да ги испере алиштата свои и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта;
9. и секое седло на добиток, на кое седнал оној што има излив од семе, нечисто да е до вечерта;
10. и секој што ќе се допре до што и да било, што било под него, нечисто ќе биде до вечерта; и оној што ќе го крене тоа, да ја испере облеката своја и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта.
11. И секој, до кого што ќе се допре оној што има излив од семе, а не си ги измил рацете свои, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода и нечист ќе биде до вечерта.
12. Гленен, пак, сад до кој што ќе се допре оној што има излив од семе, да се скрши; а секој дрвен сад да се измие со вода и ќе биде чист.
13. А кога оној, што има излив од семе, ќе си определи седум дена за очистување свое, да ја испере облеката своја и да го измие телото свое, со изворска вода, па ќе биде чист;
14. а на осмиот ден да земе две грлици или два млади гулаба, и да ги донесе пред Господа при влезот до скинијата на сведоштовото, и да му ги даде на свештеникот.
15. А свештеникот едната од тие птици ќе ја принесе како жртва за грев, а другата за сепаленица, а потоа пред Господа за него ќе се помоли за изливот негов.
16. Ако некому му се случи излив на семе во сон; тогаш тој треба да го измие со вода целото тело свое и ќе биде нечист до вечерта;
17. секоја облека или кожа, на која ќе се излие семе, треба да се испере со вода и ќе биде нечист до вечерта.
18. Ако маж легне со жена своја со излиено семе, тие и обајцата треба да се измијата со вода и ќе бидат нечисти до вечерта.
19. Кога жена има излив на крв, што тече од нејзиното тело, треба да биде одделена седум дена додека е нечиста, и секој што ќе се допре до неа, да биде нечист до вечерта.
20. И си, на што ќе легне таа, додека трае очистувањето нејзино, да е нечисто; и си, на што ќе седна таа, да е нечисто.
21. И секој што ќе се допре до постелата нејзина, треба да ја испере облеката своја и да го измие со вода телото свое, и ќе биде нечист до вечерта.
22. А и секој, што ќе се допре до постелета нејзина, треба да ја испере облеката своја и да го измие со вода телото свое, и ќе биде нечист до вечерта.
23. И ако некој се допре до што и да било што е на постелата нејзина, или на што и да е, на што седела таа, нечист да биде до вечерта.
24. А ако се неа биде некој, нечистотијата нејзина ќе мине на него: ќе биде нечист седум дена, и секоја постела на која ќе легне тој, ќе биде начиста.
25. Ако некоја жена има излив на крв многу денови, но не во текот за време очистувањето нејзино, и ако таа има излив подолго од нејзиното обично чистење, си додека трае нечистотојата нејзина, нечиста е како за време на чистењето свое.
26. Секоја постела, на која ќе легна таа во деновите на изливот нејзин, да биде нечиста како и постелата за време на нејзиното чистење; и си она, на што ќе седна таа, да биде нечисто, поради нечистотијата нејзина.
27. И секој што ќе се допре до неа, да биде нечист, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое и нечист ќе биде до вечерта.
28. А кога жена ќе се исчисти од изливот свој, да изброи седум дена и потоа ќе биде чиста.
29. Во осмиот ден да зема две грлици или два млади гулаба и да му ги однесе на свештеникот при влезот од скинијата на сведоштвото;
30. а свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата за сепаленица, и да се помоли за неа пред Господа поради изливот на нечистотијата нејзина.
31. Така пазете ги синовите Израилеви од нивната нечистотија, за да не умрат поради нечистотијата своја, ако го осквернат Моето живеалиште, кое е меѓу нив.
32. Тоа е законот за оној што има излив од семе, и за оној што ќе му се случи да има излив на семе при спиење, бидејќи тоа го прави нечист;
33. а и за онаа што страда од излив на крв, и за оние што имаа излив, маж или жена, и за маж што ќе преспие со нечиста.”
16. Секоја година голема свеченост за очистување.
1. И му зборуваше Господ на Мојсеја по смртта на двајцата Аронови синови, кога тие, откако принесоа туѓ оган пред Господа умреа;
2. па му рече; – “Кажи му на братот твој Арона да не влегува во светилиштето зад завесата во секое враме пред очистилиштето, што е врз ковчегот на сведоштвото, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во вид на облак.
3. Еве вака да влегува Арон во светилиштето: со теле како жртва за грев и со овен за сепаленица.
4. Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, ленен кидар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува.
5. И од заедницата на синовите Израилеви да земе Арон два козела од козите како жртва за грев и еден овен за сепаленица.
6. Потоа Арон да приведе теле како жртва поради гревот свој и да се помоли за себе и домот свој,
7. па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави при вратата од скинијата на сведоштвото.
8. И тогаш Арон ќе фрли жреб за двата козела: еден жреб за Господа, а другиот за отпуштање.
9. И да го доведе Арон козелот на кој паднал жребот за Господа, и да го приведе како жртва за грев;
10. а козелот на кој паднал жреб за отпуштање, да го постави жив пред Господа, и откако се помоли над него, да го пушти во пустињата за отпуштање, и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја.
11. Потоа Арон да го приведе телето како жртва поради својот грев и да се помоли за себе и за домот свој и да го заколе како жртва поради гревот свој.
12. А потоа да земе кадилница, полна со разгорени јаглења од жртвеникот, што е пред Господа, и да ги наполни рацете со чист темјан, и тоа да го внесе зад завесата;
13. и да го стави темјанот врз огнот пред Господа; и димот од темјанот ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на сведоштвото, за да не умре.
14. И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска очистилиштето од источната страна; седумпати да попрска од крвта со прстот свој пред очистилиштето.
15. Тогаш да го заколе козелот пред Господа – жртва поради грев на народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто што направи со крвта од телето, и да попрска врз очистилиштето и спрема очистилиштето,
16. и да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите Израилеви и од неправдите нивни, и од сите нивни гревови. Така треба да постапи тој и со скинијата на сведоштвото, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни.
17. Кога влегува во светилиштето треба да се помоли, и си додека тој не излезе, никој да нема во скинијата, а и да се помоли за себе, за домот свој и за целото општество на Израилот.
18. Потоа ќе пристапи пред жртвеникот, што е пред Господа, и ќе се помоли над него и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе го помаже роговите на жртвеникот наоколу,
19. и ќе попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите Израилеви.
20. Па, откако ќе ги очисти светилиштето, скинијата на сведоштвото и жртвеникот и откако ќе ги очисти свештениците, ќе го приведе живиот козел.
21. Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите Израилеви, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустињата;
22. и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустињата.
23. Тогаш Арон да влезе во скинијата на сведоштвото, да ја соблече ленената облека, во која беше облечен при влегувањето во светилиштето, и таму да ја остави,
24. и да го измие телото свое со вода на свето место, да ги облече своите алишта, па, штом ќе излезе, да принесе сепаленица за себеси и за сиот народ, да се помоли за себе, за домот свој, за народот и за свештениците;
25. лојот пак од жртвата за грев да го принесе врз жртеникот.
26. А оној, што ќе го одведува козелот за отпуштање, да ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода, и по сето тоа може да влезе во населбата.
27. А телето за грев и козелот за грев, чија крв се внесува во светилиштито за очистување, да ги изнесат надовор од населбата, и да ги изгорат на оган кожите нивни, месото нивно и нечистотиите нивни;
28. оној, пак, што ќе ги пали, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода, и тогаш ќе може да влезе во населбата.
29. И тоа да ви биде вечен закон: во седмиот месец, на десетиот ден од месецот, смирувајте ги душите ваши, и никакава работа да не вршите, ни вие, нити придојдените, населени меѓу вас,
30. зашто во тој ден ќе се помоли за вас за да ве очисти од сите ваши гревови пред Господа, и ќе бидете чисти;
31. тоа да биде сабота над саботите; смирувајте ги душите ваши – тоа ќе биде вечен закон.
32. Ако се помоли оној свештеник што ќе биде помазан и посветен да свештенодејствува место татка си: нека облекува ленена облека, облека света;
33. и да ги очисти свјатаја свјатих и скинијата на сведоштвото, и жртвеникот да го очисти, и да се помоли за свештениците и сиот собран народ.
34. Ова да биде за вас вечен закон: и да се помоли за синовите Израилеви еднаш годишно поради сите нивни гревови, како што му заповеда Господ на Мојсеја.”
17. Определување места за жртвите. Се забранува јадење на крв.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи му на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви и речи им: еве што заповеда Господ, велејќи:
3. ако некој од синовите Израилеви или придојден, присоединет кон вас, заколе теле или овца или коза во населбата, или надвор од населбата,
4. а не го приведе при влезот од скинијата на сведоштвото, за да принесе сепаленица или жртва за спасение, угодна пред Господа, со благопријатен мирис, и ако некој заколе надвор од населбата и не го донесе при влезот од скинијата на сведоштовото, за да Му принесе дар на Господа пред скинијата Господова, тогаш тој човек да се обвини за крв: тој пролеал крв, да се истреби од народот негов.
5. Така да ги принесуваа синовите Израилеви жртвите свои, што ги колат в поле и да ги приведуваат пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото, кај свештеникот, и да ги колат пред Господа како жртви за спасение,
6. и за да излие свештеникот крв околу жртвеникот пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото и да ги изгори лојот за благопријатен мирис пред Господа.
7. И да не принесуваа залудо жртви свои на идоли, во кои самите блудствуваат следејќи ги. Ова нека биде вечна наредба и за поколенијата ваши.
8. Кажи им уште – ако некој од домот Израилев или од придојдените, кои живеат меѓу вас, принесува сепаленица или жртва
9. и да не ја приведе при влезот од скинијата на сведоштвото, за да ја принесе пред Господа, таа душа да се истреби од народот свој.
10. Ако, пак, некој од домот Израилев или од придојдените, што живеат меѓу вас, јаде каква и да било крв, тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против душата на оној, што ќе јаде крв, и ќе го истребам од народот Мој,
11. зашто душата на секое тело е неговата крв, и Јас ви ја дадов за жртвеникот за да се молите за душите ваши, бидејќи таа крв ќе се помоли место душата.
12. Поради тоа и им реков на синовите Израилеви: ниедна душа меѓу вас не смее да јаде крв, па ни придојдениот, кој живее меѓу вас, не смее да јаде крв.
13. А, ако некој од синовите Израилеви и придојдените, што живеат меѓу вас, фати во лов ѕвер или птица, што се јаде, да ја пушти крвта да истече и да ја покрие со земја,
14. зашто душата на секое тело е во крвта негова и им реков на синовите Израилеви: не јадете крв од никакво тело, бидејќи душата на секое тело е во крвта негова, секој што ќе ја јаде ќе се истреби.
15. И секој што јаде мрша или ѕверојадина, ваш или придојден, нека ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода и ќе биде нечист до вечерта, а потоа ќе биде чист.
16. Ако, пак, не ги испере алиштата свои, и не го измие телото свое со вода, ќе го прими своето беззаконие врз себе”.
18. Се забранува женидба и мажачка со блиски сродници; се забрануваат и други големи гревови.
1. И му рече Господ Бог на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им: Јас сум Господ Бог ваш.
3. Не постапувајте според делата на Египетската земја, во која живеевте, не постапувајте ни според делата на земјата Хананска, во која ве водам, и не управувајте се според нивните закони.
4. Извршувајте ги сите Мои наредби и пазете ги сите Мои заповеди, одете по нив, Јас сум Господ, Бог ваш.
5. Пазете ги сите Мои наредби и сите заповеди и извршувајте ги, и секој што ги извршува жив ќе биде, Јас сум, Господа, Бог ваш.
6. Никој не смее да се доближува до сродниците по тело, за да ја открие голотијата нивна. Јас сум Господ.
7. И голотијата на таткото свој и голотијата на мајката своја да не ја откриваш; таа ти е мајка, не откривај ја голотијата нејзина.
8. Голотијата на татковата жена не откривај ја: таа е таткова голотија.
9. Голотијата на сестрата твоја, која е од татка ти или од мајка ти твоја, родена во куќата или надвор од куќата, да не ја откриваш голотијата нејзина.
10. Голотијата од ќерката на синот твој или од ќерката на ќерката твоја, не откривај ја голотијата нивна, зашто тие се твоја голотија.
11. Голотијата на ќерката од татковата жена, не откривај ја, таа ти е сестра по татко.
12. Голотијата на татковата сестра не ја откривај; таа е од иста крв со таткото твој.
13. Голотијата на мајкината сестра не ја откривај, таа е од иста крв со мајката твоја.
14. Голотијата на татковиот брат не ја откривај и до неговата жена не се доближувај, таа ти е стрина.
15. Голотијата на снаата своја не ја откривај, таа е жена на твојот син – затоа не ја откривај голотијата нејзина.
16. Голотијата на братовата жена не откривај ја, таа е голотија на братот твој.
17. Голотијата на жена и на ќерка и не ја откривај; ќерката на синот нејзин и ќерката на ќерката нејзина не ги земај, за да ја откриваш голотијата нивна: тие се од иста крв; тоа е беззаконие.
18. Не земај ја за наложница сестрата на твојата жена за да ја откриеш голотијата нејзина пред неа, си уште додека е жива таа.
19. И до жена, си додека трае чистењето од нечистотијата нејзина, не доближувај се за да ја откриеш голотијата нејзина.
20. И со жената на ближниот твој не легнувај, за да излееш семе и да се оскверниш со неа.
21. Од децата свои не му давај жртва на Молоха и не го обесчестувај светото име. Јас сум Господ.
22. Не легнувај со маж, како со жена: тоа е одвратност.
23. И со ниедно четвороножно животно не легнувај за да излееш семе, па да се оскверниш со него; и жена не смее да легнува по ниедно четвороножно животно, за да се спои со него: тоа е гнасотија.
24. Не осквернувај се со сево ова, затоа што со сето тоа се оскверниле народите, кои Јас сакам да ги отфрлам од вас;
25. и земјата се оскверни од нив, и Јас ги казнив поради неа, и така земјата ги исфрли своите жители.
26. А вие пазете ги сите Мои закони и сите Мои повелби и не вршете ниедно од сите овие гнасотии, ниту вие овдешните, ниту придојдените кои живеат меѓу вас,
27. зашто сите тие гнасотии ги правеа луѓето на таа земја, што беа пред вас, и земјата се оскверни;
28. за да не се налути земјата и на вас, кога ќе ја оскверните, па да не ве исфрли, како што ги исфрли народите што беа пред вас.
29. Зашто сите, што ги вршат овие гнасотии, ќе бидат истребени од народот свој.
30. И така, пазете ги сите Мои повелби за да не извршувате ниеден од нивните гнасни закони, како што постапуваа оние што беа пред вас, и да не се оскверните со нив, оти Јас сум Господ, Бог ваш.”
19. Објаснување на десетте Божји заповеди.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи му на целото општество на Израилевите синови и речи им: бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог.
3. Секој да се плаши од таткото свој и од мајката своја и да ги запазува Моите саботи. Јас сум Господ вашиот Бог.
4. Не одете по идоли, и излеани богови не правете си. Јас сум Господ, вашиот Бог.
5. Кога Му принесувате на Господа жртва за спасение, принесувајте ја за да биде примена.
6. Таа треба да се јаде во денот, кога ја принесувате, и вториот ден, а она што ќе остане во третиот ден, да се изгори на оган.
7. Ако некој ја јаде во третиот ден, тоа не е жртва и нема да се прими.
8. Оној што ќе ја јаде, ќе навлече врз себе грев, бидејќи го осквернил она што Му е свето на Господа, и душите на тие што јаделе, ќе им бидат истребени од народот Негов.
9. Кога ја собирате жетвата од земјата своја, не ја жнеј нивата своја до крај, и паднатите класја од жетвата своја не собирај ги.
10. а и лозјето свое не собирај го до зрно, и паднатите зрна од брањето не собирај ги; остави го тоа за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.
11. Не крадете, не лажете и не клеветете го ближниот свој.
12. Не колнете се лажно во Моето име, на осквернувајте го светото име на вашиот Бог; Јас сум Господ, вашиот Бог.
13. Не навредувај го ближниот свој. Наградата на наемникот твој не смее да остане кај тебе до утредента.
14. Не навредувај глув човек и пред слеп не ставај ништо, од кое може да се сопне; бој се од Господа, твојот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.
15. Не прави неправда, а кога си во судот: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот; суди му на ближниот свој по правда.
16. Не шири лага меѓу народот свој и не посегнувај врз животот на ближниот свој. Јас сум Господ, вашиот Бог.
17. Во мислите свои не завидувај му на братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа.
18. Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ, вашиот Бог.
19. Запазувај го законот Мој, не мешај го добитокот свој со добиток од друг род; во лозјето свое не сади различни лози; облека ткаена од две преѓи не облекувај.
20. Ако некој преспие со жена, а таа е робинка, свршена за маж, но уште неоткупена, или уште не и е дадена слобода, да се казнат и обајцата, но не со смрт, зашто таа не е слободна;
21. тој нека донесе пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото жртва за принос: еден овен,
22. и да се помоли свештеникот пред Господа, преку овенот за престап, за гревот што го направил, и извршениот грев ќе му биде простен.
23. Кога ќе влезе во земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава, и ќе посадите секакво плодно дрво, очистете ја нечистотијата негова, три години неговиот плод треба да е за вас нечист и да не се јаде;
24. а во четвртата година секој негов плод е свет, посветен на Господа за благодарност.
25. Во петтата, пак, година, можете да ги јадете плодовите негови и да го собирате целиот негов род. Јас сум Господ, вашиот Бог.
26. Не јадете ништо со крв и не гатајте според летот на птиците.
27. Не стрижете ја главата своја наоколу и не расипувајте го изгледот на брадата своја.
28. Заради умрен не правете рецки по снагата своја и не цртајте букви по телото свое. Јас сум Господ, вашиот Бог.
29. Не осквернувај ја ќерката своја, со тоа што ќе и дозволиш да врши блудство и да се исполни земјата со беззаконија.
30. Саботите Мои пазете ги и бојте се од она што Ми е свето. Јас сум Господ.
31. Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш.
32. Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец и бој се од Господа, твојот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.
33. Кога придојден ќе се насели во земјата ваша, не жалостете го;
34. придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во Египетската земја. Јас сум Господ, Бог ваш.
35. Не правете неправда кога судите, кога мерите со терезија и кога измерувате;
36. мерките ваши да ви бидат точни, теговите точни, ефата верна. Јас сум Гопод, Бог ваш, што ве изведов од Египетската земја.
37. Пазете го целиот Мој закон и сите Мои повелби, и извршувајте ги. Јас сум Господ, Бог ваш.”
20. Казни и разни големи гревови.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви, говорејќи: ако некој од синовите Израилеви или од придојдените, кои живеат меѓу Израилците, му даде жртва на Молоха од децата свои, да умре; народот од земјата со камења да го убие.
3. И Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов, затоа што му дал на Молоха жртва од децата свои, за да го оскверни Моето светилиште, и да се оскверни името на оние што сум ги осветил.
4. И ако народот од земјата ги затвори очите пред тој човек, кога ќе му даде ма Молоха жртва од своите деца, и не го убие,
5. тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и неговиот род, ќе ги истребам и сите едномисленици, што ќе го следат во блудството негово со идолите на тој народ.
6. И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева, и по магесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин.
7. Бидете свети, зашто Јас, вашиот Господ Бог, сум свет.
8. Пазете ги Моите повелби и извршувајте ги, оти Јас сум Господ, Кој ве осветува.
9. Човек, кој го навредува таткото свој или мајката своја да биде убиен; тој што го злословува таткото свој или мајката своја: виновен е.
10. Ако некој изврши прељуба со мажена жена или со жената на ближниот свој – да бидат убиени и прељубодеецот и прељубодејката.
11. Кој ќе легне со жената на таткото свој, тој ја открил голотијата на татка си; обајцата да бидат убиени; виновни се.
12. Ако некој легне со снаата своја, и обајцата да бидат убиени, тие извршиле нечисто дело – виновни се.
13. Ако некој легне со маж како со жена, и обајцата извршиле гнасно дело: да бидат убиени, виновни се.
14. Ако некој се ожени со ќерка или мајката нејзина, тоа е беззаконие: со оган да бидат изгорени и тој и таа, за да нема беззаконие меѓу вас.
15. А, ако некој пристапи кај некое животно, за да се соедини со него, убиј го него и животното: тие треба да бидат убиени – виновни се.
16. И жена ако пристапи до животно, да се соедини со него, да ги убиете и жената и животното – да умрат, виновни се.
17. Ако некој ја земе сестрата своја, или татковата ќерка, или мајкината ќерка, и ја види голотијата нејзина, и таа ја види голотијата негова: тоа е срам; да бидат истребени од својот народ: тој ја открил голотијата на сестрата своја – затоа ќе го прими гревот свој врз себе.
18. Ако некој легне со жена кога е нечиста од излив на крв, и ја открие голотијата нејзина, изливот на нејзината крв, и таа го открие изливот на својата крв: и обајцата да бидат истребени од народот свој.
19. Голотијата од мајкината сестра и голотијата од сестрата на твојот татко не откривај ја, зашто тој открива родбинска голотија, тие гревот свој ќе го носат врз себе.
20. И ако некој легне со роднина своја, тој ја открил Голотијата на родот свој: нека умрат без деца.
21. Ако некој ја земе братовата жена: тоа е гнасно дело; тој ја открил голотијата на братот свој, и обајцата ќе умрат без деца.
22. Запазете ги сите Мои повелби и сите Мои заповеди и извршувајте ги – и нема против вас да вознегодува земјата, во која ве водам да живеете во неа.
23. Не постапувајте според законите на незнабошците што ќе ги изгонам пред вас; затоа што тие сето тоа го правеа, Јас вознегодував против нив,
24. и ви реков; вие ќе ја наследите земјата нивна и вам ќе ви ја дадам во владение земјата, каде што тече мед и млеко. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве оддели од сите народи.
25. Правете разлика меѓу чист и нечист добиток, и меѓу чиста и нечиста птица, и не ги осквернувајте душите свои со добиток и со птица и со она што лази по земјата, она што ви го одвоив како нечисто.
26. Ќе ми бидете свети, затоа што сум Јас, Господ вашиот Бог, свет, Кој ве одделив од сите народи за да бидете Мои.
27. Маж или жена, ако извикува духови на мртви, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се.”
21. Светоста на свештениците.
1. И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи: “Кажи им на свештениците, синовите Аронови, и рече им да не се допираат до мртовец од народот свој.
2. Само до близок роднина свој, до мајка, до татко, до син и до ќерка, до брат,
3. до сестра, која е мома што живее кај него, а немажена, може да се допира, и со тоа да не се осквернува;
4. инаку, не смее да се оскверни со допир до кого и да било од народот свој, за да не стане нечист.
5. Не смеат да ја бричат главата своја, ниту да го расипуваат обликот на брадата своја, ни да прават зарези по телото свое.
6. Тие треба да бидат свети пред својот Бог и да не го осквернуваат името на својот Бог, бидејќи тие сами Му принесуваат дарови на својот Бог, и ќе бидат свети.
7. Тие не смеат да земаат жени блудници и порочни, не смеат да се женат ни со жена, отерана од својот маж, затоа што се тие свети пред Господа, својот Бог.
8. И свет нека ти биде, бидејќи тој Му принесува дар на Господа, вашиот Бог; тој треба да ти биде свет, затоа што сум свет Јас, Господ Бог ваш, Кој ги осветува.
9. Ако свештеничка ќерка се оскверни со блудство, таа го осквернила таткото свој: со оган да биде изгорена.
10. А големиот свештеник меѓу браќата свои, врз чија глава е излеан елеј за помазание, и е совршен за да се облекува во одежди, да не ја открива главата своја и облеката своја да не ја кине;
11. и до никаков мртовец да не приоѓа; да не се осквернува со допир ни до умрениот татко свој и ни до мајката своја.
12. Чад од светилиштето да не излегува за да не го оскверни осветеното од својот Бог, зашто светиот елеј на Божјото помазание е врз него. Јас сум Господ.
13. За жена тој треба да зема девица од родот свој;
14. не смее да зема вдовица или оставена или осквернета или блудница, туку само девица од родот свој тој треба да зема за жена.
15. И да не го осквернува своето потомство во народот свој: затоа што сум Јас Господ Бог, Кој го осветува.”
16. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
17. “Кажи му на Арона: никој од твоето семе во сите родови, кој има телесен недостаток, да не пристапува да Му принесува дар на својот Бог.
18. Никој, кој има телесен недостаток, да не пристапува; ни слеп човек, ниту хром, ниту, пак, со крив нос, или со рецкано уво,
19. ниту таков кому му е раката скршена или ногата скршена,
20. ниту грбав, ниту гурелав, ниту со перде на очите, а ни крастав или со лишај, ниту килав.
21. Никој човек од родот на свештеникот Арон, кој е со телесен недостаток, не смее да пристапува за да Му принесува жртва на твојот Бог; бидејќи има недостаток, нека не пристапува да принесува дарови Божји,
22. но од даровите на својот Бог, од осветените жртви, тој може да јаде;
23. само до завесата да не се доближува и до жртвеникот да не пристапува, затоа што има недостаток: да не го оскверни светилиштето на својот Бог, оти Јас сум Господ, Кој ги осветува.”
24. И Мојсеј им го соопшти тоа на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви.
22. Жртвите треба да бидат без недостаток. Кој смее да јаде од светите жртвени приноси.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи му на Арона и на синовите негови да постапуваат внимателно со светите приноси од синовите Израилеви и да не го осквернуваат Моето свето име во тоа, што Ми го посветуваат. Јас сум Господ.
3. Кажи им: ако некој во целото ваше потомство во вашите родови има на себе некаква нечистотија и пристапи кон светите дарови, што синовите Израилеви Му ги посветуваат на Господа, да се истреби таа душа од пред Мене. Јас сум Господ, вашиот Бог.
4. Оној човек од семето Ароново, кои е лепрозен, или има излив на семе, да не јаде од светите дарови се’ додека не се исчисти, и кој се допре до нешто нечисто од мртовец, или кому му се случи излив на семе при спиење,
5. или кој ќе се допре до некој гад, па се оскверни, или до човек од кого се оскверни од каква и да било нечистотија,
6. тој што се допрел до тоа да биде нечист до вечерта и да не јаде од светите приноси, пред да го измие целото свое тело со вода;
7. но, штом зајде сонцето, да биде чист, тогаш да јаде од осветените дарови, бидејќи тоа е негова храна.
8. Мрша или ѕверојадина тој да не јаде, за да не оскверни од нив. Јас сум Господ.
9. Нека ги пазат заповедите Мои, за да не навлечат поради нив грев врз себе и да не умрат поради нив, ако се осквернат. Јас сум Господ Бог, Кој ги осветува.
10. Никој од друг род да не јаде од светите приноси: кој се населил кај свештеник, ни наемникот негов, не смее да јаде од светите приноси.
11. Ако свештеникот си купи човек со пари, тој нека јаде од лебовите негови; исто така и домашните негови можат да јадат од неговите лебови.
12. Ако свештеничка ќерка се омажи за човек од друго племе, таа не смее да јаде од првините на светото,
13. а ако таа остане вдовица или биде разведена, а нема деца, и се врати во татковата куќа, како што била на млади години, тогаш таа може да јаде од лебовите на татка си; но никој друг род не смее да јаде од нив.
14. Кој поради незнаење јаде нешто од осветените приноси, тој дел треба да му го врати толку на свештеникот и да додаде кон него уште една петина од тоа.
15. И да не ги осквернуваат светињите на синовите Израилеви, принесувани на Господа;
16. и да не навлекуваат врз себе беззаконие поради престап, со тоа што ќе јадат од нивните дарови, зашто Јас сум Господ, Кој ги осветува.”
17. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
18. “Кажи им на Арона и на синовите негови и на сите синови Израилеви кажи им: ако некој од синовите Израилеви, или од придојдените меѓу народот Израилев, било поради исповедание или од благодарност принесува жртви какви што Му се принесуваат на Господа, за сепаленица,
19. за да му се прими жртвата милостиво, треба да биде од машки пол од стадата волови или овци, или кози, без недостаток;
20. а си што има недостаток, да не Му се принесува на Господа, бидејќи тоа ќе Му биде непријатно.
21. И ако некој Му принесува на Господа жртва за спасение, исполнувајќи завет или по своја волја, или на вашите празници, тогаш тоа треба да биде од стадата на говедата или овците и да биде без недостаток, за да му биде примена – и да нема никаков недостаток.
22. Животно слепо или сакато, или со пресечен јазик, или шугаво, или краставо, или со лишај – такви не принесувајте Му на Господа и од нив не давајте на Господа жртва на жртвеникот.
23. Теле или овца со долги уши или кратки нозе можеш да принесеш како жртва по своја волја: но ако е за завет, нема да се прими.
24. Животно со дробови слаби и болни, резано или тргано, не принесувај Му на Господа; во земјата ваша не правете го тоа.
25. И од рацете на туѓинец на принесувате Му на Господа никакви дарови на вашиот Бог, затоа што тие се повреда, имаа недостаток: тие нема да ви се примат.”
26. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
27. “Кога ќе се роди теле, или јагне, или козле, да остане кај мајка си седум дена, а од осмиот ден и натаму ќе може да се принесува како дар на Господа, –
28. но не колете ни теле, ниту јагне во ист ден заедно со мајката негова.
29. Ако Му принесувате на Господа жртва по завет, со радост принесувајте ја.
30. Таа да се изеде истиот ден, не оставајте од месото за другиот ден. Јас сум Господ.
31. Пазете ги заповедите Мои и извршувајте ги. Јас сум Господ.
32. Не осквернувајте го Моето свето име, за да бидам свет меѓу синовите Израилеви. Јас сум Господ, Кој ве осветува,
33. Кој ве изведов од Египетската земја, за да бидам ваш Бог. Јас сум Господ.”
23. За главните Господови празници.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви и објасни им за празниците Господови, кои треба да се нарекуваат свети. Ова се празниците Мои:
3. во шесте денови да работите, а седмиот ден е сабота – ден за одмор, свет на Господа; никаква работа да не вршите, тоа е сабота Господова во сите ваши домови.
4. А ова се празниците Господови, наречени свети, а што треба да ги свикувате во нивните определени времиња:
5. во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот меѓу двете вечери е Пасха Господова,
6. а на петнаесеттиот ден од истиот месец е празникот на Господа Бесквасници; седум дена јадете бесквасен леб;
7. и првиот ден да ви биде свет, не вршете никаква работа;
8. а во седумте дена принесувајте Му на Господа сепаленици, и седмиот ден да ви биде свет; не вршете никаква работа.”
9. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
10. “Јави им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе влезете во земјата, која ви ја давам, и почнете таму да жнеете жетва, првиот сноп од жетвата ваша донесете го кај свештеникот;
11. тој ќе го вознесе тој сноп пред Господа, за да ви биде примен; на вториот ден од празникот свештеникот ќе го вознесе;
12. а во оној ден кога го принесувате снопот, принесете Му на Господа и жртва сепаленица – едногодишно јагне без недостаток,
13. а заедно со него и жртви драговолни – две десетини ефа пченично брашно, прелиено со елеј, жртва – дар на Господа со благопријатен мирис и со прелив за него од една четвртина ин вино;
14. никаков нов леб ниту печени класје не јадете до денот, во кој ќе принесувате дар ваш на вашиот Бог: тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши по сите ваши населби.
15. Избројте од првиот ден по празникот, од денот во кој го принесувате снопот како вознесување – седум полни седмици,
16. дури до првиот ден од последната седмица избројте педесет дена, и тогаш принесете Му на Господа нова жртва.
17. Од своите домови принесете Му на Господа леб на дар – два леба за вознесување, кои треба да бидат месени од две десетини ефа пченично брашно со квас, да се испечени од првите плодови за Господа.
18. Заедно со лебовите принесете и седум јагниња без недостаток, едногодишни и од крупниот добиток едно теле и два овна без недостаток; тоа нека ви биде жртва сепаленица за Господа како лебен принос со принос за прелив, за благопријатен мирис пред Господа.
19. Принесете исто така од стадата на козите еден козел – жртва за грев, и две едногодишни јагниња – жртва за спасение со лебовите од првите жита.
20. И свештеникот нека го принесе тоа со лебовите од првите жита пред Господа, заедно со двете јагниња: тоа ќе биде свет принос за Господа, за свешеникот што ги принесува.
21. И тој ден наречете го свет, нека ви биде особено свет, никаква работа не вршете во него – тоа нека ви биде вечна заповед за родовите ваши по сите населби.
22. И кога жнеете жетва на вашата нива, не ја дожневајте нивата своја до крај, и она што ќе падне од твојата жетва не собирај го: остави го за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.”
23. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
24. “Кажи им на синовите Израилеви, велејќи – во седмиот месец, во првиот ден од месецот, имајте спокој, Празник на трубите; тој ден нека ви биде свет.
25. Никаква работа не вршете во него, а принесувајте Му на Господа жртви сепаленици.”
26. И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
27. “И десеттиот ден од седмиот месец, денот на очистувањето, нека ви биде свет: смирете ги душите ваши и принесувајте Му сепаленица на Господа.
28. Никаква работа не вршете во тој ден, зашто тоа е ден за очистување ваше, за да се очистите пред лицето на Господа, вашиот Бог.
29. А секоја душа, што не ќе го почитува тој ден, ќе биде истребена од народот свој.
30. И секоја душа што ќе врши каква и да било работа во тој ден, таа душа ќе загине од својот народ.
31. Никаква работа не вршете: тоа ви е вечна наредба и за родовите ваши по сите ваши живеалишта.
32. Тоа е за вас сабота над саботите, па затоа смирете ги душите ваши, оти од вечерта на деветтиот ден од месецот дури до вечерта на десеттиот ден од месецот празнувајте ја вашата сабота.”
33. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
34. “Кажи им на синовите Израилеви, велејќи: во петнаесеттиот ден од истиот месец, седмиот месец, е празникот Сеници, Господов празник што трае седум дена.
35. И денот прв ќе ви биде наречен свет, никаква работа не вршете;
36. седум дена принесувајте Му на Господа сепаленици; а и осмиот ден нека ви биде свет, и тогаш принесувајте Му на Господа сепаленици; – тоа е крајот на празникот, и никаква работа не вршете.
37. Тоа се Господовите празници, што ќе ви бидат наречени особено свети, кога ќе Му принесувате на Господа сепаленици и приноси со нив како и преливи врз нив од ден во ден,
38. освен во саботите Господови, освен даровите ваши, заветите ваши, што ќе Му ги давате од благодарност на Господа.
39. А на петнаесеттиот ден од седмиот месец, кога ја завршувате жетвата на житата ваши, празнувајте празник Господов седум дена: првиот ден нека ви биде починка, а во осмиот ден нека ви е одмор.
40. Во првиот ден земете плодови од убави дрвја, и гранки од палми, и гранки од широколисни дрвја како и од врби, речни растенија, и развеселете се пред Господа, вашиот Бог – седум дена во годината.
41. Ова е вечна наредба за вас и за родовите ваши; во седмиот месец празнувајте го празникот Сеници.
42. Седум дена престојувајте во сеници: секој тукашен во Израилот треба да престои во сеница,
43. за да знаат поколенијата ваши, дека Јас во сеници ги вселив синовите Израилеви, кога ги изведов од Египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.”
44. И Мојсеј им говореше на синовите Израилеви за празниците Господови.
24. Закони за лебовите. Каменување на богохулник. Казни за повреди и убиства.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Заповедај им на синовите Израилеви да земат чист маслинов елеј, исцеден за осветување, та светлото да гори секогаш
3. зад завесата во скинијата на сведоштвото, а ќе го палат Арон и синовите постојано пред Господа од вечерта дури до утрината; и тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши.
4. На чистиот свеќник палете ги светилата постојано пред Господа дури до утредента;
5. и земете пченично брашно и измесете од него дванаесет лебови – секој леб да тежи по две десетини ефа;
6. поставете ги во два реда, по шест во ред, на чистата трпеза пред Господа.
7. И во секој ред ставете и ливан, како и сол; и тоа нека биде крај лебовите како спомен на приносот за Господа.
8. Секој саботен ден постојано да се предлагаат лебови пред Господа од синовите Израилеви: тоа е вечен завет.
9. Тие да му припаѓаат на Арона и на синовите негови за да ги јадат на свето место; тоа е голема светиња, дел од жртвите за Господа, овековечена со закон.”
10. Тогаш излезе синот на една жена Израилка, што го беше родила со Египтјанин, меѓу синовите Израилеви и се скара со еден Израилец во населбата;
11. и синот на Израилката похули на Господовото име. И го доведоа кај Мојсеја; името на мајката негова беше Саломит, Давринова ќерка од племето Даново;
12. па го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова.
13. И му рече Господа на Мојсеја велејќи:
14. “Изведи го оној што хулеше надвор од живеалиштето, а и сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења,
15. и кажи им на синовите Израилеви: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев;
16. и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре.
17. Кој ќе убие човек, да биде умртвен.
18. Кој ќе удри добиток и тој умре, да го плати – добиток за добиток.
19. На оној, што ќе му нанесе повреда на ближен, да му се направи и нему она што го направил тој;
20. прелом за прелом, око за око, заб за заб; како што му нанел повреда на човек, така и нему да му се направи.
21. И кој удри човек и умре, да биде умртвен.
22. Една правда да има како за придојден така и за тукашен, затоа што Јас сум Господ, вашиот Бог.”
23. Тогаш Мојсеј им кажа си на синовите Израилеви; и го изведоа оној што беше похулил надвор од населбата и сиот народ го уби со камења; синовите Израилеви направија така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
25. Саботната и прошталната година.
1. И му рече уште Господ на Мојсеја, на планината Синај, велејќи:
2. “Јави им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе дојдете во земјата, што ви ја давам Јас, земјата што ви ја давам нека ја празнува саботата Господова;
3. шест години засејувај ја нивата своја и шест години режи го лозјето свое и прибирај ги плодовите нивни,
4. а во седмата година е сабота за земјата – нека има одмор земјата; тоа е сабота Господова: не ја сеј нивата своја и не го режи лозјето свое.
5. Она што само ќе израсне на нивата твоја, не го жнеј, и грозјето од нережаните лози твои не собирај го: нека биде тоа година за починка на земјата.
6. И за време починката на земјата тоа нека биде храна за сите вас – за тебе и за твојот роб, за робинката твоја, за наемникот твој и за придојдениот, населен кај тебе;
7. а добитокот твој и за ѕверовите што се на земјата твоја, тие плодови нека им бидат храна.
8. И изброј седум саботни години, седумпати по седум, за да ти излезат во седумте седмици четириесет и девет години;
9. и објавете го со трубен глас по целата земја ваша седмиот месец, во десеттиот ден од месецот; во денот на очистувањето затрубете со труба по целата земја ваша;
10. и осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жители; тоа да ви биде година на проштавање; и секој да се врати во својот имот, и секој да се врати при родот свој.
11. Педесеттата година да ви биде година на проштавање; во таа година не сејте и не жнејте го она што ќе израсне само од земјата, и да не го собирате она што Му е свето на Господа,
12. зашто тоа е знак за опростување: свето да ви е тоа – од нивите јадете ги плодовите нивни.
13. Во таа проштална година секој нека се врати на имотот свој.
14. Ако си му продал нешто на ближниот свој, или ако си купил нешто од ближниот свој, не оскрбувај го ближниот свој;
15. ти треба да купуваш од ближниот свој според бројот на годините по прошталната, и според, бројот на годините на приходот тој треба да ти продава;
16. ако остануваат многу години, зголеми ја цената; ако оставаш за малку години, намали ја цената; според бројот на годините определи ја цената.
17. Не оскрбувај го ближниот свој; бој се од твојот Господ Бог, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.
18. Извршувајте ги заповедите Мои, пазете и исполнувајте ги законите Мои, и спокојно ќе живеете на земјата;
19. и земјата ќе ги дава своите плодови, и ќе јадете до наситка и спокојно ќе живеете на неа.
20. Ако кажете: што ќе јадеме во седмата година, кога не сме посеале ништо, не сме собрале производи наши,
21. Јас ќе испратам благослов Мој во шестата година, и таа ќе даде плод за три години;
22. а во осмата година ќе сеете, па ќе јадете од старите производи до деветтата година; и додека не узреат плодовите нејзини, ќе јадете од старото.
23. Земјата не смее да се продава засекогаш, зашто земјата е Моја; вие сте при Мене придојдени и преселеници;
24. по целата земја на вашите имоти дозволувајте земјата да се откупува.
25. Ако брат ти, кој е кај тебе, осиромаши и го продаде својот имот, тогаш да дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи продаденото од братот негов.
26. Но, ако нема свој, кој да го откупи, тој самиот ќе успее и ќе најде колку што треба за откуп;
27. тогаш да ги пресмета годините од продажбата своја и да го врати другото на оној кому му го продал, и повторно да влезе во владението свое.
28. Ако, пак, не најде колку што треба, за да врати, продаденото нека остане во рацете на купувачот си до шестата проштална година, а во светата година да стане слободно и повторно да влезе во имотот свој.
29. Ако некој продаде куќа за живеење во град ограден, таа може да се откупи се’ додека не измине годината на продажбата нејзина – во текот на годината таа може да се откупи.
30. Ако, пак, не се откупи додека не измине годината од продажбата нејзина, куќата што е во градот, со тврда ограда, засекогаш ќе остане во рацете на купувачот и родот негов, и нема да му се врати во прошталната година.
31. А куќите по селата, што не се оградени наоколу, треба да се сметаа за ниви; тие секогаш ќе можат да се откупуваат, но во прошталната година ќе се вратат.
32. А што се однесува до градовите на левитите, куќите во градовите на владението нивно, секогаш можат да ги откупуваат левитите;
33. ако некој од левитите нема средства да откупи, тогаш продадената куќа во градот на нивниот имот ќе биде вратена во времето на прошталната година, зашто куќите во градовите на левитите се нивно владение меѓу синовите Израилеви.
34. А селата околу нивните градови не смеат да се продаваат, зашто тие се нивно вечно владение.
35. Ако братот твој осиромаши и изнемогне при тебе, поткрепи го исто така како да е твој придојден или преселеник, та да живее кај тебе.
36. Не земај му ни лихва ни печалба, и бој се од твојот Бог; Јас сум Господ; братот твој нека живее при тебе.
37. Не давај му сребро свое со интерес, а и храната твоја не давај му ја со печалба.
38. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја за да ви ја дадам земјата Хананска и да бидам ваш Бог.
39. Кога ќе осиромаши кај тебе братот твој, и ти се продаде, не товари го со ропска работа;
40. тој треба да ти биде како наемник, како преселник, нека ти работи до прошталната година,
41. а тогаш нека си отиде од кај тебе, тој самиот и децата негови со него во прошталната година, и нека се врати меѓу родот свој и пак да влезе во имотот на татковците свои,
42. бидејќи тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската земја: тие не смеат да се продаваат како што се продаваат робовите.
43. Не товарај го со многу работа и бој се од твојот Господ Бог.
44. Ако сакаш да имаш свој роб и своја робинка, купувајте си роб и робинка од народите што се околу вас; од нив да си земате робови и робинки.
45. Исто така и од децата на преселниците, населени меѓу вас, можете да купувате; и од нивните роднини во земјата ваша ако ги има, и тие да ви бидат сопственост.
46. Можете да ги предавате во наследство и на синовите ваши по вас како вечен имот; а браќата ваши, синовите Израилеви, не обременувајте ги со многу работа.
47. Ако твојот придојден или твојот преселник се збогати, а братот твој пред него осиромаши и му се продаде на придојдениот, населен при тебе, или на некој друг од родот на придојдените,
48. тогаш по продажбата тој може да биде откупен; некој од браќата негови треба да го откупи,
49. или братот на неговиот татко, или синот на стрикото негов треба да го откупи, или кој и да било од родот негов во племето, да го откупи, или самиот тој, ако се снајде да се откупи.
50. И да се пресмета со купувачот свој, сметајќи од годините, кога се продал, па си до прошталната година, и да го врати среброто за кое се продал според бројот на годините, при што да се пресмета и тоа дека кај него бил и како наемник – според бројот на годините,
51. и ако остануваат уште многу години, тогаш сразмерно на нив да го врати својот откуп во сребро, за кој бил купен;
52. ако, пак, остануваат уште малку години до прошталната година, да пресмета и сразмерно на годините на служењето да плати за својот откуп.
53. Во текот на сите години тој да биде кај него како наемник, но тој не треба да биде преоптоваруван со работа пред твоите очи.
54. Ако, пак, не се откупи на тој начин, тогаш во прошталната година да излезе самиот тој и децата негови со него,
55. затоа што синовите Израилеви се Мои слуги; тие се Мои деца, што ги изведов од Египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.”
26. Благослов и клетва.
1. Не правете ракотворни образи, ни делкани; и не издигајте столб и не поставувајте во земјата камења со знаци, за да им се клањате, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.
2. Пазете ги Моите саботи и бојте се од Моите светињи, Јас сум Господ.
3. Ако постапувате според Моите повелби и ги запазувате Моите наредби, и ги исполнувате,
4. ќе ви дадам дожд во свое време, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод,
5. и вршидбата ќе трае кај вас до гроздоберот, гроздоберот ќе трае до сеидбата, и ќе го јадете својот леб до наситка и ќе се +настаните на земјата ваша со сигурност, и војна нема да мине по целата ваша земја.
6. Ќе и’ дадам мир на земјата ваша, ќе спиете и никој нема да ве обеспокојува, ќе ги истребам лутите ѕверови од земјата ваша;
7. војна нема да мине преку вашата земја. Па ќе ги гоните непријателите ваши, и тие од меч ќе паднат убиени пред вас;
8. петмина од вас ќе прогонуваат сто души, и стотина од вас ќе прогонуваат илјадници, и непријателите ваши ќе паднат од меч пред вас.
9. Ќе погледам на вас и ќе ве благословам, ќе ве расплодам плодни, ќе ве умножам и ќе го поставам заветот Мој со вас.
10. И ќе јадете од старото и од постарото и старото ќе го исфрлите поради новото.
11. Ќе ја поставам скинијата Моја меѓу вас, и душата Моја нема да се гнаси и одвраќа од вас.
12. Ќе се движам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ.
13. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја, каде што бевте таму робови, и ги скршив врските на јаремот ваш и ве изведов охрабрени.
14. Ако, пак, не Ме слушате и не ги исполнувате овие Мои повелби,
15. и не им се покорувате, и ако душата ваша вознегодува од Моите закони, и со тоа што нема да ги испонувате сите Мои заповеди, за да го нарушите заветот Мој, –
16. тогаш и Јас ќе постапам со вас вака – ќе ви пратам скудност, красти и жолтица, од кои ќе ослабат очите ваши и ќе се измачува душата ваша, па ќе сеете семе залудо, зашто непријателите ваши ќе го јадат.
17. Ќе го свртам лицето Мое против вас и ќе паднете пред непријателите ваши; над вас ќе владеат непријателите ваши, и ќе бегате дури и кога никој не ве гони.
18. Ако и покрај сето ова не Ме послушате, седумпати ќе ја зголемам казната за гревовите ваши;
19. ќе ја скршам вашата тврдоглавост, ќе го направам небото ваше како железо, и земјата ваша како бакар;
20. па залудо ќе се истоштува силата ваша, и земјата ваша нема да го дава својот плод, и дрвјата на земјата ваша нема да раѓаат плодови свои.
21. Ако, пак, и потоа тргнете настрана и не ќе сакате да Ме слушате, ќе ви нанесам седумкратни удари поради гревовите ваши;
22. ќе испратам против вас лути земни ѕверови, кои ќе ве изедат, ќе го уништат добитокот ваш и ќе ве намалат, така што ќе се запустат патиштата ваши.
23. Ако и потоа не се поправите и тргнете против Мене,
24. тогаш и Јас ќе тргнам против вас со јарост и ќе ве поразам седумкратно за гревовите ваши.
25. И ќе испратам против вас одмаздувачки меч за одмазда поради заветот; ако, пак, избегате по градовите ваши, ќе испратам на вас помор и ќе бидете предадени во рацете на непријателот.
26. Ќе оскудевате за леб; десет жени ќе го печат лебот ваш во една печка и ќе ви даваат леб со мерка; ќе јадете и нема да се наситите.
27. Ако и покрај сево ова не Ме послушате и тргнете против Мене,
28. и Јас ќе тргнам против вас со гнев и седумкратно ќе ве казнам според гревовите ваши,
29. и ќе ги јадете телата на синовите свои, и телата на ќерките ваши ќе ги јадете.
30. Ќе ги разрушам жртвениците ваши, ќе ги разрушам ракотворните столбови ваши и ќе ги фрлам труповите ваши врз урнатините од идолите ваши, и душата Моја ќе се одврати од вас.
31. Градовите ваши ќе ги претворам во пустињи и ќе ги опустошам светињите ваши, и нема да примам благопријатен мирис од жртвите ваши.
32. Ќе ја запустам земјата ваша, така што ќе се чудат над неа непријателите ваши, што ќе живеат во неа;
33. вас, пак, ќе ве растурам меѓу народите и ќе ве истреби мечот што ќе дојде; земјата ваша ќе биде пуста, и градовите ваши – разрушени.
34. Тогаш земјата ќе се вознагради за своите саботи преку сите денови, додека биде пуста; а вие ќе бидете во земјата на непријателите ваши; земјата ќе си почива и ќе се вознагради за своите саботи;
35. таа ќе почива за сето време додека ќе биде пуста, што не почиваше за сите саботи ваши кога живеевте во неа.
36. А на оние од вас што ќе останат, ќе им всадам страв во срцата во земјата на непријателите нивни, па и шумот од развеан лист ќе ги прогонува; ќе бегаат како од меч, и ќе паѓаат кога и никој не ги гони.
37. И брат брата ќе презира и кога никој нема да ве напаѓа; не ќе имате сила да им се противставувате на непријателите ваши;
38. ќе загинете меѓу народите, и ќе ве проголта земјата на непријателите ваши;
39. а другите од вас ќе истлеат поради беззаконијата свои во земјите на непријателите ваши и поради беззаконијата на татковиците ваши ќе исчезнат.
40. Тогаш ќе ги исповедаат беззаконијата свои и беззаконијата на татковците свои, заради тоа што Ме презреа, престапија и станаа против Мене;
41. поради кое и Јас ќе станам со јарост против нив и ќе ги погубам во земјата на непријателите нивни; тогаш ќе се засрами нивното необрезано срце, и тогаш ќе се сетат за гревовите свои.
42. И Јас ќе си спомнам за заветот Мој со Јакова, и на заветот Мој со Исака, и на заветот Мој се Авраама,
43. и на земјата ќе се сетам и земјата ќе биде напуштена од нив и земјата ќе се вознагради за своите саботи, откако ќе биде испразнета од нив, и тие ќе ја добијат својата казна за беззаконијата свои, затоа што ги презреа законите Мои и душата нивна вознегодува поради наредбите Мои.
44. Но кога тие ќе бидат во земјата на непријателите свои, – Јас нема да ги презрам, и нема да се налутам на нив толку, за да ги истребам и да го раскинам Мојот завет со нив, зашто Јас сум Господ, Бог нивни.
45. Ќе се сетам на заветот прв, кога ги изведов од Египетската земја од домот на ропството пред очите на народите, за да им бидам Бог. Јас сум Господ.”
46. Тоа се наредбите, заповедите и законот кои Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеја на планината Синај.
27. Што смее да се заветува и да се откупува.
1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви и речи им – ако некој се заветува да ја посвети душата своја на Господа со цена,
3. цената за маж од дваесет до шеесет години да биде шеесет сребрени дидрахми, според свештената мерка.
4. Ако е, пак, за жена, цената да биде триесет дидрахми.
5. За машко од пет до дваесет години цената ќе биде дваесет дидрахми, а за женски десет дидрахми.
6. За машко, пак, од еден месец до пет години цената треба да изнесува пет сребрени дидрахми, а за женско три сребрени дидрахми.
7. За маж од шеесет години и нагоре цената ќе биде петнаесет среберни дидрахми, додека за жена десет дидрахми.
8. Ако е сиромав и нема да плати според цената своја, тогаш тој нека се претстави пред свештеникот, и свештеникот нека го процени: според состојбата на оној, што се заветувал, така нека го процени свештеникот.
9. Ако е, пак, добиче од оние што Му се принесуваат како жртва на Господа, ако Му се даде од овие на Господа, ќе биде свето;
10. да не се заменува доброто со лошо, или лошото со добро; ако некој замени добиче со добиче тогаш и добичето и неговата замена ќе бидат светиња.
11. Ако е тоа нечист добиток, што не се принесува како жртва на Господа, тој нека му биде претставен на свештеникот,
12. и свештеникот да процени, дали е тој добар, или лош; како ќе го оцени свештеникот, така и нека биде;
13. ако некој сака да го откупи, нека додаде кон цената уште една петина.
14. Ако некој Му ја посветува на Господа куќата своја за светиња, свештеникот да ја процени, дали е таа добра, или лоша; како што ќе ја оцени свештеникот, така и да биде.
15. Ако оној што ја посветил, побара да ја откупи куќата своја, нека приложи уште една петина во сребро кон цената нејзина, и тогаш таа нека биде негова.
16. Ако некој Му посвети на Господа од имотот свој нива, процената треба да биде сразмерно со посеаното: за еден гомер јачмен – педесет сребрени дидрахми.
17. Ако некој ја посветува нивата своја во прошталната година, тоа треба да биде според нејзината проценка.
18. Ако некој ја посветува нивата своја по прошталната година, треба да биде според неа и процената. Ако ја посветува најдоцна до прошталната година, свештеникот нека ја определи цената во сребро според годините што остануваат до идната проштална година, и да одземе и за толку да ја намали цената.
19. Ако оној, што ја посветил нивата своја, побара да ја откупи, нека додаде уште една петина во сребро кон цената нејзина, и таа нека биде негова.
20. Ако, пак, тој не ја откупи нивата своја и нивата биде продадена на друг човек, тој веќе не може да ја откупи;
21. таа нива, откако ќе биде ослободена во прошталната година, нека биде светиња Господова; таа нека биде земја одделена од сопственост и да биде за свештеникот.
22. Ако некој Му посвети на Господа купена нива, која не е во селото на имотот негов,
23. свештеникот нека ја определи цената нејзина до прошталната година, и тоа да ја даде, според она како што е пресметано, во истиот ден, како светиња Господова;
24. а нивата во прошталната година пак нека мине на оној, од кого била купена и кој што владеел со таа земја.
25. Секоја проценка да се врши според свештената мерка – дваесет пенези да чинат една дидрахма.
26. А секое првородено што ќе се роди меѓу добитокот твој, никој не може да го заветува: било вол, било од овците – тие се Господови.
27. Ако, пак, добитокот е нечист, да се откупува според цената негова и да се додаде кон неа уште една петина; ако не се откупи, тогаш нека се продаде според неговата процена.
28. А си што човек Му ветува на Господа со клетва од она, што ги има – од човек до добиток или нива од имотот свој, да не се продава ниту да се откупува: секој завет со клетва е најсвета светиња Господова.
29. И си што е ветено од луѓето со клетва, не се откупува: тоа треба да се предаде на смрт.
30. И секоја десетина од земјата, од земните семиња и од плодовите на дрвјата Му припаѓаат на Господа: тоа се светиња Господова;
31. ако некој ја откупи десетината своја, да додаде кон цената нејзина уште една петина.
32. И секој десеток од воловите, од овците и од си десето што ќе падне под жезал, треба да Му падне на Господа;
33. и да не се заменува добро за лошо, ниту лошо за добро; ако некој го замени, тогаш тоа самото и неговата замена да бидат светиња – да не се откупува.”
34. Тоа се заповедите, кои Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеј на планината Синај.