Втора книга Мојсеева (Исход)

Adam and Eve out of Garden

1. Намножување и маките на децата Израилеви во Египет.

1. А овие се имињата на синовите Израилеви, кои дојдоа во Египет со Јакова, таткото нивни; секој со целото свое семејство дојде.
2. Рувим, Симеон, Левиј и Јуда,
3. Исахар, Завулон и Венијамин,
4. Дан и Нефталим, Гад и Асир. А Јосиф, пак, беше во Египет.
5. И сите, кои произлегоа од Јакова, беа седумдесет и пет души.
6. Потоа Јосиф умре и сите браша негови, и сиот нивни род;
7. а синовите Израилеви се народија и се намножија, и беа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив.
8. Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосифа,
9. и му рече на народот свој: “Еве, народот на синовите Израилеви е многуброен и посилен од нас.
10. Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да не си отидат од земјата наша.”
11. И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со работа. Така му ги изградија на Фараонот утврдените градови Питом и Рамзес и Он, наречен сега Илиопол.
12. Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа, и се засилуваа многу, така што се плашеа Египтјаните од синовите Израилеви.
13. Затоа Египтјаните ги гонеа синивите Израилеви со жестокост,
14. и им го загорчуваа животот со тешки работи, со кал и правење тули, и со секаква работа во полињата, и со сите други работи, ги измачуваа немилосрдно.
15. Освен тоа, царот египетски им се обрати на бабиците еврејски, од кои на едната и’ беше името Сепфора, а на другата Фуа;
16. и им рече: “Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, запазете го!”
17. Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда царот египетски, туку ги оставаа децата од машки пол.
18. А царот египетски ги повика бабиците и им рече: “Зошто правите така и ги оставата машките деца во живот?”
19. А бабиците му одговорија на Фараонот: “Еврејките не се како жените египетски: зашто пред да дојде бабицата, тие веќе родиле.”
20. Бог, пак, им превеше на бабиците добро; а народот се множеше и многу се засилуваше.
21. И бидејќи бабиците се плашеа од Бога, Бог им правеше добро за да преуспеваат во животот.
22. Тогаш му заповеда Фараонот на целиот народ свој, велејќи: “Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлете го в река: само женските деца оставајте ги во живот.”

2. Мојсеевото раѓање, чудното одржување и одгледување. Неговото бегање и брак.

1. Еден човек од племето Левиево отиде и се ожени со една од ќерките Левиеви.
2. Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци.
3. Но, кога не можеше повеќе да го крие, мајката зеде кошниче од трски; го облепи со смола и катран; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката.
4. А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него.
5. Ќерката, пак, Фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. И таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе.
6. А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: “Ова е еврејско дете.”
7. Тогаш сестрата негова и’ рече на ќерката Фараонова: “Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?”
8. А ќерката Фараонова и’ рече: “Оди!” И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето.
9. Ќерката Фараонова и’ рече: “Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.” И го зеде жената детето и го доеше.
10. А кога детето порасна, го одведе кај ќерката Фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи, “оти од вода го извадив.”
11. По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие Евреин – еден од браќата негови.
12. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта.
13. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: “Зошто го биеш ближниот свој?”
14. А тој одговори: “Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот?” Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: “Значи, се разбрало за ова?”
15. И Фараонот беше чул за ова, па сакаше да го погуби Мојсеја. Но Мојсеј избега од Фараонот и се насели во земјата Мадијамска. Кога дојде во земјата Мадијамска, седна крај еден извор.
16. А свештеникот Мадијамски, пак, имаше седум ќерки, кои ги пасеа овците на татка си Јотор. И +тие дојдоа и почнаа да земаат вода додека не ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на таткото свој Јотор.
17. Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото.
18. И тие се вратија кај таткото свој Јотор, а тој ги праша: “Како толку бргу се вративте денес?”
19. Тие одговорија: “Еден Египтјанин не’ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците наши.”
20. А тој им рече на ќерките свои: “Па, каде е? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде леб!”
21. И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеја за жена ќерката своја Сепфора.
22. И таа зачна и роди син, и Мојсеј му стави име Гирсам, “бидејќи сум – рече – придојден во туѓа земја.” И пак зачна и роди втор син, и му стави име Елиезер, велејќи: “Бог на мојот татко ми е Помошник и ме избави од рацете Фараонови.”
23. А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога.
24. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова.
25. И погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив.

3. Бог го определува Мојсеја за водач на еврејскиот народ.

1. Мојсеј го пасеше стадото на Јатора, тестот свој, свештеникот Мадијамски. Терајќи го стадото така преку пустиња, дојде до планината Божја Хорив,
2. И му се јави Ангел Господеов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува.
3. И Мојсеј рече: “Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува.”
4. А кога виде Господ дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: “Мојсеј, Мојсеј!” А тој одговори: “Еве ме, Господи!”
5. И Он рече: “Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.”
6. И му рече: “Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.” А Мојсеј го сврти лицето свое, зашто се плашеше да погледа во Бога.
7. И Господ му рече на Мојсеја: “Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од злото, што му го прават надзорниците. Сега ја знам маката негова.
8. Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во крајот на Хананејците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Гергесејците и Јевусејците.
9. И еве, сега викотот на синовите Израилеви стигна веќе до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египтјаните.
10. А сега појди – Јас те испраќам кај Фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите Израилеви.”
11. Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: “Кој сум јас, та да одам кај Фараонот, царот египетски, и да ги изведам синовите Израилеви од земјата египетска?”
12. Му рече Бог на Мојсеја, велејќи: “Ќе бидам со тебе, и ова нека ти биде знак, дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот Мој од Египет, помолете Му се на Бога на оваа планина.”
13. А Мојсеј Му рече на Бога: “Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: ‘Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.’ И ако тие ме прашаат: ‘како Му е името’, што ќе им речам тогаш?”
14. Бог му одговори на Мојсеја, велејќи: “Јас сим Оној, Кој вечно постои!” Па продолжи: “Така ќе им кажеш на синовите Израилеви: “Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.”
15. И пак му рече Бог на Мојсеја: “Вака кажи им на синовите Израилеви: ‘Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.’
16. Оди и собери ги старешините Израилеви, и кажи им: ‘Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, и ми рече: ‘Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.’
17. И реков уште: ‘Ќе ве изведам од маките египетски во земјата Хананска, и Хетејска, и Аморејска, и Ферезејска, и Евејска, и Јевусејска, во земја каде што тече мед и млеко!’
18. И тие ќе го послушаат гласот твој; а ќе отидеш ти и старешините Израилеви кај Фараонот, царот египетски, и ќе му речеш: ‘Господ, Бог на Евреите, не’ повика да појдеме на три дена пат во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог.’
19. А Јас знам дека Фараонот, царот египетски, нема да ви дозволи да излезете без силна рака.
20. Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе ги поразам Египтјаните со сите Мои чудеса, што ќе ги направам меѓе нив; потоа ќе ве пушти.
21. И ќе му дадам милост на овој народ кај Египтјаните, така што, кога ќе појдете, нема да појдете празни.
22. Туку секоја жена нека побара од сосетката своја и од пријателката своја сребрен и златен накит и облека; и ќе ги украсите со нив синовите ваши и ќерките ваши, и така ќе ги плените Египтјанките.”

4. Мојсеј добива дар да прави чуда. Враќање во Египет.

1. Тогаш Мојсеј одговори и рече: “А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – ‘Не ти се јавил Гопод?’ – Што ќе им речам?”
2. А господ му рече: “Што ти е тоа во раката?” А тој одговори: “Стап.”
3. И му рече: “Фрли го на земја!” И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј извега од неа.
4. А Господ му рече на Мојсеја: “Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.” И ја испружи раката и ја фати за опашката, и пак стана стап во раката негова.
5. “Така ќе поверуваат, оти ти се јавил Господ, Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.”
6. И пак му рече Господ: “Стави ја сега раката свој во пазувата своја!” И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег.
7. И пак му рече Господ: “Стави ја пак раката своја во пазувата своја!” И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово.
8. “Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак.
9. А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на суво; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.”
10. А Мојсеј Му рече на Господа: “О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој, бидејќи немам добра глас и тепкам, тешко зборувам.”
11. А Господ му рече на Мојсеја: “Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не Јас ли, Господ Бог?
12. Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата твоја, и ќе те научам, што ќе зборуваш.”
13. Но Мојсеј пак рече: “Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш.”
14. И се разгневи Господ на Мојсеја, и рече: “Не ли ти е брат Арон Левитот? Знам дека е способен и тој ќе зборува наместо тебе; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во себе.
15. Нему ќе му кажеш и ќе ги ставиш Моиве зборови во устата негова, и Јас ќе ти ја отворам устата твоја и устата негова и ќе ви покажам што да правите.
16. И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога.
17. А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.”
18. Тогаш отиде Мојсеј и се врати при Јотора, тестот свој, и му рече: “Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.” И му рече Јотор на Мојсеја: “Оди со здравје!” По оние многу денови умре царот египетски.
19. И му рече Господ на Мојсеја во земјата Мадијамска: “Оди, врати се во Египет, зашто изумреа сите, што ја бараа душата твоја.”
20. Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и децата свои, и ги качи на осли, и се врати во Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја.
21. И му рече Господ на Мојсеја: “Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гледај да ги направиш пред Фараонот сите чудеса, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот.
22. А ти кажи му на Фараонот: ‘Вака вели Господ Бог еврејски: Израил е Мојот +првороден син.’
23. ‘Ти реков да го пуштиш народот Мој да ми послужи. Ако одбиеш да го пуштиш, внимавај Јас ќе ги убијам твојот првороден син.’“
24. И кога патем ноќеваше, го сретна Ангел Господов и сакаше да го убие.
25. Тогаш Сепфора зеде остар камен, и го обреза крајот од телото на својот син, и клекна пред нозете на Мојсеја и рече: “Ете ја крвта од обрезанието на мојот син!”
26. Тогаш Ангелот отиде од него; а таа рече: “Поради обрезанието застана крвта на синот мој.”
27. А Господ му рече на Арона: “Излези во пустињата и отиди да го сретнеш Мојсеја!” И отиде да го сретне на планината Божја, и се целиваа обајцата.
28. Мојсеј, пак, му ги кажа на Арона сите зборови Господови, Кој го испрати, и сите знаци, што му ги беше заповедал.
29. И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини и синовите Израилеви.
30. А Арон им ги кажа сите збороди, што му ги беше кажал Господ на Мојсеја, а Мојсеј ги изврши сите знаци пред народот.
31. Народот поверува и се израдуваа зашто Господ Бог ги посети синовите Израилеви и погледна на маката нивна, па паднаа на колена и се поклонија.

5. Фараонот го презира Мојсеја, а народот уште повеќе страда.

1. А потоа влегоа Мојсеј и Арон кај Фараонот, па му рекоа: “Вака вели Господ, Бог Израилев – ‘Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустињата.’“
2. Но Фараонот рече: “Кој е, за да Го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите Израилеви? Не Го познавам Господа, ниту ќе го пуштам Израилот.”
3. А тие рекоа: “Бог на Евреите не’ повика нас три дена пат да одиме во пустињата, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог, та да не испрати Он на нас смрт или убиство.”
4. Тогаш царот египетски им рече: “Зошто вие, Мојсеј и Ароне, го одвлекувате народот од работата негова? Одете си секој од вас по своја работа!”
5. И Фараонот уште додаде: “Ете, сега се намножи народот во земјата, но нема да му дадеме почивка од работите.”
6. И им заповеда Фараонот на надзорниците за работа над народот и на настојниците негови, и рече:
7. “Отсега на народот нема да му давате плева за правење тули, како досега: туку сами нека одат да си собираат плева.
8. А колку тули досега правеле, настојувајте толку да правет и отсега: ништо не намалувајте; оти се без работа, па затоа викаат и велат – ‘Да одиме и да Му принесеме жртва на нашиот Бог.’
9. Нека им се зголеми работата на тие луѓе; тогаш ќе се грижат за тоа и нема да слушаат празни зборови.”
10. И ги принудија нив надзорниците и настојниците, и му рекоа на народот: “Вака вели Фараонот: нема да ви даваме веќе плева;
11. одете сами и собирајте си плева, каде што ќе најдете; а од работата нема ништо да ви се намали.”
12. И се разотиде народот по целата земја Египетска за да собира стрника наместо плева.
13. А надзорниците навалуваа, велејќи: “Вршете ги определените работи ваши секој ден, како и порано кога имавте плева.”
14. И настојниците од родот на синовите Израилеви, кои ги поставија над нив надзорниците на Фараонот, беа биени и им се велеше: “Зошто и денес не изработивте толку тули, колку што ви е определено, како што правевте и порано?”
15. И отидоа настојниците на синовите Израилеви пред Фараонот, па извикаа и рекоа: “Зошто постапуваш така со слугите твои?
16. Плева не им се дава на слугите твои, а пак ни се вели: ‘Правете тули. И ете, ги бијат слугите твои. Го онеправдуваат твојот народ.”
17. Но тој им одговори: “Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‘Да одиме да Му принесеме жртва на нашиот Бог.’
18. Затоа сега одете, работете; плева нема да ви се дава, а тули ќе предавате во определен број.”
19. И насотјниците на синовите Израилеви се видоа во зло, оти им се рече: ‘Дневната количина на тулите не смеете да ја намалите.’
20. А кога излегоа од Фараонот, ги сретнаа Мојсеја и Арона, кои идеа во пресрет.
21. Па им рекоа: “Бог нека види и нека ви суди што не’ намразивте кај Фараонот и службениците негови, и им дадовте меч во радете, за да не’ убиваат!”
22. Тогаш Мојсеј се обрна кон Господа и рече: “Господи, Ти се молам, Господи, зошто го воведе во невола овој народ и зошто ме испрати мене?
23. Оти, откако излегов пред Фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ; и Ти не го избави народот Свој.”

6. Мојсеј добива нови заповеди од Бога. Списокот на племињата.

1. А Господ Бог му рече на Мојсеја: “Еве, ќе видиш што ќе му направам на Фараонот; со рака силна ќе ги пушти; под дејство на рака цврста дури ќе ги истера од земјата своја.”
2. И уште му зборуваше Бог на Мојсеја, па му рече: “Јас сум Господ.
3. Јас му се јавив на Аврама и Исака и Јакова како “Семоќен Бог”, а со името Мое како +”Господ” не сум им се открил.
4. И направив завет Свој со нив, дека ќе им ја дадам земјата Хананска: земја, во која беа тие придојдени, и во која живееја како туѓинци.
5. Ги чув воздишките на синовите Израилеви, кои Египтјаните ги измачуваат, и се сетив на заветот Мој.
6. Затоа, појди и кажи им на синовите Израилеви, велејќи: “Јас сум Господ, ќе ве изведам од египетското насилство, ќе ве избавам од ропството нивно, ќе ве спасам вас удирајќи со силна рака и со суд голем.
7. Ќе ве земам за свој народ, ќе ви бидам Бог, па ќе познаете дека Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ќе ве изведе од Египетската земја.
8. И ќе ве воведам во онаа земја, за која кренав рака и се заколнав дека ќе му ја дадам на Авраама, на Исака и на Јакова; и ќе ви ја дадам вам во наследство. Јас Господ!”
9. Мојсеј им го кажа тоа на синовите Израилеви, но тие не го послушаа Мојсеја од малодушност и поради тешките работи.
10. Тогаш Господ пак му рече на Мојсеја, велејќи:
11. “Влези, кажи му на Фараонот, царот египетски, да ги пушти синовите Израилеви од земјата своја.”
12. А Мојсеј проговори пред Господа и рече: “Ете, синовите Израилеви не ме послушаа, а како ќе ме послуша Фараонот? А освен тоа, јас сум спор во зборувањето.”
13. Но Господ им зборуваше на Мојсеја и Арона, и ги задолжи да одат кај синовите Израилеви и кај Фараонот, за да ги пушти синовите Израилеви од земјата Египетска.
14. Ова се старешините на нивните домови: синовите на Рувима, провородениот син Израилев: Енох и Фалус, Асрон и Харми; тоа е племето Рувимово.
15. А синовите Симеонови се: Јемуил, Јамин, Аод, Ахин, Сар и Саул, син на една Хананејка; тоа е племето Сименово.
16. А еве ги имињата на синовите Левиеви, според сродствата нивни: Гирсон, Каат и Мерари. А Левиј поживе сто и триесет и седум години.
17. Синови, пак, Гирсонови беа: Ловениј и Семеј со семејствата нивни.
18. Синови Каатови: Амрам и Исар, Хеврон и Озил. А годините на Катовиот живот беа сто и триесет и три.
19. А синовите Мерариеви се: Молиј и Мусиј. Тоа се семејствата на Левиј според сродствата нивни.
20. Амрам се ожени со Јохаведа, братучетката своја, и таа му ги роди Арона и Мојсеја и Маријам, сестрата нивна. Амрам поживе сто триесет и седум години.
21. Синови, пак, Исарови беа: Кореј, Нафек и Зехриј.
22. Синовите Озилови се: Мисаил, Елисафан и Сегриј.
23. А Арон ја зеде за жена Елисавета, ќерката Аминадавова, сестра Насонова; и таа му ги роди Надава и Авиуда, Елеазара и Ирамара.
24. Синови Корееве беа: Асир, Елкан и Авијасаф. Тоа е потомството Кореево.
25. И Елеазар, синот Аронов, се ожени со една од ќерките Футилови, и таа му го роди Финеса. Тоа се старешините на Левиевото племе, според нивните семејства.
26. А Арон и Мојсеј, тоа се оние, на кои Господ им рече да ги изведат синовите Израилеви од земјата Египетска, си силата на дружините нивни!
27. Овие се оние, кои му зборуваа на Фаранонот, царот египетски, за да ги изведат синовите Израилеви од земјата Египеска; тоа се Арон и Мојсеј.
28. Во оној ден, кога Господ му говореше на Мојсеја во земјата Египетска,
29. и му рече Господ на Мојсеја, велејќи: “Јас сум Господ. Кажи му го на Фараонот, царот египетски, се’ она што Јас ти го реков!”
30. А Мојсеј рече пред Господа: “Еве, недоброречив сум, па како ќе ме послуша Фараонот?”

7. Мојсеј и Арон прават чудеса пред Фараонот. Претворање вода во крв.

1. И Господ му рече на Мојсеја, велејќи: “Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на Фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк твој.
2. Ти ќе му зборуваш се’, што тебе ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на Фараонот да ти ги пушти синовите Израилеви ос земјата своја.
3. Само Јас ќе го ожесточам срцето на Фараонот, и ќе ги умножам знаците Мои и чудесата Мои во земјата Египетска.
4. Фараонот сепак нема да ве послуша. Но Јас ќе ја ставам раката Своја над Египет и со силата Моја ќе го изведам народот Мој, синовите Израилеви, од земјата египетска со страшна одмазда.
5. И ќе познаат сите Египтјани дека Јас сум Господ, кога ја протегам раката Своја над Египет и кога ќе ги изведа синовите Израилеви од нивната средина.”
6. И направија така Мојсеј и Арон; како што им заповеда Господ, така направија.
7. Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон, братот негов осумдесет и три години кога зборуваа со Фараонот.
8. Им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
9. “А ако Фараонот ви каже и рече: “Направете некакво чудо или дајте знак – тогаш кажи му на Арона, братот твој: ‘Земи го стапот и фрли го наземи пред Фараонот и неговите слуги’ – тој ќе стане змија.”
10. Потоа Мојсеј и Арон влегоа кај Фараонот и слугите негови и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред Фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија.
11. Тогаш Фараонот ги повика мудреците египетски и врачевите; и тие направија исто со своето вражање.
12. И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; само стапот Аронов ги проголта нивните стапови.
13. Но срцето Фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ.
14. И му рече Господ на Мојсеја: “Кораво е срцето Фараоново; и нема да го пушти народот.
15. Појди утре при Фараонот. И ете, тој ќе излезе до водата, и пресретни го на речниот брег; стапот, пак, што се претвори во змија, земи го во раката своја.
16. И речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе да ти кажам: ‘Пушти гонародот Мој за да ми изврши служба во пустињата!’ Ни ти, ете, досега не Го послуша.
17. Затоа Господ вели: ‘По ова ќе познаеш, дека Јас сум Господ.’ Еве, со стапов, што ми е во раката, ќе удрам по водата, која е во реката, и таа ќе стане крв.
18. И рибите што се во реката ќе изумрат, и реката ќе се смириса, а Египтјаните не ќе можат да пијат вода од реката.”
19. Му рече Господ на Мојсеја – “Кажи му на Арона братот твој: ‘Земи го стапот свој во раката твоја, и пружи ја раката своја над водите египетски: над реките нивни, и над езерата нивни и над сите нивни собиралишта на води; и тие ќе се претворат во крв. И се’ ќе стане крв по целата земја египетска, и по дрвјата и по камењата.”
20. Направија Мојсеј и Арон така, како што заповеда Господ. И го зеде Арон стапот свој, па удри по речнате вода пред очите на Фараонот и слугите негови. И сета вода речна се претвори во крв.
21. И изумреа рибите, што беа во реката, и се смириса реката, така што Египтјаните не можеа да пијат вода од реката; и крв имаше по целата земја египетска.
22. Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање. И срцето на Фараонот се ожесточи и тој не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ.
23. Потоа се сврте Фараонот и се отиде во домот свој; и ни од тоа не се поучи тој.
24. А Египтјаните, сите, почнаа да копаат околу реката, барајќи вода за пиење; зашто не можеа да пијат вода од реката.
25. И така изминаа седум дена, откако ја удри Господ реката.

8. Страдања од жаби, мушички и бубачки.

1. Потоа Господ пак му рече на Мојсеја: “Оди при Фараонот, и речи му – вака вели Господ: ‘Пушти го народот Мој, да му изврши служба.’
2. А ако не се согласиш да го пуштиш, еве, Јас ќе ја поразам целата земја твоја со жаби;
3. и реката ќе се исполни со многу жаби, и тие ќе излезат и ќе влезат кај тебе дома, и во твојата спална, и во постелата твоја, и во куќата на слугите твои и народот твој, и во печките твои, и во ноќвите твои;
4. а врз тебе ќе скокаат жаби и врз народот твој и врз слугите твои.”
5. И му рече Господ на Мојсеја: “Кажи му на Арона, братот твој: ‘Пружи ја раката Твоја со стапот свој врз реките, врз изворите и врз езерата, и направи жаби да излезат по земјата Египетска.”
6. И ја пружи Арон раката своја врз водите египетски, и произлегоа жаби; и ја покрија земјата Египетска;
7. Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање, па изведоа жаби по земјата Египетска.
8. Тогаш Фараонот ги повика Мојсеја и Арона и им рече: “Помолете Му се на Господа за мене, да ги отстрани жабите од мене и од народот мој, и јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господа.”
9. А Мојсеј му рече на Фараонот: “Определи кога сакаш да Му се помолам за тебе, за слугите твои и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од народот твој и од куќите ваши, а само во реката да останат.”
10. И определи: “Утре”. А Мојсеј рече: “Нека биде како што рече ти, за да познаеш дека нема друг освен Господа, нашиот Бог.
11. Ќе отидат жабите од тебе, од куќите ваши, од дворовите на слугите твои и од народот твој; само во реката ќе останат.”
12. Потоа Мојсеј и Арон излегоа од кај Фараонот. И Мојсеј Му се помоли на Господа за разграничување на жабите, како што беше се договорил со Фараонот.
13. И Господ направи како што измоли Мојсеј: жабите изгинаа по куќите, по дворовите и по нивите нивни.
14. И ги собраа на купишта, така што земјата засмрде.
15. А кога Фараонот виде дека злото помина, му отврдна срцето, и не ги послуша нив, како што беше рекол Господ.
16. Тогаш Господ му рече на Мојсеја – “Кажи му на Арона: ‘Пружи го со рака стапот свој, и удри по правот на земјата -‘ и ќе се појават мушички по целата земја Египетска.”
17. Арон го пружи со раката стапот свој, и удри по правот на земјата, и се појавија мушички по луѓето и по доборокот, сиот песок на земјата се претвори во мушички по целата земја Египетска.
18. Сеобидоа и вражачите египетски со вражањето свое да призведат мушички, но не можеа. И имаше мушички по луѓето и по добитокот.
19. И му рекоа вражачите на Фараонот: “Ова е знак Божји!” Но срцето на Фаронотпак се стврдна, и не ги послуша, како што беше рекол Господ.
20. И му рече Господ на Мојсеја: “Стани утре и застани пред Фараонот. Тогаш тој ќе излезе кај реката, па кажи му: ‘Вака вели Господ: Пушти го народот Мој, да Ми послужи.’
21. А ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, Јас ќе пуштам врз тебе и врз слугите твои, и врз народот твој и во домовите ваши бубачки, и ќе се исполнат со бубачки куќите египетски, и земјата на која се.
22. А во оној ден ќе ја одделам земјата Гесем, каде што живее Мојот народ, и таму нема да има бубачки, за да познаеш, дека Јас сум Господ Бог на целата земја.
23. И ќе направам разлика меѓу народот Мој и народот твој. Утре ќе го има тој знак на земјата.”
24. И направи Господ така: и се појавија многу бубачки во куќите Фараонови, во куќите на слугите негови и во целата земја Египетска, така што се сотре земјата од бубачките.
25. Фараонот ги повика Мојсеја и Арона, и им рече: “Отидете, принесете Му жртва на вашиот Господ Бог во оваа земја!”
26. Но Мојсеј рече: “Не е можно така да биде, зашто принесувањеот жртва на Господа, нашиот Бог, е нечисто за Египтјаните, пред нивните очи, тие нема ли да не’ убијат со камења?
27. Три дена пат ќе одиме во пустињата, па да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог, како што ни рече нашиот Господ.”
28. И одговори Фараонот: “Ќе ве пуштам да Му принесете жртва на Господа, вашиот Бог, во пустињата; но не одете подалеку, и помолете се на Господа и за мене!”
29. А Мојсеј рече: “Еве, јас одам од тебе и ќе Му се помолам на Господа Бога, и бубачките утре ќе исчезнат од тебе и од слугите твои, а и од народот твој. Но престани, Фараоне, да не’ мамиш, не пуштајќи го народот да Му принесе жртва на Господа.
30. И отиде Мојсеј од Фараонот, и Му се помоли на Господа.
31. И Господ направи како што измоли Мојсеј, и си отидоа бубачките од Фараонот, и од слугите негови, и од народот; и не остана ниедна.
32. Но пак зарврдна срцето Фараоново, и пак не го пушти народот.

9. Помор. Струпје. Град.

1. Тогаш му рече Господ на Мојсеја: “Влези при Фараонот и кажи му: ‘Вака вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да ми изврши служба.’
2. Оти, ако не го пуштиш, па и понатаму го задржуваш,
3. еве, раката Господова ќе дојде врз добитокот твој во полето, врз коњите, врз ослите, врз камилите, врз говедата и врз овците – и многу голем помор ќе настане.
4. И во она време ќе направам чуда меѓу добитокот на синовите Израилеви; и од сиот добиток на синовите Израилеви нема ништо да загине.”
5. И определи Господ време, велејќи: “Утре ќе го направи тоа Господ на земјата.”
6. И го изврши тоа Господ утредента, и сиот добиток египетски исцрка; а од добитокот на синовите Израилеви ништо не загина.
7. И виде Фараонот дека од добитокот Израилев не беше загинато ниту едно грло. Но Фараоновот срце одново отврдна, и тој пак не го пушти народот.
8. Тогаш му рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи: “Земете полни раце пепел од печката, и Мојсеј нека ја фрли пред Фараонот и пред слугите негови спрема небото;
9. и ќе се дигне прав по целата земја Египетска; а од неа ќе се појават воспаленија и на луѓето, и на доботокот по целата земја Египетска.”
10. И зедоа пепел од печката, и застанаа пред Фараонот, па ја фрли Мојсеј спрема небо, и се појавија гнојни струпје по луѓето и по добитокот.
11. И вражачите не можеа да стојат пред Мојсеја поради струпјето, зашто струпје имаше и на вражачите и на сите Египтјани.
12. И го ожесточи Господ срцето на Фараонот и тој не ги послуша, како што му беше рекол Господ на Мојсеја.
13. Потоа му рече Господ на Мојсеја: “Стани утре рано и излези пред Фараонот и речи му: ‘Еве што вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, да Ми послужи,
14. оти овој пат ќе ги пуштам сите зла, за да познаеш дека нема друг како што сум Јас на целата земја.
15. Оти сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те поразам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата.
16. А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја.
17. Уште ли ќе се креваш над Мојот народ, и нема ли да го пушташ?
18. Па, еве, утре, токму во овој час, Јас ќе пратам град многу голем, каков што немало во Египет, откако настанал па досега.
19. Затоа, сега побрзај да се прибере добитокот твој, и се што имаш по полето; оти ќе падне град врз сите луѓе и врз доботокот. А оние, што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град врз нив и ќе изгинат.”
20. Оние Фараонови слуги, кои се уплашија од зборовите Господови, брзо го прибраа добитокот свој по куќите.
21. А оној, пак, кој не им поверува на зборовите Господови, тој го остави добитокот свој во полето.
22. И му рече Господ на Мојсеја: “Пружи ја раката своја кон небото, и ќе удри град по целата земја Египетска, врз луѓето, врз доботокот и врз тревата земна.”
23. И Мојсеј ја крена раката кон небото и Господ пушти громови и град, и течеше оган по земјата. И прати Господ град врз целата земја Египетска.
24. Паѓаше град, а и оган гореше со градот многу силен, каков што немало во целата земја Египетска, откако биле населени луѓето во неа.
25. А градот уништи во целата земја Египетска се’ – од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги сотре.
26. Само во земјата Гесем, каде што беа синовите Израилеви, немаше град.
27. Тогаш прати Фараонот, и ги повика Мојсеја и Арона, и им рече: “Сега згрешив; Господ е праведан, а јас и мојот народ сме грешници.
28. Помолете Му се на Господа за мене; нека престанат громовите Божји и градот, и огнот на земјата, па ќе ве пуштам, и повеќе никој да не ве задржува.”
29. А Мојсеј му рече: “Штом ќе излезам од градот, ќе ги кренам рацете мои спрема небото кон Господа, и громовите ќе престанат и град и дожд повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова.
30. Но знам дека ти и слугите твои уште нема да се уплашите од Господа.”
31. И така пропадна ленот и јачменот, зашто јачменот беше искласал, а ленот – фаќаше семе.
32. А пченицата и ‘ржта не пропаднаа, бидејќи беа доцни жита.
33. И Мојсеј излезе од кај Фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господа – престанаа громовите и градот, и град и дожд не паднаа веќе на земјата.
34. Но Фараонот, откако виде дека престана дождот, градот и громовите, продолжи пак да греши, и закорави срцето негово и на слугите негови.
35. Се ожесточи срцето Фараоново и на слугите негови, и тој пак не ги пушти синовите Израилеви, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја.

10. Скакулци и темнина.

1. Тогаш Господ му рече на Мојсеја, велејќи: “Оди при Фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие знаци врз нив;
2. па да им прикажувате на чедата ваши и на внуците ваши што им направив на Египтјаните, како и за знаците Мои, што ги покажав пред нив, и за да знаат, дека сум Јас Господ.”
3. И отидоа Мојсеј и Арон кај Фараонот и му рекоа: “Еве што вели Господ, Бог на Евреите: ‘До кога не ќе сакаш да се засрамиш пред Мене? Пушти го народот Мој да Ми послужи!
4. Оти, ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, утре во ова време ќе пратам скакулци над целата земја твоја.
5. И тие ќе го покријат лицето на земјата, така што не ќе се гледа, а ќе го изедат остатокот, зачуван од градот; ќе го изадат и секое дрво, што ви расте по полето.
6. И ќе ги наполна куќите твои, куќите на слугите твои и сите куќи по целата земја Египетска какво што не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па се’ до денес.” И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од Фараонот.
7. Тогаш слугите му рекоа на Фараонот: “До кога овие маки? Пушти ги луѓето нека Му заблагодарат на Господа, нивниот Бог. Или сакаш да гледаш како Египет пропаѓа?”
8. И ги вратија Мојсеја и Арона пред Фараонот, и им рече Фараонот: “Одете, послужете Му на Господа, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?”
9. Мојсеј одговори: “Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои, ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господа, нашиот Бог.”
10. И им рече Фараонот: “Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто се децата ваши? Ете, лошо лукавство имате.
11. Не така, но да одите само мажите и заблагодарете Му на Господа, зашто тоа сами баравте.” И ги истераа од кај Фараонот.
12. Тогаш му рече Господ на Мојсеја: “Протегни ја раката своја над земјата Египетска и ќе излезат скакулци на земјата египетска, па да ја изадат сета трева по земјата, сиот плод што остана неудрен од градот.”
13. И го крена Мојсеј стапот свој кон небото и над египетската земја наведе Господ јужен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, јужниот ветар довеа скакулци.
14. И ги навеа нив над целата земја египетска, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш.
15. И го покрија лицето на земјата, така што на земјата ништо не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата и од тревата полска во целата земја египетска.
16. Тогаш Фараонот брзо ги повика Мојсеја и Арона и рече: “Прегрешив пред Господа, вашиот Бог, и пред вас.
17. Но уште сега прости ми го гревот мој, и молете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт.
18. А, откако излезе Мојсеј од кај Фараонот, Му се помоли на Господа.
19. И сврте Господ ветар од морето, многу силен и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвено Море; и не остана ниту еден скакулец во целата земја Египетска.
20. Но Господ го затврдна срцето на Фараонот и тој не ги пушти синовите Израилеви.
21. И му рече Господ на Мојсеја: “Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе биде густа темнина по земјата Египетска, таква што дури опиплива ќе биде.
22. И Мојсеј ја подигна раката свој кон небото, и настана густа темнина, мрак и бура по целата земја египетска, која потраја цели три дена.
23. Луѓето не се гледаа еден со друг три дена, и никој не се поместуваше од постелата своја три дена. Но по местата, каде што живееја синовите Израилеви, имаше виделина.
24. Тогаш Фараонот го повика Мојсеја и Арона, и им рече: “Одете, заблагодарете Му на Господа, вашиот Бог; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а имотот ваш нека оди со вас.”
25. Но Мојсеј рече: “Не, ами ти треба да не’ снабдиш со приноси и жртви сепалиници, што ќе ги принесеме на Господа, нашиот Бог.
26. Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ни копито; зашто од него треба да земеме нешто, со што ќе му заблагодариме на Господа, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господа.”
27. И Господ пак го отврдна срцето на Фараонот и тој не сакаше да ги пушти.
28. И му рече Фараонот: “Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш.”
29. А Мојсеј рече: “Право кажа, нема повеќе да ти го видам лицето.”

11. Заповед за излегување од Египет. Заканување со десетто страдање.

1. Пак му рече Господ на Мојсеја: “Уште едно зло ќе пратам над Фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера.
2. А сега кажи му на народот тајно – секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја накит сребрен и накит златен а и облека.”
3. И даде Господ народот да најде милост кај Египтјаните и им дадоа; а и самиот Мојсеј беше многу голем човек пред Египтјаните и пред Фараонот, пред очите на слугите негови и пред народот.
4. И рече Мојсеј: “Вака вели Господ: ‘На полноќ ќе поминам низ Египет,
5. и ќе умре секој првороден во земјата Египетска, од првородениот син Фараонов, кој требаше да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток.
6. И ќе стане пискот голем по целата земја египетска каков што уште немало, ниту некогаш ќе го има.
7. А кај синовите Израилеви нигде наме ни куче да лавне со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види колку ќе се прослави Господ меѓу Израилците и Египтјаните.
8. Па ќе дојдат сите тие слуги твои кај Мене, и ќе Ми се поклонат, велејќи: ‘Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.’ И тогаш ќе излезам.” И си излезе Мојсеј од Фараонот со голем гнев.
9. А Господ му рече на Мојсеја: “Нема да ве послуша Фараонот, за да се умножат знаците и чудесата Мои во земјата Египетска.”
10. Мојсеј и Арон ги направија сите знаци и чудеса пред Фараонот, но Господ му го ожесточи срцето на Фараонот, и тој не сакаше да ги пушти синовите Израилеви од земјата Египетска.

12. Пасхално јагне. Погубување на провородените. Почеток на излегувањето.

1. И рече Господ на Мојсеја и на Арона во земјата Египетска, велејќи:
2. “Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината.
3. Кажи му на целиот собор на синовите Израилеви и речи им: “На десеттиот ден од овој месец секој нека земе јагне шилеже според бројот на челадта: значи, по едно на дом.
4. Ако се помалу во домот за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, кој му е најблизок, со онолку души, колу што треба, за да можат да го изедат јагнето.
5. А јагнето или јарето да ви биде здраво, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите.
6. И чувајте го до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш општиот собор Израилев нека го заколе, во приквечерина.
7. И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и праговите на куќата, во која ќе го јадат.
8. И нека јадат месо истата ноќ, на оган печено, со пресен леб и со горчливо зелје, нека јадат.
9. Немојте да јадете сурово, ниту во вода варено, туку на оган печено: со главата, со нозете и со дробовите.
10. И ништо немојте да оставате до утрината; и коски не кршете од него; ако нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган.
11. А вака јадете го: преопашани, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова.
12. Оти ќе поминам низ земјата египетска таа ноќ, и ќе го убијам секој првороден во земјата Египетска, од човек до добиток, и ќе се одмаздам на сите богови египетски. Јас сум Господ.
13. А крвта ќе ви биде знак на куќите, во кои ќе бидете таму: и кога ќе видам крв, ќе ве одминам, па нема да има меѓу вас помор, кога ќе ја поразам земјата египетска.
14. И тој ден ќе ви биде ден на сеќавање и празнувајте го тој празник, посветен на Господа; празнувајте го од колено на колено; вечно озаконет.
15. Седум денови јадете лебови без квас; уште од првиот ден отстранете го квасот од куќите ваши; зашто оној, кој ќе јаде нешто со квас, тој ќе биде истребен од Израилот.
16. Првиот ден да се нарече свет собор; а и седмиот ден да ви биде особено свет; никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите.
17. И запазете ја оваа заповед; зашто во тој ден ја изведов војската ваша од земјата египетска; празнувајте го тој ден од колено на колено како вечно озаконет.
18. Бесквасни лебови почнете да јадете од првиот месец во четиринаесеттиот ден вечерта, па се’ до дваесет и првиот од истиот месец до вечерта.
19. Седум денови не смее да има квас во куќите ваши. Оти, ако некој јаде нешто со квас, ќе биде истребена таа душа од општеството на Израилот, било да е придојдена – или родена во земјата.
20. Ништо со квас немојте да јадете: во сите куќи ваши јадете само бесквасен леб!”
21. И ги свика Мојсеј сите старешини на синовите Израилеви и им рече: “Одете и пригответе јагне, според семејствата свои, и заколете пасха.
22. Потоа земете китка исоп и натопете ја во крвта, што е близу до вратите, и попрскајте ги праговите и обата довратника со крвта, што е близу до вратите, и ниеден од вас да не излегува низ вратата куќна до изутрина.
23. И кога ќе помине Господ да го поразува Египет, штом ќе ја види крвта на прагот и на обата довратника, ќе ја одмине Господ таа врата, и нема да му дозволи на истребителот да влезе во куќите ваши и да убива.
24. Пазате го ова како закон за себе и за синовите свои довека.
25. И кога, пак, ќе влезете во земјата, што ќе ви ја даде Господ, како што рече, држете ја оваа служба.
26. И кога ќе ве прашаат синовите ваши: ‘Каква ви е таа служба?’
27. Одговорете: ‘Тоа е Пасхална жртва на Господа, кога ги одмина куќите на синовите Израилеви во Египет, убивајќи ги Египтјаните, а домовите наши ги зачува.” – Тогаш народот, наведнувајќи се, се поклони.
28. И откако отидоа синовите Израилеви, направија така, како што им заповеда Годпод преку Мојсеја и Арона: така направија.
29. А на полноќ ги уби Господ сите првородени во земјата Египетска, од првородениот син Фараонов, кој требаше да седи на престолот негов, до првородениот син на затвореникот во затворот, и се што беше првородено во добитокот.
30. И стана Фараонот во таа ноќ, тој и сите негови слуги, и сите Египтјани; и настана голем пискот во целата земја египетска, зашто немаше куќа, во која немаше мртовец.
31. Тогаш ги повика Фараонот Мојсеја и Арона, ноќта, и им рече: “Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите Израилеви, и извршете Му служба на Господа, како што велевте.
32. Земете ги и овците ваши, говедата ваши, како што велевте и одете си, па и мене благословете ме!”
33. И Египтјаните навалуваа на народот, што побрзо да си оди од земјата, зашто велеа: “Сите ќе изгинеме!”
34. И народот си го зеде тестото свое, уште неискиснато; ноќвите ги завиткаа во облеките свои, и го ставија на рамењата свои.
35. И постапија синовите Израилеви според заповедта Мојсеева, и побараа од Египтјаните накити сребрени и накити златни, а и облека.
36. И Господ направи, та народот најде милост кај Египтјаните, и тие им дадоа; така тие ги обраа Египтјаните.
37. И тргнаа синовите Израилеви од Рамзес за Сокхот, околу шестотини илјади пешаци мажи, не сметајќи ги тука децата.
38. И многу други придојдени отидоа со нив, и овци и волови голем број отидоа со нив.
39. А од тестото, што го изнесоа од Египет, испекоа бесквасни лепчиња, зашто тоа уште не беше скиснато кога ги истераа Египтјаните, и не можеа да се задржуваат, така што дури ни храна за попат не си приготвија.
40. Времето, пак, што го поминаа синовите Израилеви во Египет и во земјата Хананска, тие и нивните татковци, изнесуваше четиристотини и триесет години.
41. А кога се навршија четиристотини и триесетте години, ноќе во истиот ден излезе сета војска Господова од земјата египетска.
42. Таа ноќ, која Господ ја пробдеа, за да ги изведе од Египетската земја, тоа е ноќ Бдение за Господа, кое треба да го празнуваат синовите Израилеви од колено на колено.
43. И им рече Господ на Мојсеја и на Арона: “Закон за Пасхата е: ниеден туѓинец да не јаде од неа!”
44. А секој роб ваш, или купен за пари, откако ќе го обрежете, тогаш може да јаде од неа.
45. Придојден или наемник да не јаде од неа!
46. Во една куќа треба да јадете; не оставајте за изутрина и не изнесувајте надвор од куќата, и коските од жртвата да не кршите.
47. Целото општество Израилево нека прави така.
48. Ако дојде кај вас некој туѓинец и посака да ја празнува Пасхата Господова, нека му се обрежат сите од машки пол, па потоа нека почне да ја празнува, и ќе биде како роден во таа земја; инаку, никој необрезан да не јаде од неа.
49. Еден закон нека има за родениот во таа земја и за придојдениот што дошол меѓу вас!”
50. И направија сите синови Израилеви како што им заповеда Господ на Мојсеја и на Арона, така направија.
51. И во тој ден ги изведе Господ синовите Израилеви од земјата Египетска со нивната војска.

13. Посветување на првородените. Заповед за бесквасниот леб. Продолжување на излегувањето. Столб од облак и столб од оган.

1. Му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Посвети ми го секое првородено, кое ја отвара секоја утроба меѓу синовите Израилеви: и од луѓето, и од добитокот. Тие Мене ми припаѓаат!”
3. И Мојсеј му рече на народот: “Помнете го овој ден, во кој излеговте од земјата Египетска, од домот на ропството, зашто со рака силна ве изведе Господ оттаму; и не јадете ништо со квас.
4. Зашто денес излегувате, во Авив, месецот на новите плодови.
5. Затоа, кога Господ ќе те воведе во земјата хананска, и хетејска, и аморејска, и евејска, и јевусејска, и гергесејска и ферезејска, за која им се заколнал на татковците твои, дека ќе ти ја даде – земјата во која тече мед и млеко – тогаш служи ја оваа служба во овој месец!
6. Шест дена јадете бесквасен леб, а седмиот ден нека биде празник Господов.
7. Бесквасен леб да јадете седум дена, и да не се најде кај тебе ништо со квас, ниту да се најде негде кај тебе квас во сите твои предели.
8. И во тој ден кажи му на синот твој, велејќи: ‘Ова е за она, што ми го направи Господ Бог, кога излегував од Египет!’
9. И тоа нека ти биде знак на раката твој и спомен пред очите твои, та законот Господов да ти биде во устата; зашто со рака силна те изведе Господ од Египет.
10. Затоа оној закон запазувај го секоја година во определено време!
11. А кога ќе те воведе Господ, твојот Бог, во земјата Хананска, како што ти се заколна тебе и на твоите татковци, и ќе ти ја предаде –
12. на Господа ќе Му го одделуваш секое првородено од машки пол, што отвора утроба и секое провородено од стадата или добитокот, што го имаш, а е од машки род, посвети го на Господа!
13. А секое првородено осле замени го со јагне;, ако, пак, не го замениш, откупи го. И секое првороденче од човек меѓу синовите твои откупувај го!
14. А кога ќе те запраша синот твој тогаш и ти рече: ‘Што е тоа?’ Кажи му: ‘Зашто со рака силна не’ изведе Господ од Египет, од домот на ропството.’
15. Оти, кога се ожесточи Фараонот да не не’ пушти, го уби Господ секој првороден во земјата Египеска, од првенец човечки до првородено во добитокот – затоа Му го принесувам на Господа како жртва секое машко, кое отвора утроба, а секој првороден меѓу синовите мои го откупувам.
16. И тоа нека ти биде знак на раката твоја и постојано пред очите твои, бидејќи со рака силна те изведе Господ од Египет.”
17. А кога Фараонот го пушти народот, Бог не го поведе по патот кон земјата Филистејска, иако е пократок; зашто Бог рече: “За да не би да се покае народот, кога ќе види војна, па да се врати во Египет.”
18. Бог го поведе народот по патот во пустињата кон Црвено Море. А синовите Израилеви вооружени излегоа од земјата Египетска.
19. И ги зеде Мојсеј коските Јосифови со себе; зашто ги беше заколнал Јосиф синовите Израилеви, велејќи: “Господ навистина ќе ве посети, а вие тогаш понесете ги коските мои одовде со себе.”
20. Откако појдоа синовите Израилви од Сокхот, се утврдија во Етам, при крајот на пустињата.
21. А Бог ги водеше по патот: дење во столб од облак, а ноќе во столб во оган, светејќи им.
22. И не се иставаше пред сиот народ столбот облак – дење, ни столбот од оган – ноќе.

14. Довршување на излегувањето. Пропаста на Египтјаните во Црвено Море.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви да свртат и да се утаборат пред Пи – Аирот во долината меѓу Магдол и морето, спроти Веел Сепфон. Спроти него утаборете се крај морето.
3. И така Фараонот ќе им рече на своите луѓе за синовите Израилеви: ‘Заскитале во земјата, пустињата ги затворила.’
4. А Јас ќе направам да се стегне срцето на Фараонот, и тој да појде во потера по нив. Но Јас ќе се +прославам над Фараонот и над сета војска негова. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ.” Тие така и направија.
5. А кога му соопштија на царот египетски дека народот избегал, се измени срцето Фараоново и слугите негови спрема народот, па рекоа: “Што направивме, па ги пуштивме синовите Израилеви, та да не ни работат повеќе.”
6. И ја впрегна Фараонот колата своја, и сиот народ го поведе со себе;
7. зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше коли египетски, со нивните началници.
8. А Господ направи, та со ожесточи срцето на Фараонот, царот египетски, и на слугите негови, и тргна во потера по синовите Израилеви; но синовите Израилеви врвеа под силна рака.
9. И се впуштија по нив Египтјаните, и сите коњи Фараонови со колите, и сета војска негова, и ги најдоа во долината крај морето, спроти Веел Сепфон.
10. А кога наближи Фараонот, се обѕрнаа синовите Израилеви, и што ќе видат – ете Египтјаните идат по нив. И синовите Израилви се уплашија многу, па извикаа кон Господа,
11. и му рекоа на Мојсеја: “Зар немаше гробови во Египет, туку не изведе овде да изгинеме во пустињата? Што ни направи? Зошто не’ изведе од Египет?
12. Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‘Остави не, да им служиме на Египтјаните?’ Оти подобро ќе ни беше да им служиме на Египтјаните, отколку да изгинеме во пустињава.”
13. А Мојсеј му рече на народот: “Не плашете се, застанете и ќе видите Господ како ќе ве спаси денес: Египтјаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека.
14. Господ ќе се бие за вас, а вие бидете спокојни.
15. И му рече Господ на Мојсеја: “Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите Израилеви нека врват.
16. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите Израилеви, среде море по суво.
17. Но, ете, Јас ќе го стегнам срцето на сите Египтјани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над Фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови.
18. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ, што ќе се прославам над Фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.”
19. И се крена Ангелот Господен, што одеше пред војската на синовите Израилеви, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив.
20. А кога влезе меѓу војската Египетска и меѓу војската на синовите Израилеви застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите.
21. И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбрануваше морето со јужен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во мерето суво и водата се раздели.
22. И појдоа синовите Израилеви среде море по суво, и водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.
23. А Египтјаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи Фараонови, колите и коњаниците негови.
24. А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од столбот огнен и обласниот и ја доведе во забуна војската египетска,
25. па им ги врза тркалата на колите ниви, та одвај ги влечеа. Тогаш Египтјаните рекоа: “Да бегаме од Израилците, зашто Господ се бие за нив против Египтјаните!”
26. Тогаш му рече Господ на Мојсеја: “Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египтјаните, и да ги покрие колите нивни и коњаниците нивни.”
27. И Мојсеј ја испружи раката своја врз морето, и пред зори пак се поврати со својата сила, а Египтјаните тргнаа да бегаат кон морето; и Господ ги фрли Египтјаните среде море.
28. А кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска Фараонова, се што беше тргнало кон нив, и не остана ниеден од нив.
29. Синовите, пак, Израилеви минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.
30. И ги избави Господ Израилците во тој ден од рацете на Египтјаните. И ги видоа синовите Израилеви Египтјаните што изумреа на брегот морски.
31. Ја виде Израил силата голема, што Господ ја покажа над Египтјаните, и народот се уплаши од Господа, и поверува во Бога и на неговиот угодник Мојсеја.

15. Мојсеевата благодарствена песна. Горчливата вода се претвора во слатка.

1. Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: “Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море.
2. Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам.
3. Господ ги ништи војните; името Му е Господ.
4. Колите Фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море.
5. Бездните ги покрија; тие потонаа во длабочините како камен.
6. Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила; десната рака Твоја, Господи, го уништи непријателот.
7. И со величието на славата Твоја Ти ги собори оние, кои станаа против Тебе, Ти го изли гневот Свој, и тој ги изгоре како слама.
8. Од здивот на гневот Твој водите се расцепија, водите се издигнаа како бедем; среде морето брановите се затврднаа.
9. Непријателот рече: ‘Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам, ќе го господари раката моја.’
10. Ти дувна со здивот Твој, и морето ги покри; и тие потонаа како олово во силните води.
11. Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чудеса?
12. Ти ја пружи десницата Своја – а земјата ги голтна.
13. Според милоста Твоја го водеше народот, кого Ти го избави, и го утешуваше со силата Своја, водејќи го во живеалиштето на Светоста Твоја.
14. Народите ќе чујат и ќе се вознемират: ужас ќе ги опфати жителите на земјата Филистејска.
15. Тогаш ќе побрзаат и поглаварите едомски, страв и трепет ќе ги обзема кнезовите моавски, ќе се уплашат сите жители ханански.
16. Нека ги опфати страв и ужас; од силата на раката Твоја нека онемеат како камен, додека не помине народот Твој, Господи, додека не помине народот овој Твој, кого со го придобил.
17. Одведи го и смести го во планините, наследството Твое, во место, кое Ти, Господи, си го приготвил за живеалиште Свое, во светилиштето создадено со рацете Твој, Господи!
18. Господ ќе царува секогаш и во вечност.
19. Кога коњите Фараонови со колите негови и со коњаниците негови влегоа во морето, Господ ги поврати врз нив водите морски: а синовите Израилеви поминаа по суво среде море.”
20. И пророчицата Маријам, сестрата Аронова, зеде тимпан во раката своја, а по неа излегоа сите жени со тимпани и во хор.
21. И запеа Маријам пред нив: “Пејте Му на Господа, зашто славно се прослави: коњот и коњаникот в море ги фрли.”
22. Потоа ги изведе Мојсеј синовите Израилеви од Црвеното Море, и тие се упатија во пустињата Сур; и одејќи низ пустињата три дена не најдоа вода за пиење.
23. Дојдоа во Мера, но не можеа да пијат вода во Мера, зашто беше горчлива; затоа и го нерекоа тоа место Мера.
24. Тогаш народот почна да вика против Мојсеја, велејќи: “Што ќе пиеме?”
25. Извика Мојсеј кон Господа, и Господ му покажа дрво. Тој го фрли дрвото во вода, и водата стана слатка. Таму му даде наредби и закони, и таму го подложи на испитание.
26. И му рече: “Ако го послушаш добро гласот на Господа твојот Бог, ако правиш, што е угодно пред очите Негови, ако ги слушаш заповедите Негови, ако ги пазиш сите наредби Негови, нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет. Зашто Јас сум Господ, Бог твој целител.”
27. Потоа стигнаа во Елим; таму имаше дванаесет извори и седумдесет палми; и сите се утаборија тука крај водите.

16. Потполошки и мана.

1. Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите Израилеви дојде во пустињата Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од земјата Египетска.
2. И почна да се буни целата заедница на синовите Израилеви против Мојсеја и против Арона.
3. И им рекоа синовите Израилве: “О, да бевме умреле од раката Господова во земјата Египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Не’ изведовте овде во оваа пустиња, за да го умрете целово ова множество со глад.”
4. А Господ му рече на Мојсеја: “Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го испитам ќе постапува ли според законот Мој или не;
5. а во шестиот ден кога ќе го зготват она, што го собрале, и тоа ќе биде двојно од она, што го собираат секој ден.”
6. Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот збор на синовите Израилеви: “Вечерва ќе познааете дека Господ ве изведе од земјата Египетска,
7. а утре ќе ја видите славата Господова; зашто Господ го чу негодувањето ваше против Бога. Што сме ние, та да се буните против нас?”
8. Потоа рече Мојсеј: “Вечерва Господ ќе ве даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; оти го чу Господ повикот ваш, што го дигнавте против Него. Кои сме ние? Вашиот повик не е против нас, туку против Бога.”
9. И му рече Мојсеј на Арона: “Кажи му на целото општество на синовите Израилеви -,застанете пред Бога, зашто Он го чу повикот ваш.”
10. И кога Арон му зборуваше на целото општество на синовите Израилеви, тие погледнаа кон пустињата, а тоа – славата Господова се појави во облак.
11. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12. “Го чув негодувањето на синовите Израилеви. Кажи им и речи: ‘Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, Бог ваш.’“
13. Вечерта долетаа потполошки и го прекрија таборот; а утрината беше паднала роса околу таборот.
14. И, ете, кога се крена росата, а тоа – по пустињата лежи нешто ситно, како коријандер, зрнесто, бело како слана по земјата.
15. И кога видоа синовите Израилеви, си велеа еден на друг: “Што е ова?” Оти не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: “Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.”
16. Еве како заповеда Господ: “Собирајте од него, секој колку што му треба за јадење – по еден гомор на лице, според бројот на членовите ваши; секој од вас со домашните собирајте.”
17. И направија така синовите Израилеви: собираа кај повеќе кој помалку.
18. Па мереа со гомор; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помалку, – немаше недостиг; секој собра онолку, колку што му требаше,
19. и им рече Мојсеј: “Никој да не остава од тоа за утре!”
20. Но тие не го послушаа Мојсеја, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа мувлоса и се смириса. И се налути Мојсеј на нив.
21. И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што имаше потреба; а кога сонцето ќе изгрееше, маната се топеше.
22. А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе – по два гомора за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеја.
23. А Мојсеј им рече: “Еве ја заповедта што ја кажа Господ – утре е саботен ден, свет одмор за Господа; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и пазете го за утре!”
24. И оставија од него за утре, оти како што заповеда Мојсеј, и тоа не се смириса, ниту имаше црвја во него.
25. И рече Мојсеј: “Јадете го тоа денес, бидејќи е денес сабота посветена на Господа; денес нема да најдете мана во полето.
26. Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе ја нема.”
27. И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа.
28. А Господ му рече на Мојсеја: “До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?
29. Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој на своето место, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.”
30. И се одмараше народот седмиот ден.
31. И синовите Израилеви тој леб го нарекоа мана. Тоа беше као семето коријандрово, бело, а по вкус како медено колаче.
32. Тогаш им рече Мојсеј: “Еве што заповеда Господ: ‘Наполнете еден гомор мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевете и со кој ве хранев во пустињата, кога ве изведов од земјата Египетска.”
33. И му рече Мојсеј на Арона: “Земи златен сад и стави во него еден гомор мана, и постави го пред Бога, за да се пази од колено до колено ваше.”
34. И го постави Арон пред ковчегот на сведоштвото, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
35. А синовите Израилеви јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана додека не стигнаа до границата на земјата Хананска.
36. А гоморот е десетти дел од ефа.

17. Децата Израилеви пијат вода од карпа. Победа над Амаликијците.

1. И се крена целото општество на синовите Израилеви, од пустињата Син, по заповедта Господова, и се задржаа во Рафидин; а таму немаше вода да пие народот.
2. И народот го укори Мојсеја, велејќи: “Дај ни вода да пиеме!” А Мојсеј им рече: “Зошто ме укорувате мене? Зошто Го искушувате Господа?”
3. и жеден беше за вода народот таму, па викаше против Мојсеја и велеше: “Зошто не изведе од Египет и нас, и синовите наши, и добитокот наш, за да не’ помориш со жед?”
4. А Мојсеј се обрна кон Господа и рече: “Што да правам со овој народ? Уште малку, па ќе ме каменуваат.”
5. Но Господ му рече на Мојсеја: “Излези пред народот, и поведи ги со себе старешините народни, земи го во раката и стапот свој, со кој го раздвои морето, па појди.
6. А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорив пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие.” И направи Мојсеј така пред синовите Израилеви.
7. И тоа место го нарече Маса и Мерива, поради подбивот на синовите Израилеви што Го искушуваа Господа, велејќи: Дали е Господ меѓу нас, или не е?”
8. Но тогаш дојдоа Амаликијците и се биеја против Израилците во Рафидин.
9. А Мојсеј, пак, му рече на Исуса: “Избери си луѓе силни, па излези и бори се утре против Амаликијците; а јас ќе застанам на врвот од гората и стапот Божји ќе ми биде в рака.”
10. И направи Исус, како што му рече Мојсеј, и излезе против Амаликијците; А Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот од гората.
11. И кога Мојсеј ги креваше рацете угоре – надвладуваа Израилците, а кога ги спушташе рацете – надвладуваа Амаликијците.
12. Но рацете на Мојсеја му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор ми ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот – од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце.
13. И го победи Исус Амалика и неговиот народ со остар меч.
14. Потоа му рече Господ на Мојсеја: “Запиши го тоа за спомен во книгата, и објасни му на Исуса да помни дека сосема ќе го избришам споменот за Амалика од под небото.”
15. Тогаш Мојсеј подигна жртвеник, и го нарече Јехова Ниси, односно Господ прибежиште мое,
16. “бидејќи, рече тој, рака се кренала на престолот Господен, Господ ќе војува против Амалика од колено на колено.”

18. Јотор го советува Мојсеја. Поставање судии.

1. А Јотор, свештеникот медијамски, тестот Мојсеев, чу за се што направи Господ за Израилот, народот Свој, како го изведе Господ Израилот од Египет.
2. И ја зеде Јотор, тестот Мојсеев, Сепфора, жената Мојсеева, која беше ја вратил,
3. и двата сина нејзини: на едниот името му беше Гирсам, оти Мојсеј велеше: “Придојден сум во земја туѓа,”
4. а на вротиот името му беше Елиезер, бидејќи рече: “Бог на таткото мој ми се најде на помош и ме избави од рацете Фараонови.”
5. И Јотор, тестот Мојсев, тргна со синовите негови и со жената негова при Мојсеја во пустињата, каде што се беше утаборил на планината Божја,
6. па го известија Мојсеја, велејќи: “Ете, тестот твој Јотор, иде кај тебе, иде и жената твоја, и обата сина нејзини со неа.”
7. И Мојсеј му излезе во пресрет на тестот свој и му се поклони, и го целива; па откако се поздравија еден со друг, го воведе Мојсеј под шаторот свој.
8. И му раскажа Мојсеј на тестот свој за се што направи Господ со Фараонот и со сите Египтјани поради Израилците, и за сите тешкотии што ги снајдуваа патем, и како Господ ги избави од рацете Фараонови и од рацете египетски.
9. И се зарадува Јотор за сите добрини што му ги направи Господ на Израилот, спасувајќи го од рацете на Египтјаните и од рацете Фараонови.
10. Тогаш Јотор рече: “Нека е благословен Господ, Кој ве избави од рацете на Египтјаните и од рацете Фараонови!
11. Сега знам дека е Господ поголем од сите богови, и тоа токму во она, со што тие се превознесуваат.”
12. Потоа Јотор, тестот Мојсеев, Му принесе на Бога сепаленица и жртви. Тогаш дојде и Арон и сите старешини Израилеви, и јаде леб со тестот Мојсеев пред Бога.
13. А утредента седна Мојсеј да му суди на народот; и сиот народ стоеше пред Мојсеја од утрото до вечерта.
14. И Јотор, гледајќи се’ што прави со народот, рече: “Што правиш така со народот? Зошто само ти седиш, а сиот народ стои од утро до вечер?”
15. А Мојсеј му одговори на тестот свој: “Народот доаѓа при мене за да бара суд од Бога.
16. Кога ќе им се случи некоја работа, тие доаѓаат при мене, и јас пресудувам помеѓу нив, а има меѓу нив недоразбирања, и им ги кажувам наредбите Божји и Законот Негов.”
17. Но тестот Мојсеев му рече: “Не е добро тоа, што го правиш ти.
18. Ќе се измориш и ти и сиот народ, кој е со тебе; оти таа работа е многу тешка за тебе; ти сам не можеш да ја извршуваш.
19. Туку послушај ме сега и ќе те посоветувам, и Бог ќе биде со тебе; ти биди посредник пред Бога за народот, и работите нивни соопштувај Му ги на Бога:
20. Учи ги на наредбите Божји и на законит Негов, и покажувај им го патот Негов, по кој треба да одат и делата што треба да ги вршат.
21. А ти од сиот народ одбери способни луѓе, кои се плашат од Бога; луѓе справедливи, кои мразат горделивост, па постави ги над нив како илјадници, стотници, педесетници, десетници и писари.
22. Тие нека му судат на народот во секое време и да те известуваат за секое потешко дело; а за сите мали работи тие самите нека пресудат. Така ќе ти биде полесно и тие тебе ќе ти помагаат.
23. Ако го направиш тоа, и Бог ти го одобри тоа, тогаш ќе можеш да истраеш, и сиот тој народ ќе си оди мирно во своето место.”
24. И го послуша Мојсеј тестот свој, и направи се, како што му рече.
25. И избра Мојсеј од сиот Израил луѓе способни, па ги постави: илјадници, стотници, педесетници и десетници.
26. И тие му судеа на народот во секое време, а за тешките работи му кажуваа на Мојсеја; за сите мали работи, пак, судеа сами.
27. Потоа го ослободи Мојсеј тестот свој, и тој си отиде во земјата своја.

19. Бог се јавува на гората Синајска. Подготвување за давање закон.

1. Во првиот ден од третиот месец, откако излегоа синовите Израилеви од земјата Египетска, во ден на млад месец, стигнаа во пустињата Синајска.
2. Кревајќи се од Рафидин, дојдоа во пустињата Синајска, и се утабори Израил таму спроти гората.
3. И Мојсеј се искачи на гората при Бога, и го повика Бог, велејќи: “Кажи му на домот Јаковов, и извести ги синовите Израилеви:
4. ‘Сами видовте што им направив на Египтјаните и како ве изнесов, како на крилја орлови ве приведов при Себе.
5. Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела.
6. И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет.’ Тоа се зборовите, што ќе им ги кажеш на синовите Израилеви.”
7. Потоа Мојсеј дојде и ги повика старешините народни; и им ги изложи сите овие зборови, што им ги заповеда Господ.
8. И сиот народ одговори еднодушно и рече: “Се што рекол Господ ќе направиме и ќе послушаме.” Тогаш Мојсеј му ги соопшти на Господа зборовите народни.
9. А Господ му рече на Мојсеја: “Еве, Јас ќе дојдам кај тебе во столб облачен, за да чуе народот, како ќе зборувам со тебе, па да ти поверува засекогаш.” Оти Мојсеј му ги беше соопштил на Господа зборовите народни.
10. И му рече Господ на Мојсеја: “Слези од гората при народот и објасни им и очисти го денес и утре, и нека ги исперат облеките свои;
11. и нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на гората Синајска пред сиот народ,
12. а ќе поставиш граници за сиот народ од сите страни и ќе им кажеш: ‘Пазете да не се качувате на планината и да не се допирате до подножјето нејзино; секој, кој ќе се допре до гората, ќе биде предаден на смрт.
13. Никаква рака да не се допре до неа, туку со камења да биде убиен или со стрела да биде застрелан; добиток ќе е или човек, жив да не остане. А кога трубата ќе затруби отегнато, кога облакот ќе се крене од планината, тогаш ќе можат да се качат на гората.’“
14. И Мојсеј слезе од гората кај народот; и го очисти народот, и тие ги испраа облеките свои.
15. И му рече на народот: “Бидете готови и за три дни не приближувајте се до жените!”
16. А третиот ден, пред осамнувањето, загрме и молњи засветкаа, и настана густ облак над гората Синајска, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ, кој беше утаборен.
17. Тогаш Мојсеј го изведе народот од таборот, за да Го пресретне Бога, и застана во подножјето на гората.
18. А гората Синајска целата беше во дим, зашто Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка, и се уплаши сиот народ;
19. и гласот на трубата стануваше се посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше гласно.
20. И Господ слезе на гората Синајска, на врвот од гората, и го повика Господ Мојсеја на врвот од гората. Мојсеј се искачи.
21. Тогаш Бог му рече, велејќи: “Слези и кажи му на народот да не навалува за да Го види Господа, та да не изгинат мнозина од нив;
22. а свештениците, кои Му пристапуваа на Господа Бога, нека се осветат, за да не ги погуви Господ.”
23. Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: “Не ќе може народот да се качи на планината Синајска, бидејќи Ти изрично не опомена, велејќи – омеѓи ја гората и освети ја.”
24. Но Господ му рече: “Оди, слези, па тогаш качете се ти и Арон по тебе; а свештениците, пак, и народот нека не се трукаат да се качат при Господа, за да не ги погуби.”
25. И слезе Мојсеј кај народот и им објасни.

20. Десетте свети заповеди.

1. Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи:
2. “Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството.
3. Немој да имаш други богови освен Мене!
4. Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата;
5. немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат;
6. Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.
7. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово.
8. Помни го денот саботен, за да го празнуваш.
9. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои;
10. а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе.
11. оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.
12. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.
13. Не убивај!
14. Не врши прељуба!
15. Не кради!
16. Не сведочи лажно против својот ближен!
17. Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!”
18. И сиот народ ги слушаше молњите и гласот на трубата што трубеше и ја гледаше гората што се димеше; и како се исплашија, сите луѓе отстапија и се оддалечија малку.
19. Па му рекоа на Мојсеја: ”Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.”
20. А Мојсеј им рече: “Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.”
21. И народот стоеше подалеку, а Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог.
22. И му рече Господ на Мојсеја: “Вака кажи му на домот Јаковов и извести ги синовите Израилеви: ‘Вие видовте како Јас зборував со вас од небото.’
23. Не правете си сами богови сребрени, ниту богови златни, не правете сами за себе.
24. Направете ми жртвеник од земја и на него принесувајте ми жртви сепаленици и жртви спасителни; овци и јунци ваши, на секое место, каде што ќе определам да се спомнува името Мое, ќе дојдам кај тебе и ќе те благословам.
25. Ако ми направиш жртвеник од камен, немој да го ѕидаш со делкан камен; зашто, штом ќе повлечеш по него со сечиво, ќе го оскверниш.
26. И да не се качуваш по стапалата до жртвеникот Мој, за да не се открие на него голотијата твоја.”

21. Закон за ропството, убиството и телесните повреди.

1. А ова се законите, што ќе им ги објавиш:
2. “Ако купиш роб Евреин, шест години нека ти служи, а седмата нека си оди слободен, без откуп;
3. ако дошол сам, сам нека си оди; а ако има жена, нека оди и жената со него;
4. ако, пак, неговиот господар му дал жена, и таа му родила синови или ќерки, жената и децата нека останат на господарот негов, а тој нека си оди сам;
5. но, ако робот одговарајќи, рече: ‘Го сакам господарот мој, жената моја, и децата мои; не сакам да одам и да бидам слободен.’
6. тогаш таквиот господарот негов нека го доведе пред судот Божји и нека го постави пред вратата или на прагот и таму господарот негов да му го продупчи увото со шило, та да му остане вечен роб.
7. Ако некој ја продаде ќерката своја за робинка, таа да не си оди како што одат робинките;
8. ако не му се свиди на годподарот нејзин, за која ветил дека ќе ја земе за жена, нека ја отпушти. Но нема право господарот да ја продаде на туѓ народ, кога сам ја отфрлил;
9. ако, пак, ја свршил за синот свој, нека ѝ го даде правото, што го имаат ќерките;
10. ако земе друга за себе, првата не смее да ја лиши од храна, облека и сопружничка должност.
11. Не и’ направи ли една од овие три работи, тогаш нека си оди од него дарум, без откуп.
12. Кој ќе удри човек и тој умре, со смрт да се казни.
13. Но, ако тоа не го направи намерно, а Бог допуштил да падне во негови раце, тогаш ќе ти определам место, каде што може да побегне убиецот.
14. Ако некој, пак, намерно го нападне својот ближен, со цел да го убие на измама, и се засолни при жртвеникот Мој, одвлечи го и од жртвеникот Мој, за да умре.
15. Кој ќе го удри таткото свој или мајката своја, да се погуби.
16. Кој го злоставува таткото свој или мајката своја, со смрт да се казни.
17. Ако некој украде некого од синовите Израилеви и го продаде или се најде во негови раце, откако го заробил, со смрт да заврши.
18. Кога двајца мажи се скараат, па еден од нив удри друг со камен или со тупаница, но тој не умре, туку легне во постела,
19. па, кога ќе стане, макар и со стап да се потпира, на оној што удрил нека му е просто; само денгубата да му ја надомести и за лекувањето да плати.
20. А кој ќе удри роб свој или робинка своја со стап, и тие умрат од неговата рака, нека биде виновен пред судот;
21. но, ако тие преживеат ден или два, да не е виновен, бидејќи тие се негов имот.
22. Кога луѓето се бијат, па некој од нив удри бремена жена, така што таа пометне, но не дојде до смрт, да плати глоба, колку ќе определи мажот на жената; а да и’ плати колку и’ припаѓа;
23. ако, пак, плодот бил оформен, тогаш нека се даде живот за живот;
24. око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога,
25. изгоретина за изгоретина, рана за рана, повреда за повреда.
26. Ако некој го удри робот свој во окото, или робинката своја во окото, и ги ослепи, да ги пушти на слобода заради окото;
27. или, ако му скрши заб на робот свој, или на робинката своја, да ги пушти на слобода заради забот.
28. Ако вол убоде маж или жена, па умре, волот да се отепа со камења и месото од него да не се јаде; но господарот на волот нема да биде виновен;
29. Но, ако волот бил и порано бодлив, а господарот негов знаел за тоа и не го пазел, па убие маж или жена, волот да се убие со камења, и господарот негов заедно со него да се предаде на смрт.
30. Ако, пак, му се наложи откуп за животот свој, нека плати откуп, колку што ќе му се определи.
31. Син ли прободе или ќерка, со него да се постапи според истиот закон.
32. Прободе ли, пак, волот роб, или робинка, тогаш на господарот нивни да му се платат триесет сикли сребро, а волот да се убие со камења.
33. Ако некој открие јама, или пак ископа јама и не ја покрие, и падне во неа јунец или осел,
34. сопственикот на јамата треба да ги надомести; на господарот ќе му даде сребро, а трупот тогаш ќе биде негов.
35. Кога нечиј вол смртно убоде вол на друг човек, и тој умре, тогаш да го продадат волот жив и парите да ги поделат, а исто така да го поделат и убиениот вол;
36. ако, пак, се знаело од порано, дека волот бил бодлив, и му е кажано на господарот негов, а тој не го пазал, да даде вол за вол, а убиениот нека му остане нему.

22. Закон против оштетување имот на својот ближен, против угнетување на сиромашни луѓе.

1. Ако некој украде јунец или овца и ја заколе, или ја продаде, да даде пет јунци за еден јунец и четири овци за една овца.
2. Ако се фати крадец, како поткопува и ранет умре, тоа не се смета за убиство.
3. Но, ако сонцето веќе се појавило над него, виновен е за крв. И крадецот штетата мора да ја надомести. А, ако нема ништо, тогаш тој треба да биде продаден за својата кражба.
4. Ако кај фатениот се најде она, што го украл, во неговата рака живо, било осел или овца, да го врати двојно.
5. Ако некој уништи нива, или лозје, пуштајќи го добитокот свој да пасе во туѓа нива, да ја надомести штетата за целата нива, да надомести со најдоброто од својата нива и најдоброто од своето лозје според плодот од својата нива; ако ја уништи.
6. Ако се појави оган, па тој го зафати трњето, и се запали гумното, или класјето или нивата, оттогаш оној, кој го предизвикал пожарот, да плати.
7. Кога некој му даде на ближниот свои пари или предмети на чување, и тие бидат украдени од домот негов, крадецот, ако се фати, ќе плати двојно;
8. во случај, пак, крадецот да не се фати, тогаш сопственикот на куќата нека се јави пред Бога, па нека се заколне дека тој не посегнал врз имотот на ближниот свој.
9. За секоја изречена неправда: за јунец, осел, овца, облека, за секој изгубен предмет, за кој некој рече дека е негов, нивниот спор треба да дојде пред Бога: па кого ќе го осуди Бог, тој нека му плати на ближниот двојно.
10. Ако некој му даде на чување на ближниот свој осел, или јунец, или овца, или некој друг добиток, и тој добиток пцовиса, или загине, или, пак, биде запленет, а никој да не го види,
11. тогаш меѓу нив нека одлучи клетвата пред Господа, дека оној не посегнал врз имотот на својот ближен, и ако сопственикот така го прими, не се надоместува;
12. ако, пак, му биде украден, тогаш нека му плати на сопственикот негов.
13. А ако е изеден од ѕверка, да донесе доказ за тоа и да не плаќа ништо.
14. Ако некој од ближниот свој добие на услуга – живинче, па тоа загине или пцовиса, или биде загинато, а сопственикот не бил со него, ќе мора да се плати;
15. но, ако сопственикот биде со него, да не се плаќа. Ако бил момок, да го плати само наемот.
16. Кој измамил несвршена девојка, и биде со неа, да ја дарува и да ја заме за жена;
17. а ако таткото нејзин одбие и не сака да му ја даде, да одмери сребро на татка ѝ колку што следува за мираз на девојката.
18. Вражачи да не оставате живи.
19. Кој ќе згреши со добитокот, со смрт да се казни.
20. Кој принесува жртви на други богови, освен на Единиот Господ, со смрт да се истреби.
21. На придојден немој да му правиш неправда, ниту да го угнетуваш, зашто и вие бевте придојдени во земјата египетска.
22. Не навредувајте ни вдовици ни сираци;
23. ако ги навредиш и тие, негодувајќи се обрнат кон Мене, ќе го чујам повикот нивни,
24. и ќе се распали гневот Мој, па со меч ќе ве убијам, и жените ваши ќе останат вдовици, и децата ваши – сираци.
25. Кога на заем ќе дадеш пари на некој сиромашен брат што е при тебе, не присилувај го и не наложувај му лихва.
26. Ако земеш во залог облека од пријателот твој, врати му ја до зајдисонце;
27. оти таа му е покривка, таа му е едина облека на телото негово: со што ќе спие? И кога ќе повика кон Мене, Јас ќе го чујам, бидејќи сум милостив.
28. Немој да ги злоставуваш судиите, ни за старешините на твојот народ да не зборуваш лошо.
29. Не воздржувај се да ги принесеш првите плодови од жетвата и лозјето; дај Ми ги првородените од синовите твои.
30. Така и со јунецот твој, и со овцата твоја, и со оселот твој; седум дена нека бидатпри мајката своја, а во осмиот ден дај Ми ги Мене.
31. И ќе Ми бидете свет народ. Затоа и месо од растргнато животно да не јадете; фрлај им го на кучињата.”

23. Законот за правдата и љубовта спрема ближниот. Изгонување на Хананејците.

1. Не примај лажни изјави; не мешај се со неправедни, за да сведочиш криво.
2. Не оди со мнозинството на зло и не согласувај се со мнозинството против правдата, поведувајќи се по мнозинството.
3. На сиромавиот со неговиот спор не гледај што е сиромав.
4. Ако сретнеш вол на непријателот, или осел заскитан, одведи го кај него.
5. Ако видиш дека на непријателот твој му паднал оселот под товарот негов, немој да го одминуваш, но да му помогнеш да се крене со него.
6. Немој да ја извртуваш правдата на сиромавиот твој во спорот негов.
7. Оддалечувај се од неправдата и не убивај невин праведен, бидејќи Јас нема да го оправдам беззаконикот.
8. Не земај подароци, зашто подароците ги заслепуваат очите на оние што гледаат и ги извртуваат делата на праведните.
9. Не навредувајте и не вознемирувајте придојден: вие знаете каква му е душата на придојдениот, оти и самите бевте придојдени во земјата Египетска.
10. Шест години сеј ја земјата своја и собирај ги плодовите нејзини,
11. а седмата – остави ја нека отпочине, за да се хранат сиромасите на твојот народ; а со она, што ќе остане по нив, нека се хранат ѕверовите полски; така прави и со лозјето твое и со маслинарникот твој.
12. Шест дена врши ги работите свои, а во седмиот ден отпочини, за да здивне волот твој и ослето твое, и да се одмори синот на робинката твоја, како и придојдениот.
13. Пазете го сето она, што ви го кажав. Не спомнувајте ги имињата на туѓите богови; ова да не се чуе од устата ваша.
14. Трипати годишно прославувај Ме со празник:
15. пази го празникот Бесквасници; седум дена јади бесквасни лебови, како што ти заповедав, во определеното време во месецот Авив, зашто во тој месец си излегол од Египет; да не се јавуваш пред Мене празен;
16. и празникот на жетвата од првите плодови од твојот труд, што си ги посеал на нивата твоја, и празникот на брањето плодови на крајот од секоја година кога го собираш трудот свој од нивните твои.
17. Трипати преку годината сите твои од машки пол треба да се јавуваат пред Господа, твојот Бог.
18. Крвта од жртвата Моја да не се излива врз леб, и месото од Мојата празнична жртва да не се остава до изутрина, кога ќе ги истераш незнабошците од пред тебе и ги прошириш пределите свои.
19. Првите плодови од жетвата на земјата твоја принесувај ги во домот на Господа, твојот Бог. Немој да вариш јагне во млеко од мајката негова.
20. Еве, Јас го праќам пред тебе Ангелот Мој, за да те пази по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил.
21. Пази се и послушај Го и не противи Му се, оти и Он нема да ви го прости гревот, бидејќи името Мое е во Него.
22. Ако го послушаш гласот Мој и извршуваш си што ќе ти заповедам, и го пазиш заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи; Моја е целата земја, а вие ќе Ми бидете царско свештенство и народ свет. Овие зборови да им ги кажеш на синовите Левиеви, свештениците; и ако го послушате гласот Мој, и ако го извршувате се’ она што ќе ви речам, ќе им бидам непријател на непријателите твои и противник на противниците твои.
23. Кога Ангелот Мој ќе појде пред тебе и те одведе во земјата на Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците, и Јас ќе ги истребам пред лицето ваше.
24. Немој да им се клањаш на боговите нивни, ни да им служиш, ниту да правиш што тие прават, туку урни ги ликовите нивни уништи ги.
25. Служи Му на Господа, твојот Бог, па ќе го благословам лебот твој, и виното твое, и водата твоја; и ќе отстранам од вас секакви болести.
26. Бездетни и неплодни нема да има во земјата твоја; а ќе направам бројот на деновите твои да бидат полни.
27. И ќе го пуштам ужасот Мој што те води, и ќе го уплашам секој народ, на кој ќе наидеш, и ќе ги свртам кон тебе грбовите на сите непријатели твои.
28. Ќе пратам пред тебе и стршлени, и ќе ги изгонам Аморејците, Евејците, Хананејците, Јевусејците и Хетејците.
29. Нема да ги истерам пред тебе за една година, за да не се запусти земјата и ѕверовите полски да не се размножат против тебе.
30. Малку по малку ќе ги изгонувам пред тебе, додека не се намножиш и не завладееш со земјата.
31. И ќе ти ја поставам границата твоја од Црвеното до Филистејското Море, и од пустињата до големата река Ефрат, и ќе ви ги предадам во рацете оние, кои живеат во таа земја, за да ги истераш пред тебе.
32. Не мешај се со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет.
33. Да не останат во земјата твоја, за да не те наведат на грев против Мене; зашто, ако им служиш на боговите нивни, тие ќе ти бидат соблазан за тебе.”

24. Книгата на заветот и заветната жртва. Свештениците и старешините Го гледаат Господа. Мојсеј повторно се качува на гората.

1. И му рече Бог на Мојсеја: “Качи се при Господа ти и Арон, Надав и Авиуд и седумдесетте старешини Израилеви и поклонете Му се оддалеку на Господа;
2. и да пристапи Мојсеј сам до Господа, но тие, пак, да не пристапуваат, и народот со нив да не се искачува.”
3. Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: “Сите зборови што ги кажал Господ ќе ги помниме и ќе слушаме.”
4. И ги напиша Мојсеј сите зборови Господови, па станувајќи утредента рано, подигна жртвеник под гората, и дванаесет столбови за дванаесетте Израилеви племиња,
5. и прати младичи од синовите Израилеви, и тие принесоа жртви сепаленици и жртви мирни на Господа Бога.
6. Потоа Мојсеј зеде половина од крвта и ја налеа во чаша, а другата половина од крвта ја изли на жртвеникот;
7. па ја зеде книгата на заветот и му ја прочита гласно на народот, а тие рекоа: “Се’, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни.”
8. Тогаш Мојсеј ја зеде крвта, и го попрска со неа народот, велејќи: “Ова е крвта на заветот, кој го постави Господ со вас за сите оние зборови.”
9. И се искачија потоа Мојсеј и Арон, Надав и Авиуд, и седумдесетте старешини Израилеви горе
10. и го видоа местото каде што стоеше Бог Израилев; а подножјето Негово како да беше од Камен сафир, со сјај како сводот небески по чистота.
11. И не се повреди никој од избраните меѓу синовите Израилеви: тие Го видоа местото на Бога, па јадеа и пиеја.
12. И му рече Господ на Мојсеја: “Качи се при Мене на гората и остани тука; ќе ти дадам камени плочи со закон и заповеди, што ги напишав за да им бидат закон.”
13. Тогаш стана Мојсеј со Исуса, неговиот помошник, и се искачија на гората Божја,
14. а на старешините им рекоа: “Почекајте тука во молчење додека се вратиме при вас; а, ете, Арон и Ор се со нас, па, ако има некој нешто за судење, нека оди при нив.”
15. И се искачи Мојсеј на гората, а облак ја покри планината,
16. и беше слава Господова на гората Синајска; и облак ја покриваше шест дена; а во седмиот ден го повика Мојсеја пред облакот.
17. А славата Господова се гледаше како оган што гори на врвот од гората пред синовите Израилеви.
18. И Мојсеј влезе среде облакот и се качи на гората; и остана таму Мојсеј четириесет дена и четириесет ноќи.

25. Пролози, ковчегот и поклопецот, маса за лебовите и свеќник.

1. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2. “Кажи им на синовите Израилеви да Ми соберат прилог: земете прилог кој од драго срце Ми дава.
3. А прилогот што ќе го земете од нив да биде: злато, сребро и бакар;
4. преѓа сина, црвена и темноцрвена како вткаен висон и козина;
5. и убави кожи овнешки црвени, кожи сини и дрво ситим;
6. масло за светење, и мириси за маслото за помазание и за мирисно кадило;
7. камења оникс и камења за украсување на ефодот и наградникот.
8. Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам.
9. Се’, како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите нејзини сосуди – така да направат.
10. Направи ковчег на сведоштвото од дрвото ситим, во должина од два лакта и пол, а во ширина на еден и пол лакот, и во висина еден и пол лакот;
11. и позлати го со чисто злато: позлати го одвнатре и однадвор; направи му златен венец околу врвот;
12. и излиј за него четири алки од злато, и постави ги на четирите негови страни: две алки од едната страна и две алки од другата страна.
13. Направи од дрвото ситим лостови, позлати ги со чисто злато,
14. и провлечи ги лостовите низ алките од обете страни на ковчегот, за да се носи на нив ковчегот;
15. лостовите во алките на ковчегот нека стојат, да не се вадат од нив.
16. А во ковчегот положи ги сведоштвата, што ќе ти ги дадам.
17. Направи исто така и очистилиште – поклопец од чисто злато, долго два лакта и пол, а широко еден и пол лакот.
18. И направи два херувима од злато, леани направи ги и постави на двата краја од поклопецот;
19. да се направат херувими: еден од една страна, а втор од друга страна на поклопецот; направи два херувима на обете страни;
20. херувимите да бидат со крилата угоре, та со крилата да го засолнуваат поклопецот, а со лицата свртени еден спроти друг; лицата на херувимите нека бидат свртени кон очистилиштето.
21. И стави го поклопецот одозгора над ковчегот, а во ковчегот положи ги сведоштвата, што ќе ти ги дадам Јас:
22. и тука, над поклопецот, меѓу двата херувима, кои ќе бидат над ковчегот на сведоштвото, ќе ти се јавувам тебе и отаде ќе ти зборувам тебе и за си ќе им заповедам преку тебе на синовите Израилеви.
23. Направи и трпеза од дрвото ситим: долга два лакта, а широка еден лакот, висината да и е лакот и половина.
24. И позлати ја со чисто злато, а направи и златен венец наоколу:
25. и направи пораб и на венецот наоколу исто;
26. а направи за неа и четири алки од злато, и прицврсти ги алките на четирите страни од нејзините четири нозе, под венецот;
27. на страниците нека има алки, за да можат во нив да се стават лостови, па трпезата со нив да се подигнува;
28. направи ги лостовите од дрвото ситим и позлати ги со чисто злато; и со нив ќе се крева трпезата.
29. Направи за неа чинии, кадилници, чаши и црпки, со кои ќе се врши преливање; а ќе ги направиш од чисто злато.
30. На трпезата поставувај ги секогаш лебовите принесени пред Мене.
31. И направи светилник од чисто злато; светилникот нека биде излеан; неговиот столб, неговите гранки и чашки со јаболкца и неговите цветови – и сите тие на него нека бидат;
32. шест гранки нека излегуваат од страните: три гранки од едната страна на светилникот, а три гранки од другата страна на светилникот;
33. три чашки во облик на оревче, со јаболче и цветови нека има едната гранка, и три чашки како бадемов цвет, со јаболче и цветови на другата гранка; и така нека има на шесте гранки, што излегуваат од светилникот,
34. а на самиот светилник нека има четири чашки во вид на орев, јаболкца и цветови;
35. едно јаболче под две гранки, од него, и едно јаболче под другите две гранки, од него, и едно јаболче од другите две гранки, така нека има шест гранки што излегуваат од светилникот, и на светилникот четири чашки во вид на орев.
36. Јаболчињата и гранките нивни од него треба да излегуваат; целиот да биде излеан од чисто злато.
37. И направи му седум кандила, и стави ги кандилата негови да светат од предната негова страна;
38. а и штипките и пепеларките за нив нека бидат од чисто злато направени;
39. од талант чисто злато да ги направиш сите тие сосуди.
40. И гледај да ги направиш според образецот, што ти беше покажан на планината.”

26. Скинијата.

1. “Направи и скинија од десет платништа: од ткаен висон, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина; да направиш и херувими – извезена изработка.
2. Должината на секое платниште нека е дваесет и осум лакти, додека ширината на секе платниште – четири лакти; таа мерка да биде за сите платништа.
3. Петте платништа нека се придржуваат едно со друго, а петте други платништа нека се држат едно со друго.
4. И направи сини врвки по работ на првото платниште, од едната страна за соединување; така направи и по работ на последното платниште: каде што ќе се соединуваа двете половини;
5. педесет врвки направи на едно платниште, и песедет врвки направи по работ на другото платниште, каде што ќе се соединуваат со следното; да бидат едни спроти други, за да можат да се врзуваат.
6. Направи и педесет кукучки од злато и со кукичките соедини го едното платниште со другито; и така скинијата ќе биде целосна.
7. Потоа направи платништа од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи.
8. Едното платниште да е долго триесет лакти, а широко секои платниште, четири лакти; таа мерка да биде за сите единаесет платништа.
9. И соедини ги петте платништа одделно, и шестте платништа одделно; шестото платниште кон влезот во скинијата свиткај го вудве.
10. Направи и педесет врвки по работ на крајот од едното платниште, каде што ќе се соединат, и педесет кукички по работ на крајот од второто платниште, каде што ќе се соединуваат.
11. И направи кукички педесет од бакар и состави ги кукичките со врвките, па соедини ги платништата, за да биде целина.
12. А остатокот од платништата на скинијата превиткај го, нека биде таа половина спуштена над скинијата од задната страна;
13. остатокот, пак, од должината на платништата на скинијата – лакот од едната страна и лакот од другата страна – нека бидат спуштени од страните на скинијата – од едната и од другата страна, за да ја покриват.
14. И направи покрив над скинијата од кожи овнешки, црвено обоени, како и покривала од сини кожи – одозгора.
15. Направи и столбови за скинијата од дрвото ситим:
16. десет лакти нека биде долг секој столб, а лакот и половина широк еден столб;
17. на секој столб нека има по два клина – еден спроти друг; така направи на секој столб за скинијата.
18. Така направи столбови за скинијата: дваесет столбови од страната што е на југ,
19. а под дваесетте столбови направи четириесет подножја од сребро: две подножја на еден столб за обата краја негови, и две подножја под другиот столб за обата краја негови;
20. и дваесет столбови за другата страна на скинијата, од север,
21. со четириесет подножја сребрени: две подножја на еден столб и две подножја под друг столб.
22. А од задната страна на скинијата – што е од кај морето, направи шест столбови.
23. И направи два столба за аглите на скинијата од задната страна;
24. тие да бидат одоздола, а одозгора да се соединуваат со алка; така нека биде со двете; тие нека бидат за обата агла;
25. и така ќе има осум столба со шеснаесет подножја сребрени: по две подножја под еден столб, и по две подножја под друг столб – на обата краја негови.
26. Понатаму направи напречници од дрвото ситим, пет напречни столбови од едната страна на скинијата,
27. и пет напречници на столбот од другата страна на скинијата, и пет напречници на столбот од задната страна на скинијата, што е кон морето;
28. а средниот напречник да минува преку средината на столбот, од едниот крај до другиот.
29. Столбовите позлати ги со злато, а и алките за нив направи ги со злато, во кои ќе со провлекуваат напречниците; па и напречниците да ги позлатиш со злато.
30. Така ќе ја направиш скинијата според образецот, што ти беше покажан на планината.
31. И направи завеса од сина, црвена и од темноцрвена ткаенина и ткаен висон, и на неа нека има уметнички извезени херувими.
32. И закачи ја на четирите столба од дрвото ситим, опковани со злато, нивните врвови златни, а нивните подножја – сребрени.
33. Потоа обеси ја зевесата на кукички, и обеси ја така таму завесата до ковчегот на сведоштвото, и завесата ќе го одделува светилиштето од свјатаја свјатих.
34. И со завеса покриј го ковчекот на сведоштвото во свјатаја свјатих.
35. Намести и трпеза пред завесата и светилник спрема трпезата, од јужната страна на скинијата, а трпезата постави ја на северната страна.
36. И направи завеса за влезот во скинијата од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон.
37. За таа завеса ќе направиш пет столбови од дрвото ситим, опковани со злато и со врвови златни; па ќе им излиеш за нив и пет подножја од бронза.

27. За жртвеникот, дворот и светото масло.

1. Направи и жртвеник од дрвото ситим – пет лакти долг и пет лакти широк; четириаголен да биде жртвеникот и три лакти висок.
2. А на неговите четири агли направи им рогови, така што роговите да излегуваат од него; и опковај ги со бронза.
3. Потоа направи венец на жртвеникот, покров и чаши за темел и кадило; сите садови направи ги од бакар.
4. И направи му огниште од бакар во вид на мрежа, а на огништето од страните четири агли, направи и четири алки од бакар;
5. и стави ги под огништето на жртвеникот, за да зафаќа огништето до средината на жртвеникот.
6. Направи за жртвеникот лостови, лостови од дрвото ситим, и обви ги со бакар;
7. лостовите да се провлечат низ алките, така што лостовите да излегуваат од двете страни на жртвеникот, за да се носи.
8. Празен ќе го направиш од штици, однатре да биде празен; како што ти беше покажано на гората, така да го направиш.
9. Направи и двор на скинијата. На јужната страна направи завеси од ткаенина, и од висон, сто лакти во должина од едната страна;
10. а за двесетте нивни столбови и подножја од бакар – дваесет; кукичките за нивните столбови и врвовите нивни да бидат сребрени.
11. Исто така и од северната страна завесите да бидат сто лакти долги; и дваесет столбови за нив со дваесет подножја до бакар; кукичките нивни и врвовите на столбовите и подножјата нивни посребрени со сребро.
12. А и по ширина на дворот што е од кај морето да има зевеси, долги педесет лакти; со десет столбови и десет подножја за нив.
13. А на предната страна, кон исток, дворот треба да има завеси, од педесет лакти – со столбови десет и нивни подножја десет.
14. Од петнаесет лакти во висина нека бидат завесите од едната страна, и за нив три столба и три подножја под нив;
15. и од другата страна завеси, од петнаесет лакти, во висина со три столба за нив и три подножја под нив;
16. А за вратата на дворот завесата да е дваесет лакти во висина, од сина, црвена и темноцрвана ткаенина и со ткаен висон ишарана; и четири столба за неа, со четири подножја под нив.
17. Сите столбови за тремот наоколу треба да бидат опковани со сребро; и врвовите нивни да им се сребрени, а подножјата од бакар.
18. Во должина дворот да има сто лакти, во ширина по педесет насекаде, додека во висина пет лакти; ткаенина од висон, а подножјето од бакар.
19. Сите направи и сите орудија во скинијата за општа употреба и сите негови колчиња, и сите колчиња на дворот да се од бакар.
20. И заповедај им на синовите Израилеви да ти донесат елеј, маслинов, за горење, без талог, чист, да гори за светење, за да гори секогаш.
21. Ве скинијата на сведоштвото пред завесата, која е над ковчегот на откровението, Арон и синовите негови нека го палат, да гори пред Господа од вечер до утрина. Тоа нека е вечен закон за поколенијата на синовите Израилеви.”

28. Избор и свештенички одежди за Арона и неговите синови.

1. А ти земи го при себе Арона, братот твој, со синовите негови, за да Ми свештенодејствуваат; Арон и Надав, Авијуд, Елеазар и Итамар – синовите Аронови.
2. И направи му свети одежди на Арона, братот твој, за чест и слава.
3. И кажи им на сите надарени со ум, кои сум ги исполнил со дух на премудрост и расудување, за да му направат на Арона одежди, со кои ќе ми служи во светилиштето.
4. А ова се одеждите што треба да ги направат: наградник, ефод, наметка, везен хитон, кидар и појас. Нека направат свети одежди за Арона, и за синовите негови, во кои ќе Ми свештенодејствуваат.
5. Затоа и овие нека земат злато и ткаенина сина, црвена и темноцрвена и висон;
6. па нека направат ефод од висон ткаен, изработка шарено ткаена.
7. На него два нараменика нека има, кои се врзуваат на двата краја, за да се држат заедно.
8. И ткаењето на ефодот, кој е одозгора, нека биде иста изработка: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон.
9. И земи два камена смарагд, и изрежи ги на нив имињата на синовите Израилеви:
10. шесте имиња нивни на едниот камен, а другите шест имиња на вториот камен, според нивното племе;
11. со помошта на резбар, преку вешт каменорезец, кој длаби печати, ќе ги изрежеш на тие два камена имињата на синовите Израилеви.
12. Тие два камена потоа стави ги на нарамениците од ефодот, како камења за сопмен на синовите Израилеви: и Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви пред Господа на обете рамења за нивни спомен.
13. Направи и две рамки од чисто злато,
14. потоа две веришки од чисто злато ишарани, направи ги со цветови, па закачи ги плетените веришки на рамките, од нараменикот нивни однапред.
15. И градник судиски направи, везен, направи го како по составот на ефодот: од злато, од ткаенина сина, црвена и темноцрвана и од висон ткаен направи го;
16. четириаголен да биде, двоен, педа долг и педа широк;
17. нареди по него во четири реда скапоцени камења. Во првиот ред: сард, топаз и смарагд,
18. во вториот ред: антракс, сафир и јаспис;
19. во третиот ред: лигур, ахат и аметист;
20. во четвртиот ред: хрисолит, јаспис и оникс. Опточи ги со злато, а нека бидат поставени во златни рамки, да бидат на својот ред.
21. Тие камења со имињата на синовите Израилеви треба да бидат дванаесет, според имињата нивни: нека бидат врежани како печат, со по едно име од бројот на дванаесетте племиња.
22. И на наградникот стави веришки вити, исплетени од чисто злато.
23. Направи и две алчиња златни за наградникот, и двете алчиња прицврсти ги за двата краја на наградникот,
24. па провлечи ги двете златни веришки низ двете алчиња за краевите од наградникот,
25. а другите два краја од двете веришки закачи ги за двете копчиња и стави ги на нарамениците од ефодот, од предната страна.
26. Направи и уште други две алчиња златни, па стави ги на другите два краја од наградникот, од крај в крај на ефодот назад, одвнатре,
27. а направи и две златни алчиња, и прицврсти ги за двата нараменика на ефодот, одоздола, од неговата предна страна, каде што се соединува, над појасот.
28. Потоа алчињата на наградникот нека се врзат за алчињата на ефодот со сина врвка плетена од волна, та да не се одделува наградникот од ефодот.
29. А Арон нека ги носи имињата на синовите Израилеви преку наградникот судиски над срцето свое кога ќе влагува во светилиштето, за спомен пред Бога.
30. А во наградникот судиски стави ги Урим и Тумим; и тие ќе бидат на градите Аронови, кога влегува пред Госдпода; а Арон секогаш ќе го носи над градите свои судот на синовите Израилеви пред Господа.
31. Направи и наметка за ефодот, целата сина;
32. одозгора во средината нека има прорез за главата; и нека биде работ на прорезот наоколу опшиен со ширит ткаен, така што наметката да не се реси;
33. и по полите нејзини направи топченца од сина, црвена и темноцрвана ткаенина, и темен висон наоколку, а меѓу нив и златни ѕвончиња:
34. ѕвонче златно па топче, ѕвонче златно па топче по полите на наметката насекаде наоколу.
35. Неа ќе ја носи Арон, кога ќе служи, за да се слуша гласот од неа кога ќе влегува во светилиштето пред лицето на Господа, а и кога излегува, та да не умре.
36. А направи и плочка од чисто злато, и на неа изрежи како на печат “Светиња Господова”,
37. и да ја поставиш на сина ткаенина за кидарот, да стои од предната страна на кидарот;
38. да биде на челото Ароново, та Арон на себе да ги презема гревовите на приносите, што ги посветуваат синовите Израилеви од сите дарови, што му се принесуваат тие; и така, таа нека биде секогаш на Ароновото чело, за да бидат тие секогаш примени од Господа.
39. Направи и хитон од висон, и кидар од висон; а појасот направи го везен.
40. И на синовите Аронови направи им хитони, направи и кидари, и превивки за главата направи им, за чест и слава.
41. Во тоа облечи го Арона, братот твој, и синовите негови со него; помажи ги, исполни им ги рацете, и освети ги, за да ми бидат свештеници.
42. А направи им и долна облека од лен, да се покрие голотијата од телото нивно, од крстот до бедрата, нека биде,
43. и да ги носи Арон, и синовите негови, кога влегуваат во скинијата на сведоштвото, или кога пристапуваат кон жртвеникот за служба во светилиштето, за да не навлечат грев и не умрат. Тоа е вечен закон за него и за потомството негово по него.”

29. Осветување на свештениците и жртвеникот. Жртва секојдневна.

1. “А еве што да направиш над нив, за да ги посветиш за Мои свештеници да Ми свештенодејствуваат: земи теле од говедата и два овна здрави,
2. и весквасни лебови, замесени со масло, и питки бесквасни намачкани со масло; од брашно пченично направи ги.
3. Стави ги во една кошница, и принеси ги во кошницата, заедно со телето и двата овна.
4. Доведи го Арона и синовите негови пред влезот на скинијата на сведоштвото, и измиј ги со вода.
5. А откако ќе ги земеш светите одежди, облечи го Арона, братот твој, во хитон и во ефод, со ефодот и со наградникот и опаши го преку ефодот;
6. стави му ги на глава кидарот, а на кидарот прицврсти го венецот на светоста.
7. И земи елеј за помазание, излеј на главата негова и помажи го.
8. Потоа доведи ги синовите негови и облечи ги во хитоните.
9. И опаши ги со појаси, и стави им ги кидарите на главата, па свештенството нека им припаѓа вечно. Така ќе ги посветиш рацете на Арона и на неговите синови.
10. Потоа доведи го телето пред врата на скинијата на сведоштвото, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на телето, пред Господа.
11. И заколи го телето пред Господа, при вратата во скинијата на сведоштвото,
12. и земи крв од телето и со твојот прст помажи ги роговите на жртвеникот, а остатокот од крвта, сета излиј ја во подножјето на жртвеникот.
13. Потоа земи го сиот лој што ја обвива внатрешноста, кошулката на црниот дроб и обата бубрега со лојот околу нив, и запали ги на жртвеникот.
14. А месото од телето, кожата негова и нечистотиите изгори ги на оган надвор од таборот. Тоа е жртва за гревот.
15. Потоа земи го едниот овен, и Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои врз главата на овенот;
16. па заколи ги, земи крв од него и со неа полиј го жртвеникот од сите страни;
17. овенот, пак, исечи го на делови, измиј ја внатрешноста и нозете негови во вода, и стави ги расечените делови со главата,
18. и изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва сепаленица пред Господа за мирис благопријатен, жртва на Господа.
19. Земи го потоа и другиот овен, та Арон и синовите негови нека ги положат рацете свои на главата на овенот;
20. заколи ги и земи од неговата крв, па помажи го со неа крајчето од десното уво на Арона, и крајчето на десната рака на Арона, и крајчето и крајот од десното уше на синовите негови, а и палецот на десната рака нивна, и палецот од десната нога нивна; а со крвта, што ќе преостане, попрскај го жртвеникот од сите страни.
21. Потоа земи од крвта, што е на жртвеникот и елеј за помазание, и попрскај го Арона и одеждите негови, и синовите негови и одеждите нивни – па ќе бидат осветени тој и одеждите негови, и синовите негови и одеждите на синовите негови со него; крвта од овенот излиј ја веднаш на жртвеникот наоколу.
22. Освен тоа, земи лој од овенот и лојта што ја обвива внатрешноста негова, како и кошулката од црниот дроб и обата бубрега и лојта што е на нив, и десната плешка; тоа е овен за посветување;
23. и еден леб со масло, и една питка од кошницата со бесквасни лебови, приложена пред Господа.
24. Сето тоа стави го врз рацете на Арона и врз рацете на синовите негови, и принеси го тоа пред Господа како жртва приносна со подигање.
25. Потоа земи им го тоа од рацете нивни, и принеси го на жртвеникот, над жртвата сепаленица, за да биде мирисот благопријатен пред Господа: тоа е принос пред Господа.
26. И земи ги градите од овенот за Ароновото посветување и донеси ги како жртва приносна пред Господа – и тоа ќе биде твој дел.
27. Така ќе ги осветиш градите како жртва вртена и плешките како жртва вознесена, што се оддели од овенот на приносот отсечена за посветување на Арона и на синовите негови;
28. и тоа нека биде за Арона и за синовите негови вечен закон од синовите Израилеви, бидејќи тоа е вознесение; тоа вознесение треба да го прават синовите Израилеви при благодарствените жртви; нивното вознесение е дар за Господа.
29. А светите одежди Аронови по него нека преминат на синовите негови, за да бидат во нив помазувани и во нив да се посветуваат за свештеници.
30. Седум дена нека се облекува во нив великиот свештеник, оној, кој на неговото место ќе биде свештеник од синовите негови, кој ќе влегува во скинијата на сведоштвото за да служи во светилиштето.
31. А овенот за посветување земи го и месото негово свари го на светото место;
32. и Арон и синовите негови нека го изедат месото од тој овен со лебовите од кошницата при влезот во скинијата на сведоштвото.
33. Нека јадат од она што послужило за нивното посветување, рацете да им бидат исполнети со власт и да бидат посветени; но човек друг да не јаде, зашто тоа е света работа;
34. а и ако остане нешто од месото на жртвата за посветување, или од лебовите до изутрина, остатокот изгори го на оган; тоа не треба да се јаде, зашто е осветувано.
35. И направи така со Арона и со синовите си онака како што ти заповедав. Седум дена посветувај ги рацете нивни.
36. Теле заради гревовите да принесуваш во денот на очистувањето; и да го очистиш жртвеникот, кога осветуваш на него, и помажи го за да биде осветен.
37. Седум дена ќе го очистуваш жртвеникот и ќе го осветуваш, и жртвеникот ќе бидеа свјатаја свјатих; секој што ќе се допре до жртвеникот, ќе се освети.
38. А еве што ќе принесуваш на жртвеникот: две јагниња здрави од една година, секој ден на жртвеникот жртва без прекин.
39. Едното јагне принесувај го наутро, а другото принесувај го навечер;
40. и уште по една десетина ефа пченично брашно измешано со четврт ин масло, а за преливање – четврт ин вино, за едно јагне;
41. а другото јагне принесувај го навечер: како утринската жртва, и со си за преливање принесувај го, за да биде мирисот благопријатен принос на Бога.
42. Тоа нека биде постојана жртва во поколенијата ваши пред вратата од скинијата на сведоштвото пред Господа, каде што ќе ти се јавувам, за да зборувам со тебе.
43. И таму ќе им се јавувам на синовите Израилеви, и ќе се осветува местото со славата Моја.
44. А ќе ги осветам скинијата на сведоштвото и жртвеникот; и Арона и синовите негови ќе ги осветам, за да Ми свештенодејствуваат.
45. Ќе пребивам меѓу синовите Израилеви и ќе им бидам Бог,
46. и ќе познаат дека Јас сум Господ, Бог нивни, Кој ги изведов од земјата Египетска за да пребивам меѓу нив. Јас сум Господ, Бог нивни.”

30. Жртвеник за кадење, свет данок, мијалник од бакар, елеј за помазание и кадиво.

1. “Направи и жртвеник за кадење, од дрвото ситим направи го:
2. должината нека му биде лакот, а ширината лакот, четвороаголен да биде, и два лакта висок; од него нека излегуваат роговите негови;
3. позлати го со чисто злато огништето негово одозгора, од страните наоколу, и роговите негови; направи му плетен венец и златен наоколку;
4. под венецот на двата агли негови направи и две алки од чисто злато на обата агла; низ нив проври лостови, за да може да се носи;
5. лостовите направи ги од дрвото ситим, и позлати ги со злато.
6. Па стави го спреме завесата, која виси пред ковчегот на сведоштвото, од каде што ќе ти се јавувам тебе.
7. А Арон нека кади на него со кадиво направено благопријатно; нека кади над него, кога ја приготвува кадилницата.
8. И кога ќе ги пали Арон кандилата навечер, нека кади над него; нека има постојано кадење пред Господа во поколенијата нивни.
9. Не принесувај над него никакво друго кадиво, ни жртви, ниту приноси, ни преливање не изливајте над него.
10. Арон еднаш во годината нека врши очистување над роговите негови; со жртва за очистување на гревовите негови; со жртва за очистување на гревовите нека се врши очистување во поколенијата нивни, зашто тоа е свјатаја пред Господа.”
11. И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12. “Кога ќе ги пребројуваш синовите Израилеви, при вршење преглед, секој нека даде на Господа откуп за душата своја, при нивниот преглед, и нема да има недостаток;
13. а ова е, оние што ќе доаѓаат за пребројување нека даваат по половина дидрахма, според светата дидрахма: во таа дидрахма има дваесет обалии; а половината дидрахма е принос на Господа.
14. Сите што доаѓааат на пребројување, а имаат по дваесет години и нагоре, треба да даваат прнос на Господа.
15. богатити да не дава повеќе, а сиромавиот да не дава помалку од половина дидрахма, кога даваат принос на Господа кога се молите за откуп на душите ваши.
16. А, откако ќе го собереш откупеното сребро од синовите Израилеви, употребувај го за оддржување на скинијата на сведоштвото. Тоа ќе им биде на синовите Израилеви спомен пред Господа за откуп кога се молите за душите ваши!”
17. И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
18. “Направи и мијалник од бакар и подножјето негово нека е од бакар, за миење; постави го меѓу скинијата на сведоштвото и жртвеникот и налеј вода во него;
19. и Арон и синовите негови од него нека ги мијат рацете свои и нозете свои со вода;
20. кога влегуваат во скинијата на сведоштвото, нека се мијат со вода, и нема да умрат, или кога пристапуваат кон жртвеникот, да Му служат и да Му принесуваат на Господа жртва сепаленица;
21. тогаш нека ги мијат рацете свои и нозете свои, за да не умрат кога влегуваат во скинијата на сведоштвото. Тоа нека им биде наредба вечна, нему и на потомството негово по него.”
22. Му рече Господ уште на Мојсеја, велејќи:
23. “Земи мириси најубави: цвет смирна чиста – петстотини сикли, миризлива канела половина од тоа – двесте и педесет, и трстика миризлива – исто така двесте и педесет,
24. касија – петстотини сикли, според светата сикла, и елеј маслинов еден ин;
25. и од тоа направи елеј миро за свето помазание; мирото за свето помазание да биде направено со умешноста на мироварец; тоа нека биде- миро за свето помазание.
26. Со него помажи ја скинијата на сведоштвото и ковчегот на скинијата на сведоштвото
27. и сите сосуди нејзини, и светилникот и сите сосуди негови, и жртвеникот за кадење;
28. и жртвеникот, на кој се принесува жртва сепаленица, и сите негови сосуди, и трпезата и сите нејзини сосуди, и мијалникот и подножјето негово.
29. Така ќе ги осветиш, па ќе станат свјатаја свјатих и си што ќе се допре до нив, ќе се освети.
30. Помажи го и Арона и синовите негови, и посвети ги, за да Ми свештенодејствуваат.
31. А на синовите Изарилеви кажи им: овој елеј за помазание нека Ми биде свето миро; за свето помазание на поколенијата ваши.
32. Телото на обичен човек нека не се помазува со него, и не правете за себе такво миро какво што е ова. Тоа е осветено и нека ви остане светост.
33. Ако некој направи такво миро, или помаже друг со него, нека биде истребен од народот свој.”
34. И му рече Господ на Мојсеја: “Земи благопријатни мириси: стакта, оникс, халан миризлив, и ливан чист, од сите работи во еднакви делови,
35. и од нив направи кадиво, миро варено, со умешноста на мироварец, чисто и свето.
36. Па, откако ќе го истолчиш ситно, ставај од него пред откровението во скинијата на сведоштвото, каде што ќе ти се јавувам; тоа нека ви биде голема светост – кадиво.
37. А такво кадиво, какво што ќе го направиш, немојте да правите за себе; тоа нека ви биде светост пред Господа.
38. А, ако некој го направи тоа, за да кади со него, нека биде истребен од народот свој.”

31. Повикување на Веселеил и Елијав. Празнување сабота. Плочи на законот.

1. И му рече Господ на Мојсеја велејќи:
2. “Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино;
3. и го исполнив преку Духот Божји, Кој му даде умешност, како и знаење да разбира од секакви работи,
4. да гради, да изработува со злато, сребро и бакар; и сина и црвена и темноцрвена волна – ткаени изработки и висон ткаен;
5. да реже камења, да прави дрвени изработки, за секакви потреби.
6. И, ете, го дадов Елијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потврдат да направат си како што ти заповедав:
7. Скинијата на сведоштвото, и ковчегот на заветот, и очистилиштето над него, и сите работи во скинијата и жртвеникот и трпезата со нејзините садови;
8. и трпезата, и светилникот од чисто злато со сите принадлежности негови, и кадилниот жртвеник;
9. жртвеникот за жртви сепаленици со сите потреби негови, и мијалникот и подножјето негово;
10. и одеждите на Арона за служење и одеждите на синовите Аронови, со кои ќе ми свештенодејствуваат;
11. елејот за помазание, и кадивото благопријатно свет состав за светилиштето – си нека направат така, како што ти заповедав.”
12. И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
13. “Кажи, заповедај им на синовите Израилеви: пазете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува.
14. Пазете ја, пак, саботата, оти таа е света за Господа и за вас. Кој ќе ја оскверни, да се погуби; бидејќи секој, кој ќе врши некаква работа во тој ден, таа душа нека се истреби од народот свој.
15. Шест дена нека се работи; а седмиот ден е сабота, одмор, свет на Господа; секој, кој ќе работи во саботен ден, нека се предаде на смрт.
16. Затоа синовите Израилеви нека ги пазат саботите, празнувајќи ги во родовите свои.
17. Тоа е знак меѓу Мене и синовите Израилеви довека; зашто во шест дена ги создаде Господ небото и земјата, а во седмиот ден се отпочина и се одмори.”
18. И кога престана да зборува со Мојсеја на планината Синајска, му даде две плочи на сведоштвото,плочи камени, напошани со прст Божји.

32. Златното теле. Мојсеј се застапува пред Господа и се моли за народот.

1. А народот кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арона, и му рече: “Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеја, кој ни изведе од земјата Египетска.
2. Арон им рече: “Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени и ќерките ваши, и донесете ми ги!”
3. И сите ги извадија златните обетки, што им беа на ушите на жените нивни, и му ги донесоа на Арона.
4. А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: “Еве ги, Израиле, твоите богови, што те изведе од земјата Египетска.”
5. А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: “Утре е празник на Господа.”
6. Утредента, станувајќи рано, принесе жртви сепаленици и жртва за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат.
7. И му рече Господ на Мојсеја: “Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата Египетска, појде по пат на беззаконие.
8. Брзо се отклонија од патот, кој им го определи; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‘Ова се, Израиле, товите богови што те изведоа од земјата Египетска.’
9. И му рече Господ на Мојсеја: гледам дека оној народ е тврдоглав, но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам;
10. а од тебе ќе направам народ голем.”
11. А Мојсеј, се помоли пред Господа Бога, и рече: “Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата Египетска со сила голема и рака цврста?
12. Зошто Египтјаните да зборуваат и да речат: ‘За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истребеи од земјата?’ Нека се смири гневот Твој; и биди милостив поради злобата на народот Твој.
13. Сети се на Авраама, Исака и Јакова, слугите Твои, на кои им рече, велејќи: ‘Ќе го умножам и преумножам потомството ваше колку множеството ѕвезди на небото, и сета оваа земја, за која си рекол дека ќе му ја дадеш на потомството ниво вечно да ја владеат.’
14. И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше ветил.
15. Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на сведоштвото, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано.
16. Плочите беа дело Божјо, и писмото, писмо Божјо, врежано на плочите.
17. А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеја: “Борбен повик е во таборот.”
18. Но тој одговори: “Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на пијани од вино.”
19. А кога приближи до таборот и го виде телето и игрите, и се разгневи Мојсеј: па ги фрли од рацете свои обете плочи, и ги скрши во подножјето на планината.
20. Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат синовите Израилеви.
21. И му рече Мојсеј на Арона: “Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?”
22. А Арон му рече на Мојсеја: “Не гневи се, господару мој; ти знаеш за што е склон овој народ.
23. Тие ми рекоа: ‘Направи ни бог што ќе оди пред нас; Мојсеј е човекот што ни изведе од Египет, но не знаеме што стана со него, со оној кој ни изведе од земјата Египетска.’
24. А јас им реков: ‘Кој има злато, нека го извади од себе.’ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле.”
25. Кога виде Мојсеј дека тој народ станал необуздан – бидејќи Арон беше допуштил да падне во распојасаност за радост на непријателите свои,
26. застана Мојсеј на вратата од таборот, и рече: “Кој е Господов, нека дојде при мене!” И се собраа кај него сите синови Левиеви.
27. И тој им рече: “Еве што вели Господ, Бог Израилев: опашете го секој својот меч на бедрото свое, и појдете по таборот, па навратете од врата до врата, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.
28. И постапија синовите Левиеви според заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души.
29. И Мојсеј им рече: “Денес Му ги посветивте рацете свои на Господа за служба: кој на синот свој, кој на братот свој, за да ви даде денес благослов.”
30. А утредента му рече Мојсеј на народот: “Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе при Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев.
31. И се врати Мојсеј при Господа, и рече: “Ти се молам, Господи, овој народ направи голем грев, оти си направи бог од злато.
32. И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.”
33. А Господ му рече на Мојсеја: “Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја.
34. Но сега оди, слези и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот Ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен.”
35. И го порази Господ народот, затоа што направеното теле го излеал Арон.

33. Мојсеј се моли за народот и копнее да ја види славата Господва.

1. И му рече Господ на Мојсеја: “Крени се оттука ти и твојот народ, кого го изведе од земјата Египетска и оди во земјата, за која му се заколнав на Авраама, Исака и Јакова, велејќи: на потомството ваше ќе му ја дадам;
2. и ќе испратам пред тебе Ангел Мој, а Он ќе ги изговни Хананејците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците:
3. и ќе те воведам во земјата, каде што тече мед и млеко; Самиот нема да одам со тебе, за да не те погубам по патот, бидејќи сте вие тврдоглав народ.”
4. А народот кога го чу тој страшен збор, се расплака, во жални облеки.
5. Оти Господ му беше рекол на Мојсеја: “Кажи им на синовите Израилеви: вие сте тврдоглав народ; внимавајте да не наведам на вас друга мака и да ве истребам; а сега соблечете ги од себе свечените облеки и накитот свој, а Јас ќе ви покажам што ќе направам со вас.”
6. И ги извадија накитите и облеките од себе синовите Израилеви на планината Хорив.
7. А Мојсеј го зеде шаторот свој, и го распна надвор од таборот, и се нарече скинија на собранието; и секој што Го бараше Господа, доаѓаше кај скинијата на собранието, која се наоѓаше надвор од таборот.
8. И кога Мојсеј влегуваше во скинијата сиот народ стоеше на вратата од својот шатор, и гледаше по Мојсеја, додека не влезе во скинијата.
9. А кога Мојсеј влегуваше во скинијата, се спушташе столб од облак и се задржуваше пред вратата на скинијата, додека Господ зборуваше со Мојсеја.
10. И сиот народ го гледаше столбот од облак, кој стоеше пред вратата на скинијата; и сиот народ стануваше, и секој се клањаше пред влезот на својот шатор.
11. И тогаш, Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој. Потоа Мојсеј се враќаше во таборот, а помошникот негов Исус, синот Навинов, младич, не излегуваше од скинијата.
12. И му рече Мојсеј на Господа: “Ете, Ти ми велиш: ‘изведи го тој народ, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‘Јас те знам по името и ти најде милост пред Мене.’
13. Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откри ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да узнаам дека овие луѓе се Твој голем народ.”
14. И му рече Господ: “Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.”
15. А Мојсеј му рече: “Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај ни одовде,
16. оти, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И ќе се прославам јас и народот Твој повеќе од сите народи што се на земјата.”
17. И Господ му рече на Мојсеја: “Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам повеќе од сите.”
18. Пак рече Мојсеј: “Покажи ми ја славата Своја.”
19. Му одговори: “Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: Господ е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение – ќе го утешам.”
20. И потоа рече: “Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.”
21. И пак рече Господ: “Ене место при Мене, застани на онаа карпа!
22. А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам;
23. а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе.”

34. Нови плочи на Законот. Јавување на Бога. Обновување на Заветот. Мојсеевото лице зрачи.

1. И му рече Господ на Мојсеја: “Изделкај за себе две плочи од камен, како што беа првите, и искачи се кај Мене на планината, а Јас ќе ги напишам на плочите зборовите, кои беа на првите плочи, што ти ги скрши.
2. И биди готов за утре, и качи се горе на планината Синај, и застани пред Мене, на врвот од планината.
3. Но никој нека не се искачува со тебе, ниту да се појавува по целата планина; дури ни овци ни говида да не пасат близу планинава.”
4. И изделка две плочи од камен, како што беа првите, и стана порано Мојсеј утредента рано, па се искачи на планината Синај, како што му заповеда Господ: и ги зеде со себе двете камени плочи.
5. А Господ слезе во облак, и застана пред Него, и го возгласи името Господово.
6. Потоа помина Господ покрај лицето негово и извика: “Господ, Господ, Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински!
7. Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата – дури и внуците до третото и четвртото колено.”
8. А Мојсеј побрза, падна наземи и се поклони на Бога;
9. и рече: “Ако сум нашол милост пред Тебе, Господи, нека оди Господ мој со нас, бидејќи овој народ е тврдоглав; прости ни ги гревовите наши и беззаконијата наши и ќе бидеме Твои.”
10. Му одговори Бог на Мојсеја: “Еве ти поставувам завет тебе: пред целиот народ твој ќе извршам чудеса какви што не биле направени по целата замја и при ниеден народ; и ќе ги видиш сите луѓе, меѓу кои си и ти, дека се чудесни што ќе ти ги направам тебе.
11. Пази го си она, што ти го заповедам тебе; еве, Јас ќе ги изгонам пред лицето ваше Аморејците, и Хананејците, и Хетејците, и Ферезејците, и Евејците и Евусејците;
12. внимавај да не се сојузуваш со оние, кои живеат во земјата, во која ќе влезеш, да не станат соблазни за вас,
13. туку жртвениците нивни урнете ги, и идолите нивни скршете ги; и излеаните богови нивни во оган изгорете ги.
14. И не клањајте се на други богови освен на Господа, бидејќи името Негови е ревниво; Он е Бог ревнител.
15. Не стапувај во сојуз со жителите на таа земја, та, кога ќе се +оддаваат на блуд за своите богови и им принесутваат жртва, да не то поканат и тебе да јадеш од нивите жртви.
16. И не земај им од ќерките нивни жени за своите синови, ниту од ќерките свои за нивните синови, та да ни би и ќерките твои, вршејќи блуд за боговите ниви, да ги натераат и синовите твои на блуд за боговите нивни.
17. Не прави за себе лиени богови!
18. Пази го празникот Бесквасници: седум дена јади бесквасен леб, како што ти заповедав, во определено време во месецот авив, зашто во тој месец си излегол од земјата Египетска.
19. Се’ што отвора утроба, Мое е, како и секое првородено од говедата твои, и секое провородено од овците.
20. Но првороденото од ослите замени го со овца; ако не го замениш, тогаш откупи го; а секое првородено меѓу синовите твои, откупи го; да не се појавуваш пред Мене празен.
21. Шест дена работи, а во седмиот ден отпочини се: и од орањето и од жнеењето отпочини;
22. установи празник на седмиците и празник преку летото;
23. трипати во годината секое машко меѓу вас да се јавува пред Господа Бога Израилев,
24. кога Јас ќе ги истерам народите од пред тебе, и ќе ги проширам границите твои, и никој нема да ја пожела земјата твоја, ако се јавуваш пред лицето на Господа, твојот Бог, трипати во годината.
25. Немој да ја мешаш крвта со жртвите Мои на квасен леб, и жртвата за празникот Пасха да не преноќева до изутрина.
26. Првите плодови од првиот род на земјата твоја принесувај ги во домот на Господа, твојот Бог; немој да вариш јагне во млекото од мајката негова!”
27. А му рече уште Господ на Мојсеја: “Напиши ги за себе овие зборови, зашто со тие зборови склучувам завет со тебе и со Израилот.”
28. И остана Мојсеј таму пред Господа четириесет дена и четириесет ноќи, на јадејќи леб и не пијќи вода; и ги +напиша врз плочите зборовите на Заветот, Десетте заповеди.
29. Кога Мојсеј слезе од планината Синајска, ги држеше во рацете свои двете плочи, но слегувајќи од планината, Мојсеј не знаеше дека кожата на лицито му зрачи кога Бог разговараше со Него.
30. И бидејќи Арон и сите синови Израилеви го видоа Мојсеја дека лицето му зрачи, се плашеа да се приближат до него.
31. Но Мојсеј ги повика, и тие пристапија кон него, Арон и сите поглавари на народот, и Мојсеј говореше со нив.
32. Потоа дојдоа кај него сите синови Израилеви, и тој им заповеда си што му рече Господ на планината Синај.
33. А кога Мојсеј престана да зборува со нив, го покри сицето свое со покривало.
34. Но кога Мојсеј излегуваше пред лицето на Господа, за да зборува со него, го креваше покривалото, додека не излезеше; а штом ќе излезеше, им кажуваше на синовите Израилеви се’ што му беше заповедал.
35. Тогаш синовите Израилеви го гледаа лицето Мојсеево како зрачи; Мојсеј, пак, го покриваше лицето свое со покривало додека пак не влезеше да зборува со Него.

35. Саботата. Приноси. Повикување на Веселеил и Елијав.

1. Потоа го собра Мојсеј целото општество на синовите Израилеви, и им рече: “Еве што заповеда Господ да правите:
2. шест дена да се работи, и седмиот ден да ви биде одмор, зашто е света сабота, почивка на Господа; секој што ќе работи во тој ден, со смрт да се казни;
3. во ден саботен да не палите оган нигде во жилиштата ваши, Јас сум Господ.”
4. И уште му рече Мојсеј на целото општество на синовите Израилеви: “Еве што заповеда Господ:
5. соберете помеѓу вас принос на Господа, секој што од срце дава, нека донесе принос, добороволно нека принесе принос на Господа; злато, сребро и бакар.
6. сина, црвена и темноцрвена ткаенина, двојно предена, висон ткаен и козина;
7. и кожи овнешки, црвени, кожи сини и дрво ситим;
8. масло за светење, и мириси за елеј за помазание и мирисно кадило;
9. и камен сардиски, и камења за украсување на ефодот и за наградникот.
10. И сите, кои се меѓу вас мудри по срце, нека дојдат да направат си што заповедал Господ:
11. Скинијата, завесите и покривот негов, кукичките негови и штиците, напречниците негови, столбовите негови и подножјата негови;
12. и ковчегот на сведоштвото, и столбовите негови, и завестата на дворот и столбот негов, и камењата смарагдови и мирис.
13. Трпезата и лостовите нејзини, и лебовите за принос; и жртвеникот и сите сосуди нејзини;
14. светилникот за осветление со приборот негов и кадилата негови, и масло за осветление;
15. и кадилниот жртвеник, и лостовите негови, и елеј за помазание, и кадило миризливо, и завесата на вратата од скинијата;
16. жртвеникот за сепаленици, и огништата негови од бакар, лостовите негови и сите сосуди за него, и мијалникот и подножјето негово.
17. Завесите за дворот, столбовите негови и подножјата нивни, и завесите од вратата на дворот;
18. ковчезите за скинијата, и колчињата за дворот со јажињата нивни;
19. одеждите свети за служба во светилиштето, и светите одежди на свештеникот Арон, и одеждите на синовите негови за свештеничка служба, и елејот за помазание и кадило миризливо.”
20. Потоа целото општество на синовите Израилеви се повлече од Мојсеја.
21. И секој, кој принесе што му срце сакаше срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, доаѓаше, носејќи принос на Господа – учеството за градење на шаторот на садови, за секоја служба во него и за сите одежди на светилиштето;
22. доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, принесуваа печати, алчиња, обетки, прстења и веришки, секакви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господа;
23. и секој, кој имаше сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен, кожи овнешки, црвени, и кожи сини, кожи козји принесуваа;
24. и секој, кој донесуваше сребро или туч, Му Го принесуваше како дар на Господа; и кој имаше дрво ситим, го принесуваше за секоја потреба.
25. А секоја жена, мудра и вешта во рачно предење со своите раце и принесуваа си што ќе испредеа – преѓа сина, црвена и темноцрвена и препредена;
26. секоја пак, жена, што ќе наумеше поради умешноста нејзина, предеше козина.
27. А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефодот и на наградникот;
28. исто така и масло за осветление и мириси за елеј за помазание и за кадило мирисно!
29. И така синовите Израилеви – сите мажи и сите жени, што ќе им дојдеше на ум да принесат што и да е за делото, што заповеда Господ преку Мојсеј да се направи, принесоа доброволен дар на Господа.
30. Тогаш им рече Мојсеј на синовите Израилеви: “Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.
31. и го исполни со Дух Божји, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност да гради;
32. да обработува дрводелие, и да прави работи од злато, сребро и бакар;
33. да реже камења, да реже и обраборува дрво, и да прави секакви уметнички работи;
34. а вложи во неговото срце и во срцето на Елијава, синот Ахисамахов, од племето Даново, и способност да можат да учат и други.
35. Го обдари со умешност да вршат секаква резбарска работа, кројачка, везачка и ткајачка на сина, црвена и темноцрвена ткаенина и на висон, и да изведуваат секакви работи, во разни уметности.

36. Дарежливаста на народот. Градење на светилиштето.

1. И направија Веселеил и Елијав и сите способни луѓе, на кои им беше дадена мудрост и знаење да разбираат и да работат секакви работи, потребни за светилиштето, тоа се’ како што беше заповедал Господ.
2. И ги повика Мојсеј Веселеила и Елијава и сите мудри луѓе, на кои Бог им дал разум во срцето, и сите, што од срце сакаа да се зафатат за дела што треба да се свршат.
3. И тие ги зедоа од Мојсеја сите дарови што ги беа принеле синовите Израилеви за потребите на светилиштето за да се изработат. А тие ги примаа уште и принесуваните дарови од оние што носеа секое утро.
4. Тогаш дојдоа сите вешти луѓе, што вршеа работи за светилиштето, секој според својата работа, што сами ја вршеа,
5. па му рекоа на Мојсеја – “Народот принесува повеќе отколку што е потребно за да се направи, како што заповеда Господ.”
6. И Мојсеј разгласи во таборот, велејќи: “Ни маж ни жена да не принесува ништо повеќе како дар за светилиштето:” И народот престана да принесува,
7. зашто имаше доста принесено за секакви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше.
8. Тогаш сите вешти луѓе, кои се обврзаа да ја направат скинијата, приготвија десет платништа од ткаенина со препредена преѓа и од сина, црвена и темноцрвена ткаенина; и на нив направија уметнички извезени херувими.
9. Должината на секое платниште изнесуваше дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти; сите платништа беа со иста мерка.
10. И Веселеил ги состави петте платништа едно со друго, и другите пет платништа ги состави едно со друго.
11. И направи сини петлици по рабовите на едното платниште, каде што ќе се соединува со другото; такви направи тој и на работ на последното платниште, за да го соедини со другото.
12. Педесет петлици направи на едното платниште, каде што се соединува со другото; петлиците беа една спрема друга.
13. И направи педесет златни кукички и со кукичките состави едно платниште со друго. Така скинијата стана една целина.
14. Потоа направи платниште од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи:
15. едно платниште беше долго триесет лакти, а широко четири лакти; една мерка беа сите единаесет платништа.
16. Па ги состави петте платништа одделно, а шесте платништа одделно.
17. И направи педесет петлици по работ на едното платниште, каде што се соединува со другото, и педесет петлици направи по работ на другото платниште, за да се соединува со другото;
18. а направи и педесет кукички од бакар, за да се состави скинијата, та да стане целина.
19. Потоа направи покривка за скинијата од овнешки кожи, црвени, а над неа друга – од сини кожи.
20. И направи диреци за скинијата од дрвото ситим, што ќе стојат исправени;
21. секој дирек од по десет лакти долг, а лакот и половина широк;
22. секој дирек имаше по два клина, еден спроти друг; така направи тој на секој дирек за скинијата.
23. А вакви диреци за скинијата направи дваесет за јужната страна:
24. и направи четириесет подножја сребрени за под дваесетте диреци, по две подножја под секој дирек за двата клина негови, и по две подножја под другиот дирек за двата негови клина.
25. И за другата страна на скинијата, спрема север, направи дваесет диреци.
26. и четириесет сребрени подножја под нив, по две подножја под секој дирек за двата негови клина, и по две подножја под другиот дирек.
27. А за западната страна на скинијата направи шест диреци;
28. направи уште два дирека за аглите во скинијата од западната страна;
29. тие беа составени одоздола и составени одозгора со по една алка; така направи тој со обете страни на двата агли;
30. и така имаше осум диреци и шеснаесет подножја сребрени, по две подножја под секој дирек.
31. Потоа направи напречници од дрвото ситим: пет за диреците од едната страна од скинијата,
32. и пет напречници за диреците од другата страна на скинијата, и пет напречници за диреците од западната страна на скинијата до обата агли.
33. А направи и средна напречница што ќе иде преку средината на диреците од едниот до другиот крај;
34. диреците го опковаа со злато, а и алките, низ кои беа провлечени напречниците, ги направи од злато, па и напречниците го опкова со злато.
35. Потоа направи завеса од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон и на неа направи херувими, уметнички извезени;
36. за неа направи и четири столба од дрвото ситим, и го опкова со злато; и златни кукички за столбовите и им излеа четири подножја од сребро.
37. Направи потоа завеса за влезот во скинијата од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, уметнички исткаена,
38. и пет столбови за неа со кукичките нивни; врвовите на столбовите и нивните прстени ги обложи со злато, и пет подножја од бакар.

37. Светите работи.

1. И направи Веселеил од дрвото ситим ковчег, два и пол лакти висок;
2. го опкова одвнатре и однадвор со чисто злато и му направи златен венец наоколу;
3. излеа за него четири алки од злато за четири негови страни: две алки за едната страна, а две за другата;
4. направи лостови од дрвото ситим и ги опкова со злато;
5. и ги провре лостовите низ алките од обете страни на ковчегот, за да може ковчегот да се носи.
6. Потоа направи поклопец од чисто злато: во должина два лакти и половина, во ширина – лакот и половина.
7. Направи и два херувима од злато; исковани ги направи за двата краја на поклопецот;
8. едниот херувим на едниот крај, а другиот херувим на другиот крај; херувимите ги направи да се издаваат од обата краја на поклопецот.
9. И херувимите беа со раширени крилја, одозгора, и со крилјата свои го покриваа очистилиштето, а со лицата свртени еден спрема друг, и насочени кон очистилиштето.
10. Направи трпеза од дрвото ситим, со должина од два лакти и ширина од лакот, а лакот и половина во висина.
11. И ја опкова со чисто злато, и наоколу и направи златен венец;
12. потоа и направи страници наоколу, колку дланка широки, а по страниците и направи златен венец.
13. Излеа за неа четири алки од злато, и алките ги прицврсти на четирите агли при четирите нозе,
14. на страниците имаше алки, низ кои беа проврени лостови, за да може трпезата да се носи.
15. А лостовите ги направи од дрвото ситим, за носење на трпезата, и ги покри со злато.
16. Потоа направи садови од чисто злато, определени за трпезата: чинии, кадилници, чаши и црпки, со кои ќе се прелива.
17. Направи и свеќник од чисто злато, за да свети го направи: стеблото и гранките, чашките, јаболчињата и цветовите му излегуваа од него на двете страни.
18. Гранките му излегуваа од страните: три гранки од свеќникот од едната страна, а три гранки на свеќникот од другата страна;
19. три чашки како бадемов цвет со јаболче и цветови имаше на едната гранка, а три чашки како бадемов цвет со јаболче и цветови на другата гранка; така беше на сите шест гранки што излегуваа од свеќникот.
20. А на самиот свеќник имаше четири чашки како бадемов цвет со јаболчиња и цветови:
21. едно јаболче беше под двете гранки од него, и едно јаболче под другите две гранки од него; така и под третите две гранки од шесте гранки што излегуваа од него.
22. Јаболчињата нивни и гранките нивни излегуваа од него; целиот искован од чисто злато.
23. И му направи седум кандилца, а и секачи и пепеларки од чисто злато;
24. од талант чисто злато го направи со сите негови потреби.
25. И направи жртвеник за кадење од дрвото ситим: лакот долг и лакот широк, четириаголен, два лакти висок; и од него му излегуваа роговите;
26. па го опкова со чисто злато одозгора и страните наоколу, а и неговите рогови; му направи и златен венец наоколу;
27. и две алки од злато му направи под венецот на двата агли негови, ги направи од двете негови страни, за да се спроврат низ нив лостовите, за да може да се носи.
28. Лостовите ги направи од дрвото ситим, и го опкова со злато.
29. И направи миро за свето помазание и мирисно кадиво, чисто со вештина на мироварец.

38. Дворот и неговите работи. Колку злато, сребро и бакар.

1. И направи од дрвото ситим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок, и ги опкова со бакар;
2. а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар.
3. И ги направи сите садови за жртвеникот: котлиња, кадилниците, чашките и вилушките, и клештите; сите потреби му ги направи од бакар.
4. а на жртвеникот му направи решетка од бакар како мрежа на дното, од дното па до средината наоколу;
5. и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење.
6. А лостовите ги направи од дрвото ситим и ги опкова со бакар.
7. Па ги провлече лостовите низ алките од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен одвнатре.
8. Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата на сведоштвото.
9. И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од ткаен висон, по сто лакти долги;
10. дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и лостовите беа од сребро.
11. Така и од северната страна, сто на сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро.
12. А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја – десет; кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро;
13. и од источната страна, завеси од педесет лакти.
14. За западната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив;
15. и за другата задна страна (отаде и одовде на вратата однадвор) завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив – три.
16. Сите завеси на дворот наоколу беа од ткаен висон.
17. а подножјата од столбовите – од бакар, кукичките за столбовите и лостовите на нив – од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребро поврзани.
18. А завесата на вратата од дворот – везена – од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, долга дваесет лакти, а во висина по ширината пет лакти, како и другите завеси во дворот;
19. и четири столба за нив, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, а врвовите нивни посребрени.
20. Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар.
21. Ете, тоа се изработките за скинијата на сведоштвото, направени по заповедта на Мојсеја за левитите а под надзор на свештеникот Итамара, син на Арона.
22. А си она како што му заповеда Господ на Мојсеја, го направи Веселеил, син на Урија, синот Оров, од племето Јудино.
23. И со него Елијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на порфирна ткаенина сина, црвена и темноцрвена и на ткаен висон.
24. Сето злато, што беше употребено за сите потреби на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет таланти и седумстотини и триесет сикли, свештени сикли;
25. а среброто преброено од дародавците – сто таланти и илјада седумстотини седумдесет и пет сикли, свештени сикли.
26. По половина сикла од човек, пресметано според свештената сикла, од секој што доаѓа на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три илјади и петстотини и педесет души.
27. Сто таланти сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиштето и подножјата за завесите; сто подножја од сто таланти, по талант на подножје;
28. а од илјада и седумстотини и седумдесет и петте сикли тој направи кукички за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и лостови за нив.
29. А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет таланти, и две илјади и четиристотини сикли;
30. и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата на сведоштвото, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сите садови за жртвеникот;
31. подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу.

39. Одежди за свештениците и украси. Мојсеј го благословува завршеното дело.

1. А од ткаенина сина, црвена и темноцрвена направија одежди за служба во светилиштето; му направија и свештени одежди на Арона, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
2. Направија ефод од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон;
3. извлекоа листови од злато, и исекоа жици, за да ги вткаат вешто во ткаенината сина, црвена и темноцрвена и во висоновите нишки;
4. му направија и нараменици што се врзуваат: тие се врзуваат со него на двата негови краја.
5. И појасот на ефодот, од неговата горна страна, беше ист како и тој: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од вткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
6. И изрезаа и камења смарагдови, и ги обрабија со злато, и ги впишаа на нив имињата на синовите Израилеви, како што се прават печати;
7. па ги ставија на нарамениците од ефодот, за спомен на синовите Израилеви, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
8. Направија и наградник, вешто изработен, од иста метерија како и ефодот: од злато, од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон;
9. наградник направија: четириаголен, двоен, педа долг, и педа широк, двоен.
10. И наредија на него четири реда камења: во првиот ред: сард, топаз и смарагд;
11. во вториот ред: антракс, сафир и јаспис;
12. во третиот ред: лигур, ахат и аметист;
13. во четвртиот ред: хрисолит, вирил и оникс; и тие беа опковани и обвиени во злато.
14. Камењата беа според бројот на имињата на синовите Израилеви: тие беа дванаесет, според бројот на нивните имиња, и на секој од нив беше изрежано како печат по едно име, за дванаесетте племиња.
15. И направија за наградникот веришки вити, плетени од чисто злато;
16. направија и две копченца златни и две алчиња златни, и ги ставија двете алчиња на двата краја од наградникот;
17. па ги закачија двете златни веришки за двете алчиња на краевите од наградникот,
18. а другите два краја од двете веришки ги закачија за двете копченца и ги прицврстија на нарамениците од ефодот од предната страна.
19. Направија уште две златни алчиња, и ги ставија на двата краја од наградникот, на внатрешниот раб, свртен спрема ефодот:
20. направија уште две златни алчиња, ги ставија на двата нарамника од ефодот, на неговиот преден крај одоздола, каде што се составува ефодот над појасот;
21. и така го врзаа наградникот со алчињата негови за алчињата од ефодот со врвка сина, плетена, за да стои одозгора над појасот од ефодот и да не се одделува наградникот од ефодот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
22. а за ефодот направија и наметка, од сина ткаенина,
23. и прорез по средината на наметката како отвор, околу прорезот ширит шиен, за да не се реси.
24. По полите на подметката одоздола направија врвци од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и висон ткаен.
25. А направија и ѕвончиња од чисто злато, и ги закачија ѕвончињата на полите од наметката наоколу меѓу прачките:
26. ѕвонче и јаболкце, ѕвонче и јаболкце наоколу по полите на наметката, за служба, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
27. Потоа направија хитони од ткаен висон за Арона и за синовите негови;
28. и кидар од висон и митра од висон, и долна облека од ткаен висон,
29. и појас за нив од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
30. И направија плочка, знак на светоста, од чисто злато, издлабија на неа писмо, како што се реже печат “Светост Господова”.
31. И врзаа за неа сина врвка, за да се врзува на кидарот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
32. И така се сврши целата работа околу скинијата, скинијата на сведоштвото. И направија синовите Израилеви се’ како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така направија.
33. И ја донесоа при Мојсеја скинијата, покривката и сите нејзини работи, кукичките, диреците, лостовите, столбовите и подножјата.
34. И покривката од кожи овнешки, црвени, и покривката од кожи фини и завесата за засолнување,
35. ковчегот на откровението со лостовите, и очистилиштето,
36. трпезата со сите нејзини принадлежности, и лебови за предложение,
37. свеќникот од чисто злато со неговите кандилца, кандилцата веќе наредени, и сите потреби негови, и елеј за светење,
38. жртвеникот златен, и елеј за помазание, кадиво мирисно, и завесата за влезот во скинијата,
39. жртвеникот од бакар и решетката од бакар за него, лостовите негови и сите принадлежности негови, мијалникот и подножјето негово,
40. завесите за дворот, столбовите за нив и подножјата нивни, и завесата за влезот во дворот, јажињата негови и колчињата негови, и сите потреби за служба во скинијата на сведоштвото;
41. одеждите богослужбени за служење во светилиштето, одеждите свети за свештеникот Арона и одеждите за синовите негови, за свештеничка служба.
42. Како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, така ги направија синовите Израилеви сите тие работи.
43. И ги погледа Мојсеј сите тие работи, и ете, тие ги беа направиле: како што беше заповедал Господ, така ги беа направиле. И ги благослови Мојсеј.

40. Подигање и осветување на скинијата. Славата Господова ја исполнува скинијата.

1. И му рече Господ на Мојсеја велејќи:
2. “Во првиот ден од првиот месец подигни ја скинијата на сведоштвото,
3. потоа постави го таму ковчегот на откровението и засолни го со завесата;
4. внеси ја трпезата, и постави си што треба да се намести на неа; внеси го и свеќникот, а стави ги и кандилцата на него;
5. постави го златниот жртвеник за кадење пред ковчегот на откровението; и закачи завеса пред влезот во скинијата на сведоштвото.
6. Постави го и жртвеникот за жртви сепаленици, а постави го и пред влезот во скинијата на сведоштвото;
7. стави го мијалникот меѓу скинијата на сведоштвото и жртвеникот, и налеј вода во него;
8. огради го дворот наоколу, и закачи ја завесата на вратата од дворот;
9. па земи елеј за помазание, и помажи ја скинијата и си што има во неа: и освети ја неа и сите принадлежности нејзини, па ќе биде света.
10. Помажи го и жртвеникот за жртви сепаленици и сиот прибор негов, па освети го жртвеникот, и жртвеникот ќе стане пресвет.
11. Помажи го и мијалникот, и подножјето негово, и освети го.
12. Потоа доведи го пред влезот од скинијата на сведоштвото Арона и синовите негови и измиј ги со вода;
13. облечи го Арона во светите одежди и помажи го и освети го, за да Ми принесува жртви.
14. Доведи ги и синовите негови, и облечи ги во хитони,
15. и помажи ги, како што го помаза таткото нивни, за да Ми принесуваат жртви; и помазанието нивно ќе ги освети за вечно свештенство во нивните поколенија.”
16. И направи Мојсеј се’, како што му заповеда Господ, така направи.
17. Во првиот месец од втората година, во првиот ден во месецот се подигна скинијата.
18. Мојсеј ја подигна скинијата: ги исправи диреците, ги провлече напречниците, и ги исправи столбовите;
19. па ги распна платништата над скинијата, а над неа ги ставија покривот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
20. И, откако го зеде откровението, го стави во ковчегот, и стави ногалки под ковчегот, па го стави очистилиштето одозгора над ковчегот.
21. Потоа го внесе ковчегот во скинијата, и ја закачи завесата, та го засолни ковчегот на откровението, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
22. И ја постави трпезата во скинијата на сведоштвото од северната страна на скинијата, пред завесата;
23. потоа постави на неа лебови за предложение пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
24. Го намести свеќникот во скинијата на сведоштвото спрема трпезата, од јужната страна на скинијата,
25. а ги постави и кандилцата пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
26. Го постави златниот жртвеник во скинијата на сведоштвото пред завесата,
27. и стави на него да гори мирисно кадиво, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
28. Ја закачи завесата пред влезот во скинијата;
29. потоа го постави и жртвеникот за жртви приносници при влезот во скинијата на сведоштвото, и принесе на него жртва сепаленица, и лебен принос, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
30. Го намести и мијалникот меѓу скинијата на сведоштвото и жртвеникот, и налеа во него вода за миење;
31. и од него Мојсеј и Арон и синовите негови си ги измија рацете свои и нозете свои;
32. а ги миеја кога влегуваа во скинијата на сведоштвото и кога пристапуваа кон жртвеникот да служат, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
33. Го огради и дворот околу скинијата и жртвеникот, и ја стави завесата на влезната врата од дворот. Така ја доврши Мојсеј сета работа.
34. Тогаш облак ја покри скинијата на сведоштвото и се исполни скинијата со слава Господова;
35. и Мојсеј не можеше да влезе во скинијата на сведоштвото, зашто облакот го засенуваше, и славата Господова ја исполнуваше скинијата.
36. И кога се креваше облакот од скинијата, тогаш поаѓаа синовите Израилеви на пат со својот имот;
37. а кога не се креваше облакот, тогаш ни тие не поаѓаа си до денот, кога ќе се кренеше,
38. зашто облакот Господов стоеше над скинијата дење, а ноќе во облакот се појавуваше оган пред очите на целиот дом Израилев, при сите нивни патувања.