1. Давид наредува доносителот на круната Саулова да се погуби.
1. По Сауловата смрт, кога Давид се врати по разбивањето на Амаликијците и престојуваше во Секелаг два дена,
2. ете, на третиот ден доаѓа човек од Сауловиот логор; облеката му е испокината и на главата има прав. Штом дојде кај Давида, падна на земја и му се поклони.
3. И Давид го праша: „Од каде доаѓаш?” Тој одговори: „Избегав од Израилскиот логор.”
4. Давид пак го праша: „Што стана? Раскажи ми.” А тој одговори: „Народот се разбега од битката, и многу народ падна и изумре; умреа и Саул и синот негов Јонатан.”
5. Давид го праша момчето што му раскажуваше: „Од каде знаеш дека Саул и синот негов Јонатан умреле?”
6. А момчето, што му раскажуваше, рече: „Јас случајно отидов на Гелвујската гора, и ете, Саул падна врз копјето свое, а колите и коњаниците го стигнаа.
7. Тогаш тој се сврте назад и, откако ме виде, ми викна.
8. И јас реков: »Еве ме.« Тој ме праша: »Кој си ти?« Јас му одговорив: »Јас сум Амаликиец.«
9. Тогаш тој ми рече: »Дојди кај мене и убиј ме, зашто смртна тага ме опфатила, но душата моја сè уште е во мене.«
10. И јас се приближив до него и го убив, бидејќи знаев, оти тој нема да остане жив по паѓањето свое; и го зедов царскиот венец, што беше на главата негова, и гривната, што беше на раката негова, и ги донесов тука на господарот свој.”
11. Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе, што беа со него, ги раскинаа алиштата свои,
12. и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саула и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израилев, поради тоа што беа загинале од меч.
13. Давид, пак, го запраша момчето, што му раскажуваше: „Ти од каде си?” А тој му одговори: „Јас сум син на еден придојден Амаликиец.”
14. Тогаш Давид му рече: „Како не се исплаши да кренеш рака, за да убиеш помазаник Господов?”
15. И Давид повика еден од момците и му кажа: »Дојди и убиј го!« И оној го уби, и тој умре.
16. И Давид му рече: „Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: »Го убив помазаникот Господов.«
17. Потоа Давид го оплака Саула и синот негов Јонатана со оваа плачевна песна,
18. заповедајќи им на синовите Јудини да научат да фрлаат лак, како што е напишано во книгата на праведникот, и рече:
19. „Твојата убавина, о Израиле, е погубена врз твоите височини! Како паднаа силните!
20. Не раскажувајте во Гет, не разгласувајте по улиците на Аскалон, да не се радуваат ќерките филистејски, да не ликуваат ќерките на необрезаните.
21. Гори Гелвујски, да не паѓа на вас ни роса, ни дожд, ниту да има по вас полиња со плодови, зашто таму е фрлен штитот на Саула, како да не беше тој помазан со елеј.
22. Без крв од ранети, без мрс од силни, лакот Јонатанов не се враќаше назад, ниту мечот Саулов се враќаше празен.
23. Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој, не се разделија ни во смртта своја; тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите.
24. Ќерки Израилеви, плачете за Саула, кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси и ги китеше со златни накити облеките ваши!
25. О, како паднаа силните во борбата! Загина Јонатан на твоите височини.
26. Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов.
27. Како паднаа силните, како загина бојното оружје!”Давид цар над домот Јудин, а Јевостеј над домот Изрзилев.
2. Давид цар над домот Јудин, а Јевостеј над домот Изрзилев.
1. Потоа Давид Го праша Господа, велејќи: „Да отидам ли во некој од Јудините градови?” И Господ му рече: „Оди.” Давид пак праша: „Каде да одам?” И Он му рече: „Оди во Хеврон.”
2. И Давид отиде таму со двете жени свои: Израелката Ахиноама и Камелитката Авигеја, бивша Навалова жена.
3. Давид ги одведе и луѓето, што беа со него, секој со челадта своја, и се населија во градот Хеврон.
4. И дојдоа мажите Јудини и таму го помазаа Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида, дека жителите од Јавис Галадски го погребале Саула.
5. И Давид испрати претеници до жителите на Јавис Галадски да им кажат: „Благословени да сте пред Господа, поради тоа што ја направивте таа милост на господарот свој Саула, помазаникот Господов, и што сте го погребале и синот негов Јонатана;
6. и Господ нека ве награди со милост и вистина; и јас ќе ви направам добро, поради тоа што го направивте вие ова.
7. А сега нека се зацврстат рацете ваши и бидете храбри, зашто господарот ваш Саул умре,
и домот Јудин ме помаза мене за цар над себеси.”
8. Но Авенир, Нировиот син и војвода над Сауловата војска, го зеде Јевостеја, Сауловиот син, го одведе во Маханаим,
9. и го постави за цар над Галад, Ашур и Језраел, над Ефрема и Венијамина и над сиот Израил.
10. А Јевостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години, кога се зацари над Израилот, и царуваше две години. Само Јудиниот дом остана со Давида.
11. Сето време, во кое Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом, беше седум години и шест месеци.
12. Потоа отиде Авенир, Нировиот син, и слугите на Сауловиот син Јевостеј, од Маханаим во Гаваон.
13. Излезе и Јоав, синот Саруев, со Давидовите слуги и се сретнаа при Гаваонскиот поток, и застанаа еден од едната страна на потокот, а другиот – од другата страна на потокот.
14. А Авенир му рече на Јоава: „Нека станат момците и нека се борат пред нас.” И Јоав рече: „Нека станат.”
15. И станаа, та отидоа дванаесет Венијаминци од страната на Јевостеја, Сауловиот син, и дванаесетте Давидови слуги.
16. И тие се фатија еден со друг за главите, си забија еден на друг меч во слабините и паднаа заедно. И тоа место беше наречено Хелкат-Хасурим, кое е во Гаваон.
17. И во оној ден стана многу жестока борба, а Авенир со Израилските луѓе беше победен од Давидовите слуги.
18. Таму беа тројца синови Саруеви: Јоав, Авеса и Асаил. А Асаил беше со лесни нозе, како срна во полето.
19. Асаил почна да го гони Авенира и го гонеше, а да не скршнува ни десно, ни лево од стапките на Авенира.
20. Авенир се сврте назад и рече: „Ти ли си, Асаиле?” Тој одговори: „Јас сум.”
21. И Авенир му рече: „Скршни десно или лево, избери си еден од момците и земи го неговото оружје.” Но Асаил не сакаше да го остави.
22. И Авенир повторно му рече на Асаила: „Остави ме, да не те соборам на земја; со какво лице тогаш ќе се јавам пред братот твој Јоава?”
23. Но оној не сакаше да отстапи. Тогаш Авенир го сврти копјето и го прободе во стомахот; копјето мина низ него, и тој падна таму и умре на местото. Сите што минува низ тоа место, каде што беше паднал и умрел Асаил, застануваа.
24. Јоав и Авеса го гонеа Авенира. Сонцето веќе беше зајдено кога стигнаа до ридот Ама, спроти Гај, на патот за Гаваонската пустиња.
25. А Венијаминовите синови се собраа околу Авенира и образуваа чета и застанаа на
врвот од еден рид.
26. И Авенир извика кон Јоава и рече: „Вечно ли меч ќе истребува? Или не знаеш, дека подоцнежните ќе бидат горчливи? И кога ќе им кажаш на луѓето да престанат да ги гонат браќата свои?”
27. А Јоав рече: „Жив Бог! Ако ти не говореше поинаку, уште ова утро луѓето сакаа да престанат да ги гонат браќата свои.”
28. И Јоав затруби со труба и сиот народ застана, и повеќе не ги гонеа Израилците; битката престана.
29. Авенир, пак, и луѓето негови врвеа преку полето цалата таа ноќ, го преминаа Јордан, минаа преку целиот Витрон и стигнаа во Маханаим.
30. Се врати и Јоав од гонењето на Авенира и го собра сиот народ, а од Давидовите слуги, освен Асаила, недостигаа деветнаесет души.
31. А Давидовите слуги ги поразија Венијаминовите и Авенировите луѓе, од кои паднаа триста и шеесет души.
32. И го зедоа Асаила и го погребаа во Витлеем, во татковиот му гроб. А Јоав со луѓето свои одеше цела ноќ и во зорите стигна во Хеврон.
3. Давидовите синови.
1. Борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом траеше долго. Давид сè повеќе се засилуваше, а Сауловиот дом сè повеќе ослабнуваше.
2. На Давида му се родија синови шест во Хеврон. Првороден му беше Амион од Израелката Ахиноама,
3. а вториот син му беше Далуја од Кармелитката Авигеја, бивша Навалова жена; третиот – Авесалом, син на Мелха, ќерка на Толми, гесурскиот цар;
4. четвртиот – Адонија, син на Агита; петтиот Сафатија, син Авиталинов;
5. шестиот Јетерам од Егла, Давидова жена. Тие му се родија на Давида во Хеврон.
6. И додека траеше борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом, Авенир го поддржуваше Сауловиот дом.
7. Саул имаше наложница, по име Рисфа, ќерка на Аја. И Авенир влезе при неа. И му кажа Јевостеј на Авенира: „Зошто влезе при татковата ми наложница?”
8. Авенир многу се налути од зборовите на Јевостеја и рече: „Зар сум јас песја глава? Јас денес направив милост кон домот на татко ти Саула, кон браќата негови и пријателите нагови против Јуда, и не те предадов во рацете на Давида, а ти сега заради една жена бараш во мене грев!
9. Господ нека му напраи тоа и тоа на Авенира, и уште повеќе да му додаде! Како што Господ му се заколна на Давида, така и нека направи денес за него:
10. Нека се одземе царството од Сауловиот дом и да се постави Давид на престолот над Израилот и над Јуда, од Дан до Вирсавија.”
11. И Јевостеј не можеше ништо повеќе да му одговори на Авенира, бидејќи се плашеше од него.
12. А Авенир испрати од своја страна пратеници до Давида во Хеврон, каде што се наоѓаше, да кажат: „Чија е оваа земја?” и да му кажат уште: „Склучи сојуз до мене, и раката моја ќе биде со тебе, за да го свртам кон тебе сиот израилски народ.”
13. Давид му одговори: „Добро, ќе склучам со тебе сојуз, само за едно те молам, односно
– ти нема да го видиш лиицето мое, ако не ја доведеш со себе Мелхола, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да се видиш со мене.”
14. Тогаш Давид испрати пратеници до Јевостеја, Сауловиот син, да му кажат: „Врати ја жена ми Мелхола, која ја добив за сто филистејски краеобрезоци.”
15. Тогаш Јевостеј испрати, та ја зеде од мажот нејзин Фалтија, Лаишев син.
16. Со неа тргна и мажот нејзин и со плачење ја придружи до Бахурим; но Авенир му рече: „Врати се!” И тој се врати.
17. Авенир се обрна кон старешините Израилеви, велејќи: „И вчера и завчера вие сакавте Давид да ви биде цар;
18. направете го тоа сега, зашто Господ му рекол на Давида: „Преку раката на Мојот слуга Давида ќе го спасам народот свој Израил од раката на Филистејците и од раката на сите непријатели негови.”
19. Истото им го говореше Авенир и на Венијаминовците. И отиде Авенир во Хеврон, за да му јави на Давида сè, што сака Израил и целиот Венијаминов дом.
20. Авенир дојде при Давида во Хеврон и заедно со него дваесет мажи, а Давид ги нагости Авенира и луѓето, што беа со него.
21. Авенир му рече на Давида: „Ќе станам и ќе одам да го соберам околу господарот свој сиот израилски народ, и тие ќе стапат во завет со тебе, и ти ќе царуваш над сите, како што сака душата твоја.” Тогаш го отпушти Авенира, и тој си отиде со мир.
22. И ете, Давидовите слуги задно со Јоава се вратија од походот и донесоа со себе голем плен; но Авенира го немаше веќе при Давида во Хеврон, зашто Давид го беше испратил, и тој си беше отишол со мир.
23. Кога Јоав и сета војска, што беше одела со него, дојдоа, му раскажаа на Јоава: доаѓаше Авенир, Нировиот син, при царот, и тој го испрати, и тој си отиде со мир.
24. И Јоав дојде при царот и рече: „Што си направил? Ете, Авенир доаѓал при тебе, зошто си го испратил и тој си отишол?
25. Ти го знаеше Авенира, Нировиот син: тој доаѓа да те излаже, да дознае, каде влегуваш и излегуваш, и да извиди си што вршиш.”
26. Јоав излезе од Давида и испрати брзоотци по Авенира; и тие го вратија од кладенецот Сира, без да знае Давид.
27. Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе внатре зад вратата, божем ќе зборува со него тајно, и таму го прободе во стомакот. И
Авенир умре за крвта на Асаила, Јоавовиот брат.
28. Подоцна, кога чу Давид за тоа, рече: „Не сум виновен јас ниту царството мое пред Господа засекогаш за крвта на Авенира, Нировиот син;
29. нека падне таа врз главата на Јоава и врз целиот негов татков дом; во домот на Јоава секогаш нека има човек со семетечение, или лепрозен, или што се потпира на стап, или кој паѓа од меч, или кој има потреба од леб.”
30. А Јоав и братот негов Авес го убија Авенира, поради тоа што тој го уби братот нивни Асаил во битката при Гаваон.
31. И Давид му рече на Јоава и на сите луѓе, што беа со него: „Раскинете ги алиштата свои и облечете се во вреќишта и оплакувајте го Авенира.” И царот Давид одеше по носилката негова.
32. Кога го погребаа Авенира во Хеврон, царот плачеше со висок глас над Авенировиот гроб; плачеше и сиот народ.
33. И царот го оплака Авенира, со оваа тажачка: „Зар како безумник требаше да умре Авенир?
34. Рацете твои не беа врзани, нозете твои не беа оковани; и ти падна, како што паѓаат од разбојници.” Тогаш целиот народ почна уште повеќе да го оплакува.
35. Тогаш сиот народ дојде да му поднесе на Давида леб, додека уште не беше се стемнило, но Давид се заколна, велејќи: „Нека ми напарви Бог тоа и тоа и уште повеќе да ми направи, ако каснам леб или нешто друго до зајдисонце.”
36. И целиот народ дозна за тоа, и тоа му се допадна, и сè што правеше царот, му се допаѓаше на сиот народ.
37. Тој ден целиот народ и сите Израилци дознаа, дека убиството на Авенира, Нировиот син, не станало од царот.
38. Тогаш царот им рече на слугите свои: „Знаете ли, дека денес еден водач и голем маж
падна во Израилот?
39. Јас сум сега уште слаб, иако сум помазан за цар, а тие луѓе, Саруевите синови, се посилни од мене; но на оној, кој што прави зло, Господ да му врати според злобата негова.”
4. Јевостеја го убиваат.
1. Сауловиот син Јевостеј, откако чу, дека Авенир умрел во Хеврон, му отпаднаа рацете, и целиот Израил се збуни.
2. Сауловиот син Јевостеј имаше двајца воени началници; едниот се викаше Вана, а другиот – Рихав, синови на Вееротеецот Ремон, од Венијаминовите потомци, бидејќи и Веерот се вбројуваше кон Венијамина.
3. И Вееротците избегаа во Гитаим и таму останаа како придојдени до денес.
4. Јонатан, Сауловиот син, имаше син куц. Синот беше на пет години, кога од Израил дојде известување за Саула и Јонатана, а хранителката, откако го зела, избегала. Бидејќи таа бегала брзо, тој паднал и останал сакат. Името му беше Мемфивостеј.
5. И синовите на Вееротеецот Ремон, Рихав и Вана, тргнаа и стигнаа по најголемата дневна
горештина до куќата на Јевостеј, којшто спиеше попладне во леглото свое.
6. А вратарот на куќата, кој чистеше пченица, беше задремал и заспал; Рихав и братот негов Вана влегоа во куќата, ѓоа да земат пченица, го прободоа во стомахот и избегаа.
7. Кога тие влегоа во куќата, Јевостеј лежеше на леглото свое, во својата спална; тие го
удрија и го убија; ја пресекоа главата негова, ја зедоа со себе и цела ноќ одеа по пустињскиот пат;
8. му ја донесоа на Давида во Хеврон Јевостеевата глава и му рекоа на царот: „Еве ја главата на Јевостеј, синот на Сула, твојот непријател, којшто ја бараше душата твоја; сега Господ се одмазди за мојот господар – царот Саула (твојот непријател) и на потомството негово.
9. Давид му одговори на Рихава и на братот негов Вана, синови на Вееротеецот Ремон, и им рече: „Жив е Господ, Кој ја спаси душата моја од секаква жалост!
10. Ако тогаш, којшто ми донесе известување, велејќи: „Ете, умре Саул и Јонатан”, и којшто се мислеше за радосен известител, јас го фатив и го убив во Секелаг, неместо да му дадам награда,
11. тоа сега, кога невредници убија невин човек во куќата негова, во неговото легло, зар нема да ја побарам крвта негова од вашата рака и нема да ве истребам од земјата?”
12. И Давид им заповеда на слугите, и тие ги убија, им ги пресекоа рацете и нозете нивни и ги обесија крај базенот за вода во Хеврон. А Јевостеевата глава ја зедоа и ја погребаа во гробот на Авенир во Хеврон.
5. Другите племиња го помазуваат Давида. Ерусалим е освоен. Давидова победа.
1. Тогаш сите Израилеви племиња дојдоа кај Давида во Хеврон и рекоа: „Ете, ние сме твои коски и твоја плот;
2. уште вчера и завчера, додека царуваше Саул над нас, ти го изведуваше и го воведуваше Израилот; и Господ ти рече: »Ти ќе го пасеш Мојот народ, Израилот, и ти ќе бидеш водач на Израилот.«“
3. Тогаш сите Израилеви стерешни дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид склучи со нив завет пред Господа во Хеврон; и го помазаа Давида за цар над сиот Израил.
4. Давид беше на триесет години, кога се зацари; тој царуваше четириесет години.
5. Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над целиот Израил и над Јуда.
6. Царот тргна за Ерусалим заедно со луѓето свои против Евусејците, жители од оној крај; но тие му велеа на Давида: „Ти нема да влезеш тука; слепите и сакатите ќе те избркаат”, – тоа значеше: Давид нема да влезе тука.
7. Но Давид ја презеде тврдината Сион: Тоа е Давидовиот град.
8. Тој ден Давид рече: „Секој, убивајќи Евусејци, нека поразува со копје и сакати и слепи, што ја мразат душата Давидова.” Затоа и се вели: „Слеп и сакат нема да влезе во домот Господов.”
9. И Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сè до внатре.
10. И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него.
11. Тирскиот цар Хирам испрати при Давида пратеници и кедрово дрво, дрводелци и каменоделци, и тие му изградина на Давида дом.
12. Давид разбра, дека Господ го одредил за цар над Израилот и го воздигнал царството негово заради Својот народ, Израилот.
13. Давид си зеде уште наложници и жени од Ерусалим, откако дојде од Хеврон.
14. И му се родија на Давида уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние, што му се родија во Ерусалим: Самус, Совав, Натан и Соломон,
15. Евеар, Елисуа, Нафек, и Јафија,
16. Елисама, Елидае, и Елифалет, Самае, Јосиват, Натан, Галиман, Еваар, Теисус, Елифалат, Нагев, Нафек, Јонатан, Леасамис, Валимат и Елифат.
17. Кога Филистејците слушнаа, дека Давид е помазан за цар на Израилот, сите Филистејци се кренаа да го бараат Давида. Давид чу и отиде во тврдината.
18. А Филистејците дојдоа и се сместија во Рефаимската долина.
19. И Давид го запраша Господа, велејќи: „Да одам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?” А Господ му одговори на Давида: „Оди, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во рацете твои.”
20. Тогаш Давид отиде во Ваал – Перасим и таму ги порази, и рече Давид: »Господ ги однесе пред мене непријателите мои, како вода што однесува.« Поради тоа и она место се нарече Ваал – Перасим.
21. Таму Филистејците ги оставија идолите свои, а Давид со луѓето свои ги зеде и заповеда да ги изгорат на оган.
22. Филистејците, пак, дојдоа и се улогорија во Рефаимската долина.
23. А Давид Го праша Господа: „Да одам ли против Филистејците, и ќе ги предадеш ли во рацете мои?” Господ му одговори: „Немој да им излегуваш во пресрет, туку заобиколи ги одзади и нападни ги откај горичката на црници.
24. Кога ќе чуеш шум како да минува некој по врвовите на црниците, тогаш појди, зашто тогаш Господ тргнал пред тебе, за да ја порази филистејската војска.”
6. Ковчегот на заветот се носи во Ерусалим.
1. Давид пак собра избрани луѓе од Израилот, триесет илјади.
2. Па стана и тргна Давид и сиот народ, што беше со него, од Ваал Јудин, за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег, над кој се повикува името на Господа Саваот, Кој седи на херувими.
3. И го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од Аминадавовата куќа, која беше на ридот. А синовите Аминадавови, Оза и Ахио ја водеа новата кола.
4. Ја поведоа со Божјиот ковчег од Аминадавовата куќа, која беше на ридот; и Ахио одеше пред Ковчегот Господов.
5. А Давид и сите синови Израилеви свиреа пред Господа на различни свирки од кипарисово дрво, на гусли, на псалтири, на тимпани, на цитри и на кимвали.
6. И кога дојдоа до Нахаровото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег за да го придржи, и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале.
7. Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го порази на истото место, и тој умре таму при Божјиот ковчег.
8. Давид се нажали поради тоа што Господ го порази Оза. Тоа место и до сега се нарекува Озов пораз.
9. Тој ден Давид се исплаши од Господа и рече: „Како ќе дојде кон мене Ковчегот Господов?”
10. И Давид не сакаше да го пренесе Ковчегот Господов кај себе, во Давидовиот град, и го остави во куќата на Гетеецот Аведар три месеци, и Господ го благослови Аведара и целиот негов дом.
11. И остана Ковчегот Господен во домот на гетеецот Аведар три месеци; и Господ го благослови Аведара и сиот негов дом.
12. Кога му јавија на цар Давида и му рекоа: „Господ го благослови Аведаровиот дом и сè што е во него, поради Божјиот ковчег”, Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од Аведаровата куќа во Давидовиот град.
13. И штотуку оние, што го носеа ковчегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесуваше жртва по едно јунче и по еден овен.
14. Давид скокаше со сета сила пред Господа, а беше облечен со ленен ефод.
15. Така Давид и целиот Израилев дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба.
16. Кога Ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Мелхола, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давида како скока и игра пред Господа, го презре во срцето свое.
17. Го донесоа Ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господа и мирни жртви.
18. Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и мирни жртви, тој го благослови народот во името на Господа Саваот;
19. и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израилци од Дан дури до Вирсавија, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја.
20. Кога се врати Давид, за да го благослови домот свој, Мелхола, Сауловата ќерка, излезе да го пречека и му рече: „Колку се прослави денес царот Израилев, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.”
21. А Давид ѝ одговори на Мелхола: „Пред Господа ќе играм; и благословен е Господ, Кој ме претпостави пред татко ти твој и пред целиот дом негов, поставувајќи ме за водач на народот Господов, Израилот; пред Господа ќе свирам и ќе играм;
22. и уште повеќе ќе се понизам, и уште победен ќе станам пред очите свои, и при сето тоа, пред слугинките, за кои што говориш, јас ќе бидам славен.”
23. А Мелхола, Сауловата ќерка, остана без рожба до денот на смртта своја.
7. Давидовата молитва.
1. Кога царот живееше во својот дом, и Господ го беше успокоил од сите негови околни непријатели,
2. тогаш царот му рече на пророкот Натан: „Ете, јас живеам во кедров дом, а Божјиот ковчег стои под шатор.”
3. А Натан му одговори на царот: „Оди, прави си, што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.”
4. Но во истата ноќ дојде ова слово Господово кон Натана:
5. „Оди, кажи му на мојот слуга Давида: Вака говори Господ: »Ти ли ќе Ми изградиш дом, за да живеам во него,
6. кога Јас не сум живеел во дом, откако ги изведов синовите Израилеви од Египет, и до денес но минував во шаторот и во скинијата.
7. Каде и да одев со сите синови Израилеви, му кажав ли барем еден збор на некое од племињата, на кое сум му наложувал да го пасе Мојот народ Израилот: зошто не ми изградивте кедров дом?«
8. А сега, кажи му така на мојот слуга Давида: Вака вели Господ Саваот: »Јас те зедов од овчото стадо, за да бидеш водач на Мојот народ Израилот;
9. и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував од пред лицето твое сите твои непријатели, и го возвеличував името твое, како името на големите луѓе на земјата.
10. Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израилот, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на местото свое и нема повеќе да се обеспокојува, и нечестиви луѓе нема повеќе да го измачуваат, како порано,
11. кога Јас определив судии над својот Израил; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува, дека Он ќе ти подигне дом.
12. А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе, што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово.
13. Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш.
14. Јас ќе му бидам татко, и тој ќе Му биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки;
15. но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саула, кога Јас го отфрлив пред лицето твое.
16. И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.”
17. Сите овие зборови и целото тоа видение Натан му го кажа на Давида.
18. Тогаш отиде цар Давид, застана пред лицето на Господа, и рече: „Кој сум јас, Господи, и што е домот мој, та толку ме возвеличи!
19. Па и тоа дури се покажа малку во Твоите очи, Господи мој, Господи; но Ти извести уште за домот на Твојот слуга далечна иднина. Тоа е веќе по човечки, Господи мој, Господи!
20. Што уште може да ти каже Давид? Ти го познаваш Твојот слуга, Господи мој, Господи!
21. Ти го правиш ова заради зборот Свој и по срцето Свое, откривајќи му ги на слугата Свој сите големи работи.
22. Во сè си голем Ти, Господи мој, Господи, зашто нема сличен на Тебе и нема Бог, освен Тебе, по сè што сме слушале со ушите свои.
23. И кој е подобен на Твојот народ Израил, единствен народ на земјата, за кој доаѓал Бог да Си го придобие за народ, да го прослави името Свое и да изврши големи и страшни чуда пред Својот народ, кој Ти си го придобил од Египтјаните, прогонувајќи ги народите и боговите нивни?
24. И Ти го одреди за Себе Твојот народ Израилот како Свој сопствен народ засекогаш, и Ти, Господи, стана негов Бог.
25. А сега, Господи Боже, утврди го засекогаш зборот, што си го изрекол за Твојот слуга и за домот негов, и исполни го, она што си го изрекол.
26. Нека се возвеличи името Твое засекогаш, та да велат: »Господ Саваот е Бог над Израилот.« И домот на Твојот слуга Давида да биде цврст пред Твоето лице.
27. Бидејќи Ти, Господе Саваоте, Боже Израилев, му откри на Твојот слуга, велејќи: »Ќе ти
воздигнам дом«, Твојот слуга го подготви срцето свое да Ти се моли со таа молитва.
28. И така, Господи мој, Господи! Ти си Бог, и Твоите зборови се неизменливи, и Ти му вети на Твојот слуга големо добро.
29. А сега благоводи и благослови го домот на Твојот слуга, та тој да биде вечно пред Твоето лице, зашто Ти, Господи мој, Господи, го објави тоа, и со Твојот благослов домот на Твојот слуга ќе стане благословен за да биде пред Тебе засекогаш.”
8. Давидовите победи. Поставување власт.
1. Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори; и го одзеде Давид Метег-Гама од рацете на Филистејците.
2. Ги порази и Моавците и ги измери со јажиња, откако ги легна на земја: измери две јажиња за убивање, едно јаже за оставање живи. И Моавците му станаа робје на Давида, му
плаќаа данок.
3. Давид го порази Адраазара, син на сувскиот цар Рехов, кога тој одеше да ја прошири власта своја при реката Еуфрат;
4. и зеде Давди од него илјада и седумстотини коњаници и двесте илјади пешаци; и им ги пресече Давид жилите на сите колски коњи, оставајќи од нив само за сто коли.
5. Дојдоа Сиријци од Дамаск да му помогнат на сувскиот цар Адраазар; но Давид порази дваесет и две илјади Сиријци.
6. Тогаш Давид постави стража во Сирија под Дамаск, и Сиријците му станаа на Давида робови и му плаќаа данок. А Господ го чуваше Давида насекаде, каде ќе отидеше тој.
7. Потоа Давид ги зеде златните гривни, што ги носеа Адраазаровите слуги, и ги донесе во Ерусалим. Нив подоцна ги зеде египетскиот цар Сусаким, кога го нападна Ерусалим, во дните на Соломоновиот син Ровоам.
8. А од Вет и Берот, Адраазаровите градови, цар Давид зеде многу бакар, од кој Соломон направи бакарно море, столбови, мијалници и сите садови.
9. Кога иматскиот цар Тоа чу, дека Давид ја поразил целата Адраазарова војска,
10. и Тоа го испрати синот свој Јорама при царот Давида да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал против Адраазара и го поразил; бидејќи Адраазар војуваше со Тоа. А во рацете Јорам имаше сребрени, златни и бакарни садови.
11. Цар Давид ги посвети и нив на Господа, заедно со среброто и златото, кое го посвети од она, што го беше одзел од сите народи, кои ги беше покорил:
12. од Сиријците, Моавците, Амонитите, Филистејците и Амаликијците, и од она, што беше
одземено од Адраазара, синот на сувскиот цар Рехов.
13. И Давид се прослави, враќајки се од поразот на осумнаесет илјади Сиријци во Солената долина.
14. Тој постави стражи во Идумеја; постави стражи по цела Идумеја; и сите Идумејци му станаа на Давида робови. И Господ го чуваше Давида, каде и да отидеше тој.
15. Така царуваше Давид над сите Израилци, судеше и делеше правда на сиот свој народ.
16. А Јоав, синот Саруев, беше војвода над војската; а Јосафат, синот Ахилудов, беше летописец;
17. Садок, синот Ахитувов, и Ахимелех, синот Авијатаров, беа свештеници; Сераја беше писар;
18. а Ванија, син Јодаев, беше заповедник над Хелетејците и Фелетејците, а Давидовите синови беа први во дворот.
9. Милоста Давидова спрема Мемфивостеј.
1. И рече Давид: „Ако останал уште некој од Сауловиот дом, јас би му направил милост заради Јонатана.”
2. Во Сауловиот дом имаше еден слуга, по има Сива; го повикаа кај Давида, и царот го праша: „Ти ли си Сива?” Тој одговори: „Јас сум твојот слуга”.
3. и царот продолжи и рече: „Нема ли уште некој од Сауловиот дом? Би му направил милост Божја?” А Сива му одговори на царот: „Има еден Јонатанов син, кој е сакат.”
4. Царот го праша: „Каде е тој?” Сива му одговори на царот: „Ете, тој е во куќата на Махира, Амиеловиот син, во Лодевар.”
5. Тогаш цар Давид испрати, та го зедоа од куќата на Махира, Амиеловиот син, од Лодевар.
6. И Мемфивостеј, син на Јонатана, Саулов син, дојде при Давида, падна ничкум и му се поклони на царот. И рече Давид: „Мемфивостеј”! Тој одговори: „Еве, твој слуга сум јас.”
7. И Давид му рече: „На плаши се; јас ќе ти направам милост заради татка ти Јонатана и, ќе ти ги вратам сите ниви на деда ти Саула, а ти секогаш ќе јадеш леб на мојата трпеза.”
8. Се поклони Мемфивостеј и рече: „Што е твојот слуга, та погледна милостиво на така мртов пес како мене?”
9. А царот го повика Сива, Сауловиот слуга, па му рече: „Сè што му припаѓаше на Саула и на целиот негов дом, му го давам на синот на твојот господар;
10. обработувај ја, впрочем, за него земјата, ти, со твоите синови и твоите слуги, и донесувај ги плодовите најзини, за да има синот на господарот твој леб за исхрана; а Мемфивостеј, синот на господарот твој, секогаш ќе јаде на мојата трпеза.” Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги.
11. Тогаш му рече Сива на царот: „Си што му заповеда мојот господар-царот на својот слуга, тој ќе го изврши.” Мемфивостеј јадеше на трпезата Давидова како еден од царските синови.
12. Мемфивостеј имаше малолетен син по има Миха. Сите, што живееја во куќата на Сива, беа
слуги на Мемфивостеј.
13. И Мемфивостеј живееше во Ерусалим, бидејќи секогаш јадеше на царската трпеза. Тој беше сакат во обете нозе свои.
10. Давид ги победува синовите Амонови.
1. По извесно време умре амонитскиот цар, и место него стана цар синот негов Анон.
2. И Давид рече: „Ќе покажам милост кон Анона, Наасовиот син, за добрината, што ми ја
направи татко му негов.” Па ги испрати Давид слугите свои да го утешат Амона поради татка му. И давидовите слуги отидоа во Амонитската земја.
3. Но амонитските кнезови му рекоа на господарот свој Анона: „Зар мислиш, дека Давид од почит кон татка ти испратил при тебе утешители? Да не ги испратил Давид слугите свои при тебе, за да го прегледаат градот и да видат во него сè и сешто, па да го сосипат?”
4. И Анон ги фати Давидовите слуги и на секого од нив му ја избричи половината од брадата и им ги потсече алиштата на половина, до крстот и ги пушти.
5. Кога му јавија за тоа на Давида, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа многу обезличени. И царот заповеда да им кажат: „Останете во Јерихон додека ви порастат брадите, и тогаш вратете се.”
6. Видоа Амонитите, дека станаа намразени кај Давида; па испратија Амонитите да најмат Сиријци од Вет-Рехов и Сиријци од Сува – дваесет илјади пешаци, од амаликијскиот цар Мах – илјада души и од Ист-Тов дванаесет илјади души.
7. Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоава со сета храбра војска.
8. Излегоа Амонитите и се распоредија за борба при портите, а Сиријците од Сува и Рехов, а Ист-Тов и Мах се задржаа одделно во полето.
9. Кога виде Јоав, дека непријателската војска се распоредила спроти него и отспреди и одзади, избра војници од сите одбрани Израилци, и ги распореди против Сиријците;
10. а другиот дел од луѓето му ги довери на братот свој Авеса, за да ги нареди против Амонитите.
11. Тогаш рече Јоав: „Ако Сиријците почнат да ме надвиваат, ти ќе ми помогнеш; ако, пак, Амонитите почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти дојдам на помош;
12. биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ ќе го направи она, што Му е угодно.”
13. и влезе Јоав и народот, што беше со него, во борба против Сиријците, и тие избегаа од него.
14. Амонитите, пак, кога видоа, дека Сиријците бегаат, избегаа од Авеса и влегоа во градот. И Јоав се врати од Амонитите и дојде во Ерусалим.
15. Сиријците, штом видоа дека Израилците ги поразија, се собраа сите наедно.
16. И Адраазар испрати, та ги повика Сиријците, што беа од онаа страна на реката Халемак, и, ете, дојдоа до Елам; а Совак, Адраазаровиот војвода, ги предводеше.
17. Кога му јавија за тоа на Давида, тој ги свика сите Израилци, го премина Јордан и стигна до Елам. Сиријците се распоредија против Давида и се судрија со него.
18. Сиријците избегаа од Израилците, Давид истреби седумстотини сириски коли и четириесет илјади коњаници, го порази и војводата Совак, кој и умре таму.
19. Кога сите потчинети цареви на Адраазара видоа дека Израилците ги поразија, склучија со Ираилците мир и им се покорија. И Сиријците веќе се плашеа да им помагаат на Амонитите.
11. Давидовата прељуба и вина за крв.
1. По една година, во времето кога царевите излегуваа во војна, Давид го испрати Јоава и слугите свои со него и сите Израилци; и тие ги поразија Амонитите и ја опколија Рава; а Давид остана во Ерусалим.
2. Еднаш приквечер, откако стана од леглото свое, Давид се шеташе по покривот на царскиот дом свој и од покривот виде една жена, која се капеше; а жената беше многу убава.
3. Давид испрати да дознаат, која е таа жена? Му рекоа: „Тоа е Вирсавија, Елијамова ќерка, жена на Хетеецот Урија.”
4. Давид испрати слуги да ја земат; и таа дојде при него, и тој спиеше со неа. А кога таа се исчисти од својата нечистотија, се врати во домот свој.
5. Таа жена стана непразна и испрати да му јават на Давида и да кажат: „Непразна сум.”
6. Тогаш Давид испрати да му кажат на Јоава: „Испрати го при мене Хетеецот Урија!” И Јоав го испрати Урија при Давида.
7. Урија дојде при него, и Давид го распраша за положбата на Јоава, за положбата на народот и за текот на војната.
8. Давид му рече на Урија: „Оди во домот свој и изми си ги нозете.” Уриј излезе од царскиот дом, и по него однесоа и царско јадење.
9. Но Уриј преспа пред вратата на царскиот дом заедно со сите слуги на господарот свој и не отиде во домот свој.
10. Му соопштија на Давида и рекоа: „Уриј не отиде во домот свој.” Давид му рече на Урија: „Еве, си дошол од пат; зошто не си отишол во домот свој?”
11. Урија му одговори на Давида: „Ковчегот Божји, Израил и Јуда се под шаторите, а господарот мој Јоав и слугите на господарот мој престојуваат во полето, а јас да влезам во куќата своја да јадам, да пијам и да лежам со жената своја! Се колнам во твојот живот и во животот на твојата душа, тоа нема да го направам.”
12. Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани тука и денес, а утре ќе те отпуштам.” И Урија остана тој ден во Ерусалим до изутрината.
13. И Давид го покани, и Уриј јадеше пред него и пиеше, и Давид го опи. Но вечерта Урија отиде да спие на леглото свое со слугите на својот господар, а во домот свој не отиде.
14. Изутрината Давид напиша писмо до Јоава и го испрати по Урија.
15. Во писмото напиша вака: „Поставете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде удрен и да умре.”
16. Затоа, кога Јоав го опседнуваше градот, го постави Урија на такво место, за кое знаеше, дека таму има храбри мажи.
17. Излегоа од градот мажи, се судрија со Јоава, и неколкумина од народот, од Давидовите слуги, паднаа: убиен беше исто така и Хетеецот Урија.
18. Тогаш Јоав испрати да му кажат на Давида за целиот тек на борбата.
19. Тој им заповеда на пратениците, велејќи: „Кога ќе му раскажете на царот за целиот тек на битката
20. и ќе видите, дека царот се разгневува и ви каже: „Зошто сте отишле да се биете толку блиску до градот? Не знаете ли, дека врз вас ќе фрлаат од ѕидот?
21. Кој го уби Авимелеха, Јероваловиот син? Не ли фрли жена врз него од ѕидот парче од воденички камен, »го порази« и тој умре во Тевец? А вие, зошто се приближивте до ѕидот?” – тогаш ти кажи: „И твојот слуга Хетеецот Уриј исто така е поразен и умре.”
22. Отиде пратеникот од Јоава при царот во Ерусалим и, откако стигна, му раскажа на Давида за си за кое го беше испратил Јоав, за целиот тек на битката. Давид се разгневи на Јоава, и му рече на пратеникот: „Зошто сте одишле да се биете толку близу до градот? Не знаете ли, дека врз вас ќе фрлаат од ѕидот? Кој го уби Авимелеха, Јеровааловиот син? Не фрли ли жена врз него воденички камен, и тој умре во Тевец? Зошто се приближивте до ѕидот?”
23. Тогаш пратеникот му рече на Давида: „Тие луѓе нè надвиваа и излегоа против нас во полето, и ние ги гоневме, до влезот на портите;
24. во тоа време стрелците стрелаа од ѕидот врз слугите твои, и загинаа некои од царските слуги; умре и твојот слуга Хетеецот Уриј.”
25. Тогаш Давид му рече на пратеникот: „Кажи му на Јоава вака: »Да не те буни таа работа, зашто ножот истребува некогаш еден, некогаш друг; засили ја борбата против градот и сосипи го«. Така го поттикна.
26. Уриевата жена чу, дека мажот нејзин умрел, па плачеше по мажот свој.
27. Кога измина времето за жалење, Давид испрати и ја зеде во домот свој, и таа му стана жена и му роди син. Но делото што го изврши Давид, беше зло пред очите на Господа.
12. Натановата беседа. Давид го признава својот грев. Соломоновото раѓање.
1. Господ го испрати Натана, пророкот при Давида, и тој отиде при него и му рече: „Во еден град имаше двајца луѓе – едниот богат, а другиот сиромав;
2. богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток,
3. а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, што ја беше купил мала и ја исхранил, и таа беше пораснала при него заедно со децата негови; таа јадеше од лебот негов, пиеше од чашата негова, спиеше на градите негови и му беше како ќерка;
4. при богатиот човек дојде еден странец; и нему не му се свиде да земе од овците или од воловите свои, за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол при него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот, што беше дошол при него.”
5. Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натана: „Жив ми Господ! Смрт заслужува оној човек, што го направил тоа;
6. и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.”
7. Тогаш Натан му кажа на Давида: „Ти си оној човек што го изврши тоа. Така говори Господ, Бог Израилев: »Јас те помазав за цар над Израилот, те спасив од рацете Саулови,
8. ти го дадов домот на твојот господар и жените на господарот твој во твоја прегратка, ти го дадов домот Израилев и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе;
9. а ти што го пренебрегна зборот на Господа, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хетеецот го порази со меч, жената негова ја зеде за своја жена, а него го уби со амонитски меч;
10. затоа мечот нема да отстапи од твојот дом засекогаш, бидејќи ти ме запостави и ја зеде жената на Хетеецот Урија, за да биде твоја жена.«
11. Така говори Господ: „Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој, и тој ќе спие со твоите жени под оваа сонце;
12. ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израил на бел ден.”
13. Тогаш Давид му рече на Натана: „Згрешив пред Господа.” А Натан му кажа на Давида: „И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш;
14. но бидејќи со тоа ти им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди ќе умре.”
15. Натан отиде во домот свој. И Господ го порази детето, што му го беше родила на Давида Уриевата жена, и тоа се разболе.
16. Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја.
17. И влегоа при него старешините на домот негов, да го кренат од земјата; но тој не сакаше и не јадеше леб со нив.
18. На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат, дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: »детето умре«. Тој ќе стори нешто лошо.
19. Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра оти детето умрело, па ги праша слугите: „Умре ли детето?” Тие му одговорија: „Умре.”
20. Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше.
21. И го запрашаа слугите негови: „Што значи тоа, што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.”
22. Давид им одговори: „Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо?
23. А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, тоа нема да се врати при мене.”
24. И Давид ја утеши жената своја Вирсавија, и влезе при неа и спиеше со неа; таа зачна и роди син, кому му даде име Соломон. И Господ го возљуби;
25. и го испрати пророкот Натана, и тој го нарече: Едидија, според словото Господово.
26. Јоав војуваше против Рава Амонитска и туку-речи го презеде тој царски град.
27. Испрати Јоав да му кажат на Давида: „Јас напаѓав на Рава и ја освоив водата на градот;
28. сега собери го другиот народ и тргни кон градот, и преземи го; зашто, ако го преземам јас, ќе му се даде моето име.”
29. Давид го собра сиот народ, тргна кон градот Рава, војуваше против него и го презеде.
30. Давид го зеде венецот на царот нивни од главата негова, – а во него имаше талант злато и скапоцен камен, – и го стави Давид на својата глава, и однесе од градот многу голем плен.
31. А народот, што беше во него, го изведе и го пренесе преку пили, преку железни гребла, преку железни секири и го фрли во печката за печење тули. Така постапи тој со сите амонитски градови. Потоа Давид се врати со сиот народ во Ерусалим.
13. Амноновиот грев и смрт.
1. Потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше сестра убавица, по има Тамар, и Амнон, Давидовиот син, се вљуби во неа.
2. И Амнон толку се мачеше, што се разболе по сестра си Тамар зашто таа беше мома, и Амнон гледаше дека ќе му биде неугодно да ѝ направи нешто.
3. Но Амнон имаше пријател, по име Јонадав, син на Сама, Давидов брат; а Јонадав беше човек многу итар.
4. И тој му рече: „Зошто толку слабееш одден наден, царски сине, – нема ли да ми кажеш?” Амнон му одговори: „Јас ја сакам Тамар, сестрата на братот мој Авесалом.”
5. Јонадав му рече: „Легни на леглото свое и направи се болен; и кога ќе дојде татко ти да те види, кажи му: Нека дојде сестра ми Тамар и да ми даде да јадам, и да зготви пред очите мои јадење, така што да видам и да јадам од рацете нејзини.”
6. Амнон легна и се направи болен, и царот дојде да го види; Амнон тогаш му рече на царот: „Нека дојде сестра ми Тамар и да испржи пред очите мои една – две питки, та да каснам од рацете нејзини.”
7. Давид испрати во куќата да ѝ кажат на Тамар: „Оди во куќата на братот свој Амнон и зготви му јадење.”
8. Таа отиде во куќата на брата си Амнон, а тој лежеше. Таа зеде брашно, замеси, приготви пред очите негови и му испржи питки;
9. го зеде тиганот и ги иструри пред него; но тој не сакаше да јаде. Тогаш рече Амнон: „Нека излезат сите, што се при мене.” И Излегоа сите луѓе, што беа при него.
10. И Амнон ѝ кажа на Тамар: „Однеси го јадењето во внатрешната соба, и јас ќе каснам од твоите раце.” Тамар ги зеде питките, што ги беше приготвила, и му ги однесе на брата си Амнон во внатрешната соба.
11. А кога таа му стави да јаде, тој ја фати и ѝ рече: „Дојди легни го мене, сестро.”
12. Но таа рече: „Не, брате, немој да ме обесчестиш, зашто така не се постапува во Израилот; не прави го тоа безумство.
13. Па јас каде ќе одам со бесчестието свое? И ти, ти ќе бидеш безумник во Израилот; разговарај со царот; тој нема да откаже да ме даде за тебе.”
14. Но тој не сакаше да ги слуша зборовите нејзини; ја надви и ја силуваше, и лежеше со неа.
15. Потоа Амнон ја намрази многу, така што омразата негова спрема неа беше посилна од љубовта, што ја имаше тој кон неа; и Амнон ѝ рече: „Стани, оди си!”
16. А Тамар му рече: „Не, брате, да ме избркаш е поголемо зло од првото што ми го направи.” Но тој не сакаше да ја слуша.
17. И го повика младичот, што му слугуваше, па му рече: „Истерај ја оваа надвор и заклучи на вратата по неа.”
18. Таа носеше шарена облека, бидејќи такви горни облеки носеа царските ќерки – девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата по неа.
19. Тамар си ја посипа главата своја со пепел, ја раскина својата шарена облека, со која беше облечена, ги стави рацете свои на главата своја, и така одеше и викаше.
20. А брат ѝ Авесалом ѝ рече: „Нели Амнон, братот мој, беше со тебе? Но сега молчи, сестро; тој ти е брат; не го кини срцето свое заради таа работа.” И Тамар живееше самотно во домот на брата си Авесалома.
21. Царот Давид чу за сето тоа и силно се разгневи, но не го наскрби духот на синот свој Амнона, бидејќи го сакаше, бидејќи му беше првороден.
22. Авесалом, пак, не му говореше на Амнона ни лошо ни добро; тој го намрази Амнона, поради тоа што ја обесчести сестра му Тамар.
23. По две години имаше стрижба на овци кај Авесалома во Ваал-Хасор, близу до Ефрема и Авесалом ги повика сите царски синови.
24. И дојде Авесалом при царот и рече: „Ете, при твојот слуга денес има стрижба на овци, нека појде царот и слугите негови со твојот слуга.”
25. Но царот му рече на Авесалома: „Не, синко, нема да дојдеме сите, за да не ти додеваме.” И Авесалом го молеше многу; но тој не сакаше да оди и го благослови.
26. Тогаш Авесалом му рече: „Нека дојде со нас барем братот мој Амнон.” А царот му рече: „Зошто да дојде со тебе?”
27. Но Авесалом го убеди и тој го пушти со него Амнона и сите царски синови. И Авесалом приреди гозба какво гоштевање дава цар.
28. Авесалом им заповеда на момците свои, велејќи им: „Гледајте, кога ќе се развесели срцето на Амнона од виното, и кога јас ќе ви кажам: поразете го Амнона, тогаш убијте го, не плашете се; тоа јас ви заповедам, бидете смели и храбри.”
29. Авесаломовите момци направија со Амнона, како што им заповеда Авесалом. Тогаш станаа сите царски синови, се качи секој на маската своја и избегаа.
30. Кога тие беа уште на пат, дојде слух до Давида, дека Авесалом ги убил сите царски синови, и дека од нив не останал ниеден.
31. Тогаш царот стана, ја раскина облеката своја, и се фрли на земјата, и сите слуги негови, што стоеја при него, ги раскинаа облеките свои.
32. Но Јонадав, синот на Сама, Давидов брат, рече: „Да не мисли господарот мој, дека сите момци, царски синови се убиени: само Амнон е убиен, зашто Авесалом ја имаше таа мисла од денот, кога Амнон ја обесчести сестрата негова;
33. поради тоа, мојот господар, царот, нека не се обеспокојува од мислата дека сите царски синови умреле; умре само Амнон.”
34. А Авесалом избега. Момчето, што стоеше на стража, ги крена очите и виде: ете, многу народ врви по патот на надолнината. И дојде стражарот, па му јави на царот, велејќи:„Видов луѓе низ Оронскиот пат по надолнината.”
35. Тогаш Јонадав му рече на царот: „Тоа се царските синови, кои идат; како што говори слугата твој, така е.”
36. И штом тој го изговори тоа, ете, пристигнаа царските синови и фатија да плачат. Па и царот и сите слуги негови плачеа многу силно.
37. Авесалом, пак, избега и отиде при Талмаја, синот на гесурскиот цар Емиуд во Хамахадската земја. И царот Давид плачеше за синот свој во сите дни.
38. Авесалом избега, дојде во Гесур и таму престојуваше три години.
39. И царот Давид престана да го гони Авесалома, зашто се утеши поради смртта на Амнона.
14. Јоав добива милост за Авесалома.
1. Саруевиот син Јоав забележа дека срцето на царот се сврти кон Авесалома.
2. Јоав испрати во Текоја и доведе оттаму една умна жена и рече: „Преправи се дека плачеш; облечи жална облека, немој да се помажеш со масло, и претстави се како жена, која оплакува многу дни мртовец;
3. по оди при царот и кажи му така и така.” И Јоав ѝ стави во устата нејзина, што да каже.
4. И жената Текојанка влезе при царот, падна ничкум на земја, се поклони и му рече: „Помогни, цару, помогни!”
5. Царот ја праша: „Што ти е?” А таа одговори: „Вдовица сум, умре мажот мој;
6. слугинката твоја имаше двајца синови; тие се скараа во полето, немаше кој да ги раздели, и едниот го удри другиот и го уби.
7. И ете, целиот род стана против слугинката твоја, и рече: »предај го оној, што го уби брата си, ние ќе го убиеме заради душата на брата му, која тој ја погуби, и ќе го истребиме дури и наследникот. И така, тие ќе ја изгаснат искрата, која уште ми останува, за да не остават име и потомство на мажот ми по лицето на земјата.”
8. А царот ѝ рече на жената: „Оди си спокојно дома, јас ќе дадам заповед за тебе.”
9. Но жената Текојанка му рече на царот: „Врз мене, царе, господаре мој, нека биде вината и врз татковиот ми дом, а царот и престолот негов се невини.”
10. И царот ѝ рече: „Доведи ми го оној, што ќе биде против тебе, и тој повеќе нема да те гибне.”
11. Таа рече: „Заколни се, царе, во Господа, твојот Бог, дека нема да се умножат одмаздниците за крв и нема да го погубат синот мој.” Царот рече: „Жив ми Господ! Ни влакно од твојот син нема да падне на земјата.”
12. И жената рече: „Дозволи ѝ на слугинката твоја да му каже уште еден збор на својот цар – господар.”
13. Тој рече: „Говори.” И жената рече: „Зошто мислиш така против Божјиот народ?” Царот, откако го кажа тој збор, сам се обвини, поради тоа што не го враќа својот прогонет.
14. „Ние ќе умреме и ќе станеме како разлеана вода на земјата, која не може да се собере; но Бог не сака да ја погуби душата и се грижи да не го отфрли од Себеси и отфрлениот.
15. И сега јас дојдов да му ги кажам на царот, мојот господар, тие зборови, зашто народот ме плаши; и твојата слугинка си вели: »ќе поразговарам со царот, дали нема да постапи тој според зборот на слугинката своја:
16. царот бездруго ќе ја ислуша и ќе ја спаси слугинката своја од раката на оние, што сакаат да ме истребат, заедно со синот мој, од Божјото наследство.
17. Затоа, твојата слугинка си рече: »зборот на мојот господар – цар нека ми биде утеха, зашто мојот господар – цар е како Ангел Божји, и може да го ислуша и доброто и лошото. И Господ, Бог твој, ќе биде со тебе.«“
18. Царот одговори и ѝ рече на жената: „Не го криј од мене тоа за што ќе го прашам.” И жената рече: „Говори, господаре мој, цару.”
19. Царот ја праша: „Во сето тоа не е ли со тебе раката на Јоава?” Жената одговори и рече: „Да ти е жива душата, господаре мој, цару, не може да има скршнување ни десно, ни
лево; вистина, твојот слуга Јоав ми заповеда и тој ги стави во устата на слугинката твоја сите тие зборови.
20. Твојот слуга Јоав ме научи, преку приказната да ѝ дадам таков вид на оваа работа. Но мојот господар царот е мудар, како што е мудар Ангелот Божји, тој знае сè, што се случува на земјата.”
21. И царот му рече на Јоава: „Ете, јас направив според зборот твој, оди впрочем, врати ми го детето Авесалома.”
22. Тогаш Јоав падна ничкум на земјата и се поклони, и го благослови царот, велејќи: „Сега слугата твој знае, дека нашол благонаклоност пред твоите очи, господаре мој, цару, бидејќи царот постапи според зборот на својот слуга.”
23. Па стана Јоав, та отиде во Гесур и го доведе Авесалома во Ерусалим.
24. И царот рече: „Нека се врати во куќата своја, но лицето мое да не го гледа.” И Авесалом отиде во куќата своја, но царското лице не го виде.
25. Меѓу сите Израилци немаше таков убавец како Авесалом, ни толку пофалуван како него: од одот на нозете до врвот на главата негова во него немаше недостаток.
26. Кога ќе ја истрижеше косата своја, а тој ја стрижеше секоја година, бидејќи му тежеше, – косите од главата негова тежеа двесте сикли според царската мера.
27. И на Авесалома му се родија тројца синови и една ќерка, по има Тамар; таа беше многу убава. Таа му стана жена на Ровоама, Соломоновиот син, и му го роди Авија.
28. И остана Авесалом во Ерусалим две години, но царевото лице не го виде.
29. Тогаш Авесалом испрати по Јоава, за да го одведе при царот; но тој не сакаше да дојде при него. Го повика и вторпат, но тој пак не сакаше да дојде.
30. Тогаш Авесалом им рече на своите слуги: „Ја гледате ли нивата на Јоава до мојата? Тој таму има јачмен; одете и изгорете ја со оган.” И Авесаломовите слуги ја изгореа со оган онаа нива. И дојдоа слугите на Јоава при него, ги раскинаа облеките свои, и рекоа: „Авесаломовите слуги ја изгореа нивата твоја со оган.”
31. И стана Јоав, па отиде при Авесалома дома и му рече: „Зошто слугите Твои ја изгореа нивата моја со оган?”
32. А Авесалом му одговори на Јоава: „Ете, јас испраќав по тебе и велев: »Дојди тука, и јас ќе те пратев при царот да кажеш: зошто сум дошол од Гесур? Подобро ќе беше да останев таму. Јас сакам да го видам лицето на царот. Ако, пак, сум виновен, убиј ме!«“
33. Јоав отиде при царот и му го раскажа тоа. Царот го повика Авесалома. Тој дојде при царот, му се поклони и падна ничкум на земја пред царот. И царот го бакна Авесалома.
15. Авесалом крева буна.
1. Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци.
2. Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот при портите и, кога некој имаше поплака и одеше при царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: „Од кој град си?” И кога оној одговараше: »од тоа и тоа Израилево племе е твојот слуга«,
3. тогаш Авесалом му велеше: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но при царот нема кој да те ислуша.”
4. И Авесалом уште велеше: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! При мене би доаѓал секој, кој има расправија и поплака, и јас би судел по правда.”
5. И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше.
6. Така постапуваше Авесалом со секој Израилец, кој доаѓаше при царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израилците.
7. Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давида, Авесалом му рече на царот: „Да одам и да го исполнам мојот завет, што му го бав дал на Господа во Хеврон.
8. Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Сирија, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим, дека ќе му принесам жртва на Господа.”
9. А царот му рече: „Оди со мир.” И тој стана и отиде во Хеврон.
10. А Авесалом распрати разузнавачи меѓу сите Израилеви колена, велејќи: „Коа ќе чуете звук од труба, велете: »Авесалом стана цар во Хеврон.«“
11. Од Ерусалим отидоа со Авесалома двесте души, што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, баз да знаат, каква е работата.
12. Во времето принесување жртви, Авесалом испрати, та го повика гилонецот Ахитофела, Давидов советник, од неговиот град Гилон. И почна буна голема, и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалома.
13. И дојде разузнавач при Давида и рече: „Срцето на Израилците се сврти кон Авесалома.”
14. Тогаш им рече Давид на сите свои слуги, што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас нема спас од Авесалома; брзајте да излеземе, да не нè затече и нè фати, да не ни навлече зло и да го истреби градот со меч.”
15. Царските слуги му рекоа на царот: „Во сè што му е угодно на господарот наш, царот, ние сме твои слуги.”
16. Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата.
17. И излезе цаарот и сиот народ пешки, и се задржаа на едно подалечно место.
18. И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Хелетејци, сите Фелетејци и сите Гетејци – до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот.
19. И царот му рече на Гетеецот Етеја: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи си туѓ и си избегал од својата земја.
20. Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти укаже милост и правда!”
21. А Етеј му одговори на царот и рече: „Жив ми Господ, и да живее мојот господар, царот;
каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.”
22. Тогаш Давид му рече на Етеја: „Дојди, пак, и оди со мене.” И Тргна Гетеецот Етеј и сите луѓе негови и сите деца што беа со него.
23. И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустињата.
24. Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет од Ветара, и го поставија Божјиот ковчег; Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот.
25. И царот му рече на Садока: „Врати го Божјиот ковчег во градот и нека стои на местото свое. Ако најдам милост пред очите на Господа, Он ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште.
26. Ако, пак, Он каже: »Немам кон тебе благонаклоност, тогаш ете ме; нека врши со мене, како што ќе Му биде угодно.”
27. И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, – врати се во градот со мир зедно со сина си Ахимаса и со Авијатаровиот син Јонатана, двајцата ваши синови;
28. гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустињата, додека ми стигне известување од вас.
29. Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму.
30. А Давид тргна кон Елеонската планина, врвеше и плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе, што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа.
31. Му јавија на Давида и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалома.” И рече Давид: „Господи, Боже мој, оневозможи го советот на Ахитофела.”
32. Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господа, ете во пресрет му доаѓа Хусиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав.
33. И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар:
34. но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалома: „Царе, браќата твои минаа, и царот татко ти мина, и сега јас сум твој слуга; остави ме жив, досега бев слуга на татко ти, а сега сум твој слуга”, ти ќе оневозможиш за мене советот
на Ахитофела.
35. Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор, што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садока и на Авијатара.
36. Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимас, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест, што ќе ја чуете.”
37. Така, Хусиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.
16. Сива го напаѓа Мемфивостеја. Авесалом го извршува срамниот заговор.
1. Кога Давид слезе од врвот на гората, ете, во пресрет му доаѓа Сива, слугата на Мемфивостеј, со два натоварени осела со двесте лебови, сто вреќи суво грозје, сто низи смокви и со мешина вино.
2. Царот го праша Сива: „Зошто ти е тоа?” Сива одговори: „Ослите се за царскиот дом, за јавање, лебот и плодовите за храна на момците, а виното за изнемоштените во пустињата.”
3. Царот праша: „Каде е синот на господарот твој?” Сива му одговори на царот: „Ете, тој остана во Ерусалим и вели: »токму сега домот Израилев ќе ми го врати татковото ми царство.«“
4. И му кажа на Сива: „Ете, твое е сè што има Мемфивостеј.” А Сива одговори, поклонувајќи се: „Можеби ќе најдам милост пред очите на мојот господар – цар!”
5. Кога царот Давид стигна до Ватирим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом, по има Семеј, син на Гирана. Тој одеше и лошо зборуваше,
6. и фрлаше камења врз Давида и врз сите слуги на царот Давид; и сите луѓе и сите храбри беа десно и лево од царот.
7. Зборувајќи лошо за него, Семеј велеше: „Иставај се, убиецу, и беззаконику!
8. Господ ја сврти против тебе сета крв на Сауловиот дом, на чие место ти се зацари, и Господ го предаде царството во рацете на синот твој Авесалома; и ете, ти си во неволја, затоа што си крвопиец.”
9. Тогаш Авес, Саруевиот син, му рече на царот: „Зошто овој мртов пес зборува лошо за господарот мој, за царот? Ќе одам и ќе му ја симнам главата.”
10. Царот рече: „Што ни е нам, мене и вам, до Саруевите синови? Оставете го нека зборува лошо, зашто Господ му заповедал да зборува лошо за Давида. А кој може да каже: »Зошто правиш така?«
11. И Давид му рече на Авеса и на сите слуги свои: „Кога синот мој, кој излегол од телото мое, ја бара душата моја, дотоклу повеќе еден син Венијаминов; оставете го, нека зборува
лошо, зашто Господ му заповедал;
12. можеби, Господ ќе погледне милостиво кон унижувањето мое, и ќе ми воздаде Господ добро за денешното лошо зборување.”
13. и одеа Давид и луѓето по патот свој, а Семеј врвеше покрај гората, откај неговата страна; врвеше, зборуваше лошо и фрлаше камења и земја кон него.
14. И стигна царот и сиот народ негов, што беше со него, изморен, и таму со отпочинуваше.
15. Авесалом, пак, и сиот Израилски народ дојдоа во Ерусалим, и со него Ахитофел.
16. Кога Хусиј, Давидовиот прв пријател, дојде при Авесалома, му рече: „Да живее царот!”
17. И Авесалом му рече на Хусија: „Каква е таа твоја сесрдност кон твојот пријател! Зошто не отиде со пријателот свој?”
18. Хусиј му одговори на Авесалома: „Не, јас ќе отидам по оној, што го избра Господ и оној народ и целиот Израил; со него сум и јас, и со него ќе останам.
19. И притоа кому ќе му служам? Нели на синот негов? Како што му служев и на татко ти, така ќе ти служам и тебе.”
20. И Авесалом му рече на Ахитофела: „Дајте совет, што да правиме.”
21. Ахитофел му одговори на Авесалома: „Влези при наложниците на татко ти, што тој ги остави да го чуваат домот негов; и ќе чујат сите Израилци, дека си станал намразен за таткото, и ќе им се зацврстат рацете на сите, што се со тебе.”
22. И поставија за Авесалома шатор на покривот, и Авесалом влезе при наложниците на татка си пред очите на сиот Израил.
23. А советите на Ахитофела, што тој ги даваше, во она време се сметаа, како некој да се допрашувал до Бога. Таков беше секој Ахитофелов совет како за Давида, така и за Авесалома.
17. Советот на Ахитофела не е умен и затоа срамно завршува.
1. Тогаш му кажа Ахитофел на Авесалома: „Ќе одберам дванаесет илјади души и ќе станам, ќе отидам да го гонам оваа ноќ Давида;
2. ќе го нападнам, кога ќе биде изморен и со отпуштени раце, и ќе му влеам страв; и сите луѓе, што се со него ќе се разбегаат; и јас ќе го убијам само царот;
3. и сите луѓе ќе ги свртам кон тебе; и кога ќе исчезне еден, чија душа ја бараш ти, тогаш сиот народ ќе се смири.”
4. Му се допаднаа тие зборови на Авесалома и на сите Израилеви старешини.
5. И Авесалом рече: „Повикајте го Хусија; да чуеме, што ќе рече тој.”
6. Дојде Хусиј при Авесалома, и Авесалом му рече, велејќи: „Еве што кажува Ахитофел; да постапам ли според зборовите негови? Ако, пак, не, кажи ти.”
7. А Хусиј му рече на Авесалома: „Овој пат не е добар советот, што го дал Ахитофел.
8. Ти го познаваш татка си и луѓето негови; тие се храбри и многу се раздразенти, како мечка в поле, чии малечки се грабнати, и како свиреп крмак во полето, и татко ти е човек воинствен; тој нема да се запре да ноќева со народот.
9. Ете, тој сега се крие во некоја пештера или на друго место, и ако некој падне при првиот напад врз нив, и ако чујат и кажат: »разбиени се луѓето, што тргнаа по Авесалома«
10. тогаш и најхрабриот, чие срце е како лавовско срце, ќе падне со духот, зашто на сиот Израил му е познато, колку е храбар татко ти, и колку се јунаци оние што се со него.
11. Затоа јас советувам: нека се собере при тебе сиот Израил, од Дан до Вирсавија, во множество како песок крај морето, и ти самиот ќе тргнеш среде него;
12. и тогаш ќе одиме против него, каде и да се наоѓа, и ќе го нападнеме, како што росата паѓа на земјата; и нема да му остане ни еден човек од сите оние, што се со него;
13. ако, пак, влезе во некој град, тогаш сиот Израил ќе донесе при тој град јажиња, и ние ќе го завлечеме во реката, така што камче нема да остане од него.
14. Тогаш рече Авесалом и сиот Израил: „Советот на Хусија е подобар од Ахитофеловиот совет.” Така Господ пресуди да се осуети „добриот” Ахитофелов совет, за да навлече Господ зло врз Авесалома.
15. И Хусиј им кажа на свештениците, на Садока и Авијатара: „Така и така Ахитофел го советуава Авесалома и старешините Израилеви, јас, пак, посоветував вака и вака.
16. И сега испратете поскоро и кажете му на Давида така: да не останува оваа ноќ на рамнината во пустињата, и што поскоро да помина од онаа страна, да не загине царот и сите луѓе, што се со него.”
17. Јонатан и Ахимас стоеја при изворот Рогел. И отиде една слугинка, таа им раскажа, а тие отидоа и му јавија на царот Давида; зашто тие не можеа да се покажат во градот.
18. Ги виде еден младич и му јави на Авесалома; но тие и двајцата брзо заминаа и отидоа во Ватурим, во куќата на еден човек, во чиј двор имаше кладенец; тие се спуштија во него.
19. А жената зеде, та простре врз отворот на изворот покривка и насипа одозгора прекрупа, така што ништо не се забележуваше.
20. Дојдоа Авесаломовите слуги во куќата при жената и запрашаа: „Каде се Ахимас и Јонатан?” А жената им одговори: „Минаа преку реката”. Тие бараа и не најдоа, и се вратија во Ерусалим.”
21. Откако си заминаа, оние излегоа од кладенецот, отидоа и му јавија на царот Давид, велејќи му: „Станувајте и што поскоро преминувајте преку водата, зашто Ахитофел даде таков и таков совет за вас.”
22. Тогаш Давид стана и сите луѓе, што беа со него, и го минаа Јордан; на разденување не остана ни еден, што не беше го преминал Јордан.
23. Ахитофел, кога виде, дека советот негов не се исполни, го оседла оселот, се подготви, отиде во домот свој, во својот град, направи завештание за домот свој, и се обеси, и умре, и го погребаа во татковиот му гроб.
24. Давид стигна во Маханаим, а Авесалом го премина Јордан, тој и сиот Израил со него.
25. Наместо Јоава, Авесалом го постави над војската Амесаја. Амесај беше син на еден човек по име Ефер, од Израел, што влезе при Авигеја, Наасовата ќерка, Саруева сестра, Јоавова мајка.
26. А Израил се смести во логорот со Авесалома во Галадската земја.
27. Кога Давид стигна во Маханаим, Наасовиот син Совиј од Рава Амонитска, и Махир, Амилов син, од Лодавар, и Галададецот Варзелиј од Рогелим,
28. донесоа десет приготвени постелички, десет чинии и земјани садови, пченица и јачмен, брашно и биено просо, грав и леќа и пржени зрна,
29. мед и масло, овци и кравјо сирење, – донесоа за храна на Давида и на луѓето што беа со него; зашто тие велеа: народот е гладен и уморен и жедува во пустињата.
18. Авесалом е поразен, Јоав го убива.
1. Давид ги прегледа луѓето, што беа со него, и постави над нив илјаданачалници и стотници.
2. Давид ги испрати луѓето – една третина под водство на Јоава, една третина под водство на Авеса, синот Саруев, брат Јоавов, една третина под водство на Гетецот Етеј. Тогаш царот им рече на луѓето: „И јас ќе дојдам со вас.”
3. Но луѓето му одговорија: „Не доаѓај, зашто, ние и да избегаме, тоа нема да се забележи; и половината од нас да умре, тоа исто така нема да се забележи; ти, ти, бидејќи, сам чиниш, колку десет илјади од нас, затоа подобро е за нас да ни помагаш од градот.”
4. Царот им рече: „Што ќе најдете за добро, тоа и ќе го направам.” И царот се задржа при портите, и сиот народ излегуваше по стотици и по илјади.
5. Царот им заповеда на Јоава, Авеса и Етеја, велејќи: „Зачувајте ми го момчето Авесалома.” И сите слушаа, што им заповедаше царот на сите началници за Авесалома.
6. Излегоа луѓето во полето против Израилците, и започна битка во Ефремовата гора.
7. И народот Израилев беше победен од Давидовите слуги; тој ден таму стана голем пораз, – беа убиени дваесет илјади души.
8. А битката се прошири по целата онаа земја, и гората погуби повеќе народ, отколку што се истреби со мечот во тој ден.
9. Авесалом се сретна со Давидовите слуги; тој јаваше на маска. Кога маската навлезе под гранките на еден голем даб, косата на Авесалома му се заплетка во гранките од дабот, и тој почна да виси меѓу небото и земјата, а маската, што беше под него, избега.
10. Некој го виде тоа и му јави на Јоава, велејќи: „Ете, јас го видов Авесалома како виси на дабон.”
11. Јоав му кажа на човекот што му го соопшти тоа: „Ете, си видел; зошто не го кутна таму на земја? Ќе ти дадев десет сикли сребро и еден појас.”
12. И оној му одговори на Јоава: „Да ставеа во рацете мои и илјада сикли сребро, и тогаш не би кренал рака врз царскиот син; зашто ние чувме, дека царот ти заповеда тебе, на Авеса и на Етеја, велејќи: »зачувајте ми го момчето Авесалома;
13. и да бев постапил поинаку во опасност по животот свој, тоа не би останало сокриено од
царот, па и ти би станал против мене.”
14. Јоав рече: „Нема зошто да се занимавам со тебе.” И зеде во рацете три стрели и ги забоде во срцето на Авесалома, кој уште беше жив на дабот.
15. Тогаш го опколија Авесалома десет момци, Јоавови оруженосци, го удираа и го умртвија.
16. И затруби Јоав со труба, и луѓето, што го гонеа Израилот, се вратија, бидејќи Јоав го штедеше народот.
17. Го зедоа Авесалома, го фрлија во гората, во длабока јама, и натрупаа врз него голема грамада камења. И сите Израилци се разбегаа, секој во шаторот свој.
18. Уште додека беше жив, Авесалом си беше изградил споменик во царската долина; зашто велеше: „Јас немам син, за да се зачува споменот за името мое”. И до денес тој се нарекува Авесаломов споменик.”
19. Ахимас, син Садоков, му рече на Јоава: „Ќе отрчам да му јавам на царот, дека Господ преку Својот суд го спаси од рацете на непријателите негови.”
20. Но Јоав му рече: „Нема да бидеш добар известувач денес; друг ден ќе јавиш, а не
денес, зашто царевиот син умре.”
21. Јоав му рече потоа на Хусија: „Оди, јави му на царот што си видел.” И Хусиј му се поклони на Јоава и отрча.
22. Но Ахимас, Садоковиот син, настојуваше и му велеше на Јоава: „Што и да биде, и јас ќе трчам по Хусија.” а Јоав му одговори: „Што ти треба да трчаш, синко? Добра вест нема да однесеш.”
23. Ахимас рече: „Така нека биде, но јас ќе отрчам.” Тогаш Јоав му рече: „Трчај.” И Ахимас потрча по напречен пот и го испревари Хусија.
24. Во тоа време Давид седеше меѓу двете порти. И стражарот излезе под вратната стреа откај ѕидот, ги крена очите и виде, еден човек трча.
25. И стражарот извика и му соопшти на царот. А царот рече: „Ако е сам, вест носи во устата своја.” А оној сè повеќе и повеќе се приближуваше.
26. Стражарот виде друг човек дека трча; и стражарот му викна на вратарот: „Ете, уште еден човек трча.” Царот рече: „И тој е известувач.”
27. Сражарот рече: „Го гледам одењето на привиот, тоа прилега на одењето на Ахимаса,
Садоковиот син.” А царот рече: „Тој е добар човек и доаѓа со добра вест.”
28. Ахимас извика и му рече на царот: „Мир!” И му се поклони на царот со лицето до земја и рече: „Благословен Господ, Бог твој, Кој ги предаде луѓето, што беа кренале рака против мојот господар, царот!”
29. А царот праша: „Здраво ли е момчето Авесалом?” Ахимас одговори: „Видов голема мешаница, кога царскиот служител Јоав го испраќаше својот слуга; не не знам, што стануваше таму.”
30. Царот рече: „Помести се и застани тука.” И тој се помести и застана.
31. Ете, пристигна и Хусиј по него. И Хусиј му рече на царот: „Добра вест за господарот мој, царот! Господ ти направи денес правда, спасувајќи те од раката на сите, што беа станале против тебе.”
32. А царот го праша Хусија: „Здраво ли е момчето Авесалом?” Хусиј одговори: „Да даде Бог со непријателите на мојот господар, царот, и со сите зломислиници против тебе да се случи истото, што го снајде момчето!”
33. Се збрка царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: „Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!”
19. Давидовото жалење. Луѓето од Јуда повторно го признаваат за цар.
1. Му соопштија на Јоава: „Ете, царот плаче и тагува за Авесалома.”
2. И победата во оној ден се претвори во плачење за целиот народ: зашто тој ден народот чу и велеше, дека царот жали за синот свој.
3. Тогаш народот влегуваше во градот скришно, како што се притајуваа од срам луѓето што избегале од борба.
4. А царот го покри лицето и викаше високо: „Сине Авесаломе, Авесаломе, сине мој, сине!”
5. Потоа Јоав дојде при царот дома и рече: „Ти денес ги посрами сите слуги свои, кои го спасија денес животот твој, животот на твоите синови, и ќерки, животот на твоите жени и
животот на твоите наложници;
6. ти ги сакаш оние, што те мразат, а ги мразиш оние, што те сакаат, бидејќи денес покажа оти за тебе се ништо и водачите и слугите; денес разбрав, дека тебе ќе ти беше попријатно ако Авесалом останеше жив, а ние сите да бевме изумреле;
7. затоа стани, излези и позборувај им по срце на слугите твои; зашто, се колнам во Господа, дека, ако не излезеш, оваа ноќ, ниеден човек нема да остане со тебе; тоа ќе биде за тебе полошо од сите беди што те снашле од младини до денес.”
8. Стана царот и седна при портите, а на сиот народ му јавија, дека царот седи при портите. И сиот народ дојде пред царот пред портите; а Израилците се разбегаа по шаторите свои.
9. И сиот народ од сите колена Израилеви се препираше и велеше: „Царот Давид ни спаси од рацете на напријателите наши и ни ослободи од рацете на Филистејците, а сега самиот избега од оваа земја, од царството свое, од Авесалома.
10. Но Авесалом, кого го помазавме за цар над нас, умре во борбата; а сега зошто одолговлекувате, та не го враќате царот?” Овие зборови на сиот Израил стигнаа до царот.
11. Тогаш царот Давид испрати да им кажат на свештениците, на Садока и на Авијатара, кажете им на Јудините старешини: „Зошто сакате да бидете последни во враќањето на царот во домот негов, кога зборовите на сиот Израил стигнаа до царот во домот негов.
12. Вие сте мои браќа, вие сте моја коска и моја плот, зошто сакате да бидете последни за враќањето на царот во домот негов?”
13. А на Амесај кажете му: »Не ли си ти моја коска и моја плот? Господ нека ми направи тоа и тоа и уште повеќе да ми додаде, ако ти не станеш при мене засекогаш воен началник место Јоава!«
14. И склони го срцето на сите Јудеи како на еден човек. И тие испратија да му кажат на царот: »врати се ти и сите твои слуги.«“
15. Се врати царот и стигна до Јордан, а Јудеите дојдоа во Галгал да го пречекаат царот и да го преведат преку Јордан.
16. И Семеј, синот Гирин, Венијаминец од Ватурим, побрза и отиде со Јудејците да го пречека царот Давида;
17. а заедно со него имаше илјада Венијаминци, и Сива, слугата на Сауловиот дом, со петнаесетте синови свои и со дваесетте слуги свои; тие го преминаа Јордан пред лицето на царот и подготвија да мине царот преку Јордан.
18. Кога го доведоа коработ, за да ја пренесат челадта на царот и да му послужат, тогаш Семеј, синот Гирин, падна ничкум пред царот, штом тој го премина Јордан,
19. и му рече на царот: „Господаре, не ми го сметај за престап и не го спомнувај она, со кое згреши слугата твој во оној ден, кога мојот господар излегуваше од Ерусалим, и не го ставај тоа, цару, на срце;
20. зашто слугата твој знае дека згрешил; и, ете, од целиот Јосифов дом дојдов денес прв да го пречекам господарот свој, царот.”
21. Авеса, Саруевиот син, проговори и рече: „Зар Семеј нема да умре, поради тоа што зборуваше лошо за помазаникот Господов?”
22. А Давид рече: „Што ви е вам до мене, синови Саруеви, та сега ми станувате клеветници? Денес ли треба да убивате кого и да било од Израилот? Не знам ли јас, дека денес сум цар над Израилот?”
23. Тогаш му рече царот на Семеја: „Ти нема да умреш.” И царот му се заколна.
24. Излезе да го пречека царот и Мамфивостеј, синот на Јонатана, Саулов син. Тој не си ги беше измил нозете, ниту ги исекол ноктите, не беше се грижел за брадата своја и не ги беше испрал алиштата свои од оној ден, кога царот излезе, до денот кога се врати со мир.
25. Кога тој излезе од Ерусалим да го пречека царот, царот го праша: „Мемфивостеј, зошто не дојде со мене?”
26. Овој одговори: „Господаре мој, цару, мојот слуга ме излага, зашто јас, слугата твој, си велев: »ќе го оседлам оселот, ќе се качам на него и ќе отидам со царот, бидејќи слугата твој е сакат.
27. А тој го наклевети слугата твој пред господарот мој, царот. Но мојот господар, царот, е како Ангел Божји: прави што ти е волја;
28. макар и целиот мој татков дом да беше заслужил смрт пред мојот господар, но ти го постави својот слуга меѓу твоите сотрпезници; какво право имам, пак, уште да се поплакувам пред царот?«“
29. А царот му рече: „Зошто го зборуваш сето ова? Јас реков, ти и Сива да ги поделите меѓу себе нивите.”
30. Но Мемфивостеј му одговори на царот: „Нека земе тој дури и сè, откако мојот господар – цар се врати со мир во домот свој.”
31. Дојде од Рогелим и Галадецот Верзелиј и го мина со царот Јордан, за да го придружи од онаа страна на Јордан.
32. А Верзелиј беше многу стар, на осумдесет години. Тој го хранеше царот, додека живееше во Маханаим, бидејќи беше имотен човек.
33. Царот му рече на Верзелиј: „Дојди со мене, и јас ќе те хранам во Ерусалим.”
34. Но Верзелиј му одговори на царот: „Многу ли ми останува да живеам, та да одам со царот во Ерусалим?
35. Сега сум на осумдесет години; ќе разликувам ли добро од лошо? Ќе го распознае ли слугата твој вкусот на тоа, што ќе го јаде и ќе го пие? И ќе можам ли да го слушам гласот на пеачите и пеачките? Зошто, пак, слугата твој да му биде товар на својот цар – господар?
36. Слугата твој ќе го придружи уште малку царот од оваа страна на Јордан: зашто, впрочем, царот да ме наградува со таква милост?
37. Дозволи му на слугата твој да се врати и да умре во својот град, крај гробот на татка си и на мајка си своја. Но, ете, слугата твој, синот мој Хамам, нека отиде со мојот цар – господар, и ти постапи со него, како што ти е волја.”
38. Царот му рече: „Нека дојде Хамам со мене, и јас ќе направам за него, она што ти е волја; и сè, што би посакал ти од мене, ќе направам за тебе.”
39. Тогаш сиот народ го премина Јордан, и царот исто така. Царот го бакна Верзелија и го благослови и тој се врати во домот свој.
40. И царот тргна за Галгал; тргна со него и Хамам; и сиот јудејски народ и половината Израилски народ го придружија царот.
41. И, ете, сите Израилци дојдоа при царот и му рекоа: „Зошто нашите браќа, мажите Јудини, те грабнаа тебе, и го преведоа преку Јордан царот и челадта негова и заедно со него и сите Давидови луѓе?”
42. Сите Јудини мажи им одговорија на Израилците: „Затоа, што царот ни е нам близок; и зошто се лутите поради тоа? Зар сме изеле нешто од царот, или сме добиле од него дарови? Или нè ослободил од даноци?
43. А Израилците им одговорија на Јудините мажи и рекоа: „Ние сме десет делови во царот, исто така и за Давида ние сме првенец, а не вие; зошто, пак, нè унижија? Нели нам ни се паѓаше првиот збор, за да го вратиме нашиот цар? Но зборот на Јудините мажи беше посилен од зборот на Израилците.”
20. Јоав го убива Амесаја. Слугите Давидови.
1. Случајно таму се наоѓаше еден лош човек, по име Савеј, син Вохоров, тај затруби со труба и рече: „За нас нема дел со Давида и нема за нас наследство со Јесеевиот син; Израилци, сите во шаторите!”
2. И сите Израилци се одделија од Давида и отидоа по Савеј, синот Вохоров, а Јудејците останаа од страната на царот свој, од Јордан до Ерусалим.
3. Давид дојде во домот свој во Ерусалим; и ги зеде царот десетте жени наложници, што ги беше оставил да ја чуваат куќата; ги смести во одделна куќа под надзор; ги хранеше, но не одеше при нив. И тие престојуваа таму сè до смртта своја и живееја таму како вдовици.
4. А Давид му рече на Амесај: „Свикај ги за три дни Јудејците при мене и ти самиот дојди тука!”
5. И Амесај отиде да ги свика Јудејците, но се задржа повеќе од одреденото време.
6. Тогаш Давид му рече на Амесаја: „Вохоровиот син Савеј сега ќе ви донесе повеќе зло, отколку Авесалом; земи ги слугите на господарот свој и следи го, да не би да најде утврдени градови и да се сокрие од очите наши.”
7. И излегоа по него Јоавовите луѓе, и Хелетејците и Фелетејците, и сите јунаци тргнаа од Ерусалим да го прогонуваат Вохоровиот син Савеј.
8. А кога се доближија до големиот камен, што е при Гаваон, ги сретна Амесај. Јоав беше облечен во воената облека своја и препашан со меч, кој висеше на колкот во ножница и кој лесно се вадеше од неа и влегуваше.
9. Јоав му рече на Амесаја: „Здрав ли си, брате?” Јоав ја фати со десната рака своја брадата на Амесаја, за да го бакне.
10. Амесај, бидејќи не се претпази од мечот, што беше во раката на Јоава, и тој го прободе со него во стомакот, така што внатрешнината му се истури на земја, а не го удри по вторпат, и тој умре. Јоав и братот негов Авеса го подгонија Савеја, Вохоровиот син.
11. Еден од Јоавовите слуги стоеше над Авесаја и велеше: „Кој му е верен на Јоава и кој е за Давида, нека оди по Јоава!
12. А умрениот Амесај лежеше во крвта среде патот. И тој човек, гледајќи, дека сите луѓе се запираат над него, го одвлече Амесаја од патот во полето и стави врз него облека, бидејќи виде, оти секој, што минуваше, се запираше над него.
13. Но кога тој беше одвлечен од патот, сиот народ Израилев тргна по Јоава да го гони Савеја, Вохоровиот син.
14. А тој мина низ сите Израилски племиња до Авел и Вет-Мах и преку целиот Берим; и сите жители од градовите се собираа и одеа по него.
15. И дојдоа и го опсадија Авел и Вет-Мах; издигнаа насип пред градот, се приближија до ѕидот, и сите луѓе што беа со Јоава, напнаа да го соборат ѕидот.
16. Тогаш една умна жена изника од градскиот ѕид: „Чујте, чујте, кажете му на Јоава да дојде ваму, и јас ќе поразговарам со него.”
17. Јоав се приближи до неа, и жената праша: „Ти ли си Јоав?” И тој одговори: „Јас сум.” Таа рече: „Чуј ги зборовите на слугинката твоја.” А тој одговори: „Слушам”.
18. Таа рече: „Едно време велеа: кој сака да праша, нека праша во Авел; и така го решаваа делото. Има ли уште такви, кои се решиле да останат верни Израилци? Нека прашаат во Авел, има ли уште?
19. Јас сум од мирните, верни градови израилски, а ти сакаш да го сосипеш градот, и тоа мајката (на градовите) во Израилот. Зошто да го разурнуваш наследството Господово?”
20. Јоав одговори и рече: „Далеку е од мене да сосипувам или да разурнувам!
21. Тоа не е така; но еден човек од Ефремовата гора, по име Савеј, синот Вохоров, крена рака против царот Давида; само него дајте ми го, и јас ќе отстапам од градот”. А жената му рече на Јоава: „Еве, неговата глава ќе ти биде фрлена од ѕидот.”
22. Жената отиде пред сиот народ со умните зборови свои и му зборуваше на целиот град да му ја пресечат главата на Савеј, Вохоровиот син. И му ја пресекоа главата на Савеј, Вохоровиот син, и му ја фрлија на Јоава. Тогаш Јоав затруби со труба, и сите луѓе се разотидоа од градот по шаторите свои; а Јоав се врати во Ерусалим при царот.
23. Јоав беше поставен над сета израилска војска, додека Ванеја, Јодаевиот син, над Хелетејците и над Фелетејците;
24. Адорам – над даноците; Јосафат, Ахилудовиот син, – за летописец;
25. Суса – за писар; Садок и Авијатар – за свештеници;
26. исто така и Ирас Јаирецот беше свештеник при Давида.
21. Глад поради Сауловата крвна вина спрема Гаваонците.
1. Во дните на Давида имаше по земјата три години глад, година по година. Давид го праша Господа. И Господ рече: „Тоа е поради Саула и крвничкиот дом негов, поради тоа што ги погуби Гаваонците.”
2. Тогаш царот ги повика Гаваонците и зборуваше со нив. Гаваонците не беа од Израилевите синови, туку остатоци од Аморејците, на кои Израиците им беа дале клетва, но Саул сакаше да ги истреби од ревност кон потомците на Израилот и на Јуда.
3. И Давид им рече на Гаваонците: „Што да направам за вас и со што да ве задоволам, за да го благословите наследството Господово?”
4. Гаваонците му одговорија: „Не ни треба ни сребро, ни злато од Саула, ниту од неговиот дом, не ни треба ни да се убива кој и да било од Израилот.” Тој праша: „А што сакате? Јас ќе направам.”
5. Тие му одговорија на царот: „Од оној човек, што нè погубуваше и сакаше да нè истреби, та да нè нема во ниеден од Израилевите предели, –
6. од неговите потомци предај ни седум души, и ние ќе ги обесиме среде бел ден пред
Господа во Гива, градот на Саула, избраник Господов.” А царот рече: „Ќе ви предадам.”
7. Но царот го пожали Мемфивостеја, синот на Јонатана, Саулов син, поради клетвата во името Господово, која беше меѓу нив, меѓу Давида и Сауловиот син Јонатан.
8. И царот го зеде Армона и Мефивостеја, двајцата синови на Ресфа, од ќерка на Аија, која му ги беше родила на Саула, и петте синови на Мелхола, Саулова ќерка, што му ги беше родила на Ездрила, син на Мохулатецот Верзелиј,
9. и ги предаде во рацете на Гаваонците, и тие ги обесија среде бел ден на гората пред Господа. И загинаа сите тие седум души заедно; тие беа погубени во првите дни на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва.
10. Тогаш Рисфа, ќерката на Аија, зеде вреќиште, си го посла на онаа гора и седеше од почетокот на жетвата, сè додека се излеаја врз нив од небото Божјите води, и не остави да се допрат до нив и птиците небески и ноќе – полските ѕверови.
11. И му соопштија на Давида, што направила Ресфа, ќерката на Аија, Саулова наложница. И тие истлеани, ги прибра Дан, синот на Јоја, од потомците на исполините.
12. Давид отиде, та ги прибра коските на Саула и коските на синот негов Јонатан од жителите на Јавис Галадски, кои ги беа зеле тајно од плоштадот на Вет-Сан, каде што ги беа обесиле Филистејците, кога Филистејците го убија Саула во Гелвуја.
13. Тој ги пренесе оттаму коските на Саула и коските на синот негов Јонатан; и ги собра коските на обесените среде бел ден.
14. И ги погреба коските на Саула и на синот негов Јонатан, и коските на обесените среде бел ден во земјата Венијаминова, во Сила, во гробот на татко му Киса. И извршија сè, што беше заповедал царот. И потоа Бог се смили над земјата.
15. И започна пак војна меѓу Филистејците и Израилците. И излезе Давид и слугите негови со него и војуваа со Филистејците; и Давид се умори.
16. Тогаш Јесвеј, еден од Рефаимовите потомци, чие копје тежеше триста сикли бакар и кој беше препашан со нов меч, сакаше да го погуби Давида.
17. Но Авеса, Сауревиот син, му помогна, и Авеса го спаси Давида и го удри Филистеецот и го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа и рекоа: „Ти нема повеќе да излегуваш со нас во војна, за да не згасне светилото Израилево.”
18. Потоа пак имаше војна со Филистејците во Гет; тогаш Совохај го уби Сафута, еден од Рефаимовите потомци.
19. Стана и друга битка во Гет; тогаш Елханан, синот на Ариоргима Витлеемецот, го уби Гетецот Голијат, на кого дршката на копјето му беше колку ткаечко кросно.
20. Стана уште една битка во Гет; и таму имаше еден крупен човек, исто така од Рефаимовите потомци, со по шест прсти на рацете и на нозете, се дваесет и четири.
21. Тој ги навредуваше Израилците; но Јонатан, синот на Сафаја, Давидовиот брат, го уби.
22. Тие четворицата беа од родот на Рефаимовиците во Гет, и паднаа од раката на Давида и на слугите негови.
22. Давидовата благодарствена песна поради спасение од непријателите свои.
1. И Давид испеа песна за Господа во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саула, велејќи:
2. „Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител.
3. Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое прибежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели.
4. Ќе го призовам сефалениот Господ и од непријателите мои ќе се спасам.
5. Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија;
6. веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа.
7. Но во притеснувањето свое го призвав Господа и повикав кон мојот Бог, и Он го чу од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови.
8. Се затресе, се разниша земјата, затреперија и се поместија основите небески, зашто се разгневи Господ на нив.
9. Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него.
10. Он ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови;
11. седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила;
12. и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците небески;
13. од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени.
14. Загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас;
15. пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби.
16. Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господа, од дувањето на духот на Неговиот гнев.
17. Он подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води;
18. Ме спаси од силниот непријател мој, од оние, што ме мразеа, што беа посилни од мене.
19. Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потслон,
20. и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Он благоволи кон мене.
21. Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои.
22. Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог,
23. бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував,
24. бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам.
25. И Господ ми воздаде според мојата правда, според чистотата моја пред Неговите очи.
26. Со милостивиот Ти постапуваш милостиво, со искрениот маж, – искрено,
27. со чистиот – чисто, а со лукавиот – според лукавството негово.
28. Ти ги спасуваш угнетените и со погледот Свој ги уништуваш горделивите.
29. Ти си Господ, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина.
30. Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид.
31. Бог! непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Он е штит за сите, што се надеваат на Него,
32. зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е сила, освен нашиот Бог?
33. Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат.
34. Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини;
35. ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бакарен лак.
36. Ти ми го даваш штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме возвеличува.
37. Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не се нишаат.
38. Јас ги гонам непријателите мои и ги истребувам, и не се враќам додека не ги уништам;
39. ги истребувам и ги поразувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои.
40. Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што станале против мене;
41. Ти го свртуваш кон мене грбот на моите непријатели, и јас ги истребувам оние, што ме мразат.
42. Тие викаат, но нема кој да ги спаси, – кон Господа, но Он не ги слуша.
43. Ги тријам како прав земен, како улична кал ги размачкувам и ги газам.
44. Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува, за да бидам глава над другородците; народ, што не го познавав, ми слугува.
45. Другородците ми ласкаат; штом ќе чујат за мене, ми се покоруваат.
46. Другородците бледнеат и треперат во своите тврдини.
47. Жив е Господ и благословен е мојот заштитник! Нека се превознесува Бог, прибежиштето на моето спасение,
48. Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите
49. и Кој ме спасува од непријателите мои! Над оние, што стануваа против мене, Ти ме воздигна; Ти ме избави од жестокиот човек.
50. Затоа ќе Те прославувам Тебе, Господи, меѓу незнабошците и ќе го воспевам името Твое. –
51. Тебе, Кој славно го спасуваш Својот цар и му правиш милост на помазаникот Свој Давида и на потомството негово засекогаш.”
23. Давидовите последни зборови.
1. Еве ги последните Давидови зборови, словото на Јесеевиот син Давида, беседата на оној маж, кој е високо поставен, на помазаникот на Бога Јаковов и на слаткопевецот Израилев:
2. „Духот Господов говори во мене, и словото Негово е на јазикот мој.
3. Рече Бог Израилев, говори за мене карпата Израилева: Оној, што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страв Божји.
4. И како што изутрина на разденување, при изгрејсонце на безоблачно небо, од греењето по дожд израснува од земјата трева,
5. така е и со мојот дом во Бога. Зашто Он склучи со мене завет вечен, цврст и неизменлив. Така излегува од Него сето мое спасение и сета моја желба.
6. А нечестивите ќе бидат како исфрлено трње, кое не се фаќа со рака;
7. но кој сака да се допре до него, се вооружува со железо или со дрво од копје, и на местото во оган го изгорува.”
8. Еве ги имињата на јунаците Давидови: Хананеецот Евостеј, главен меѓу тројцата: тој го
крена копјето свое против осумстотини души и ги порази наеднаш.
9. По него беше Елеазар, син од братот на татка му, еден од тројцата јунаци што беа со Давида и кои со префрлувања ги предизвикуваа Филистејците, кога тие се беа собрале да војуваат.
10. Израилците излегоа против нив, и тој застана и ги поразуваше Филистејците дотаму, додека му се измори раката и се прилепи до мечот. И во тој ден Господ даде голема победа, и народот тргна по него, само за да ги собира убиените.
11. По него – Сама, син на Харовитецот Агеј. Кога Филистејците се собраа во Тирија, каде што имаше нива засеана со леќа, народот избега од Филистејците,
12. но тој застана среде нивата и ја заштити и ги порази Филистејците. И тогаш Господ даде голема победа.
13. Тие тројца главни меѓу триесетте војводи отидоа и влегоа по жетва при Давида во Одоламската пештера, кога филистејските војници стоеја во долината на Рефаим.
14. Тогаш Давид беше во укрепено место, а филистејската војска во Витлеем.
15. Давид побара да пие и рече: „Кој ќе ми донесе да пијам вода од Витлеемскиот кладенец, што е при портите?”
16. Тогаш тие тројца јунаци се провреа низ Филистејскиот логор, зафатија вода од Витлеемскиот кладенец, што е при портите, и зедоа, па му донесоа на Давида. Но тој не сакаше да ја пие, туку ја излеа во слава на Господа,
17. и рече: „Да ме чува Господ да го направам тоа! Не е ли тоа крв на луѓето, што одеа, со опасност по животот свој?” И не сакаше да пие. Ете што извршија тие тројца јунаци!
18. А Авеса, братот на Саруевиот син Јоав, беше главен меѓу тројцата; тој уби со копјето свое триста души и се прослави меѓу тие тројца.
19. Меѓу тројцата тој беше највиден и им стана началник, но на оние тројца не им беше рамен.
20. Ванеја, син на храбиот маж Јодаја, од Кавсаил, голем по делата, ги порази двајцата синови на Ариила Моавски; тој истиот слезе во еден ров и уби лав по снежно време;
21. тој уби и еден Египтјанин, виден човек; Египтјанинот имаше во раката копје, а тој излезе против него со стап и го грабна копјето од раката на Египтјанинот и го уби со неговото копје, –
22. ете, тоа го изврши Јодаевиот син Ванеја, и беше славен меѓу тројцата јунаци;
23. тој беше повиден од триесетте, на оние тројца не им беше рамен. И Давид го постави за најблизок извршител на заповедите свои.
24. Еве ги имињата на силните при царот Давида: Асаил, братот на Јоава – во бројот на триесетте; Елхаанан, синот на Додо, од Витлеем,
25. Сама Харотитецот, Елика Харотитецот,
26. Хелис Келотецот, Ира, синот на Екиса,
27. Авиезер Анатотецот, Савукеј од Асотит,
28. Елаон Неотитски, Махарај Нетофатецот,
29. Хелев Нетофатецот, син Ванин, Итај, син на Ривеја од синовите Венијаминови во Гива,
30. Ванеас Фаратоитски, Идај од Нахле-Гааш.
31. Ави-Албои Арабатитецот, Азмавет Бархумитецот,
32. Елихајба Шалбонецот; од синовите на Јашена – Јонатан,
33. Сама Арарарин, Ахијам, син Сараров,
34. Елифелет, син Асвезов, син на Маахатинец, Елијам Гилонецот, син на Ахитофела,
35. Серај Кармелитец, Фареј Арбитец,
36. Игал, Натанов син – од Сова, Вани од Гад,
37. Селек Амониецот, Нахареј Беротецот, оруженосец на Јоава, Саруев син,
38. Ирас Етирски, Гарев Јетрејски,
39. Урија Гетејски. Сè – триесет и седум.
24. Давидовите пребројувања на народот се казнија.
1. Гневот Господов пак се разгори против Израилците и го поттикнаа меѓу нив Давида да рече: „Оди, преброј го Израилот и Јуда.”
2. И царот му кажа на војводата Јоав, кој беше при него: „Обиколи ги сите племиња Израилеви и Јудини од Дан до Вирсавија, и пребројте го народот, за да знам, колку народ има.”
3. Јоав му рече на царот: „Господ, Бог твој, да го умножи народот толку, колку што е, и уште стократно толку, и очите на господарот мој царот да го видат тоа; но зошто мојот цар – господар го бара тоа сега?”
4. Но царскиот збор кон Јоава и воените началници надвладеа. И Јоав заедно со воените началници излезе од царот да го поребројува Израилскиот народ,
5. Тие го минаа Јордан и се здржаа во Ароир, десно од градот, што е среде долината Гад и Елиезер,
6. и дојдоа во Галад и во земјата Тахтим – Ходиш; и стигнаа во Гавастан и Истан и го заобиколија Сидон;
7. дојдоа во Тирската тврдина и во сите хевејски и хананејски градови, излегоа на југ од Јудеја, во Вирсавија,
8. ја обиколија целата земја и стигнаа во Ерусалим по девет месеци и дваесет дена.
9. Јоав му го предаде на царот списокот за народното пребројување; и излезе, дека Израилци имаше осумстотини илјади мажи, силни, способни за војна, а Јудејци – петстотини илјади.
10. И откако Давид го преброи народот, срцето му затрепка. И му рече Давид на Господа: „Тешко згрешив, што постапив така; и сега Ти се молам, Господи, прости му го гревот на Твојот слуга, зашто јас постапив многу неразумно.”
11. Кога Давид стана на другиот ден изутрина, би слово Господово кон пророкот Гад, Давидов јасновидец:
12. „Оди и кажи му на Давида: вака вели Господ: три казни ти предлагам; одбери се една од нив, што ќе се исполни над тебе.”
13. И дојди Гад при Давида, му соопшти и рече: „Одбери си, глад ли да биде во земјата твоја седум години, или три месеци да бегаш од непријателите свои, и тие да те гонат, или, пак, три дни да владее помор во твојата земја? Сега размисли и реши, што да Му одговорам на Оној, Кој ме испрати.”
14. Давид му одговори на Гад: „Многу ми е тешко; но нека паднам во рацете на Господа, зашто големо е Неговото милосрдие; само да не паднам во човечки раце.” И Давид избра помор во времето на пченичната жетва.
15. И испрати Господ помор врз Израилците од утрината до определеното време. И помор почна во народот и умреа од народот, од Дан до Вирсавија, седумдесет илјади души.
16. И Ангел Божји ја испружи раката своја над Ерусалим, за да го опустоши; но Господ се покаја за злото и му кажа на Ангелот, кој го поразуваше народот: „Доста, сега спушти ја раката своја.” А Божјиот Ангел тогаш беше при гумното на Евусеецот Орна.
17. Кога Давид го виде Ангелот, кој што го поразуваше народот, Му рече на Господа, велејќи: „Ете, јас згрешив, јас пастирот постапив беззаконо; но овие овци што направиле? Затоа Твојата рака нека се сврти против мене и против татковиот ми дом.”
18. И во тој ден дојде Гад при Давида и рече: „Оди изгради му жртвеник на Господа врз гумното на Евусеецот Орна.”
19. Тогаш Давид отиде според зборот на пророкот Гад, како што беше заповедал Господ.
20. Орна погледна и виде, дека царот и слугите негови доаѓаат при него; излезе Орна и му се поклони на царот ничкум до земја.
21. Орна праша: „Зошто дошол мојот цар – господар при својот слуга?” Давид му одговори „Да го купам од тебе гумното, за да изградам жртвеник на Господа, та да престане поморот во народот.”
22. Орна му рече на Давида: „Господарот мој, царот, нека земе и принесе жртва што му е по волја. Ете, воловите за сепаленица, и колата и уредите за впрегнување на воловите – за дрва.
23. Сето тоа, царе, Орна му го дава на царот.” Орна му кажа уште на царот: „Господ, твојот Бог, нека биде милостив кон тебе!”
24. Но царот му рече на Орна: „Не, јас ќе ти платам, колку што чини, и нема да му принесам на Господа, мојот Бог, жртва, земена како дар.” И Давид го купи гумното и воловите за педесет сикли сребро.
25. Давид изгради таму жртвеник на Господа и принесе сепаленици и мирни жртви. Подоцна Соломон го прошири жртвеникот, бидејќи беше мал. И Госопод се смилостиви над земјата и поморот кај Израилците престана.